Светиот преподобен Теодор Студит

176 - 200 Подвижнички поученија за монаси

176.

1. Стојте храбро, гледајте нагоре, и со божествените соѕерцанија, како со стрели, одбивајте ги непријателите на нашето спасение. - 2. Нека не се предава оној, кој е вознемируван од некоја страст, туку нека помислува за срамот, на кој ќе биде изложен и за тоа дека е измамуван од непријателот, кој го мами, претставувајќи му го злото како добро. - 3. По твоите внатрешни движења, погодувај кој дух е близу до тебе, добриот или лошиот; едниот слушај го, а другиот прогонувај го. (2, 114)

1. Стојте храбро „откако ќе се опашете со вистината и се облечете во оклопот на правдата, и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир“ (Ефес. 6, 14-15), да гледате нагоре, да се стремите кон она горе, него да го барате, со небесните работи да го занимавате својот ум, да се грижите за вашето излегување од телото и за среќавањето потоа на Судијата и одговор што треба да го дадете пред Него, - проучувајќи го Светото Писмо и житијата на светците, и она корисното за душата и за нејзиното спасение, - да го свртите, како стрели, против неприј ателот.

2. Оној што е вознемируван од некоја страст, нека не се очајува и нека не ѝ се предава, зашто „близу е Господ до сите, кои го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат“ (Псал. 144, 18) и душата што Го бара ќе Го најде (Мудр. Сир. 6, 16): само треба да стои цврсто, да воздивнува и да офка, да пролива солзи, да ги издигнува своите раце кон Бога, Да се удира в гради, да помислува за срамот од своите гревови, не само пред страшниот Божји престол, туку и пред себеси и пред луѓето, и со тоа да се утврдува во доброто. Зашто, што е напишано? „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“ (Изрек. 3, 11-12). А на друго место во Светото Писмо е речено: „Управи го твоето срце и биди цврст; не збунувај се кога ќе бидеш посетен од Бога“ (Мудр. Сир. 2, 2). Со ова Господ ја проверува нашата љубов: дали сме утврдени во неа, дали не ја претпоставуваме срамната сласт на Неговата љубов; оваа сласт е срамна, бедна и убиствена, сласна на вкус и горчлива кога ја проголтаме; не е таква каква што ни ја претставува губителот на нашите души: тој ја покажува како светлина, а таа е темнина; ја покажува како духовна љубов, а таа е најголема омраза. А ти си Христов војник, ти треба да ги знаеш неговите тајни намери и итрината на неговите искушенија. Ако го сакаш животот, побарај ја и најди ја светлината, зашто Самиот Бог и Неговите заповеди се светлина.

3. Според состојбата на твојата душа, дознавај дали ти се приближил некој наш или некој од противниците. Ако твојата душа се запазува спокојна и непоколебана, ако е исполнета со небесни соѕерцанија, ако е копнежлива кон придобивање на ветените небесни блага, тогаш е од добрите и отвори му го твоето срце, прими го и вечерај со него, да те нахрани со уште поголема љубов кон Бога и божествените работи. А, ако неговата близина ја вознемирува твојата душа, ако те исполнува со мнозинство лоши помисли, ако мислите твои ги свртува кон телото и крвта, кон световните врски и страсни приврзаности, кон ниски задоволства, тогаш знај дека злобниот ја вознемирува твојата душа и ја вжештува со распалување на похотните сласти. Тогаш застани подалеку и одгони го од себе. Тој дошол затоа: само во еден миг да ги уништи плодовите од твоите многугодишни трудови, твоите подвижнички напори, твоите изобилни солзи, молитвите, храбрите борби и победите над непријателите, дошол - за тебе, Христовиот војник, да те направи плен на преодните похотливи сласти, дошол тебе, смелиот маж, да те напои со чашата отров, измешана со гревовна сласт, да те умртви за вечноста. - Ова го пишувам не како бестрастен, туку како искушуван - како многустрадален: а некои работи сум дознал преку читање, преку поуките на мојот духовен отец и она што сум го слушал од многумина.

177.

1. Многу страсти не напаѓаат под дејство на ѓаволот. Потребно е да се бориме и да бидеме облечени во сето духовно оружје. - 2. Меѓу овие оружја не е последно познавањето на божествените вистини, кои ни се откривани преку слушање на поученија, со кои, за жал, толку малку се користиме. - 3. Токму затоа сме неисправни и се прилепуваме кон она што не е добро, иако е потребно само да посакаме, и можеме да го правиме во текот на целиот ден она што Му е угодно на Бога. - 4. Почнете вака да постапувате. (2, 115)

1. Стојте храбро во вашиот многу тежок живот, претрпувајте ја дневната жештина и ноќниот студ, духовно и телесно, но повеќе духовно, бидејќи во нас е присутен оганот на похотта, кој е разгоруван повеќе од халдејската печка од Навуходоносор. Нѐ напаѓаат и други страсти, една по друга ја повлекуваат нашата бедна душа: гневот, лутината, злобата, гордоста, мрзливоста, раслабеноста, приврзаноста кон страстите и најголемото од сите зла - неверувањето. Имаме потреба од многу храброст и великодушност, многу сила и крепост, трпеливост, добродушност, трезвеност и будност, за да можеме да ги одбиваме подигнуваните против нас искушенија и ѓаволски искушенија, за да не коленичиме пред Ваалот на похотта, за да не се поклониме пред страстите, за да не го загубиме она, што сме го собрале со многу труд и со Божја помош. Како инаку можеме да ги избегнеме спомнатите страсти, ако не со сесрдно предавање на Господа, откако ќе се облечеме во сите духовни оружја - за да ги победиме спротивните сили.

2. Овие духовни оружја се: молитвата и надежта, љубовта и верата, неприврзувањето кон страстите и потполното ослободување на умот од светот и сѐ што е во светот, постојаното поучување и разговорите за спасението на душата, внимателното однесување спрема себеси и спрема сѐ што гледаме и што слушаме, како и спрема устата и рацете, постојаното заградување со стравот Божји и со помислите за Бога, како и со незадржливата желба да ги добиеме вечните блага. Зашто, ако сето ова не биде во нас, како ќе можеме да не паднеме во гревовната пропаст? Како ќе можеме да не паднеме во рацете на нашите духовни непријатели? - Колку слушаме? Колку совети ни дава Светото Писмо! Колку многу нѐ поучуваат богоносните оци? - Но, ние забораваме сѐ и воопшто не се грижиме за ова. Како што семето, што земјоделецот го сее врз земјата, пред да го скрие со браната в земја, е разграбувано од птиците, така и итрите и лукави птици, ѓаволите, ни го крадат божественото семе, од нашата уста, и духовните семиња остануваат во нас без дејство; остануваме бесплодни - не раѓаме добродетели. Што друго можеме да помислиме освен ова, кога светите наши оци ни говорат за целомудрието, за храброста, за правдата и за другите добродетели, а ние веднаш потоа, како ништо да не сме слушнале, го правиме токму спротивното. Тие ни говорат за Судот и за солзите, а ние излегуваме и почнуваме гласно да се смееме. Тие ги зауздуваат нашите души со строги и остри зборови за душевната и телесна чистота, а ние веднаш потоа, откако сме ги слушнале тие зборови, почнуваме блудно да се гледаме еден со друг и да изговараме и слушаме срамни зборови. Нѐ уверуваат дека треба да бидеме смирени и послушни, а ние веднаш откако сме ги ислушале поуките, почнуваме да се гордееме, ѕверски да се однесуваме и да бидеме непослушни. Нѐ уверуваат дека треба строго да постиме, а ние му угодуваме на нашиот стомак; ни говорат дека треба да бидеме кротки, а ние веднаш потоа се разбеснуваме; дека треба да бдееме, а ние се предаваме на неумерено спиење; да молчиме, а ние изговараме многу празни зборови; дека треба да бидеме работливи, а ние ја занемаруваме нашата работа; едноставно речено: како нарочно да одиме по спротивниот пат, од оној што ни се посочува во поуките на нашите оци. И ова не го говорам само за почетниците и искушениците, туку и за оние, кои мислат дека се нешто, на кои им е дадено да бидат раководители, со некои работи и кои се ракоположени за свештенослужители. - Тешко нам, колку страдаме од измамникот - ѓаволот?!

3. Зошто го свртуваме нашето лице од живиот Бог, од таа недостижливо возвишена убавина и се свртуваме кон суетата и преодноста? Зошто го сакаме горчливото и привременото, а го оставаме слаткото и вечното? Вистина е, нашите духовни очи и уши уште не се очистени, па затоа лошо ги гледаме вистинските богатства и се лишуваме од нивното вкусување. Затоа, дојдете пак да пристапиме кон нашата работа, иако сме веќе сосема раслабени, пак ќе оживееме, иако сме сосема умртвени, пак да бидеме будни, иако сме сосема успани. Од нас се бара само едно да посакаме, и сѐ ќе биде направено. Оној ден, кога ќе посакаме, но силно и искрено, тогаш ќе ја постигнеме мерката на нашето спасение. Зашто ние сме врзани со работите од овој свет, за да не можеме да се зафатиме да го правиме она што е добро; ние можеме во текот на целиот ден да се занимаваме со делата на спасението, само ако посакаме: наутро треба да ја пееме само Давидовата песна: „Наутро чуј го гласот мој, наутро застанувам пред Тебе, и во Тебе гледам“ (Псал. 5, 3); во третиот час: „Спасувај ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме“ (Псал. 50, 12); во шестиот час: „Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење“ (Псал. 90, 5); во деветитиот: „Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав“ (Псал. 85, 1); навечер: „Благословувај Го, душо моја, Господа. Господи, Боже мој, ти си се возвеличил: во слава и велелепие си се облекол“ (Псал. 103, 1). Ако го правиме ова секој ден, ако секој ден постапуваме вака, ако се поттикнуваме и насочуваме еден со друг, ако не се раслабуваме со рамнодушност и празни зборови, на овој начин, можеме да се спасиме, зашто од рано утро сѐ до вечерта можеме да го правиме она што е добро. Се разбира, и највнимателниот не може да не се отклони од доброто и да не каже некој неразумен збор, да не посака нешто неразумно и да не направи некое лошо движење, да не посака нешто неумесно и да не се склони кон нешто страсно, но секогаш кога ќе се случи тоа, ако паднеме пред Бога и со скрушеност Му се помолиме, сето тоа ќе биде избришано. Ако така чекориме ден по ден, по Божјиот пат, ќе го чекаме денот кога душата наша ќе се оддели од телото, по што доаѓаат венците, радоста и веселбата за сите, кои се подвизуваат вака и кои се принудуваат за Господа.

