Свети Максим Исповедник

Четиристотини глави за љубовта

1. Оној што Го љуби искрено Бога, тој се моли без каква и да е расеаност. Иста така, и оној што нерасеано се моли, и тој искрено Го љуби Господа. Умот на оној што се приковал за нешто земно не може да се моли нерасеано. Затоа, оној чиј што ум е приврзан за нешто земно, тој не може да Го љуби Бога.

2. Умот, што долго време размислува за нешто земно, јасно е дека има страст спрема него. Тоа го одвојува од Бога и го приморува да мисли на него и да се интересира за него: Поради тоа нешто тој се гневи, и се ожалостува и бива злобен; ако не успее нештото да го презре и да се ослободи од него, тој не ќе може да се ослободи од страста.

3. Страстите, кога ќе завладеат со умот, го приврзуваат спрема земните предмети, па, откако ќе го одвојат од Бога, го приморуваат да се занимава со нив. Напротив, Божјата љубов, кога ќе почне да владее со него, го ослободува од овие вериги, убедувајќи го да не ги цени, не само видливите предмети, туку и самиот привремен живот.

4. Суштината на заповедите се состои во тоа да мислиме на видливите предмети како за нешто едноставно, а читањето и созерцанието го прават умот неземен и невидлив. Како последица на ова молитвата бива нерасеана.

5. За целосно ослободување на умот од страстите, да може да се моли без расеаност, не е доволно само да се трудиме да го постигнеме тоа, ако при тоа немаме и разни духовни созерцанија. Само таквиот го ослободува својот ум од невоздржливост и омраза, а созерцанијата го ослободуваат од заборавањето и незнаењето и само на тој начин добива можност да се моли како што треба,

6. Има две возвишени состојби на молитвата. Едната ја имаат оние што живеат делотворен живот, а другата оние што имаат созерцателен живот. Првата состојба доаѓа од стравот Божји и од добрата надеж, а втората од божествената љубов и од совршената чистота. Признакот на првата состојба е последица на трудот кога умот успева да се повлече и да се ослободи од сите световни помисли и да се моли без расејаност и без збунетост, како Самиот Бог вистински да стои пред Него. А признакот на втората состојба е во следното: кога во самиот устрем на молитвата умот бива восхитен од неизмерната божествена светлина и кога воопшто не се чувствува ни себеси, ниту пак, нешто од она што е околу него; Го чувствува само Бога, Кој со Својата љубов ја создава таа и таквата озареност. Оној што се наоѓа во ваква состојба се труди да ги сфати зборовите за Бога за Него добива чисти и светли познавања.

7. Оној што љуби некого, тој на секој начин настојува да го гушне љубениот. И се што му пречи во тоа, тој ги отстранува сите пречки, за да не биде лишен од таа можност. Така и Бог, Кој не љуби бескрајно, се грижи нашата молитва да биде чиста, па затоа, секоја наша страст, која Му претставува пречка во тоа, ја исфрла и ја отстранува.

8. Оној што го отфрла самољубието, мајката на страстите, тој, со Божја помош, лесно ќе ги совлада сите други страсти: гневот, жалоста, злобата и други. Оној што е заробен од страста на себељубието, и без да сака, задобива рани и од сите други страсти. Самољубието е страсна љубов спрема телото.

9. Луѓето се сакаат еден со друг заради следните пет причини: 1.-Заради Бога, како што добродетелниот ги љуби сите, а и него, добродетелниот, го сакаат дури и оние што се недобродетелни. 2.-По силата на природата, како што родителите ги сакаат своите деца и, исто така, децата своите родители. 3.-Заради славољубие како што го сака оној што е пофалуван оној што го фали. 4.-Од користољубие како што богатиот го сакаат оние што добиваат подароци од него. 5.-Од сластољубивост како што оној што му угодува на својот стомак го сака оној, кој устројува гозби, го храни и го напојува. Првиот вид на љубовта е за пофалба, вториот е взаемна, а трите преостанати се страсни.

10. Ако некои луѓе ги мразиш, други луѓе ги сакаш умерено, а трети страстно, многу силно; тогаш од различноста на твојата љубов треба да познаеш, дека си далеку од совршената љубов, чијашто суштина е: секој човек треба да го сакаме подеднакво.

11. Бог, преку светиот пророк Давид, ни вели: „Клони се од зло и прави добро“ (Псал. 36, 27), односно бори се со непријателите, за да ги намалиш страстите, а потоа внимавај и не дозволувај да се умножуваат. И, пак, продолжи да се бориш, за да придобиеш добродетели. И пак продолжи да се бориш, за да ги запознаеш добродетелите. И ова го означуваат зборовите: „И, земајќи го Господ Бог човекот кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази“ (1. Мој. 2, 15).

12. По Божјо допуштање биваме искушувани од нечистите сили со тоа што ја распалуваат желбената сила на нашата душа, или ја поттикнуват нашата раздразнителност, или ги помрачуваат нашите мисли, или телото наше го оптоваруваат со страдања или, пак, ни ги одземаат работите неопходни за задоволување на нашите телесни потреби.

