Свети Максим Исповедник

Брат и старец 

1. Братот го прашал старецот: „Те прашувам, оче, кажи ми, која била целта на воплотувањето на Господа Исуса Христа?“

Старецот одговорил: „Ти се чудам, брату, ти секој ден го слушаш символот на верата, а ме прашуваш за ова. Но, ете ти кажувам, дека целта на воплотувањето на Господа Исуса Христа била нашето спасение.“

Братот пак го прашал: „Објасни ми, оче, како станало тоа?“

Старецот одговорил: „Во почеток Бог го создал човекот и го ставил да живее во рајот, но човекот ја прекршил Божјата заповед, со што се подложни на смрт и на гниење. А потоа, иако на најразлични начини Бог со Својата промисла, од поколение во поколение, го водел кон она што е добро, тој напредувал само кон злото и со множеството на своите страсти бил влечен во очајание. Поради тоа Единородниот Божји Син, предвечното Божјо Слово, Словото на Отецот, Кое е извор на животот и на бесмртноста, ни се јавило на нас. коишто сме седеле ,во крај на смртната сенка“ и со тоа ни изгреала светлината (Матеј 4, 16; Иса. 9, 2) и се воплотил од Светиот Дух, покажувајќи ни начин на богоподобен живот. Тогаш ни ги дал светите заповеди, ветувајќи го царството небесно за оние што ќе живеат според нив. Он ни укажал дека ќе бидеме во вечните маки. ако не живееме според нив. Откако ги претрпел спасоносните страдања и воскреснал од мртвите, ни дал надеж за воскресение и за живот вечен. Со Својата послушност и со Својата доброволна смрт не ослободил од прародителскиот грев и ја уништил власта на смртта. ,И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15, 22). И, најпосле, откако се вознел на небото и седнал оддесно на Отецот, Го испратил Светиот Дух за залог на вечниот живот, за просветување и осветување на нашите души и за помош на оние што се трудат да ги извршуваат Неговите заповеди.“ Ете, накратко да кажам, конечно, таква била, целта на Господовото воплотување.

2. Братот: „Оче, јас би сакал накратко, да чујам, кои заповеди сум должен да ги извршувам за да се спасам?“

Старецот: Самиот Господ им рекол на апостолите по Своето воскресение: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал; и ете Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28, 19-20). Затоа, се што заповедал нашиот Господ, секој човек е должен да го извршува, кој е крстен во името на животворната и богоносна Троица. Со Својот нераскинлив сојуз, Господ ја соединил Својата вистинска вера со извршувањето на сите Негови заповеди, знаејќи дека разделувањето на едното од другото, го прави неможно спасението на човекот. Затоа и Давид, кој имал вистинска вера, не се задоволувал само со неа, туку Му говорел на Бога: „Се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив“(Псал. 118, 128). Против секој неправеден пат Господ ни дал спротивни соодветни заповеди; ако некој остави некоја од нив, тој истовремено појдува по спротивниот пат на неправдата.

3. Братот: „Оче, како, можеме да ги извршуваме сите заповеди, кога се толку многу?“

Старецот: „Тоа може оној што се угледува на Господа и кој Го следи чекор по чекор.“

Братот: „А кој може да се угледа на Господа? Он бил Бог, иако станал човек. А јас сум само човек, грешен човек, потчинет на многу страсти. Тогаш како можам да се угледам на Господа?“

старецот: „Од оние што се заробени од светот и од неговата суета, никој од нив не може да се угледа на Господа; на Него можат да се угледаат, само оние што можат да кажат: ,Ете, ние оставивме се и по Тебе одиме“(Матеј 19, 27), само тие добиваат сила да се угледаат на Господа и да живеат според сите Негови заповеди.“

Братот: „Каква e таа сила што ја добиваат тие?“

старецот: „Подобро е да Го чуеш Него што говори. Он вели: ,Еве ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква демонска сила; и ништо нема да ве навреди“ “(Лука 10, 19).

4. Ваква сила и власт добил и светиот апостол Павле. Тој говорел: „Ве молам, подражавајте ме мене, како што јас Христа“ (1.Кор. 4, 16). И уште: „Сега нема никакво осудување за оние кои се во Христа и живеат не по телото, а по духот“(Рим. 8, 1). Исто така: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа своето тело заедно со страстите свои и похотите“(Гал. 5, 24). А светиот апостол Павле го пишува и ова: „За мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14).

5. За оваа власт и за оваа помош пророкува и светиот пророк Давид, велејќи: „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам“(Псал. 90, 1-2). И малку понатаму продолжува: „Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои, Ke Te понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата Своја: на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе убиваш“(Псал. 9, 11-13). A оние што страсно се приврзале кон своето тело и што ги сакаат суетите на овој свет, слушај што ќе чујат тие од Господа: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој минува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“(Матеј 10. 37). И уште додава: ,.Кој не го носи својот крст, а оди по Мене, не може да биде Мој ученик“(Лука 14, 27). И на друго место во истата глава дополнува: „И секој од вас, кој не се откаже од се што има, не може да биде мој ученик“(Лука 14, 33). Па така, секој што сака да биде Негов ученик, да се покаже достоен за Него, тој ќе добие и сила од Него против силата на злобата, ќе се откаже од секоја навика за угодување на своето тело, преку што се ослободува од секаква страсна приврзаност кон земното. На тој начин, таквите ќе востанат против невидливите непријатели и ќе почнат да ги извршуваат заповедите на Господа, како и Самиот наш Господ што ни дал образец за тоа, кога бил искушуван во пустината од нивниот началник, од сатаната, и тогаш кога Му се покажал на светот, за да им служи и послужи на сите, кога бил искушуван и од оние што дејствувале под нивно влијание.

6. Братот: „Но, оче, Христовите заповеди се многубројни и кој може сите да ги има во својот ум, и да ги извршува сите. Особено јас, човек со ограничен ум? Затоа, да ми кажеш накратко некое кратко слово и некое не многу сложено правило, извршувајки го, да можам да се спасам.“

Старецот: „Брату, иако има многу заповеди, сепак тие се искажани во следниве малку зборови: ,Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли, и својот ближен како себеси“ (Лука 10, 27). Оној подвижник којшто живее според овие зборови, тој ги извршува сите Господови заповеди. А оној што нема да се откаже, како што реков понапред, од секаква приврзаност кон земното, тој не може вистински да Го љуби ни Бога, нити својот блажен. Неможно е истовремено да бидеме приврзани кон земното и да Го љубиме Бога. Токму за ова не учел Господ кога говорел: ,Никој не може да слугува на двајца господари... Не можете да им служите на Бога и на Мамона (Матеј 6,24; Лука 16,13). Зашто, доколку умот се прилепува кон работите од овој свет, доколку бива поробуван од нив, тој ги презира Божјите заповеди и ги прекршува без страв.“

7. Братот: „За какво прилепување кон работите на овој свет ми говориш, оче?“

Старецот: „Спрема јадењата, спрема парите, спрема разновидниот имот. спрема славата, спрема роднините и спрема другите слични работи.“

Братот: „Па зар Бог не ги создал сите тие работи и зар не им ги дал Он на луѓето да се служат со нив и да ги употребуваат? Зошто сега ни заповеда да не се допреме до нив?“

