Свети Симеон Нов Богослов 

Голема работа е пред сите да проповедаме за Божјата милост и да им се говори на браќата за Божјата голема милост и за Неговата неискажлива благодат спрема нас. - Јас познавам човек, кој не држел ни големи ни долги пости, не правел ни бдеења, ни на гола земја, спиел, ниту некои други особени подвизи не си наложувал, туку, откако си спомнал за своите гревови, ја сознал својата грешност и се смирил, а многумилостивиот Господ за тоа го спасил, како што говори божествениот Давид: „Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна“ (Псал. 114, 6). Накусо речено: тој поверувал во Божјите зборови, а Господ го примил заради таа негова вера. Има многу пречки при придобивањето на смирението, кои го попречуваат патот кон него. Штом засакаме со сета наша душа да поверуваме, веднаш успеваме во тоа. Зашто верата е дар на преблагиот Бог, кој дар го вложил во нашата природа, а неговата употреба ја потчинил на нашата слободна волја. Затоа и Скитите и Варварите имаат природна вера и си веруваат на зборовите на еден на друг. Но, за да го покажеме опитот на искрената вера, послушај ме; јас сакам да ви раскажам за потврда на ова една повест.

Во Цариград живеел еден дваесетгодишен младич, по име Георги. Ова станало во наше време и се памети. Тој имал многу убаво лице. Во начинот на својот од и на своето однесување тој имал нешто особено, така што поради тоа многумина правеле разни лоши претпоставки. Оние што гледаат само на надворешноста, без да знаат што е скриено во секого, донесуваат погрешни заклучоци за другите. Тој се запознал со некој монах од цариградските манастири, кој бил свет човек и, откривајќи му ги скриеностите на своето срце, го кажал и тоа, дека силно сака да си ја спаси својата душа. Пречесниот старец, откако го поучил, како што било потребно, му дал едно мало правило, кое требало да го извршува, а му дал и едно книвче од свети Марко Подвижник во кое се говори за спасението на душата. Младичот ја примил таа книшка со таква љубов и со таква побожност, како да му била испратена од Самиот Бог, и силно поверувал во неа; се надевал дека од неа ќе добие голема духовна корист и голем плод. Затоа ја читал со голема усрдност и силно внимание и, откако ја прочитал, навистина добил голема корист од сите нејзини четива. Но, од сите нив, најголем впечаток врз неговото срце му оставиле: првата глава, со наслов „Барај лекарство, внимавај на својата совест; прави го она што ти го наредува таа, и ќе имаш голема корист“ (69 глава). Втората „Оној што чита и што бара да ја добие силата на Светиот Дух, пред да почне да ги извршува заповедите, личи на роб, купен за пари, кој бара веднаш штом го купиле, заедно со исплатувањето на сумата, да му потпишат дека го пуштаат на слобода“ (64 глава: за оние што сакаат да се оправдаат со своите дела). Третата „Оној што се моли телесно и што уште нема духовен разум, сличен е на евангелскиот слепец, кој викал: Сине Давидов, помилуј ме!“ (Марко 10, 48). А еден друг слепец, кога прогледал и Го видел Господа, веќе не Го нарекувал син Давидов, туку Го исповедал како Син Божји (сп. Јован 9, 35, 38)“ (13 и 14 глава - за духовниот закон). Овие три глави особено ги засакал и поверувал дека преку вниманието спрема својата совест, како што говори првата глава, ќе добие исцеление на душевната немоќ; преку извршувањето на заповедите ќе добие сила од Светиот Дух, како што учи втората глава, а со благодатта на Светиот Дух ќе прогледа и неговиот ум и ќе ја види неискажливата убавина на Господа, како што ветува третата глава. И тој ја засакал многу таа убавина, иако уште не ја видел, силно копнеел по неа и усрдно ја барал, со надеж дека најпосле ќе ја види.

