Преподобен Симеон, Нов Богослов

Дејствителни и богословски глави

1. Верата се состои од ова: да бидеме готови да умреме за Христа и за Неговите заповеди, со увереност - дека таквата смрт дава живот; сиромашијата да ја сметаме за богатство, а немоќта и немаштијата за вистинска слава и чест. И кога немаме ништо, да бидеме уверени дека имаме сѐ. Такво е неискажливото богатство од познавањето на Христа. Тоа ни помага на сѐ што е видливо - да гледаме како на прав и на дим.

2. Верата во Христа се состои не само во тоа: да не се грижиме за пријатностите на животот, туку и во тоа: трпеливо и благосклоно да ги поднесуваме сите искушенија, страданија и непријатни работи, кои ни се случуваат, сѐ додека Бог не посака да се смилува на нас, угледувајќи се на светиот пророк Давид, кој говори: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене“ (Псал. 39, 1). Кога страдам, јас се надевам оти Господ ќе ми помогне. Затоа и Господ, гледајќи дека без колебање ја чекам Неговата помош, се погрижи за мене и ми ја покажа Својата милост.

3. Оние што во нешто ги претпочитаат своите родители повеќе од Божјите заповеди, тие немаат вера во Христа. Се разбира, нив ги прекорува и нивната сопствена совест за ваквата недоверба; само, ако совеста им е жива. Зашто, основниот белег на вистинскиот верник е: никогаш и во ништо не ги престапува заповедите на великиот Бог и Спасител наш Исус Христос.

4. Верата во Христа, вистинскиот Бог, раѓа желба да се удостоиме со вечните блага и страв од вечните маки, а желбата по овие блага и стравот од вечните маки нѐ води кон потполното извршување на заповедите, а потполното извршување на заповедите ги научува луѓето длабоко да ги познаат своите немоќи; сознанието, пак, на нашата вистинска немоќ - раѓа спомнување за смртта. Оној, пак, кој го придобил ова спомнување како свој постојан сожител, тој се труди да разбере како ќе му биде при излегувањето и оддалечувањето од овој живот, а оној што марливо настојува да дознае каков ќе биде идниот живот, тој е должен пред сѐ да се ослободи од сите богатства и од сите работи на овој свет. Зашто, секој што е приврзан макар и кон нешто мало и ништожно од овој свет, не може да добие совршено познавање за другиот свет. Дури тогаш кога, со Божја милост, би вкусил нешто од ваквото познание, ако веднаш не се откаже од она кон што е приврзан, и потполно не се предаде на потполно придобивање на ова единствено познавање, не дозволувајќи си дури ни да мисли за ништо друго, освен за ова, - нему ќе им биде одземено и она познавање, кое мисли дека го има.

5. Откажувањето од светот и потполното оддалечување од него, - ако притоа се согласиме и потполно да се откажеме од сите работи, навики, погледи и личности, отфрлајќи ги и своето тело и својата волја, на оној што со ваква силна ревност, се откаже од светот, за кусо време ќе добие голема духовна полза.

6. Кога ќе почнеш да намеруваш да се откажеш од светот и од сите светски задоволства, тогаш демоните, поттикнувајќи ги твоите роднини кон сочувство, ќе ги тера да плачат на глас пред тебе. Само, знај дека тоа е со цел да се изгаси пламенот на доброто во твоето срце, та преку тоа, ако и не бидат во состојба да те одвратат од извршувањето на твојата намера, на тој начин се трудат барем да ја оладат и ослабат.

7. Тогаш, кога ќе почнеш храбро да се откажуваш од сите животни задоволства и да одбегнуваш од секаква утеха, тогаш демоните ги тераат нашите роднини да пројавуваат сочувство кон нас, да нѐ сожалуваат и да плачат. А дека е ова така, ќе го увидиш и ти самиот, ако останеш непоколеблив и кон тоа искушение, и ќе видиш веднаш како твоите роднини ќе се расплачат со лутина и омраза против тебе, ќе те намразат како непријател и не ќе сакаат да те гледаат.

8. Кога ќе ги видиш твоите родители, браќата и сестрите како те жалат, тогаш потсмеј му се на демонот, кој и на овој начин се вооружува против тебе. Тогаш, побрзај и, исполнет со страв, оддалечи се; моли му се непрестајно на Бога - да те удостои што побрзо да пристигнеш во пристаништето на добриот Отец, во кое Он ќе ја успокои твојата душа, која е уморена и натоварена, зашто животното море е многу вознемирено и разбеснето.

9. Оној што сака да го намрази светот, тој треба со сета своја душа да Го возљуби Бога и да придобие постојано мислење за Него, зашто ништо друго, како ова, не поттикнува со радост да напуштиме сѐ и да се одвраќаме како од нечистотија.

10. Ни по оправдани, ни по неоправдани причини, не задржувај се долго во светот, туку, веднаш штом ќе бидеш повикан, брзо да се одзвеш на овој повик. Зашто, Бог не Му се радува на ништо повеќе како на нашата брза готовност да ја исполниме Неговата волја; подобра е брзата послушност со сиромаштија, отколку одолговлекувањето со големо богатство.

11. Ако светот и сѐ што е во него минува брзо, а Бог е бесмртен и вечен, тогаш радувајте се сите вие, кои сте го оставиле она што поминува и што гние. Непостојани се само богатството и парите, непостојани се и брзопроодни и задоволствата и гревовите наслади. Само Божјите заповеди се светлина во животот, а така ги нарекуваат и сите.

12. Драги брате, ако, опфатен од ревност за своето спасение, со брзина си дошол во манастир или си отишол кај некој духовен отец, тогаш кога, тој или оние што се подвизуваат заедно со тебе, ти предложат да се избањаш или да си дозволиш извесно друго опуштање или некакво друго угодување на телото, не согласувај се. Туку секогаш биди подготвен да постиш; сакај го постот и стреми се кон него. Биди готов доброволно да се лишуваш од многу свои потреби. Труди се постојано да се воздржуваш. Ако твојот духовен отец, заради Господа, ти дозволи извесна телесна утеха послушај го, откажувајќи се и притоа од својата волја; а, ако тој не го направи тоа, тогаш со трпеливост и со радост прави сѐ што си должен да правиш, а сето она што си посакал да го направиш произволно, настојувај да се воздржуваш од сѐ. Запазувајќи го сето ова, секогаш и во сѐ, и кога постиш и кога се воздржуваш, ќе се откажуваш од својата волја. И не само тоа, туку ќе го запазиш во срцето и оној пламен, кој те тера да презираш сѐ.