4. Затоа, внимавајте какви се вашите трудови, вашите подвизи и борби, одгонувајќи ја безгрижноста и преземајќи ја усрдната ревност, со увереност дека секој може да живее добро, да се усовршува и да биде украсен со секоја добродетел. Ако е Бог светлина, живот и вистина, тогаш како нема со желба да се стремиме кон Него, да го сакаме живото општење со Него и да го добиеме? Ако е сатаната вистинска смрт, лага и пропаст, тогаш како нема прифаќањето на неговите совети да ни донесе смрт, темнина и пропаст? Ете, на овој начин, пред секого од нас, се наоѓа животот и смртта. Да го земеме животот! Да ја прифатиме светлината! Да се одлучиме за бесмртноста! Да бегаме од темнината и од пропаста, и ќе се удостоиме со небесното царство во Исуса Христа нашиот Господ.

178.

1. Добро ја завршивте светата Четириесетница и се збогативте со духовни плодови. - 2. Пазете ги, строго внимавајте на себеси, особено во Велигденските денови, кога и според нашиот Устав се разрешуваат извесни задоволства. (2, 116)

1. Со добри подвизи се подвизувавте во текот на Светата Четириесетница: постевте според своите сили, па и повеќе од тоа, имавте бдеења, будно се поучувавте, добро и без мрза работевте, умот свој во чистота го запазувавте, јазикот свој го држевте да не осудува, членовите свои од грев ги пазевте, ги теравте да бидат орудија на правдата и органи на добриот и богоугоден живот, па така добро и богоугодно го завршивте времето на постот, можеби, како никогаш досега. Што е причината на ова? - Од строгото внимание на себеси и кон делото на вашиот живот, а најмногу поради Божјата милост, која се пројави спрема вас, токму заради вашето такво однесување кон постот и подвизите. Од Божјата милост, од која произлегува „секој добар дар и секој совршен подарок“, како што е напишано (Јаков 1, 17). Ете, на ваков начин вие успеавте во животот и се збогативте со духовни плодови.

2. Вашето духовно богатство да биде запазено и вашите духовни сокровишта да бидат недостапни за нападите на крадецот -  ѓаволот! Да ви се даде благодат врз благодат и богатство врз богатство сѐ до крајот на вашиот живот. А ќе биде вака, ако не ослабне вашето внимание и, ако не си дозволите да бидете невнимателни и мрзливи во наредниве денови, особено за време на Велигденските празници, кога, и според нашиот устав, се пропушта пеењето на псалмите, обичните часови, коленопреклоните молитви, засилените ноќни бдеења, а на трпезата се разрешува вино, варено јадење, спиење, појадок, двапати јадење, разодување и нешто друго, така што ако вашиот ум не биде трезен, ако сѐ што правите не го правите со добро внимание, тогаш умот ваш ќе биде во опасност да го загуби она што го придобил, па така од богати пак можете да станете сиромаси и од височината на вашата слава да се најдете во страшната бездна на срамот. Затоа ве молам, држете се строго, како да сте в затвор, додека не се избавите од сегашните непријатели и несигурни случајности и не се преселите таму, каде што ќе бидете во безопасност од паѓања и прикрадување на ѓаволот.

179.

1. Да не ги слушаме советите на непријателот: нашиот праотец го слушал и бил изгонет од рајот. - 2. Непријателот наш секогаш е готов да ни дава свои лекарства; секогаш треба да бидеме подготвени да ги одбиваме. (2, 117)

1. „Застанете и разберете дека Јас сум Бог“ (Псал. 45, 10). Затоа сме должни да се лишуваме од сѐ, па дури и од она што ни е најпотребно. Ние во нашиот живот имаме потреба да се воздржуваме од сѐ, да бидеме крајно будни и трезвени, да имеме силно трпение, непрестајно противставување спрема нашите духовни противници и непријатели, зашто овие духовни ѕверови се секогаш близу до нас; од нив доаѓаат сите наши гревови, беззаконија и секој разврат. Затоа, никој да не се заборава и да не отстапува од своите подвизи, никој своеволно да не талка на сите страни, влечен од сластољубие и самољубие, туку во сѐ да се покорувате на Божјите заповеди; не слушајте ги советите на непријателите. Зашто Самиот Господ говори: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јован 10, 27, 5). Каде што е Христос, таму ѓаволот нема место. И каде што Неговиот глас ги повикува овците, таму сʼскање на змии не се слуша. И праотецот Адам, сѐ додека ги запазил здрави ушите на својата душа, сѐ дотогаш, слушајќи го божествениот глас, живеел во рајот и имал возвишени соѕерцанија. А кога го прифатил шепотењето на змијата и вкусил од плодот на гревовното дрво, веднаш ја почувствувал срамноста на својата голотија и се скрил од Бога. А кога го прашал: „Каде си?“ Тој, кога го слушнал Твојот глас, се скрил и Ти одговорил: „Го слушнав гласот Твој и се скрив, зашто сум гол“. О, Адаме, кој го вложи во тебе тој страв и кој ти рече дека си гол? - Тоа е последица на отстапувањето од Божјите заповеди. Потоа, следело изгонувањето од блаженото место и пресудата да поднесува труд, жалости и лишувања во текот на овој живот. Затоа, да се држиме што подалеку од советите на ѓаволот.

2. Да не ги примаме ни внушувањата на страстите, кои се подготвени од злобата на искушителот. Откако ќе приготви садови со разни јадења, овој одвратен устроител на сите беззаконија, оди, како што видел свети Макариј Велики, па, откако ќе види за која страст некој од нас е повеќе подготвен, му дава соодветно јадење, и тој што ќе вкуси од него, се распалува и неговата страст почнува да беснее: на еден му дава блудно јадење, на друг - јадење на завист, на трет - на чревоугодие, на четврти - тврдоглавост, на петти да собира повеќемина околку себе; со еден збор, на секого му подготвува духовно јадење соодветно со неговата главна страст. Затоа, браќа, треба да внимаваме и секогаш да бидеме готови да ги одбиваме ваквите напади на лукавиот наш непријател; за ова неизоставно треба да бидеме духовно вооружени: да го имаме врз себе оклопот на верата, штитот на смирението, шлемот на послушноста и да го имаме оружјето на сите други добродетели. Секој треба да ја знае својата сила и да дејствува соодветно со неа, според својата совест. Да се сакаме душевно еден со друг, а не телесно. Очите да гледаат надолу, а умот нагоре.

180.

Постот Му е пријатен на Бога: тогаш кога се воздржуваме и душевно и телесно; ако постиме само телесно - постот наш не Му е угоден на Бога. Потрудете се да се покажете исправни и во ова. (2, 120)

Веќе се привршува времето на постот: испитајте се дали сте го направиле она што сте биле должни да го направите: дали сме придобиле беспрекорна послушност, нелицемерна смиреност, побожна скрушеност, непрестајна молитва, плач - пријатен на Бога, длабоко жалење, тврда вера, надеж што не посрамува, добродушно немрморење, сестрана воздржливост: од спротивни зборови, од зборови навредливи, од инает, судири и самоволија. - Воздржувањето го бара сето ова, тоа бара воздржување од сѐ. Ние всушност трчаме по патот на побожноста и се подвизуваме со добар подвиг во очекување на неискажливите вечни блага. А, ако се најде нешто спротивно на ова: непослушност, гордост, мрморење, шепотење, самоволие, распуштеност, спорење, жестокост, омраза, гнев и нечистотии на некои други страсти, - тогаш, иако постиме телесно, сепак нашиот пост не Му е пријатен на Бога, туку е нечист и непријатен. Откако го знаете ова, потрудете се да ги извршувате чисто сите заповеди на Господа: отфрлете сѐ што е достојно за прекор и сѐ што е срамно, а правете го она што е добро и богоугодно, зашто и доброто може да биде лошо, ако не го говориме и не го правиме добро. Затоа апостолот ни вели. „Немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја“ (Ефес. 5, 17) и: „да ја познавате, која е благата, угодна и совршена волја Божја“ (Рим. 12, 2).

181.

1. Трудете се да ги исполнувате Божјите заповеди и манастирските завети, и ќе бидете израдувани од Господа со радост неискажлива. - 2. Таква е суштината на нашето знаење и неговата надеж; да не бидеме мрзливи во извршувањето на нашите послушанија. - 3. Овие послушанија не се суетни; никој од вас не им служи на луѓето, туку Му служи на Бога, Кој го прима нашето служење, и Он ќе нѐ награди. Трудете се со ваков дух и извршете го со совршенство делото на вашето признание. - 4. На овој начин ќе се покажеме подражатели на оците и на Самиот Господ. - 5. Да ве утврди Господ во ова и да ве запази. (2, 123)

1. Ве молам, браќа, стојте во вашето свето призвание, во кое сте повикани, стојте непоколебливо и неподвижно, исполнувајќи ги Неговите заповеди и повелби; секогаш бидете во најревносна и најискрена љубов кон Господ, изгонувајќи ја секоја туѓа страст спрема Господа; напредувајте во кротоста на вашето подвижништво, минувајте низ него секој ден сѐ поусрдно и сѐ потрезвено, во бдеење и пеење на псалмите, во послушност и смиреност , во служење и постење и во сѐ друго што е добро и на Бога угодно, примајќи го како доказ на нашиот успех, тоа што сте постојани во делото на своето спасение, во трудот и борбите, во големите тешкотии на вашиот живот. Крепете се, и, најпосле, ќе засјае за вас вечниот покој, место сегашните страдања, и место сегашните тешкотии - непрестајната радост. Со ова нѐ охрабрува и апостолот, советувајќи ни да не ја гледаме сегашноста, бидејќи е привремена и пропадлива, туку да гледаме кон иднината, затоа што таа е вечна и блажена (2. Кор. 4, 18).

2. Па така, бидејќи сме се удостоиле со овој дар на ангелската схима, бидејќи сме го засакале вечниот живот и несвенливите венци,затоа што сме го засакале возвишеното посиновување и царството небесно, ете, сега имаме за тоа и време и можности. Да не бидеме мрзливи и да не се жалиме, туку со сета наша душа и со сета ревност да се устремиме кон здобивањето на царството небесно и небесните блага, повеќе отколку што го прават оние што бараат злато, сребро и скапоцени камења. Успехот во ова не може да се постигне поинаку, освен преку постојано внимание спрема себеси и непрестајно поучување во божествените работи, да се трудиме на најдобар начин да го извршуваме послушанието, кое ни е соодветно, затоа што тоа не е телесно и човечко туку е свето и спасоносно, ако го извршуваме добро и совесно.

3. Зашто кај нас никој не му служи на телото и на крвта, туку на Господа Бога, а Он го прима ова наше служење како угодна жртва и на достојните ќе им даде награда во идниот живот. Никој од вас да не мисли дека Му служи на човек, туку треба да бидете уверени дека Му служите на Самиот Бог; и кога им служиме на браќата, Бог и таа служба ја прима како да Му служиме Нему. Затоа, нашето служење да го извршуваме со страв и трепет свесни за тоа, дека Самиот Бог нѐ гледа: „Кој ќе ги изнесе на виделина тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата ваши“ ( 1. Кор. 4, 5). Ако секој од нас мисли вака, како што е тоа вистински, тогаш и секоја друга работа ќе биде вистинско служење на Бога. Тогаш совршено ќе ја исполнуваме секоја работа на нашето призвание.

