Блажениот авва Зосим

1. Откако го стави крсниот знак на својата уста, блажениот Зосим почна да говори вака: „Бог Слово, откако се воплотил, им дал голема благодат на оние што поверувале и што веруваат во Него. Можно е да се поверува и во наше време и да се почне отсега, ако сакаме. Зашто, ако посака нашата слободна волја и Божјата благодат почне да дејствува , тогаш секој што ќе посака може да го преземе целиот свет.“

Потоа, откако ќе земеше сламка, деланка или нешто друго, ништожно, што ќе му дојдеше под рака, ќе речеше: „Ете, само за ова ќе почне некој да се кара и да спори, ќе мисли злобно и ќе се убива од тага и од здодевност, а тоа ќе го прави оној, којшто навистина нема ум. Затоа јас секогаш велам: не е штетно да се има; штетно е нешто да се поседува, само тогаш кога сме страсно приврзани за него. Кој не знае, дека од се што имаме, најскапоцено ни е телото? А кога во свое време и тоа ќе биде побарано од нас, нам ни е заповедано да го занемариме дури и него. Па зар не треба да занемариме и се друго покрај него? Впрочем, не треба да го расфрламе она што го имаме и не треба без потреба да се изложуваме на смрт, зашто така постапуваат само оние што си го загубиле умот; потребно е да го чекаме вистинското време. И тогаш да бидеме готови да го сториме тоа.“

Потоа, тој напомна за некој брат, кој одгледувал зеленчук и рече: „Нели ги садел тој? Нели се трудел околу нив? Нели ги негувал? Нели се трудел да ги подобрува? Но без потреба не ги искорнувал и не ги исфрлувал неразумно. Но тој сепак ги имал, како да ги немал. Затоа, кога дошол кај него некој старец со намера да го испита, па почнал да го искорнува и да го уништува неговиот зеленчук, тој не само што не се покажал и не излегол пред него, туку и се скрил. А кога од целиот зеленчук останал само еден корен, тогаш излегол и му рекол на старецот: ,Оче, остави го тој корен; од него ќе направиме јадење. Од ова старецот сфатил дека тој брат е вистински слуга Божји, а не роб на зеленчукот. Тогаш се свртел кон него и му рекол: ,Брате, врз тебе почива Светиот Дух !“ И, навистина, ако тој брат бил страсно приврзан кон зеленчукот, тој веднаш би се натажил и би му се налутил на духовниот старец, но тој докажал дека го имал зеленчукот така, како да го немал.

Тогаш авва Зоснм заврши вака: „Демоните ги забележуваат ваквите случаи, па кога ќе видат дека некој не е страсно приврзан спрема работите што ги поседува и не се беспокои кога ќе ги загуби, тогаш сфаќаат дека тој оди по земјава, но не мисли и не мудрува на земен начин.“

2. Сета сила е во стремежот на слободната волја. Распалена слободна волја, во текот на еден час, на Бога може да му принесе повеќе пријатност, отколку многубројни и долговремени напори без стремеж. Површната и мрзлива желба е бесплодна.

3. Демоните се плашат кога ќе забележат некого, кој е изложен на измачување, на понижување, на навредување, на загуби и на други непријатности. Особено, кога ќе увидат дека тој не жали за тоа што бил подложен на сето тоа, туку заради тоа што не ги издржал доволно храбро. Од ова се гледа дека тој веќе тргнал по вистинскиот пат и дека има намера да оди во совршенство, според Божјите заповеди. Притоа авва Зосим спомна, како постапил свети Пахомиј кога го прекорил еден од постарите браќа, кој му рекол: „Престани да се занесуваш со суетност да го прошируваш манастирот.“ Свети Пахомиј го правел тоа според повелбата што му била дадена одозгора. Затоа, кога ги слушнал тие зборови од својот брат, на бидејќи бил свесен дека прави нешто добро и богоугодно, почуствувал во себеси извесна разбрануваност на негодување. Сепак, тогаш ништо не му одговорил на својот брат, Кога настапила ноќта и кога се смирила непријатната раздвиженост во неговото срце, тој, откако влегол во својот параклис, почнал да плаче и да се моли: „О, Боже, во мене уште е присутно телесното мудруванне, се уште живеам според желбите на моето тело. Тешко мене, таков и ќе умрам, според зборовите на Светото писмо (сп, Рим. 8, 13). По толку подвизи, по толку многу подготвувања на моето срце, се уште бивам понесуван од гневот, макар и за добри работи. Смилувај се на мене, Господи, за да не загинам наполно! Зашто, ако Tи не ме утврдиш совршено во доброто и ако мојот духовен непријател го пронајде во мене својот дел, макар и најмал да е тој, јас ќе бидам негов пленик, како што вели светиот апостол Јаков: ,Кој го пази целиот закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за cé (Jaк. 2, 10). Но верувам дека, ако Ти, по Твојата голема милост, ми помогнеш, најпосле ќе научам да одам по Твоите патишта, за да не го заборавам она што е пред мене (сп. Филип. 3, 13) и да го посрамам непријателот, како што треба. Инаку, Господи, како ќе ги поучувам оние што ќе ги повикаш да го живеат овој живот заедно со мене?“ Во оваа и ваква молитва ја поминал целата ноќ. Такви зборови, придружени со солзи, изговарал се додека не се разденило. Од потта на неговото тело под него се направила кал, зашто тогаш било период за жетва, и времето било многу жешко. Авва Зосим заврши со овие зборови: „Се вчудоневидувам. Неговите солзи биле безмерни. Па, како Бог нема да и даде на ваквата сецела одлучност секакви добрини, кои Му ги бараат оние, што се мртви за се, освен за Него?“

4. Уште ни говореше авва Зосим: „Кога некој човек ќе помисли на некого, кој го навредил или му сторил одредена штета, или го понизил и го наклеветил или му направил некое друго зло, ако и тој почне да исплетува лоши замисли против него, и тој самиот напаѓа, како демоните; тогаш му е премногу и она што самиот си го прави. Кога ќе помислува на него, треба да го смета за свој добротвор и лекар. Зашто оној што се однесува така со нас. тој ја разоткрива нашата страст, која е скриена во нас и од која боледуваме, за да биде излекувана. Па затоа, треба да си спомнуваме како за наш лекар, кого го испратил при нас Самиот наш Господ Исус Христос. Заради Христа, ти треба да претрпиш се и да Му благодариш за таквата добрина спрема тебе. Ако не ја искористиш оваа можност како што треба; ако не се ослободиш од твојата страст, тогаш ти самиот си виновен за тоа, а не е Господ Бог. Тоа што се измачуваш, е знак дека твојата душа е болна, зашто ако таа е здрава, тогаш ти не би се измачувал и не би страдал. Поради тоа, треба да му благодариш на твојот брат, затоа што ти го покажал текот на твојата болест, а тоа што си го претрпел од него, прими го со љубов, како лековито лекарство, што ти е испратено од Самиот Господ Исус Христос. Ако ти си, не само неблагодарен, туку и се натажуваш, се измачуваш и имаш лоши замисли против него, за да му се одмаздиш, со тоа како да Му говориш на Самиот Спасител и Господ Исус Христос: ,Господи, не сакам да ме лекуваш и да ме излекуваш; не сакам да ги употребувам лекарствата што ми ги даваш; сакам да изгнијам во моите рани, зашто сакам да им бидам послушен на демоните. Не Го познавам Господа и не знам Кој е Он за да го послушам Неговиот глас!“ “ (сп. 2. Мој. 5, 2) И што најпосле ќе направи Господ? Господ, бидејќи е добар спрема нас и спрема нашите лошотилаци, Он ни ги дал Своите заповеди, за да не излекува од злото и од гревот, кои се во нас, како што се даваат за лекување на телесните болести обгорувања и чистења. Затоа, оној што сака и што бара да биле излекуван, треба неизоставно да го трпи, да го истрпува она што му го наложува лекарот; да го претпува сето тоа со молчење, па макар и неподносливи болки да има. И на телесно болниот не му е пријатно кога го сечат и го обгоруваат или кога прима лекарства за чистење, но бидејќи е убеден, дека без сето тоа не може да биде излекуван и избавен од својата болест, со доверба се предава во рацете на својот лекар и верува, дека преку болките што ќе ги издржи за време на лекувањето ќе се избави од внатрешното растројство на своето тело и од долговремената болест. Господа Исуса Христа Го измачува и Го обгорува оној што ги навредува своите ближни и што им нанесува штети.

