Свети Симеон Нов Богослов

Има три вида внимание и молитва, со кои душата се издигнува и напредува или пропаѓа и загинува. Оној што ги употребувал овие три добри вида внимание и молитва, во свое време и како што треба, тој духовно напредува, а кој ги употребува неразумно и не навреме, тој пропаѓа и загинува.

Вниманието треба да биде така нераздвојно сврзано со молитвата, како што е нераздвојно сврзано телото со душата. Вниманието треба да биде или пред или зад непријателите, како некаков стражар; тоа треба прво да навлегува во непријателот, да се бори со гревовите и да им се противставува на лошите помисли, кои навлегуваат во душата, а веднаш по вниманието нека следи молитвата, која веднаш ги избива и уништува сите лоши помисли, со кои пред тоа се борело само вниманието, зашто тоа самото не може да ги уништи.

Од оваа борба на вниманието и молитвата со лошите помисли зависат и смртта и животот на душата. Ако со внимание ја пазиме чиста молитвата, тогаш успеваме, а ако не успеваме преку вниманието да ја запазуваме чиста нашата молитва, туку ја оставаме незапазувана, и таа се осквернува од лошите помисли, тогаш сме неуспешни и победувани.

Па така, бидејќи има три вида внимание и молитва, треба да ги посочиме главните својства на секој вид, така што, оној што го сака своето спасение, може да го одбере она што е најдобро.

За првиот вид внимание и молитва

Карактеристичните својства на првиот вид внимание и молитва се следниве: кога некој стои на молитва, издигнувајќи ги своите очи и раце кон небото, а умот свој го држи во божествените помисли, ги замислува небесните блага, ангелските сили и светите небесни живеалишта и, накусо речено сѐ она што го слушнал и прочитал од Светото Лисмо, го собира во својот ум и размислува за тоа кога се моли, гледа кон небото и со тоа ја издигнува својата душа кон посакуваната Божја љубов, а понекогаш дури просолзува и плаче, ете, тоа е првиот вид внимание и молитва.

Но, при ваквиот вид внимание и молитва, којшто ќе се задржи само на него, тој почнува постепено да се вознесува, без да го забележува и разбира тоа и почнува да мисли дека тоа што го прави не е дело на Божјата благодат и почнува да Му се моли на Бога да му помогне секогаш да го запази во таква состојба. А тоа што така мисли за ваквиот вид молитва е прелест, зашто и доброто не е веќе добро, кога не се прави на добар начин и како што треба.

Таквиот човек, ако стане краен безмолвник, односно исихаст или затвореник, тој ќе биде во многу голема опасност да полуди. Но, ако се случи да го запази својот ум, сепак, не ќе може да придобие добродетели и бестрасност. Се прелестуваат и оние што одат по овој пат, зашто тие со своите телесни очи гледаат некаква светлина, мирисаат некакви благопријатни мириси, слушаат некакви гласови, доживуваат и други слични работи. Некои од овие побеснуваат и одат од место на место. Дури, се прелестиле затоа што го примиле ѓаволот како ангел на светлината, а за тоа не биле свесни, па останале такви до крајот на својот живот, не сакајќи да примат совет од браќата. Дури, некои од ваквите, сами си го одзеле животот, поттикнати кон тоа од самиот ѓавол; некои од нив се фрлиле во бездна, а други се удавиле во вода. И кој може да ги наброи сите видови прелести, со кои ги прелестува ѓаволот ваквите, зашто тие се навистина безбројни.

Од ова што го кажавме, секој разумен човек може да разбере каква штета може да произлезе од првиот вид внимание и молитва, ако некој го смета овој вид како последна граница во совршенството на молитвата. А, ако се случи некој од оние што го употребуваат овој вид да не претрпи никаква штета и да не биде изложен да никакво зло од овие што ги спомнавме, тогаш тоа е затоа што тој живеел заедно со своите собраќа; на оваа опасност се изложени обично оние што живеат осамени, но сепак, целиот свој живот тие ќе го поминат во неуспешно духовно живеење.