4. Од ова во нас ќе засветат зраците на сите добродетели: љубовта, мирот, кротоста, тивкоста, беспрекорната послушност; од ова ќе познаеме дека чекориме по стапките на нашите преподобни оци и дека ревносно подражаваме на нивниот живот, дека трчаме по патот на нивната послушност. Спомнувајте си за тие блажени животи, угледувајте се на нив, на нивното смирение и потчинување, како што и тие ревносно се угледале на Господа, Кој Самиот рекол: „Земете го Мојот јарем и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11, 29), според апстолот: „Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не сакаше да се изедначи со Бога: Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крстот“ (Филип. 2, 6, 8). И гледајте: кој е во бројот на спасените и блажените? - Само оние што се смириле, кои биле послушни и покорни, кои ги претрпувапе тешкотиите што ги имале, како и унижувањата, подбивањата и присмевањата, па дури и тепањата, изгонувањата и затворите, како и некои од вас, па дури и сите вие, затоа што целото тело се прославува во еден член или се изложува на бесчестие.

5. Да ве пази Господ сѐ повеќе и повеќе, како свои верни слуги, како сакани чеда, како храбри војници, како избран народ, како свештен собир, кои сте во овој прељуботворен и грешен род извршители на Божјите заповеди, кои сте удостоени да бидете сонаследници на Господа Исуса Христа во царството небесно.

182.

1. Не ги слушате ни моите поученија, не ги слушате ни Божјите зборови, ниту ги слушате поуките на нашите свети оци. Затоа останувате непоправени. Причината за ова е вашето угодување на телото и негрижата за вашето спасение. - 2. Ние, јас и вие, треба да бидеме ревносни за сѐ што е добро, а какви сме? - 3. Зошто сме се опуштиле и зошто не работиме? - Да почнеме да се поправаме, макар отсега. (2, 124)

1. За што друго сее земјоделецот, ако не затоа - да може потоа и да жнее? И трговецот се труди затоа, за да има од својот труд печалба. Така и оној што говори и што поучува, го прави тоа само затоа што се надева оти оние што слушаат ќе се поправат и ќе станат совршени. И моите зборови, што ви ги говорам, остануваат без никакво дејство, заради моите гревови. Сам многу и многу се трудам, но од мојата работа не гледам никаков плод. Говорам, викам, напомнувам - и понекогаш силата на моите зборови допира до вашиот душевен слух, но потоа, вие пак ги заборавате и продолжувате да грешите. Плачам поради тоа и срцето ми се кине, и немам сили да му ставам крај на вашиот неуреден живот. Се разбира, ваквиот неуспех зависи од слабоста на моите смирени зборови. Вината за ова нека биде моја. Но, зар вие не ги слушате и зборовите на Светото Писмо! Зар тие секој ден не допираат до вашите уши со своите догматски вистини? Што извикуваат и што ви говорат светите оци? Зашто ви сведочат тие? Со што ве заплашуваат? - Зар тие не ви говорат за оној страшен и неминовен Божји суд, за крајната Божја пресуда, за она страшно и потресно отфрлање на грешниците и за бескрајните маки, за огнот што гори и што не изгаснува, за отровниот црв, кој не спие и не умира, за пеколната темнина и длабина. Што мислите тогаш кога ги слушате сите овие работи? - Но, исто така, тие говорат и за царствово небесно, за вечниот живот, за неискажливата слава, неискажливата светлина, за несфатливите рајски убавини, за прегратките на Авраама, за скинијата на светиите, за живеалиштата на праведниците, за ангелските чинови, за неискажливите радости. - Но, сепак, и покрај сето ова, кај вас нема никакво поправање, нема дури ни покајание. Впрочем, какви зборови можеме да слушаме, кога имаме желба само да ги задоволуваме нашите телесени страсти и пристрасности? Кога потполно сме се опуштиле, кога не го запаметуваме она што се чита и она што се пее, кога мислиме само на тоа што да јадеме и што да пиеме, кога ги памтиме само оние зборови, кои се смешни и шеговити, мислиме само на тоа што е за пропаст на нашата душа и за она што може да ја прикрие нашата вина, - како можеме да го правиме она што е добро и право, кога го правиме она што е беззаконо и неправо?

2. Ние би требало да го гледаме она што е горе и за тоа да мислиме, тоа да го бараме и да гледаме во што сме повикани, на што сме се обврзале и колку и какви гревови преку ова ни се простени, преку примањето на монашката схима? Затоа би требало да трепериме, да офкаме, да се смируваме и да се сокрушуваме, срцето да ни биде оптоварено и со поглед кон земјата, да си спомнуваме за смртта и секогаш да бидеме готови за неа; за излегувањето од телото, за среќавањето со страшните демони и застанувањето пред Судијата. - Ние би требало со сѐ да им подражаваме на светите оци наши, кои биле извонредно строги спрема себеси, дури и кон најбезначајните зборови; тие биле искрени, средени, незлобливи, кротки, мирни, не телољубиви, не светољубиви, безмолвни, пееле духовни песни, благодарни, послушни, смирени, вистински избрани садови, приготвени за секое добро дело, - зашто Светиот Дух живеел во нив.

3. Зошто сме мрзливи, ние безумните? Зошто вака сме се опуштиле? Зошто Божјите зборови не ги трогнуваат нашите души? Зошто немаме солзи? Зошто не ги смекнуваме нашите скаменети срца? Зошто не се изменуваме со целосна измена? 3ошто секој ден не се движиме кон подоброто? - За да може да се види дека навистина сме избегале од светот и дека сме се издигнале над светското мудрување. - Ќе дојде страшниот час на телесната смрт. Да се исплашиме! Тогаш ќе извикаме од страв, со болка и неутешно, зашто не ќе имаме смелост да речеме: „Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое“ (Псал. 107. 1). Но, дојдете, ако сакате да ме послушате пред Самиот наш Христос - Цар и Бог и да Му се поклониме! Да извикаме пред Него од сѐ срце! Близу е Судијата кон сите што вистински Му се обраќаат; Он ќе ни ја даде Својата помош и сила и ќе ги оддалечи од нас нашите гревовни навики и ќе ни помогне да почнеме да живееме подобродетелен живот, без да ги жалиме жртвите што ги правиме. Јас не ви говорам: не јадете, не пијте, ни ви говорам: немојте да легнете и да се одморите; не ви велам: бегајте од секакви задоволства и не собирајте се за братски разговори, но од вас барам сѐ што правите, да го правите со мерка и како што треба, во одредено време и на прилично место, така што да додаваме добродетел на добродетел, да преуспеваме во нив, за да поживееме свето, мирно и безгрижно – како ангели.

183.

Многумина од вас се такви какви што треба да бидат, а зошто сите не сте такви? Но, дојдете, разбудете се сите - додека уште има време. (3'/, 2)

Некои од вас се такви, какви што треба да бидат според Светото Писмо, но тие се малкумина. А зошто да не станеме сите, зошто да не се разбудиме од длабокиот сон на безгрижноста и не побрзаме кон светлината на знаењето? Зошто не го засакаме божественото? Зошто не ги умртвиме своите земни членови, односно пороците: „блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомоста, која е идолопоклонство?“ (Кол. 3, 5), за да станеме храмови Божји, во кои би сакал Бог да живее, да се вселат во нас Отецот, Синот и Светиот Дух. Зошто не го пазиме монашкото призвание, и на збор и на дело, со најголемо внимание, за да не си дозволиме никако ни смеа, ни лукавство, ни мрморење, ни гордост пред ближните и пофалбите за тоа што биле и какви биле некогаш. До кога демонот на празните зборови ќе владее со нас? До кога ќе бидеме орудија на духот на лагата и непослушноста? До кога срцето наше ќе се гордее и да биде суетно со мали и суетни работи и да ги омаловажува браќата затоа што ги немаат истите. - Но, дојдете, чеда, послушајте ме, да го прифатиме стравот Божји и да си дадеме рака еден на друг за заедничко спасување со општи напори. Додека сме уште во нашето тело додека уште продолжува времето на нашето странствување, додека сѐ уште се умесни молитвите и молбите, солзите и покајанието, да побрзаме да го придобиеме она што целиот свет го презрел: да го отфрлиме и секое наше телесно мудрување и сите наши земни желби да ги умртвиме, па сета наша расположба да ја пренесеме на она што е свето, добро и божествено.

184.

Подвижништвото во манастирското послушништво е над секое друго подвижништво. Тоа е подражавање на Христа. Добро трчајте по овој пат. (3'/, 9)

Стојте смело, бидете храбри и претрпете сѐ што е во уредбата на нашиот живот; издигнувајте се со вашите мисли, издигнувајте се на небото и соѕерцавајте го небесното. Таму, заедно со пророкот Исаија, ќе Го видите Господа како седи на висок престол, окружен со присутни херувими и серафими и со сите Свои ангели. Така ќе Го видиме и во страшниот ден на второто Негово доаѓање. - Тогаш оние што добро го извршиле нивниот сегашен подвиг ќе го чујат Неговиот преблагословен глас, оние што ги отфрлиле своите телесни задоволства и не дозволиле да бидат победени од сластите на овој свет. Тогаш праведниците ќе просветлат како сонце во неискажлива радост кога Господ, основателот на нашиот подвиг, ќе им ги раздава даровите на сите, според нивното достоинство. Еј, браќа мои, какво блаженство ќе вкусат сите светии кога ќе ги добијат тамошните блага, според тоа како Му угодиле на Господа!

Се разбира, големи се оние што се кријат во горите, пештерите и земните бездни, столпниците и затворениците. - Јас овде немам намера да говорам за повисоките чинови - за светите апостоли, судиите на вселената, за преблажените маченици, за божествените пророци и за некои други праведници. Но, и нашиот чин по ништо не е помал од нивниот. - Вие, знаете, дека и Самиот наш Господ, Оној, Кој ги дели даровите, кога слегол на земјата, не избрал да живее во пустина, на столп или на некој друг начин на живот, туку посакал да живее во послушност, како што говори и Он Самиот во Светото евангелие: „Слегнав од небото не за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Којшто Ме прати“ (Јован 6, 38). И пак: „Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам: а Отецот, Кој е секогаш со Мене, Он ги врши делата... Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да ви кажам“ (Јован 14, 10; 12, 49). А потоа, на Тајната вечера, откако се препашал со крпа и го прифатил делото на служењето, им ги измил нозете на Своите ученици, а по малку време рекол: „Јас сум меѓу вас како слуга“ (Лука 22, 27). Така, Господ кога се воплотил, не зел некој друг начин на живеење, туку благоволил да го прифати нашиот - послушничкиот. Зар не е утешно и радосно за нас што нашето живеење е подражавање на Христа? Тогаш дали е умесно да ги сметаме блажени другите видови на подвижничко живеење пред нашиот? Да, вие, ако точно и исправно живеете, ако живеете како што треба, тогаш самите ќе се уверите во ова и нема да ги ублажувате другите.