 5. Ако ги уништиме искушенијата и лошите помисли, тогаш не ќе постои ниеден свет човек. Оној што бега од спасоносното искушение; бега од вечниот живот. Некој од светите луѓе говорел вака: „Кој им ги дал венците на мачениците, ако не нивните мачители? Кој му ја дал на светиот првомаченик славата, што го опкружува на небото, ако не оние што го убиле со камења?“ Овде авва Зосим обично наведувал зборови, изговорени од еден маченик: „Јас не ги обвинувам моите мачители, напротив, јас ги сметам за мои добротвори. Не Го отфрлам Лекарот на душите, кој и дава на мојата суетна душа лекови од понижување и од навредување, плашејќи се Он некогаш да не и рече на мојата душа: „Го лекуваме Вавилон, но не оздраве“(Јерем. 51, 9) и: „Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката, пилињата свои под крилја, ама не сакавте. И ете, домот ваш ќе остане пуст“(Лука 13, 34-35).

6. Евагриј се плашел, укорувајќи го, Господ да не му рече: „Ти боледуваше од суета, и Јас ти го дадов лекарството на униженоста, за да се очистиш преку него. Но ти не беше излекуван, затоа што не сакаше да Ме послушаш.“ Треба да знаеме дека никој не ни ја кажува точната вистина, освен оној што не прекорува, Господ, Кој ги испитува срцата и утробите, макар сите луѓе да не фалат и да не нарекуваат блажени, знае, сепак, оти сме достојни за прекор и за презир. Ако ми речат: „Ти си ги направил тие и тие работи,“ јас ќе им одговорам: „Но што е добро од тоа што сум го направил јас?“ За мене говорат лаги, само оние што ме фалат и што ме нарекуваат блажен, а за мене ја говорат вистината само оние што ме укоруваат и што ме понижуваат. Дури и тие не можат да ја опфатат сета вистина за мене, зашто не го знаат сето зло што е скриено во мене. Ако го дознаат, не сето море од малите лоши дела, туку само еден дел од нив, тие би се исплашиле и згрозиле од грозотијата и смрдеата на мојата душа. Доколку сите членови на човечките тела се претворат во јазици, за да не прекоруваат, јас сум уверен. дека и тогаш не би можеле целосно да ја искажат нашата паднатост. Затоа, секој оној што не укорува, само нешто укорува од сето она што е за укорување, зашто тој не може да го знае сето тоа. Ако многустрадалниот Јов рекол: Исполнет сум со бесчестија, а штом е полно, тоа значи дека е веќе надмината секоја мерка; а што да кажеме ние кои сме бездна на секое зло? ѓаволот не смирил со секое зло и со секој грев; треба да им бидеме благодарни на луѓето што не смируваат со понижувања, зашто благодарните за својата униженост му ја кршат и му ја здробуваат главата на ѓаволот. Светите оци рекле: „Ако смирението се спушти во пеколот, и пеколот ќе се издигне до небесата. Исто така, ако гордоста се издигне до небесата, тогаш и небесата ќе бидат симнати во пеколот. Зашто, кој може да го натера смирениот и понижениот да похули против некого и да се осмели да понижи некого? Што и да претрпи смирениот, колку и да го навредат и да го понижат, тој нема да похули и да понижи никого, туку тоа ќе му биде повод самиот себеси да се прекорува и да се понижува. Покрај ова, авва Зосим говореше, дека авва Мојсеј, кога свештениците го избркале, велејќи му да излезе од олтарот, тој тогаш почнал да се унижува себеси и да си вели: „Добро постапија тие со тебе, ти, кому му е црна кожата! Ти што не си човек, не оди меѓу луѓето. Ете така, добро ти направија.“

7. Што има полесно за извршување од она што го слушаме, кажано од светиот и вреден наш учител авва Амон, којшто вели: „Внимавај добро и не заборавај, зошто си го напуштил светот и зошто си овде. Особено настојувај, кога некој ќе те ожалости да молчиш и ниеден збор да не проговориш, се додека со непрестајна молитва не го успокоиш своето срце. Дури потоа, помоли му се на братот твој да ти прости. Зашто, секој што го сака вистинскиот пат, тој секогаш кога е вознемирен, самиот себеси се прекорува и изобличува, велејќи: „Зошто беснееш, душо моја, и зошто се вознемируваш? Токму со ова покажуваш дека си болна, зашто ако не беше болна, немаше да се измачуваш. И зошто, наместо да се укоруваш себеси, брзаш да го укоруваш братот твој, кој не ти направил никакво зло туку тој, само ти ја посочил твојата болест? Со дела и со вистини учи ги заповедите на Господа Исуса Христа, Кој ,кога на Него хулеа, Он не им возвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди“ (1. Петр. 2, 23). Слушај што вели Он и што покажува со Своите дела: Грбот Свој го подметнав на оние што Ме биеја, и образите Свои на оние што Ме удираа; лицето Свое не го скрив од подбив и од плукање“ (Иса. 50, 6). А ти, бедна моја душо, за некоја мала хула, за еден потсмев, за некакво непочитување спрема тебе, заради недоразбирање, сплетка или клевета, седиш и плетиш безбројни лоши помисли, сама себеси си наштетуваш, изложувајќи се на демонските напади.“ И самиот демон не ќе успее да и направи на таквата душа она што таа самата ќе си го стори на себеси! Го гледаме Христовиот крст, за Неговите страдања, што ги претпел заради нас и заради нашето спасение, читаме секој ден, а ние самите не сакаме никаква навреда да претрпиме. Навистина, ние сме се оддалечиле од вистинскиот пат.

8. Ако некој ги преживее и Матусаловите години, а не врви по вистинскиот пат, по кој чекореле сите светии, говорам за патот на унижувањата и несправедливите прекори, како и за нивното храбро триење, тој воопшто не ќе успее ни најмалку и не ќе најде ништо од она што е скриено во сокровиштата на заповедите; тој попусто ќе ги помине годините на својот живот. Овде авва Зосим додаде и рече: „Кога бев кај блажената Дионисија, еден брат и побара нешто за благослов и таа му даде нешто, што можеше да му даде. Но, бидејќи она што му го даде, не беше толку, колку што тој очекуваше, тој почна да ја навредува и да ни упатува срамни зборови и на обајцата. Таа. откако го ислуша, се налути и сакаше да го казни. Јас го забележав тоа, и и реков: ,Што правиш? Ти си правиш зло сама на себеси; се пишуваш од сета добродетел што ја имаш во твојата душа. И што нретрпуваш ти во споредба со она што го претрпел Христос за тебе? Јас знам дека си презрела голем имот и дека многу си разделила на сиромасите, знам дека на него си гледала како на ѓубре, но ако не ја придобиеш кротоста, ќе бидеш слична на ковач, кој удира по едно парче железо и никако не може од него да направи тоа што сака. Послушај што вели свети Игнатиј Богоносец: ,придобиј ја кротоста, со силата која ги урива сите сили на кнезот од овој век“. Како знак на тоа дека сосема сме го напуштиле светот е следново: за ништо да не се вознемируваме. Се случува некој да презре големи богатства, а да се приврзе за една игла, и оваа пристрастеност да му причинува вознемирувања и грижи. Тогаш таа игла, за него го зазема местото на сите предходни презрени сокровишта. Ете, така се случува, некој да и робува на една игла, на капуљача, на мантија или на некоја книга, со што престанува да биде роб Божји. Добро констатирал некој од нашите духовни мудреци: ,Колку страсти во душата, толку и господари“. А и нашиот Господ и Спасител ни вели: ,Каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“(Матеј 6, 21). И светиот апостол Петар, исто така, ни вели: ,Кога некој некого победува, тој и го поробува“ “(2. Петр. 2, 19). Откако ме ислуша, блажена Дионисија ме погледна со восхит и ми рече: „Ти да Го најдеш Бога, Кого што Го посакуваш!“

9. Душата сака да се спаси, но бидејќи продолжува да ги сака суетните добра и да се грижи за нив, таа ги одбегнува напорите, поврзани со делото на спасението. Заповедите Божји не се тешки; лоши се само нашите грешни желби. Се случува, некогаш, кога се плашиме дека ќе се удавиме во морето или кога ќе паднеме во рацете на разбојници, да презреме се што имаме и подготвени сме се да отфрлиме од себеси, зашто ја гледаме смртта, недалеку од нас како ни се заканува. Но, ако сме подготвени да се откажеме од имотот, затоа што сакаме уште малку да поживееме на земјава, подготвени сме се да жртвуваме и се да загубиме, само од разбојниците животот да си го спасиме или во морето да не се удавиме, иако само малку пред тоа, за една пара сме беснееле, а во тој миг сме готови се да презреме, се да отфрлиме, само за животот свој да си го спасиме, тогаш, зошто не се запрашаме: зошто немаме ваква грижа и ваква желба и за придобивање на вечниот живот? Зошто кај нас не е толку силен и стравот Божји, како што е силен стравот од морето и од разбојниците? како што се прашувал некој од светите луѓе.

