1 Светиот Теодор Студит (pdf)

2 Светиот Теодор Студит (pdf)

3 Светиот Теодор Студит (pdf)

4 Светиот Теодор Студит (pdf)

5 Светиот Теодор Студит (pdf)

6 Светиот Теодор Студит (pdf)

7 Светиот Теодор Студит (pdf)

8 Светиот Теодор Студит (pdf)

9 СветиотТеодор Студит (pdf)

10 Светиот Теодор Студит (pdf)

Светиот преподобен Теодор Студит

151 - 175 Подвижнички поученија за монаси

151.

Од тоа како се подготвуваат учесниците за натпреварите во овој свет, - изведува поуки и за подвижниците во духовната борба. (2, 84)

Да видиме како се подготвуваат учесниците на световните натпревари, и зар не можеме врз основа на нивниот пример да се поучиме на нешто корисно и за нашите подвизи? Кога настанува времето за народните игри, а и уште порано, оние што сакаат да учествуваат во натпреварите, оние што ќе учествуваат на тие натпревари се вежбаат и тренираат за дисциплината, во која ќе се натпреваруваат јавно; тие увежбуваат сѐ што ќе им биде потребно на натпреварот, а држат и соодветна диета; не употребуваат храна, која може да им биде пречка за нивниот успех. Тие тогаш и не зборуваат за ништо друго, освен во врска со претстојните натпревари: како да појдат, како да го направат првиот чекор, а потоа каде да се свртат и кого да нападнат. Тие многу се трудат, и зашто го прават сето тоа? Тие се трудат затоа што сакаат да бидат овенчани како победници со свенливи венци и што сакаат да добијат награда. А воедно со тоа, сакаат да им достават извесни задоволства и на гледачите и на своите пријатели, како и да ги посрамат победените. Ако тие прават претходно толку многу напори и толку многу системни размислувања и вежбања и тренинзи, што ни е потребно секако и на нас: и ние да имаме таков усилен напор, вежбање во врска со нашиот подвиг. Зашто нашиот противник не е неопитен, не е без познавања и не е невнимателен. Се чини, дека и тој многу размислува кои и какви начини на напаѓање против нас да употреби: како да ни пријде, како да нѐ нападне, како да нѐ прострели и да нѐ совлада - нас бедните монаси. Зар не треба и ние сериозно да се подготвуваме за ваквите борби кои ни претстојат секој час и секој миг? Зар и ние не треба да се грижиме и уредно и редовно да тренираме? Зар не треба да ги издигнуваме нашите раце и да извикуваме: „Од небесата погледа Господ, ги виде сите синови човечки“ (Псал. 32, 13). „Издигни ја силата Своја и дојди да нѐ спасиш!“ (Псал. 79, 2). Навистина, и ние треба сериозно и непрестајно да се подготвуваме: да се подготвуваме со смиреност и скрушеност на срцето, со надеж и со храброст, со искрена вера и со проверена послушност. Господ нема да го напушти подвижникот на добродетелта, ако Го повикува Него на помош, велејќи: „Господ е крепост моја и штит мој; на Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и Јас ќе Го прославувам со сето мое срце“ (Псал. 27, 7). А кога Бог помага, кој може да Му се противстави? Кој може Него да Го победи? Никој. Нека има илјадници и илјади илијадници непријатели, нема да се исплаши оној што е со Бога. Со името на Бога, тој ќе ги одбие и ќе ги прогони. Затоа бидете храбри и не плашете се.

152.

Служејќи се со примерот на земјоделецот, морнарот, трговецот и патникот, ги поттикнува браќата да бидат ревносни во придобивањето на духовните блага, а кога напомнува за пречките поставувани од страна на нашиот духовен непријател, тој ја поткрепува надежта во крајната победа со помошта на Спасителот Господ Исус Христос, Кој направил сѐ и продолжува да прави сѐ што е потребно за нашето спасение, само ако се покажеме достојни за Неговата помош. (2, 85)

Земјоделецот, морнарот, трговецот, патникот, сите тие се трудат, работат дење и ноќе, работат со сите свои сили со единствена желба: да ја остварат својата цел, - и во најголем број случаи успеваат да ја остварат. Но, нашата работа, нашето пловење, нашата трговија, нашето патување се оддалечени од нивните толку, колку што е оддалечен исток од запад, или уште подобро, како што е оддалечено небото од земјата. Затоа, нашите трудови, нашите подвизи и нашето потење треба да бидат многу поголеми, многу поревносни и непрестајни. Затоа, и светиот пророк Давид извикува со избезуменост: „Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?“ (Псал. 23, 3). „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам“ (Псал. 54, 6). Ние се трудиме, јадеме малку храна, малку спиеме, стоиме на заедничките богослужби и за време на молитвеното правило во нашите ќелии, читаме, слушаме, пееме, се занимаваме со нашата рачна работа, се смируваме, сме послушни и трпиме. Но, зошто не го постигнуваме саканиот успех? Од ништо друго, туку само од пречките што ги поставува непријателот на нашето спасение, Тој уште од почетокот на овој свет, па до денес, станува против човечкиот род, за да ни попречи да се издигнеме на небото, од кое тој бил турнат поради својата гордост и непослушност. Но сепак, браќа, да не очајуваме и да не паѓаме со духот пред тешкотиите на нашиот живот, зашто Бог е наш помошник и закрилник, „кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот“ (Псал. 112, 7), Кој ја препашува со сила немоќта на нашата природа (Псал. 17, 32) и го победува нашиот непријател - искушувачот. Затоа, да не бидеме малодушни, имајќи предвид колку малку можеме да направиме само со нашите сили. Родителите не ги сакаат своите деца, младоженецот на ја љуби толку својата невеста, колку што Бог нѐ сака нас сите. Он се грижи за нашето спасение, се радува кога живееме добро, ни ги отвора очите на нашиот ум, ја покажува Својата светла убавина и Својата бескрајна љубов спрема нас и нѐ води под раководство на ангелите - да го соѕерцаваме небото и сѐ што е на небото, Он нѐ запазува од нашите невидливи непријатели под покривот на крилата од Својата божествена промисла. И зошто да говориме многу? Он е таков во Својата љубов спрема нас грешните, така што благоволил, без да ги остави прегратките на Отецот, ги преклонил небесата и слегол во понизност при нас и, бидејќи Господар на сѐ, станал човек. Он, Кој одржувал сѐ со силата на Своето слово, Он Кој е славен од сите небесни сили и превознесуван, станал младенец, и бил роден од Својата сиромашна мајка - Он Кој збогатува сѐ. А најголемата тајна е во тоа: што за нас и за нашето спасение прифатил да биде распнат на крст, откако пред тоа ужасно страдал и по три дена воскреснал и нѐ ослободил од рацете на сатаната и ни дал сила да го газиме под нашите нозе како некој немоќен лазач. Како таткото што го сака својот син, и како мајката својата ќерка, или маж - својата жена, и пријател - својот пријател, е како Он што нѐ засакал нас и како Он што претрпел толку многу за нас и за нашето спасение! - Неговата преголема љубов спрема нас не може да се искаже со зборови, ниту со умот наш може да се измери Неговата преголема љубов и добрина спрема нас. Па кога нѐ засакал толку многу и кога претрпел и пострадал толку за нас, како може да не ни биде наш помошник секој ден и секој час? Како може да не биде наш закрилник и наше прибежиште, ако ние самите не отстапиме од Него, понесени од нашите страсти? Кога го знаеме сето ова, да се трудиме да Му бидеме верни на Господа; да го преземеме секој подвиг, поднесувајќи храбро сѐ и извршувајќи сѐ што ни е заповедано од Него; и Он ќе нѐ направи победници во борбата со непријателот и ќе ни даде без пречки да стигнеме до саканата цел.

153.

Укажува колку е блажено да Му се служи на Господа, па откако напомнува, дека и браќата затоа дошле во манастирот, оставајќи сѐ, ги воодушевува со зборовите: „барајте и ќе најдете“, - да се трудат смирено во своите манастирски послушанија, кои само по надворешен вид се чинат земни, а по дух - се духовни. (2, 86)

Има ли нешто поубаво и поблажено од тоа да Му се служи на живиот Бог во преподобие и правда, да ги очистуваме душата и телото, да ги запазуваме од секаков грев, да копнееме по вечните блага, да се издигнуваме од земјата кон небото, слично на птица, прелетувајќи ги сите ѓаволски мрежи, за да лебдее во духовниот свет. Таквиот секогаш се весели и се радува, се насладува и се восхитува, почнувајќи уште овде да ги вкусува почетоците на идното себлаженство. Бидејќи и вие затоа излеговте од светот и дојдовте овде, заради тоа сте се одрекле од светот и од сѐ што е во светот, затоа станавте како туѓинци и придојдени, се отуѓивте од татковината, од родителите, од браќата, од роднините, затоа станавте поинакви и по својот изглед и по начинот на живеењето и сте се откажале од сите грижи за животот, затоа, откако го прифативте добриот подвиг, барајте и ќе најдете, смирете се и ќе придобиете - ќе го придобиете она што го посакала вашата душа. Зашто „секој што сака добива и кој бара наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ (Матеј 7, 8), говори Господ. Барајте, за ништо друго на грижете се, за ништо друго не интересирајте се. Иако сте зафатени со своите обични послушанија, кои кај нас не се световни работи, затоа што не ги работите од страст, не ги работете по своја волја, не затоа за да му угодите на своето тело, туку за светото духовно богатство, од послушност и по заповед; сѐ што работите, работите за да Му угодите на Бога. Бог го прима овој наш труд како жртва, како жртва сепаленица. И блажени сте вие, браќа, што сте го избрале овој и ваков начин на живеење, кој ве води во горниот Ерусалим, чиј градител е Самиот Бог. Трчајте добро, укрепувани со благодатта и украсувани со добродетелите, со: скрушеноста, послушноста, смиреноста, готовноста на секое добро дело, без мрморење, со бдеење, со трезвеност и молитва.

154.

1. Напомнува колку многу му е тежок товарот на настојателството, особено кога помислува за одговорноста за секој брат, ги моли браќата да му помагаат. Со што? - Со тоа што ќе преуспеваат во монашкиот живот. - 2. Затоа одредува што треба да се смета преуспевање.  - 3. Најпосле, ги повикува тие самите да видат дали преуспеваат, укажувајќи ги белезите на тие што преуспеваат и на оние што не успеваат. (2, 87)

1. Што мислите: како се однесува мојата смирена душа спрема настојателството над вас? Можеби, вам ви се чини, дека се гордеам со овие мои мали поученија кон вас и дека се надевам само со нив потполно да ја исполнам мојата настојателска должност. Не, никако не. Но, ќе ви кажам искрено дека деновите на мојот беден живот ги минувам во мачно беспокојство, дека не се успокојувам со тоа што ви го говорам вам за исправниот живот. Затоа, кога влегувам меѓу вас, кога го гледам секој ден вашето живеење, кога гледам како се однесувате еден со друг, како се држите, како прашувате и како одговарате, на врз основа на сето тоа, а и по погледот на вашите очи и по изразот на вашето лице, познавам каква е расположбата на душата на секого од вас, па кога наоѓам дека некој од вас е исправен, се радувам и се утешувам, се воодушавувам со силни надежи, а кога кај некого од вас го наоѓам спротивното, тогаш жалам, страдам и воздивнувам, претпоставувајќи дека таму победила страста. И не можам поинаку. Зар јас не сум должен да дадам одговор за секого од вас? - При помислата за ова, кој може да биде рамнодушен? Кој нема да заплаче, да се исплаши и да се растрепери? - Големо и страшно нешто е за човекот да застане пред Бога, неподмитливиот Судија, и да даде одговор за целото духовно стадо: дали се запазило во чистота и непорочност и дали живеело исправно според Божјите заповеди, како во однос спрема Бога, така и во однос спрема ближните? - Ова ви го реков затоа што сакам да ја знаете маката на мојата душа, па да се сожалите над мене и да ми помогнете. - А со што можете да ми помогнете? Со што посилен стремеж кон преуспевањето во вашиот рамноангелски живот.

2. Ние не треба да се задоволуваме со тоа што се одликуваме од мирјаните, туку сме должни потполно да го следиме животот на светите оци; не треба да се задоволуваме, ако надминуваме некои од нашите браќа, туку треба да тежнееме да им бидеме слични на совршените. Зашто е речено: „Мнозина се повикани, а малку се избрани“ (Матеј 22, 14). Исто така, не треба да го мериме нашето преуспевање со должината на времето, мислејќи, дека толку и толку години живееш монашки живот, туку треба да гледаш дали степенот на твоите добродетели одговара на должината на времето од твоето монашко живеење? И не треба нашето внимание да го свртуваме на тоа, ете, изминал уште еден ден, туку на тоа - дали сме ставиле некое добро дело во небесното сокровиште за доброто на нашата душа во идниот живот, како и на тоа: дали сме успеале барем малку во очистувањето на душата и дали сме напреднале во совладувањето на нашите страсти. На овој начин оној што го носи монашкото име станува вистински монах - се ослободува од страстите и од лошите навики, давајќи им со тоа можност на душата и на умот слободно да се стремат кон Господа, само кон Него да се издигнуваат со љубов и да сакаат само со Него да општат.

