Свети Максим Исповедник

Четиристотини глави за љубовта

1. Љубовта е такво расположение на душата според кое душата ништо друго не претпочита пред познавањето на Бога. Но, во состојба на ваква љубов невозможно е да бидете некој кој што е пристрастен кон нешто земно.

2. Љубовта се раѓа од бестрасноста; бестрасноста се раѓа од надежта на Бога, а надежта од трпеливоста и од великодушноста, а последните две од воздржувањето. Воздржувањето, пак, од стравот Божји од верата во Господа Бога.

3. Оној што Му верува на Господа, тој се плаши од пеколните маки, а оној што се плаши од пеколните маки, тој се воздржува од страстите. Оној што се воздржува од страстите, тој трпеливо ги поднесува страдањата. Оној што ќе ги победи страдањата, тој ќе добие надеж во Бога. Надежта во Бога не ослободува од каква било земна пристрастеност. Умот кој е ослободен од се ќе добие љубов спрема Бога.

4. Оној што Го љуби Бога, тој го претставува знаењето на Бога на се што е создадено од Него и постојно се труди за придобивање на таквата љубов.

5. Ако се што постои постои преку Бога и за Бога, тогаш Бог е подобар од се што го добило своето суштествување од Него. Затоа, оној што Го остава Бога и се занимава со она што е создадено од Него. покажува дека пред Бога ги претпочита созданијата Негови.

6. Оној што е прилепен со љубов кон Бога, тој, целиот видлив свет не го смета за ништо; дури и своето сопствено тело го смета како туѓо.

7. Ако душата е подобра од телото и неспоредливо подобра од целиот свет од Бога создаден, тогаш претпочитувај ја пред телото; оној што не ја претпочита душата пред телото и пред целиот, од Бога создаден свет, тој по ништо не се разликува од идолопоклониците.

8. Секој што го одвоил својот ум од Бога и престанал да живее во негово присуство, поврзувајќи се кон нешто земно, тој го претпочита телото над душата и Божјите созданија ги почитува повеќе од Бога.

9. Ако животот на умот е просветување на познавањето, а оваа светлина се раѓа од љубовта спрема Бога, тогаш добро е речено, дека нема ништо повозвишено од Божјата љубов.

10. Кога, умот се издигнува кон Бога, привлекуван од љубовта. тогаш, тој не се чувствува ни себеси, ниту што и да е друго од Божјите созданија. Озаруван со бескрајната божествена светлина, тој станува нечувствителен за се што е создадено. Како што и телесното око не може да ги види звездите по изгревањето на сонцето.

11. Сите добродетели му помагаат на умот да Го засака Бога, но најмногу му помага молитвата. Окрилуван од неа во своето издигнување кон Бога, тој се оддалечува од се што е земно.

12. Кога умот, преку љубовта, ќе се издигне до божественото познавање, кога ќе се оддалечи од се што е земно, тогаш ќе ја почувствува божествената бескрајност; тогаш, според примерот на божествениот Исаија, од вчудоневиденост ќе дојде до чувството на својата ништожност, па искрено ќе ги изговара зборовите на светиот пророк: „Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста, а очите мои Го видоа Царот, Господа Саваот!“ (Иса. 6, 5).

13. Оној што Го љуби Бога, не може да не го љуби и секој човек како што се љуби себеси, иако не се согласува со страстите на оние, кои што се уште не се очистиле. Затоа, кога ќе го види нивното обраќање и поправање се радува со неизмерна и неискажлива радост.

14. Нечистата е страсната душа; таа е преполна со помисли на похоти и омраза.

15. Оној што во срцето свое ќе забележи трага од омраза спрема кој и да е човек, за каква и да е мана, наполно и е туѓ на љубовта спрема Бога. Зашто љубовта спрема Бога не трпи никаква омраза спрема човекот.

16. Нашиот Господ Исус Христос говори: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди“(Јован 14, 15) и: „Оваа е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив и Јас“(Јован 15, 12). Затоа, оној што не го љуби ближниот, тој не ги извршува заповедите, а оној што не ги исполнува заповедите не може да Го љуби ни Господа.

17. Блажен е оној човек што може секого еднакво да го љуби.

18. Блажен е оној човек што не е приврзан кон ништо земно, дури ни привремено.

19. Блажен е оној ум, којшто се издигнува над се што е создадено, а непрестајно се насладува со божествената убавина.

20. Кој грижата за телото ја претвора во похоти и на ближниот свој му се лути привремено заради нешто, тој повеќе им служи на созданијата отколку на Создателот.