13. Кога демоните, откако направиле сѐ од своја страна, за да ја ослабат твојата намера да живееш според Божјата волја, или да ти попречат да ја извршуваш, тогаш тие се обидуваат да ни пречат во нашите подвизи преку некои од браќата. Тие најнапред ни пристапуваат, изјавувајќи дека тоа го прават од љубов и сочувство, и ни советуваат да не се отуѓуваме од телесните поткрепувања, така што, тоа ќе нѐ ослабее и ќе нѐ падне во очајание. Потоа, ќе почнат да нѐ канат на некорисни разговори и со тоа многу денови ни минуваат празни и попусто. А, ако некој од ревносните го послуша нивниот совет и стане сличен на нив, тие тогаш почнуваат да се подбиваат со него, да му се потсмеваат и да се радуваат на неговата пропаст. А, ако не ги послуша нивните зборови, ако не падне под нивно влијание; ако продолжи со внимание и одлучно да оди по патот на воздржувањето, ако е смирен пред сите и послушен на својот духовен отец, тогаш тие ќе почнат да му завидуваат и ќе се вооружат против него, ќе почнат на разни начини да го напаѓаат, настојувајќи дури да го изгонат и од самиот манастир, зашто на горделивите им е неподносливо тешко кога се сведоци на пофалбите на вистинското смирение.

14. Суетниот и горделивиот се измачуваат кога гледаат како смирениот пролива солзи и со нив Го умилостивува Бога, а луѓето ги поттикнува да го фалат и без да сакаат.

15. Откако потполно ќе му се предадеш на својот духовен отец, знај дека стануваш сосема туѓ за она што си го донел во манастирот - било да се тоа некои предмети или пари. Затоа, не прави ништо со нив без знаење и одобрение на твојот духовен отец и не барај од него ништо од она што си го оставил кај него: ни многу, ни малку; освен она што тој самиот ќе ти го даде со своја рака.

16. Без знаење и одобрение на твојот духовен отец, не осмелувај се да даваш милостина од парите што си ги донел во манастирот; а и преку посредник не обидувај се да земеш нешто од нив. Зашто, подобро е да бидеш и сиромав и туѓинец, отколку да расфрлаш пари и да им делиш милостина на сиромасите - тогаш кога си уште почетник во духовните подвизи. Сѐ треба да биде оставено на духовниот отец, како во рацете на Самиот Бог; тоа е израз на вистинската вера.

17. Не барај ни една голтка вода, макар и да изгоруваш од жед, сѐ додека твојот духовен 0тец,-поттикнат сам од себе, не ти рече да се напиеш вода. Притеснувај се и говори си самиот на себеси: „Ако сака Бог и, ако сум достоен да се напијам вода, Он ќе му открие на мојот духовен отец да ми рече: ,Напиј се!ʼ “ - Тогаш ќе пиеш вода со чиста совест, макар тогаш и да не е време за пиење.

18. Некој, кој од личен опит ја дознал вистината за духовната полза и кој придобил вистинска вера, говорејќи дека Бог му е сведок за тоа, рекол: „Јас си наложив ваква мисла: никогаш да не барам од мојот духовен отец ни да јадам ни да пијам и воопшто да не примам ништо друго, сѐ додека Бог не му внуши да ми нареди да го направам тоа“. И, постапувајќи така, никогаш не бил измамен во својата надеж.

19. Оној што придобил вистинска доверба во својот духовен отец, заради Бога, кога го гледа него, мисли дека Го гледа Самиот Христос и дека оди по Него, несомнено верува дека е со Него. Тој никогаш не посакува да разговара со некого и ништо од овој свет не претпочита пред спомнувањето за Бога и пред љубовта кон Него. Зашто, има ли нешто што е поубаво и пополезно, и во сегашниот и во идниот живот, од тоа - да се биде со Христа? Што е попрекрасно и поубаво од тоа - да Го соѕерцаваме Него? А, ако некој се удостои да разговара со Него, тој, се разбира, ќе црпи вечен живот од Него.

20. Оној што има искрена љубов спрема оние што го понижуваат и навредуваат, што му причинуваат разни оштетувања, и кој се моли за нив, за кратко време ќе постигне голем напредок. Зашто, кога има вакво расположениево своето срце, таа, на тој начин, го воведува во бездната на смирението, а оттаму потекуваат извори на солзи во кои се потопуваат трите делови на душата - разумните, желбените и раздразните нејзини сили, го издигнува умот до небото на бесмртноста и го прави созерцателен; преку вкусувањето од тие блага, го расположува да ги смета за ништо сите блага на сегашниот живот, па и самата храна и пиењето да не ги прима како насладување и не така често.

21. Подвижникот не треба да се оддалечува само од лоши дела, туку треба да се грижи да биде слободен и од лошите мисли и помисли, кои се спротивни на Божјите заповеди и на Божјата волја; секогаш да биде зафатен со она што е полезно за неговата душа, со размислување за духовните, а не за земните работи.

22. Како што оној, кој потполно го оголил своето тело, ако ги остави своите очи покриени со нешто и не посака да го тргне тоа од нив, тој не може да ја види светлината, иако целото негово тело е откриено, така и оној што ги оставил сите свои работи и пари, на дури и кога се ослободил и од самите свои страсти, ако притоа не го ослободи и самото око на својата душа, од спомените на својот изминат живот и од лошите помисли, никогаш не може да ја види духовната светлина нашиот Господ Исус Христос и Бог.

23. Она што е покривалото врз нашите очи, тоа се светските помисли и животните желби за нашиот ум кој е око на душата. Сѐ додека им дозволуваме да бидат во нас, сѐ дотогаш ќе бидеме духовно слепи; и кога ќе ги изгониме од нашиот ум, тогаш, со помошта на спомнување за смртта, ќе ја видиме духовната светлина, која го просветува секој човек, кој доаѓа во светот.

24. Слепиот од раѓање не може да ја знае силата на писменоста и не верува во неа, но, ако некогаш се удостои да прогледа, ќе почне и тој самиот да сведочи за силата на она што се пишува и што се чита.

25. Оној што има здрави очи, гледа и знае кога е ден и кога е ноќ, а слепиот не го знае ни едното ни другото. И оној што прогледал духовно, кој гледа со своите духовни очи, ако, откако ја видел духовната светлина, поради својата неразумност и незагриженост, пак ќе се врати кон своето слепило и ќе биде лишен од својата духовна светлина, тогаш може добро да почувствува од што се лишил, свесен е за тоа што загубил; а оној што е роден духовно слеп, тој не знае ништо за духовниот вид и за духовната светлина, не знае за нив, ни врз основа на својот личен опит, ни врз основа на нивното дејство; тој може само да слушне од други за она што самиот никогаш не го доживеал, но врз основа на она што го слушнал почнува да говори за овие работи, иако ни тој самиот ни оние што го слушаат не знаат ништо за она, што е предмет на нивниот разговор.