3. Нека се испита секој од нас и нека види дали го има ова во себе или е уште роб на страстите, на гревовите и пленик на помислите, - од што станува нехармоничен во зборовите, делата и помислите, пројавувајќи го ова во непослушност, гордост, мрморење, противставување, самооправдување, самоволие и со неверие, кое е едно од најголемите зла. Меѓутоа, кога некој се бори против страстите и успева во тоа, тогаш во него се пројавува секоја добра дарбина и секој совршен дар: кротоста, мирот, љубовта, сочувството, немрморење, смиреност, немање завист, трпение, молитва, пеење псалми, бдеење, скрушеност, проливање солзи, како и други пофални работи и расположби. Таквиот не бара првенство, туку бега од него, не ја сака рачната работа што му се допаѓа, туку само онаа што ќе му биде доделена од неговиот отец, како за откажување од својата волја, било да се работи за во готвачница, во градина, на нива и некоја друга работа. Ваквите не се караат за облека, обувки, храна и пиење, туку поднесуваат сѐ, иако се облекуваат во покриено, иако премрзнуваат и гладуваат; тие само кон едно го свртуваат својот поглед: на тоа да се удостојат со спокој во царството небесно.

155.

1. Како што е радосен некој храбар и добар државјанин, кога ќе биде повикан од царот, за да го награди, така се радува и нашиот брат Харитон, кој е повикан од Господа, да ги вкусува неискажливите блага за сите негови трудови и подвизи, кои ги имал во манастирот. - 2. Сега кога помислуваме на ова, секој нека се воодушеви да го прави и тој истото, без да обрнува внимание на ѓаволот, кој обично со своите совети нѐ гони да се отклонуваме од добрите дела или се труди доброто што го правиме да го помрачува со лоши помисли и чувства, без оглед на тоа какво послушание имаме. - 3. Но, не треба да забораваме, дека добродетелта ја добива својата награда уште и во овој живот, понекогаш видливо, и секогаш невидливо, како предпочеток и претвкусување на идната слава и вечното блаженство. (2, 88)

1. Како што е во световниот живот, кога некој човек е обвинет за големи престапи и е осуден на смрт, тој е престрашен и трепери, кога ќе речат: дојде времето за твоето погубување, излегувај; така и за грешникот е страшна веста за преселувањето од овој живот во другиот. Напротив, како што оној, кој очекува од царот одликувања и награди за добрата што ги направил за државата, - се радува кога ќе слушне дека царот го повикува да го одликува; тој се радува со радост голема; така се радува и праведникот, кога ангелот на смртта, ќе го извести за неговото преселување оттука, уверен дека оди да ја прими големата награда. Ние се осмелуваме да речеме за нашиот Харитон, дека тој, согласно со своето име, излегол од телото со радост и веселба и отишол на местото на успокојувањето. - Ете, браќа, како е добро подвизувањето! Ете, колку е добро да правиме насилство над природата! Колку е корисно трпеливо да се минува низ подвижништвото! Колку е блажено да се води борба за потчинување на природата дури до последното издивнување! Зашто овој подвиг се извршува во текот на мал број години или, подобро е да се рече, во текот само на еден ден, зашто што друго е целиот земен живот во споредба со бескрајниот и вечниот живот? Овој кратковремен подвиг му донесе на братот наш Харитон неизмерно богатство, незамислива слава, веселба неспоредлива и царство бескрајно. И сега тој се радува и торжествува, нема никакво чувство на жалост за трудовите што ги правел овде за таквите големи убавини, но се весели заедно со праведниците и преподобните во тамошните скинии, во горниот Ерусалим, мајката на сите светии, - ги соѕерцава необјаснивите и неискажливите блага: онаа непрестајна светлина, бесмртниот живот и неискажливото блаженство.

2. Помислувајќи за сето ова, како можеме ние, кои уште продолжуваме да се натпреваруваме, да не продолжиме да се подвизуваме, да не се воодушевуваме со смела надеж, да не бидеме ревносни, да не се разгорува нашето срце, да не се издигнува нашиот ум, нашата расположба да не биде целосно за тоа што побрзо да се преселиме од земјата на небото и да не дадеме ветување: дека ќе направиме сѐ и ќе претрпиме сѐ заради љубовта кон Господа? Не само пост и бдеење, не само спиење на гола земја, не само дека ќе истрпиме и студ и жештина, не само тешка работа и уморување, не само подбивање и унижување, туку дури, ако е потребно, и проливање на својата крв, отсекување на телесните членови, измачување на телото и кршење на коските, дека ќе претрпиме сѐ друго. - Само да го добиеме она што го сакаме. Да, браќа, убаво е да размислуваме вака, и мудро е да бидеме расположени да дејствуваме вака. Ѓаволот е крадец, секогаш се врти околу нас, за да ги украде од нашиот ум ваквите прекрасни помисли и да го привлекува кон суетните помисли од овој свет. Но, да не му даваме да нѐ измамува, туку, напротив, секогаш да мислиме за божествените ветувања, за кои секој ден читаме, кои се прославувани во духовните песни и во молитвите изобразувани, затоа да се трудиме ден по ден, седмица по седмица, месец по месец и година по година, трудејќи се сите наши дни да Му ги предадеме на нашиот Бог чисти, мирни, исполнети со љубов, неосквернети со гордост, суета и човекоугодување. Било да ораме, било да копаме, да дрводелчиме, да стражариме, да служиме, да работиме во градината, да препишуваме, или да се занимаваме со нашата рачна работа: да шиеме, да плетеме кошници или да правиме нешто друго, - да се трудиме сѐ што правиме да го правиме така - нашето дело Самиот Бог да го прими како совршено и да биде внесено во небесното сокровиште, за да добиеме вечна награда. Нашите дела ги расипуваме со мрморењето, гордоста, суетата, противречењето, а тоа е неразумно и нечовечно, нешто што не му е својствено на вистинскиот човек. Зашто вистинскиот човек е нешто големо, тој е сличен на секогаш споменуваниот многустрадален Јов, зашто „и Господ му рече на сатаната: ,Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“ (Јов 1, 8).

3. Да го свртиме сето наше внимание и на тоа, дека вредниот и добродетелниот човек е сакан од сите, сите го почитуваат и прославуваат, и не само меѓу своите браќа, туку и меѓу подалечните, оние што слушаат за него. Зашто добродетелта, и кога е скриена и кога се извршува скришно, таа е по природа таква што не може да се скрие; таа неизоставно се пројавува и зборовите за неа насекаде се слушаат: за неа се проповеда насекаде, според зборовите на Господа, Којшто вели: „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5, 14). Ако претрпиме малку додека правиме добри дела, ако се потрудиме, треба да знаеме ќе дојде времето на спокојот, не само по телесната смрт, туку и пред тоа, тогаш кога бестрастноста ќе се утврди во нас. Зашто онаа душа, која Го засакала Господа, и која преку послушноста ги умртвила сите свои желби, според зборовите на светите оци, веќе го добила својот спокој и дека уште отсега почнува да ги вкусува идните убавини и добрини.

156.

Во Далматскиот манастир избрале нов игумен токму поради неговата смиреност. Таква е вредноста на смирението; тоа го содржи секое добро во себе и го запазува. Тоа, и без да сака да биде познато, станува само од себе познато и се прославува. (2, 89) „

Мислам дека е добро денес да ви говорам за еден вчерашен настан. По повелба на нашиот владика, јас требаше да отидам во Далматскиот манастир, по повод изборот на нов игумен. Потребно беше да бидат прашани браќата и собраните игумени кого го сакаат за игумен. И сите еднодушно и едногласно го посочија авва Иларион. Зошто? Какви особености има тој? - Не затоа што знае многу и што говори добро и не затоа што е многу познат по својот живот; туку само затоа што е смирен и што има смирена мудрост. Тој е богољубив и слава од луѓето не бара, а со послушноста ги скрива своите добродетели. Иако беше некој друг, кој знае повеќе и има повеќе години, но бидејќи тој ги немаше потребните добродетели, авва Иларион беше избран како поугоден на Бога и поспособен поразумно да ги раководи браќата. - Гледате ли, браќа, колку голем и на Бога угоден дар е смиреноста? Оваа добродетел е сеопфатна, со која се оневозможува секое високо мислење за себе, се одгонува гордоста, се уништува славољубието, се победува своеволието, се умртвува сластољубието, а, место сето тоа, се воведува кротоста, мирот, љубовта, сочувствувањето, трпеливоста и љубовта. А зошто е потребно да говориме многу, зар нема да биде доволно ако кажеме, дека смиреноста е извор на сите добролетели, дека од овој извор истекува секоја добрина, рајот, кој е насаден од Бога, во кој се раѓаат сите плодови на бесмртноста. Но, „не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“ (Матсј 5, 14), според зборовите на Самиот Господ. Така и оваа добродетел не може засекогаш да остане скриена и оној што ја придобие оваа добродетел, макар и да е последен според обичниот поредок, макар и под земја да се скрива, макар некои од завист да го клеветат, тој не може да биде скриен, туку уште подобро ќе биде познат, како светлина што сјае на врв планина и го привлекува погледот на сите, кои имаат очи да гледаат. Ете, токму ова се случи со сегашниот избраник, а и многумина од надворешните го одобриле изборот на братството.

157.

1. Дојде постот и стави ред и на надворешните и на внатрешните работи. Гледајќи го ова, не можам да не ви кажам: ваквиот начин на живеење нека ви стане постојана навика, зашто инаку не можете да се спасите. - 2. Непријателот постојано се труди и бара начини како да нѐ погуби, а ние треба непрестајно да му се противставуваме, а сила за тоа ни дарувал Господ. - 3. Најдобриот начин за борба и победа над нашиот духовен непријател е угледањето на Господа, кои што нѐ повикува, велејќи за Себеси дека е кроток и смирен по срце. Целиот Негов живот е прикажување на Неговото смирение заради нас. (2, 90)

1. Колку е прекрасно подражавањето и преку добрите дела, кои се пројавуваат по животот според божествените заповеди. Ете навлеговме во пречесните денови на светата Четириесетница, како во тивко пристаниште, откако избегавме од бесните бранови во претходните денови, а сега сме мирни, спокојни, ревносно богослужиме во храмот, ги изразуваме нашите побожни чувства преку пеењето на псалмите, се концентрираме во молитвата, на трпезата, се храниме едноставно и здржано, и сѐ што правиме го правиме само за спасение на нашите души. Сега кај нас не доаѓаат мирјани, а и никој од нашите не оди кај нив. - Не можам овде да се воздржам од желбата: вие, откако ќе навлезете во основното сфаќање на доброто, овој наш великопосен начин на живеење - да ви стане постојана навика, така што и, откако ќе измине, да се оддалечувате од сите патеки што водат кон гревот, а да не живеете така: пет или десет дена да живеете добар живот, а потоа да го занемарите доброто и да почнете да го уривате она што сте го изградиле, како што говори апостолот (Гал. 2, 18). - Така да не биде со вас, браќа; да не се менуваме лесно и често, лесно да ги примаме советите на искушувачот. Да се трудиме да се задржиме во добродетелите што сме ги придобиле, да правиме сѐ повеќе добри дела, да знаеме дека не е доволно да живееме само кратко време добро, туку дека сме должни во текот на целиот наш живот да ги извршуваме делата на спасението.

2. И нашиот искушувач е таков, кој не нѐ остава без своите напади ни дење ни ноќе, постојано ни поставува стапици и ги раширува своите мрежи и постојано упатува на нас безбројни стрели: потсилување на сластите, разгорување на похотите, бранување на помислите и желбите, ја колеба постелата на нашиот ум како да е поставена врз морската површина, така што секој е принуден да исповеда: „Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот“ (Псал. 93, 17); а потоа се смирува извесно време, ја скрива стрелата на похотта и го пушта отровот на зависта, а потоа одеднаш и од сите страни подигнува прашина на нашето смирение, зашто тој има ненаситна желба да нѐ погуби. Тој оди против нашиот Господ Бог и беснее кога нѐ гледа како се издигнуваме кон небесните височини, откаде и тој самиот бил турнат заради својата гордост. Затоа, колку голема грижа и какво постојанство се потребни, какви усилби и какви силни подвизи, за да можеме да ја победиме оваа голема и страшна змија? Господ говори: „Во светот ќе имате маки, ама не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16, 33), а по Неговата победа, и ние, со силата на Неговото воплотување, гордоста е прогонувана, своеволието е ослабувано, и ние добиваме сила против непријателот, како што и Самиот Господ говори: „Еве ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква демонска сила; и ништо нема да ви наштети“ (Лука 10, 19). Затоа можеме да ги одбиваме сите негови напади против нас, сите најразновидни сласти.