21. Оној што телото свое го запазува од сласти нему и болестите му помагаат во служението на подоброто.

22. Оној што ги одбегнува похотите на светот, тој се издигнува над земните жалости.

23. Оној што Го љуби Бога неизоставно го љуби и својот ближен. Тој, не натрупува богатство; се што има го разделува богоугодно на оние што им е потребно.

24. Оној што раздава милостиња, подражавајќи Му на Бога, не прави разлика меѓу лоши и добри, меѓу праведни и неправедни: тој подеднакво на сите им дава, а порочниот го претпочита.

25. Како што Бог Кој по природа е добар и бестрастен, иако сите подеднакво ги сака, како Свои созданија, но, добродетелниот го прославува, како сроден на Себеси, а порочниот го милува според Својата добрина и казнувајќи го во овој живот, го обраќа кон Себеси, така и обожениот и бестрастен човек сите луѓе подеднакво ги љуби: добродетелните по природа и за добрата расположба на нивната волја, а непорочниот, како по природа, така и од сочувство, него го милува како неразумен, како оној што оди во темнина.

26. Расположба на љубовта се пројавува само со раздавањето на имотот; таа подобро се покажува преку предавањето на словото Божјо и со телесното служење.

27. Оној што искрено се откажал од земните работи и кој нелицемерно и со љубов му служи на својот ближен, набргу ќе се ослободи од секаква страст и ќе се присоедини кон божествената љубов и кон божественото знаење.

28. Оние што ја придобиле во себе божествената љубов, слично на божествениот Јеремија, ќе речат: Господи, „не биди страшен за мене, Ти си надеж моја во лош ден““(Јерем. 17, 17), и храбро ќе ја истрпуваат секоја мака, страдање и навреда, не помислувајки никакво зло против никого.

29. Кога некој те навредил или те понижил, чувај се од помислите на гневот, за да не те одделат од љубовта, преселувајќи те во областа на омразата.

30. Кога ти е тешко затоа што те прекориле или те навредиле, помисли на тоа дека токму тие ти придонеле голема полза. Зашто преку унижувањето, по Божја промисла, од тебе е изгонето славољубието.

31. Како што споменот за телото не го стоплува телото, така верата без љубов не ја создава светлината на знаењето во душата.

32. Како што сончевата светлина го привлекува здравото око, така и познавањето на Бога природно, преку љубовта, го привлекува чистиот ум кон Бога.

33. Умот е чист кога го надминал незнаењето и кога се осветува со Божествената светлина.

34. Чистата душа, која се ослободила од страстите со божествената љубов, непрестајно се развеселува.

35. Страста е достојна за осудување, зашто таа е неприродно бранување на душата.

36. Бестрасноста е мирна состојба на душата, при што е неподвижна кон злото.

37. Кој успеал со трудови да ги придобие плодовите на љубовта, тој не се одделува, макар и илјадници зла да претрпува. Во вистинитоста на кажаното нека те увери и Христовиот ученик Стефан, како и многумина слични на него, како и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој Му се молил на Бога за Своите убијци, да им се прости за тоа што го правеле, зашто го правеле од незнаење (Лука 23, 34).

38. Ако на љубовта и е својствено да биде долготрпелива и милосрдна (сп. 1. Kop. 13, 4), тогаш е очигледно дека оној што се гневи и што има злоба дека и е туѓ на љубовта. Но тој што и е туѓ на љубовта, туѓ му е и на Бога, зашто „Бог е љубов“(1. Jов. 4, 8).

39. Не велете дека сте храм Божји, вели божествениот Јеремија (сп. Јерем. 7, 4). И ти не вели: „Мене може да ме спаси само верата во нашиот Господ Исус Христос“. Зашто тоа е неможно, ако не придобиеш љубов спрема Него, која ќе биде посведочена со дела. А што се однесува до голата и осамена вера, еве што ни вели светиот апостол Јаков: „И бесовите веруваат, а треперат“(Јак. 2, 19).

40. Дејствувањето на љубовта се состои од: усрдно помагање на ближниот, великодушноста, трпението И благоразумното ползување со предметите.

41. Оној што Го љуби Бога, тој никого не го огорчува и никому не му се лути заради привремени работи; тој ги огорчува другите и себеси се огорчува со она спасоносно огорчување, што го имал блажениот Павле спрема Коринтјаните (сп. 2. Кор. 2, 4).