26. Не можно е нашето тело да биде преполно со храна и духовно да се насладуваме со духовните и божествени блага. Зашто, доколку некој му служи на својот стомак, дотолку се лишува од вкусувањето на духовните блага. Напротив, доколку некој почне да го истенчува своето тело, сразмерно со тоа ќе се наситува со духовна храна и со духовни радости.

27. Да се очистиме од сѐ што е земно, - не само од богатството и од злото, како и од другите земни работи, туку и од самата похотна приврзаност кон нив. Да се потрудиме и самата похот да ја изгониме од нашата душа. Да ги намразиме не само телесните задоволства, туку и неговите неразумни движења; да се потрудиме да го умртвиме нашето тело преку трудови и подвизи, зашто преку него се возбудуваат похотите и преминуваат во дела. И сѐ додека е тоа живо, нашата душа по неопходност станува мртва: тешко се раздвижува и е неспособна да ги извршува Божјите заповеди.

28. Како што огнениот пламен секогаш се издигнува нагоре, особено тогаш, кога се размешува материјалот што е зафатен од огнената стихија, така и суетното срце не може никако да се смири. Ако му кажеме нешто што му е угодно, тоа уште повеќе се погордува, а, ако го изобличиме и почнеме да го вразумуваме, тоа почнува силно да ни противречи. Ако го фалиме и поздравуваме, тоа беснее и се дуе.

29. Оној што свикнал да противречи, станува за себеси како меч остар од обете страни: тој ја убива својата сопствена душа, без да е свесен за тоа дека ја прави туѓа за вечниот живот.

30. Оној што противречи е сличен на оние, кои доброволно им се предаваат на непријателите од својот цар. Противречењето е како јадичка, која е затруена со говорењето за правдата: ја запишува правдата, се самооправдува и се самозаштитува, па прелестени, ја проголтуваме затруената со гревот јадичка. Така обично демоните на злобата ја уловуваат кутрата душа, преку јазикот и грлото. И колку повеќе се издигнува од гордост, толку побрзо пропаѓа во гревовната бездна и е осудуван заедно со духовите, кои биле урнати од небото.

31. Оној што страда силно кога го понижуваат и го омаловажуваат, тој треба да знае дека во своите гради ја носи древната змија. А, ако почне со молчење да ги претрпува навредите што му ги нанесуваат, или, ако одговара со голема смиреност, тогаш ќе ја направи оваа змија немоќна и сосема ќе ја дотепа. А, ако противречи со омраза и неразумност, со тоа ќе дава сили на змијата, која ќе го излива својот отров во неговата душа и ќе ја уништува нејзината внатрешност. Вака поткрепувана, змијата најпосле ќе ја проголта и самата негова намера, намерата на неговата душа да се поправи и да живее праведно; и таа ќе ѝ ја одземе нејзина сила. По тоа, таквиот ќе почне да живее само за да греши и ќе биде сосема мртов за правдата.

32. Кога посакуваш да се откажеш од светот и да живееш евангелски живот, тогаш не давај му се во рацете на неопитен духовен учител, кој и самиот не се ослободил од своите страсти, за да не те научи на ѓаволски место на евангелски живот. Зашто, добрите учители добри поуки даваат, а на лошите учители - и поуките им се лоши; лошите семиња секогаш даваат лоши плодови.

33. Моли Му се на Бога со солзи да ти испрати бестрастен и свет духовен учител. А и ти самиот проучувај ги божествените списи и особено списите на светите отци за духовниот живот, за да можеш со нив да ги спроведуваш поуките што ти ги дава твојот духовен учител и раководител. Само тогаш ќе можеш, како во огледало, да видиш колку се тие согласни меѓу себе, за потоа да можеш да го извршуваш она што е согласно, а несогласното, откако ќе размислиш добро, да го отфрлиш, за да не бидеш прелестен. Знај дека во наше време се појавиле многу измамници и лажни учители.

34. Секој што е духовно слеп и што не гледа, ако се зафати со тоа да им биде духовен учител на другите - измамник е; оние што ќе одат по него ќе му паднат во јама, како што говори Самиот наш Господ Исус Христос, велејќи; „Кога слепец, води слепец, обата ќе паднат во јама“ (Матеј 15, 14).

35. Оној што е слеп за Бога, слеп е и за сѐ друго; а оној што Го гледа Бога гледа и сѐ друго. Меѓутоа, тој се оддалечува од сѐ што е видливо и самиот се наоѓа надвор од видливиот свет. Бидејќи, на тој начин, во Единиот Бог тој гледа сѐ:, а бидејќи во тоа сѐ што е видливо не гледа ништо од сето, гледајќи во Единиот, преку Него се гледа и себеси, и сѐ и сите; а бидејќи скриен во Него, не гледа ништо од она што е видливо.

36. Кој во својот внатрешен и духовен човек не се облекол во нашиот Господ Исус Христос, во небесниот Човек и Бог, со чувство и со сознание, тој е сѐ уште крв и тело, и не може само преку зборови да ја сфати духовната слава, како и оние што се родени слепи не знаат каква е сончевата светлина само врз основа на зборовите за неа.

37. Тој што слуша, што гледа и што чувствува така, тој ја знае силата на она, за што говори, бидејќи е облечен во образот на Небесниот Маж „до потполната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4, 13). А, бидејќи таков, тој може и другите овци од Христовото стадо добро да ги раководи по патот на Божјите заповеди. А кој не го знае тоа и кој не е таков, во него очигледно не се просветени чувствата на душата и не се здрави. За него е многу подобро да го раководат, отколку тој самиот да ги раководи другите, што е поврзано со спасение и за него и за другите.

38. Оној што го слуша својот духовен учител и раководител, кој се однесува кон него како кон Бога, тој не може да противречи. А оној што мисли и говори, дека може и да го слуша својот духовен отец како Бога и да противречи, тој треба да знае дека се наоѓа во заблуда, зашто, не знае какво расположение имаат Божјите луѓе.

39, Оној што верува дека неговиот живот и неговата смрт се наоѓаат во рацете на неговиот духовен пастир, тој никогаш и не противречи. Незнаењето за ова раѓа противречење, кое е причина за духовната и вечната смрт.