Старецот: „Така е, Бог ги создал сите тие нешта и им ги дал за употреба на луѓето, и се што е од Бога, се е добро (сп. 1.Мој. 1, 31); Бог ни ги дал да се користиме добро со нив и да Му угодуваме на Бога. Но ние, бидејќи сме немоќни и оземјени со нашите помисли, го ставаме земното над заповедта на љубовта, па, откако ќе се пристрастиме кон него, заради него се бориме со луѓето. Ние сме должни на се што е земно и телесно да ја претпочитаме љубовта спрема ближниот. Таа е знак на нашата љубов спрема Бога, како што ни вели и Самиот Господ во Своето Свето евангелие: ,Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15). Оваа заповед, ако ја запазиме, ќе покажеме дека Го љубиме Него. Слушни, пак, што говори Он Самиот: ,Оваа е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив и Јас“ (Јован 15, 12). Ете, гледаш, взаемната наша љубов еден кон друг е еднаква со љубовта спрема Бога, која е исполнување на секоја Божја заповед (сп. Рим. 13, 10). Ете зошто ни заповеда, да не се приврзуваме кон работите на овој свет; сите оние што искрено сакаат да бидат Божји ученици да се откажат потполно и од целиот свој имот.“

8. Братот: „Оче, ти рече дека љубовта спрема секој човек треба да ја претпочитаме над се што е видливо, па дури и над самото тело. Но, како можам да го сакам оној што не ме сака мене, та дури и оној што ме мрази и што не сака да ме види? Како можам да го сакам оној што ми завидува, што ме клевети, што ми поставува замки, што се обилува да ми направи зло, како можам да сакам таков човек? Оче, мислам дека јас, само со моиве природни сили, не можам да го издржам ова, зашто самото страдање не тера да го мразиме оној што ни ги причинува страдањата.“

Старецот: ,Да, ова е неможно за зверовите и за лазачите, за оние што се раководат со својата природа; тие не се во состојба да не се одмаздуваат за злото што им е направено. Но„ за оние што се создадени по Божјиот образ, кои се раководат со својот разум, кои се удостоени да Го познаваат Бога и да го примат Неговиот закон, можно е да ги сакаат луѓето што им прават зло, и што ги мразат.

Затоа Господ вели: ,Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5, 44). Господ ни го заповеда кажаното, не како неможно, туку како можно; инаку не би ги казнувал оние што не ја извршуваат оваа заповед. А дека ваквата љубов е можна на дело ни посведочиле и Господ и Неговите ученици, кои од љубов спрема ближниот се подвизувале дури и до самата смрт. А искрено се молеле и за оние што ги убивале. Ние пак, бидејќи ги сакаме земните и сластољубивите работи и ги претпочитаме пред оваа Господова заповед, токму затоа што не мразат; и не само тоа, туку често од љубов кон земните работи не ги љубиме дури и оние што не љубат, покажувајќи се на тој начин полоши и од самите зверови и лазачи. Заради тоа, не можеме да Го следиме Господа, не можеме ни да ја познаеме Неговата цел, за да можеме оттаму да придобиеме сила за извршување на оваа Негова заповед.“

9. Братот: „Оче, ете, јас оставив се: роднините, имотот, задоволствата, славата на светот, така што немам веќе ништо, освен моето тело. Сепак, братот мој , што ме мрази и се одвраќа од мене, јас не можам да го сакам, иако се трудам барем да не му враќам зло за зло. Кажи ми, што треба да сторам за да можам со сета своја душа да ги сакам оние што не ме сакаат, да ги сакам оние што ме навредуваат и што ми прават зло.“

Старецот: „Дури и оној што се откажал од светот и од се што е во него, неможно е да ги сака своите непријатели, да ги љуби оние што го мразат, ако вистински не ја познава целта на Господа. И тогаш Господ ќе му даде да ја познае и тој ќе почне со ревност да живее според она што му е покажано. Тогаш ќе може со срце да ги сака оние што не го сакаат и што му прават зло, како што љубеле и апостолите, кои ја знаеле целта на Господа.“

10. Братот: „Те молам, оче, за каква цел станува збор? Протолкувај ми ја, ти се молам.“

Старецот: „Ако сакаш да ја познаеш Господовата цел, слушај ме разумно и внимателно. Нашиот Господ Исус Христос, Кој е по природа и Бог и човек, станал човек од љубов спрема луѓето, се родил од жена и бил потчинет под Законот, според напишаното од светиот апостол Павле, за да ги исполни заповедите како човек, да ја уништи клетвата на Адама. Знаејќи дека целиот закон и сите пророци cc потпираат само врз две заповеди: да Го сакаме Бога со сето наше срце и ближниот наш како себеси, Он така и дејствувал од почетокот до крајот, така што во совршенство, но сепак како човек, да ги запази и да ги изврши овие две заповеди, Но оној, којшто уште во почетокот го измамил човекот и ја основал државата на смртта, ѓаволот, откако го слушнал за време на крштевањето сведочењето на Бог Отецот од небото и кога се јавил Светиот Дух, излегол во пустината за да Го искушува Господа. Тој го нападнал со сета своја сила, но не успеал. Господ не ги претпочита работите и богатствата на овој свет пред љубовта спрема Бога, знаејќи дека има три работи околу коишто се вртат сите човечки желби, имено: јадењата, парите и славата. Со нив ѓаволот секогаш ги турка луѓето во бездната на пропаста. Со нив се обидел да Го измами и да Го искуша и Господа; но Господ, покажувајќи дека е над земните соблазни, со Својата страшна сила му заповедал: ,Бегај од Мене, сатано!“

11. Ете, тоа е белегот на љубовта стрема Бога: да се стои над соблазните и над сатаната. Зашто, откако не можел да го натера Господа Исуса Христа да згреши, тој се обидувал и подоцна, кога Господ излегол на јавна проповед меѓу луѓето, да Го доведе до нарушување на заповедта на љубовта спрема ближниот, дејствувајќи преку безаконијата на Јудејците. Затоа, кога Господ поучувал какви треба да бидат патиштата на нашиот живот и со Својот личен живот ни дал образец на небесниот живот, проповедал дека мртвите ќе воскреснат, ветувајќи им на тие што веруваат живот вечен и царство небесно. Неверниците пак ги предупредувал со вечни маки, а за потврда на вистинитоста на Своите зборови Он правел големи чуда и покажувал знаци, повикувајќи ги луѓето кон верата. Сето тоа ги предизвикувало безаконите фарисеи и книжниците да прават неправди и да вршат напади и против Него, така што да не може да ги истрпи неправдите и искушенијата, на кои што го подложувале. На тој начин, да се исполни со омраза против нив и да им се одмаздува, да им враќа зло за зло, со што сатаната би ја постигнал својата цел, односно би докажал дека со тоа Господ ја нарушил заповедта за љубовта спрема ближниот.

12. Но, нашиот Спасител Господ Исус Христос, како вистински Бог, знаејќи ги неговите замисли, не се возбудувал со омраза против фарисеите и книжниците; Он според Својата природа бил добар и не можел никого да мрази. Напротив, Он ги љубел бескрајно и сакал и тие да поверуваат и да бидат Негови следбеници. Бидејќи потпаѓале под влијание на сатаната, можеле да не Го прифатат, дури и да Го прифателе, сепак потпаѓале под влијание на злото. Од невнимание и од безгрижност, повторно потпаѓале под влијание на својот духовен непријател. Господ ги вразумувал, ги разобличувал, ги прекоруван, ги оплакувал и никогаш не престанувал да им прави добро, трпел кога тие говореле лошо против Него, трпел кога страдал, пројавувајќи спрема нив непрестајно дела на љубов. Со ваквото човекољубие спрема оние коишто сатаната ги поттикнувал да Му прават зло, Он го победувал Својот искушувач. Каква возвишена духовна борба! Наместо омраза, нашиот Господ секогаш пројавувал љубов; со добрина го победувал таткото на омразата и на злобата. Откако претпел од нив толку многу зло, или поточно, го истрпел заради нив, како човек се подвизувал се до Својата смрт за да ја исполни заповедта на љубовта. И, откако одржал конечна победа над сатаната, најпосле го стекнал за нас венецот на воскресештето. На тој начин, новиот Адам го обновил стариот Адам. Еве, тоа значат зборовите што ги кажал апостолот: „Ние треба да ги имаме истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Филип. 2, 5).