10. За потврда на реченото, авва Зосим ни го раскажа следниов случај, што го чул од некого. Некогаш, некој трговец со скапоцени камења се качил на брод заедно со своите деца, а носел со себеси и многу скапоцени камења и бисери, надевајќи се да ги продаде за големи пари во земјата, каде што се упатил. За време на патувањето му се случило, по Божја промисла, силно да засака едно момче, коешто послужувало на бродот. Му правел различни задоволства и радост, а тој самиот се радувал со него. Му давал да јаде, од она со што се хранел и тој самиот. Еден ден момчето ги слушнало морнарите како си шепотат меѓу себе и дознало оти сакаат да му ги земат скапоцсностите и да го фрлат во морето. Тоа многу го ожалостнло. Потоа кога дошло кај трговецот за да го послужи, забележал дека момчето е многу натажено, па го прашал: „Синко, зошто си, така нажален?“ Момчето му одговориле дека не му е ништо, затоа што не смеело да му ја кажи вистината. Тој, гледајќи го толку многу натажен, пак го прашал: „Ти имаш некаква мака, кажи ми право, што ти е и што те измачува?“ Момчето тогаш заплакало гласно и му кажало, како ги слушнал морнарите дека се подготвуваат да му го одземат животот. Трговецот го замолил да му каже се што слушнал од нив, а момчето му раскажано се што зборувале и како се договориле да му го одземат животот заради скапоценостите што ги има. Тогаш, трговецот ги повикал своите деца и им рекол: „Деца мои, послушајте ме што и да ви кажам, направете така, не противставувајте се.“ А потоа, откако послал чаршав, им рекол на своите деца да ги донесат сандаците со скапоцените камења и со бисерите. Па откако ги ставил во чаршавот и ги заврзал во него, се свртел кон децата свои и им рекол: „Ете, таков е животот. Заради овие работи јас сум изложен на опасност да бидам фрлен во морето и да умрам, а да не можам да земам ништо од сето ова што го имам.“ Потоа им заповедал на своите деца да ги фрлат скапоценостите во морето. Тие, како што ветиле, го послушале татка си и направиле така како што им било речено. Морнарите се вчудоневиделе кога го виделе тоа и се откажале од извршувањето на својот зол заговор.

Откако го заврши раскажувањето на расказот, авва Зосим рече: „Гледате ли, како одеднаш се изменила неговата мисла? Колку бргу човекот се умудрил и во зборовите и во делата свои? И тоа само за да го зачува својот кратковремен живот. И, навистина, паметно постапил. Зашто, ако умре, каква полза ќе има од сето свое богатство. А ние не сме во состојба да претрпиме ни најмала зaгубa заради Христовите заповеди, не сакаме од ништо рамнодушно да се лишиме, но, ако не можеме да не жалиме, тогаш барем да жалиме за она што ни ја причинува пропаста, а не за загубувањето на имотот, зашто ,неправедницнте нема да го наследат царството Божјо “ (1. Кор. 6. 9), а тебе, онеправданиот, ти дал живот вечен, зашто вака им вели Господ на онеправданите: „Радувајте се и веселете се, зашто голема е нашата награда на небесата“(Матеј 5, 12). А ние, оставајќи ја жалоста заради загубувањето на Христовиот член, седиме и размислуваме за гниежливи и ништожни работи, што ги загубуваме и што се безвредни. Навистина, ние достојни сме за секаква казна. Бог не издигнал да бидеме членови на Неговото тело, кое Го има за глава нашиот Господ Исус Христос, како што вели апостолот: „Како што телото е едно, а има многу органи, и сите органи се од едно тело, така и Христос“ (1. Кор. 12, 12). Глава на црквата е Христос (сп. Ефес. 1, 22). Затоа, кога братот твој ти причинува мака, слично е како, кога твојата болна рака или болно око му задава болка на здравиот орган од твоето тело. Тогаш, не си ги отсекуваме раката и главата кога не болат, сметајќи дека со тоа ќе си нанесеме голема штета. Напротив, нив ги означуваме со крсниот знак, со овој Христов печат, и ги бараме за нив молитвите на светите, ги триеме со масти, лепиме фластери, за да ги излекуваме болните места на нашето тело. Како што се грижиш и се молиш за оздравувањето на твојата рака и на твоето око, за да бидат излекувани да не ти причинуваат болка, така грижи се и така моли се и за твојот брат. А ние, гледајќи како членовите на Христовото тело страдаат душевно и се измачуваат, не само што не ги сожалуваме, туку и се молиме против нив. Ова им е навистина својствено на оние што немаат милостиво срце.

11. Оној што ги придобил љубовта и сочувството, пред се, се радува тој самиот и е од полза за себеси, а за полза и за радост му е и на својот ближен; а, напротив, тој си нанесува, пред се, рани на себеси, иако се чини дека им нанесуваат штета на другите, или на нивното име, или на честа, па дури и на самото нивно тело, но всушност, тој со сето тоа се лишува од вечниот блажен живот. Веднаш потоа нашиот авва ја кажа следнава поговорка: „Она што нема вредност за душата, тоа нема вредност ни за човекот.“

12. Еднаш, некој човек му рекол на авва Зосима: „Авва, има многу работи, што ни се заповедани, така што и умот ни се помрачува кога ќе почнеме да размислуваме за тоа што треба да правиме и што треба да одбегнуваме.“ Авва Зосим му одговорил: „Ова нека не те вознемирува; еве што треба да имаш на ум и во твојата мисла: ако не бидеш страсно приврзан кон земните предмети, лесно ќе ја извршуваш секоја добротетел. Ако не се караш со луѓето заради нив, нема да собираш злоба во својата душа против нив. Тогаш, ќе можеш лесно да се молиш и за своите непријатели. Молитвата за непријателите нема да ти биде тешка, само, ако ги сакаш. Оди по патот на трпеливоста, поднесувај ги великодушно загубите на твојот имот и благодари Му на Бога што си оштетуван. Тогаш и ти ќе им бидеш ученик на светите апостоли, коишто, кога се враќале тепани од судот, биле, радосни, зашто беа удостоени да поднесат навреди за името на Господа Исуса“(сп. Дела 2, 5, 41). Тие биле чисти и свети; а за името Христово се удостоиле да бидат камшикувани. И ние треба да бидеме подложувани на навреди заради нашите гревови Ние сме нечесни, иако никој не ни ја навредил нашата чест. Ние сме и проколнати, како што вели пророкот: „Проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди“(Псал. 118, 21). Не им припаѓа на сите да бидат навредувани за Христовото име; со таква чест се удостоени само чистите и светиите, како што реков. А ние, и сличните на нас, треба со благодарност да ги претрпуваме сите навреди и да говориме, дека трпиме справедливо заради нашите лоши дела. Несреќна е онаа душа, којашто ги знае своите нечисти дела и која гледа дека го заслужила страдањето, па и покрај тоа, свесно ја измачува својата совест и размислува неискрено, велејќи: Тој ми рече така и така, ми го извалка образот и ме навреди. Ваквата душа се напаѓа сама себеси, заземајќи им го местото на самите демони, зашто она што се случува со сликарите, се случува и со душата. Како што главниот мајстор, откако ќе го научи својот ученик на сликарската вештина, го остава да работи сам и веќе не чувствува потреба да седи покрај него, туку само одвреме навреме го надгледува и води грижа да не се опушти и да не расипе некоја слика, така постапуваат и демоните: кога ќе видат дека некоја душа им е послушна и дека лесно ги прифаќа лошите помисли, тогаш ја предаваат на оваа сатанска вештина и сметаат дека веќе нема потреба да седат покрај неа, уверени дека таа самата, доволно зло си прави на себеси, па затоа само одвреме навреме ја посетуваат, да се уверат дека не станала мрзлива.