42. Оној што Го љуби Бога, тој живее ангелски живот на земјата: пости, бдее, пее, се моли и секогаш, за секој човек добро мисли.

43. Ако секој човек, она што го сака успева и да го добие, а од се постоечко во овој свет, најголемото добро, достојно за сакање е Бог, тогаш треба да покажуваме најголеми напори да Го придобиеме Бога, Кој е по природа благ и достоен за љубов.

44. Не уништувај го твоето тело со срамни дела; не осквернувај ја твојата душа со непристојни помисли, тогаш Божјиот мир ќе слезе на тебе, донесувајќи ја со себе и љубовта.

45. Истоштувај го твоето тело со глад и со бдеење, не биди мрзелив ни во пеењето на псалмите и во молитвите, и осветувањето на целомудрието ќе слезе врз тебе, носејќи ја љубовта со себеси.

46. Оние што се удостоиле со божественото знаење и што со љубов ја примиле божествената просвета, никогаш не се исполнуваат со духот на суетата и со славољубието, а оние што не го примиле ваквото знаење лесно биваат овладувани од суетата. Оној што е просветен од Бога и исполнет со љубов тој што и да работи, постојано кон Бога гледа. Тој, се што работи на Него мисли; со Бога, лесно го одбегнува секое зло.

47. Оној што го достигнал божественото знаење, кое со љубов вдахнува, многу мисли за она што го прави за Бога. А оној што се удостоил да го прима ова вистинско знаење, тој постојано и со срце ги повторува зборовите на патријархот Авраам, што ги изговорил кога се удостои да му се јави Бог: Јас „сум земја и пепел“(1. Мој. 18, 27).

48. Оној што има страв од Господа, тој секогаш за свој собеседник го има смирението; по неговите напомнувања кон љубовта се издигнува и Му благодари на Бога. Тој си спомнува за својот предходен живот, според духот на овој свет, за своите разновидни гревови сторени од искушенијата на младоста и за начинот на кој Господ го избавил од сите нив како го превел од животот страстен во божествено живеење. Тој тогаш, со стравот ја прима и љубовта, и со длабоко смирение непрестајно Му благодари на Бога на својот вистински добротвор и раководител на својот живот.

49. Не осквернувај го својот ум со задржување во себеси на похотливи и гневливи помисли, за да не отпаднеш од молитвата и да не паднеш во духот на очајанието.

50. Кога на умот, собеседници му се лошите и нечисти помисли, тогаш тој бива пишуван од смелоста пред Бога.

51. Неразумниот, воден од страстите, кога ќе се разгневи и разбесни, без размислување брза да избега од своите браќа, а кога телесно се распалува, тогаш се успокојува и пак се враќа при браќата и разговара со нив. Благоразумниот и во обата случаи поинаку постапува. Кога ќе се разгневи, причината на гневот ја прекратува, ослободувајќи се од гневот против браќата, а кога телесно се распалува се воздржува од поводот на гревот и од водење празни разговори.

52. Кога си опфатен од искушенија не напуштај го манастирот свој; храбро поднесувај ги бранувањата на помислите, особено оние што те напаѓаат со жал и со очајание, зашто на тој начин, искушан од жалоста, по Божја промисла, ќе добиеш силна надеж во Господа.

53. Ако сакаш да не отпаднеш од божествената љубов, тогаш не дозволувај братот твој да заспие огорчен против тебе, а и ти не заспивај огорчен против него, туку „отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“(Матеј 5, 24).

54. Доколку, како што вели божествениот апостол, ги имаме и сите дарови на Духот, а да немаме љубов, нема да имаме никаква полза. Тогаш, колку голем труд треба да вложиме за да ја придобиеме љубовта? (сп. 1. Кор. 13, 3).

55. Ако „љубовта не му прави зло на ближниот“(Рим. 13, 10), тогаш оној што му завидува на братот свој, кој се жалости од тоа што него го слават, помрачувајќи го со лоши зборови неговото име и лоши работи измислувајќи за него, се оттуѓува од љубовта, станувајќи виновен за вечно осудување.

56. Ако љубовта е „исполнување на законот“(Рим. 13, 10), тогаш не е ли достоен за вечни маки оној што е злобен спрема братот свој, кој го прогонува и се радува на неговите гревовни паѓања? Ваквиот човек, зар не е вистински престапник на Божјиот закон?