За вториот вид внимание и молитва

Вториот вид е: кога некој својот ум го воведува внатре во себе, оддалечувајќи го од сѐ што е видливо, ги пази своите чувства и ги собира сите свои помисли за да не талкаат по суетните работи од овој свет, па час ги испитува своите помисли, час се вдлабочува во зборовите на молитвите кои ги чита, час ги враќа назад своите заталкани мисли, ако биле запленети од ѓаволот, ако се занеле по нешто суетно и лошо, тогаш со голем труд и со силно самопринудување се напрегнува да дојде на себеси, ако бил совладан и победен од некоја страст. Карактеристичниот белег на овој вид внимание и молитва е што овде сѐ се случува во главата: овде се борат мисли со мисли.

Имајќи таков подвиг и таква борба со самиот себеси, тој никогаш нема да може да биде во мир со себеси и нема време да се занимава со извршување на добродетелите, за да го добие и венецот на правдата. Ваквиот човек е сличен на оној што се моли со своите непријатели ноќе - во темнина, кој ги слуша гласовите на своите непријатели и прима удари од нив, но не може јасно да ги види и да ги распознае кои се, од каде дошле, како и зошто го напаѓаат и тепаат. Ова е поради тоа што тој престојува во својата глава, а лошите помисли излегуваат од срцето. Тој не ги гледа, зашто не внимава на своето срце. Темнината, која е во неговиот ум и бурата, која ја има во своите помисли, не му овозможуваат да го види сето тоа и да избега од своите непријатели - од демоните, за да не го измачуваат. Попусто се труди тој несреќник, па дури и сосема ја загубува својата награда, ако при сето тоа и самиот не забележува, па, совладан од суетата, замислува дека добро внимава на себеси. Во својата гордост тој ги презира и ги осудува другите, а себеси си се пофалува, замислува дека е достоен да биде пастир на духовните овци и да ги раководи и другите, и тогаш е сличен на слепец, кој се зафаќа со тоа да води слепци.

Ете, ваков е вториот вид на вниманието и молитвата. И секој оној што сака да се спаси треба да ја знае штетата која настанува, ако не внимава и не се моли добро. Впрочем, ваквиот подвижник е во подобра положба, како што е подобра ноќта кога сјае месечината отколку кога е темна, кога не сјае месечината.

За третиот вид на вниманието и молитвата

Третиот начин е навистина прекрасен и не може лесно да се објасни, и за оние што не го знаат од опит, не само што ништо нема да можат да разберат, туку им се чини и неверојатен; тие не можат да сфатат дека такво нешто може да постои. И всушност, во наше време, овој начин на внимание и молитва не се среќава кај многумина, туку сосема кај малкумина. Јас мислам дека ова добро избегало од нас заедно со послушноста. -  Послушноста спрема својот духовен отец, ако ја има некој во совршенство, го прави таквиот подвижник безгрижен, зашто сите свои грижи и жалости еднаш за секогаш ги препуштил на својот духовен отец. И затоа, бидејќи далеку од секаква пристрасност кон светот, тој станува многу ревносен и неуморен извршител на третиот начин на вниманието и молитвата. Зашто, оној што Му се посветил на Бога и сите свои грижи ги префрлил на Бога и на својот духовен отец, тој престанал веќе да го живее својот сопствен живот и да ја извршува својата волја, туку е готов да биде како мртов за секоја светска пристрасност и за своето тело, тогаш, тој со каква привремена работа може да биде победен и заробен? И каква загриженост може да има? И според тоа, со овој трет начин на внимание и молитва, којшто е заедно со послушноста, се уништуваат и расејуваат сите демонски напади и итрини, употребувани од демоните, за да го вовлечат умот во многу и разновидни помисли, зашто тогаш умот на таквиот подвижник, бидејќи слободен од сѐ, има можност и време да ги испитува сите помисли и со голема леснотија да ги отфрла, та со чисто срце да Му ги принесува своите молитви на Бога. Ваков е почетокот на вистинскиот духовен живот! И оние што не прават ваков почеток, попусто се трудат, без и самите да го знаат тоа.