13. Демоните или самите не искушуваат или ги поттикнуваат луѓето да не напаѓаат тоа се оние луѓе што немаат страв од Господа. Демоните не искушуваат само кога се оддалечуваме од луѓето, како што бил искушуван нашиот Господ во пустината, а преку луѓето не искушуваат тогаш. кога сме меѓу нив, како што Го искушувале и Господа преку фарисеите. Но ние, гледајќи Го нашиот образец, Господа Исуса Христа, треба да ги одбиваме и во едниот и во другиот случај.

14. Кога умот почнува да успева во Божјата љубов, тогаш почнува да го искушува и духот на хулењето и му внушува такви помисли, какви што не може да измисли ниеден човек, освен ѓаволот, нивниот татко. А тој го прави тоа затоа што му завидува на богољубецот со цел, заради таквите помисли да го доведе до очајание и да не се осмелува повеќе да се издигнува кон Бога со својата обична молитва. Ho и од тоа лукавиот наш искушувач не добива ништо за постигнување на својата цел, туку не прави уште поупорни. Зашто бидејќи сме напаѓани, ние се бориме и се противставуваме, па стануваме поискусни и поискрени во нашата љубов спрема Бога. Псалмопеачот вели: „Но мечот нивни нека се забие во нивното срце, и лаковите нивни нека се скршат“ (Псал. 36, 15).

15. Умот, кога се насочува кон видливиот свет, природно е што случувањата во него ги сфаќа преку сетивата. Ни умот, ни природното разбирање на работите, ни самите работи, ни сетивата не се зло сами за себе, зашто се создадени од Бога. Па тогаш, што е тоа што е зло? Јасно е, дека е зло самата страст, која се прилепува кон природното разбирање на работите. Но и страста може да нема место при употребувањето на природните поими за работите, ако нашиот ум биде буден.

16. Страста е неприродно движење на душата. Таа настанува: заради неразумната љубов или заради неразумната омраза кон нешто земно, или заради нешто сетивно; како и од неразумната љубов спрема храната, спрема жените, спрема имотот, спрема привремената слава или заради што и да е сетивно; или, пак, заради неразумна омраза.

17. Лошо е и тоа што можеме да имаме погрешно разбирање на работите. кое се пројавува во нивната погрешна употреба. Така, на пример, правилното сфаќање за бракот е кога неговата цел ја гледаме во раѓањето на деца. Но оној којшто ја има предвид само телесната и похотната сласт, тој греши во своето разбирање, сметајќи го за добро она што не е добро. И таквиот го злоупотребува бракот. На овој начин треба да расудуваме и за разбирањето и за употребувањето и на другите работи.

18. Откако ќе го оттргнат твојот ум од целомудрието, демоните го опкружуваат со блуднн помисли. Тогаш треба со солзи да извикаш кон Господа: „Гонејќи ме, сега ме опколуваат. Радост моја голема, спаси ме од оние кои ме опколија“ (Псал. 16, 11; 31, 7), И ќе се избавиш.

19. Тежок е демонот на блудот и силно ги напаѓа оние што се борат против оваа страст, особено тогаш кога не се грижат за умереноста на храната и кога се среќаваат со жени. На самиот почеток незабележливо го уловува умот што го привлекува кон похотливата сласт, а потоа преку спомените му се приближува на подвижникот, го распалува неговото тело и на умот му претставува разни срамни слики, со што го повикува на согласување со гревот. Ако сакаш оваа состојба да не се задржува во тебе, предај се на пост, труд, бдеење и добро безмолвие со правилна молитва.

20. Оние што непрестајно ја бараат нашата душа се трудат преку страсните помисли да ја фрлат во духовен или вистински грев. Но кога ќе сретнат ум што не ги прима, тогаш можат само „да се постидат и засрамат. Да се повратат и веднаш да се засрамат“ (Псал. 34, 4; 6, 11).

21. Дело на ѓакон извршува оној, којшто го помажува умот за свештени подвизи, изгонувајќи ги од него страсните помисли. Дело на презвитер врши оној , што го просветува умот со знаење на она што е и го уништува лажното знаење; а делото на епископ пак, го завршува оној кој го усовршува знаењето со светото помазание на поклонувањето на Пресветата Троица.

22. Слабеат ѓаволите кога, заради извршувањето на заповедите, страстите се намалуваат во нас. Тие загинуваат кога душата целосно ќе остане без нив, кога веќе не го наоѓаат она што ги одржувало во неа и со што војувале против неа. Ова го означуваат зборовите на псалмопеачот: „Изгубија сила и погинаа од лицето Твое“ (Псал. 9, 4).

23. Некои луѓе се воздржуваат од страстите поради страв од луѓето, други поради славољубие, трети заради воздржувањето, а четвртите Бог ги ослободува од страстите.

24. Сите Господовн зборови ги содржат следните четири содржини: заповедите, догмите, заплашувањата и ветувањата. И ние поради нив ги поднесуваме строгостите во нашиот живот: постите, бдеењето, спиењето на гола земја, лишувањата, трудовите на послушанието, навредите, понижувањата, измачувањето, смртта и се друго. Божјиот пророк вели: „Поради зборовите на устата Твоја чекорев по патиштата тешки“ (Псал. 16, 4).

