Преподобниот отец свети авва Филимон

Во кое време живеел преподобниот наш отец Филимон, којшто бил еден од најбогоносните, најтрезните и солзносокрушените духовни учители, немаме податоци. Но дека бил еден од најбогоугодните и најопитните, дека го сакал безмолвието повеќе од сите духовни старци, како вистински подражавател на свети Арсениј Велики, - ова можат да го видат оние што ќе го прочитаат ова слово за него. Зашто, пребивајќи трпеливо дење и ноќе во молитви и моленија во својата пустинска пештера, секогаш, плачејќи со постојани солзни извори, со својот сладок плач се измивал себеси, се издигнувал над сѐ што е земно и телесно, се издигнувал високо со своето богољубиво и духовно соѕерцание - стоел секогаш како глув и нем пред Бога, и се удостоил со пречудното просветување со Божјата благодат. Од ова се озарил како од сончевиот болскот - во своето потполно безмолвие и молчење. Овој секогаш споменуван духовен отец - се обогатил со дарот, не само да размислува, и да расудува, туку и да предвидува. Сведок за ова е писателот на овој Расказ за него, во кој ни се предава неговото мудро учење за светото трезвение, како од неговата дејствителна, така и од неговата соѕерцателна страна, засновани на долговремениот негов личен опит. Затоа, оној што сака да ја отфрли од себеси нечистата и одвратна облека на страстите, како и оној, кој го соблекол од себеси стариот човек и се облекол во светлата облека на бестрасноста и благодатта, или во новиот човек во Исуса Христа, тој, поучувајќи се често во ова учење на духовниот старец свети авва Филимон, кое бива полесно сфаќано доколку се исполнува на дело, лесно ќе го постигне тоа што го сака.

Преподобниот отец свети авва Филимон