Почетокот на третиот начин не е во тоа да се гледа на небо, да се подигнуваат рацете нагоре, да се мисли со умот за она што е на небото; тоа му припаѓа, како што рековме, на првиот вид и тој не е далеку од прелестите, - и не е во тоа - да се чува од чувствата со умот и на тоа да се свртува целото внимание, туку на внатрешните духовни борби, причинувани од духовните непријатели и да не се гледа тоа, а сето свое внимание да се сврти кон она што станува во главата и да се пази од тоа, - му припаѓа на вториот вид, и оној што го употребува - лесно станува заробен од демоните и не може да им се одмазди на овие свои поробители, туку е непрестајно напаѓан од нив, и јавно и тајно, и го прават и суетен и горделив.

Но, ти, возљубен, ако сакаш да се спасиш, почни ја работата вака: откако ќе го средиш твоето срце во потполна послушност, која, како што рековме треба да ја имаш спрема твојот духовен отец, а сѐ друго што треба да правиш, прави го со чиста совест, како да си пред лицето на Бога, зашто без послушноста не може да се има чиста совест. Ти си должен да ја пазиш твојата совест чиста во три односи: во однос кон Бога, во однос кон твојот духовен отец и во однос на другите луѓе, а и кон предметите на овој свет.

Во однос кон Бога ти си должен да ја пазиш твојата совест чиста, да не си дозволуваш да правиш ништо, за што знаеш дека тоа не Го успокојува Бога и што Му е непријатно.

Во однос кон твојот духовен отец, прави го само она што ти го заповедал тој, и ништо повеќе ни помалку не дозволувај си да правиш, туку чекори според неговата намера и неговата волја.

Во однос кон другите луѓе, ќе ја запазиш твојата совест чиста, ако не си дозволиш да им правиш нешто, што и ти самиот го мразиш и не го сакаш - да ти биде направено од нив.

И во однос спрема предметите, ти имаш должност да ја пазиш чиста твојата совест, употребувајќи ги секогаш како што треба. Ова се однесува особено на храната, пиењето и облеката.

Накусо, сѐ што правиш, прави го така како да си пред лицето на Бога, и во ниедна работа не си дозволувај ништо за што би те прекорувала твојата совест дека не си го направил тоа добро.

Постапувајќи вака, ти ја израмнуваш за себе вистинската и незаблудена патека кон третиот вид на вниманието и молитвата, која се состои во следново: умот да ти биде во срцето, - е карактеристична особеност на третиот вид на молитвата, да го пазиш твоето срце додека се молиш, да се враќа внатре во себеси. Ова е неопходно и оттаму, од длабочината на срцето да ја упатува својата молитва кон Бога. Во тоа е сѐ, труди се така сѐ додека не го вкусиш Господа. А кога, најпосле, умот ќе ти биде таму, во срцето, вкуси и со срцето почувствувај колку е благ Господ, и наслади се со тоа [нашиот труд; а ова вкусување е дејството на благодатта во смиреното срце]; тогаш, тој веќе нема да посака да се оддалечи од своето место во срцето [тогаш ќе ги каже тој оние зборови, кои ги кажал светиот апостол Петар: „Добро ни е да бидеме овде“]... и веќе секогаш ќе гледа таму внатре, во срцето и ќе се враќа постојано таму, без да излегува оттаму, оддалечувајќи ги оттаму сите ѓаволски помисли. Ова е третиот вид молитва, таква каква што треба да биде! За оние што немаат никакво знаење за овие работи сето ова, во голем дел, им се чини тешко и мачно, но тие што вкусиле од сладоста што ја има, кои се насладиле со него во длабочината на своето срце, тие заедно со светиот апостол Павле говорат: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја?“ [Рим. 8, 35].