25. Бестрасноста е награда за воздржувањето, знаењето за верата. Бестрасноста ја раѓа расудливоста, а знаењето љубовта спрема Бога.

26. Умот, кога живее исправно, напредува во благоразумноста, а кога правилно го живее созерцателниот живот напредува во знаењето. Благоразумноста го доведува подвижникот до состојба да ја разликува добродетелта од порокот, а знаењето до познавања на својствата на бестелесните и телесните суштества. А со богословскиот дар умот се удостојува тогаш кога, откако врз крилата на љубовта ќе прелета се што беше спомнато, ќе стигне да живее во Бога, и со духот да ги созерцува Неговите својства, колку што е тоа можно за човечкиот ум.

27. Ако сакаш да богословствуваш, немој да бараш што е Бог по суштина, зашто тоа не може да го знае не само човечкиот ум, туку не можат да го знаат ни суштествата што се веднаш по Бога. Ho, според твоите можности, разгледувај ги Неговите својства какви што се: секадеприсутноста, безграничноста, неискажливоста, добрината, премудроста, семоќноста и промислувањето за се. Зашто меѓу луѓето и тој е голем богослов, којшто макар донекаде ги разоткрива Божјите својства.

28. Силен е оној човек, во кого знаењето е соединето со делата. зашто само тогаш ја победува похотта и ја скротува раздразнителноста, а со тоа го окрилува својот ум и се преселува кај Бога.

29. Кога Спасителот наш Господ Исус Христос вели: „Јас и Отецот сме едно“, го означува единството на природата, а кога вели: „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“, укажува на неразделноста на ипостасите. Затоа тритеистите (трибожниците), кои Го одделуваат Синот од Отецот паѓаат во бездна и во едната и во другата страна: или, признавајќи Го Синот како соприсносуштен со Отецот, но Го одделуваат од Отецот, принудени да говорат, дека Он не е роден од Отецот. На тој начин паѓаат во ерес со тоа што признаваат три бога и три почетоци. Или, признавајќи дека Синот е роден од Отецот, но одделувајќи Го од Него, по неопходност должни се да признаат дека Он не е секогаш едносуштен со Отецот и Господарот на времињата Го потчинуваат на времето. Потребно е, според учењето на светиот Григориј Богослов, да биде запазено и единственото на Бога и да бидат исповедани трите ипостаси секоја со нејзиното сопствено својство. Зашто, според неговото учење, Светата Троица се разделува, но се разделува неразделно; и се соединува, но се соединува разделно. Пречудно раздвојување и соединување! Но колку би било големо чудото ако Отецот со Синот би се соединувал и раздвојувал онака како што се соединува и одвојува човек со човек и ништо повеќе од тоа?

30. Совршениот во љубовта и оној што стигнал до врвот на бестрасноста не знае за разлика меѓу своето и туѓото, меѓу оние што веруваат и оние што не веруваат, меѓу робовите и слободните, па дури и меѓу машкиот и женскиот пол. Издигнувајќи се над тиранијата на страстите и, гледајќи ја само човечката природа, ги гледа сите подеднакво и спрема сите има ист однос. За него нема ни Јудеец, ни Елин, ни машки ни женски пол, ни роб ни слободен, туку се и во сите е Христос (сп. Гал. 3,28).

31. Од страстите што се во нашата душа демоните земаат повод да не напаѓаат со страсни помисли. Потоа, откако ќе го победат умот, го принудуваат да се согласи со гревот. Откако ќе го победат и во тоа, го наведуваат на грев со мисли. А откако ќе го направи и тоа, како свој заробеник, го воведуваат и во самото гревовно дело. На крајот, откако преку помислите ја опустошиле душата, си заминуваат заедно со помислите. Во душата останува само идолот на гревот неговиот мисловен лик, за кој говори Господ: „Штом ја видите, мерзоста на запустението, да стои на свето место“ (Матеј 24, 15). Оној што чита треба да сфати, дека светото место и Божјиот храм е умот на човекот, во кој демоните, откако ќе ја опустошат душата со страсните помисли, го поставуваат гревовниот идол. Мислам дека никој од оние што го читаат Јосиф Флавиј, во тоа, што го рекол Господ и што се исполнило во историјата, не се сомнева. Впрочем, некои луѓе говорат дека ова ќе се случи и во времето на Антихриста.

32. Три начела не поттикнуваат кон доброто: семињата на доброто што се во нас од самата природа, светите сили и добрата волја. Да правиме добро не поттикнуваат и семињата на природата. На пример, тогаш кога сакаме луѓето да постапуваат со нас така, како што ние постапуваме со нив или кога ќе видиме некого што се наоѓа во неволја, кај нас се јавува природно сочувство. Светите сили не потикнуваат да правиме добро тогаш, кога и ние имаме таква потреба; тие ни помагаат во тоа и ние успеваме. Најпосле, нашата слободна волја кога правејќи разлика меѓу доброто и злото, го избираме доброто.