Затоа и во Отечникот читаме еден расказ, во кој се говори за тоа како од тројцата подвижници, според едно откровение, предимство му било дадено на послушникот пред двајцата: едниот што живеел в пустина и другиот - болен, кој со радост ја поднесувал својата болест. Да, браќа мои, навистина е велик нашиот живот! Нема сомневање дека сите оние што исправно го живеат - ќе бидат прославени заедно со Авраама, со мачениците и праведниците.

Затоа, трчајте добро. Да не Му дозволувате на ѓаволот да ве сопира, но и вие самите не застанувајте од мрза. Подмажете ги вашите нозе со елејот на трпението, облечете го хитонот на радоста, пијте ја водата на чистотата и целомудрието. И никој од вас да не говори: „А до кога?“ Така прашуваат мрзливите.

185.

1. Ги споредува подвижниците со лозите, ги поттикнува ревносно да придонесуваат добри плодови и прави заклучок. - 2. Со ова сака едните да ги израдува, а другите - да ги вразуми. (31/, 13)

1. Лозарот се радува кога лозата цути. И јас се радувам кога ќе видам некого од вас да придонесува духовни плодови. Благословена е прачката, на која има духовни гроздови, од кои се прави вино на сокрушение, кое Го весели и Бога и луѓето. Но, за некого од вас да не биде речено, она што, од името на Бога, го рекол Мојсеј за некои, велејќи: „Зашто лозјето им е од содомска лоза, а прачките од Гомор: грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи“ (5. Мој. 32, 32). Зашто слушаме ужасно застрашување во Светото евангелие: „Секоја прачка во Мене, која не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод... Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод, оти без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката и ќе се исуши“ (Јован 15, 2-6). Со помошта на Божјата благодат, во нашето духовно лозје има многу прачки. На пример, покрај сладоста на делото, има и дар на красноречивост, која е осолена со солта на Светиот Дух, друг е украсен со длабоко смирение. Друг, покрај својата голема плодност, ги раширува и своите гранки. Под ова треба да се разбере неговото зајакнување и духовно растење, додавајќи подвизи на подвизи; друг пуштил многу корења длабоко во земјата, има многу високи гранки и е силен, така што од него се прават садници за други лози. Таквиот е утврден на своите патишта, па им користи и на браќата, кога ги гледа дека паѓаат или дека се напаѓани од демоните. Лозовите прачки немаат чувство и не си сочувствуваат една со друга, а вие, кои имате душа и кои сте насадени од Бога, имате сочувство еден спрема друг, заедно раѓате плодови, така што никој од вас да не остане без плодови, туку сите да бидете со плодови од Божјото обработување полни со мнозинство духовни гроздови, односно добродетели.

2. Со овие споредувања би сакал едни од вас да израдувам, а другите да ги вразумам. За сите вас би сакал да ја издигнам духовната скала од земјата до небото со моите смирени зборови, за да можете да се издигнувате до возвишени соѕерцанија и да се спуштате до длабочините на срцето, за да ги разберете непостојаноста, суетата и брзата минливост на човечките дела. Би сакал, со помош на моите зборови, да ве пренесам во тамошниот свет и да ви ги покажам тамошните неискажливи и неизброени богатства. Би сакал да ве претставам пред лицето на живиот Бог, Создателот и Господарот на сѐ и да ви помогнам подобро да го запознаете тој свет, тамошното вечно успокојување, блаженото живеење со ангелите и со сите светии, така што кога ќе се восхитите од сето тоа и кога ќе се просветите, да се одвратите од сѐ што е суетно, а вистинско да го сметате само Вечното благо, а она кое сте го отфрлиле и сѐ што е тукашно, кое го добиваме и веднаш го загубуваме - да го презрете и да го отфрлите.

186.

Спомнувајќи си зошто сме се оддалечиле од светот и зошто сме дошле во манастир, ревносно да се трудиме да го придобиеме она, за што сме дојдени овде и да ги избегнуваме пречките, што ги знаеме од опит. (31/, 15)

Ги повторувам зборовите на блажениот Арсениј: „Арсение, зошто си излегол овде?“ И ве повикувам сите заедно да одговорите на прашањето: зошто сме излегле од светот и зошто сме дојдени овде? - Јас ќе одговорам за сите: сме дошле затоа што сакаме да Го придобиеме Бога, да станеме синови Божји, да го наследиме царството небесно и да престанеме да бидеме тело и крв, кои царството Божјо не можат да го наследат (Кор. 15, 50). Господ нѐ повикал на ова свето призвание. Затоа, земете го Христовиот крст и нелицемерно одете по Него, без да се разделувате меѓу Него и светот, туку посветете Му се и целосно на Него. Подвизувајте се со добар подвиг, подвизувајте се и одете по вашиот пат, поднесувајте храбро сѐ што ќе ве сретне на овој пат, поднесувајте сѐ што е тешко и страдално, црпејќи притоа помош и олеснување од надежта дека преку сето тоа ќе ги наследите ветените блага.

Голем е бројот на лошите духови, кои нѐ напаѓаат однатре и однадвор. Господ наш Исус Христос говори: „Однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство“ (Матеј 7, 21-22). Против ветровите на овие духови да ги издигнеме едрата на нашата душа, за да пловиме претпазливо по нашиот пат, за да не удриме на песочен нанос или подводна карпа, кои се: незнаењето, особено неисповедувањето на помислите и прикривањето. Опасните места, посочувани од оние што имаат искуство, треба внимателно да ги одбегнуваме, за да не наидеме на нив. Не треба да се оддалечуваме ни лево ни десно, туку треба да одиме само по средниот, по царскиот пат. Не треба да се колебаме и да се плашиме, а не треба да бидеме ни безумно смели, да не се оддалечуваме од средниот пат; не треба да одиме ни премногу кон десната страна. А што бива кога сакаме да се покажеме подобри од другите, да се распалуваме со суета? Тогаш ќе ги слушнеме зборовите на пророкот: „Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!“ (Иса. 5, 21).

187.

Сите заедно да трчаме стројно, секој нека покажува успех во својата добродетел, но да не го бара своето, и од трудови да не се откажуваме со увереност дека за ова ќе го добиеме царството небесно. (31/, 15)

Дојдете, да потрчаме заедно, да потрчаме: и оној што е послушен без да размислува, и којшто е со непоколебливо трпение, и кој има Христово смирение, и кој ги пази своите помисли, и чувствително скрушениот, и оној што има солзи очистителни, и незавидливо братољубие, и оној што како дар од Бога има поучни зборови и поучно пеење на псалмите, и оној што покажува како, што треба да се работи. Секој нека го прави она што може: оној што може да учи - нека учи, оној што стихословува - нека стихословува, тој што се моли - нека се моли, оној што прави поклони - нека ги прави, само сѐ што се прави, нека се прави богоугодно и со трпение. Никој да не го бара своето и да не ја следи својата расположба, зашто на тој начин се отстранува од она што е најдобро во послушанието. Кај нас да не се слушаат зборовите: не можам; тоа не сакам; не се чувствувам здрав, дури и кога некој сосема има право да го каже ова. Вистина ви говорам, ви говорам пред невидливиот Бог и пред Неговите избрани ангели, дека, според зборовите на Господа, „царството Божјо насила се зема“. Присилувајте се и присилувајте се поради тоа што и вашиот пат е тесен и тежок, за да можете да преминете од смрт во живот, од распаѓање во нераспаѓање, од темнина во светлина, од ропство во посиновеност на Бога и од долината на плачот - во пресветлото и серадосното небесно Царство.

188.

Како што сатаната го измамил нашиот праотец, така нѐ измамува и нас со својата измама: злото ни го покажува како добро. Откако го послушал, нашиот праотец се измамил. Затоа, да не го слушаме, и кога ни советува нешто, да си ги затнеме ушите. (31/, 16)

Било да говориме за нашето прво живеење во рајот, било да си спомнуваме за нашето изгонување оттаму, и за самата уредба на идниот живот, во секој случај, за нас се најважни предметите на знаењето. Нам не ни е непознато како нашиот праотец бил изгонет од рајот. Но, што е причината за тоа? - Гордоста и непослушноста пред Бога, Кој му го дал самото битие и животот. Тој не ѝ останал верен на заповедта, бил совладан од желбата на своите очи и мислел само за тоа: колку е тој плод добар за јадење и убав за гледање, на по настојување на својата жена, повеќе преку измамата на змијата, вкусил од забранетиот плод и преку тоа паднал од светлината во темнината. И така, вкусувањето на горчливото од она што имало сладок вид, преку непослушност бил изгонет од рајот во живот, кој бил преполн со трудови и мачнотии.

Но, да се потрудиме, знаејќи како пострадал тој, да внимаваме за да не паднеме и ние во истата мрежа. - Да не дозволиме да му се подадеме на сетивно задоволство, со прелести и убавини, ни со внатрешни духовни вообразби, ни со надворешни случајни впечатоци на телото и на сетивата. Макар што вчудоневидувањето некогаш се чини прекрасно и добро, но всушност тоа не е такво, особено кога вкусувањето од него причинува смрт, и во нас, како што причинило и кај Адама - смрт, гниење и осудување. Адам ѝ поверувал на змијата која му шепотела: „Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мој. 3, 5). Змијата ни го нашепнува истото и на нас, ако ја задоволиме таквата и таквата похот, - дека во тој случај ќе добиеме неизмерна радост и потполна слобода од сѐ што нѐ притиска. Но тој, откако го послушал, не само што се измамил во своите очекувања, туку сосема го загубил и она што го имал, отпаѓајќи страшно од Бога. А ние што да правиме? Треба ли и ние да го послушаме? Или треба да ги сфатиме неговите замисли или измамливи предлози (2. Кор. 2, 11)?

Затоа, колку и да нѐ мами, колку и да нѐ повикува, какви движења и да предизвикува во нашата душа, ние треба да го одгонуваме далеку од нас. Зашто сатаната се обидува да нѐ лиши од божественото и блажено девство, да нѐ изгони од рајот на божествените заповеди и да ја свлече од нас ангелската схима, која ни е дадена од Бога, за потоа, да нѐ фрли во земната бездна. Да ги затвориме сите негови приоди кон нас, да ги затвориме и вратите на сите наши разговори со него. „Онемев и се смирив, и замолкнав дури и за доброто; се погрижив устата моја да е претпазлива додека е грешникот пред мене“ (Псал. 38, 2-3) - пред Бога. Дури и да не помислуваме дека непријателот пристапил, да се оградиме и да се запечатиме со оружјето на крстот, да се окрепиме со боговдахновените зборови од Светото Писмо, за да се спасиме од лукавиот.