13. Има ли нешто поудобно, од тоа да ги сакаме сите и попријатно од тоа да не сакаат сите? И каква ли не се радост ни носат Христовите заповеди? Само затоа што не сакаме затоа и не ги извршуваме. Зашто, ако го посакаме тоа, со Божја помош, и тоа би било многу лесно за нас. Кога ќе покажеме и најмала желба, и таа ја привлекува Божјата помош. И тогаш се ни е лесно, како што често ви зборувам. Така вели и свети Антониј Велики: „За добродетелите се потребни само нашата желба и нашиот обид, не е потребно да одиме далеку, за да го добиеме царството небесно, ниту, пак, ни е потребно да пловиме преку морињата за да станеме добродетелни. Какво успокојување ни дава кроткиот и смирениот човек? Навистина: ,Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псал. 36, 11).

14. Така, еднаш јас, еден брат и неколкумина мирјани одевме, по неополскиот пат за Самарија и пристигнавме таму, до едно место, каде што се наоѓаше митницата. Мирјаните, кои веќе знаеја што треба таму да дадат, си платија колку што беше потребно, без нешто да речат. Но, братот што беше со мене, почна да се противставува, велејќи им дека од монасите не смеат да земат ништо. Јас кога го слушнав тоа, му реков: „Што правиш. брату! И без да си свесен што правиш, ти сепак, како да му велиш на овој човек да те почитува како свет. Сосема нешто друго е, ако тој самиот ја забележи твојата добрина и го забележи твоето смирение, па да се засрами и да ти рече: ,Прости ми, не е потребно ти да платиш; од тебе нема ништо да земам“. А вака, како што постапи, ти покажа дека не си му вистински ученик на Кроткиот и Смирениот. Затоа, да му платиме колку што е потребно и да си го продолжиме патот.“

15. Другпат, пак, кога бев во светиот град, ми пристапи еден од христољупците и ми рече: „Брат ми и јас се скаравме, не е многу страшно, но, ете, тој не сака да се измири со мене. Биди милостив спрема мене, позборувај со него и убеди го дека треба да се измириме.“ Јас се согласив со радост, па откако го повикав неговиот брат, се обидов да му зборувам така, за да можам да го убедам дека треба да се измнри со брата си, за да се востанови пак меѓу нив мирот и љубовта. Помислив дека веќе се согласи, но одеднаш ми проговори и ми рече: „Не можам да се измирам со него, затоа што пред крстот се заколнав дека никогаш нема да му проговорам.“ Тогаш јас, откако се насмевнав, му реков: „Суштината на твоето заколнување ја има следнава смисла. Ти како да си му рекол на Спасителот: ,Се заколнувам во твојот чесен крст, дека нема да ги извршувам Твоите заповеди, туку дека ќе ги извршувам повелбите на Твојот противник ѓаволот“. Знај, дека не само што не сме задолжени да го одржиме нашиот лош збор и да извршуваме некакво зло дело, туку треба најискрено и најсмирено да се покаеме што сме постапиле така. Послушај што рекол свети Василиј Велики, говорејќи за своето ветување што го дал под заклетва: ,Ако Ирод си дојдеше на себе и ако не го исполнеше она што го беше ветил под заклетва, тогаш немаше да го направи својот голем грев немаше да му ја отсече главата на Христовиот Претеча“. Најпосле му го приведов и примерот од Светото евангелие за тоа како, кога Господ сакал да им ги измие нозете на Своите ученици, тогаш Петар му рекол: ,Никогаш ти нема да ми ги измиеш нозете“! (Јован 13, 8) Toa го рекол од преголема ревност, која му била својствена, но кога Господ му објаснил зошто го прави тоа, тој не само што се согласил да му ги измие нозете, туку посакал да му биде направено и нешто повеќе. велејќи: Господи, не само нозете мои, туку и рацете и главата“ “ (Јован 13. 9).

16. Еднаш ме прашаа за тоа како треба да го зауздуваме гневот, а јас им одговорив вака: „Почетокот на зауздувањето на нашиот гнев е да не говориме, се додека трае гневот. Пример за ова ни дава авва Мојсеј. Тој, кога оците во манастирот сакале да го проверат разговарале меѓу себеси на своето собрание, велејќи: ,Зошто овој Етиопјанин влегува на нашето собрание?'слушајќи ги тие зборови, тој молчел. А кога некои од браќата го прашале по собранието дали се возбудил кога ги слушнал тие зборови, тој им одговорил: ,Се возбудив и не можев да говорам“ (Псал. 76, 4). Но, така било само во почетокот. Подоцна, кога напреднал во духовниот живот и кога бил ракоположен за ѓакон, тој не само што молчел, туку воопшто и не се возбудувал. Еве, што се случило еднаш. Архиепископот, сакајќи да ја провери состојбата на неговата духовна зрелост, им рекол на свештенослужнтелнте, што биле во олтарот, штом ќе влезе тој, веднаш да го истераат, и да испратат некого по него, за да го слушнат што ќе рече потоа. Па кога влегол тој во олтарот, свештенослужителите му рекле: ,Излегувај надвор од олтарот, ти етиопски црнокожец.“ Тој веднаш излегол, говорејќи за себеси: „Ете, така, добро постапија со тебе, бидејќи не си човек, зашто одиш на човечко собрание!“ Тогаш кога се подбиле со него, не само што премолчал, и воопшто не се возбудил, туку, се прекорил самиот себеси. Да се возбудуваат и да не говорат е карактеристично за несовршените и на почетниците, а невозбудувањето им е својствено на совршените, како што вели и пророкот: Се подготвив и не се збунив“ (Псал. 118, 60). Зашто и тоа не е мала добродетел. А ние, повеќето од нас, се покажуваме, дека стоиме дури и пониско од почетниците, кога не се трудиме да го победуваме нашиот гнев и да премолчуваме. Кога ќе се појави во нас гневот, раководени од нашата мрзливост, мислиме дека добродетелта е нешто недостапно за нас. Дури и не пројавуваме никаква желба, за да поставиме барем почеток на овој труд над себеси и со тоа да ја привлечеме помошта на Божјата благодат; или ако покажуваме некоја привицна желба, тогаш таа е толку слаба и недостојна, за да биде помогната од Бога.“

17. Работите во нашиот живот одат по следниов ред: прво треба од наша страна да покажеме желба и труд, а потоа ќе ја добиеме на помош потребната благодат од Бога. Кога земјоделецот и не ќе посее многу, ако Господ го благослови неговиот труд, тој добива богат плод. како што е напишано во Светото писмо за Исака: „И Исак почна да сее во таа земја, и таа година доби стопати повеќе јачмен, Господ го благослови“(1. Мој. 26, 12). Исто така, ако го благослови трудот на нашата добра желба, се ќе почнеме да вршиме без голем труд, без принудување и со сладост. И онаа работа, што ја извршуваме со самопринудување, и таа е дело на нашата слободна волја. А, онаа, што ја вршиме со сладост, е дело на Божјата благодат. Нели го гледаме ова и во работите, на кои постепено свикнуваме? Ова е особено очевидно во уметничкото творештво. На почетокот работиме со напор и со мака, грешиме и често ги расипуваме работите. Но не се очајуваме, не паѓаме со духот; пак повторно почнуваме, и пак грешиме и го расипуваме она што го правиме; Но, не ја напуштаме работата и му искажуваме на учителот дека сме решени да продолжиме. Ако ученикот падне со духот, ако ја напушти работата, тој тогаш ништо нема да научи. Доколку, и покрај тоа што греши, продолжи да учи и да работи, ако биде трпелив и трудољубив, најпосле, ќе успее и ќе почне да прави работи со голема уметничка вредност. Тогаш, веќе нема да работи со труд и со мака, туку, со задоволство и со радост. Ова истото бива и во духовниот живот. Оној што почнува да се труди да добие добродетели во својот живот, тој не треба да мисли дека веднаш ќе успее во нив, зашто тоа навистина е неможно. Но треба да прави усилби, иако во почетокот нема да биде се како што треба, тој не треба да се откаже од она што го започнал, зашто поинаку не може да постигне успех. Затоа треба се повеќе и повеќе да вложува усилби, исто како оној што сака да научи некој занает или да се усоврши и во некоја уметничка гранка. Кога на тој начин ќе се труди и не се очајува, Бог ќе ги види неговата силна решеност, неговата искрена желба и неговиот труд, и ќе му даде благодатни сили да работи лесно и радосно. Токму ова го потврдува она што го рекол авва Мојсеј: „Силата на оние што сакаат да придобијат добродетели се состои во одлучната решеност, да не биваме малодушни; и ако ни се случи да паднеме, не треба да очајуваме, туку веднаш да стануваме и со иста ревност да ја продолжуваме нашата започната работа.“