33. Исто така, постојат три начела, што не поттикнуваат на злото: страстите, демоните и нашата лоша волја. Страстите тогаш, кога сакаме нешто што е наразумно; кога сакаме да јадеме кога не е време и без потреба или кога сакаме жена без намера да ни се родат деца од неа или љубиме жена со која немаме законска врска, и кога се гневиме на некого што ни направил некое зло. Демоните не поттикнуваат да правиме зло тогаш кога ќе не видат безгрижни и мрзливи. Тие ја користат таа згодна прилика, па ненадејно не напаѓаат и со голема сила ги распалуваат страстите што се во нас. И, на крајот, нашата лоша слободна волја: кога знаеме што е добро, а решаваме да правиме зло.

34. Наградата што ја добиваме за подвизите во добродетелите е: бестрасноста и знаењето. Тие се причините за да го наследиме царството небесно, како што страстите и незнаењето се причина за нашите вечни маки. Затоа, оној што ги бара бестрастноста и знаењето поради слава пред луѓето, а не затоа што се добри сами по себе, ќе слушне од Светото посмо: „Просите а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похотти“ (Јак. 4, 3).

35. Меѓу човечките дела има и такви што се добри сами по себе, но биваат недобри заради некоја причина. На пример, поетот и бдеењето, молитвата и пеењето на псалмите, милостињата и гостопримството се добри дела сами по себеси, но кога биваат правени од суета и од славољубие, тогаш тие веќе не се добри.

36. Во сите наши дела Бог ја гледа нашата намера: согледува дали тоа што го правиме го правиме заради Него или поради некоја друга причина.

37. Кога од Светото писмо ќе ги чуеш зборовите: „(Бог) секому ќе му даде според неговите дела“(Рим. 2, 6), имај на ум дека Он не дава добро за она што го правиме без добра намера, макар и да ни се причинува дека е добро; Он дава добро само за она добро што се прави со добра намера. Зашто Божјиот суд не го гледа само доброто што го правиме, туку и намерата со којашто го правиме.

38. Демонот на гордоста има двојно лукавство: или го убедува монахот добрите работи што ги прави да си ги припишува на себеси, а не на Бога, давателот на сите добрини и помошникот во нашата исправност, или, кога не се согласува со ова, го подучува да ги унижува понесовршените браќа. Но, не согледува, дека демонот и на тој начин го поучува да не ја признава Божјата помош. Зашто, понижувајќи ги оние браќа што не можеле да се покажат посовршени, да бидат такви како него, тој смета дека покажал особена исправност и дека сето тоа што го постигнал го постигнал со својата сопствена сила. А тоа е неможно, како што ни кажал и Самиот Господ: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15. 5). Зашто нашата немоќ е таква: дури и тогаш кога ќе го посака доброто не може до крај да го направи без Давателот на добрата.

39. Оној што ја познал немоќта на човечката природа. тој од својот сопствен опит добил знаење и за Божјата сила, која ни помага. И таквиот. кој со Божјата помош, направил некое добро, а се труди и некое друго добро да направи. никогаш никого од луѓето не унижува, зашто знае дека Божјата сила му помагала и го избавувала од многубројни страсти и неволи. Бог им ја дава Својата силна помош на сите, коишто ја бараат, а особено на оние што се

подвизуваат заради Бога. Иако, според Својата промисла, не ги избавува сите луѓе оддеднаш од страстите како добар и човекољубив Лекар, туку секого што доаѓа при Него го исцелува во свое време.

40. Кога страстите не дејствуваат, тогаш, кога причините за тоа биваат скриени или демоните лукаво се кријат, се појавува гордоста.

41. Речиси секој грев го правиме заради наслада на самоугодувањето. Затоа тој се отстранува преку страдања и жалења, волни или неволни, по дејството на покајанието или на некоја неволја, испраќана според Божјата промисла. Светото писмо вели: „Ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме судени. Но бидејќи сме осудени, Господ не накажа, за да не бидеме накажани заедно со светот“(1. Кор. 11, 31-32).

42. Ако ти дојде некое ненадејно искушение, не обвинувај го оној, преку кого тоа дошло, и ќе добиеш помош. Зашто дали преку него или преку некој друг, ти си бил должен да ја испиеш горчината од чашата на Божјата промисла.

43. Доколку си полош во својот живот, дотолку се помалку откажувај се од страдањата, за да се смириш и да ја оддалечиш гордоста од себеси.

44. Понекогаш искушенијата им причинуваат на луѓето задоволства, понекогаш жалости и телесни страдања. Зашто Лекарот на душите, според Својата промисла, лекарството го дава сообразно со причината на страстите, која ја наоѓа во душата.

45. Искушенијата им биваат испраќани на некои за очистување на нивните направени гревови; на други за прекинување на гревовите што ги прават токму тогаш; а на трети, поради тоа да бидат спречени оние што се закануваат да бидат направени, а освен овие, има и такви искушенија и за луѓето, какви што биле оние на кои бил подложен многустрадалннот Јов.