40. Сѐ додека не биде изречена пресудата, на обвинетиот му се дава право да говори и да се брани - да противречи и да му кажува на судот за тоа што направил, но, откако ќе се утврди неговото дело и се донесе пресудата, тој нема никакво право да говори и да им противречи на оние што го суделе и осудиле.

41. Монахот, пред да влезе во судот на покајанието, во манастирот, тој го открива она што е скриено во неговото срце, тој можел да противречи или затоа што не знаел дека не треба да го прави тоа или затоа што сакал да ги прикрие своите лоши дела. Но, по целосното откривање на своите помисли, по својата исповед, тој веќе не смеел да му противречи на својот од Бога поставен учител и раководител; тоа не смее да го прави ни до самата своја смрт. Зашто, монахот, кој минал низ овој суд и кој ги открил тајните на своето срце, ако е разумен, уште од самиот почеток е свесен дека е достоен за илјади смрти и верува дека преку својата послушност и преку своето смирение - ќе се избави од сите казни и од сите маки, ако вистински ја знае силата на оваа тајна.

42. Оној што го запазува неизбришливо ова знаење во својот ум, тој никогаш не се возбудува во своето срце против оние што го поучуваат, вразумуваат и изобличуваат. Секој што паѓа во овој грев, во гревот на противречењето спрема својот духовен отец и учител, тој уште во текот на својот земен живот навлегува во пеколните длабочини и станува живеалиште на самиот сатана и на сите негови демонски сили станува син на вечната пропаст.

43. Затоа, те молам тебе, кој си го зел врз себе јаремот на послушноста, често да се потсетуваш во твоите мисли за ова, за да не паднеш, како што е речено, во вечните пеколни маки. Ти треба секој ден да се молиш и вака искрено да Му говориш на Бога: „Боже и Господи на сѐ, Кој имаш власт над сѐ што дише и над секоја душа. Ти само можеш да Ме излекуваш, послушај ја Мојата молитва и, со наитието на Светиот Дух во мене, умртви ја и уништи ја змијата што се вгнездила во мене. Научи ме мене бедниот и лишениот од секоја добродетел, научи ме да одам по стапките на мојот духовен отец, а неговата света душа исполни ја со сочувство и милост спрема мене. Господи, подари ми смирение во мојата душа и покајни мисли, достојни за грешниците; помогни ми секогаш да се каам пред Тебе. Не оставај ја мојата душа, која веќе се покајала пред Тебе и се соединила со Тебе, која Те избрала Тебе и го презрела целиот свет. Господи, Ти знаеш оти јас сакам да се спасам, иако моите лоши навики ми пречат во ова. Господи, за тебе е можно сѐ што е неможно за луѓето.

44. Оние, кои, во живеалиштето на побожноста, со страв и со трепет ги поставиле основите на верата и на надежта, кои нозете свои ги утврдиле врз каменот на послушноста кон духовните отци, кога го слушаат она што им се заповеда, го послушуваат како да е кажано со Божјата уста, и без колебање, со душевна смиреност - го извршуваат - тие брзо ќе напредуваат во духовниот живот. Тогаш во нив се извршува големата и најважната работа - откажувањето од себеси. Зашто, извршувањето на туѓата, а не на својата волја, не само што го забрзува душевното самоодречување, туку го умртвува целиот свет.

45. Демоните му се радуваат на оној што му противречи на својот духовен отец, а на оној што се смирува до самата смрт - и ангелите му се вчудовидуваат. Зашто, тој го прави она што го направил Божјиот Син, Кој Му бил послушен на Својот Отец до самата Своја смрт до смртта на крстот.

46. Прекумерната и ненавремената жалост на срцето поради нешто земно и преодно - го помрачува и вознемирува умот. Таа ги изгонува од душата чистата молитва и духовната радост, а ја вселува безграничната мака во неа. Оттаму произлегуваат грубоста и безграничната нечувствителност, а демоните, обично, преку ова ги напаѓаат со очајание оние што почнале да живеат духовно.

47. Монаху, кога со тебе ќе се случи нешто слично, а ти чувствуваш во себеси, во својата душа, силна желба и голема ревност кон совршенство, така што силно настојуваш да ја исполнуваш секоја Божја заповед, не сакаш дури да погрешиш со изговарањето на празните зборови, не сакаш да се оддалечуваш од древните светии ни во делата, ни во знаењето, ниту во соѕерцанијата, но си свесен дека во сето тоа ти пречи духовниот непријател, сеејќи ги во тебе лошите семиња на малодушноста и дека ти пречи да се издигнеш до таквата височина на светоста со тоа што те изнемоштува преку помисли кои те заплашуваат, внушувајќи ти, дека човекот во овој свет не може да се спаси и да ги извршува сите Божји заповеди; тогаш, ти треба да бидеш спокоен, да седнеш и да ги собереш сите свои помисли, а на душата твоја подај ѝ го овој добар совет, велејќи ѝ: „Зошто тагуваш; душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи јас на Него се надевам, мојот Бог е мое спасение“ (Псал. 41,5). Кој може да се оправда преку делата на законот? И затоа царот и пророкот Давид говори: „Пред тебе нема да се оправда ниту еден од живите“ (Псал. 142,2). Но, верувам, дека со верата што ја имам, се надевам дека ќе бидам спасен и со царот на неискажливата Божја милост. Сатано, бегај од моите очи! Јас Му служам на мојот Господ и Нему Му се поклонувам уште од мојата младост; само Он може да ме спаси според Својата милост. Отстапи од мене! Бог, Кој ме создал според Својот образ и подобие - да те уништи!

48. Бог од нас, луѓето, не бара ништо друго, освен тоа да не грешиме. А ова не значи да го исполнуваме законот, туку да го запазуваме својот духовен лик и божествено достоинство, да живееме според природата и да ја носиме светлата облека на Светиот Дух, да живееме во Бога и Бог да живее во нас, според Божјата благодат - да бидеме богови и чеда Божји и да се означиме со светлината на богопознанието, според зборовите на псалмопеачот: „Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи!“ (Псал. 4,6).

49. Телесната слабост и тежина, кои се последица на мрзливоста и неработењето, тие не сакаат да живеат според утврденото монашко правило и, оттаму настанува нивната умствена помраченост и малодушност. Поради тоа, во срцето често се појавуваат помисли на страв и на хула. Па така, вака искушувани, често не можеме да застанеме на нашето одредено место за молитва, потполно сме предадени на мрзливоста, а често доживуваме напади и на неумесни помисли за нашиот Создател, Кој промислува за сите. И така, кога ја знаеме причината на сето ова, да брзаме да се најдеме на нашето место за молитва и, откако ќе паднеме пред човекољубивиот Бог, да Му се молиме со срдечни офкања, во скрушеност и со солзи, молејќи Му се да нѐ избави од слабостите и од тежината на очајанието, како и од сите лоши помисли. И набрзо потоа ќе ни биде дадено ослободување од нив, само, ако постојано тропаме на вратата од Божјата милосрдност.