13. Ете, таква била целта на Господа: да Му биде послушен на Својот Отец дури до самата смрт и како човек заради нас, запазувајќи ја заповедта на љубовта, да го победува ѓаволот, страдајќи од него преку поттикнуваните на зло книжници и фарисеи. А на тој начин, дозволувајќи да биде победен, Он го победил оној што очекувал Него да Го победи и го ослободил светот од неговата тиранија. Така Христос бил „по слабоста распнат“(2. Kop. 13, 4), но со оваа Своја немоќ Он ја умртвил силата на смртта и ја уништил власта на смртта (сп. Евр. 2, 14). Така и светиот апостол Павле претрпувал немоќи во себеси, и се фалел со нив, за да се всели во него силата Христова (сп. 2. Kop. 12, 9).

14. Откако го проучил начинот на оваа победа, апостолот на христијаните во Ефес им пишува: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“(Ефес. 6, 12). A на оние што водат борба со невидливите непријатели, им заповедал: „Облечете се во оружјето Божјо, за да се одржите против ѓаволската лукавост... И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата“ (Ефес. 6, 11 и 14). Покажувајќи ја оваа борба таква каква што е, тој говорел: „Јас, пак, трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира во ветар; туку го изнурувам и го поробувам телото, да не би случајно, проповедајќи им на другите и сам да останам негоден“ (1. Kop. 9, 26-27). И пак: „До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светот“( 1. Kop. 4, 11). И продолжува: „Во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија“(2. Kop. 11, 27).

15. Во таква борба тој се борел и со демоните, коишто ги поттикнувале неговите телесни похоти. кои ги одгонувал со истоштување на своето тело, покажувајќи им ја таа победа на демоните, каква што била, кога го терале да мрази. поради што непобожните ги подигнуваат против побожните, од кон бивааат искушавани, па така да ги намразат и да ја нарушат заповедта на љубовта, апостолот ни говори: „Се трудиме, работејќи со своите раце. Koгa не укоруваат, ние благословуваме, а кога не гонат трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе““(1. Kop. 4, 13-13). Затоа демоните ги терале луѓето да го укоруваат апостолот, да говорат лошо за него и да го прогонуваат, имајќи за цел да го доведат до тоа да ја прекрши заповедта на љубовта. А, апостолот, знаејќи ја нивната замисла, кога го укорувале благословувал, кога го гонеле трпел, кога го хулеле ги молел оние што биле под влијание на демоните, да отстапат од нив и да Му станат свои на благиот Бог. На овој начин, тој ги победувал демоните; според зборовите на Спасителот тој го победувал злото со добро. На овој начин и тој и другите апостоли успеале да го одвојат целиот свет од демоните и да Му го направат свој на Бога. Така, со својот пораз ги победиле оние, коишто мислеле дека извојувале победа. Затоа, брату, ако тебе те раководи оваа цел,. тогаш и ти ќе можеш да ги сакаш оние што те мразат; а, ако те раководи некоја друга цел, тогаш, љубовта спрема твоите непријатели нема да биде можна за тебе.“

16. Братот: „Навистина, оче, така е како што говориш и не може да биде поинаку. Токму затоа Господ, кога Го навредувале, кога Му удирале шлаканици, и кога бил подложуван на други страдања од Јудејците се претрпувал, затоа што знаел оти сето Му Го правеле од незнаење и од ѓаволска прелест. Он ги сожалувал, како што ги сожалувал и оние што Го распнале и што се подбивале со Него, велејќи: ,Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Toj тогаш, конечно го победил сатаната и неговите кнезови со Својата победа распнат на крстот, претрпувајки се до самата смрт. Го завршил до крај својот подвиг за исполнување на заповедта на љубовта, како што ми кажа сега ти. Својата победа над нив, ни ја подарил и нам; ја уништил силата на смртта и му го подарил на целиот свет Своето воскресение за нов живот. Но помоли се и за мене, оче, да можам и ј ас целосно да ја познаам основната и главна животна цел на Господа и на Неговите свети апостоли, да бидам прибран и трезвен за време на искушенијата, да ги разоткривам замислите на сатаната и на неговите демони.“

17. Старецот: „Ако ова што ти го кажав секогаш е присутно во твоите мисли, тогаш сигурно ќе можеш да ги разоткриваш и да ги разбираш замислите на лукавите демони. И кога ќе сфатиш дека, како што биваш ти искушуван, така е искушуван и твојот брат, ќе се убедиш дека токму затоа треба да му проштеваш на твојот брат што е искушаван, и да му се противставуваш на ѓаволот, кој ве искушува обајцата. Не ги прифаќај неговите замисли и не позволувај да паднеш во неговите мрежи и стапици. Таков совет ни дава и светиот апостол Јаков, братот Господов, кога ни говори во своето Соборно послание: ,Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јак. 4, 7). Затоа, ако реченото секогаш е присутно во твоите мисли, ако бидеш свесен за ова, тогаш ќе можеш да ја познаеш целта на Господа и на Неговите апостоли, ќе ги сакаш луѓето, ќе имаш сочувство спрема нив дури и тогаш кога ќе дејствуваат непријателски спрема тебе, а вооружен со силата на љубовта, противставувај им се на лукавите демони. А, доколку јас и ти бидеме невнимателни, безгрижни и ако нашите мисли им ги предадеме на телесните задоволства, тогаш нема да можеме да водиме борба против демоните, туку ќе бидеме непријатели и на себеси и на нашите браќа. Борејќи се против нив, ќе им угодуваме на демоните и, слушајќи ги нив, ќе војуваме против љубовта.“

18. Братот: „Така е, оче, демоните ја користат мојата негрижа и ме напаѓаат. Но, ти се молам, оче, кажи ми како треба да се трудам за да придобијам духовна трезвеност?“

Старецот: „Целосната негрижа за земното и постојаното проучување на Светото писмо душата ја исполнуваат со страв Божји, a стравот Божји ја доведува душата до состојба на духовна трезвеност. И тогаш душата почнува да гледа како демоните војуваат против неа преку помислите и те поучува како да ги одбиваш нивните напади. за што говорел и Божјиот пророк Давид, велејќи: ,И окото мое, презриво ги гледа непријателите мои“ (Псал 53, 7). Поттикнувајќи ги своите ученици кон ваквата борба со демоните, и врховниот апостол Петар рекол: ,Спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа во светот. Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, ве обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера“ (1. Петр. 5, 7-9). И Господ рекол .Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26, 41). Така вели и проповедникот: ,Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кротоста избришува и големи грешки“ (Проп. 10, 4). А местото на умот е добродетелта, знаењето и стравот Божји. На крајот, и божествениот апостол, кој се подвизувал трезвено и храбро, вели вака: ,Иако во тело одиме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања и какво и да е превознесување, што се крева против познавањето на Бога, така што го поробуваме секој разум, за да Му биде покорен на Христа; и подготвени сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се изврши вашата послушност“ (2. Kop. 10, 3-6). Така и ти, ако ги подражаваш светиите и се примораш да се откажеш од се заради Бога, тогаш и ти ќе бидеш трезвен.“

19. Братот: „Оче, што треба да правам, за да можам непрестајно да бидам со Бога?“

Старецот: „Умот не може секогаш да биде со Бога, со Самиот Бог, ако не ги придобие следниве три добродетели: љубовта, воздржувањето и молитвата. Љубовта го скротува гневот, воздржувањето ја исушува похотта, а молитвата, ослободувајќи го умот од сите помисли, го предава ослободен од се што е земно пред Самиот Бог. Овие три добродетели ги содржат во себе сите правци; умот без нив не може да живее во единиот Бог.“