46. Благоразумниот, помислувајки за начините на Божјото лекување, со благодарност ги претрпува неволјите, никого не го смета одговорен. туку се обвинува само себеси и своите гревови. А неразумниот кога греши и кога за тоа бива казнуван, како виновник за своите страдања го смета или Бога или луѓето, не разбирајќи ја длабочината на премудрата Божја промисла.

47. Има средства, што го сопираат движењето на страстите и кои не им даваат понатаму да се развиваат, а има други што ги намалуваат и ги доведуваат до истоштеност. На пример, постот, трудовите и бдеењето не им даваат на похотите да растат; усамувањето, созерцанието, молитвата и љубовта спрема Бога ја намалуваат похотта и ја водат кон исчезнување. Така е и во однос на раздразнетоста: великодушноста, незлобивоста и кротоста ја смируваат и не и даваат понатаму да се зголемува, а љубовта, милостињата, добрината и човекољубието ја намалуваат.

48. Чијшто ум непрестајно е насочен кон Бога, кај него и желбата се претвора во желба кон Бога, а целата раздразнетост се претвора во божествена љубов, зашто преку долготрпеливоста тој добива озарение и целиот станува светол, ја победува својата желба ја стеснува и ја задушува, ја претвора, како што е речено, во непрестајна желба за Бога и постојана силна љубов спрема Него, пренесувајќи ја потполно од земното кон божественото.

49. Не секој што не завидува, што не се гневи, што не го памети злото што му го направиле и што го навредиле веќе со тоа има љубов спрема нив, зашто тој може, и без да ги сака, да не им враќа зло за зло, и без да се приморува да го прави тоа: бидејќи да им се прави добро на оние што не мразат а е својствено само на совршената духовна љубов.

50. Оној што не го сака другиот човек не значи дека го мрази. Исто така, и оној што не го мрази својот ближен се уште не значи дека го љуби. Тој може да се наоѓа некаде во средината во својот однос спрема него: може и да не го сака и да не го мрази. Зашто, расположбата на љубов спрема ближните во душата обично бива од пет причини за кои е речено во 9-та глава од втората стотина, а тоа се: едната која е пофална, втората е обострана, а трите последни се за прекор.

51. Кога ќе забележиш дека твојот ум со наслада се занимава со земни работи и со љубов се задржува со помислите за нив, тогаш знај дека нив ги сакаш повеќе од Бога. Зашто Самиот Господ вели: „Каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 21).

52. Умот, што се прилепил до Бога и што живее со молитвата и со љубовта во Него, станува мудар, благ, силен, човекољубив, милостив, великодушен и, едноставно речено, сите божествени својства ги носи во себеси. А оној што се оддалечува од Него и се здружува со земните предмети, откако ќе му се предаде на сластољубието, се озверува и заради тоа војува со љубовта.

53. Светото писмо сетивните работи ги нарекува „свет“ и оние што се занимаат со световните работи ги нарекува луѓе на овој свет, за кои вели вака: „Не сакајте го светот и се што е во него, Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто се што е во светот похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“. (1. Јов. 2, 15-16).

54. Монах е оној којшто умот свој го оддалечил од сетивните работи и, со воздржување, љубов, пеење псалми и молитви, непрестајно Му се присоединува на Бога.

55. Духовниот човек се нарекува пастир, зашто делата во духовниот живот имаат значење на одгледување домашен добиток. Затоа и светиот апостол Јаков Божјите слуги ги нарекува пастири. Пастирот на духовните овци е оној што има созерцание, зашто помислите негови се како овци во горите, што ги пасе умот. Затоа и: „Египтјаните (односно демонските сили) сите овчари ги сметаат за нечисти“ (1. Мој. 46, 34).

56. Тогаш кога телото бива поттикнувано од похотите и сластите, порочниот ум, ги следи нив и се согласува со мечтаењата и стремежите на телото. Но добродетелниот ум се воздржува и се оддалечува од страсните мечтаења и стремежи и се труди своите движења да ги прави подобри.

57. Од добродетелите едни се телесни, а другите се душевни. Телесни добродетели се: постот, бдеењето, спиењето на гола земја, служењето, рачното работење, за да не им бидат товар на другите или да можат да даваат милостиња и друго. И така, ако се случи, некој да биде во неволја или да има некаква телесна потреба, а ние не сме во состојба да ги пројавиме нашите телесни добродетели, тогаш Господ снисходливо ќе ни прости затоа што ги знае причините за тоа. А, доколку не ги извршуваме душевните добродетели нема да имаме никакво извинување, зашто тие не се изложени на такви пречки.

58. Оној што ја има Божјата љубов има сила да ги презира секоја преодна сласт, секое телесно страдање и секоја жалост. Во ова нека те уверат и светите оци, коишто толку многу пострадале за Христа.

59. Пази се од мајката на сите зла, од самољубието. Тоа се состои во неразумна љубов спрема телото. Зашто од него се раѓаат трите први страсни и ненаситни помисли: чревоугодието, среброљубието и суетата. Тие ги позајмуваат своите поводи од телесните потреби, а од нив се раѓаат сите страсти сето нивно племе. Затоа е потребно, како што е речено, извонредно многу да се пазиме од самољубието и со голема будност да се бориме против него. Зашто, ако го победиме, сме го победиле и целиот негов многуброен пород.