50. Оној што ќе придобие чисто срце, тој ќе го победи стравот. А оној што уште се очнстува од него, тој некогаш го победува, а другпат - е победуван од него. А оној што воопшто не се труди за својата чистота, тој или паднал во крајна нечувствителност и, како пријател на страстите и на бесовите, исполнет со суети, страдал уште и од високо мислење за себеси: „Сам себе се смета за нешто“ (Гал. 6,3), и станува роб, што му е предаден во рацете на стравот; бидејќи му е умот уште неразвиен, тој трепери и се плаши и тогаш кога не се плашат оние што се плашат од Бога.

51. Оној што се плаши од Бога, тој не се плаши од нападите на лошите духови, како што не се плаши ни од застрашувањето на лошите луѓе, бидејќи тој стои како на камен и целиот е како огнен пламен, па кога оди по скриени и неосветени места, ги исплашува и самите демони и ги прогонува, кои се плашат повеќе од него, отколку тој од нив, бегаат од него, за да не бидат запалени од пламенот на божествениот оган, кој излегува од него.

52. Оној што е проникнат со Божјиот страв, тој не се плаши да биде меѓу лоши луѓе. Имајќи го во себе стравот Божји и, носејќи го со себе непобедливото оружје на верата, тој е силен во сѐ и може да прави сѐ што другите не можат. Тој оди меѓу нив како некој џин меѓу мајмуни, како лав што рика меѓу кучиња и лисици, надевајќи се на Господа; ги избезумува со длабочината на својата мудрост, ги избезумува и ги поразува со своите премудри зборови како со жезла.

53. Не само безмолвникот или послушникот, туку и игумен, кој управува над многумина, и тој треба да биде безгрижен - да биде слободен од сите измачувачки грижи за животните потреби. Ако сме опфатени од ваква грижа, ние стануваме прекршители на Божјата заповед, која говори: „Немојте да се грижите за душата - што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете..., зашто сето тоа го бараат незнабошците“ (Матеј 6,25,32). - И уште: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство и грижа за овој свет“ (Лука 21,34).

54. Оној чии мисли се зафатени со грижи за овој свет, тој не е слободен, зашто грижите за земните работи го држат во своите раце и го прават свој роб, било да се грижи за нив за себеси или за други. А оној што е слободен од ова, тој не се грижи ни за себеси ни за други, било да е епископ, или ѓакон или игумен. Но, тој никогаш не е без работа и на сѐ му го посветува должното внимание; иако сѐ прави богоугодно и сѐ средува, тој во сѐ останува незагрижен, и тоа во текот на целиот свој живот.

55. Гледај да не го урнеш твојот дом, сакајќи да му изградиш дом на ближниот. Таа работа е тешка и не е лесна да се направи. Затоа, внимавај кога ќе се зафатиш со таква работа, својот дом да не го разурнеш, но и домот на ближниот свој да не успееш да го изградиш.

56. Ако не си придобил совршена бестрасност спрема работите на овој свет и спрема парите, тогаш не посакувај економијата на манастирот да биде оставена на твоите грижи, за да не бидеш место награден за тоа што му служиш на манастирот, да бидеш осуден за кражба и за светотатство. Ако бидеш принуден од настојателот да се зафатиш со оваа работа, тогаш раководи со неа како да работиш со оган што гори и изгорува. И самата помисла за присвојување на она што е туѓо - уништувај ја со исповед и со покајание, и Бог, по молитвите на настојателот, ќе те запази од претстојната опасност.

57. Оној што не станал бестрастен, тој дури и не знае каква е бестрасноста, па и не верува дека има бестрастен човек на светот. Затоа, оној кој навистина не се откажал од себеси и не ја пролеал својата крв за блажениот живот, како може да помисли дека некој друг го направи тоа, за да ја придобие бесмртноста? Исто така, и оној што мисли дека Го има Светиот Дух, Го нема, и кога ќе слушне дека дејството на Светиот Дух се препознава кај оние што Го имаат, никако не може да им поверува, како ни на оние кои, како и Христовите апостоли, како и на сите светии низ вековите, кои биле вдахновувани и движени од Светиот Дух. Зашто, секој расудува според својата сопствена состојба и за своите ближни, според тоа каков е тој самиот добродетелен или грешен.

58. Едно е бестрасноста на душата, а друго е - бестрасноста на телото. Бестрасноста на душата го осветува и телото со својата светлина и светоста на Духот, а бестрасноста на телото не значи ништо сама за себе, ниту за оној што ја придобил.

59. Како што оној, кого царот го издигнал од крајна сиромаштија му подарил големо богатство и му дал голем чин и е одреден од царот да стои пред него, тој тогаш со желба и со радост го гледа и го љуби бескрајно како свој добротвор; ја гледа радосно и облеката во која е облечен, свесен е за големината на службата што ја врши и за големото богатство што му е подарено, - така и монахот, кој вистински се откажал од светот и од сѐ што е во него, и пристапил при Христа, па бидејќи поттикнуван со добри чувства, се издигнал на височината на духовните соѕерцанија, преку извршувањето на Божјите заповеди, вистински Го соѕерцава и Самиот Бог, а јасно ја гледа и промената што настанала во него. Зашто, секогаш ја гледа благодатта на Светиот Дух, која се именува како облека и царска багреница, во која се облекуваат верните, а тоа е Самиот Господ Исус Христос, зашто верните се облекуваат во Него.

60. Многумина сами го читаат Светото дисмо, а го слушаат кога други го читаат, но малкумина се оние што правилно го разбираат значењето и смислата на она што се чита. Едни мислат дека е неможно она што е напишано во Светото писмо, а други, сметајќи дека е непогодна буквалната негова смисла, се обидуваат да го толкуваат на свој начин и лошо го толкуваат. Она што е речено за сегашноста - тие мислат дека се однесува на иднината; она, пак, што се однесува на иднината, тие го разбираат како да се случило во минатото. Па така, тие покажуваат дека немаат правилно разбирање ни за божествените, ниту за човечките работи.

61. Ние сме должни на сите верници да гледаме како на еден и да мислиме дека во секого од нив живее Христос, и да имаме таква љубов спрема секого од нив, за да ја положиме за нив својата душа. Никако не треба да мислиме дека некој од нив е лош, туку сите треба да ги сметаме добри. И, ако видиш некој од браќата да страда од некаква страст, мрази ја страста, а не братот, кој е напаѓан од страста. А, кога ќе видиш некој брат, кого го измачуваат похоти и лоши навики, и кон него имај сочувство, за и ти да не бидеш искушан како него, зашто и ти си променлив и си под влијание на природата што се менува.