18. За секоја добродетел потребни се труд и време и искрено да ја сакаме. За да ја придобиеме, особено е потребно да ја имаме Божјата помош. Ако Бог не му помогне на нашето сакање, целиот наш труд ќе ни биде попуст, како што е попуст и трудот на земјоделецот, кој ги обработува и засејува своите ниви, ако Бог не им пушти дожд на неговите семиња. Но, за да ни помогне Бог, ние треба да Му се молиме и да ги просиме Неговите добри дарови, Зашто, само на тој начин ја привлекуваме Божјата помош, Неговите добри дарови и Неговата закрила. Ако ја занемариме молитвата, тогаш и Бог нема да го гледа нашиот труд. Исто така, ако се молиме, мрзеливо и расеано или брзо се заморуваме кога се молиме, тогаш нема да бидеме удостоени да добиеме нешто, како што секогаш ви говорам: Бог ги гледа нашата добра волја и нашиот труд, и според тоа ни ги дава Своите дарови. Не бил ли авва Мојсеј водач на разбојници пред да се покае? Не сторил ли тој илјадници злосторства? Но, откако се покајал и откако тргнал по Божјиот пат, се зафатил одлучно и храбро да го исполни ветеното. Сите знаат колку се издигнал духовно и до колкави височини стигнал, така што, како што вели писателот на неговото житие, бил приброен и кон Божјите свети избраници. А ние, иако во почетокот на откажувањето од светот искажуваме голема усрдност, по извесно време, заради нашата мрзливост, ја загубуваме, приврзувајќи се кон работите на овој свет, што се празни и безвредни, наместо да бидеме приврзани кон Бога и кон ближните. И при тоа, ако успееме да направиме некое добро дело, заслугата за тоа си ја препишуваме на себеси, замислувајќи си дека сме го направиле со нашите сопствени сили дека тие сили не ни се дадени од Бога. Светиот апостол ни ја кажува вистината за ова кога вели: „Што имаш што не си добил? А штом си примал, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1. Kop. 4, 7).

19. Осиромашил нашиот Господ Исус Христос и онемоштел, за да ни даде и нам такви дарови, што ги збогатиле светите патријарси, ако види дека и ние ги користиме нив за наше добро и за Негова слава. Но, гледајќи како ние, заради нашата неодговорност, и малите дарови што ни ги дал, ги употребуваме за причинување штета на себеси, затоа, бидејќи е човекољубив, не ни дава поголеми дарби, за да не ни послужат за конечна наша пропаст. А, ако види дека она малку што ни го дал, го употребуваме за наше добро, се разбира, Он, не е немоќен да ни даде повеќе, како што сум ви рекол и другпат. Бог, како што говорам секогаш, бидејќи е добар, ни дал слобода и можност од се да имаме полза. Но, ние заради злоупотребувањето и пристрастноста, ги загубуваме Божјите дарови, се лишуваме од нив, така што со даровите што ни ги дал Бог, заради нашата малоумност и лош живот си нанесуваме сопствена штета.

20. Никој не може да и причини никаква штета на верната душа. Колку и да пострада, тоа ќе и биде пресметано за нејзино поголемо добро. Работникот, иако бива оптоваруван со голем турд, но смело продолжува да работи, уверен дека за својот труд ќе добие награда. Оној, пак, што нема таква увереност, штом ќе се сретне со некоја тешкотија, се измачува како во пеколот, токму затоа што не верува во успехот на својата работа. Оној што има вера, и при сите можни тешкотии останува верен и со увереност очекува да ја добие наградата за својот труд и за својата трпеливост. Така, добива голема утеха, а оној што не верува не верува и дека ќе добие награда од Бога, може ли тој да има каква и да е утеха? Тој седи така, времето го минува напразно и се распаѓа во своите помисли; кога ќе го снајдат и најмали маки и страдања, тој веднаш на сите им раскажува. И мене ми говореше за нив, но и јас имам нешто да му кажам. Тој си спомнува само за лошото што му го кажале и што му го направиле, а си замислува и невозможни, неостварливи работи, кои не може да ги оствари, зашто луѓето не се во состојба да остварат се што ќе си замислат. Тие можат да го постигнат само тоа, што ќе им го дозволи Бог. Само Он ги знае човековите судби. Честопати некој планира некому да му стори некое зло, но ако Бог не допушти, напразни се сите негови услиби; на тој начин само се дознаваат скриените човечки мисли. Колкумина сакале и замислувале да им направат зло на светите патријарси. Но, бидејќи Бог не сакал да го дозволи тоа, никој никакво зло не можел да им стори, како што е напишано: „Никому не му дозволуваше Он да ги напредува и царевите за нив ги караше. ,Не допирајте се до Моите помазани, на Моите пророци не правете им зло“ (Псал. 104, 14-15). Кога ќе посака Бог да ја покаже Својата преголема сила, тогаш Он срцата и на најнемилостивите ги настројува на милост, како што е напишано во книгата на пророкот Даниил: „Бог му даде на Даниила милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните“(Дан. 1,9). Блажена е онаа душа, која преку жедта кон вистинскиот Бог вистински се подготвува да ги прими Неговите дарови, зашто Он никогаш не ја напушта таквата душа, туку и помага во се и ја закрилува, дури и во она, што таа заради своето незнаење и не го бара тоа од Него. Убаво рекол премудриот псалмопеач: „Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе пред синовите човечки! ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките возбуди“(Псал. 30, 19-20). Колкупати Саул се обидувал да го убие блажениот Давид? Што се не сторил? Какви се обиди не правел? Ho бидејќи Господ го закрилувал Давида, секоја Саулова замисла останувала јалова. И не само тоа, туку и тој самиот често му бил предаван во рацете на светиот човек, кој сепак го штедел, зашто немал ожесточеност и одмазничка злоба против него.

21. Еднаш го прашале нашиот авва Зосим: „Како можеме да успееме да не се гневиме, тогаш кога не унижуваат и кога говорат лошо за нас?“ Он им одговори вака: „Оној што во своето срце се смета за најмал од сите, тој нема да се навреди од никакво унижување.“ Авва Пимен рекол: „Ако се унижуваш самиот себеси, секогаш ќе бидеш спокоен.“

