Блажениот авва Зосим Палестински
Древниот латински преведувач на Pазговорите од блажениот преподобен отец Зосим ја дава следнава воведна белешка. „Високо ги оценувам овие Разговори заради нивното јасно изложување на вистинските својства на аскетските подвизи, заради изобилното духовно помазание, со кое се проникнати и преслаткото благоухание на светињата што зрачи од нив. Ништо толку желно не сум пишувал и не сум преведувал со ваква срдечна наслада. Ова ме натера да испитам кој бил нивниот автор, во кое време живеел и творел, бидејќи порано не знаев ништо одредено. „Сосема малку се запазило од овие Разговори. Се чини дека тие биле запишувани од некој усрден слушател „како што ги слушал од старецот во напредната возраст, кој во текот на многу години живеел монашки живот и ги изминал сите степени на христијанското совршенство“, стигнувајќи до самиот врв на светоста, достапна за смртен човек, со помошта на Божјата благодат. Авторот на Разговорите се именува блажен авва Зосим. Запишувачот го спомнува само тоа, дека бил еден од неговите редовни слушатели. Тој веројатно бил брат во истиот манастир кај реката Јордан, каде што живеел и преподобниот отец Зосим.
„Но кој бил блаженнот авва Зосим? По долго и грижливо истражување, дојдов до следниве податоци. Авторот на Разговорите е оној истиот познат монах Зосим, кој бил избран од Господа да го ислуша расказот за начинот, како живеела светата покајничка Марија Египетска од нејзината уста, и за нејзините лични упатства, за тоа како да го логребе телото на преподобната мајка.“
Самиот автор го потврдува своето мислење со фактот што некои околности од животот на авва Зосим, кој ги дава следниве поуки, се согласуваат со животните околности од неговиот живот, од времето кога ја сретнал светата преподобна Марија Египетска и кога раскажувал за неа.
Прво. Во расказот за животот на светата преподобна мајка Марија Египетска се зборува, дека авва Зосим во младите години пристапил во некој манастир, во кој проживеал 53 години. Потоа, по особено внушение одозгора, преминал да живее во еден од манастирите покрај реката Јордан. Кога еднаш излегол оттаму и навлегол длабоко во Јорданската Пустина, тој ја видел светата преподобна мајка Марија Египетска. И во овие Ризговори се спомнува дека нивниот автор авва Зосим претходно живеел во некој манастир кај Тир. Потоа, во Разговорите може да се види дека го забележале кога поминал низ Неапол, во Самарија. Најпосле, го среќаваат во манастирот на свети Герасим. Последните укажувања ги објаснуваат првите.
Второ. Во расказот од житието на преподобната Марија Египетска се зборува за авва Зосим, за неговата богата духовна опитност и дека токму затоа му се обраќале за совет, не само браќата од неговиот манастир, туку и монаси и од други поблиски и од подалечни манастири. Очигледно е дека тој не сакал да пишува, туку дека само говорел. И житието на светата преподобна мајка Марија Египетска не го напишал тој, туку им го раскажал на браќата во својот манастир, а потоа еден од нив, по име Софрониј, го запишал. Оти тој не пишувал, туку усно поучувал, докажува и самиот начин на изложувањето на Разговорите: него го прашувале, а тој одговарал. Дваесет и деветтиот разговор е воден во манастирот на свети Герасим. Може да се претпостави дека и сите други разговори биле запишувани од некој негов најблизок ученик.
Трето. Авва Зосим, кој ги искажал овие поуки, сакал да наведува цитати од светите оци. Ги наведувал изреките и на сите древни оци и затоа, што споменот за нив тогаш уште бил жив, зашто времеслучувањето било при крајот на четвртиот и во почетокот на петтиот век. Света Марија Египетска починала околу 430 година. Можеме да претпоставиме дека авва Зосим се населил во манастирот на свети Герасим кога бил во седумдесетата година од својот живот. Во него проживеал уште 30 години и таму починал; За оние, што живееле во првата половина на петтиот век, изреките на духовните учители од четвртиот можеле да се сметаат уште свежи.
Ваквите истражувања, со кои треба да се согласиме, ни говорат доста одредено за авторот на Разговорите, за времето кога живеал и за местото, каде и како настанале. Авва Зосим, кој ги сакал своите духовни ученици, сакал да им говори и да ги поучува. Сите негови поуки обично почнуваат со зборовите: „Така говореше авва Зосим“, „Така рече авва Зосим“ или „Авва Зосим раскажуваше“. Можеме да не се сомневаме, дека мноштво од овие поуки и разговори биле запишувани. Овие Разговори се само оддели, што ги видел и што читал Јован Мосх, составувачот на Духовната ливада или Лимонариј.
Празникот на светиот преподобен отец Зосим се празнува на четврти април.
Во патрологијата издание Migne овие Разговори се поместени во 78-от том. Постојат и во ракописниот Патерик од манастирот на свети Сава Палестински. Таму се ставени, во вид на додаток, при крајот на првата глава. Во ракописот, овие Разговори се предадени без никакви разделувања. Во печатениот текст се 14, но некои од нив содржат и повеќе од еден разговор. При преводот е направен збир на сродни и поврзани содржини, со што се оформени идејни целини. Ова беше потребно да се направи дотолку повеќе, што при печатењето не се опфатени сите преводи, а некои од оние што се отпечатени, не се целосно опфатени. Вакви оддели се 31.
Блажениот авва Зосим Палестински