62. Ако е некој лажен и лицемерен, ако е виновен за своите дела, ако е повреден малку од некоја страст, ако е неисправен поради својата мрзливост, таквиот не е приман во бројот на исправните во сѐ, туку е отфрлен како непотребен и неисправен, и неискусен во доброто. Се отфрла за да не причини разделба во сојузот, кој треба да остане неразделен меѓу оние кои треба да живеат неразделно; и едните и другите да не ги фрли во жалост, така што оние што напреднале да не почнат да жалат за оние што заостанале, а и тие самите што заостанале, за тоа што ги претекнале.

3 а 6 е л е ш к а: Преводот го правиме според текстот во грчкото Добротољубие. Ова место е темно и нејасно. Но, во грчкиот превод ја прави следнава парафраза: „За да не го направи тој тоа врската во веригата да се раскине, кога ќе ја потегнат, односно да не причини разделување во единството на браќата, тогаш кога ќе се предадат на подвизи за напредување во добродетелите; да не предизвика разделба меѓу браќата, кои треба да живеат единствени и неразделни и да не стане причина за жалост кој обата дела, така што оние што одат напред, кои напредуваат во добродетелите - да не почнат да жалат за оние што изостанале, а оние што изостанала да не почнат да жалат затоа што ќе се разделат со првите.

63. Како што оној, кој во разгорениот пламен на печка фрла земја и на тој начин го изгаснува огнот, така и грижите на животот и приврзувањето кон нив, дури и кон оние најмалите од нив - ја уништуваат топлината во срцето што се распалила во него.

64. Оној што се откажал со радост и со совршено чувство од сѐ што е надворешно, од сите светски работи и од луѓето, и го заборавил сето тоа и, преминувајќи преку сето тоа, како преку некој ѕид, сета страсна приврзаност спрема нив ја оставил зад себеси и станува туѓ за светот и за сѐ што е во него, па, држејќи го својот ум собран во едно, тој се поучува само на едно и секогаш помислува на смртта. Затоа и секогаш се грижи за она што се однесува на Страшниот суд и на казните и наградите, целиот е врзан со нив како со вериги и, со тие и такви помисли, и со неискажлив страв во своето срце - се вдлабочува во нив.

65. Којшто ќе го всели во своето срце стравот од Судот, тој се јавува на оваа светска претстава како осуденик врзан во железни вериги. Затоа е опфатен од силен страв, како да го фатил некој немилостив џелат и да го влече на местото каде треба да биде извршена казната; па затоа не мисли за ништо друго, освен за страдањата и за маките, кои треба да ги поднесува во вечниот оган. Ова чувство се запазува неизбришливо во неговото срце со силата на стравот, кој го родил, и заедно со тоа, не му дозволува да се грижи за светските работи. Бидејќи секогаш се наоѓа во ваква состојба и се чувствува како да е прикован на крст и да трпи крстни болки и страдања, - тој не внимава на ништо друго - не мисли ни за човечките почести, ниту за бесчестијата. Со сета своја душа, тој смета дека е достоен за секаков презир и навредување, така што никакво внимание не покажува кон понижувањата и навредите што му ги прават.

66. Оној што е опфатен од стравот на смртта се гнаси од јадењето, пиењето и од сите украси; не наоѓа задоволство ни во јадењето на лебот, ниту во пиењето на водата. На телото му го дава само она што му е потребно за одржувањето на животот. Тој се откажува и од својата сопствена волја и станува разумен роб, кој го извршува она што му заповедаат.

67. Откако доброволно им се предал на духовните отци како роб, заради Господа, тој, плашејќи се од Судот, не го избира само она од нивните наредби, што би му ја олеснило болката на срцето и што би му ги разврзало веригите на стравот, а не ги слуша ни оние, кои, како лажни пријатели, го советуваат да постапува така. Напротив, го претпочита она што му ги засилува болките и она што му ги стега уште повеќе веригите; го сака она што ќе му даде уште поголеми сили на неговиот џелат. Во вакво расположение ќе остане тој засекогаш, не надевајќи се дека ќе се ослободи од заслужените маки, зашто надежта за избавувањето ја олеснува болката на срцето, но тоа сега не е корисно за оној што се кае.

68. За секого што почнал да живее за Бога, корисен е стравот од вечните маки и болките на срцето што доаѓаат од него. А оној што мисли без ваквите болки и без веригите на овој страв да ги постави основите на добриот и богоугоден живот, тој ги става овие основи на песок; тој мисли својот нов дом да го изгради во воздухот, без цврсти основи, а тоа е неможно. Меѓутоа, од овие маки набрзо се раѓа радост, а овие вериги ги искинуваат веригите на сите вериги и страсти, а овој џелат на смртта станува причина не на смртта, туку на вечниот живот.

69. Оној што нема да ги одбегнува болките на срцето, кои се раѓаат од стравот од вечните маки, но ќе ги прифати доброволно и ќе појде по добриот пат и сѐ повеќе ќе се стега со веригите на овој страв, - тој со успех ќе чекори по патот по кој тргнал. Тоа ќе го одведе пред лицето на Царот на царевите. И кога ќе дојде време за тоа, дури тогаш ќе ја види Неговата слава, но не уште така јасно, и тогаш ќе бидат раскинати неговите вериги, а стравот - џелатот - ќе избега далеку од него; болките на неговото срце ќе се претворат во радост, која ќе стане во него жив извор, од кој секогаш ќе истечуваат видливо потоци солзи, а духовно - тишина, кротост и неискажлива наслада, а освен тоа, и храброст, со готовност, слободно и непречено да брза кон извршување на Божјите заповеди, што за почетниците уште не е можно, а им е својствено на оние што се издигнале до средината на постигнувањата, а за оние што се приближуваат кон совршенството овој извор станува светлина со изменување и пресоздавање на срцето.