3. Како? - Со силата на угледувањето на Оној, Којшто го победил. А ние ќе се угледуваме на Него кога ќе се облечеме во смирение и кротост, како што говори Он Самиот, велејќи: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29). Па, ако Он, Којшто е Цар и Господар на сѐ, Којшто е по природа единствено препрославен и преблаг, го примил смирението, Којшто се смирил, „откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2, 8), тогаш што да кажеме ние? Или колку ќе се смириме, колку ќе станеме слични на Него, ние кои сме по природа бедни и ништожни? Ако Он, откако се отстранил од небесата, слегол на земјата, тогаш колку треба ние да се отстраниме од сѐ што е наше, за да можеме само донекаде да се угледаме на Него? Ако Он станал мпаденец, ако бил доен со млеко, ако го извршувал сето она што било пропишано со законот, ако им се покорувал на Своите родители, како што е напишано, тогаш колку повеќе треба да претрпуваме, за да може да се помисли, дека доживуваме нешто еднакво со Него? И најпосле, ако Он бил навредуван и тепан, ако бил изложен на подбивање и понижување, ако бил предаден и ако стоел на суд, ако бил камшикуван и распнат, ако Го хулеле и ако бил прободен во ребрата, тогаш што и колку треба да претрпиме ние, за да можеме да речеме дека се угледаме на Него? Браќа, потребно е ова да го напомнуваме секогаш и, гледајќи Го, безмерно да се смируваме, и ако сретнеме нешто, во што можеме да се угледаме на него, да го примаме тоа со благодарност, а ако не сретнеме, тогаш ние сами да го бараме тоа, имено: да гладуваме, да жедуваме, да ни се потсмеваат, да нѐ понижуваат, да страдаме, да живееме во немаштија од облека, обувки и во сѐ друго, така што на тој начин малку по малку да се движиме напред, да се изградуваме и надградуваме, да се издигнуваме и преиздигнуваме, „дури сите не стигнеме до единството на верата и познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до потполната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4, 13).  

158.

1. Ги нарекува блажени монасите затоа што, преку откажувањето од светот, ги оставиле насладите и задоволствата, кои се слични на месопусните, и се повикани да Му служат на Бога во преподобие и правда, во коешто се состои вистинската веселба и непрестајниот празник. - 2. Ги повикува веќе да не се враќаат ни со мисла ни со желба кон египетските котли, уверувајќи ги оти нашата служба е најблажена. - 3. Имајќи ја неа, ние не треба да пожелуваме ништо, освен: да ни даде Бог добродушно да ги поднесуваме сите тешкотии и сите страдања во нашиот живот. (2, 91)

1. Сега е месопусна недела, денот кога мирјаните јадат и пијат, се забавуваат, играат и се веселат. Треба ли да жалиме што немаме ништо од сето ова? Не, туку треба да Му благодариме на Бога, што нѐ оттргнал од таквиот живот, како од некоја тиња и бездна и нѐ вовел во нашето сегашно призвание, за да Му служиме во преподобие и правда, а на нив да им се присмееме, или поточно, да заплачеме за нив затоа што, занесувајќи се со тие ништожни задоволства, се лишуваат од неискажливите небесни радости. - „Дојдете да се возрадуваме во Господа и да воскликнеме кон Бога, Спасителот наш, да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме“ (Псал. 94, 1-2). Ете, ова е добра гозба, ова е веселба, достојна за пофалба! Ова е радосен празник! И можете да празнувате вака не еднаш или двапати, туку секогаш можете вака да празнувате и да се веселите во Божјиот дом. Ваквата веселба е претходницата на идната блажена судба и нејзина предвесница. Божествениот Давид вели: „А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја“ (Псал. 16, 15).

2. Ве молам, со срцата наши да не се враќаме, како во некој Египет, кон обичаите на некогашниот живот, ниту да си спомнуваме за месото и за тамошните котли; погледите наши да ги свртиме на себеси, на прекрасниот наш живот што го живееме, зашто најмногу овде „Господ дал благослов и живот вечен“ (Псал. 132, 3) - вистинската радост, неизмамливата надеж и спасоносното празнување. И, ако е прашање за вистинското преуспевање, тогаш ние навистина преуспеваме повеќе од сите, а ако е прашање за службата, ние сме ја избрале најдобрата служба. Исто така, ако е прашање за вистинската среќа, ние сме најсреќните и најблажените. Откако избегавме од светот и од сѐ што е во светот, откако ги отфрливме сите срамни и суетни гревови, откако се откажавме од брак, раѓање деца и собирање имот, сме ги прифатиле: девството, немаштијата, одречувањето од својата волја, во кои се подвизуваме, секојдневно го распнуваме нашето тело, а му се распнуваме и на светот и на сѐ што е во светот. Затоа, со право можеме да ги примениме зборовите на апостолот: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое заедно со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24).

3. А кој е сега посреќен од нас? Или што друго бараме ние од животот, кое би можело да биде попријатно и порадосно од ова што го имаме? Ништо освен следново: останатите денови на нашето преселништво овде да ги поднесеме трпеливо и храбро, да го претрпиме сето она што е тешко и непријатно и, откако ќе се запазиме од паѓања при среќавањето со сите видливи и невидливи искушенија, да ги прифатиме изоставените наши ветувања. Затоа, бидете храбри, силни, непоколебливи и правете го сето она што го бара од вас вашата схима живејте соодветно со неа, така како што живееле светите и  секогаш споменувани оци; сообразувајте се со нивните примери, образувајте се и сообразувајте се според нив, за да можете да се нарекувате нивни вистински синови, а потоа - да станете учесници на нивната радост.

159.

1. Внимавајте на себе, зашто непријателот може да ве нападне ненадејно и да ве погуби. - 2. А некои од вас се однесуваат невнимателно и расеано. - 3. А за да не се случува ова во иднина, учителите треба да внимаваат: место раководители - да не бидат водачи кон злото. (2, 92)

1. Секој од вас треба да внимава и да забележува: дали стои непоколебливо и неподвижно на каменот на верата, дали го исполнува својот завет, дали оди по маченичкиот пат на општожителскиот манастирски живот, без да се отклонува ни десно, ни лево, да не се препне од камен со ногата своја и да не падне; да не прави ништо од самоволие и од острастеност. Јас ве гледам, но не ве гледам секогаш и секаде, зашто ова Му е својствено само на Бога. И не знам, можеби некој од вас работи нешто по своја волја и скришно, од љубов спрема страстите, па паднал во грев, во гревовна бездна. Плашете се од ова; додека пловите под погоден ветер, секогаш помислувајте за можниот бродолом. Зашто секој миг се можни: лоши ветрови, бури, урагани, несреќи, пропаст и смрт. Понекогаш ни се чини дека имаме мир и постојанство, но одеднаш и ненадејно доаѓаат - немирот, брановите, војната, смртта не за телото, туку за душата, што е многу пострашно. Лукавиот наш непријател привремено се притајува, за да нѐ воведе во безгрижност, а потоа ненадејно нѐ напаѓа, ја свртува кон зло нашата мисла и нѐ погубува. За нас нема безбедно место: ние немаме време на вистински спокој. Непријателот успевал многумина од оние, кои дошле до самото пристаниште на спасението, да ги урне во дното на бездната. А некои, што се издигнале до самото небо, успевал тој, заради нивната невнимателност и мрзливост, пак да ги врати на земјата на гревот. Тој разорил многу сокровишта на добродетели; многу духовни подвизи приграбил и оние што ги придобиле - ги направил духовно сиромаси. Знаејќи го сето ова, бидете будни и не давајте им дремка на вашите духовни очи.

2. Слушам дека некои меѓу вас се однесуваат самонадејно и дека се невнимателни: без срам гледаат еден на друг, говорат празни зборови и се смеат, а некои се прегрнуваат, се допираат со усните и образите. Ова е достојно за плачење. Премудриот Соломон говори: „Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои?“ (Изрек. 6, 27-28). Оние што ги прават овие работи нема да останат без паѓање. Има и такви, кои го разубавуваат своето лице, ги украсуваат своите трепки и веѓи и кои се цртаат како блудници; имаат особени појаси, ги преправаат своите облеки, во одот свој имаат модерни движења и зборуваат неприродно и извештачено.

3. На сите што се вакви им забранувам да го прават ова, инаку „не бивајте како коњ или како маска, кои немаат разум, чија челуст со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат“ (Псал. 31, 9), зашто нас нѐ поставил Бог не за упропастување, туку за духовно изградување на овие луѓе. Затоа, запазувајте ги манастирските правила. Вие учителите, советувајте и поправајте ги. Ова не го говорам затоа: за некого да се мисли дека, место да биде лекар, да станува трујач и, место да просветува да помрачува, место да биде патеводител отстранувач од вистинскиот пат и место да биде спасувач да станува убиец. Зашто учителите се пред учениците како жива слика на вистинската побожност, пример за спасение и за секоја добродетел. Затоа и им се даваат ученици, за да можат учениците да се угледаат на она што е добро кај нивните учители. Но, ако станува она што е спротивно, тогаш таквите учители да бидат отстранети, за да не ги заразат здравите со својот лош пример. - Јас не би сакал да го зборувам и сето ова, но неодложната потреба ми го наложува. - Сакам само едно: сите да одат право, така што и Самиот Бог да му се радува на нашето добро живеење.

160.

Му се радувам на доброто живеење на браќата, што сите живеат според манастирските правила и што се задоволни со она што го добиваат во манастирот, но, сепак, ова не е она што е најглавно; најглавното од сѐ е: да живееме така - што по смртта да влеземе во Божјиот покој; кон тоа и треба сѐ да биде усмерено. (2, 93)

Како што се радува и весели земјоделецот кога ги гледа своите ниви како се зеленеат, кои ги обработил и посеал, така сс радувам и се веселам и јас на вашето духовно плодородие, зашто наоѓам дека е потребно да ја кажам вистината, дека вие, благодарејќи на Божјата благодат, сѐ повеќе и повеќе напредувате и станувате сѐ подобри, па и вие самите можете да го посведочите ова. Зар не гледате каква е вашата побожност и какви се мирот и тишината меѓу вас? Зар сите не сте соединети како една душа и едно срце со тврда вера и со нераскинлив сојуз? Зар не забележувате дека сѐ повеќе пројавувате ревност кон извршувањето на Христовите животворни заповеди? Меѓу вас нема одделни здружувања, кои да го расипуваат единството на братството, што би значело угодување на ѓаволот, кај вас нема самоволие и самоугодување, туку, напротив, кај вас владее еднообразниот живот според Божјата волја: кај вас нема рамнодушно талкање, ниту има раздвојување на заедничкото братско тело, туку, угодувајќи Му на Бога, целиот живот на вашето братство - сѐ се раководи според манастирскиот типик: и јадењето и пиењето, и бдеењето и спиењето, и работата и одморот, и влегувањата и излегувањата, и разговорот и молчењето, и читањето и пеењето на псалмите, и молитвата и безмолвието, и облеката и обувките, се разбира, на сите не им се дава еднакво, зашто сите не се еднакви, ни по возраст, ни по воспитување, ни по тело, ни по способности, ни по добродетели, ни по здравствена состојба, но спрема секого се покажува потребното внимание и му се дава сѐ што е нужно за задоволување на неговите потреби, зашто сите сте членови на едно тело, иако не се сите удостоени со еднаква чест (1. Кор. 12, 23-24). Но, сето ова не е прво и најважно; она што е најглавно е следново: добро да ја завршиме нашата работа и, по сите маки и трудови на сегашниот живот, по смртта - да влеземе во вечниот живот и да ја вкусиме неискажливата радост од неискажливите и неописиви вечни блага. Имајќи го сето ова предвид и, очекувајќи го, сите да се трудиме да преуспеваме, да внимаваме на себе, да бидеме трезвени и будни, да одиме богоугодно како дење, да се радуваме со надеж, да ги претрпуваме маките, да се присилуваме на секое добро, телото наше да му го потчинуваме на духот и посрамувањето и понижувањето за Христа - за чест да ги сметаме, а да бидеме последни - за првенство да го сметаме: да се радуваме кога ќе нѐ понижуваат заради Христа Господа, па, откако ќе го изминеме нашиот пат вака, да се удостоиме да се радуваме заедно со мачниците и да се веселиме заедно со преподобните во вечни векови и во целата вечност.