57. Бидејќи „кој го напаѓа братот свој или го осудува, тој го напаѓа законот“(Јак. 4, 11), а Христовиот закон е љубов (сп. Јак.13, 34). Тогаш зар клевстникот не отпаѓа од љубовта Христова, зар не станува ваквиот виновник достоен за вечната мака?

58. Не слушај ги клеветите од клеветникот, ниту со јазикот свој му говори на оној што сака лоши зборови и прекорувања против ближниот, за да не отпаднеш од љубовта божествена и за да не се покажеш туѓ на вечниот живот!

59. Не слушај прекори и озборувања за твојот духовен отец, не охрабрувај го оној што говори против неговата чест, за да не се разгневи Господ на тебе и да не те истреби од земјата на живите.

60. Затвори му ја устата на клеветникот, не слушај го, за да не згрешиш заедно со него, правејќи двоен грев, па и ти самиот да се научиш на оваа погубна страст; кога нему не му се противстануваш, тогаш и ти го навредуваш ближниот свој.

61. Господ вели: „љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат“(Матеј 5, 44). Зошто го заповедал ова Господ? Затоа, за да те ослободи од зависта, од огорчувањето, од гневот, од злобата за да те удостои со највозвишената придобивка со совршената љубов. Неа не може да ја има оној што не ги сака сите луѓе подеднакво, подражавајќи го Божјиот пример, Кој сите луѓе подеднакво ги сака: „Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“(1. Тим. 2, 4).

62. „Јас, пак, ви говорам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. А, ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две“(Матеј 5, 39-41). Зошто? За и тебе да те запази без гнев, невознемирен и неогорчен, а и затоа: и него со твојата негневливост да го поучи, та и обајцата да ве натера да го носите товарот на љубовта. Он ни го заповеда ова затоа што е Бог на љубовта.

63. За нештата спрема кои некогаш сме биле страсно приврзани, имаме страсни вообразби. Затоа, оној што ги победува страсните вообразби, тој, се разбира, ги презира и нештата што си ги вообразува. Затоа што, борбата со спомените за работите е потешка и од борбата со самите работи, како што полесно се греши со мисли, отколку со дела.

64. Некои страсти се телесни, а други се душевни. Телесните го добиваат својот повод од телата, а душевните од душата. Но љубовта и воздржливоста ги отсекуваат и едните и другите; љубовта душевните, а воздржливоста телесните.

65. Некои страсти и припаѓаат на раздразнителната сила на душата, а други на пожелната. И едните и другите биваат поттикнувани од чувствата, тогаш кога душата е без љубов и воздржливост.

66. Потешко е да ги победиме раздразнителните сили на душата, отколку пожелните, затоа што против нив Бог ни подарил посилно лекарство заповедта на љубовта.

67. Сите други страсти се однесуваат или само на раздразнителниот или само на пожелниот дел на душата, или, пак, на мисловниот, како на пример, заборавањето и незнаењето. А очајанието, опфаќајќи ги сите сили на душата, одеднаш сите страсти ги става во движење. Затоа Господ, давајќи ни добар лек и против очајанието, ни говори: „Со трпение, спасувајте си ги душите“ (Лука 21, 19).

68. Не тепај никого од браќата, особено ако се невини, за да не си отидат исполнети со тага. Тогаш ти ќе бидеш измачуван од твојата совест и никогаш нема да избегаш од нејзините изобличувања, кои секогаш за време на твојата молитва ќе те ожалостуваат и на умот твој смелоста пред Бога ќе му ја одземаат.

69. Не прифаќај никаква соблазна на сомневање во кого и да е од луѓето. Оние што си дозволуваат нешто слично, доброволно или случајно, тие не го познаваат „патот на мирот“(Рим. 3, 17), кој преку љубовта не води кон познавањето на Бога.

70. Совршената љубов не ја добил се уште оној којшто се однесува спрема луѓето така што: еден човек го сака, а друг го мрази заради една или друга причина или, пак, еден ист човек, заради разни причини, ту го сака ту го мрази.

71. Совршената љубов не ја определува единствената човечка природа според тоа каков е некој човек, туку таа, без оглед на фактот какви се луѓето, сите ги сака подеднакво: добрите ги сака како пријатели, а недобрите како непријатели, правејќи им добро, претрпувајќи го злото што и го прават. Таа никогаш не им враќа зло за зло; готова е и да страда за нив, ако биде потребно, за, ако е можно, да направи да и бидат пријатели. Дури и да не е можно, таа не отстапува од својата расположба спрема нив: секогаш ги пројавува своите изобилни плодови спрема нив. Така и нашиот Господ Исус Христос, пројавувајќи ја својата љубов спрема нас, пострадал за сите луѓе, за целото човештво; на сите подеднакво им ја дарувал надежта на воскресение, иако секој човек, самиот се прави за вечна слава или за вечна смрт.