Затоа и нашите свети отци, слушајќи Го Господа како говори: „Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот“ [Матеј 15, 19-20], исто така, слушајќи ги зборовите на Спасителот: „Очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор“ [Матеј 23, 26], оставиле секоја друга духовна работа и почнале целосно да се подвизуваат во оваа - да го пазат своето срце, бидејќи уверени, дека заедно со тоа лесно ќе ја придобијат и секоја друга добродетел, а без тоа не ќе можат да се задржуваат ни во една од добродетелите. Ова дејствување некои од светите отци го нарекле „безмолвие на срцето“; други „внимание“; трети - „трезвение и противставување на помислите; четврти - „разгледување на помислите и пазење на умот“. Тие сите се вежбале главно во него, а преку него се удостоиле да добијат божествени дарови. Ова истото го подразбира и Еклезијаст кога говори: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат, само знај дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд“ [Проп. 11, 9] и чист, оддалечувајќи го твоето срце од лошите помисли. За ова говори тој и на друго место: „Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое“ [Проп. 10, 4], подразбирајќи го под „место“ срцето. И Господ ни говори во Своето Свето евангелие: „Не загрижувајте се“ [Лука 12, 29], не талкајте со вашиот ум ваму-таму. А на друго место говори: „Блажени се бедните по дух“ [Матеј 5, 3], - блажени се оние што не се приврзани со своето срце кон ништо во овој свет, туку се бедни од секоја светска помисла. И сите свети отци многу пишувале за ова. Кој сака, нека ги чита нивните списи, и самиот ќе го види тоа. Нека прочита што напишал свети Марко Подвижник, што рекле свети Јован Лествичник, преподобните Исихиј, Филотеј Синаитски, ава Исаиј, Варсануфиј Велики и многу други.

Со еден збор, оној што не внимава на себеси и кој не го пази својот ум, тој не може да стане чист по срце, за да може да се удостои да Го види Бога. Оној што не внимава на себеси, тој не може да биде беден по дух, не може да се скруши и да плаче, да биде тивок и кроток, да гладува и да жедува за правда, да биде милостив или миротворец, нити може да поднесе да биде гонет за правдата. И воопшто, нема можност за придобивање на добродетелите на некој друг начин, освен преку вниманието. Затоа, повеќе отколку за сѐ друго, треба да се грижиш за ова и лично да го познаеш ова што ти го говорам. - Ако сакаш да се научиш за ова, како треба да се прави, јас ќе ти кажам.

Пред сѐ друго, треба да запазуваш три работи: безгрижност за сѐ, дури и за она што е добро, а не само за она што е лошо и суетно или - да бидеш како мртов спрема сѐ; да имаш чиста совест во сѐ, така што да не те прекорува и изобличува ништо, и потполна бестрастност, така што твојата помисла да не тежнее кон никаква работа во светот. Со своето внимание стој во себеси; не во главата, а во срцето7! Таму имај го твојот ум; труди се особено да го најдеш местото, каде што е срцето, за да навлезе твојот ум во него и целосно да престојува во него. Умот, кој се подвизува во ова, ќе го најде местото на срцето. Тоа ќе се случи тогаш кога благодатта ќе ја даде сладоста и молитвената топлина. Оттогаш, и потоа и понатаму, од каде и да се појави некоја помисла, пред да навлезе внатре и да се пројави како помисла или вообразба, умот веднаш ја прогонува и уништува со името на Исуса, односно со молитвените зборови: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ Од тој миг, човечкиот ум почнува да има злоба и омраза кон демоните, постојано води борба и ги победува. А за тоа што обично следи по ова, ти самиот, со Божја помош, ќе дознаеш преку вниманието на твојот ум и со тоа што ќе Го имаш Исуса во твоето срце, односно молитвата Исусова: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ А еден од светите отци говори вака: „Седи во твојата ќелија, и таа ќе те научи на сѐ“.

Прашање: Зошто првиот и вториот вид внимание и молитва не можат Да го дадат ова?

Одговор: Затоа што не ги употребуваме така како што треба. Свети Јован Лествичник, споредувајќи ги овие видови со скала, со четири скалила од таа скала, говори вака: „Едни ги скратуваат страстите, и се смируваат; други пеат, односно се молат со својата уста; трети се занимаваат со умствената молитва; петти се издигнуваат во соѕерцание. Оние што сакаат да се искачуваат по овие скалила, не почнуваат од горните, за да слегнат кон долните, туку од долните се искачуваат на првиот, потоа - на вториот, па на третиот, и, најпосле на четвртиот. И еве на кој начин може оној што сака да се издигне од земјата на небото: најнапред тој треба да се подвизува со својот ум и да ги скроти страстите, потоа, кога ќе бидат победени страстите, тогаш молитвата веќе дава природно задоволство и е угодна пред Бога, трето, се моли умствено и, четврто, се издигнува во соѕерцанието. Првото им е својствено на почетниците, второто - на тие што успеваат и напредуваат, третото - на оние што се приближуваат кон последните скалила на преуспевањето и, четвртото - на совршените.“