22. Еден брат од оние што живееја со мене и кои примија од мене схимна, за кого се грижев да го научам на сите добродетели, спрема кого понекогаш бев и снисходлив, заради неговата немоќ, бидејќи имаше нежно телесно здравје, ми рече еден ден: „Авва мој, јас те сакам многу.“ А јас му одговорив: „Јас уште не сум сретнал човек, кој би ме сакал толку, колку што го сакам јас него. Но, ете, ти ми велиш дека ме сакаш многу, и јас ти верувам, но ако доживееш нешто непријатно од мене, твоите сегашни чуства спрема мене, нема да бидат такви какви што се сега. А јас, што и да претрпам од тебе, секогаш ќе останам со истите чувства и никој не ќе успее да ме оддалечи од мојата љубов спрема тебе.“ Не помина многу време потоа, и тој, не знам што се случи со него, почна да зборува за мене многу лоши, па дури и срамни работи, а јас ги слушав сите тие негови лоши зборови за мене. Тогаш си реков вака јас на себеси: „Тој е Исусовнот обгорувач за мене, испратен ми е со нагорување за да ја излекува мојата суетна душа. Од ваквите, внимателниот може да го добие она, што обично го загубува преку оние што го фалат и што му ласкаат.“ И оттогаш, тој човек за мене стана мој вистински пријател. И јас секогаш го споменував во моите молитви како мој лекар и добротвор. А на оние што ме известуваа за она што зборува тој за мене, јас им велев: „Тој дознал само за некои од видливите лоши работи, а тоа не е ce што е лошото во мене; тоа е само еден дел од нив; безбројни се моите скриени недостатоци.“ По извесно време се сретнавме во Кесарија Палестинска. Тој ми пријде, и по старата своја навика, ме гушна и ме бакна. Гo бакнав и јас, како да не се случило ништо меѓу нас. Откако си поразговаравме, подоцна, кога се среќававме, секогаш ме гушкаше и ме целиваше. Јас, пак, не покажував никаква нерасположеност спрема него, не му предочував дека сум навреден од него, како тој знаеше дека сум слушнал и дека знам се што кажал за мене. Ho тој сепак, падна пред моите нозе и, обгрлувајќи ги, ми рече: „Прости ми, оче мој, прости ми заради Господа, прости ми што говорев толку многу лоши работи за тебе.“ А јас, откако го исцеливав, нежно му реков: „Дали си спомнуваш, мил мој, како ми велеше дека многу ме сакаш. Го помниш ли она што ти го реков тогаш јас тебе, дека уште не сум сретнал човек, кој би ме сакал толку, колку што го сакам јас него и дека, ако ти се случи нешто непријатно од мене, нема да останеш доследен во твојот однос спрема мене, а дека јас ќе бидам секогаш ист спрема тебе? Но, сакам да се увери твоето срце, сакам да знаеш, дека ништо што говореше ти против мене не ми остана непознато; каде и пред кого си говорел, се чув. Ништо не остана тајна за мене, но јас никогаш и никому не му реков дека она што го говориш за мене дека не е вистина; никој не можеше да ме натера да кажам за тебе нешто лошо. Јас велев дека е вистина она што го говореше за мене и дека го правиш тоа од љубов спреме мене. Секогаш те сметан како мој сакан брат, никогаш не пропуштив да те спомнувам во , моите молитви. А за да ти дадам уште посилно сведоштво за мојата љубов спрема тебе, ќе ти откријам една моја тајна: еднаш ме заболе окото и тогаш си спомнав за тебе, го ставив знакот на светиот крст на него и реков: ,Господи, Исусе Христе, по молитвите негови, исцели ме!“ И болката во моето око, веднаш престана.“

23. Ние луѓето, не знаеме што треба да правиме, за да не сакаат и да не почитуваат другите. Ако бидеме малку трпеливи спрема нашиот брат кога е гневен или кога сме нешто лути на него, тој бргу ќе си дојде на себеси, а ако дознае колку ни било тешко за него, тој ќе биде готов да си ја даде душата за нас. Тогаш, авва Зосим си спомна за некој брат, кој му кажал дека имал многу кроток духовен отец. Тој заради неговиот добродетелен живот и заради чудата што ги правел бил почитуван од целиот тој крај како вистински ангел Божји. Еден ден, тој брат, подучуван од ѓаволот, отишол кај него и почнал да го навредува со најсрамни зборови пред сите. Старецот стоел спокоен пред него и го гледал право во устата, а потоа му рекол: „Божјата благодат е во твојата уста, брате мој!“ А тој уште повеќе се разбеснил и почнал да го напаѓа уште повеќе и да му вика: „Знам јас, ти беззумни и чревоугодни старче, знам зошто говориш вака; сакаш да покажеш дека си кроток.“Старецот продолжувал да биде спокоен, велејќи му на својот помлад брат: „Така е, брате мој, така е како што говориш. Ти ја кажуваш вистината за мене.“ Потоа, некој го прашал старецот: „Зар ти, старче Божји, не се налути и не се вознемири од она што ти говореше?“ „Не“, одговорил старецот, „но чуствував во тој миг како мојата душа беше закрилувана од Христа“. Потоа, блажениот старец додал; „Навистина, на ваквите луѓе треба да им благодариме и да ги почитуваме како наши лекари, ако сме страстни, зашто тие ги лекуваат гревовните рани на нашата душа. А, доколку некој e бестрастен, тогаш тие се негови добротвори, кои му помагаат да го добие небесното царство.“

24. Уште додека бев во Тирскиот манастир, пред да пристигнам овде, кај нас дојде еден славен добродетелен старец, почнавме да читаме една книга, во која имаше прекрасни раскази и премудри изреки од светите старци. На овој блажен старец му се допаѓаше оваа книга, сакаше да ја чита и да ја препрочитува. Тој како да дишеше со книгата. Од неа црпеше поуки за секоја добродетел. Така читајќи, кога стигнавме до расказот за еден свет старец. Кога дошле кај него разбојници и му рекле дека ќе му земат се што има во неговата ќелија, спокојно им рекол: „Земете, деца, земете се што ќе видите.“ И кога тие собрале се и си заминале, оставајќи само една торба, старецот ја зел торбата и трчајќи по нив почнал да вика: „Деца, почекајте, земете ја и оваа торба, што ја заборавивте во мојата ќелија.“ А тие, вџашени, вчудоневидени од незлобивоста на старецот, се вратиле и го оставиле сето она што го зеле од неговата ќелија и во покајание си велеле еден на друг: „Навистина, овој човек е свет.“ И токму кога го прочитавме тоа, старецот ми рече: „Знаеш, оче мој, овој расказ ми има донесено голема полза.“ Тогаш го прашав да ми каже кога и како се случило тоа, а старецот ми рече: „порано кога живеев во јорданските предели, првпат го прочитав овој расказ, се восхитив од она што го направил тој старец и се помолив вака: ,Господи, удостој ме да чекорам по стапките на оние, чијшто образ сум го примил (схимната). Господ ми помогна, таа моја желба да се задржи во мене. И така, само по два дена и кај мене дојдоа разбојници и зачукаа на вратата од мојата ќелија. Веднаш ми текна дека се разбојници и си реков: ,Ти благодам, Господи, еве дојде времето кога мојата желба треба да го даде својот плод“. Потоа, ја отворив вратата и ги примив многу љубезно, и откако ја запалив свеќата, почнав да им ги покажувам работите што ги имам, велејќи им: ,Земајте, ништо не кријам од вас, зашто верувам во Господ“. Тие тогаш ме прашаа: ,А имаш ли злато?“ Јас им одговорив веднаш: ,Да, имам, еве имам три монети“. Тие ги зедоа и нив, и си отдоа со мир.“ А јас, насмевнувајќи се, го прашав блажениот старец: „А дали тие пак се вратија при тебе, како што се вратиле кај старецот од прочитаниот расказ?“ Тогаш, блажениот старец ми рече: „О, не, да не даде Бог; јас воопшто и не помислував за тоа; ни на крај памет не ми паѓаше тоа.“ Тогаш, авва Зосим ни рече: „Ете, каква била ревноста на овој свет старец и еве што му дало готовност да го подражава старецот од расказот. Тој не само што не жалел, туку и се радувал што бил удостоен со ваква можност, сметајќи дека е тоа особена Божја милост.“