При сето ова, тој сепак не правел ништо особено, како што ме уверуваше со заколнување, освен тоа што секоја вечер неизоставно го извршувал она не особено големо молитвено правило, што му го наложил спомнатиот старец; па откако завршувал, легнувал на посетела и заспивал. Но, по извесно време неговата совест почнала да му говори: додај уште неколку поклони, прочитај уште неколку псалми и изговори поголем број колку што можеш: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ Тој со готовност ја послушал својата совест и без размислување го правел она што му го заповедала таа, како тоа да му го заповедал Самиот Господ Бог. И ниеднаш не легнувал и не заспивал, а совеста да го изобличувала за нешто, велејќи му: зошто не го направи тоа и тоа? И затоа тој никогаш не оставал да не направи нешто што би му наредила неговата совест. А таа секој ден му додавала сѐ повеќе и повеќе кон неговото обично правило, така што во многу денови неговото молитвено правило значително се зголемувало. Дење се наоѓал во дворците на некој богат човек Патрикиј; тој бил одговорен за сѐ што било потребно за сите луѓе, кои живееле таму, а навечер си одел од таму и никој не знаел што прави во својот дом. Тој изливал и изобилни солзи од своите очи, правел многу поклони, паѓал со лицето кон земјата, а кога стоел на молитва, нозете му биле тесно една до друга, стоел неподвижно. Читал молитви кон Пресвета Богородица со голема усрдност, со воздржување и со солзи; се обраќал кон Господа Исуса Христа, паѓал пред Неговите нозе, како да е телесно присутен кај Него, Му се молел да биде милостив кон него, како што се смилувал некогаш кон слепиот, и да му даде вид на неговите духовни очи. Бидејќи секоја вечер се зголемувало неговото молитвено правило, така, најпосле, се случувало да стои и да се моли сѐ до полноќ, а во сето тоа време не си дозволувал да биде победен од мрзливоста, не бил мрзлив ни во својата работа, не ги опуштал членовите на своето тело, а и со очите свои не гледал ни настрана ни нагоре, за да погледне нешто, туку стоел неподвижно како да е столб или бестелесен. Еднаш, кога стоел така на молитва и говорел повеќе со умот, отколку со својата уста: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот,“ - одеднаш слегнала врз него пресветла божествена светлина и го исполнила сето тоа место. Тогаш, тој младич заборавил дека се наоѓа во соба и под покрив; на сите страни ја гледал само таа светлина и дури не знаел дека стои на своите нозе. Не се грижел веќе за ништо од овој свет; не знаел ни дури дали ја допира и земјата со своите нозе. Не мислел веќе за ништо, на што мислат и што обично го имаат во својот ум оние што носат тело човечко, туку бил потполно соединет со тој друг и духовен свет; му се чинело дека и тој самиот станал светлина. Заборавил потполно на овој свет, се исполнил со многу солзи и неискажлива радост. Потоа, неговиот ум се издигнал на небото и таму го видел другиот свет, исполнет со уште поголема светлина од онаа што била околу него. И му се покажало, дека во таа светлина го гледа и оној старец, којшто му го дал молитвеното правило и книшката од преподобниот Марко Подвижник. Кога го слушнав сето ова од овој младич, јас помислив дека многу му помогнала молитвата на тој старец и дека Бог устроил да го има тоа видение, за да му покаже на младичот на каква добродетелна височина се наоѓал тој духовен старец. Кога изминало видението и младичот си дошол на себеси, тој видел, како што говореше, дека целиот е исполнет со радост и вчудоневиденост и плачел од сѐ срце, кое било исполнето со многу солзи и со голема духовна сладост. Најпосле, по сето тоа, легнал во постела и веднаш запеал петел и по тоа познал дека била веќе полноќ. А набргу потоа започнала и богослужбата в црква, почнала да се богослужи утрената. Младичот станал и, според својот обичај, почнал да го чита своето утринско правило. Така, таа ноќ воопшто не спиел, а и на ум не му паѓало да легне и да спие.

Само Господ знае како се случило ова, Кој го направил ова; Он ги знае сите патишта. Тој младич не правел навистина ништо особено, освен тоа што со силна вера и несомнена надеж, секогаш точно го извршувал молитвеното правило, кое го слушнал од светиот старец и она што го научил од книвчето што му го дал. И никој да не говори оти тој се обидувал да го проверува она што му било речено. Тоа ни на ум не му паѓапо. Кој испитува и проверува, покажува дека нема силна вера, но овој младич, откако отфрлил секаква страсна и самоуверлива мисла, па толку многу се трудел точно да го исполнува и она што му го говорела неговата совест. Нема никаква желба и алчност спрема работите од овој свет, па ниту јадел ниту пиел до наситување и со сласт.