Да се трудиме да преуспеваме духовно секој ден, никогаш да не знаеме за ситост кога се во прашање светоста на добрите дела и подвижништвото, да не се успокојуваме со нешто што можеме да го направиме, нешто што е спротивно на Божјата волја и Божјите заповеди, туку да се трудиме нив да ги извршуваме совршено на секаков начин. Еве, во ова е нашето блажено издигнување, добрата трговија, која не пропаѓа и залог за наследството на идното насладување со идните блага. 

189.

1. Ако опитите на лошите последици од задоволувањето на желбите на самоугодувањето не нѐ учат да се воздржуваме од него. - 2. Тогаш да нѐ научи сеќавањето на смртта: таа ги воодушевувала мачениците, преподобните и оците наши ги укрепувале во строгостите на самоумртвувањето. (31/, 17)

1. Радувајте се и веселете се: трчајте добро и бидете над измамливите примамливости на светот, држејќи ја устремена својата мисла горе кон небесата и гледајте ја тамошната неискажлива слава. Треба да знаете, дека целиот наш подвижнички труд е ништо во споредба со царството небесно и дека жалоста и сегашната неволја пред вечното успокоение се слични на непријатното мечтаење во сон. Но, и да живееме добро, да преуспеваме малку - по малку во добродетелите, и од тоа што доживуваме, да не дозволуваме да нѐ победуваат суетите на светот. Колкупати сме им се предавале на задоволствата? - А ништо од сето тоа, ништо не останало! - Колкупати сме го наситувале нашиот стомак? - Кога сме ја задоволувале желбата на стомакот, тоа наситување ни донесувало само отежнување на нашето тело. Ако сме ги дозволувале срамните помисли, потоа сме се преколнувале себеси, жнеејќи жалост место радост; ако сме се пренаситувале со сон, а потоа сме прекорувале како неразумни; ако сме пројавиле грубост, потоа сме си префрлувале; ако сме се предавале на неразумна смеа, потоа сме го оплакувале тоа. Општо речено, човекот нема никакво добро од задоволувањето на своите сетивни задоволства. Ако сакаме секогаш да имаме радост и задоволство, да ги пазиме заповедите: тоа ќе биде за нас неисцрпно задоволство, принесувајќи изобилен плод на правдата со сведоштво на совеста.

2. Слушајте ме, браќа, да не му се предаваме на спиењето и на мрзливоста и на тој начин да го губиме нашето време. Се приближува часот на нашата смрт, ако веќе и не е дојдена. И ангел ќе дојде по нас од Бога, кој веднаш ќе ја земе нашата душа и ќе ја понесе. - Но, каде? Дали не се престрашуваме кога го слушаме ова? Помни го ова, светите маченици со радост го предавале своето тело на измачување, членовите да им бидат отсечени, а коските - да им бидат искршени. Навистина, тие биле „призор за ангелите и за луѓето“ (1. Кор. 4, 9), но затоа, потоа биле овенчани. И нашите преподобни оци, светите монаси, се подвизувале така како телото да е нивни непријател: се насладувале кога гладувале, кога трпеле студ, тогаш се чувствувале како да им е топло, трпеле лишувања, а се чувствувале како да имаат сѐ доволно; нив не ги вразумувала родителската љубов; нивната намера не била изменувана од приврзаноста на децата; не ги одвлекувала љубовта на браќата: тие не ги сакале ни златото ни среброто, ни убавите облеки, ни храната, крја го распалува телото; тие јаделе, пиеле и се облекувале, за да живеат и поднесувале секакви лишувања, како да биле нетелесни. И ние да покажеме ревност да им подражаваме на секаков можен начин, да поднесуваме секаква мака и секакво лишување: и глад, и студ, и навреди, и потсмевања и секакви други непријатности и тешкотии, само за да не бидеме лишени од царството небесно.

190.

1. Тешко ни е: непријателот насекаде ни устројува искушенија, за да нѐ измами, но, кога го знаеме ова, да внимаваме на себеси и да противдејствуваме. - 2. Да се утешуваме со тоа што уште има време, а потоа ќе влеземе во Божјиот спокој; - 3. Вразумување црпете од Светото Писмо и од списите на светите оци. (3/, 19)

1. Тежок е нашиот подвиг. Нашиот непријател тешко се победува: силна е неговата злоба против нас. Тој не спие ни ноќе, ниту дење не дреме. Никакви грижи не го расејуваат; тој само заобиколува и рика околу Божјото избрано наше стадо, за да фати некоја невнимателна и неутврдена душа и да ја проголта. Вие ги знаете неговите стапици. Затоа, пазете се. Тој го поттикнува гревот: тој ја фрла помислата како јадица, која е прикриена со некоја примамлива сласт. Вие не бидете неразумни како риби. Ќе ви речам заедно со апостолот: „Да не земе сатаната предимство над нас: бидејќи неговите замисли не ни се извесни“ (2. Кор. 2, 11), не прелажувајте се со надворешниот изглед; изобличувајте го итро и одгонувајте го, а тој, откако не успее, ќе се врати со мака. Еве ги неговите искушувачки внушувања: на еден му нуди завист, на друг - мрзливост, на трет - желба да отиде на друго место, на четврт - гордост, на петти - нешто друго, трудејќи се на секој начин сите да ги повлече кон смртта. Да внимаваме на себеси и да Го имаме Господа од десната страна на својата душа, Кого единствено треба да Го сакаме, и тогаш ќе избегаме да не бидеме уловени. Да не дозволиме да нѐ измачува гневот, кој ни е даден само како оружје против ѓаволот. И огнот на похотта да нема во вас слобода да ги распалува вашите срца кон срамни и неприлични работи, туку украсувајте се со кротост и облечете се во прекрасната бестрасност. Сакајте се еден со друг.

2. Потрудете се уште малку и ќе бидете блажени, направете уште малку напор, потрчајте малку побрзо и ќе дојдете до пресветлиот и преуреден град небесен, каде што е неописивиот дворец, свадбен дворец на девствените души, каде што се прегратките на Авраама, божествениот рај и царството небесно. Да мислиме за овој град, да се воодушевуваме за побрзо трчање по патот кон него, не свртувајќи го нашето внимание на трудот и заморот.

3. Внимавајте на боговдахновените зборови од Светото евангелие, апостолите, пророците и списите на светите оци, спасоносни за душата. Хранете се со нив и наситувајте ги вашите души. А во делата и трудовите, кои ви се дадени на секого од вас, бидете трудољубиви со трпение, братољубие, взаемна помош и сочувство, така што во сите и од сите да биде прославувано името на нашиот Бог, на Кого Му служиме и Му се поклонуваме.

191.

1. Со трпение ќе го победиме непријателот и ќе се удостоиме со неискажливите блага, заради кои мачениците се предавале на измачувања, а преподобните на секакви строги самоумртвувања. - 2. Да се угледаме на нив, да се оддалечуваме од сѐ што е лошо и да бидеме ревносни за сѐ што е добро; со тоа да се издигнуваме кон совршенството. (3'/, 24)

1. Вие стоите во непрестајна борба на бојното поле на послушноста, примате удари во лишувањата и бичувањата во тешкотиите, ја проливате својата крв во отсечувањето на својата волја. - Но, бидете храбри, зашто со сето тоа си подготвувате венци - почести и награди за вашата славна победа. Светиот апостол Јаков говори: „Противете се против ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“ (Јак. 4, 7-8). А големиот учител на вселената, светиот апостол Павле, вели: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефес. 6, 11). Со вашето трпение тој е одгонуван и победуван, соборуван е како немоќен, го газите под вашите нозе, така што на вас се исполнува она што е ветено: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мој. 3, 15). Да, чеда мои! Па, ако се подвизуваме уште малку да не ни е тешко, зашто за сето ова ќе добиеме вечна слава, непроценливи блага и неописива радост. Сето ова устата не може да го искаже и умот не може да го сфати. За да го добијат ова, мачениците се предавале како овци - да бидат заклани, заради ова и преподобните презеле врз себе подвизи, најтешки подвизи и ги извршувале.

2. И ние да се угледаме на нив. Еден со друг да се поттикнуваме на ова и да си помагаме еден на друг. Ве молам смирено, да ја нема меѓу нас непослушноста Адамова и неговото изгонување од рајот, ниту горделивоста пред Седржителот Бога, Кој го турнал Деницата од небото, да нема чревоугодие, кое го натерало Исава да го продаде своето првенство; да нема ни сластољубивост, која преку лукавата Далида го направила непобедливиот Самсон за потсмев пред незнабошците; кај вас да нема ни завист, која го направила Каина братоубиец. Затоа, да се потрудиме да ги примиме добродетелите, земајќи примери: од еден - кротост, од друг - ревност, од трет - трпение, од четврт - непобедливост, од петти - братољубие, од шести - смирение, од седми - послушност и богољубие, за да бидеме синови на светлината и на денот, да бидеме сонаследници со оние, на чиј живот сме се угледале. Искачувајте се, браќа, на високата гора на добродетелите, со срцата ваши издигнувајте се кон Духот; бидете скали небесни; извишувајте се како кедрите ливански, барајте го она што е горе, мудрувајте за горното. Таму нека биде собран вашиот ум, така што, откако ќе нѐ најде во таква расположба, крајот на вашиот живот да ве воведе во блажениот рај на бескрајниот живот.

192.

1. Да извикаме кон Господа, и Он ќе нѐ избави од ропството на гревот и на непријателите. - 2. Но, откако ќе се избавиш, крепи се; инаку пак ќе бидеш заробен. За да не пострадаш од ова, имај страв Божји и љубов кон Господа, поддржувајќи ги со соѕерцанието прекрасните дела Божји, Неговите созданија, како и Неговата промисла и искупување. - 3. А добро да го напечатиш во твојот ум тоа, дека Господ пострадал за нас; тогаш никакви тешкотии и лишувања нема да те поколебаат и нема да те отклонат од Божјиот пат. (3/, 25)

1. Уште и уште: „Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша“ (Псап. 68, 32). Прилежно да повикаме кон Него и Он ќе погледне на нас, како што погледнал на Израилот; Он ќе ги чуе викањата и офкањата на нашите натаженн души. Иако Мојсеја не го испрати, секако Он самиот ќе нѐ избави од рацете на духовниот фараон и од тешките негови работи. Сѐ додека бидеме под власта на грешниот Египет, сѐ дотогаш ќе нѐ гонат поробените на него помисли. А кога преблагиот Бог ќе погледне на нашето трпение со Своите чуда и знаци - присутни во нас, тогаш преку други десетици рани ќе нѐ воведе во земјата на бестрастноста, а ние со нашата преголема радост ќе Му ја запееме песната на нашето ослободување.