72. Кој не се однесува подеднакво спрема славата и неславата, спрема богатството и сиромаштијата, спрема радоста и жалоста, тој уште не ја достигнал совршената љубов. Совршената љубов овие нешта ги смета за ништо; таа ги смета за ништо и самиот привремен живот и самата смрт.

73. „Кој ќе не одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли или голотија, опасност ли или меч? Како што е напишано: „Заради Тебе секогаш не убиваат; не сметаат како овци за клање“. Но во сето ова победуваме преку Оној Кој не возљуби. Оти сигурно знам, дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту пак некоја друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8, 35-39).

74. За љубовта Божја послушај, пак, што говорат оние што ја имале љубовта: „Ви зборувам вистина, вистина во името на Христа, не лажам тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христа за браќата свои, моите сродници по плот, кои се Израилци, на кои им припаѓа посинувањето и славата и заветите и законот, и службата кон Бога и ветувањето“ (Рим. 9, 14). Вака говорел и Мојсеј и многумина други свети луѓе.

75. Оној што го смета за ништо честољубието и сластољубието и што го одбива и среброљубието што се раѓа заради нив, не може да ги отстрани причините за појавата на гневното раздразнување. А оној што не може да го направи тоа не може да ја добие совршената љубов.

76. Смирението и телесните пишувања го ослободуваат човекот од секаков грев, затоа што смирението ги отстранува душевните страсти, а телесните лишувања телесните. Така постапувал блажениот Давид, што може да се забележи и во неговата молитва кон Бога: „Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои“ (Псал. 24, 18).

77. Преку извршувањето на заповедите, оние луѓе што ги извршуваат Бог ги прави бестрасни, а преку божествените догми им ја подарува светлината на знаењето.

78. Сите догми говорат или за Бога, или за видливите и за невидливите созданија или за Божјата промисла и за Божјиот суд кои се пројавени во нив.

79. Милостињата го лекува раздразнителниот дел на душата; постот ја исушува похотта; молитвата го очистува умот и го приготвува за созерцание на она што постои. Зашто Господ ни ги дал заповедите според силите на нашата душа.

80. Господ вели: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за вашата душа“ (Матеј 11, 29). Кротоста ја запазува раздразнителноста од возбудување, а смирението го ослободува умот од горделивост и од славољубие.

81. Стравот Божји е двоен. Едниот се раѓа од застрашувањето со казна, од што кај нас се појавува воздржувањето, трпението, надежта на Бога и бестрасноста, од која пак се појавува љубовта; а другиот страв е поврзан со самата љубов, создавајќи расположеност во душата, така што од смелоста на љубовта не доведува до занемарување на Бога.

82. Љубовта го прогонува првиот страв (сп. 1. Jов. 4, 18) од душата, која ја придобила, и веќе не се бои од маката; а вториот, како што е веќе речено, таа секогаш го има соединет со себеси. На првиот страв одговараат следниве зборови од Светото писмо: „Стравот од Господа запазува од гревот“ (Изрек. 15, 27) и: „Почетокот на мудроста e стравот Господов“ (Изрек. 1, 7), а на вториот: „Стравот Г осподов е чист пребива довека“ (Псал. 18, 10) и: „Не ќе бидат лишени од секакви добра“(Псал. 33, 10).

83. Светиот апостол Павле вели: „Умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудствата, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомоста, која е идолопоклонство“(Кол. 3, 5). Апостолот земни ги нарекува: мудрувањето на телесните пороци; блудот грев извршен со дело; нечистотата согласувањето со него; страста страсната помисла; лошата желба прифаќањето на похотната помисла; лакомството материјата што ја раѓа и израснува страста. Блажениот апостол ни заповеда да го умртвиме сето ова.

84. Најнапред спомените внесуваат во умот проста помисла. Ако таа се задржи во умот, тогаш ги раздвижува страстите; ако не ја уништиш страста, таа го натерува умот да се согласиш со неа. А кога ќе се случи ова, тогаш, го извршуваш и самото дело. Затоа и светиот апостол Павле, пишувајќи им на христијаните, кои се обратиле од незнабоштвото, најнапред им заповеда да престанат да грешат со дело, а потоа, вракајќи се до некогашниот поредок, ја согледува и причината на стореното. Причината што ја раѓа и поттикнува страста, како што е речено, е лакомоста. Тоа пак, според моето мислење, е прејадувањето, кое е мајка и хранителка на блудот. Зашто лакомството е зло не само во однос на имотот, но и во однос на храната; како што и воздржувањето не само во однос спрема храната, туку и во однос на имотот е добро.