20. Братот: Ти се молам, оче, научи ме: како љубовта го скротува гневот?“

Старецот: „Работа на љубовта е да го љуби ближниот, да му прави добро, да има долготрпеливост спрема него, да ги претрпува сите неправди и навреди, што му ги нанесува. На оваа тема имаме често говорено. Имајќи ги овие својства, љубовта природно го скратува гневот кај оној што ја придобил.“

Братот: „Навистина, не се мали нејзините сили и нејзините дела, но кој може да ја придобие љубовта? Јас сум навистина далеку од неа. Но сепак, ти се молам, објасни ми: што значи долготрпеливост?“

21. Старецот: „Пред се, духот треба да биде тврдокорен во несреќите, да го претрпуваме секое зло и да го чекаме крајот на искушенијата, без да дозволуваме гневот да продолжува; не смееме да изговориме неразумен збор или да имаме сомневање во некого или да помислиме нешто недолично за некој побожен и богоугоден човек, како што е речено и во Светото писмо: ,Трпеливиог човек претрпува до крај , а потоа радоста му е наградата. Долго ги сокрива своите зборови, а устите на верните ќе говорат за неговиот разум“ (Мудр. Сирах. 1, 23-24).

22. Ете, ова се својствата на долготрпеливоста! И не само тоа, туку потребно е и себеси да се сметаме како причина за искушенијата. И ова е својство на долготрпеливоста. А можеби, всушност, е и така; можеби ние самите сме виновни за нашите искушенија. Зашто, многу нешта ни се случуваат, за да се поучиме или, за да се очистиме од нашите гревови, да се ослободиме од нашата мрзливост или, пак, за да се ослободиме од натамошни паѓања. Којшто мисли дека искушенијата го напаѓаат токму заради спомнатите причини, тој нема да се гневи тогаш кога е искушуван, особено кога е свесен какви гревови има; тогаш нема да ги обвинува луѓето преку кои му доаѓаат искушенијата; треба да биде свесен дека тој самиот треба да ја испие чашата на Божјиот суд, а умот свој треба да го управи кон Бога и да Му благодари затоа што му ги испратил тие искушенија, обвинувајќи се самиот себеси и доброволно да го прифати вразумувањето, како што постапил и Давид во својот однос спрема Семеј или како многустрадалниот Јов спрема својата жена. А неразумннот, бара од Бога милост и тогаш кога милоста веќе го посетила. Тоа го прави затоа што Божјата милост не го посетила онака, како што сакал тој, а не така. како што просудил Самиот Лекар на душите. Токму затоа бива малодушен и неспокоен, та, ту се гневи на луѓето, ту хули на Бога. На тој начин ја изразува својата неблагодарност и не добива полза од Божјата казна за вразумување.“

23. Братот: „Оче. добро ми ги објасни сите овие нешта, но кажи ми: како воздржувањето ја исушува похотта?“

Старецот: „Воздржувањето не учи да се воздржуваме од се што ни задоволува некоја потреба, па само ни дава извесни задоволства; не ни дозволува да се допираме до ништо, освен до она што е неопходно за нашиот живот. Не ни дозволува да го бараме она што ни е пријатно, туку само она што е корисно; и храната и пиењето треба да бидат соодветни со нашите вистински потреби. Не треба да дозволуваме во нашето тело да се трупаат непотребни резерви, туку да употребуваме само толку храна и пиење колку што ни е потребно за одржување на нашиот телесен живот, запазувајќи го на тој начин слободно од сладострасни стремежи. Ете, на овој начин воздржувањето го исушува телото. Напротив, задоволствата, изобилството на храната и пиењето го распалува стомакот, предизвикувајќи силен поттик кон срамната похот, и го влечат човекот, како неразумно животно, кон незаконска телесна врска. Кога очите немаат срам, тогаш и рацете не се заврзани; тогаш и јазикот го говори само она што му е угодно на увото, слушајќи само суетни работи; умот не се грижи за она што Му е угодно на Бога, а душата не само што прави духовен блуд, туку го повлекува и телото кон неговото извршување на дело.“

Братот: „Така е, оче, така е како што ми зборуваш. Но ти се молам, оче, да ме научиш: како треба да се молам и како тоа не ослободува од сите помисли?“

Старецот: „Нашите помисли се мисли за предметите, од коишто едните се земни, а другите се умствени. Кога умот, е зафатен со нив, тогаш постојано мисли за нив. Молитвената благодат го соединува нашиот ум со Бога, а соединувајќи го со Бога, го одделува од сите други помисли. Тогаш умот разговара со Бога наполно ослободен од земните мисли, и станува способен да Го чувствува и да Го гледа Бога. А кога ќе постане таков, тогаш Му се моли како што треба и никогаш не греши што треба да бара од Него. И затоа секогаш го добива она што го бара од Него. Апостолот затоа и заповеда: ,Молете се постојано!“ (1. Сол. 5, 17), така што, почесто соединувајќи го нашиот ум со Бога, малку по малку да се ослободуваме од нашата приврзаност од се што е земно и грешно.“

25. Братот: „Но како може умот непрестајно да Му се моли на Бога? Зашто тогаш кога пееме и читаме, кога разговараме со некого или му служиме на некого, тогаш природно го расејуваме со други помисли и претстави.“

Старецот: „Светото писмо не ни заповеда ништо што е неможно. Самиот апостол, кој ги кажал овие зборови, и пеел, и читал, извршувајќи ги сите дела на својата апостолска служба, но сепак непрестајно се молел. Да се молиме непрестајно, значи да го имаме нашиот ум прилепен за Бога со искрена љубов и со топла желба, да се надеваме во Него, и во Него да ја наоѓаме нашата смелост за се што е добро и богоугодно во сите наши дела и но сите настани на нашиот живот. Имајќи ја оваа расположба, апостолот вели: ,Кој ќе не одвои од љубовта Божја: тага ли, неволј а ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?“ (Рим. 8, 35), а малку понатаму во истата глава додава: ,Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту пак, некој а друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божј а во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8, 38-39). И пак: ,Во се сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; не гонат, но не сме изоставени; не кутнуваат, но ние не загинуваме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше“ (2. Кор. 4, 8-10).

26. Имајќи ја оваа и ваква расположба, апостолот се молел непрестајно, зашто, како што е речено, во сите свои дела и во сите настани од својот живот се надевал на Бога. Па и сите светии секогаш им се радувале на своите страдања, очекувајќи преку нив да ја засилат својата љубов спрема Бога. Затоа апостолот велел: ,Со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се всели во мене силата Христова“ (2. Кор. 12, 9). Затоа, веднаш понатаму додава: ,Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Kop. 12, 10). Но тешко нам, кои сме го напуштиле патот на светите, на светите оци; затоа сме сиромашни од секакви духовни дела.“