2. Но, знајте го и тоа, дека некој пак им се предава на своите непријатели, дека не се задржува цврсто во добрата расположба, која е силна во нив за време на обраќањето и по него. А ова да не се случи со никого од вас! Почетокот и силата на внатрешната добра промена и јачина во нас е во вселувањето на стравот Божји во срцето, како и од познавањето и соѕерцанието на прекрасните дела Божји и Неговата промисла, односно: како од ништо сѐ вовел во битие, само со еден збор, како ја создал светлината, како го раширил небото како свод и како, според она што е напишано, „Он ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта“ (Пеал. 32, 7): како го разлеал воздухот за дишење на сѐ што живее, како ги поставил сонцето и месечината на небескиот свод, како две светли очи, заедно со мнозинството разновидни ѕвезди, како извел од земјата секакво плодно дрво, секаква трева и секаков цвет, како заповедал од земјата да се појават сите ѕверови, а од морето - сите риби и сите птици, како со Своите раце го создал нашиот праотец Адам и го сместил во рајот на сладоста, како му заповедал на сонцето да излегува и да зајдува, од што ги имаме денот и ноќта, со кои се мери текот на нашиот живот, - а особено од соѕерцанието на Неговата величина. А каква е бездната на Неговата премудрост! Само од Него единствено да се плашиме и единствено пред Него да трепериме. Но, да Го возљубиме и затоа што заради нас луѓето станал човек, станал во сѐ сличен со нас, освен во гревот, за нас бил предаден и изведен на суд, за нас претрпел шлаканици, плукање, исмевање, камшикување, и најпосле бил распнат и умрел. Сето ова го претрпел Он како човек, но и воскреснал како Бог и го победил душегубецот ѓаволот и на тој начин го спасил Своето сакано создание.

3. А кој, по сето ова што го кажавме, помислувајки за тоа колку Спасителот бил исмеан и наклеветен, нема да биде готов да прими секакво исмевање, со радост? Кој нема да прими да биде навредуван и напаѓан со најгруби зборови? Кој, гледајќи Го Господа како Му удираат шлаканици, нема со радост да го сврти и десниот и левиот образ, за да добие и тој шлаканица? - Кој е оној што духовно Го замислува Бога распнат, со копје прободен, како вкусува жолчка и оцет, - кој не мисли дека и тој е приготвен да прифати секаква смрт? Ве молам, чеда мои, да се распнеме себеси за светот и за страстите, а ако треба, да се предадеме и на бдение; да поднесеме кротки и секакви рани, кои ни се нанесувани со остри и груби зборови, како изливање на крв што тече од отсечувањето на својата волја, - и ќе бидеме и ние слични на Христа, Кој пострадал од човекољубие за нас и за нашето спасение. Вдахновете се сите за ревносно служење; окрилете се со своите молитви, горејќи со огнот на Светиот Дух, со пролевање солзи и со смирено офкање.

193.

1. Имајќи на ум како ќе се заврши нашиот живот, да се трудиме ревносно да Му угодуваме на Бога, подражавајќи им во ова на нашите свети оци. - 2. Иако ова не секогаш е видено, да не отстапуваме од нив, туку да ги следиме, иако не во потполна мерка. - 3. Кон ова нема несовладливи пречки, зашто ова зависи од нашата слободна волја. (3/, 28)

1. Да познаеме, чеда мои, во што се состои нашиот живот, на кого му служиме во нашето тело и кон што нѐ води тајната на нашето одвојување од телото. Имајќи го ова на ум, да се трудиме да ги извршуваме Божјите заповеди и да работиме неуморно за нашето спасение. Во овој незагрижен свет да се покажеме како ревнители на богоугоден живот, какви што некогаш биле и нашите свети оци, кои цутеле како прекрасен крин и како од Бога насаден рај, наводнуван со водите на Светиот Дух, - ги раѓале плодовите на сите добродетели и се удостоиле да бидат наречени пријатели Божји. Тие Му угодиле на Бога, живееле чисто и се хранеле со возвишени соѕерцанија, го придобиле небото, мудро се ползувале со своето доаѓање на земјата, составиле еден хор со ангелите и со Бога живееле.

2. Кој денес вака чекори? И како што е напишано: „Господова е земјата и она што ја исполнува вселената и сѐ што живее на неа“ (Псап. 23, 1). „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам“ (Псал. 54, 6). Кој е таков, „во Неговото време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината“ (Псал. 71, 7). Но ние, научени со заедничко советување, да продолжиме да се трудиме и да не се одвоиме од нив.

Да не дозволиме и нас да нѐ именуваат „род упорен и бунтовен, непостојан по срце и не му остана верен на Бога со духот свој“ (Псал. 77, 8), род, кој не го поправил своето срце, туку, напротив, да бидеме од „родот на праведниците кој ќе биде благословен“ (Псал. 111, 2). Да се покажеме во себе достојни за награди заради добродетелите, да појдеме по светиот пат на нашите оци, да чекориме по нив, да ја мериме брзината на нивното трчање и да го истражуваме нивниот живот, да ги следиме со ревност нивните дела и да се угледаме на начинот од нивното живеење, иако само донекаде, но сепак слично на нив, како ученик кога ги следи опитите на својот голем учител. Тие се живописни на божествениот лик, уметници на добродетелите, а ние барем сенката нивна да ја одразиме. Тие биле како туѓинци, и ние такви да бидеме: нивната татковина е небото, горниот Ерусалим да биде и нашата татковина; нивно богатство се заповедите на Господа, и ние ова богатство да го придобиеме; тие не биле врзани со телото и со крвта, со роднински врски, не се насладувале со сластите на овој живот и ние да го посакаме истото. Тие се потрудиле и станале такви, и ние да станеме такви: да се потрудиме да бидеме такви, какви што биле некогаш нашите оци, така и до денес насекаде се раскажува за нивниот прекрасен живот и со тоа нѐ поттикнуваат и нашето име да им стане познато на поколенијата по нас, да се продолжи ова добро натпреварување. А има ли нешто поблажено и поутешно од ова?

3. А треба да знаете, дека за ова нема никаква пречка. Тогашниот Бог и сега е Бог: во Светото евангелие ништо не е застарено: и заповедите не се изменети, и времето не се преправило. Оној Кој промислувал тогаш, и сега се грижи за нас сите. Зар ноќите и дните, сеидбите и жетвите не се исти како и некогаш? - Овој наш Бог е неизменлив и непреправлив; секогаш е ист: како од почетокот, така и сега го запазува Своето создание, со истите зраци на љубовта и ги осветлува сите луѓе и никогаш не ја сака смртта на грешникот. А нееднаквоста и изменливоста ја има за причина нашата слободна волја; од нас зависи сѐ и доброто и злото. Зашто, што ни пречи и на нас да бидеме ревносни и да им подражаваме на светите оци, да ги преземеме нивните подвизи, та и нашиот живот да биде светол и свет како и нивниот? И ние можеме да живееме во манастирско општожитие, да се просветиме како нив, ако само и нашиот живот биде еднаков со нивниот. А ова ќе биде вака, ако ги пазиме нашите срца и од најмалото отклонување од заповедите на Господа.

194.

1. Вие сте како добра градина, во која растат разни плодови на добродетелите; внимавајте овие плодови да не свенат и да не се исушат. - 2. Сега се деновите свети, деновите на постот; сѐ ви помага за да живеете подуховно: и воздржувањето, и богослужбите и четивата. - 3. Ползувајте се со сето ова, но повеќе од сѐ, трудете се да живеете во мир. (3/, 29)

1. За добрата земја особено е корисно да биде полевана со дождови. Тоа ѝ помага да дава изобилни плодови, кои се потребни за исхрана на живите суштества. Добро би било, кога би можело и нашите неделни поученија, кои излегуваат од мојата смирена душа, да бидат исто така корисни за исхраната на вашите души, за напредувањето на вашите добродетели, така како што е корисен дождот за добриот род на земните плодови. Всушност јас ве гледам слични на рај, исполнет со разновидни растенија: еден ме насладува со смиреност и послушност, друг ме храни со исправноста во својата работа, трет ме исполнува со благопријатна миризба на својот богочестив живот, четврт ме восхитува со своите возвишени добродетели, издигнувајќи ме кон висините на своите гранки. - Со еден збор, секој од вас се одликува со некаква добродетел, правејќи ги своите соодветни дела. Затоа, гледајте, чеда, никој да не остане - ништо да не работи; никој нека не дозволи да оглувне од распаленоста на похотта. Не биди и бесплоден од гордоста, која го изедува секој плод. Да бидеме ревносни, еден друг да се поттикнуваме и да изградиме еднодушно кула од земјата до небото. - Да ја придобиеме добродетелта, што стигнува до небото.

2. Сега се светите денови и вие се осветувате; сега е време на постот кога малку јадеме: ги очистувате душите и телата ваши; пребогати и прекрасни се и песните и четивата, а вие сте благозвучна лира, на која удара Светиот Дух; сите на богослужби брзо ве собира. И хор ангелски сте вие; со љубов се прегрнувате, зависта далеку ја прогонувате. Сите само со една желба се исполнети: на небото сите заедно да бидете запишани, еден со друг не војувате, искрено и мирно заедно живеете, се угледате на едномисленоста кај бесплотните; само една грижа вие имате, само во тоа се натпреварувате со другите: најдобро повелбата Божја да ја извршите. И затоа сте синови на послушноста. Не богатеете со придобивање на земни богатства: сѐ имате и ништо немате, зашто сте господари на светот и на царството небесно наследници.

3. А главно е тоа што на дело ги потврдувате зборовите на пророкот, кој говори: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“. Затоа ве нарекува и благоухана миризба. „Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова; како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псал. 132, 1-3). Гледајте со какви имиња сте украсени и со какви пофалби сте овенчани. Затоа, гледајте и покажете дека туѓи имиња не носите и дека живеете достојно за овие пофалби. Пофалбата сега од мене ја Добивате со зборови, а тогаш, во идниот живот ќе ја добиете вистински: ќе ја добиете справедливата награда од праведниот Судија и изобилен наградодавец.

195.