161.

Ние пееме: „ќе ја примам чашата на спасението“. Оваа чаша го претставува прифаќањето на мачеништвото, кое се состои за нас во тешката борба со страстите. Ние чекориме по овој пат. - Борете се добро, за да се удостоите со ваквите венци. (2, 94)

Што ќе му возвратиме на Господа за сѐ што ни дал? Оваа Давидова песна продолжува вака: „Што да му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене? ќе земам чаша на спасение и името на Господа ќе го призовам“ (Псал. 115, 3-4). Оваа чаша го означува прифаќањето на мачеништвото. Но, нашето мачеништво не се состои во проливањето на нашата крв, туку во внатрешната борба: кога, на пример, не коленичиме пред Ваалот, кога не ѝ се предаваме на телесната похот, кога ги победуваме сите видливи и невидливи искушенија, бранувањата на помислите, распалувањето на похотите и желбите, маките од лишувањата, страдањата и унижувањата. Само тогаш ќе бидеме и ние добри мачници и Христови војници! Вака насила ќе го придобиеме царството небесно. Радувајте се, бидете храбри, добро трчајте, издигнувајте се од сила во сила, трудете се да го достигнете самиот врв на добродетелите, бидете постојано во возвишени соѕерцанија и правете го тоа непрестајно сѐ додека не дојдете до крајот на вашиот живот; тоа ќе ви помогне да се удостоите да ги примите веселбата и радостите, кои ви се подготвени уште од создавањето на светот. Блажен е и преблагословен оној, кој го слуша внимателно сето ова и го спроведува во дело, кој го разгорува своето срце и го запалува во себеси пламенот на божествената љубов; пламенот што стигнува дури до небото. Но, тешко му на оној што ги затвора своите уши, кој ја сака суетата на светот и кој ги бара преодните телесни наслади. Но, никој да не го бара само она, што му припаѓа нему, туку и она, што му припаѓа на неговиот ближен; и тоа да го смета како да му припаѓа и нему. Со ова секој Го радува Господа, а себеси се прави и подобар и посовршен.

162.

1. Откако го опишал изгледот на починатиот и она што можело да се види во мртовечницата; - 2, откако дава краток опис на покојниковиот живот; - 3. изведува поука за тоа, дека треба да се пази чистотата на телото и на душата, за да се стане достојна Христова невеста. (2, 95)

1. Спомнувањето за смртта секогаш е спасоносно, особено пак тогаш кога стоиме пред некој упокоен брат, каков што е сегашниов случај. Еве, пак ја гледаме пред себе оваа голема и чудна тајна! Само пред малку тој беше со нас, а сега неговиот дух не е веќе со нас; тој до пред малку со устата своја говореше со нас, а сега е замолчен во потполно молчење, па гласот негов како да продолжува да се огласува во нашите уши. Каква е страшна оваа глетка! Го гледаме и не го видиме; со телото е овде и го гледаме, а со духот свој е отсутен од нас. Лежи неподвижен и не дејствува; нема дишење, гледање и зборови, а сите негови сетивни органи ги гледаме, но ни едно од неговите сетива не дејствува; тој е како камен и како секоја работа, која нема душа. Да погледнеме таму, каде што почиваат телата на покојниците, и што ќе видите таму, браќа? Гледајте и поучувајте се! Не ли е тоа прав и пепел! Телата се изгниени и черепите се исушени. Еве, гледаме оголени коски. Колку е непријатно сето ова што го гледаме? Можеме ли овде да правиме разлика меѓу нашите починати браќа? Сите се веќе прав и пепел. Можеме ли да правиме разлика меѓу личниот и грдиот брат, меѓу младиот и престарениот? - Никако, сѐ е изменето, сѐ го загубило својот изглед. Ајде сега да видиме: каде е овде похотната страст и сласт, каде е насладувањето со јадењата, каде е успокојувањето со спиењето и со нешто друго, што се прави, за да му угоди на телото? Каде е стисокот на раката? Каде се гушнувањата и бакнех жите? - Сѐ е земено оттука; сето тоа го зел со себе оној што се одделил од нас, го испратил таму пред себе - го испратил во пеколот за потпалување на огнот што не изгаснува.

2. Ова да не го доживее ни еден од нашите браќа, а особено не сега упокоениот наш брат, кој премина во бесконечниот живот и кој добро го проживеа земниот свој живот: во беспрекорна послушност; тој беше млад со години, а сед со мудрост; мал по раст, но голем по дух. Мене ми е позната неговата внатрешна добра расположба, а надворешниот негов живот ви е познат и вам: дека во него имаше многу добро и дека беше достоен за секаква пофалба. Нашиот покоен брат Рафаил беше навистина и добар и благороден; тој го пазеше во себе образот на Оној, Кого што Го подражаваше и, се осмелувам да речам: достојно го носеше името на еден од врховните ангели. Еве, ваква увереност имам јас за ова мое чедо. Имајте и вие, зашто тој е достоен за тоа. Но, да се вратиме кон она, со што започнавме.

3. Ете, вака и ние, не по долго време, ќе преминеме од другата страна: ќе умреме, ќе нѐ исчистат и ќе нѐ уредат, ќе нѐ опеат и ќе нѐ закопаат. - Бидејќи е тоа така, и нема „кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види“ (Псал. 88, 48), затоа ве молам, браќа, да живееме добро и непорочно, да се однесуваме исправно и беспрекорно; да го пазиме чисто не само телото, туку и душата: телото да му го потчинуваме на духот, за да не беснее и да не се распалува со блудна похот, да го зауздуваме со стравот Божји, за да биде покорно и да се задоволува со толку храна и пиење, со толку спиење и одмор, колку што е одредено со нашиот типик и со особените посебни повелби. Да ја набљудуваме, пак, душата, да не ѝ даваме да се согласува со нечистите помисли и движења, да се издигнува целосно кон Бога, да ја соѕерцава само Неговата убавина, зашто само таа е навистина прекрасна и достојна за нашата бескрајна љубов: сите други убавини се само сенка и ништожност. Душата наша да ја оградуваме со молитва и пеење на псалми, така што преку ова и преку други богоугодни работи - да ја претстави угодна на Младоженецот Христос Бог. Блазе нам, ако вака го завршиме нашиот земен живот: тогаш нема да умреме, туку ќе бидеме живи и ќе бидеме испратени со утешната песна за испраќање од овој живот: „Блажен е патот, по кој одиш денес, душо; тебе ти е подготвено место на успокојување.“

163.

1. Нашата борба е со духовите на злобата и со нивниот водач - ѓаволот. - 2. Тие постојано прават планови како да ја погубат нашата душа; и ние треба будно и постојано да се пазиме и да се бориме против нив за радост на Господа и на Неговите ангели. - 3. Неизбежно е да дејствуваме вака, ако сакаме да стигнеме до бестрасноста и за нашата борба да добиеме маченички венец. - 4. За успех во ова ни се потребни: смиреност со послушност, постојана молитва, внимание на себеси, сите подвизи на откажување од себеси и откривање на своите помисли. (2, 96)

1. Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Ефес. 6, 12) и против најзлобниот наш непријател ѓаволот, кој уште во самиот почеток на создавањето на светот, откако навлегол скришно во рајот го измамил нашиот праотец да вкуси од забранетиот плод и преку тоа станал причина за неговото изгонување од рајот на сладоста - на оваа земја. Оттогаш и низ сите векови, од поколение до поколение, - тој го прогонува човечкиот род и го поучува на секое зло. Тој нѐ напаѓа и нас денес на секој начин, ползи и мавта со својата опашка, за полесно да нѐ измами, влегува и излегува како крадец, ги уловува неутврдените души и оние што не внимаваат на себеси. Затоа, во нашата борба против него, ние имаме потреба од голема будност, голема трезвеност, голема претпазливост и грижа, за да не нѐ нападне и да не нѐ рани.

2. Па, знаејќи ги неговите замисли и планови да се наоружаме добро и да почнеме да му се противставуваме и да го одбиваме, да не бидеме мрзливи и да не си попуштаме ни на себеси, ниту нему, како што и тој не ни попушта, туку ја бара потполната пропаст. Макар да нѐ нападне и повеќепати во текот на денот и да претрпи неуспех, тој не отстапува, упорно стои, како уште да не ја отпочнал борбата, и одново напаѓа уште посилно, откако ќе земе со себе и други духови на злобата. Така и ние не треба да отстапуваме или да попуштаме при таквите секојдневни и постојани напади врз него. Макар веќе и да сме покажале многу внимание и големи усилби и тие да биле успешни, да не попуштаме, туку секогаш да бидеме ревносни во борбата против него, да сме готови за противставување, така што, и Бог, кога ќе го види нашето силно противставување, да се радува и да се весели, заедно со Своите ангели, кои ни помагаат по Божја наредба и совет.

3. Затоа што уште не сме ја достигнале мерката на бестрастноста, а заедно со неа и слободата од духовните напади и од борбите, нашиот ум не може да биде во спокој и ние да не бидеме напаѓани. Ова го добиле и го добиваат неуморните борци по многу трудови и подвизи. А ние, кои сме уште острастени, мора да бидеме настојчиви во подвизите и непрестајната готовност за борба, без да очајуваме и да се разочаруваме, гледајќи ја нашата изменливост, туку, забележувајќи дека непријателот ја менува својата тактика во борбата против нас, и ние треба секој ден и секој час одново да се бориме против него соодветно со неговата изменета тактика. Ете, ваква е борбата на оние, кое се подвизуваат искрено, но и нивната награда е голема. Свето нешто е да се дојде до височините на бестрасноста, но блажено е и тоа: да не бндеме победени во борбите, секогаш да се противставуваме и секогаш да копнееме и да се подвизуваме да се издигнеме до височината на тоа совршенство. На ваквите борци им се дава маченичка круна, како и на борците кога се враќаат од бојното поле и му ги покажат своите рани на војсководачот. Таквиот не е презиран и осуден, туку, напротив, добива големи пофалби, дар и одликувања.

4. И ние, како Христови војници, да се подвизуваме и времето од нашиот живот да го сметаме само како дар, кој ни е даден за борба со нашите духовни непријатели, кога се слуша само фучење на стрели и звекот на мечеви, „зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат со гордост“ (Псал. 55, 2), како што е напишано, кои нѐ напаѓаат во текот на целиот ден и се борат против нас. Кој може да избега од нив, кој ќе се скрие од нив? Кој нема да се препне и нема да падне во нивните мрежи? Само оној кој има смирена мудрост, здружена со послушност, непрестајна и внимателна молитва, усрдност кон духовниот труд, трезвено внимание во одбивањето на срамните помисли и добри соѕерцанија, бдеење, пеење псалми, поклони, а над сето ова и со сето ова исповедање на своите тајни мисли и желби, бегање од самонадејноста и запазување на мерката на воздржувањето! Со сето ова и со слично на ова нашиот внатрешен човек се затвора, како во тврдина, и непријателот, немајќи сили да дејствува против него, отстапува и се оддалечува.

164.

Опис на надворешниот вид на Божјиот човек - на вистинскиот монах. (2, 97)

Браќа, да внимаваме - да не ги живееме попусто деновите на нашиот живот. Еве, денешниов ден измина и нема веќе да го видиме, но се запишани делата што сме ги направиле во текот на овој ден. Блазе нам, ако се тие добри, но тешко ни и горко, ако се лоши! Да ги пазиме нашите чувства, да не дозволиме да ни бидат украдени, а главата наша, главно, да ни биде наведната, окото наше - да биде внимателно, да не се движи таму - ваму, зашто она што го гледаат очите, тоа го гледа и душата, зашто надворешниот човек го отсликува тоа за неа; лицето да не биде мрачно, ни расеано, туку воздржано и кротко; повеќепати тоа треба да биде натажено и оросено со скрушени солзи; одот да ви биде смирен и неизвештачен, горделив и со издигнати рамена, со склучени веѓи, без гласно тропање и силен шум, ни многу шумни, ни многу тивки, без раширување на ноздрите, со мир во очите и во членовите, без мавтање на рацете и без вртење на главата на сите страни. Зашто Божјиот човек во сѐ е уреден и станува некако орган на Светиот Дух, Кој живее во него, Кој го учи и како да говори, и како да гледа, и како да јаде, и како да пие. И ние треба во сѐ да се однесуваме исправно: и во облекувањето, и во обувањето, секогаш да помислуваме на тоа, дека во сите случаи и во сите наши дела е присутен нашиот Господ Бог.

165.