Чувте ли, браќа мои, што може да направи верата во Бога, кога е посведочена со добри дела? Разбравте ли дека ни светот ни светските работи, ни староста ни младоста, не можат ни да ни користат, ниту да ни нанесат штета, ако немаме разум и страв Божји. Ништо во овој свет не ни пречи да ги извршупаме Божјите заповеди, кога имаме ревност и внимание. И безмолвието и оддалеченоста од светот не ни ползуваат, ако над нас владеат мрзливоста и не работливоста. Сите ние, кога слушаме за Давида и кога се вчудовидуваме од сега она со што се одликува неговата личност, обично говориме: „Еден бил Давид и друг таков веќе немало“. Но, ете, гледате во овој младич се појавило нешто повеќе, отколку во Давида. Давид примил сведоштво од Бога, бил помазан за цар и пророк, Го добил Светиот Дух и имал од Бога многу уверувања. Затоа, кога згрешил и ја загубил благодатта на Светиот Дух и пророчкиот дар, се отуѓил од обичниот разговор со Бога, тогаш има ли нешто чудно, ако, спомнувајќи си за благодатта, од која отпаднал, што пак ја добил од Бога загубената благодат и сѐ друго што загубил? Но, овој младич немал ништо такво, туку бил врзан со светски работи, се грижел само за привремените работи, а за сѐ нешто повозвишено над земја немал време ни да помисли, но сепак, чудни се Божјите планови! Само што слушнал нешто од оној свет старец и што ги прочитал оние три глави од отец Марко Подвижник, веднаш и без сомневање поверувал во она што го слушнал и во она што го прочитал, па, со непоколеблива надеж, почнал да ги остварува на дело и со тоа се удостоил умот свој да го издигне до небесата, поттикнувајќи ја на милост спрема себеси и Божјата Мајка. Со нејзините молитви Го омилостивил Бога и ја привлекол кон себе благодатта на Светиот Дух, која го збогатила со таква сила, така што се удостоил да ја види светлината, која многумина посакуваат да ја видат, но малкумина се оние што се удостојуваат. Тој младич, ни долги пости не држел, ни на земја спиел, ни кострет носел, ни од светот телесно се оддалечил, туку со духовни и душевни расположби, со бдеење, се покажал повозвишен од прекрасниот Лот, којшто живее во Содом, и, подобро е да се каже, дека се покажал како ангел во тело човечко, според својата видлива надворешност, а сличен на ангелите според своето умствено расположение. Затоа и се удостоил со таа преслатка светлина на духовното Сонце на правдата, нашиот Господ Исус Христос, која светлина го уверила дека ќе ја добие и идната светлина. Зашто љубовта и неговата срдечна приврзаност спрема Бога го одвоиле неговиот дух од светот и од неговата лична природа, како и од сите работи од овој свет, и се удостоил да ја види светлината од Светиот Дух, макар што живеел среде голем град и раководел со цел еден богат дом, се грижел за многу робови и слободни, и правел сѐ што го барал од него сегашниот живот.