60. Страста на себељубието му внушува на монахот да го пази своето тело, да биде попустлив спрема него, да му дава доволно храна, божем да го запази неговото здравје, како и разумно да управува со своето тело, се додека малку по малку сосема не падне во бездната на сластољубието, па мирјанинот, со самото тоа што e мирјанин, го подучува: „Грижата за телото не претворувајте ја во похотти“(Рим. 13, 14).

61. Се вели дека највозвишената состојба на молитвата е тогаш кога за време на молењето умот бива надвор од телото и од светот, кога не е земен и кога е невидлив. Оној којшто оваа состојба ќе ја запази ненарушена, тој навистина непрестајно се моли.

62. Како што телото, кога ќе умре, тотално се одвојува од сите земни работи, така и умот, умирајќи додека дејствува оваа најсовршена молитва, се одделува од сите световни помисли. И ако нашиот ум не умира со ваква смрт, тој не може да биде со Бога и не може да живее со Него.

63. Смирен монаху, биди внимателен и не дозволувај да бидеш измамен дека можеш да бидеш спасен и покрај тоа што им робуваш на сластољубието и на славољубието.

64. Како што телото греши со дела и за своја заштита ги има телесните добродетели, за да биде целомудрено, така и умот греши со страсни помисли, а за закрила ги има душевните добродетели, за да може да ги гледа работите чисто и непристрасно, со целомудрие.

65. Како што по денот доаѓа ноќта и по летото зима, така по суетата и сластољубието следат жалости и страдања, или уште во текот на овој живот или во идниот.

66. Оној што згрешил не може да го одбегне идниот Суд без доброволни и тешки трудови во овој живот или без страдања предизвикани од несакани неволји.

67. Се вели, дека има пет причини, поради кои Бог допушта да бидеме напаѓани од демоните. Првата причина е: напаѓани сме од нив затоа, за да дојдеме до умеење како да ја разликуваме добродетелта од гревот; втората е: преку борба и труд да придобиеме добродетели и да ги пазиме неизменливи и постојани; третата: кога напредуваме во добродетелите, да не мислиме високо за себеси, туку да се научиме да бидеме смирени; четвртата: да видиме на дело колку е лош гревот и да го намразиме со силна омраза; и, најпосле, петата. која е и најважната: откако ќе станеме бестрасни, да не ги забораваме нашите немоќи, како ни силата на Оној Којшто ни помага.

68. Како што умот на гладниот мечтае за леб, а на жедниот за вода, така и умот на чревоугодникот мечтае за разновидни јадења; на сладострасниот за женски лица; на славољубивиот за почести од луѓето; на среброљубивиот за печалби и приходи; на злобните за одмаздување на оние што го навредиле; на завидливиот за влошување на работите на оној што му завидува. Умот што е завладеан од страсти прима страсни помисли и додека е буден и додека спие.

69. Кога се засилува похотта, тогаш и во сонот мечтае за нешта што му причинуваат наслада, а кога е раздразнет, тогаш гледа работи, што го плашат. Нечистите духови ги засилуваат нашите страсти, бивајќи помагани од нашата мрзеливост. Треба да им се молиме на светите ангели да не поттикнуваат кон добродетелен живот.

70. Честото возбудување на пожелните сили на нашата душа во нас создава навика кон сластољубиви дела, а честото возбудување на раздразнителноста го прави плашлив нашиот ум и го пишува од храброст. Првите ги исцелува продолжителниот подвиг на постот, бдеењето и молитвата, а втората милосрдноста, човекољубието, љубовта и целомудрието.

71. Лошите духови војуваат против нас или со самите работи или со страсните помисли за нив; со самите работи оние што живеат меѓу нив, а со помислите оние што се оддалечиле од нив.

72. Многу е полесно да грешиме со мислата, отколку со дело; а борбата против мислите е многу потешка од борбата преку видливите работи.

73. Видливите работи се надвор од умот, а помислите се внатре во него. Во негова власт е да се ползува со нив добро или лошо. По погрешната употреба на мислите следи злоупотребувањето на работите.

74. Умот ги добива страсните помисли на следните начини: преку сетивата, преку состојбата на телото и преку спомнувањето. Преку сетивата кога врз нив дејствуваат оние работи, спрема коишто имаме страст, тогаш тие поттикнуваат страсни помисли. Преку состојбата на телото кога не се запазува воздржувањето во исхраната, или кога под дејство на демоните или од некаква болест ќе се измени состојбата на телото и ќе почне да го поттикнува на страсни помисли или бунтување против Божјата промисла. Преку спомнувањето, кога си спомнуваме за работите, со кои сме страсно поврзани и на овој начин ги поттикнуваме страсните помисли.