27. Братот: „Оче, зошто јас немам скрушеност?“

Старецот: „Затоа што јас и ти немаме страв Божји пред нашите духовни очи. Затоа сме станале живеалиште на секое зло; ги презираме страшните Божји застрашувања, како невистински. Инаку, како не би биле скрушени, слушајќи, на пример, како Мојсеј говори за грешниците од името на Бога: ,Зашто оган се разгори од јароста Моја, тој нагорува се до пеколот вечен, ја јаде земјата и житата нејзини, ги изгорува основите на планините; ќе нафрлав врз нив зла и ќе ги вперам против нив стрелите Мои“ (5. Мој. 32, 22-23). И уште: ,Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на оние што Ме мразат“ (5. Мој. 32, 41). Или како што извикува Исаија: ,Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: ,Кој од нас може да живее при вечен пламен?“ “(Иса. 33, 14)? И пак: ,И ќе излегуваат и ќе ги видат труповите на луѓето што отстапиле од Мене; зашто црвот нивни нема да умре, ниту огнот нивни ќе угасне и ќе бидат одвратност за секоја плот“ (Иса. 66, 24). Или како што вели Јеремнја: ,Подајте слава на Господа, вашиот Бог, додека Он се уште не испрати темнина и додека се уште нозете ваши не се препнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Он ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина“ (Јерем. 13, 16). И пак: ,Чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи. а не гледаш. имаш уши, а не слушаш: ,Од мене ли не се плашите“. вели Господ, пред мене ли не треперите? Јас ставив песок, како граница на морето, за вечен предел, кој нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат“ (Јерем. 5, 21-22). ,Ke тe казни тебе отстапувањето твое, и злобата твоја ќе те обезличи: и така. познај и размисли, колку лошо и горчливо е тоа, што Ме остави, вели твојот Господ Бог, и не бев споменуван од тебе, вели Господ, Бог Саваот. Зашто одамна си го скршил јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли. Јас те посадив како благородна лоза најчисто семе; а како се претвори ти во Мене во див ластар од туѓа лоза?' (Јерем. 2, 19-21). И пак: ,Но на совет со подбивачи не сум се веселел: под Твојата тешка рака врз мене седев сам, бидејќи Ти ме беше исполнил со негодување“ (Јерем. 15, 17). И кој нема да се исплаши кога го слуша Језекиила да говори: ,Ете дојде свршетокот за тебе; и ќе го пратам врз тебе гневот Свој, и ќе ти судам според патиштата твои, и ќе ги натоварам врз тебе сите гадотии. И окото Мое нема да те пожали, и нема да се смилува... и ќе узнаете, дека јас сум Господ, Кој казнува“ (Језек. 7, 3, 9). Кој нема да се скруши, слушајќи го светиот пророк Даниил кога го опишува денот на Страшниот суд, велејќи: ,Видов најпосле дека се поставија престоли и седнат Старец; облеката Му беше бела како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, а тркалата му беа како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади Му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан. 7, 9-10). Односно делата на секого. И пак: ,Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да Идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред него. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици: владението Негово е владение вечно, кое нема да измине и царството негово нема да се разруши. Духот мој затрепери во мене, Даниила, во телото мое и виденијата на главата моја ме смутија“ “(Дан, 7, 13-15).

28. Koj нема да се исплаши, слушајќи што вели светиот Божји пророк Давид: „Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа, дека силата е во Бога, дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти ќе му дадеш на секого според делата негови“ (Псал. 61, 11-12). И пак говори Проповедникот, велејќи: „А суштината на се е: бој се од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“(Проп. 12, 13-14).

29. Исто така, кој нема да се исплаши, слушајќи го апостолот кога вели: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“(2. Кор. 5, 10; Рим. 14, 10). Кој нема да заплаче по сето ова за нашето неверство, за заслепеноста на нашите души, затоа што, слушајќи го сето тоа, што не се каеме и не проливаме горчливи солзи за нашата нечувствителност и немарност, којашто ја предвидувал светиот пророк Јеремија и велел: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа“(Јерем. 48, 10). Кога би имале грижа за спасението на нашата душа, ние би требало да се исплашиме и да затрепериме од зборовите Божји и би побрзале со најголема грижа да ги извршиме Неговите заповеди, од што зависи нашето спасение. А ние, без оглед на тоа што ги слушаме зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Влезете низ тесната врата, оти широки се вратите и широк е патот што водат кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“(Матеј 7, 13-14); ние го претпочитаме широкиот пат, што води кон пропаста 11 110 него врвиме. Затоа, кога ќе дојде Господ за да им суди на живите 11 на мртвите, тогаш ќе ни рече: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели“ (Матеј 25, 41).

30. A овие зборови ќе ги чуеме, не само кога сме направиле лоши дела, туку и тогаш, кога не сме се труделе да правиме добри дела, кога не сме го сакале нашиот ближен. Ако сме правеле лоши дела, тогаш. како ќе го пречекаме судниот ден кога се наоѓаме во таква лоша состојба? Секој треба да знае што ни е речено: „Не прави прељуба, не кради, не убивај“ и друго. Тоа им било речено на луѓето уште преку Мојсеја, а нашиот Спасител и Господ ни вели: „Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5, 28). Господ, знаејќи дека на христијанинот за совршенство во животот, запазувањето на ова е недостатно. рекол: „Вистина, вистина ви велам, ако вашата правда не биде поголема од таа на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.“ Затоа и пред и по овие зборови, секогаш барал совршена душевна светост, заради која се осветува и телото, од нас бара искрена љубов спрема сите луѓе, преку кои можеме да добиеме љубов и спрема Самиот Него. Образец за ова ни дал Он Самиот во Себе Си, како и во Своите ученици, како што многу пати е говорено.

31. Какво оправдување можеме да имаме на денот на Страшниот суд, кога пред нас е ваков образец и кога остануваме незагрижени за нашето вечно спасение? Светиот пророк Јеремија, оплакувајќн не нас, вели: „0, кој ќе даде на главата моја вода и на очите мои извор на солзи? Jас бев плачел ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ“(Јерем. 9, 1), а ние, коишто сме се удостоиле со ваква благодат, живееме во ваква незагриженост или, пак, сме исполнети со секакво зло. Слушам дека за нас зборува и Мојсеј: „И јадеше Јаков и се насити, но се одврати од таа љубов, и откако се прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, и отстапи од Бога, Спасителот свој“(5. Мој. 32, 15). За нас плаче и Михеј, говорејќи: „Нема веќе милосрдни по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да пролеваат крв; секој му става на брата си стапица. Рацете им се приготвени за да прават зло“(Мих. 7, 2-3). Исто така, и псалмопеачот за нас ги изговорил следниве зборови: „Спаси ме, Господи, зашто не остана праведен, зашто се намалија верните меѓу синовите човечки“ (Псал 11, 1).

32. Оплакувајќи не нас, и апостолот говори пророчки: „Сите се отстранија, заедно станаа негодни: нема кој да прави добро, нема ниеден. Грлото нивно отворен гроб; со јазиците свои мамат; устата нивна е полна со клетва и со горчина. Нозете нивни им се брзи на прелевање крв: пустош и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни“(Рим. 3, 13-18). Со пророчко предвидување за нашиот сегашен лош живот му пишува светиот апостол Павле на Тимотеја: „Ова знај го: во последните времиња ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможивци, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагородни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед набожни, а од силата на Бога се одрекле“(2. Тим. 3, 1-5). Затоа, тешко нам, што сме дошле до последната крајност во злото. Зашто, кажи ми: кој од нас не е причислен кон наброените видови на лошото живеење? Зар не се исполнува ова пророштво? Зар сите ние не сме угодници на стомакот? Зар не сме сите сластољупци? Зар не сме ненаситни љубители на земните работи? Зар не сме сите гневливи? Зар не сме сите злонамерливи? Немаме ли предавнички однос кон добродетелите? Не говориме ли сите ние непристојни зборови? Зар сите не озборуваме и осудуваме? Зар не ги мразиме браќата наши? Зар не сме сите надуени? Зар не сме сите суетни и славољубиви? Зар не сме сите горделиви? Зар не сме сите лицемерни? Зар не сме сите лукави? Зар не сме сите завидливи? Зар не сме сите непослушни? Зар не сме сите мрзливи? Зар не сме сите измамници? Зар не сме сите безгрижни? Зар не сме сите неработливи во извршувањето на Христовите заповеди? Зар не сме исполнети со секакво зло? Дали не сме станале купишта идолски, наместо да бидеме храмови Божји? Наместо да бидеме живеалиште на Светиот Дух, ние сме живеалиште на демоните? Зар Бога не Го нарекуваме Отец наш, неискрено? Зар сме станале синови на пеколот, наместо да бидеме синови Божји? Зар не сме полоши од Јудејците, ние што го носиме името Христово? И никој не се вознемирува кога ја слуша оваа вистина. И беззаконите Јудејци говореле: „Еден Отец имаме Бога“, но тогаш Го слушаме Христа да им говори: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“(Јован 8, 41 и 44).

