1 Свети Максим Исповедник (pdf)

2 Свети Максим Исповедник (pdf)

3 Свети Максим Исповедник (pdf)

 

 Свети Максим Исповедник

Свети Максим е цариграѓанин и потекнува од познат род. Откако стекнал целосно образование, богословско, филозовско и општо, кое се барало во тоа време, бил примен од царот Ираклиј на служба. Тој раководел со државните работи како негов прв секретар. Тоа го правел успешно и бил удостоен со секаква пофалба.

Кога се појавила монотелитската ерес, за чие раѓање биле виновни и царот и патријархот и кога започнале немири во дворецот, во градот и во други области на царството, свети Максим сметал дека сето тоа е од Бога благославен повод да ја задоволи својата дамнешна желба да го напушти светот и да појде во некој манастир. Откако бил разрешен од својата функција, во 641 година, отишол во Хрисополскиот манастир и со сета своја ревност им се предал на испосничките подвизи, според строгите правила на светите оци, покажувајќи се како пример достоен за угледување од страна на сите и во се. Затоа, кога се појавила потреба да биде нов игумен на истиот манастир, свети Максим бил едногласно избран за таа служба, што ја извршувал совесно, без да угодува на себеси и на другите.

Меѓутоа, монотелитската ерес, потпомагана од царскиот дворец и од патријархот, се повеќе и повеќе се ширела, но воедно се зголемувале и немирите во царството. Не можејќи да ги поднесе немирите, свети Максим заминал во Рим. На патот за Рим, се задржал во Картагена, Африка, каде што одржал помесен собор. Таму ја изобличил монотелитската ерес и цариградскиот патријарх Кира, кој бил присутен на тој собор. Тогаш отпатувал во Рим, каде што, исто така, учествувал на соборот против монотелитите. Тој бил свикан од папата Мартин, по повод царското барање да биле потпишано едно изложение на верата, во кое се наоѓало и погрешното верско учење на монотелитите. На овој собор биле осудени и проколнати и монотелитската ерес и царската повелба, со која се барало прифаќање на оваа ерес, како и сите луѓе што го прифатиле монотелитското еретнчко учење. Оваа соборска одлука била испратена насекаде и на Запад и на Исток.

Разгневениот цар наредил да ги притворат и папата Мартин и свети Максим, и да ги доведат во Цариград. Откако биле доведени, свети Мартин, по страшно измачување, бил испратен во прогонство во Херсон, каде што и починал во 655 година. А свети Максима настојувале да го придобијат за себе и за еретичкото учење. Го измачувале и го застрашувале, и во Цариград и во други места во внатрешноста, но тој останал тврд окорен и непоколеблив. Го одвеле и во манастирот на свети Теодор, каде што живеел во неподносливи услови. Го посетувале и сенатори и епископи и се труделе да го убедат да ја потпише царската повелба и да го признае монотелитското учење или барем, да не говори против нив, да молчи. Но. и покрај сите свои обиди не постигнале некаков резултат. Вистината на Православието во устата на свети Максим била секогаш победоносна; тој не им се покорил на своите противници. Храброста на бранителот на вистината се обиделе да ја поколебаат со ветувања и со застрашувања, а најпосле и со измачувања. Но и тоа не помогнало. Свети Максим бил испратен на заточение преку Селимврија во Первера, на западниот дел, на брегот на Мраморното Море.

Но непријателите на свети Максим не се смириле; одново бил доведен во Цариград, каде со големи усилби биле продолжени поранешните советувања. кои биле правени со големи настојувања: во царската палата, во затворот и пак во царската палата, каде што била донесена и последната одлука: да го остават страдалникот жив, но да го подложат на такви измачувања. што биле потешки и од самата смрт. Co ваква цел му го предале на градскиот управник.

Овој нечовечки мачител, му наложил страшни маки. Наредил да го соблечат, да го положат на земја и да го шибаат со воловски жили. Го тепале нечовечно, така што не останало здраво место на неговото тело, а земјата под него се натопила со неговата маченичка крв. Потоа, кога одвај дишел, пак го фрлиле во затворот.

Следното утро, пак го извеле од затворот и го подложиле на нови измачувања: му го отсекле јазикот, со кој Го прославувал Бога и ја изобличувал безбожната ерес и му ја отсекле десната рака, која ги пишувала поучните зборови и ја изобличувала ереста. Потоа, го извлекле на градскиот плоштад, онака разголен и осакатен, покажувајќи му ги на народот неговиот отсечен јазик и отсечената негова десна рака.

По претрпените страшни нечовечни измачувања и подбивања, Божјиот угодник го испратиле во далечно прогонство во Мингрелија. Го заклучиле во затвор, каде што страдал три години, трпејќи разни измачувања. Пред својата смрт бил известен од Бога за скориот крај на својот земен живот. Починал во Господа во 662 година. Светата Црква го празнува на 21 јануари.

Свети Максим оставил многу списи: догматски, изобличителни, а најмногу поучни и аскетски. Во грчкото Добротољубие се наоѓаат: главите за љубовта (четиристотини на број), седумстотини глави за Пресветата Троица; за воплотувањето на Бог Слово. Поголемиот дел од неговите списи се за добродетелите и за страстите. Ја протолкувал и Господовата молитва.

Во нашиот зборник ги внесуваме главите за молитвата точно, како што се таму. Правиме избор и од неговите поучни аскетски списи. Во замена за она што е пропуштено во нашето издание, го изложуваме неговото Подвижничко слово, според Migne.

Од списите на свети Максим го направивме следниов избор:

1. Подвижничко слово - праишња на ученикот и одговори на старецот.

2. Четириесет глави за љубовта (нов превод).

3. Теориски и созерцателни глави, избрани од 700 - глави од грчкото Добротољубие.

Свети Максим Исповедник