75. Од работите што ни ги дал Бог за употребување едни се наоѓаат во душата, други во телото, а третите се околу телото. Во душата се наоѓаат нејзините сили; во телото сетивата и деловите на телото; околу телото храната, имотот, парите и друго. Доброто и лошото ползување со овие работи и последиците од тоа покажуваат дали сме добродетелни или порочни.

76. Овие наши однесувања спрема работите во душата, во телото или оние околу телото се: во душата знаењето и незнаењето, запомнувањето или заборавањето, љубовта и омразата, стравот и храброста, радоста и жалоста и друго; во телото насладата и уморот, чувствителноста и нечувствителноста, здравјето и болеста, животот и смртта, и друго слично; во она што е околу телото многу деца и бездетност, богатство и сиромаштија, слава и непознатост, и други слични. Некои од овие луѓето ги сметаат за добро, а други за зло, а всушност само по себе не е ни добро ни зло; биваат добро или зло во зависност од нивната употреба.

77. Природното знаење е добро, како што е добро и здравјето на телото, но на многумина спротивното им донело поголема полза.

Зашто на лошите луѓе знаењето не им е за добро, иако тоа, како што рековме, по природа е добро. Исто така, за нив не е добро ни здравјето, ни богатството, ни радоста, зашто тие не ги употребуваат овие добри дарови за своја полза. За нив е покорисно токму спротивното. Па, според тоа, во извесна смисла и тоа не е зло, иако се чини дека е зло.

78. Не злоупотребувај ги мислите, за да не ги злоупотребуваш и работите, зашто ако најнапред не згрешиш со твоите мисли, никогаш нема да згрешиш ни со дела.

79. „Обликот на земниот“ на Адама, тоа се главните пороци, какви што се: неразумноста, малодушноста, невоздржувањето, неправдата, а „обликот на Небесниот“ се главните добродетели: благоразумноста, храброста, целомудрието, справедливоста, Светиот апостол вели: „Како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на Небесниот“ (1. Кор. 15, 49).

80. Ако сакаш да го најдеш патот, кој води во животот, тогаш барај го на тој Пат, Кој рекол: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот освен преку Мене... Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде“ (Јован 14, 6, 10, 9). Таму ќе го најдеш и ти. Но барај го добро, зашто „малцина го наоѓаат“ (Матеј 7, 14), така што, оставајќи го на оние малцина што го наоѓаат, да не се најдеш во бројот на оние што не го наоѓаат.

81. Душата отстапува од гревовите заради следниве пет причини: поради страв од луѓето, поради страв од идниот Суд, поради вечна награда, поради љубов спрема Бога, и најпосле, поради грижата на својата совест.

82. Некои говорат дека не би имало зло во созданијата, кога не би имало некаква лоша сила во светот. Но таа сила не е ништо друго, освена нашата негрижа за природното дејствување на нашиот ум. Затоа, оние што се грижат за него секогаш прават добро, а никогаш зло. Па, ако и ти го сакаш тоа, тогаш откажи се од твојата негрижа, а заедно со тоа ќе го отфрлиш и злото, што се состои во грешното употребување на мислите, кое станува преку злоупотребувањето на работите.

83. Според природата на разумниот дел ние треба да им се покоруваме на божествените зборови и да владееме со неразумниот дел што е во нас. Ако го запазуваме овој ред, тогаш нема да има зло во созданијата, а нема да има во нас ни сила што ќе не влече кон злото.

84. Некои наши помисли се прости, а други се сложени. Простите помисли се бестрасни, а сложените се страсни. Но можеме да согледаме дека многу од простите помисли одат по сложените кога се стремат со мисла. За пример да го земеме злото. На некого му паднала на ум страстната помисла за златото, и тој се устремува мисловно да го украде. И така, ете, тој згрешил во умот сторил грев. Откако си спомнал за златото, веднаш потоа следела помислата за кесе со пари, за ковчеже, за каса и за други и слични нешта. И така, помислата за златото станува сложена, затоа што се соединила со страста. Ова се случува со која и да е друга помисла: со славољубивата помисла, со помислата за жената и со сите слични. Зашто не сите помисли, што следат по страстните биваат страстни, како што укажува горниот пример. Од ова можеме да познаеме кои помисли се страстни и кои не се.

85. Некои луѓе велат дека демоните, за време на сонот, ги допираат срамните делови на нашето тело и на тој начин ја возбудуваат блудната страст, а потоа, возбудената страст со спомнувањето не потсетува на жена. А други мислат, дека самите демони ни го даваат ликот на жената, а потоа, допирајќи ги срамните делови на телото, ја возбудуваат похотта спрема жената и се појавуваат мечтаења од таков вид. А трети пак, мислат дека страста, која преовладува во демонот што се приближува, таа иста таква страст се распалува и во човекот, на кого му се приближува и му поднесува соодветни слики преку спомнувањето. Истото го говорат и за другите страсти: дека демоните во еден случај дејствуваат на еден, а во друг на друг начин. Впрочем, ниту во еден случај демоните не можат сами да распалат во нас некоја страст, ни кога сме будни, ниту кога спиеме, ако во нашата душа се присутни љубовта и воздржанието.