25. Кога зборував пред малку со вас, си спомнав за она што ви го реков дека, ако имаме мало трпение спрема нашиот брат кога се гневи, можеме да ја придобиеме неговата душа. А сега, сакам да ви го раскажам она што сум го слушнал од блажениот Педијадски игумен Сергиј. Во една пригода, тој почна да ми раскажува и ми рече: „Еднаш, патувавме заедно, еден свет старец и jac и се загубивме. Не знаејќи каде одиме, навлеговме во една засеана нива и изгазивме доста од никнатото жито. Земјоделецот, кој работеше наблизу. почна силно и гневно да вика по нас: „Еј, вие калуѓери, имате ли страв од Бога? Но, ако имате страв Божји, не би го направиле ова што го направивте“. Тогаш светиот старец ми рече да не му одвраќам на селанецот ништо, да не кажам ни еден збор, а тој самиот кротко му се обрати и му рече: „Така е, чедо, така е и како што ни рече, ако имавме страв Божји, немаше да го направиме ова што го направивме“. Земјоделецот, пак почна да вика гневно против нас, а старецот пак проговори и му рече: „Така е, како што велиш, ако бевме вистински монаси, немаше да го направиме ова. Но, ти се молиме, прости ни; знаеме, згрешивме, ти направивме штета, но прости ни.“ Овие негови зборови толку го трогнале земјоделецот, така што тој дојде при нас, се фрли пред нозете на старецот и му рече: „Прости ми, оче, заради Господа, и земи ме со себеси.“ Светиот старец Сергиј ми рече: „И, навистина тој дојде co нас, пристигнавме во манастирот, остана со нас и беше замонашен.“ Овде, авва Зосим додаде и рече: „Еве гледате, што направиле кротоста и добрината на старецот со Божја помош тие спасиле една душа, создадена според образ и подобие Божјо, која е сакана повеќе од Бога, отколку од темнината на светот со сите негови богатства.“

26. Еднаш, кога бев кај блажениот старец Сергиј, тој ми рече; „Прочитај нешто од Светото писмо. “Јас почнав да читам од старозаветната книга „Мудрост Соломонова“ и кога дојдов до Местото: „Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува“(Изрек. 26, 20), го прашав, што значат овие зборови. Тој ми одговори: „Како дрвата што се материјал и причина за пламенот на оганот, и штом се свршат дрвата, оганот и пламенот изгаснуваат; исто така, и страстите имаат свои причини, па ако ги отстраниме нив, страстите не можат да дејствуваат. На пример, како што рекол авва Мојсеј, причините на блудот се: прекумерното и невоздржано јадење и пиење, многу спиење, незафатеност со работа, празните забави и разговори, како и желбата да се облекуваме и да се украсуваме скапо и раскошно. И ако некој престане да го прави сето тоа, блудната страст ослабнува и исчезнува.“ Потоа, продолжи да ми говори за причините на гневот: „Причините на гневот се: зафатеноста со многу работи, извршувањето на својата волја, сакањето да им бидеме учители на другите, мислењето и увереноста дека сме многу паметни. Оној што ќе успее да ги отстрани овие причини, кај него страста на гневот ќе нема веќе сили. Токму ова го објаснуваат и зборовите на авва Сисој што му ги изрекол на еден брат, кој го прашал: „Зошто страстите на отстапуваат од мене?“ Тогаш тој му го дал следниов одговор: „Затоа што нивните причини се внатре во тебе; исфрли ги нивните причини и тие ќе отстапат од тебе.“

27. Двоегневен е оној човек, кај кого гневната страст не престанува. Таквиот човек не се задоволува со првото разгневување, туку потоа, продолжува самиот да се разгневува и да се раздразнува. Оној што се распалил со гнев, и веднаш си дојде на себеси, ја осознае својата вина и го замоли својот брат да му прости, тој не се именува двоегневен. Неговиот гнев бргу се смирува, зашто штом ја сознае својата вина и се измири со својот брат, гневното бранување веднаш се стишува во него. Но оној што се разгневил и не ја сознава својата вина, туку постојано мисли на тоа и одново го разгорува својот гнев, не жалејќи затоа што се разгневил, туку, што не кажал се што требало и што можел да му каже на братот, на кого се разгневил. Ваквиот човек се нарекува двоегневен. По гневот тој бива ставан под власта на непријателството, спомнувањето на злото што му е направено или речено, како и на злобата. Господ Исус Христос да не избави од ваквата душевна состојба и да ни помогне да бидеме кротки и смирени.

28. Големо внимание и не мала мудрост се потребни против итрите и злобни ѓаволски ускушенија. Се случува, понекогаш ѓаволот да предизвикува вознемирувања и незадоволства без никаква причина, уверувајќи го човекот, дека неговиот гнев во тој случај е оправдан и дека за него има убедливи причини. Но што и да ни внушува, ние што сакаме да одиме по патот на светиите, треба да знаеме, дека никаква раздразнителност, колку и да ни се чини оправдана, не смееме да си ја дозволуваме. Така не поучува и преподобниот наш отец Макариј Велики: „Монасите не смеат да се гневат и не смеат да ги ожалостуваат своите ближни“ Потоа, авва Зосим ни го раскажа следново: „Еднаш, кај еден искусен писател порачав да ми напише некои книги. А тој, откако го заврши пишувањето, ме извести, оти нарачаните книги се напишани, и побара да испратам некого да ги земе. Еден брат, откако слушнал за тоа. отишол кај тој писател во мое име, му платил и ги зел тие книги. Меѓутоа, јас, без да знам што направил и што се случило, испратив еден друг брат со писмо и со пари, да ги земе книгите. Писателот, кога разбра за тоа дека е измамен и исмеан од страна на првиот брат, силно се разгневил и решил да појде кај него и да се кара со него, затоа што го измамил и зашто го зел, она што не е негово. Јас, пак, кога дознав за неговата намера, испратив човек за да му ја каже мојата порака: ,Брате мој, тебе ти е познато дека ние собираме книги и ги читаме, за да се научиме од нив на љубов, на смиреност и на кроткост. Ако, пак, самото собирање на книгите ги води луѓето кон караници и гнев, тогаш јас не сакам да ги поседувам, зашто, слугата Господов не треба да влегува во расправии, туку да биде кроток кон сите, поучлив и трпелив “(2. Тим. 2, 24). На тој начин, откако се откажав од тие книги, јас успеав, со Божја помош, да му кажам дека братот не треба да влезе во расправија и караница, што имаше намера да ги прави.