70. Оној што ја има во себе светлината на Светиот Дух не може да поднесе да ја гледа, паѓа ничкум на земја, извикува со страв и со голем ужас, како да видел нешто натприродно, нешто што не може да се сфати и искаже. И станува тој сличен на човек, кој изгорел во својата внатрешност, и станува целиот измачен и потполно немоќен. Но, бидејќи непрестајно оросуван и осветуван од солзите, се распалува со уште посилна желба за божественото, а од тоа солзите негови течат уште поизобилно, и тој, бидејќи измиван со нив, свети уште повеќе. А кога ќе се разгори уште повеќе, тој станува како светлина. И тогаш, се исполнуваат зборовите кажани од свети Јован Богослов: „Бог се соединува со богови и тие Го познаваат.“ Така Бог се соединува со оние што се обожени од Него и тие Го познаваат. И можеби, притоа, ова се исполнува на него во таков степен, во каков степен е Бог соединет со оној, кој се соединил со Него и во каков степен Го познал Оној Кој се соединил со Него.

71. Никој да не нѐ измамува со празни зборови, а и ние да не се самоизмамуваме дека без плач и без солзи можеме да се покаеме, ниту можеме да имаме вистинска намера да се покаеме и измениме, ниту можеме да имаме страв Божји во нашите срца. Ние уште не сме се осознале и не сме се осудиле, а нашата душа уште не била опфатена од чувството на Страшниот суд и вечните маки. Зашто, ако би се самоосудиле, ако би имале вакви раздвижувања во нашето срце, ако би имале такви чувства, тогаш веднаш би потекле и нашите солзи. Без сето ова и нашето тврдо срце не може да омекне, ни душата наша може да придобие духовно смирение, а и ние не можеме да имаме сили да се смириме. А кој не е таков тој не може да се соедини со Светиот Дух, а кој не се соедини со Него, преку очистување од сѐ што е страсно, тој не може да се удостои да Го соѕерцава Бога да има богопознание и е недостоен да биде поучуван на добродетелите на смирението.

72. Најнапред од богоугодниот плач се раѓа смирението, а по него следат неискажливата радост и веселбата, а околу богоугодното смирение израснува надежта на смирението. Зашто, доколку некој се смета со сета своја душа најгрешен, заедно со тоа расте во него и надежта внатре во него, цути внатре во неговото срце со верба, дека тој несомнено ќе биде спасен преку смирението.

73. Колку некој повеќе навлегува во длабочината на смирението и колку повеќе се осудува, сметајќи се недостоен да биде спасен, тој толку повеќе плаче и излива изобилни солзи, а колку повеќе плаче и излива изобилни солзи, толку повеќе во неговата душа се влева духовна радост, а заедно со неа - во него расте надежта, која најсигурно го уверува дека ќе се спаси.

74. Секој треба да биде внимателен и да следи што станува во него и да не се надева на ништо - ако нема плач и солзи, како и смирение, а и во смирението и солзите да нема надеж, ако не биде со нив зајакната неговата верба во спасението и не ја добие духовната радост.

75. Има лажно смирение, кое произлегува од мрзливоста и силното осудување на совеста. Оние што го имаат мислат дека преку него ќе се спасат, но тоа смирение ја нема таквата сила затоа што не е соединето со плачот.

76. Има и плач без духовно смирение, и оние што го имаат - сметаат оти таквиот плач ги очистува нивните гревови. Но, тие страшно се мамат, затоа што се лишени од сладоста на Светиот Дух, кој се раѓа таинствено во таинственото живеалиште на душата, и не вкусуваат од благоста на Господа. Затоа, таквите набрзо се распалуваат со гнев и не можат потполно да го презрат светот и тоа што е во светот. А кој не го презре светот потполно и не го намрази со сета своја душа, тој никогаш не може да придобие надеж оти ќе се спаси, туку секогаш талка со своето сомнение, зашто својата надеж не ја засновал на камен.

77. Плачот има двојно дејство: како со вода го изгаснува пламенот на страстите и ја измива душата од нејзините нечистотии и, исто така, како оган, со присуството на Светиот Дух, ја оживува душата и го стоплува и загрева срцето, возбудувајќи ја во него љубовта и желбата спрема Бога.

78. Внимавај на себеси, распознавај ги дејствувањата што се појавуваат во тебе од смирението и од плачот и забележувај каква полза ти придонесуваат секој час. Кој од почетниците ја има и оваа полза: ја отфрлаат секоја грижа за земното и им помагаат страсно да не се приврзуваат кон луѓето и да можат лесно да се откажуваат од нив, - од родителите, од роднините и од пријателите. Освен тоа, им помагаат да не се грижат за ништо и да ги презрат сите работи, парите и сѐ друго, да презрат сѐ, па дури и своето тело.

79. Многумина ги сметаат како свети и бестрасни оние што имаат лажни добродетели и добри особености, кои ги покажуваат само надворешно, а кои се всушност исполнети со неправда, завист, пакост и со смрдеа на сластите, затоа што не им е чисто духовното око, за да можат да ги познаат по нивните плодови; а оние кои живеат во вистинска побожност, кои се украсени со добродетели и имаат чисто срце - кои се навистина свети, - не можат да ги разликуваат од другите луѓе, ги одминуваат со невнимание и не ги сметаат за ништо.

80. Таквите ги почитуваат како учители и духовници повеќе оние што говорат многу и сакаат да се покажуваат, а оној што молчи и кој се пази од празнословие го сметаат за дивјак, необразован и безгласен.

81. Од оној, кој говори во Светиот Дух, високоумните и оние што боледуваат од ѓаволската гордост - се згрозуваат, како од високоумен и горделив, бидејќи од неговите зборови се повеќе поразени, отколку што добиваат умиление и скрушеност, а го фалат оној што меле како воденичен камен, па говори или од својата утроба или го научиле тие што го говорат, него го примаат и го фалат, макар што говори за делото на спасението, но сето она што го говори е лажливо толкување. Затоа, тие не се во состојба да ги распознаат вистинските Божји луѓе, кои им ја кажуваат вистината за нивното спасение.

82. Нашиот Господ и Бог говори: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!“ (Матеј 5, 8). А срцето го прават чисто не една, не две и не десет добродетели, туку сите добродетели заедно, слиени, така да се каже, во една добродетел, која стигнала до последните степени на совршенството. Но, и во таков случај, и сите добродетели заедно не можат да го направат срцето чисто, ако во него не дејствува Светиот Дух. Зашто, како што ковачот, колку и да е искусен во работата со своите алати, ништо не може да направи без содејствување на огинот, така е потребно за очистување на своето срце, ползувајќи се за оваа цел со добродетелите, како со алати, но без помошта на огинот од Светиот Дух, сето што го прави тој, ќе биде без резултат, неговата цел нема да биде постигната, зашто само тоа што го прави тој нема сила - да ја отстрани нечистотијата на душата.