1. Вие треба да се именувате со имињата на вашите духовни оци и да живеете според единствениот монашки дух согласно со установените правила. - 2. Спомнувајте си ги заветите, што ги дадовте при потстригот на замонашувањето и бидете такви и надворешно и внатрешно. Тоа единствено нека биде со што ќе се разликувате од мирјаните. За сето ова Бог ќе ве успокои во Своите прекрасни живеалишта. (3'/, 30)

1. Откако ги оставивте вашите родители, браќа и роднини и целиот свет, дојдовте овде и станавте мои духовни чеда. Затоа сега не треба да се именувате на оние што ве родиле телесно, туку според имињата на вашите духовни оци и праоци, покажувајќи со тоа дека потполно сте се одделиле од старата ваша природа и дека, по своја слободна волја, имате ново духовно раѓање. Затоа овде никој нема своја волја, според своето мудрување, туку сите заедно исто мислите и исто мудруваме: сите кон Бога еднодушно се стремиме. Денес и на вас се исполнува она за што се раскажува во Делата на светите ааостоли: „А народот што поверува имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сѐ им беше заедничко“ (Дела 4, 32). Дали го разбирате ова што го слушате? Испитајте се себеси: „дали трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Кор. 15, 58). Ова ви го говорам затоа, за да ви напомнам, дека и во вашите мисли не треба да си дозволите да отстапите во нешто од монашкиот ред на живеење. Тоа е непријателско нашепнување. Ви напомнувам уште нешто; „Ако некој војува, сепак венец не добива, ако не се бори како треба“ (2. Тим. 2, 5). И монахот нема да дојде до совршенство и нема да добие венец, ако не се подвизува според востановените правила.

2. Вие знаете и често сте слушале што им се говори на браќата, кои примаат схима. Смислата на сето ова е: заветот се дава и се прави меѓу Бога и човекот, дека ќе гладува, жедува, ќе оди недооблечен, ќе трпи незгоди, а ако затреба, дека и својата крв ќе ја пролие за Христа. Затоа и не чудете се кога ќе ви се случи да претрпите нешто слично, зашто вие сте дале завет, сте ветиле дека ќе трпите. Зар била детска шега она што станувало тогаш? Не, никако. Тоа се свети зборови, на кои биле сведоци и Самиот Бог и Неговите свети ангели. Напротив, кога ќе нѐ сретнат сите тие работи, ние треба да се радуваме - што ни се пружила прилика да исполниме едно делче од она што сме го ветиле. Како за надворешните луѓе што се прекрасни пофалбите, задоволствата и изобилието, ние го сакаме токму спротивното и се радуваме кога ни се пружа можност да го имаме. Ова ни го покажува и схимата: Мирјаните им се радуваат на работите од овој свет, а ние им се радуваме на божествените; тие му се радуваат на телесното, а ние не духовното; тие на насладите, а ние на воздржувањата. Што е она по што се разликуваме ние од нив? Зар мислите дека е тоа црната мантија и долгата брада? Зар тоа нѐ прави да бидеме монаси? - Не, никако. Не, еве кој е вистинскиот монах: оној кај кого надворешниот изглед се согласува со неговата внатрешна расположба, кој би можел да каже, дека е тоа што е и дека не се менува. Ве молам, вака мислете и вака мудрувајте и прифатете ги: воздржувањето, безмолвието, стихословието, взаемното почитување, исповедта, работливоста и секоја друга пофална особеност. Ваквите особености да ги умножуваме во себеси, и тогаш ќе придонесуваме добри плодови. Секој нека се натпреварува со братот свој во доброто и нека се угледа на него без завист. Господ говори дека е жив и дека ќе ги прослави оние што Го прославуваат и дека ќе им приготви место за успокојување, во земјата на живите, место „каде што е чудесната скинија - до Божјиот дом“ (Псал. 41, 4). Да ни помогне Господ да го слушнеме ова, да ја видиме светлината на светот и да Го видиме Сонцето на правдата и да се насладиме со Божјата неискажлива радост, зашто Он е целиот и радост и света желба. - Да се помолиме и да пројавиме ревност, за да го придобиеме денот на таа светла радост. Блажена е онаа душа, која го придобила Господа со својот добар живот и која Го има за свој Добротвор, зашто Он ќе ја прими во Своите вечни живеалишта.

196.

1. Содржината на поученијата се однесува на најважната работа - на спасението на душата; затоа тие треба да бидат слушани со најголемо внимание и со желба. - 2. Инаку нивните совети нема да дејствуваат на душата, тоа ќе биде само за кратко време; а потоа сосема се заборавани. - 3. Затоа, треба и да ги слушаме, и да ги паметиме и да ги извршуваме; тогаш ќе имаме добри плодови од нив и во сегашниов, а особено во идниот живот. (3'/, 32)

1. Проповедуваните Божји зборови, ако навлезат во внимателна душа, која искрено се грижи за своето спасение, тие веднаш ја стоплуваат и ја поттикнуваат кон поголема и посовршена грижа за извршување на заповедите, каква што е мојата, која спие и која безгрижно живее во злото, тогаш тие остануваат, бесплодни и се разливаат во воздухот. Затоа, ве молам, не гледајте ме мене недостојниот и ништожниот, туку на вредноста на црковната поука, зашто во неа ви се даваат корисни напомени не за нешто мало и незначајно, туку за она што е најглавно за спасението на душата, за тоа: Како да се спасиме? Како да одиме по Божјиот пат? Како да ги избегнуваме ѓаволските мрежи? Како да се чистиме од страстите? Како да преуспеваме во добродетелите, така што преку тоа да се издигнеме до врвот на совршенството? Какви и колку добри дела треба да направиме за да го добиеме царството небесно? Нашите поуки, кои говорат за вакви работи, треба да ги засакате и да ги почитувате.

2. Оној, кој се однесува лошо спрема нашите поуки, никогаш нема да може да најде во нив некаква корист за својата душа. Зашто постои противник, кој ни пречи со внимание да слушаме и нѐ одвлекува далеку од доброто; тој секогаш е готов да ни даде спротивни совети. Затоа и се случува нашата природа, која е повеќе склона кон злото, не им придава потребно внимание на поуките. Туку ислуша некоја поука или размислување за излегувањето на душата низ вратата на смртта во другиот живот, или за стоењето на Судот или за конечната пресуда за нашата вечна судба, таа веднаш се скрушува, воздивнува, плаче, офка, а потоа откако ќе измине извесно време, пак заборава сѐ и, место скрушеност и покајание, место да жали се расејува и воопшто не се грижи за своето спасение. И ни останува само да извикаме заедно со апостолот: „Несреќен човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Рим. 7, 24).

3.О, браќа мои, не така! Туку треба и да слушаме и да се скрушуваме, да се устремуваме кон подоброто: да се трудиме да ја загреваме нашата душа со љубов спрема Господа и еден кон друг, взаемно да се поттикнуваме кон послушност, смиреност, трудољубие и кон секое добро дело на нашиот ангелски живот. Ние сега само сееме, а потоа се трудиме, се изморуваме и плачеме, но по малку време ќе почнеме да се радуваме, зашто со радост ќе го жнееме она, што со солзи сме го посеале и ќе почнеме да царуваме заедно со Господа и Бога на сѐ; само ако усрдно пострадаме во нашето самозаборавено послушништво. - Затоа, јас и нема да престанам да ви говорам и да извикувам: „ Да се подвизуваме додека има време! Уште малку да се трудиме! Да потрпиме, уште малку да потрпиме, додека не помине овој живот, кој е сличен на сон!“ Јас се осмелувам да ве уверам, со името на Господа, дека вие ќе бидете овенчани, ќе пеете во небесните хорови и дека таму ќе започнете да се радувате во бескрајната вечност.

197.

1. За време на војна војниците немаат мир, непрестајно војуваат; се смируваат дури тогаш, кога ќе заврши војната и кога ќе се вратат во своите домови. И ние војуваме. Нашата војна е духовна, војна што продолжува во текот на целиот човечки живот. - 2. Да војуваме храбро, никогаш да не отстапуваме пред непријателот, да не се плашиме од неговите безбројни и неискажливи застрашувања. (31/, 33)

1. Оние што војуваат, непрестајно, додека се води војната, тие речиси немаат воопшто одмор; тие имаат постојано судири со поголеми и помали непријатели: тие или оружјето свое го чистат и подготвуваат, или чуваат стража, или одат во извидување, а малку спијат, малку јадат, секогаш се приготвени за борба, секогаш се во страв да не бидат ненадејно нападнати. А кога ќе заврши војната и кога војниците ќе се вратат по своите домови, дури тогаш настанува времето за одмор, мир и радост; тогаш им се разделуваат наградите и одликувањата од името на царот и војсководителите за храброста, што ја пројавиле во борбите.

Истото може да се види и кај нас. Зар и ние не сме во постојана војна? Зар не сме во непрестајна воена дисциплина? - Да, ви велам, кај нас е уште повеќе од тоа, зашто кај нас е сѐ особено; и нашето оружје е особено; оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини“ (2. Кор. 10, 4); и нашиот непријател е особен, - паднатиот дух - ѓаволот, чија војска ја составуваат сите отпаднати духови, заедно со него и преку него, и од небото турнати сили. Па затоа, сегашното наше време не е време за спокој, туку за борба. Затоа треба да се оградуваме со сето духовно оружје, и, откако ќе го земеме духовниот меч, да се бориме. А кога ќе измине времето за борбата, кое е одредено повеќе или помалку успешно, тогаш Бог, става крај на борбите и нѐ повикува од тукашното странствување во нашата вистинска татковина. За ова пишуваат и ова го објаснуваат Законот, пророците, апостолите и нашите духовни учители.

2. Браќа, сега ни се познати и бојното поле и борбата. Да опстојуваме храбро и да се бориме без страв. Ние водиме војна со многу наши неисправности; со унинението, чревоугодието, многу спиење, со нечистата похот, празнословие, лесномисленост, наклоноста кон смеење и со секоја друга нечиста страст. Оној што стои без да отстапува, кој се бори, се противставува, кој го одбива непријателот, со помош на молитвата и откровението и, најпосле, го совладува непријателот и го победува, тој, како Господов борец, ќе се удостои со вечен венец, со венец на славата, во царството небесно. Ве молам, браќа и чеда, духовно да не се плашиме од непријателот и да не бегаме пред него; да не се умориме во борбите, борејќи се против непријателите, да не се плашиме од страшливците.

Нашиот непријател се прикажува како нешто големо и страшно, но за нас, ако внимаваме, - тоа се само воздушни привиди и сенки. Зар таков не се покажал и оној, кој некогаш го нападнал свети Антониј Велики? Тој му се покажувал некогаш како страшен лазач, некогаш како лав или како волк, или како некој друг опасен ѕвер. Се покажал пред овој млад подвижник како темнина и како измама, но секогаш со помошта на неговите молитви бил отфрлан далеку. Па кога и против нас овој непријател ќе настапи вака, кога ќе подигне мнозинство помисли и страотни страсти, не треба да се плашиме, туку треба да се означиме со знакот на чесниот крст и да бидеме спокојни, и тој секако ќе избега. Во овој живот, браќа, имаме потреба од трпение. Затоа, да трпиме и да се подвизуваме. Секој од нас треба да гледа каде оди: ако прави нешто според мојата смирена заповед или според правилата на нашиот манастир, со отсекување на својата волја, блазе нему: тој и кога јаде, како да не јаде, кога пие - како да не пие, кога спие - како да не спие; во светот е, но како да е над него; во градот е, но живее како да е во пустина. Но, доволно за ова.

198.