29. Така еднаш, седејќи и разговарајќи со нас, за нештата кои се корисни за душата, блажениот авва Зосим почна да ни наведува изреки од светите старци; кога дојде до изреката од светиот авва Пимен, дека оној што се самоосудува, секаде наоѓа мир за себеси. Тогаш ни кажа и што рекол аввата на Нитриската Гора, кога му го поставиле прашањето: „Што е најголемото нешто, што си го нашол на овој пат?“ Тој одговорил: „За мене е најголема поуката, што сум ја нашол на овај пат: да се обвинувам и да се прекорувам себеси.“ Тогаш, друг брат го прашал: „А нема ли некој друг пат освен овој, кој води кон истото добро?“ Тогаш, светиот рекол: „Голема сила имаат зборовите на светите луѓе. Што и да говореле, тие говореле врз основа на својот животен опит. Оваа вистина ја потврдува и светиот преподобен отец Антониј Велики. Нивните зборови се силни, затоа што се искажани врз основа на дела, кои биле правени од нив. Затоа, еден од мудрите оци ни заповеда: „Вашите зборови нека ги потврдува вашиот живот!( “ Потоа. блажениот авва Зосим ни ја раскажа следната случка: „Кога во текот на извесно кратко време живеев во лаврата на светиот авва Герасим, јас и еден сакан мој брат седевме заедно и си разговаравме за работи што се корисни за душата. Тогаш ги спомнав наведените зборови на авва Пимен и на Нитрискиот старец, а братот мој, при тоа ми рече: ,Јас ја знам оваа вистина и од личен опит, го вкусувам спокојот што го дава извршувањето на овие зборови“ Тогаш рече: ,Во таа лавра живеев јас во искрено пријателство со еден ѓакон. Не знам зошто, ама тој почна да се сомнева во една работа; се навреди заради тоа и почна да ме одбегнува. Јас го забележав тоа и го замолив да ми ја каже причината за својата мрачност спрема мене. Tој тогаш ми рече дека сум направил една нечесна работа спрема него. Не чувствувајќи се виновен за таквото сомнение, го уверував дека сум сосема невин, но тој ми одговори: ,Прости ми, ама не можам да ти поверувам“. Откако се оддалечив од мојата ќелија, почнав да го испитувам моето срце, дали некогаш сум направил таква работа спрема тој брат, но не наоѓав ни помисла ни чувство, кои би ме обвинувале за нешто слично. Hо когa, пo извесно време, се случи, тој да го земе путирот и да ми го подаде, јас му се заколнав дека таква работа не сум направил, и дека не се сеќавам оти сум ја направил на дело. Тој пак, ми рече дека не може да ми верува. Тогаш си спомнав за зборовите на старците и, во нивната сецела вистинитост, длабоко се замислив и си реков: ѓаконот ме сака искрено и, воден од ваквата своја љубов, ми го отвори своето срце и ми предочи дека има нечисти мисли спрема мене, за јас трезвено да внимавам и да не направам такво нешто. Тогаш си реков: „Бедна душо моја, како можеш да говориш, оти не си го сторила тој грев? Си спомнуваш ли за тоа? На зар не си го направила и тоа, иако говориш дека не си? Ти си направила илјадници лоши дела, и сите си ги заборавила. Каде е она што си го згрешила вчера и пред десет дена? Си спомнуваш ли за сите тие работи? Па, тогаш, не ли си го направила и ова, како што си направила и многу други нешта, и си ги заборавила?“ На таков начин јас поверував во своето срце, дека навистина сум го направил и тоа, но дека сум го заборавил, како што сум заборавил и многу други работи што сум ги направил во минатото. И почнав да му благодарам на Господа и на ѓаконот, затоа што преку него Господ ми помогна да си го познаам мојот грев и да се покајам за него. Потоа, станав и со такви мисли појдов кај мојот брат ѓаконот, за да му го признаам гревот што го открив во мене и да му заблагодарам што ми помогна да го откријам. Само што чукнав на неговата врата, тој веднаш ја отвори и ми се поклони до земи, велејќи: „Прости ми, со мене се подбија демоните, за да почнам да се сомневам во тебе за такво нешто; а сега навистина Бог ме увери, дека си невин во ова“и ништо не ми допушти да му речам, велејќи дека тоа не е воопшто потребно. Откако ми го раскажа ова доживување од својот живот, блажениот авва Зосим рече: „Еве како, искреното смирение го расположило срцето на неговиот брат. Него воопшто не го вознемирила постапката на ѓаконот и не го ожалостипа: прво, затоа што се посомневал во него; а, второ, затоа што не му поверувал кога го уверувал во својата невиност како и затоа што, не само што го примил врз себеси направениот грев, туку и затоа што му се заблагодарил на ѓаконот. Гледате ли што прави оваа добродетел? На какви височини ги издигнува оние што ја љубат? Зашто, ако посакал братот, тој можел да има илјада поводи, преку ѓаконот, да се стори демон. Ho, бидејќи тој се устремил кон добродетелта, не само што не се навредил и не му се налутил, туку уште и му заблагодарил, зашто добродетелта го исполнила неговото срце. Така и ние, ако ги сееме семињата на кротоста и на смирението во себеси и ако го насочуваме нашето срце кон нив, тогаш духовниот наш непријател не би имал во него место, каде да ги сее своите лоши семиња. Но, бидејќи не наоѓа празни без добри помисли, или и нешто полошо од тоа, не наоѓа како ние самите се распалуваме за правење на лоиш работи. Од ова зема поводи за да не исполнува со своето зло. А, ако имаме љубов спрема добродетелта, тогаш бива сосема спротивно на ова, зашто тогаш Господ, гледајќи ја нашата душа како жеднее за спасение и колку усрдно копнее да ги има добрите семиња во себеси, токму заради оваа нејзина искрена желба, ја исполнува со Своите благодатни дарови.“

30. Еднаш нашиот блажен авва Зосим, си спомна за еден духовен старец, кој бил поткрадуван од братот, кој живеал близу до него, па и покрај тоа што го знаел тоа, никогаш не го изобличил својот брат за она што го правел, а често си говорел: „Можеби мојот брат е во нужда, можеби има потреба од ова што го прави.“ Затоа, уште повеќе работел и се трудел, за да има и за потребите на братот. Ова ни го раскажуваше и се вчудоневидуваше од милосрдноста и од добрината на светиите. Потоа, ни го раскажа следниот случај: „Кога живеав во Педијада, еве што ми раскажуваше еден игумен: ,Близу до нашиот манастир живееше еден духовен старец. Тој човек имаше преблага душа. Еден друг брат, кој, исто така, живееше близу до нашиот манастир, еднаш, кога богољубивиот старец бил отсутен по ѓаволско нашепнување, му ја отворил ќелијата и му ги зел сите негови предмети и книги. Кога старецот се вратил и влегол во својата ќелија, откако видел дека некој му зел се што имал, отишол кај истиот брат за да му го каже тоа. Но кога влегол во неговата ќелија, ги видел сите свои работи ставени на куп во средината од ќелијата, затоа што тој се уште не успеал да ги скрие. Не сакајќи да го посрами и да го изобличи својот брат, се преправил како да го заболел стомакот, излегол надвор од ќелијата и се задржал подолго време, наводно за задоволување на некоја телесна потреба, со цел да му даде на братот доволно време за да ги прибере украдените негови работи. Откако се вратил, почнал да зборува за други нешта и не го изобличил својот брат. По неколку дена властите ги препознале кај него предметите на испокрадениот старец, го зеле и го ставиле в затвор. Богољубивиот старец не знаел ништо за тоа, па кога слушнал дека неговиот брат од соседството е во затвор и, не знаејќи зошто е затворен, тој дојде при мене и ме замоли: да бидам милостив и да му дадам неколку јајца и малку лепчиња од чисто брашно. Јас му реков: ,Можеби ти дошол некој гостин?“ Тој ми одговори потврдно, а она што го зеде од кај нас од манастирот, го зеде за да му го однесе на братот во затворот за да го утеши. Но штом влегол во затворот, затворениот веднаш се поклонил доземи пред неговите нозе, велејќи: ,Авва, јас сум овде за тебе, затоа што ти ги украдов твоите работи, но твојата книга е кај тој и тој брат, а твојата облека е кај еден друг брат.“ Старецот проговорил и му рекол: ,Чедо мое, сакам да се увери твоето срце, дека не сум дојден овде заради тоа; јас дури и не знаев дека си затворен заради мене, но слушнав дека си овде, се нажалив и дојдов да те утешам. Еве, ти донесов јајца и чисти лепчиња. А сега ќе појдам и ќе се потрудам да направам се што можам, за да те ослободам оттука.“ И, навистина, тој отишол кај одговорните луѓе од управата, кои го познавале добро по неговиот добродетелен живот, такашто, веднаш наредиле да биде ослободен затворениот брат'.“

31. За тој богоугоден старец уште раскажувале како еднаш отишол на пазар да си купи облека. Ја зел облеката и за неа дал еден златник, а требало да доплати уште неколку ситни монети. Тогаш ја зел облеката и ја ставил под себеси и почнал да ги пресметува ситните пари на едно штиче. Тогаш му се приближил некој човек, обидувајќи се да му ја извлече облеката од под него. Кога старецот почуствувал; дека некој се обидува да му ја извлече облеката од под него, и знаел што значи тоа, на бидејќи му било жал за оној што се измачуван да го постигне тоа, почнал да се потподигнува, како да посега по монетите, така што му овозможил на непознатиот да си ја постигне својата нечесна намера. Тој му ја зел облеката и си заминал, а старецот, иако го видел што сторил, не го изобличил. Потоа, авва Зосим рече: „Каква вредност имала оваа облека за старецот или работите што му ги украл неговиот брат? Тие, сами за себе не се толку вредни, но светата расположба на неговата душа била голема. Тој покажал дека, имајќи ги, ги имал како да нема ништо. Кога му ги украле алиштата, тој останал спокоен, како ништо да немал и како ништо да не му украле; не се лутел и не тажел. Тоа е токму она за што ви говорам често: не е штетно да имаме, туку, ако сме страсно приврзани кон она што го имаме. Овој старец кога би го поседувал и целиот свет, тој би бил таков, како и да нема ништо. Зашто со тој чин, покажал, дека е слободен од се.“

Браќа, да се потрудиме и ние да се угледаме на примерот на светите оди, со ревност да ги извршуваме нивните зборови, така што, кога ќе се исполниме овде на земјата со добри плодови, да бидеме удостоенп со вечните блага, во Исуса Христа, нашиот Господ, на Кого нека Му биде слава и сила, заедно со Светиот Дух, сега, секогаш, во сите векови и во сета вечност. Амин.

Блажениот авва Зосим