Па така, почетокот не е ништо друго, освен ослободување и скротување на страстите; а тие не се скротуваат на друг начин во душата, освен со пазењето на срцето и вниманието, зашто, како што говори нашиот Господ, од срцето излегуваат лошите помисли, кои го осквернуваат човекот. Тогаш во умот се појавува желбата за Бога и го бара соединувањето со Него; затоа ја умножува молитвата и во неа непрестајно го поминува своето време. Од ова, од желбата по Бога и од молитвата - умот станува силен и ги прогонува сите помисли, кои кружат наоколу и бараат пат и начин да навлезат во срцето, и ги победува и уништува со молитвата. И тогаш настанува борба: демоните востануваат со голема врева и преку страстите создаваат голем метеж и силна бура во срцето, но со името на Господа Исуса Христа, сите демонски сили се уништувани и распрснувани; се стопуваат, како што се топи восокот од жештината. Но, и тогаш кога се изгонети надвор од срцето, демоните не се успокојуваат, туку се обидуваат да го вознемират умот преку чувствата. Впрочем, умот и овде многу брзо ги прибира своите сили и почнува да ја чувствува тишината, која обично ја има, затоа што демоните немаат сила да ја разбрануваат самата длабочина на умот, туку ја брануваат само неговата површина. Но, умот сѐ уште не може да се избави од овие борби за да не биде напаѓан од демонските сили. Тоа го имаат само совршените, оние што потполно се ослободиле од сѐ и непрестајно престојуваат во внимание на срцето.

Па така, оној што го минува сето ова по овој ред, сѐ во свое време, тој може, откако неговото срце ќе биде очистено од страстите, потполно да се предаде на пеење на псалмите и да се бори со лошите помисли и небото да го гледа со своите телесни очи или да го соѕерцавасо духовните очи на својата душа, како и да се моли чисто, како што прилега.

Впрочем, треба да погледнуваме кон небото и со нашите телесни очи, но ова треба да го правиме колку што е можно поретко, поради стравот од лошите духови, кои се во воздухот, кои затоа и се нарекуваат воздушни духови, кои прават најразлични прелести во воздухот. Затоа, треба да бидеме многу внимателни. Бог бара од нас само едно: срцето наше да биде очистено преку вниманието. А потоа, ќе биде според зборовите на апостолот: „Кога е квасот свет, тогаш свето е и тестото; и ако коренот е свет, свети се и гранките“ [Рим. 11, 16]. А, ако некој почне очите свои и умот свој да ги издигнува кон небото не според оној ред, како што кажавме, и да си вообразува нешто духовно, тогаш ќе види мечтаења, нешто лажно и невистинско; затоа што неговото срце е нечисто. Па затоа, првиот вид на вниманието и молитвата, како што веќе повеќепати рековме, не го доведуваат човекот кон преуспевање. Затоа што, и кога сакаме да градиме куќа, не го ставаме најнапред покривот, а потоа темелот, зашто тоа е неможно, туку најнапред ја ставаме основата, а потоа ги градиме другите делови на зградата и на крајот го ставаме покривот. Вака треба да постапуваме и во духовен поглед: најнапред треба да ја поставиме основата, односно да почнеме да го пазиме срцето и да ги изгонуваме страстите од него, а потоа да го изградуваме нашиот духовен дом, односно: да ги прогонуваме нападите на надворешните чувства и ќе свикнеме да ја прекинуваме борбата што е можно побргу, а тогаш ќе го ставиме покривот, односно - да се оддалечиме потполно од сѐ и целосно ќе Му се предадеме на Бога, - и со тоа ќе го завршиме својот духовен дом во Христа Бога, на Кого да Му биде слава, во сите векови и во целата вечност. Амин.

Свети Симеон Нов Богослов (второ поглавие)