1. Откако ги навел зборовите на ангелот: „Еве, сега е времето благопријатно, ете, сега е денот на спасението“ (2. Кор. 6, 2) и: „Да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Рим. 13, 12), - ја поттикнува ревноста кон спасението. - 2. А потоа, додава и вели: „Вие така и правите и блазе ви на вас!“ (2, 98)

1. На што нѐ учи светиот апостол Павле кога ни говори: „Еве, сега е времето благопријатно, ете, сега е денот на спасението“ (2. Кор. 6, 2) и: „Да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Рим. 13, 12). Тој како добар татко и учител, ни советува да не бидеме мрзливи и ја одгонува душевната дремка од нашите духовни очи, добро ги насочува нашите чекори кон Бога и ги упатува кон патеката на добри дела. Да го послушаме неговото божествено учење, да застанеме бодро, да се отрезниме и да почнеме да трчаме сѐ побрзо и побрзо и поусрдно, зашто денот на животот на секого од нас веќе се приближува кон крајот. Да се потрудиме и да почнеме да се подготвуваме, да ни биде добро и да поживееме добро во вечноста и да се насладуваме со неискажливата радост. Зашто, ако крајот на нашиот живот нѐ затекне неподготвени и неуредни во нашата душа, тогаш, навистина, ужасно ќе биде за нас. И тогаш кој ќе нѐ избави од рацете на душегубецот сатаната? Или каде ќе најдеме помош и олеснување кога ќе бидеме измачувани за нашата мрзливост и за лошо проживеаниот земен живот? - Па затоа, оние што нѐ оставаат и бегаат од нас, нека нѐ остават и нека бегаат, нека извршуваат беззаконија. Или уште подобро: да се помолиме за нив и да се потрудиме да ги повикаме да се вратат, зашто „кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?“ (Језек. 33, 11).

2. А вие, кои со помошта на Божјата благодат, преку послушноста ги запазувате дадените ветувања пред Бога и пред луѓето, - радувајте се и веселете се, зашто за вас е подготвена голема награда на небото, ако до крајот на својот живот внимавате на себеси и точно го извршувате она што ви го заповедал нашиот Господ Исус Христос, ако бидете како Негови војници, избрани од Него, зашто за Него војувате и дење и ноќе, имајќи ги секогаш на ум Неговите заповеди: „Не секој кој Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, но оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“, а апостолот вели: „Сакаш ли да не се боиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш пофалба од неа“ (Рим. 13, 3).

166.

1. Бидете издржливи во животот и сѐ претрпувајте, зашто за тоа се дава вечното блаженство, и кога ќе го добиете, ќе зажалите што уште повеќе не сте претрпеле.- 2. Спомнувајте си за денот на Судот и чувствувајте ги наградите Божји за вашите добри дела, - и никогаш нема да бидете мрзливи и мрморливи. - 3. А кој е поинаков, тој е заробен од страстите и е ѕверовиден, а кој е таков - тој е ангел. (2, 99)

1. На вас треба да ви се говори така, како што говореле древните пророци: „Тогаш Он рече: Оди и кажи му на тој народ: со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате - и нема да видите“. Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам“ (Иса. 6, 9-10), зашто и вие сте трезвени и бодри и „со откриено лице, како во огледало, ја гледаме славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како од Духот Господов“ (2. Кор. 3, 18), откако сте ја отресле од себеси прашината на страсната приврзаност кон светот од вашите очи, преку вашето послушно и свето живеење, веќе и сте почнале работите да ти гледате чисто, односно животната суета и непрестајното бранување на човечките дела во разни правци и сте сфатиле, дека само едно е постојано, превосходно богатство, достојно за љубов, дека тоа е Бог и дека кон Него треба да се стремиме со нашиот добродетелен живот. Благословен е Бог и Господ на нашите оци, Кој нѐ удостоил да учествуваме во ваквото живеење, да живееме живот полн со вистинска мудрост и љубов спрема неа. Затоа, да гледаме нагоре, таму каде што е нашата Глава - Христос, претставувајќи си со нашиот ум не некакви гниежлнви, туку небесни или наднебесни убавини и вкусување од тамошните неописиви и неискажливи блага и непрестајните радости, за кои ни умот никогаш не помислувал, ни увото не слушнало, ниту срцето не мечтаело, затоа што се тие превосходни, кои, како што можам и јас да ве уверам, можете и вие да ги добиете, ако Господ ви даде сила, за да можете овој подвиг да го носите трпеливо до крајот, и тогаш ќе се успокоите таму, каде што нема ни болести, ни жалости, ни воздивнувања. Тогаш ќе Му заблагодарите на Бога со висок глас затоа што ве повикал на ваков начин на живеење. И тогаш не само што нема да си спомнувате за маките што сте ги претрпеле, напротив, ќе сожалувате што не сте имале многу повеќе подвизи, маки и страдања.

2. Што ќе видиме во оној страшен ден кога ќе се појави нашиот Господ Исус Христос, кога ќе дојде видливо заедно со Своите безбројни ангели и архангели и ќе седне на страшниот престол од Своето судилиште, откако ќе ги собере од сите четири страни на светот сите народи, откривајќи им ги делата на темнината и, објавувајќи ги светлите мисли на срцата од праведниците, и, како последица на тоа, едните ќе застанат со радост од десната страна на Господа, а другите со срам ќе отидат на левата страна. Праведнците ќе бидат одведени во светлите живеалишта, во рајот на славата и сладоста, во царството небесно, а грешниците ќе бидат испратени во најтемната темнина, во неизгасливиот оган, за храна на црвите, каде ќе се слуша крцкање со заби, во пеколната длабочина, во неразрешливи вериги и секакви маки, сообразни со гревовите на секого? Тогаш праведниците ќе засјаат како сонце и ќе почнат да се радуваат и да се веселат со сето свое срце и со непрестајни песни да Го прославуваат Господа, откако веќе сфатиле на каков добар Бог и Господ Му служеле. - Тоа се мачениците, кои ја пролеале својата крв, исповедувајќи Го Него и, сведочејќи за Него; тоа се апостолите, пророците, исповедниците, преподобните и праведниците; по нив се оние што пројавиле душевно мачеништво, архиереите, јереите, монасите и мирјаните, сите што живееле со добри дела и подвизи. А грешниците ќе почнат да офкаат и да ридаат, проколнувајќи ја безброј пати својата несовесност; нив ќе ги бијат лошите духови, ќе ги врзуваат и ќе ги навредуваат, но тие сами себеси ќе се осудуваат и ќе се измачуваат со своето очајание, знаејќи дека нивните маки ќе немаат крај, дека ќе продолжуваат вечно, според изречената пресуда: „Тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците - во вечен живот“ (Матеј 25, 46). Прифаќајќи го сето ова со чувство, можеме ли да станеме мрзливи и да ги запоставиме нашите трудови и напори? Можеме ли да пројавиме малодушност во тешкотиите на сегашниот живот? Зар нашето срце нема да се воодушеви уште повеќе и зар нашата ревност нема уште повеќе да се разгори? Зар нема до крајот од нашиот земен живот да останеме верни на манастирските правила и на нашиот послушнички живот, па макар колку да ни е тешко сето тоа?

3. Да го сфатиме сето ова и да го почувствуваме, да го правиме сето она, на што ќе нѐ поттикнува. Зашто оној што е рамнодушен кон сето ова, бидете уверени дека е уловен од страстите, дека дреме во безгрижност, дека ги сака телесните сласти, дека срцето негово е пренатоварено со гревови, дека завидува, дека е лесномислен, мрзлив, дека е како мечка и дека мисли само за јадење и пиење, дека рика како лав, зашто не биле задоволени неговите лоши желби, како леопард скока од едно задоволство на друго, како лисица е лукав, за да го добие она што го сака, се лути како камила, тој му се одмаздува на својот ближен, ако случајно го навредил, 'ржи и вриска како пастув, распален како кон жена, кон телата машки и тие на добитокот, нема срам, како волк е, копнее кон погубување на својата душа и душата на својот ближен. А зошто уште да говориме за разните страсти, со кои некои не само што се како ѕверовите, туку се и полоши од нив во својата ѕверштина. - А оној што стои на страната на добрите помисли, тој е како светол ангел, како молноносен херувим, како херувим - со многу очи, за да набљудува насекаде наоколу и да се запазува од ненадејни напади на душегубната ламја; тој е храбар како војник, кој со својот огнен меч, своите остри помисли ги сече грешните помисли, од кои се раѓаат гревовите; ги обгорува демоните со своите добри помисли, тој е како чист извор, од кој извираат чисти водни струи - од кој течат чисти солзи на смирение и скрушеност; се изградува како храм Божји со златни камења на добродетелите; тој е како кротко јагне, по углед на својот Господ, не се противставува и не извикува, туку, ако му претстои и смрт, оди, се покорува на отецот и на браќата. И, ете, вам ви се покажани и животот и смртта; нека си одбере секој што сака.

167.

1. Нашата борба е со лошите духови. Затоа треба да се пазиме, да се облечеме во сето оружје на добродетелите, кои ги посочува апостолот, на кои им е дадена сила да ги одбиваат и да ги уништуваат непријателите. - 2. Оваа борба е духовна и се води со спротивни мисли и со молитва кон Господ. - 3. Оваа борба почнува одеднаш и ненадејно и ја прави непостојана нашата внатрешна состојба, како што се менува и воздухот, но ова не е страшно за оној, којшто внимава на себеси и кој се украсува со добродетели, надевајќи се на Бога. (2, 100)

1. Според зборовите на апостолот: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). Затоа треба да имаме трпеливост, да бидеме будни, да се грижиме, да правиме постојани усилби и да се оградуваме со духовни оружја: со несомнена вера, како со шлем, со послушност искрена и смирена, нелицемерна - како со штит, како и со секоја друга добродетел, зашто секоја добродетел во одделен случај, служи како оружје против оние што сакаат да нѐ измамат, а имаат и сила да ги победуваат и да ги одгонуваат нашите непријатели.

2. Оваа борба е голема и страшна, како што знаете; таа продолжува постојано; не престанува дури и за време на молитвата и на светата Причест; таа понекогаш предизвикува и такви мисли, за кои не е дозволено дури и да се говори. Но, душата што е смирена и проникната со добри мисли, ги одбива со омраза, им се противставува со своите свети помисли, а истовремено се обраќа и со молитва кон Господа. Помошта од Господа веднаш доаѓа и Господ од висините веднаш ја одгонува аждајата. Затоа не треба да бидеме малодушни и да отстапуваме пред таквите напади, зашто во срцата, во кои нема страв, умот останува недостапен за ваквите напади, и тоа не само додека се причестуваме, туку и во други прилики.

3. Духовните наши непријатели нѐ напаѓаат постојано, и тогаш кога не очекуваме; и тогаш кога сме во добра и мирна состојба во нашиот дух: кога сме обземени од скрушеност, кога имаме чиста молитва, кога читаме или изговараме стихословија, тој нѐ напаѓа и тогаш, го вознемирува и расколебува нашето срце, тој тогаш како да нѐ исфрла од тивкото пристаниште во разбрануваната морска шир и од светлина - нѐ вовлекува во ноќна темнина на помислите. Во овој однос, со нас се случува она, што станува и со воздушната атмосфера во текот на денот: ту е јасно и светло, сонцето грее, ту е облачно и мрачно, потоа, пак се разведрува и станува пак светло, а по малку пак се стемнува, а сето ова станува како последица од промената во воздухот. Зар вака не се случува и со нас? Се случува некогаш да сјаеме од добрите помисли што се во нас, потоа ни наидуваат лоши мисли и ние се помрачуваме, а потоа пак навлегуваме во светлина, а тоа бива кога ќе ѝ се предадеме на молитвата или на некоја друга добра духовна вежба. И ова ни се случува не еднаш во текот на денот. Но, промените во воздухот се поинакви од промените што настануваат во нас; тие промени настануваат природно, така како го уредила тоа Божјата премудрост, според законите што ги вложил создателот во самата природа, а промените што стануваат во нас се нешто слободно, нешто што станува во врска со нашата слободна волја. Иако ѓаволот се обидува преку своите искушенија и напади да нѐ лиши од светлината на нашата добра состојба, ние сепак имаме сила да го одбиваме и секогаш да го имаме Сонцето на правдата, кое го просветува нашиот ум, како што имале светиите и како што имаат сите оние што живеат добро. Зашто и сега има многу свети луѓе, кои, како скапоцени камења, живеат на земјата и не се одликуваат со тоа што прават чуда, зашто светоста не се состои само во тоа; тие ги извршуваат Божјите заповеди и ја пазат вистинската вера, искрено ги сакаат своите браќа, кај нив нема никаква завист, искрено се радуваат на секое добро кај ближниот, се издигнале над секоја човечка слава и се украсени со сите добродетели. Вака се пројавува светоста во секој човек. А вие, кои сте излегле од светот и кои сте се распнапе за светот, треба особено да се одликувате со немаштија и девство, со откажување од својата волја и со доброволност на сите лишувања и измачувања, кои се нераздвојни од начинот на нашето живеење. Ако живеете вака, вие сте свети и ќе бидете присоединети кон светиите и мнозинството на преподобните ќе ве прими во својата средина и вечно ќе се радувате во светите живеалишта на мачениците.