33. Зар не заслужуваме и ние, коишто ги газиме Неговите заповеди, да чуеме нешто слично од Него? Апостолот ги нарекол синови Божји оние што живеат и се раководат според Светиот Дух. Тој пишува: „Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“(Рим. 8, 14). A ние, како можеме да бидеме наречени синови Божји. кога во нашиот живот се раководиме со телесно мудрување? Според плодовите на Духот, бива очигледно кој живее според Светиот Дух. Апостолот вели: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, крепоста, воздржливоста“(Гал. 5, 22-23). Имамe ли и ние некои од овие плодови? Дали нашите дела не го сведочат спротивното? Роденото е слично на родителот. Но нашиот Господ и Спасител говори: „Роденото од тело, тело е; а роденото од Духот, дух е“(Јован 3, 6). Ние сме станале тело и не живееме духовно. Затоа, оправдано се однесуваат на нас Божјите зборови: „Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело“(1. Мој. 6, 3). Па како можеме да се нарекуваме христијани, кога во нас нема ништо Христово?

34. Можеби ќе речете: „Јас имам вера во Христа; за мене е доволна верата во Него за да бидам спасен.“ На тоа ни противречи светиот апостол Јаков, велејќи: „И бесовите веруваат, а треперат“ (Јак. 2, 19). „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва... Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“(Јак. 2, 17 и 26). На, дали ние веруваме во Него? Како можеме да кажеме дека Му веруваме во врска со идното, кога не Му веруваме во врска со она што е во сегашноста? Ние не веруваме како што треба, затоа што живееме телесно и зашто војуваме против Духот. Оние што вистински веруваат во Христа со извршувањето на Неговите заповеди Го вселуваат Него во себеси и говорат: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам во верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене““(Гал. 2, 20). Затоа, страдајќи за Него заради спасението на другите. оние што Му биле верни подражатели и вистински исполнители на Неговите заповеди, говореле: „Кога не укоруваат, ние благословуваме, а кога не гонат трпиме: кога хулат на нас, ние се утешуваме“(1. Kop. 4, 12-13). Тие биле послушни на Господовите заповеди: ,.љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добра на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“(Матеј 5, 44). И така, тие и со своите зборови и со своите дела Го пројавувале Христа Кој дејствувал во нив. А ние, бидејќи живееме и се однесуваме спротивно на Неговите заповеди. се докажуваме исполнети со секаква нечистотија. И затоа. наместо да бидеме храм Божји, ние сме станале пазариште; наместо да бидеме дом на молитва сме станале пештера разбојничка; наместо да бидеме свет род ние сме род на грешници; наместо да бидеме народ Божји ние сме народ исполнет со гревови; наместо да бидеме свето семе, ние сме семе на злото; наместо да бидеме синови Божји ние сме синови на беззаконието. Такви сме, затоа што сме ги оставиле заповедите на Господа, им служиме на лошите духови преку исчистите страсти и Го разгневуваме Светиот Израилев.

35. И затоа големиот Божји пророк Исаија, оплакувајќи не, а истовремено сакајќи да ни помогне да се дигнеме од нашата паднатост, вели: „Каде уште да ве бијат вас, кои се уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, сињаци, гнојни рани, неисчистени, непреврзани и не омекнати со елеј“(Иса. 1, 5-6). А на ова ги додава и следниве зборови: „Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како сеница во градина, како опсаден град“(Иса. 1, 8). Откако укажува на ваквата опустошеност на нашата душа, и апостолот рекол: „Бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во разумот свој, тоа Бог ги предаде на изопачен ум да го прават она што не прилега; бидејќи исполнети со секаква неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба, полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави; оговарачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја знаеја правдата Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклони и кон оние што ги вршат. Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. Затоа Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе“(Рим. 1, 28-32, 26 и 24). А што бива потоа? Апостолот вели: „Гневот Божји се открива од небото на секоја нечесност и неправда на луѓето, кои вистината ја држат во неправда“ (Рим. 1, 18).

36. Прикажувајќи ја ваквата опустошеност на душата, и нашиот Господ и Спасител говорел: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошката што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст“(Матеј 23, 37-38). A Исаија, предвидувајќи, дека ние монасите, ја извршуваме својата служба само телесно, а не се грижиме за тоа да Му служиме на Бога, но и покрај тоа, се гордееме, говори: „Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушај се во законот на нашиот Бог, народе гоморски! ,Зашто ми се многу ваши жртви вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телиња, од јагниња и од јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој ви бара да ги газите дворовите Мои? Не принесувајте веќе суетни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија не можам да трпам: беззаконие и празнувања...? Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е и да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв“ “ (Иса. 1, 10-15). Затоа што секој подвижнички труд. кој му е туѓ на љубовта, не Му е угоден на Бога.