86. Некои од заповедите на законот треба да ги извршуваме и телесно и духовно, а други само духовно. На пример, заповедите: „Не прави прељуба; не убивај; не кради“ и сличните на нив треба да ги пазиме и телесно и духовно. Напротив, заповедите во врска со обрезанието. празнувањето на саботата, колењата на јагнињата, јадењето на пресните лебови заедно со горчливото зелје и другите слични заповеди, треба да ги пазиме само духовно.

87. Најглавните морални состојби кај монахот се: првата: кога со ништо не греши на дело; втората: кога не дозволува во неговата душа да се задржуваат страстни мисли; третата: кога без страст гледа ликови на жени во своите мисли и луѓето што го навредиле.

88. Не е алчен за имот оној, којшто се откажал од целиот свој имот и на земјата нема ништо освен своето тело, на и спрема него не чуствува никаква добра расположба: сета грижа за себеси тој им ја остава на Бога и на добрите побожни луѓе.

89. Од оние што стекнуваат имот некои го придобиваат без страст, па затоа кога ќе бидат лишени од него, не тажат, туку и разграбувањето на својот имот понекогаш го примаат со радост (сп. Евр. 10, 34). Други придобиваат имот со страст, па затоа кога ќе го загубат тие жалат многу, како што се напомнува во Светото евангелие за богатиот млад човек и се вели: „Си отиде нажален, оти имаше голем имот“ (Матеј 19, 22). Кога ваквите се лишат од имотот што го имаат, тие жалат многу. Според тоа како некој го поднесува пишувањето од имотот покажува каков е неговиот однос спрема него страстен или бестрастен.

90. Демоните ги напаѓаат големите молитвеници, наведувајќи на нивниот ум прости помисли за видливите работи и на тој начин ги одвраќаат од молитвата, задржувајќи ги подолго време во страстни помисли. Така се однесуваат спрема оние што се наклонети кон познанијата, кои подолго ги задржуваат нивните страстни помисли, напаѓајќи ги оние што се подвизуваат со дејствителен живот, наклонувајќи ги да прават лоши дела. Демонот се служи со најразлични начини, за да ги одвои луѓето од Бога.

91. Оние што, по Божја промисла се вежбаат во побожноста во овој живот, биваат испитувани со овие три искушенија: или со тоа што им биваат давани пријатни работи, како што се: здравјето, убавината, многу деца, богатство (многу имот), слава и слично на тоа; или со испраќање на жалости, како што се губењето на децата, богатството, славата; или со тоа што нашето тело е подложено на страдања, какви што се: болестите, измачувањата и друго. На првите Господ им говори: „Кој не се откаже од се што има, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 33), а на вторите и на третите: „Со трпение спасувајте си ги душите“ (Лука 21, 19).

92. Велат дека следниве четири причини ја изменуваат состојбата на телото и преку тоа му даваат на умот страстни или бестрастни помисли. Тие причини се: ангелите, демоните, воздухот и храната. Велат дека ангелите ја менуваат оваа состојба преку зборови; демоните преку допир; воздухот преку своите промени; храната со тоа какви се јадењата и пијалоците, дали се изобилни или скудни. Освен со овие причини, промените биваат условувани и од: паметењето, слухот, видот кога душата ќе пострада под дејство на жалосни или радосни околности. Откако ќе пострада од нив, душата предизвикува промени и во телесната состојба, а изменетата состојба на телото, како што е веќе речено, му дава на умот и соодветни помисли.

93. Всушност, смртта е оддалечувањето од Бога; гревот е бодилото на смртта; Кога Адам го примил ова бодило во себеси, тој бил истовремено изгонет и оддалечен и од дрвото на животот и од рајот и од Бога, по што неопходно следувала и телесната смрт. Вистинскиот живот е Оној Кој рекол: „Јас сум животот“(Јован 14, 6). И Он, откако умрел, пак се вратил од смртта во живот.

94. Кога нешто се запишува, тоа се запишува, или за да се запомни или за полза на другите, или и за едното и за другото; или за штета на некои; или за да им се покаже тоа на некои; или заради некоја потреба.

95. „Плодни пасишта“(Псал. 22, 2) е дејствителна добродетел, а „тихата вода“ е знаење на она што е создадено.

96. „Смртната сенка“ е човечкиот живот. И оној што е со Бога и кога е со Бог може смело да рече: „Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто ти си со мене“(Псал. 22.4).

97. Чистиот ум вистински ги гледа работите. Тој го поставува виденото преку вежбањето во зборовите и како да го става пред очите на другите и отворениот слух го слуша тоа, а оној што е лишен од едното и од другото не го признава реченото.

98. Бога Го познава Оној што е со Света Троица, како и Неговото создание и Неговата промисла, оној што страстниот дел на душата го запазува бестрастен.

99. „Жезол“ го означува Божјиот суд, а „палка“ Божјата промисла. Оној што го познап ова, тој може да говори заедно со пророкот: „Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псал.22,4).

100. Kora yмот ќе се испразни од страстите и ке се просвети со созерцание на она што постои, тогаш може да биде и во Бога и да се моли правилно.

Свети Максим Исповедник