168.

1. Одејќи по нашиот пат, да не гледаме на она што е земно и брзопреодно; нашиот поглед да го врземе за небесното и вечното, зашто земното нѐ раслабува, а небесното нѐ исполнува со храброст. - 2. Така оделе и нашите свети оци, па така да одиме и ние, да се украсуваме со секоја добрина, а да се ослободуваме и да се одврзуваме од сѐ што е лошо; да се очистуваме. Нашиот живот да одговара на нашето монашко призвание. (2, 102)

1. Нашиот живот е како пат, и тоа пат што не се изодува за ден или два или за многу дни, туку пат, по кој се оди во текот на целиот живот, сѐ додека не се преселиме од тукашниот во вечниот живот. Каков напор е потребен, каква сила, какво внимание и каква усрдност, за да не ја загубиме нашата храброст и да не се откажеме од чекорењето по овој пат, гледајќи само на неговата должина, а притоа, имајќи го и противникот наш - ѓаволот, кој постојано поставува пред нас пречки на нашето чекорење кон Бога! Но, да не се плашиме, зашто од друга страна ние имаме наш застапник и раководител по овој пат, и не некој друг, туку Самиот Господ и Господар на сѐ, за нас се грижат и нѐ пазат светите ангели. „Не дреме и не спие Оној Кој го пази Израилот“ (Псал. 120, 4). Затоа да одиме усрдно по овој наш пат и со пламена желба; да не гледаме надолу, туку нашите очи да ги устремиме нагоре, зашто, ако гледаме надолу, тогаш секако ќе се разболиме од мрзливост, малодушност и раслабеност, затоа што ги устремуваме нашите мисли на сите страни и што срцата наши ги прилепуваме кон суетите и сластите на овој живот: кон блудот, чревоугодувањето, алчноста и ненаситноста, гледалиштата, празнувањата, украсувањата, фантазиите и сѐ друго што преминува брзо и што загинува. Но, кога нашиот поглед ќе го утврдиме кон небесното и вечното, тогаш, иако е животот наш мачен и страдален, иако имаме многу трудови и тешкотии, иако постиме, бдееме и се откажуваме од нашата волја, иако се лишуваме од многу работи, како и сѐ друго што е поврзано со нашиот монашки и подвижнички живот и со аскетското послушание, тогаш не смееме да очајуваме, да бидеме малодушни и да паѓаме под тежината на нашите маки, не смееме да им се предаваме на страстите, кои нѐ напаѓаат, туку должни сме со храбро духовно мудрување да трчаме и да гледаме на небо, погледот наш во Бога да го впериме, кон царството небесно да се стремиме, кон рајските радости, кон сладоста на вечната слава, кон светлината што никогаш не помрачува и кон ангелското блаженство.

2. Така трчале светите оци и така победувале мачениците, преподобните и праведниците, монасите, мирјаните, мажите, жените, младите и старите, служејќи се овде со некакво вежбање и обидување. Така и ние, ако сакаме да се насладуваме со нивната слава и блаженство, треба искрено и со волја да сакаме да ги претрпиме сите тешкотии и маки во врска со нашиот монашки живот. Да го засакаме ова, браќа, да решиме храбро да поднесеме и да претрпиме сѐ со храбро мудрување со постојана и силна ревност, имајќи ги очите во својата глава, како што за поведа Премудриот (Екл. 2, 14), а да не ги устремуваме кон земјата и кон земното. Зашто оние што мислат за небесното и кон него тежнеат, тие навистина очите свои ги имаат во својата глава, а оние што се свртени кон суетното и што се зарастени за него, нивните очи се свртени кон нозете. Би било и жално и чудно кога нозете на секој човек би биле нагоре, а главата негова надолу, но многу е пожално и понечовечно ова да ни се случи во духовна смисла. Да одиме така, како што им прилега на мудрите, да ги имаме очите во нашата глава, да мислиме за Бога и за божествените работи и соодветно на тоа да дејствуваме. Очите во главата се: верата, надежта и љубовта; од нив произлегуваат: силното трпение, чистотата, братската љубов, мирот, кротоста, скромноста, храброста, доброто стоење, воздржувањето и добрите плодови. А кај оние, кои мислат и дејствуваат спротивно на ова, кај нив се појавуваат спротивни работи: неверувањето, безнадежноста, омразата, а од нив произлегуваат: нетрпеливоста, малодушноста, блудот, прељубодејството, безграничната сластољубивост, чревоугодието, лесномисленоста, себеукрасувањето, смеата, кавгите, зависта, убиствата и секое друго сатанско дело и дејство. Да бидеме Божји и да се стремиме кон она што е Божјо, како чисти - за чистотата и светото, непорочни - за девството, исправни -за она што Му е угодно на Бога, мирни - за братољубието, несуетни - за она што е небесно, одречени од светот - за она што е над овој свет. Да не го правиме редот во безредие, така што ние, кои ѝ припаѓаме на светлината - да почнеме да трчаме по она што е мрачно, ние кои сме од чистотата - за она што е блудно, ние исправните и угодните на Бога - за безредието, противници на човечката слава - за суетата, зашто ова е жалосно, лукаво, богоборно, бесољубно; ова е потпалување на пеколниот оган. Ние, кои сме Божји, да го бараме она што е Божјо, она што одговара на нашето монашко признание. Ние сме монаси, туѓинци, анахорети, девственици. Божји слуги, кои се именуваме ангели. И сите мислат дека сме навистина такви. Никој од нас да не биде небожји, неотуѓен од светот, недевствен: никој да не мрмори, да не биде блудник, очаен, малодушен, зашто голем е Божјиот гнев и близу е до нас и ќе нѐ накаже, Бог иако се гневи, но не се гневи толку многу на оние во светот, кои стануваат лоши по душа, колку што се гневи на нас, кои треба целосно да Му припаѓаме на Него, како и господарот што се лути на оние слуги, кои се пред неговите очи кога грешат, отколку на оние, кои грешат, но кои се подалеку од Него. Гневот Божји не е еднаков на сите нас; се пројавува разновидно: инаков е кон оние, кои постојано живеат во гревот и злото, инаков е спрема оние, кои ту се поправаат, ту пак грешат и паѓаат, инаков е спрема оние кои штотуку ја примиле схимата, инаков спрема оние што остареле во схимата, така што подолго некој живеел во схимата, јасно е дека неговиот живот треба да биде многу посовршен: ако староста ништо не користи, таа станува причина за строга казна и станува за присмев, како што е смешно да видиме белокос старец да учи во училиште заедно со деца.

169.

1. Вие сте Христови војници; вие треба напрестајно да бидете под оружје, - еве во какво. - 2. Коренот на секое зло е гордоста, но ние треба да се бориме против она, со што сме напаѓани во тој час, зашто не е секогаш една и иста борбата.  -3-16. Разни мисли за духовната броба. (2, 103)

1. Вие сте Христови војници; војникот треба да размислува за тоа што му е потребно за војната, и да го пази во ред своето оружје, за да може да го употреби секогаш во борбата со непријателот. - Затоа гледајте дали сте подготвени, во каква состојба е вашето духовно оружје: дали е изострено, исчистено и светнато. Имено, вие треба да ги имате: мечот на послушноста, оклопот на верата, шлемот на спасителната надеж, штитот на смирението, лакот на добрите помисли и, најпосле, колесницата - вашето чисто тело, кое е истовремено и коњ, кој треба да биде добро обучен за сѐ, - и да не биде многу дебел, зашто нема да биде погоден за трчање, ниту премногу слаб, зашто ќе биде немоќен за потребните движења, добро да ја поднесува уздата на стравот Божји, кога ќе биде употребувана, за да не се оддалечува од потребниот правец на патот и за да не го исфрли јавачот - незаузданиот ум со своите скокови. Ете, Словото Божјо сака секогаш да бидете вакви, зашто вашата војна е непрестајна, вие сте напаѓани секој час и секој миг имате престрелки.

2. Кој е меѓу вас храбар и силен борец, кој е воинствен, кој ги посечува илјадниците спротивни помисли, победувајќи го најнапред гордиот ум, како некогаш божествениот Давид што го победил гордиот Голијат? - Што настанува од ова? - Натерување во бегство на духовите на злобата, а тоа се: многубројните и разновидни гревовни страсти. Гордоста на умот, првото и последното зло. Преку неа паднала од небесните височини аждајата, која сега нѐ искушува нас и од неа, како од некаков корен, израснале илјадници илјади гревовни лози. Но, ние треба да се подвизуваме и да војуваме против она, што нѐ напаѓа во овој час, зашто секој час еден е напаѓан од една страна со страст, а друг - од друга: еден боледува од страста на блудот, друг - од чревоугодие, трет - од мрзливост, четврти - од завист, петти - од гнев, шести - од неверување, седми - од непокорување, осми - од самољубие, деветти - од неработење, десетти - од жестокост. А сето ова го прави еден и еднинствен дух сатанскиот.

3. Нашиот подвиг е голем и разновиден: отсекаде треба да имаме очи, од една страна - да набљудуваме, од друга - да се оградуваме, за да не навлезе непријателот, да не нѐ зароби, да не стави рака на нас и да не почне да нѐ тепа и да нѐ убие.

4. А потребно е и да предвидуваме: и ние да ги почнуваме нападите и да војуваме. Се случува да се добие еден удар, а да се дадат десет, да се добие мала рана, а да се отплати  - со задавање смрт.

5. Кој има рането тело, тој бара лек. Исто така, кој има ранет дух, и тој треба да бара соодветен лек за својот ранет дух. Овој лек е исповедта со епитимијата. А кога ќе се направи тоа, пак треба да се излегува на борба.

6. Кој ќе победи во телесната борба, тој добива една награда, а кој ќе победи во духовната борба, тој добива венец - одликувања: секојдневните борби донесуваат секојдневни награди и венци.

7. Блажени сте, ако победувате и, ако не се предавате. Крепете се и не бидете маподушни сѐ додека не заврши за нас војната со нашето преселување од земјата.

8. Бидете храбри, чеда мои возљубени и браќа, бидете храбри, зашто Го имате Бога за свој помошник и закрилник на вашиот живот, го имате вашиот ангел пазител: ги имате за закрилници светиите, чии имиња ги повикувате на помош, го имаме и непобедивото оружје - знакот на Христовиот крст.

9. Да не се плашиме од илјадниците невидливи непријатели, кои нѐ напаѓаат преку лошите помисли: да не ги свиеме колената пред Ваалот на телесните страсти и сласти, да не им го предадеме на нашите непријатели нашето целомудрие, кое го зел за Своја невеста Христос за да биде свето, членовите на нашето тело да не ги направиме членови на блудот и садови на нечистотата, кои се членови Христови, Кој е пречист и бесмртен Младоженец.

10. Да не го примаме за советник сатаната, кој замислува како да нѐ изгони од нашата рајска киновија - од нашето манастирско братство; да не ги отвораме вратите на нашата душа пред крадците - пред демоните и да не им дадеме да го украдат сокровиштето на нашата душа.

11. Колку е добро да живееме во градот, кој го изградил нашиот Господ Бог за нас од разновидни добродетели! Колку е блажено да го запазиме достоинството на нашата душа незаробено од гревот! Душата, која не е заробена од страстите, целата е слободна, боговидна, господствена, светловидна, израдувана, богособрана, богоисполнета, небесна.

12. Не е таква душата, која е заробена и завладеана од страстите - нејзините мачители. Таа ужасно страда, ја влечат таму - ваму на работа кај секоја страст и секое срамно дело. Таа прима наредби од демоните и покорно извршува сѐ што ѝ е заповедано. Над неа владее бесот на телесната сласт, бесот на зависта, бесот на омразата, бесот на зборливоста, бесот на чревоугодието, бесот на мрзливоста, бесот на неверувањето, бесот на хулата, бесот на гневот, бесот на гордоста, бесот на лагата, бесот на кражбата, бесовите и на сите други страсти, чии имиња никој не може да ги изброи.

13. Од какви бесови е човек измамен, ним им е и потчинет. Неговата бедна душа се измачува под нивниот јарем; несреќен е нејзиниот живот. Таа целата е жална, мрачна, без светлина, безбожна, без вид, одвратна за сите што мислат согласно со Божјите вистини.