37. Бог, разобличувајќи ја нашата лицемерност оддалеку, вели: „Овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило“(Иса. 29, 13). Иако нашиот Господ со овие зборови ги прекорувал фарисеите, целосно се однесува и на нас современите лицемери, кои сме се удостоиле со таква голема благодат, а се однесуваме дури и подолно од нив. Не им натоваруваме ли и ние на луѓето товари тешки и неудобни за носење, а ние самите не сакаме ни со прст да се допреме до нив (сп. Лука 11, 46)? Дали и ние не правиме се, само за да бидеме видени од луѓето (сп. Матеј 6, 5). Не бараме ли и ние предни места на гозбите и на народните собири? Не сакаме ли и ние луѓето да не нарекуваат свои учители и оние, што не ни ја оддаваат таквата чест, не ги прогонуваме ли дури до самата смрт? Зар и ние не сме го зеле клучот на разбирањето, но не само што ние не го отвораме царството небесно, туку го затвораме и за другите луѓе? Така што, ни ние самите влегуваме, ниту нив ги пуштаме во него? Зар не сме и ние слепи водачи што ги цедиме комарците, а камилите ги проголтуваме? Ние не ги миеме ли садовите однадвор, додека внатрешноста нивна останува полна со грабеж, лакомство и невоздржување? Не даваме ли и ние десеток од незначајните работи, а ги пренебрегнуваме судот и љубовта Божја? Не сме ли и ние како варосани гробови, покажувајќи им се на луѓето однадвор праведни, а внатре исполнети со лицемерие, безаконија и нечистотија? Зар не, им правиме и ние гробови на мачениците и зар не ги украсуваме спомен обележјата на апостолите, зашто и ние оправдано сме слични на оние што ги убивале? (сп. Матеј 23, 3, 32). Koj нема да се расплаче за нас, што се наоѓаме во ваква жална состојба? Кој нема да не сожали нас, кога сме во ваков ужасен плен? Затоа ние, чесните синови Божји, сме станале како глинени садови. Затоа потемнело нашето злато и среброто наше не е веќе добро (си. Плач 4, 1-2). Затоа ние, назореите на Сион, кои сме биле побели и посјајни и од снегот, сме станале темни како Етиопјани; ние што сме биле бели како млеко, сме станале црни како мастило. Затоа, лицето наше станало црно како саѓи; безаконијата наши се умножиле и станале помногубројни од безаконијата на содомците; затоа, ние синовите на денот на светлината, сме станале синови на ноќта и на темнината (сп. 1. Сол. 5, 5). Затоа ние синовите на Царството, сме станале синови на пеколот. Затоа ние, синовите на Севишниот; како обични луѓе умираме и паѓаме како еден од кнезовите (сп. Псал. 80, 7). Затоа сме им предадени во рацете на безаконите непријатели, односно на лошите и жестоки бесови, затоа што сме ги погазиле заповедите на нашиот Господ Бог (сп. Дан. 3, 29, 32). Ние сме Го распнале Синот Божји и крвта на заветот не ја почитуваме (сп. Евр. 10, 29). „Но, не предавај не за секогаш заради името Твое и не разрушувај го заветот Свој. Не одземај ја од нас милоста Своја заради Авраама, Твојот слуга, заради Исака, твојот слуга и Израилот, светијата Твој“(Дан. 3, 34-35), заради Твојата милост, Оче наш, Кој си на небото, заради милосрдието на Твојот Единороден Син и милоста на Твојот Свет Дух. „Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да не пресретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме осиромашени. Помогни ни, Боже, Спасителе наш, заради славата на името Твое, избави не и очисти не од гревовите наши заради името Твое“ (Псал. 78, 8-9), откако си спомнал за нашиот почеток, кој од човекољубивост го зел од нас, Твојот Единороден Син што ќе го има на небото, давајќи ни тврда надеж на спасение, така што заради очајанието да не станеме полоши. Помогни и избави не, заради пречистата Твоја крв, што си ја пролеал поради животот на светот, заради светите пророци, оците и патријарсите, кои се подвизувале за да му угодат на Твоето свето име. Господи, не ги презирај нашите молитви и не оставај не сами. Зашто, не се надеваме на нашата правда; се надеваме само на Твојата милост, што ја имаш спрема човечкиот род. Ти се молиме, биди милостив спрема нас, за да не ни биде за осуда извршеното дело на Твојот Единороден Син за тајната на нашето спасение; не свртувај го Твоето лице од нас. Не гнаси се од нашето недостоинство, но помилуј не по Твојата голема милост и по мноштвото на Твоите дарежливости, очисти ги нашите беззаконија, да застанеме неосудено пред лицето на Твојата слава, да се удостоиме со закрилата на Твојот Единороден Син и, заради нашите гревови, да не се покажеме како Твои недостојни слуги. О, Господи Сесилен, слушни ја нашата молитва, зашто за друг Бог освен Тебе не знаеме; со Твоето име се именуваме, Ти си Оној Кој дејствува во се и во сите и од Тебе бараме секаква помош. Погледни од небото, Боже, и погледни од Твоето свето живеалиште. „Ти, Господи, си наш Отец, отсекогаш Твоето име е: ,Искупител наш“... Непријателите наши го изгазија Твоето светилиште. Ние станавме такви. како над кои Ти никогаш да не си владеел и над кои името Твое не се спомнувало“(Иса. 63, 15-19)

38. Сите луѓе станавме како нечист човек, и секоја наша правда како иавалкана облека; сите испопаѓавме како лисја; а беззаконијата наши како ветар не развејуваат. Нема никој што би го повикувал Твоето име, кој би востановил да се држат здраво за Tебе: затоа Ти го сокри лицето Свое од нас и не остави да гниеме од беззаконијата свои. Но сега, Господи, Ти си наш Отец; ние сме глина, а Ти грнчар, сите сме дело на Твоите раце. Немој да се гневиш безмерно, Господи, и немој вечно да го помниш беззаконието. Но, погледни: сите сме Твој народ. Градовите на Твојата светиња станаа пустелија; пустина стана Сион; Ерусалим е опустошен. Домот на нашата светиња и на нашата слава, каде што татковците наши Те прославуваа, од оган изгоре, а сите наши добра така пропаднаа. По сево ова, ќе се воздржуваш ли уште, Господи, ќе молиш ли и ќе не казнуваш ли без мерка?“ (Иса. 64, 6-12).

39. Ова се случило како преобраз со Твојот древен народ, а сега со нас се исполнува вистински. „Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас“(Псал. 78,4). Но, погледни од Твоето небо и види, спаси не заради Твоето име. Дај ни да ги познаеме заобиколувањата на нашите противници и запази не од нивните мрежи и стапици. Не оддалечувај ја Твојата помош од нас, зашто ние сами не можеме да се спасиме: не можеме да ги победиме оние што не напаѓаат. Ти имаш сила, за да не спасиш од нашите непријатели. Господи, спаси не од сите опасности на овој свет, спаси не по Твојата добрина, за да можеме со чиста совест да го препливаме морето на животот; да застанеме чисти и непорочни, да застанеме пред Твојот страшен престол и да се удостоиме со вечниот живот.

40. Братот, откако го ислушал кажаното со големо внимание, паднал во длабока скрушеност, па со солзи му рекол на старецот: „Колку што можам да видам, оче мој, за мене не може да има спасение.“ „Зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја“(Псал. 37, 4). Ти се молам, оче, кажи ми што треба да правам?“

Старецот: „Луѓето не можат сами да се спасат; но за Бога се е можно. За Него нема ништо неможно, како што рекол Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос: ,За луѓето тоа не е можно; но за Бога се е можно“ (Матеј 19, 26), и така ,да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме, и да заплачеме пред лицето на Господа, нашиот Творец; зашто Он е Бог наш“ (Псал. 94. 2, 6-7), зашто словото Негово преку пророкот Исаија вели: ,Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте“ (Иса. 30, 15). И пак вели: ,Ете раката на Господа не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата и гревовите ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша“ (Иса. 59,1-2). И уште вели: ,Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица. Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам, како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур како волна ќе станат бели. Ако Го барате и ако го послушате, ќе ги најдете добрата земни; ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби, тоа го рече устата Господова“ (Иса. 1, 16-20). И преку пророкот Јоил Бог го вели истото: ,Обрнете се кон Мене од се срце со пост, план и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостнв и сожалува за зло“ (Јоил 2,12-13). И Преку пророкот Језекиил Бог велел: ,Сине човечки, кажи му на домот Израилов вие велите: ,Нашите престапи и нашите гревови се врз нас, и ние пропаѓаме во нив, како тогаш можеме да живееме“? Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се. вратете се од вашите лоши патишта; Зошто да умирате вие, доме Израилов?“ (Језек. 33,1О-11). Во Третата книга на царствата. во која е изложено изобилството на Божјата добрина, се зборува и за тоа како Ахав, кој бил во лозјето на Навутеја, кое го придобил преку убиството на Навутеј. потпомогнат од царицата Језавела, ги слушнал зборовите на пророкот Илија, кој рекол: ,Вака вели Господ: ,Ти си убил, и уште стапуваш во наследство!“ И кажи му: ,Вака вели Господ: ,На она место, каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата крв.“ И за Језавела Господ рече: .,Кучињата ќе ја изедат Језавела зад Језреелските зидови“. Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав се умилкуваше прад Господа, одеше и плачеше, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, постеше и спиеше во вреќиште и одеше нажален. И би слово Господово кон Илија Тесвитецот за Ахава. И Господ рече: ,Виде ли како се смири Ахав пред Мене? Затоа што се смири пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом“ (3. Цар. 21, 19, 23, 27-29). И пророкот Давид вели: ,Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ,Ke ги исповедам на Господа моите престапи“, и Ти ми го прости гревот мој. Затоа секој праведник нека Ти се помоли навреме“ (Псал. 31, 5-6). Во Евангелието на нашиот Господ Исус Христос се вели: ,Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4, 17), а кога светиот апостол Петар Го прашал: ,Господи, колкупати да My простам на брата си, кога ќе згреши против мене? Дали до седумпати?“ Господ, Кој е по природа добар и неискажливо милостив, му одговорил: ,Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“ (Матеј 18, 21-22). Со што може да се спореди таквата добрина и милост? Со што можеме да ја споредиме ваквата човекољубивост?