Ова е доволно за пофалба на овој младич и за тоа да бидете поттикнати и вие за да развиете во себе таква љубов, каква што имал тој и да се угледате на него. Или можеби сакате да ви кажам и нешто повеќе, кое секако ни вашиот слух не ќе може да го прифати? Впрочем, што има нешто поголемо и посовршено од Божјиот страв? Се разбира, ништо не е поголемо од него! Свети Григориј рекол: „Почетокот на премудроста е стравот Господов. Зашто каде што е стравот, таму е и извршувањето на заповедите; таму каде што се извршуваат заповедите, таму е очистувањето на телото; таму каде е очистувањето на телото, тој облак што ја обвива душата, и не ѝ дава чисто да ја види божествената светлина; таму каде што е очистувањето, таму е озарувањето; а озарувањето е исполнување на божествената желба.“ Велејќи го ова, тој ни покажал дека осветувањето со Духот е незавршливиот крај на секоја добродетел, и оној што го постигнал ова осветување со Духот, тој престанал да живее со сѐ чувствено, и почнал да живее само со сознанието во духовното. Браќа мои, ова се прекрасни Божји тајни. Бог ги изнесува на видело Своите скриени слуги само заради тоа - да се угледаат на нив доброљубивите и благите, а лошите - да останат без одговор. Зашто и оние што живеат меѓу многу луѓе и во силно разбрануваниот свет, ако живеат како што треба, добиваат спасение и се удостојуваат од Бога со големи блага заради својата вера, што ја имаат во Него; а и затоа што во денот на Судот да не можат да кажат ништо за свое оправдување оние што биле мрзливи и неработливи и што затоа не добиле спасение. Така е вистински Оној Кој ветил да дарува спасение заради верата во Него! Па затоа, браќа мои возљубени, зажалете и за себе и за мене, кој ве сакам и пролевам многупати солзи за вас. Зашто милостивиот Бог ни заповедал и нам да бидеме милостиви, да жалиме како за себеси, така и за другите. Верувајте со сета своја душа во Господа, мразете го овој свет, како што прилега, не грижете се за привремените блага, туку пристапувајте кон Бога и прилепувајте се кон Него. Зашто ќе измине уште малку време и ќе дојде крајот на овој свет и на овој живот, а тешко им на оние што ќе бидат далеку од Царството Божјо. Мене ме задушуваат моите солзи и тажам со сето мое срце и плачам, кога помислувам за тоа дека Го имаме нашиот човекољубив Бог, Кој ни дава толку многу дарови, Кој само за нашата искрено пројавена вера во Него, ни дарува толку големи и прекрасни дарови, кои се над сето што може да знае умот, што можеме да чуеме и да се надеваме, а ние, без да размислуваме, слично на неразумните животни, на сето тоа ја претпочитаме земјата и земното, тоа што ни е дарувано, според Божјата милост, за потребите на нашето тело, за да може, ако се храни умерено, да може душата непречено да оди кон своето умирување, бидејќи и самата е хранета со духовна храна, која е од благодатта на Светиот Дух, очистувајќи се постепено и обновувајќи се. Зашто Бог нѐ создал разумни, за да Го прославуваме, да Му благодариме и да Го љубиме и за малите дарови, кои ни се потребни за сегашниот живот, и на тој начин да се удостоиме да ги добиеме и големите блага - вечните блага во идниот живот. Но, тешко нам што воопшто не се грижиме за идниот живот, а сме неблагодарни на Бога и за она што ни го дава за одржување на сегашниот живот. На овој начин стануваме како демоните, или поточно, стануваме и полоши од нив. Затоа е справедливо да бидеме мачени и повеќе од нив. Зашто нам ни се направени повеќе добрини отколку ним: ние сме станале христијани, сме добиле толку многу духовни дарови, веруваме во Бога, Кој заради нас луѓето станал човек, претрпел страшни страдања и крсна смрт, за да се избавиме од измамите од гревовната заблуда и од гревот. Но, што да кажам за сето ова? Тешко нам! Ние само со зборови веруваме во Бога, а со нашите дела го отфрламе од себеси. Зар Христовото име не се слуша насекаде, - и во градови, и во села, и во манастири, и во планини и пустини? Зар насекаде не живеат оние што се нарекуваат христијани? Но, да се прашаме: дали ги исполнуваме Христовите заповеди? Меѓу илјадници христијани едвај ќе се најде еден, којшто е и по дела и по име христијанин. Зар не рекол Христос нашиот Бог: „Кој верува во Мене делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14, 12). Но, кој од нас може да се осмели и да рече: Јас ги извршувам делата на Христа и верувам вистински во Него? Па затоа, браќа мои, ете, гледате дека во денот на Божјиот суд ќе се покажеме неверни и ќе бидеме предадени на најстрашни маки; нашите маки ќе бидат пострашни и од маките на оние кои воопшто не Го знаеле Христа, - од неверниците? Една од овие работи е неопходна: или да бидеме казнети повеќе од неверниците, или Христос да биде неверен на Своите зборови, а тоа е неможно.

Јас ова го напишав не затоа, за да му попречам некому да се оддалечи од светот, и не затоа, да го претпочита животот во светот пред безмолвието, туку за да ги уверам сите оние, кои ќе го читаат овој расказ, да сфатат дека оној што сака да прави добро, тој добива од Бога сила за да може да го направи доброто на секое место - и среде светот и во безмолвието. Напротив, предметот на овој расказ нѐ поттикнува уште повеќе кон отшелништвото. Зашто, ако тој, кој живеел во светот и никогаш не мислел да се откаже од него, не се откажал од земното богатство, а добил таква милост од Бога само затоа што со сета своја душа поверувал во Бога и што Го повикувал Господа, тогаш, се разбира, дека треба да се надеваат да ги добијат овие блага оние, кои, оставајќи го светот, целиот свет и сите луѓе во него, го предаваат на смрт и самиот свој живот за извршување на Божјата заповед. Впрочем, оној што ќе почне да прави добри дела со несомнена вера, со голема усрдност и чувства, од што доаѓа голема корист, тој самиот ќе познае, дека грижата на овој свет, животот во светот, претставува голема пречка за оние што имаат желба да живеат според Божјата волја. Ова што го раскажав за младичот е нешто чудно и невообичаено. И ние не сме слушнале дека нешто слично се случило со некој друг. Но, дали имало и други вакви случаи и дали ќе ги има во иднина, ние не знаеме; ние треба да знаеме, дека, ако не бевме се оддалечиле од светот, ќе ги загубевме вечните блага.