14. Да не го унижиме нашето достоинство, чеда, да не ја продадеме нашата слобода. Откако ќе се ослободиме, да не бидеме пак робови (1. Кор. 7, 22-23). Да не ја претвораме нашата светлина во темнина; да не ја претвораме нашата убавина во грдост; да не го свртуваме нашето лице од нашиот Бог, за да не стане тоа одвратен и срамен образ на гревот; да не ги соблечеме светлите облеки на добродетелите и да не се облечеме во мрачните партали на беззаконијата: бидејќи сме веќе синови Божји, а не да станеме пак рожби на ѓаволот.

15. Кој е тој, што има здрав ум, и што ќе се реши, откако е ослободен, пак да се предаде во ропство? - Кој е тој, кој е веќе посинет од Бога, што ќе се согласи пак да биде нарекуван пород ѓаволски? Кој е тој што ќе го отфрли неискажливото благородство на добродетелите и ќе избере да се врати пак во одвратниот страстен живот? Кој е тој што ќе посака да премине од огромното духовно богатство во духовна немаштија? Кој е тој што ќе претпочита да го загуби царството небесно, за да ги придобие огинот и темнината, и другите страшни вечни маки? Тоа не можат да го направат оние што имаат здрав ум; тоа можат да го направат само оние што немаат ни ум ни чувство, оние, кои би се согласиле, како созданија по Божјиот образ и подобие, за да ги наследат вечните блага, свесно и доброволно, поради безумно сластољубие, - да се спуштат до длабочината на пеколот и вечните маки?

16. Да се разбудиме ние што дремеме: да си ги отвориме очите: да почнеме да слушаме, одново да придобиеме нови сили ние раслабените: да станеме храбри, да се воодушевиме и да појдеме по патот што води кон спасението. Да извикаме кон Господа, и Он ќе ни помогне. Зашто „близу е Господ до сите, кои го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат; и смирените по дух ќе ги спаси“ (Псал. 144, 18; 33, 18).

170.

1. Го споредува обработувањето на лозјето со обработувањето на душата. - 2. Повикува вака да ја обработуваме нашата душа за радост на Господа, Кој е сопственик на ова духовно лозје. - 3. Ги одобрува оние, кои доволно се потрудиле во ова лозје, но говори дека треба уште да се трудиме, да живееме непорочно и да се сообразуваме со манастирскиот ред и подвижничките трудови. (2, 104)

1. Вчера го беревте лозјето и ги благословувавте лозите, кои имаа многу плод, а жалевте за оние, на кои не најдовте гроздови. - Што сакаме да кажеме со ова? - Тоа, што и вие, откако станавте Господово лозје, па кога имате многу плодови, кога имате многу гроздови, тогаш станувате достојни да се одушевува со вас Оној , Кој ги обработува вашите души. А кога немате плод, тогаш сте достојни да бидете проколнати и посечни, како што говори Господ: „Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши, и во оган ќе ги фрлат, и ќе ги изгорат“ (Јован 15, 6). Гледате дека лозјето не дава плод. Во почетокот се сади со голем труд, се издигнува и се доведува до род. Кога ќе почне да раѓа, тогаш се крои, се копа, се оградува, се треби од суви прачки и се чисти од сѐ што може да му нанесува штета на плодот, како што знаат многу добро лозарите, врз основа на својот личен опит, па на тој начин, лозјето одново дава род. Зар истото не го забележуваме и кај нас? Зашто, кој и од нас дава плод, ако претходно не биде насаден и обработуван, додека не израсне маж до зрелата Христова возраст, ако не биде окопуван, истребуван и оградуван со Христовите заповеди? Оној што не минува низ сето ова, тој се покажува секогаш и недозреан и бесплоден; него го глодаат сите што минуваат покрај лозјето, а тоа се погубните демони.

2. Затоа, ве молам, да се зафатиме со обработувањето на нашата душа, да се подвизуваме според правилата на аскетскиот живот, да ги прифатиме тешкотиите на воздржувањето, напорот на бдението, исповедувањето на нашите внатрешни неисправности, епитимиите, оградувањето на нашата уста, Одржувањето на нашето мечтателно срце, непоколебливата вера, и средувањето на неспокојните помисли. Којшто сето ова не го прави, тој никаков плод не може да роди; таквиот не може да се именува Христова прачка. - Браќа, зошто сме дојдени овде? - Не затоа ли, за да дадеме богат плод и Господа да Го храниме со нашите богати плодови? Нашиот предобар Господ е гладен за нашето спасение. И, ако нѐ најде како се трудиме за нашето спасение, се радува, вкусувајќи од плодовите наши, а, ако не ги најде овие плодови, тогаш ќе нѐ проколне, како што ја проколнал бесплодната смоква. Он доаѓа секој ден при нас и нѐ надгледува какви сме! Затоа, треба да се подвизуваме, да се трудиме, душата да ни биде огнена, да се грижиме, да се смируваме, да бидеме послушни, внимателни, да пееме духовни песни, да бидеме кротки, разумни, работливи, братољубиви, трпеливи, непоколебливи, полни со надеж, да се подготвиме да бидеме подготвени чисти садови и да се усовршуваме во Светиот Дух.

3. Признавам дека сте победувале во минатото, дека сте претрпеле многу, дека сте изодиле голем дел од патот, дека сте го посрамиле лукавиот, дека сте биле победници во многу борби, дека сте се откажале од многу грешни приврзаности, сте се откажале од светот, дека сте се ослободиле од телесните похоти, дека сте ги запазиле заповедите, дека сте ја запазиле верата на нашите оци, дека сте станале неплашливи од луѓето, дека сте го подготвиле своето срце за смрт од љубов спрема Господа: кај вас е сѐ богоугодно и пофално, сѐ е свето и небесно. - Но, да претрпиме уште малку, ве молам, пречесни браќа мои, да стоиме непоколебливо во верата, да стоиме без страв пред искушенијата, кои ни доаѓаат од видливите и невидливите непријатели, да не отстапуваме пред сатаната во секојдневните борби и да пееме: „Господ ми е помошник, и јас слободно ќе гледам на непријателите мои“ (Псал. 117, 7); „Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого да се плашам? Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели, за да го изедат телото мое, ослабнаа, се сопнаа, и паднаа“ (Псал. 26, 1-2). „Тие се препнаа и паднаа, а ние се кренавме и стоиме прави“ (Псал. 19, 8). Така ќе пееме духовно, ќе бидеме душевно храбри, усрдно ќе ги минуваме нашите послушанија, во сѐ да го запазуваме она што Му е угодно на Бога, да не изговараме лоши зборови, да не мрмориме, да не осудуваме, да не се бунтуваме, со желба да се собираме за работа, со љубов да одиме на бденија и пеење на псалми, еден со друг да се согласуваме во кротост и смирение, во добра мисла, во оддалечувањето од светот, во устремувањето кон небото, малку да зборуваме, да не се смееме, да бидеме секогаш готови да простиме, да бидеме незлобливи и мирољубиви. Сето ова е силно оружје против ѓаволот.

171.

1. Да внимаваме да не отстапиме од патот на Христовите заповеди, од кои се труди ѓаволот на секој начин да нѐ оддалечи; да ги пазиме нашите сетива, ако сакаме да успееме во ова. - 2. Ако се запазуваме вака, непријателот ќе отстапи, ќе биде победен и ќе се измачува, а нашата душа ќе се радува, а во спротивен случај, сѐ станува спротивно. - 3. Но, сето тоа да не биде со нас, а ако ни се случи, да побрзаме да се лекуваме со помошта на покајанието, па потоа да се пазиме од нови паѓања. (2, 105)

  1. Неопходно е секогаш да внимаваме на себеси и во секој случај да се запазуваме во законот Божји, да не се оддалечуваме од Неговите заповеди ни лево ни десно, туку да одиме по Царскиот среден пат, таму каде што се спасението, сигурноста од заталкување и успехот. Ова треба да го имаме предвид, на ова да внимаваме и ова да го знаеме, зашто измамливиот сатана, непријателот на нашите души, постојано смислува и се труди да нѐ оддалечи од овој пат и да нѐ урне во бездната на некоја страст и да нѐ заплени. Него ќе го победиме, ако останеме незаблудени, будни и трезвени, ако ги пазиме нашите сетива: очите - од она што не треба да го гледаме; ушите - од слушање на измамливи зборови и ѓаволски шепотења; рацете  - од допирање, како на своите членови, така и на оние другите, од страсна желба и распалување на похотта; нозете - од одење по криви патеки и на скришни места - духовни и земни.

2. Ако постапуваме вака, ако вака се пазиме, ако имаме исправна исповед, со потребната смирена мудрост и добра расположба, тогаш аждајата ќе биде победена и прогонета од лукавото срце, ќе крцка со забите и ќе стои оддалеку, но никогаш нема да се очаи, колкупати и да биде победен и изгонет. А душата се радува и охрабрува, сѐ повеќе кон Бога се издигнува, живее во светлина, во возвишени и прекрасни соѕерцанија, бидејќи станува се пообожена. А, ако се однесува спротивно на она што е посочено, тогаш ќе го претрпи и спротивното: ќе биде завладеана и заробена од онаа страст - на која ѝ се предала, од која е победена, се помрачува од лоши помисли, пропаѓа во некаква лоша длабочина, е измачувана и растргнувана, никаде и во ништо не наоѓа мир и уште овде, за време на овој живот, го вкусува горчливиот плод - она што ја очекува во идниот живот.

3. Но, да не ни се случи некогаш да претприме нешто слично. Да не си дозволиме да бидеме занесувани од измамливоста на гревот, а ако ни се случи нешто такво, најискрено да го отсечеме од себе, а раната што ни е причинета, да ја отфрлиме од себе, па повреденото место да го лекуваме со лекарството на покајанието: ако сме згрешиле со око, со уво или со рака, понатаму да се пазиме истото да не го повториме. Зашто и неразумните животни, откако ќе се лизнат и паднат еднаш или двапати на некое место, во иднина внимателно го избегнуваат и го заобиколуваат, за да не им се случи истото зло. А ние, кои сме надарени со Божјиот образ, кои сме научени на премудри зборови, дали во овој случај ќе се покажеме полоши од оние што имаат неразумна природа: да ја сакаме онаа страст, од која настанал нашиот грев, да ги бараме стрмнината и јамата, каде што сме паднале пред тоа? Тоа би било ужасно и опасно. Ние, како мудри, мудро ќе одиме: како чисти - ќе живеме девствено, така што и кон надворешните искушенија да се покажеме посилни и понесовладливи. Онаа душа, која се запазува на секој начин и која останува непобедлива кога ќе биде нападната од некоја страст, не се плаши ни од оган ни од меч, ни од ѕвер, ни од цареви, ни од силата на оние што владеат, ни од страдања, ни од притеснувања, ни од гонења, туку секогаш е готова да извика: „Нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско“ (Псал. 45, 2). Да се плашиме од внатрешните опасности и напади, тогаш нема да се плашиме и од надворешните.

 

172.

1. Треба да ја извршуваме волјата на небесниот Отец, да живееме според подвижничките правила и правилата на манастирското послушание. - 2. Непријателот се измачува кога нѐ гледа вака средени и спокојни и не може да ни се приближи. - 3. Бидете храбри, противставувајте му се на непријателот, не слушајте ги неговите нашепнувања; повеќе внимавајте што ви советува вашиот ангел пазител. (2, 107)

1. Господ говори: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Којшто Ме пратил и да го извршувам Неговото дело“ (Јован 4, 34). 0, браќа мои, Он ни дал и нас власт да Го именуваме Бога за наш Отец. Затоа и наша храна треба да биде: да ја извршуваме волјата на нашиот Отец небесен. А што е она што треба ние да го правиме? - Па вие веќе го имате покажано тоа со вашиот досегашен живот, живеејќи според заветите, кои сте ги дале. а јас можам да ви одговорам: живејте како што живеевте досега, продолжете да трпите добродушно, да ги поднесувате трудовите на воздржувањето, тешкотијата на послушанијата, изнемоштеноста од бдеењето, невидливите стрели на помислите, од огнот на похотта, помраченоста од очајанието, наранетоста од зависта и сѐ друго, со што се обидува ѓаволот да ги турне нашите души во длабочината на пеколот.