1. Ние сме како на натпревар; треба да правиме напори; инаку нема да победиме. - 2. Не треба да дремеме; пред вас другите трчаат, напредуваат; побрзајте и вие. - 3. Вие барате нешто големо: сакате да општите со Бога. Како можете да го постигнете ова? - Со точното извршување на вашите монашки завети. - 4. Ова било лесно во пустината; сега сте дојдени во градот, и затоа ви се потребни напори и маки. Да не се посрамиме. - 5. Еве, ви говорам за тоа како треба да се однесувате. (3/, 34)

1. Знаејќи, дека нам ни претстои трговска работа од голема важност: да го наследиме царството небесно и да го добиеме вечниот живот, да не бидеме неработливи и да не се предаваме на мрзливост сѐ додека живееме во овој свет. Натпреварот е почнат, патеките се исчистени и измерени, судиите се на своите места. - Натпреварувајте се, почнете да трчате. Оној што е полн со ревност, што прави напори, тој победува и ја прима наградата. А мрзливиот не само што не ја добива наградата, туку бесцено ја загубува и својата душа, па, откако ќе отиде од овој живот без ништо, бива испраќан во вечната мака.

2. Зар не гледате и не забележувате дека секој ден еден по еден биваат повикувани оттука и, откако послужиле овде, одат кон Својот Господар, - и стар и млад, и цар и роб, и архиереј и јереј, и игумен и искушеник? Она што го барал овде, го добива таму; оној што испратил оттука скапоцени сокровишта, ги добива таму; оној што се откажал од сѐ што е тукашно, го добива изобилно тамошното. - Вам ви е дадена благодатта на Светиот Дух да се оддалечите од светот и да се соедините со Бога.

3. На вас ви претстои близина при Бога и најискрена служба на Него, во радост и во веселба. Вашата работа и вашиот подвиг се состојат во тоа: да останете верни на својот завет. Затоа, во каква состојба се наоѓате и која добродетел ја живеете, во нив останувајте и не отстапувајте и вашите души, сѐ повеќе, во храмови на вашиот Бог и Сецар претварајте ги.

4. Тоа дека Господ ќе ве прими во вашата добра расположба, јас заклучувам по тоа што вие останувате исти и откако се преместивте од безмолвните места во шумните и пренаселени градови, како што е Цариград, доаѓајќи од пустина во град. Всушност, добродетелта, која Му се принесува на Бога како жртва, секаде се смета како злато, - и славата од него и за него се издигнува до Бога. Вашата расположба останува иста. А некои, со добра намера или не, говорат: Ајде да видиме дали ќе се запазат во истата расположба, но јас се надевам дека вие ќе се запазите и ќе се задржите во неа; па, наоѓајќи се и среде град, ќе живеете како да сте в пустина, дека и среде градската врева - ќе го запазите својот мир и спокојот во вашите души. И токму овде е за вас вашата проверка. И вие ќе бидете навистина за вчудоневидување, ако издржите во ова. Свети Григориј Богослов на едно место вели: Што има чудно во тоа што е зимата студена и што сонцето грее? Тие тоа не го прават слободно. Така и за нас не е голема пофалба, ако имаме безмолвие во пустината. Но, друго нешто е да се живее во град како да сме осамени и среде шумна толпа - како да сме во пустина. Да Му благодариме на Бога, што по молитвите на мојот и на вашиот отец, нѐ запазува неповредени и што живееме утврдени во нашето призвание.

5. Вашата слава и пофалба се во вас самите. А, бидејќи е ова вака, тогаш грижете се, кога ги работите вашите работи во манастирот, да ги извршувате во богоугодна расположба, пројавувајќи го стравот Божји и во одењето, и во однесувањето, и во погледот, и во разговорот и во сѐ. Ве молам, чеда мои, да не си дозволите нешто, за да се рече нешто лошо за вас. Многу очи гледаат на нас, многу усти говорат против нас. - „Зошто незнабошците да велат: - Каде е нивниот Бог?'“ (Псал. 78, 10)? - Каде е нивната добродетел? - Кој е тој што ги раководи таму? Колку бесрамно се однесуваат: гледаат таму - ваму се смеат како некоја блудница? - Гледајте, да не му нанесете срам на нашиот манастир и на манастирското братство? Имајте страв од бесмртниот Бог! Секој ваш збор изговарајте го така, како Самиот Бог да го слуша, а секоја работа работете ја така, како да ја правите пред Божјите очи. Кој ве гледа на овој начин и вашата состојба ќе биде добра, а и вие самите ќе бидете како светила во царскиот град.

199.

Овде се говори за монашките добродетели и подвизи со повикување да напредуваат во нив. (3 /, 35)

Воздржувањето е силно оружје за монахот. Тоа е врата за секоја друга добродетел. И оној што ја придобил послушноста, и тој се угледа на Христа; смирениот е сличен на ангелите; а оној што му открива сѐ на својот духовен отец - тој е како сонце. Затоа, никој да не скрива ништо од својот духовен отец, за да не остане неисцелен.

Барајте го она што е корисно и она што би ве поттикнувало кон смирение. А ништо од она што е спротивно на ова, не дозволувајте го.

Знаете, по малку време, сите ќе се преселиме и што и какви ќе бидеме по одделувањето од телото? Затоа треба да бидеме внимателни: умот наш секогаш кон Бога да го издигнуваме и да ги соѕерцуваме таму вечните блага и блаженото насладување на оние што ќе бидат удостоени со тоа, како и тешката судба на оние, кои ќе бидат во страшните и неизмерни пеколни маки.

Жив е и благословен нашиот Бог и ние нема да се покаеме што сме ја примиле оваа света схима, што сме плукнале на сѐ светско и што сме отсекле од себе сѐ телесно како со меч, зашто ако останеме во овој наш добар подвиг ќе се радуваме и ќе се веселиме во сета вечност. Овој наш подвиг се состои од: пост, бдеење, храбра готовност на сѐ што го бара од нас аскетскиот живот. Кон ова ќе додадам уште и: добродушно претрпување на сите непријатности и тешкотии, навредувања, тепање со шлаканици, изгонување и предавање, а сето тоа заради љубовта спрема Бога.

Подвизувајте се сите, и големите и малите, и новодојдените и старите, сите трчајте добро, брзајте секогаш подготвени за бдеење, послушност и работа. Од вас да бидат прогонети: мрзливоста, гневот, готовноста за раздор, зависта, противречењето и сите други страсти. Но, најмногу напредувајте во љубовта еден спрема друг. Затоа апостолот ни говори: „Во усрдноста да не сте лени; духот да ви биде пламенен: служете Му на Господа; бидете радосни во надежта; во мака бидете трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 11-12).

200.

1. Откако ги нарекува браќата блажени за нивниот строг монашки живот, укажува на маченичките особености во тоа, ги убедува да продолжат така, засилувајќи ја нивната надеж дека во идниот живот ќе застанат заедно со мачениците. - 2. Ги уверува, дека во идниот живот сѐ, од што се лишуваме доброволно овде, таму ќе го добиеме во најсовршеи вид; ги убедува да се радуваат на сите лишувања и цврсто да се држат за својот пат. - 3. Откако напомнува за смиреноста, ги повикува да се подготвуваат за смртта и ги поканува да се молат за умрениот брат, кој не ја исчистил својата совест од алчноста (бидејќи во неговата ќелија нашле два сребреника). За тоа им одредува да прават и поклони. (3/, 36)

1. Ви благодарам, чеда, што по топлата љубов спрема Бога, од ден на ден, сѐ повеќе напредувате во угодувањето на Бога, непрестајно се подвизувате, сс воздржувате, се задоволувате со она што ви се дава, со малата мерка леб и вино, што, сепак, не останувате зад другите во трудот и работата, не пропуштањето на правилото, во брзото разбудување и доаѓањето навреме на собир, трпеливото стоење до крајот на богослужбите, пројавувајќи кротост, незлобливост и мрморење, зашто мрморењето е голем грев. Такви се подвизите на оние што живеат подвижнички во отсечувањето на својата волја; измачувајќи се во ова, место во оган, котли со смола, стрели, нокти, мечеви, и крстови. Сето ова на нив им се подвизите што ги спомнавме, како и следниве: навредувањата, принудувањето на секое добро, трпењето на екудноста во сѐ, - во облека, обувки, во покривка и во сѐ друго што е потребно за живеење. Бидејќи ни претстојат венци за сѐ што сме претрпеле и пострадале, тогаш храбро да го претрпуваме нашиот маченички подвиг за името на нашиот Господ Исус Христос, за да се најдеме таму заедно со светите маченици, каде, место сегашните лишувања и страдања, ќе ни биде даруван вечниот живот во неискажлива радост и неописива веселба.

2. Ние овде немаме свој град затоа што сме се откажале од нашата татковина, затоа таму ќе бидеме жители на горниот Ерусалим; ние не треба да нарекуваме некого татко по тело, но затоа во идниот живот ќе Го добиеме Бога за Отец: овде на земјава немаме наследство, но таму ќе ни биде дадено наследството заедно со Христа; ние се откажуваме да се насладуваме со телесна храна, пиење и со сите други телесни задоволства, но вам ви е познато, дека таму ќе се насладуваме со она што око не го видело, за што уво не слушнало и за што на човека во срцето не му дошло. Затоа, радувајте се, соѕерцавајќи го ова, не паѓајте духовно, не бидете мрзливи: ве плашете се ни од сегашните, ни од идните тешкотии, колку и да се тешки. - Но, што говорам? - Да ве сретне на овој пат и оган, и меч и смрт, сето тоа сметајте го за ништо и одете право по вашиот пат.

3. По смртта на нашите браќа гледате, дека сме со секој ден сѐ поблизу до смртта. Вчера си отиде еден од нашите браќа, а еден друг пред неколку дена, а пред самата врата на смртта веќе се наоѓа некој друг. А по него, на кого ќе биде ред? Можеби тоа сум јас. Така треба да рече секој од нас и да почне да се подготвува. - Сакам да ви кажам и за жалоста на мојата душа за починатиот брат Василиј, тоа дека си отиде без да ја очисти својата совест, зашто во неговата ќелија нашле два сребреника. Леле, какво слепило! Еве, на што го фатил ѓаволот. Тој ги сметал тие два сребреника за повредни од царството небесно. Не еднаш сум му говорел, дека што и да земе, макар и најситна пара, игла, перо или што и да е друго и го скрие кај себе, дека само со тоа го исполнува целото место со грев. Вие секако сте го виделе тоа и кај свети Касијан, кој говори, дека, според свети Марко, дека еден грев го наполнува местото со голема грешност. Сметајќи човек дека нешто е негово, тој ги става таму и својата душа и своето тело. Каде е одречувањето? - Да се помолиме за него, во текот на една седмица да правиме за него по три поклони и да правиме по триесет молитви - да Му го прости Бог неговиот грев.