85. Како што птицата, врзана за нога, почнува да се подигнува нагоре, но веднаш потоа пак паѓа на земјата, така и умот "што ја постигнал бестрасноста, иако се обидува да ги познае небесните работи, совладуван од страстите, пак се спушта на земјата.

86. Кога умот целосно ќе се ослободи од страстите, тогаш непрестајно напредува кон созерцание на стварноста, упатувајќи се кон познавањето на Света Троица.

87. Кога умот е чист, тогаш, поимајќи ги работите, бива поттикнуван за нивното созерцание; а доколку поради мрзливост стане извалкан, мислејќи на други нешта има едноставна вообразба, а кога прифаќа што и да е земно, го обземаат лоши и срамни помисли.

88. Ако за време на молитвата, умот твој никогаш не е оптоварен со никаква световна помисла, тогаш знај дека веќе си навлегол во бестрасноста.

89. Кога душата ќе почне да се чувствува дека е здрава, тогаш ќе почне да има и чисти и спокојни сонови.

90. Како што телесното око бива привлекувано од убавината на видливите работи, така и чистиот ум бива привлекуван од познавањето на невидливото. Невидливо го нарекувам она што е бестелесно.

91. Голема работа е да бидеме неприврзани кон земните работи, но уште поголема е да бидеме неприврзани и спрема вообразбите наши за нив, зашто преку помислите, нашата борба со лошите духови бива пожестока, отколку преку самата работа.

92. Оној што напредува во добродетелите и кој се збогатува со вистинско знание, бидејќи ги согледува какви што се, тој секогаш и работи и говори според својот здрав разум и никогаш не се одалечува од него. Зашто, судејќи според тоа, ние се ползуваме разумно или неразумно со работите околу нас и биваме или добродетелни или порочни.

93. Показател на совршена бестрасност е: кога и во будна состојба и во состојба на сон во нашето срце сите работи навлегуваат едноставни.

94. Преку извршувањето на заповедите умот се ослободува и растоварува од страстите; преку духовното созерцание на видливото, тој се ослободува од страстните помисли за работите; а преку познавањето на невидливото се ослободува од созерцанието на невидливите работи; Најпосле, пак, кога ќе ја познае Света Троица, се ослободува и од знаењето на невидливите работи.

95. Како што сонцето, кога изгрева го осветлува светот, покажувајќи се и себеси и предметите што ги осветлува, така и Сонцето на Правдата, кога ќе изгрее во чистиот ум, се јавува и Себеси и разбирањето на сè што била и што ќе биде од Него.

96. Ние не Го знаеме Бога каков е по суштина; Го знаеме само според прекрасните Негови созданија и според Неговата божествена промисла за нив. Во нив, како во огледало, ја гледаме Неговата бескрајна добрина, премудрост и сила.

97. Чистиот ум се наоѓа или во едноставните помисли за човечките работи; или во природното созерцание на она што е видливо; или во созерцанието на невидливото; или во светлината на Света Троица.

98. Созерцавајќи ги видливите работи, умот ги истражува или нивните природни својства, или она што се означува со нив, или, пак, ја бара самата нивна суштина.

99. Вежбајќи се во созерцанието на невидливите работи, умот човечки бара да ги осознае нивните природни својства, причините на нивното суштество и она што следува од ова, како и тоа какви се Божјата промисла и Божјиот суд за нив.

100. A Koгa е во Бога, врз основа на пламената љубов умот најнапред бара да ја разбере Божјата природа, но утехата своја не ја наоѓа во тоа што ќе го познае тоа што е во Него: зашто тоа е неможно за ниедно создадено суштество, туку утехата негова е во тоа што е околу Него: вечноста, безграничноста, неискажливоста, добрината, премудроста и во Неговата семоќна сила, која е пречудна и која промислува за се. А ова во Него достижно е за секого. Секој може да сознае дека Бог е безграничен. Па самото сознание за тоа дека не можеме да знаеме што е Бог по суштина, го надминува секој ум, како што кажале мажите, силни во богословието: свети Грегориј Богослов и Дионисиј Ареопагит.

Свети Максим Исповедник