2. Бидете храбри, зашто тој напаѓа, но и одбивајте ги неговите напади со силата Божја, која е во вас: тој крцка со заби, гледајќи ве како мирно и средено живеете и не може ништо лошо да ви направи: не може да најде место, откаде да ви пријде, гледајќи дека сте оградени, како со ѕид, со законот на Господа; поставува мрежи и стапици, како оние за уловување на ѕверови, се труди да ве воведе во нив, но не може да успее. Затоа се јаде од лутина, гледајќи како ги уништувате сите негови планови со своите исповедувања. За него нема место таму, каде што има страв Божји, каде што се пази извршувањето на Божјите заповеди, каде што се во дејство сите обични правила на нашиот манастирски живот, каде што со готовност се прифаќани епитимиите и се извршуваат.

3. Затоа, радувајте се, и останете крепки, бидете храбри и борете се, не давајте му на непријателот да ви се приближи, не дозволувајте му никако на тој лукав дух да ви шепоти на увото ваше, а ако ви се приближи, гонете го и прогонувајте го. Познато ви е како го измамил првиот човек и како успева да ги измамува и денес оние, кои се предаваат на неговите измами. Тој ни советува да правиме само она што е лошо, а се труди да го разубавува и да го прикрива; само она што води кон гордоста, зависта, телесната похот, невоздржувањето и кон сѐ друго што ја осквернува душата. Но, вие слушајте го само ангелот ваш пазител, пазителот на вашиот живот, кој ви го напомнува само она што е добро, внушувајќи ви ги мислите на целомудрието, храброста, помислите за смртта, преминување го во другиот живот, за идните вечни блага, како и за бескрајните маки, како можеме да се удостоиме со блажената вечност - со вечните убавини и да ги избегнеме бескрајните маки; постојано да мислиме за ова, да се утврдуваме во добродетелите и да бидеме ревносни во чекорењето по Божјиот пат, по патот на нашиот Господ Исус Христос, сѐ додека не дојде одредениот крај на нашиот земен живот, кога нашиот Господ, на Кого сме Му служеле добро и сме Му угодувале, ќе нѐ приведе од другата страна и ќе ни дарува вечен спокој.

173.

1. Обработувањето на душата не бара посебно време и особени собирања, како што го бара тоа обработувањето на земјата: ова обработување е можно во секое време; за него е потребно само да имаме желба и одлучност - да се бориме против сѐ што не е добро и да бидеме расположени кон сѐ што е добро. - 2. Да се зафатиме со ова и да им подражаваме на светите оци, кои барале и го нашле она што го барале и кои тропале и им било отворено. (2, 110)

1. За обработувањето на душата секое време е погодно; за тоа не се бараат посебни погодни услови во зависност од годишните времиња. Овде не се потребни ни волови, ни плугови, ни некои други земјоделски алати: потребни се само добра волја и усрдна желба, со кои и во кои се сеат добрите желби и се жнеат добри плодови за вечна наслада и успокојување. И ова не се извршува само дење, ноќе, наутро или напладне, кога се јаде и кога се пие, кога се седнува и кога се станува, кога се разговара и кога се молчи, кога се оди и кога се стои, кога се работи и кога се мирува, ако бидеме трезвени и внимателни. Со ова се бара од нас: да не талкаме со нашите мисли, да не дозволуваме да бидеме измамени, со нашите сопствени мисли, да не сме расеани умствено, да го владееме своето тело, да не бараме нашите телесни желби да бидат задоволувани, да не спориме еден со друг, да не паѓаме во непослушност и мрморење, во суета и гордост, и во искушение, секогаш да биде така како што велиме и да бидеме над сите и на никого да не го свртуваме нашето внимание. Зашто сето ова не му дава на умот наш да биде со Господа, да мисли за она што е добро, да биде смирен и скрушен и сѐ што нѐ среќава, тешко и страдално, да го примаме со благодарност и радост.

2. Браќа, да не си дозволуваме деновите, од кои зависи нашето спасение, да ги минуваме во мрзливост и нераборење, времето на нашиот живот да остане без полза за нашата душа; да се трудиме за придобивање на добродетелите и за богатеење со небесните блага, да придобиваме мудрост, каква што имале нашите свети оци; да не ги губиме попусто ни деновите, ни часовите, туку одлучно и силно да се зафатиме со исчистувањето на нашата душа, за да ги изгониме страстите и да ги развиеме во себе добрите расположби: да не штедиме ни труд ни напор, - да Го бараме само Бога со сето наше срце. Тие барале и го нашле тоа што го барале, чукале и им било отворено: им биле отворени вратите на љубовта, вратите на правдата и входот кон Христа, по патот на бестрастноста; тие влегле и ги нашле радоста и веселбата, кои не свенуваат и кои се вечни. - Дојдете, браќа, дојдете сите што го барате вашето спасение, да трчаме по патот на нашите свети оци, да ги запазиме пораките што ни ги оставиле и да ги запазуваме нашите срца чисти и непорочни. „Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат“ (Псал. 36, 1-2). Да не ги гледаме оние што се помногубројни, оние што живеат неуредно и незагрижено: да ги гледаме оние што се поретки, но кои со ревност се трудат за своето спасение и желба да Му угодат на Бога. Да се угледаме на ваквите, да чекориме по патот на нивните добродетели, со нивните очи да гледаме сѐ, со умот нивни - да размислуваме за сѐ, со јазикот нивни и ние да говориме, за да се удостоиме со нивната блажена и прерадосна состојба.

174.

1. Откако сте добиле од Бога сила за богоугоден живот затоа што сте го оставиле светот и што сте примени во манастирот, благодарете Му на Оној, Којшто ве повикал, благодарете Му не со зборови, туку со дела соодветни на животот што сте го одбрале: во ова се состои победата над светот. - 2. Господ победил со Своите страдања, со крстот и со Својата смрт, покажувајќи ни го со тоа патот кон потполната победа: по Него на таков начин светот го победиле апостолите, а по нив мачениците и преподобните. - 3. Ете, таков е патот што води кон Бога; секој од светите луѓе оделе по тој пат кон Бога. - 4. Затоа, да не се чудиме што нѐ среќаваат маки и непријатности, туку радувајте се и бидете храбри. (2, 111)

1. За мене нема ништо посакано и порадосно од тоа: да слушам за вас и да ве гледам како живеете добро и богоугодно ги извршувате сите заповеди на Господа и нелицемерно напредувате во вашиот монашки живот, во кој одново духовно се родивте и преку што се ослободивте од вашите некогашни гревови; и не само тоа, туку добивте и дух на сила против видливите и невидливите непријатели и немате страв од ништо што се среќава на патот при служењето на Бога и извршувањето на Неговите заповеди. Затоа, благодарете Му на Бога, и прославеге Го затоа што ве повикал, а вашата благодарност да се состои во следново: во вашето трпеливо живеење во подвижништвото; како што сте се подвизувале добро досега, така продолжете да се подвизувате и во иднина, разгорувајќи ја вашата љубов кон Бога. Господ секојдневно ни плете венци, ако сме секогаш расположени и одлучни: подобро да претрпиме сѐ, отколку да измениме нешто од она што ни е заповедано. Зашто Господовата заповед е вечен живот, а нејзиното нарушување - смрт. Затоа сме должни да ја кажуваме вистината и да не се согласуваме со оние, кои се против неа, готови да жртвуваме сѐ: славата и честа што ја имаме кај царевите, архиереите и кај другите. Зашто како што е напишано: „Каква е полза за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?“ (Матеј 16, 26). Затоа ја имаме нашата непоколеблива одлучност; затоа се и нашите подвизи.

2. Но, Господ вели: „Не бојте се, зашто Јас го победив светот" (Јован 16, 33). А Он го победил затоа, за да победуваме и ние по Него. Он, како Бог, секогаш е победител на светот, а сега Он говори особено за тоа дека го победил светот, како човек. А веднаш по него светот го победиле апостолите, по нив - мачениците, по нив преподобните и сите оние што живееле побожно и богоугодно. Но, како била одржана оваа победа и на Господа и на Неговите светии? Дали без борба, без маки, без проливање на сопствената крв и без смрт? Не, и не само не без сето ова, туку уште и со крст и со смрт. Знаете за навредувањата на Господа, за Неговите навредувања и исмејувања; дека бил предаден, осуден, тепан, плукан, распнат, но дека воскреснал и го спасил светот. Така исто пострадале и светите апостоли. А кој ќе ги искаже маките и страдањата на мачениците? Исто така, кој ќе ги искаже подвизите и лишувањата на преподобните?

3. Светото Писмо говори: „Сите што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тим. 3, 12). Тесен е и мачен патот, што води во царството небесно, а широк и рамен - оној што води во пропаста (Матеј 7, 14). По широкиот пат се радостите на овој свет, телесните сласти и задоволства, презирот кон Божјиот закон, незагриженоста за смртта и стравот од луѓето, а на тесниот и мачен пат - маките и страдањата во светот, доброволните трудови и подвизи и секаквите лишувања, како што говори и апостолот, кој одел по овој пат: „Во сиромаштија, во маки, во срам, оние за кои светот беше недостоен, скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни“ (Евр. 11, 37-38). И нема ни еден од светиите, кој да го изминал овој пат без страдања.

4. Затоа не чудете се, ако ве среќаваат жалости, туку повеќе радувајте се што и вас не ве одминале и разгорувајте се сѐ повеќе со љубов спрема Бога, така што преку тоа и похотите да ги совладате и демоните да ги одгоните. Зашто оној што Го љуби Бога, сите други ги остава зад Него, од никој друг не може да се плаши. Оној што Го има Бог, тој стои над сите. Мудрувајте здраво, пазете ја побожноста, молете се, молете се за сите. Христос е меѓу нас, зашто, ако Он е присутен таму каде што се двајца или тројца, тогаш како нема да биде меѓу вас, кои ги извршувате Неговите заповеди и кога ве има толку многу. 

175.

1. Одделувајќи се за извесно време од братството, ги моли раководителите и потчинетите да живеат и да дејствуваат според манастирскиот устав, укажувајќи им како да го прават тоа. - 2. Како побуда и поттик кон тоа им ја истакнува вистината: дека Бог гледа сѐ и дека за сѐ ќе побара сметка. (2, 112)

1. Одделувајќи се од вас за извесно време, ве молам, во името на љубовта на нашиот Господ Исус Христос, во малкуте дни на моето отсуствување, да го запазувате обичниот ред на манастирското општожитие, во послушност и смиреност: вие што ќе началствувате, не бидете самоволни, не држете се заповеднички и световни и на некаков човечки начин, туку правете го тоа добро и спасително, како да ве гледа Господ, Кој ќе ви суди и дека ќе треба да Му дадете одговор за сѐ што говорите и што правите, а вие потчинетите и послушниците, исполнувајте го она што ви се заповеда послушно и без поговор, извршувајте го сето она што ќе ви го заповеда мојот намесник или некој од началниците и раководителите. Вие сте чеда Божји и живејте како чеда на светлината; вие сте јагниња Божји, и пасете тивко и мирно, како јагниња. Никој да не го прави она што не чини, никој да не скока, како јарец, и да не се храни со трњето на страстите; никој да не постапува, како што постапил Јуда: со браќата се правел како да е брат, а подготвил предавство за пропаст на својата душа; никој да не биде како Исав, кој го презирал своето спасение и своето првенство го продал за една чинија најобично јадење и пиење. Никој да не останува без работа, да не талка таму-ваму, времето свое попусто да не го губи, додека другите браќа усилено работат, трпејќи ги жештините дење и студот ноќе, секој со работата што му е дадена: како вратар, болничар, чевлар, столар или во некое друго посушание. Овој престап е страшен, зашто според зборовите на апостолот: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Сол. 3, 10).

2. Сите одете по Божји патеки: нозете ваши во скришни места и скришни советувања да не стапнат, зашто „очите на Господа десет илјади пати се посветли од сонцето: ги гледаат сите човечки патишта, во сите скришни места проникнуваат" (Мудр. Сир. 23, 27-28). Макар и да си на најскришно место, знај дека окото што никогаш не спие и таму те гледа; знае Бог со кого стоиш, што зборуваш и што правиш. Внимавај да не те види тоа око кога разговараш со сатаната, кога замислуваш лоши работи и кога извршуваш срамни дела. И, ако Господ не те накаже спрема твоето дело во тој миг, знај дека наредил да се запише твојот грев и тоа ќе значи твоето паѓање; Он вика кон тебе без зборови и невидливо: „Ти го изврши тоа, а Јас молчев: ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои“ (Псал. 49, 21). Каде можеме да избегаме од рацете на Оној Кој владее над сѐ? Можеме ли да направиме нешто лошо што нема да биде дознаено? Не мислете дури и нешто лошо, туку во сѐ постапувајте богоугодно и спасоносно, така што Господ да нѐ види и да се радува и да се весели, и во книгата на животот да бидат запишани нашите добри дела, и во денот на Својот суд да нѐ овенча со венец на правдата, кој никогаш не овенува.

Светиот преподобен Теодор Студит