За тој младич, потоа, јас го дознав од него самиот и следново. Го сретнав кога беше монах и беше провел во монашкиот живот три или четири години. Тогаш беше на триесет и две години. Се познававме многу добро; бевме пријатели и се воспитувавме заедно. Тој ми го раскажуваше следново: „По она прекрасно видение и промената што настана во мене, изминаа малку денови, мене ми се случија многу светски искушенија, поради кои, за време на извршувањето на трите мои скришни работи, забележав дека се лишувам малку по малку од оние убавини, и силно посакав да се оддалечам од светот и да бидам насамо со Христа, Кој ми се јави. Зашто, јас верувам, брате, дека тој ми се јави, за да ме земе крај Себе мене недостојниот и да ме оддалечи од светот. Но, бидејќи тогаш не можев да го направам тоа, малку по малку го заборавив сето она, за што ти раскажав понапред, и пропаднав во потполна помраченост и нечувствителност, така ти раскажував; ги заборавив сите тие мисли и чувства. Потоа, паднав во уште поголеми лошотии и дојдов до таква духовна состојба, како да никогаш не сум слушнал зборови од Христа и не си спомнував за нив, па дури и оној свет човек, кој беше толку милостив спрема мене, кој ми го даде она кратко молитвено правило и книвчето од свети Марко Подвижник, - го сметав како еден од случајните луѓе, без да помислувам на она што го видов во врска со него. - Ова ти го раскажувам подробно, за да знаеш во каква длабочина пропаднав јас несреќникот, поради мојата мрзливост и се израдував на неискажливата Божја благост, пројавена спрема мене потоа. И јас самиот не можам да ти кажам како, без мое знаење, во моето срце се беа запазиле љубовта и верата спрема овој свет старец, но мислам, дека заради неговите молитви, по толку време, Бог ме избави од прелеста и ме извлече од длабочината на злото. Јас недостојниот не се оддалечив сосема од тој старец, туку секогаш кога тој престојуваше во градот, одев често кај него во ќелијата и му се исповедав за сѐ што станува со мене, макар и што не го извршував она што ќе ми го кажеше, зашто мојата совест веќе не дејствуваше. А сега, како што гледаш, милосрдниот Бог ги презре сите мои гревови и устрои да живеам заедно со него, иако сум недостоен за тоа. Потоа, со голем труд и изобилни солзи, одлучно се оддалечив од светот, се предадов на потполна послушност и се откажав од својата волја, како и со многу други трудови се борев против себеси и се стремев кон доброто, па така се удостоив, иако некако затемнето, да го видам оној пресладок зрак од светлината, која ја видов во моето видение. Но, такво видение, какво што имав тогаш, дури и досега не сум се удостоил пак да имам.

Овие и многу други работи ми ги раскажуваше тој со солзи. А јас, бедниот, слушајќи го, гледав дека е исполнет со благодатта на Светиот Дух и дека е премудар, иако не ја изучувал светската мудрост. Добивајќи знаења врз основа на својот опит, тој стекнал најточно познавање за духовните работи. Затоа го прашав да ми каже каква е таа вера, која се пројавува така, да ми го објасни тоа, како учител. Тој веднаш почна да ми зборува за ова и не го мрзеше да го напише она што ми го кажа. А што е точно од она што ми го рече и напиша за да не го правам ова мое изложување преопширно, ќе го напишам во другите мои слова, за да ги израдува оние, кои сакаат да читаат таков вид списи со вера.

Затоа, ве молам, браќа мои, и ние да побрзаме по патот на Христовите заповеди, и нашето лице нема да се посрами. Но, како што Господ му отвора на оној што чука со трпение, - му ги отвора вратите на царството Свое, според Своето ветување, и на оној што бара, - му Го дава Светиот Дух, и сѐ му е можно на оној што бара со сета своја душа; тој може да Го најде Бога и да се збогати со Неговите дарови, па затоа и вие несомнено ќе ги добиете тие прекрасни блага од Него, што им ги подготвил на оние што Го љубат, - овде делумно, како што ќе покаже духовната мудрост, а во идниот живот целосно, заедно со сите светии, во Исуса Христа, нашиот Господ, Кому нека Му биде слава, во сите векови и во сета вечност. Амин.

Свети Симеон Нов Богослов