41. Откако на овој начин ја познаваме Божјата добрина и Неговата човекољубнвост, како од Стариот, така и од Новиот завет, да се обратиме кон Него со сето наше срце. Браќа, зошто да загинеме? Да ги исчистиме нашите грешни раце, да ги исправиме нашите неодлучни срца; да зажалиме за нашиот досегашен грешен живот, да се скрушиме и да заплачеме за нашите гревови. Да престанеме да грешиме. Да поверуваме во Божјата милост; да се исплашиме од Неговите предупредувања и да почнеме да ги извршуваме Неговите свети заповеди. Да се засакаме еден со друг со сето срце и на оние што не мразат и што не навредуваат да им кажеме: „Вие сте наши браќа, да го прославиме заедно името на Господа. Да си проштеваме еден на друг тогаш кога биваме искушувани еден со друг, зашто против сите нас се бори и не напаѓа нашиот заеднички непријател. Да почнеме да им се противставуваме На нашите лоши помисли; да Му се молиме на Бога да ни помага во нашите борби, да биде соборец наш и да ги изгонуваме од себеси лошите и нечисти духови. Да му го потчиниме телото на духот; да го умртвуваме со секакви ограничувања и измачувања. Да се очистиме од секаква нечистотија на телото и на духот. Еден со друг да се поттикнуваме за засилување на љубовта и за извршување добри дела. Да не си завидуваме еден на друг и да не се раздразнуваме против оние што ни завидуваат. Да пројавуваме заемно сочувство; со смирение да се лекуваме еден со друг. Никого да не осудуваме. Со никого да не се подбиваме, зашто сме делови на исто тело и еден на друг. Да ги отфрлиме од себеси мрзливоста и негрижата и да почнеме храбро да се подвизуваме против лукавите духови. Да Го имаме за наш Заштитник Господа Исиса Христа Праведникот пред Отецот; Он е очистувањето од нашите гревови. Да Му се помолиме со сето наше срце и со сета наша душа, и Он ќе ни ги прости нашите гревови. ,Близу е Господ до сите кои го признаваат, до сите, кои вистински Го признаваат“ (Псал. 144, 18). Затоа се вели: ,Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите твои упатувај Му ги; и повикај Ме во тежок ден, Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псал. 49,14-15). Исаија, пак, што зборува: ,Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, облечи го, и од еднокрвниот не се криј: Тогаш, твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш и Господ ќе те чуе, ќе извикаш и Он ќе рече: ,Еве Ме“. Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да кревеш прст и да говориш лошо, кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне (Иса. 58, 6-10). Гледаш ли дека, кога ќе го разрешиме секој сојуз на неправдата и кога ќе решиме да му правиме добро на нашиот ближен со сета наша душа, тогаш ќе се осветиме со светлината на знаењето, ќе се ослободиме од страстите на нечесноста и ќе се избавиме од секое незнаење. А молејќи Му се на Христа, ќе бидеме услишени и ќе Го имаме Бога секогаш со нас, а нашите божествени желби ќе бидат исполнувани.

42. Да се сакаме еден со друг, и ќе бидеме засакани од Бога, Да бидеме долготрпеливи еден спрема друг, тогаш и Бог ќе биде долготрпелив спрема нас. Да не враќаме зло за зло, тогаш и Бог нема да не накаже според нашите гревови. Ke добиеме простување на нашите гревови, ако им ги простиме гревовите на нашите браќа, зашто Божјата милост е скриена во нашата милозливост спрема нашите ближни. Затоа Господ рекол: ,Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6, 37). И: ,Аќо им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Матеј 6, 14). И пак: ,Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Матеј 7, 2). Вака го устроил Господ начинот на нашето спасение и ни ,даде можност да станеме синови Божји“ (Јован 1, 12). Потоа, спасението е веќе во нашата војла.

43. Да Му се предадеме себеси целосно на Господа; да Го примиме и Него сецело во себеси, и преку Него и ние ќе станеме богови. Зашто токму затоа Он станал и Човек Он Кој е по природа И Бог и Господ. Да му се потчиниме со сета наша душа, а Он постојано, секогаш буден, ќе ги прогонува сите наши невидливи непријатели. Он говори преку светиот псалмопеач: ,0, да беше Ме послушал Мојот народ и Израилот да одеше по Моите патишта. Веднаш ќе ги смирев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа' (Псал. 80, 13-14). Сета наша надеж да ја имаме само во него; сета наша мака само на Него да Му ја предаваме. Он ќе не избави од секоја наша тешкотија. Да го засакаме секој човек со сета наша душа, на никој да не ја полагаме нашата надеж. Колку што Господ не запазува, толку ќе можат и ближните наши да ни помогнат, а непријателите наши ќе бидат немоќни пред нас. Оној, пак, што се надева на самиот себеси, ќе падне со страшно паѓање: Кога Господ не напушта, тогаш немоќни се и нашите пријатели, иако сакаат да ни помогнат, а непријателите лесно не победуваат. Издигнат бива оној што се плаши од Господа. Затоа и светиот пророк Давид вели: ,Јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси; туку Ти ќе не спасиш од непријателите наши и ќе ги посрамиш оние што не мразат“ (Псал. 43, 6-7).

44. Да не ги прифаќаме помислите, што ги смалуваат нашите гревови и со измама не уверуваат, дека веќе ни се простени. За да не претпази од нив, Господ ни рекол: ,Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“ (Матеј 7, 15). се додека гревот ја измачува нашата душа, знај дека уште не сме добиле простување, зашто уште не сме дале плодови достојни за покајание. Плодот на покајанието е бестрасноста на душата, a бестрасноста е избришување на гревовите. Ние уште немаме совршена бестрасност, ако и понатаму одвреме навреме не измачуваат нашите страсти. А тоа значи, дека уште не сме добиле целосно простување на нашите гревови. Од прародителскиот грев сме ослободени преку светото крштение, а од оние гревови што сме ги сториле по крштевањето се ослободуваме само преку покајанието.

45. Затоа, да се покаеме искрено, за да се ослободиме од страстите и да добиеме простување на нашите гревови. Да ги презреме привремените блага, заради коишто се караме со луѓето, да не ја нарушуваме заповедта на љубовта и да не отпаѓаме од Божјата љубов. Да напредуваме со духот и да не се раководиме со сладострастијата на телото (сп. Гал. 5, 16). Да почнеме да се бориме со демонските сили и да биваме духовно трезвени; да се избавиме од негрижата. Да бидеме ревносни во подражавањето на подвижниците: да ги подражаваме нивните подвизи: да го забораваме она што изминало и да копнееме по она што е пред нас. Да ги подражаваме нивните неуморни напори, топлата усрдност, непоколебливата трпеливост, постојаноста во воздржувањето, светоста од целомудрието, непоколебливата добродушност, искреното сочувствување, постојаната кротост, топлата ревност, нелицемерната љубов, возвишената и смирена мудрост, совршената негрижа за богатење, храброста, добрината и благоста. Да не се согласуваме да доживуваме задоволства; да бидеме постојано внимателни и строги спрема нашите помисли и да не ја осквернуваме нашата совест. Да имаме ,мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“ (Евр.12, 14). Кон овие добродетели да се стремиме со сета наша душа; браќа, да избегаме од светот и од оној што го држи светот. Да го напуштиме телото и се што е телесно. Да побрзаме кон небото за таму да го најдеме нашето живеалиште, подражавајќи го апостолот, да дојдеме до Началникот и Водачот и да пиеме од Изворот на Животот. Да учествуваме во хорот на ангелите и архангелите и да Го прославуваме со песни нашиот Господ и Спасител Исус Христос, на Кого, нека Му биде слава и власт, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови и во сета вечност. Амин.

Свети Максим Исповедник