83. Во светото божествено крштевање добиваме простување на гревовите. Тогаш сме ослободувани од прародителската клетва и се осветуваме со наитието на Светиот Дух, но тогаш не ја добиваме совршената благодат, за која се говори во зборовите: „ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив“ (2. Кор. 6, 16). Зашто, таа се утврдува совршено во верата и се докажува со дела. Ако, по крштевањето почнеме да правиме лоши дела, тогаш потполно го губиме и самото осветување. И дури со покајанието, преку исповедта и солзите, соодветно спрема грешните дела, добиваме пак простување на гревовите, а потоа и осветување со благодатта Божја одозгора.

84. Преку покајанието се измива нечистотијата од извршените грешни дела, а по тоа очистување следи соединувањето со Светиот Дух, но ова не станува едноставно, туку преку силата на верата, со решеноста да стоиме во доброто и да не паѓаме, да бидеме смирени и да се каеме со сета наша душа. И не само по пројавувањето на таквото расположение, туку и потоа, откако ќе се добие разрешение на гревовите од страна на духовниот отец. Затоа е добро секој ден да се каеме, како што ни заповеда Божјата заповед. Зашто, тоа го велат и зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 3, 2).

Ни се наложува ова како наша постојана должност, која не се ограничува со одредено време.

85. Благодатта на Светиот Дух им се дава на оние души кои станале Христови невести, им се дава како залог или гаранција и како што жената без обручување не е уверена дека сигурно ќе стапи во брак со одреден човек, така и душата, која не ќе добие ваква увереност дека вечно ќе живее, заедно со својот Господ и Бог, дека таинствено и неискажано ќе се соедини со Него и ќе се насладува со Неговата непристапна убавина. А, душите, ако не го добијат ова обручение и овој залог на Неговата благодат, не ќе можат свесно да Го имаат во себеси.

86. Како што обручението не е сигурно сѐ додека не биде потпишан писмениот договор од страна на сигурни сведоци, така и добивањето на благодатта не е сигурно пред извршувањето на заповедите и приготвувањето за добивање на благодатта. Она што се сведоците при заклучувањето на договорот, тоа при духовното обручување е извршувањето на заповедите и добродетелите. Преку нив секој што треба да се спаси, преку благодатта на Светиот Дух, го добива потполно ова обручение.

87. Од почетокот, со извршувањето на заповедите, како да се пишуваат условите за брачниот договор од страна на сведоците. Тогаш Младоженецот Христос ѝ дава на својата невеста - на душата, прстен, односно обручувањето на Светиот Дух.

88. Како што невестата пред свадбата добива од младоженецот залог на обручение, договорените подароци и сѐ што ѝ е ветено, така Христовата невеста - Црквата на верните и душата на секого од нас, во почетокот, од Младоженецот Христос го добива само обручението на Духот, а вечните блага и небесното царство чека да ги добие во излегувањето од овој свет, бидејќи е уверена во тоа, со залогот на обручението, кој ѝ го покажува сето тоа како во огледало и ѝ ја потврдува несомненоста дека ќе го прими тоа, за што се согласиле таа и нејзиниот Бог и Господ.

89. Како кога невестата ќе се налути на својот младоженец, затоа што задоцнил да ја изврши својата обврска, што го одложил времето на свадбата, па ќе ја презре неговата љубов, ќе го обезвредни или уништи брачниот договор, тогаш таа, со тоа, веднаш се лишува и од сите надежи кои ѝ ветувале толку многу од страна на младоженецот, токму така е и со душата. Зашто, кога некој од подвижниците ќе си рече: „До кога ќе морам јас да трпам и да страдам? До кога ќе морам да ги поднесувам лишувањата?“, па почне да ги занемарува своите подвижнички подвизи и трудови, а со негрижата околу исполнувањето на заповедите и напуштањето на постојаното покајание, таа ги раскинува и ги уништува своите договорни услови со Господа, тогаш: заедно со сето тоа, таа се лишува и од залогот на обручението, од благодатта, и потполно ја губи секоја своја надеж во Бога.

90. Како што онаа невеста, која својата љубов ќе ја сврти кон некој друг човек, каква му должи само на својот младоженец, и ќе почне да живее со другиот човек јавно или тајно, не само што нема да добие ништо од она што било ветено со потпишаниот договор, туку треба да очекува и соодветна казна и изложување на срам, според прописите на законот; истото се случува и со нас. Зашто, ако нашата душа, јавно или тајно, ја изневери љубовта спрема својот Младоженец Господ Исус Христос и засака некој друг или нешто друго и срцето нејзино биде завладеано од друга љубов, тогаш ќе биде намразена од својот Младоженец како недостојна да се соедини со Него. Зошто, Он рекол: „Ги сакам оние што Мене ме сакаат“ (Изрек, 8,17).

91. По овие белези, секој треба да распознава дали го добил духовното обручение од својот Младоженец и Господ - Исус Христос. Ако си го добил ова, тогаш треба да се трудиш да го запазуваш, а ако уште не си се удостоил да го добиеш, треба да се трудиш, преку добри дела, искрено покајание - што побрзо да го добиеш и потоа, да го запазиш преку извршувањето на заповедите умножувањето на добродетелите.

92. Обручението на Светиот Дух е необјасниво за оној што го примил, затоа што тоа се постигнува непостижно, се одржува незадржливо и се гледа невидливо. Тоа му дава живот на оној што го примил, говори преку него и го движи; одлетува од тајното живеалиште, во кое живее запечатеното, и ненадејно пак се враќа во него; со тоа дава на знаење дека тоа не се настанува за постојано и засекогаш, а и кога ќе се оддалечи, пак се враќа. Затоа, оној што го придобил, и тогаш кога го нема опипливо во себеси, треба да се однесува како да го има, а и кога го има, треба да биде во такво расположение како да го има.

93. Како што, кога некој како да се наоѓа ноќе кај вратите или прозорците на својот дом, кои се од секаде заклучени, па одеднаш отвори еден од прозорците, тогаш го заплиснува заслепувачка светлина и тој, не можејќи да ја поднесе, ги затвора своите очи, се завиткува и се скрива, така бива и со душата, кога, заклучена од секаде за сѐ што е земно, погледне некако со својот ум, како низ некој прозорец, во нематеријалниот свет и биде осветлена со светлината на Духот - на своето духовно обручение, таа не може да го поднесе болскотот на непокриената божествена светлина, - веднаш почнува да трепери со својот ум, се крие во себе и бега како во некој дом, да се најде под покривот на земното и човечкото.

94. Премудриот цар Соломон говори: „Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова?“ (Изрек. 6,27). А јас велам: „Кој, откако ќе го прими во себе непокриениот небесен оган на Светиот Дух, нема да се разгори и да се просветли, нема да засвети со сјајот на Бога, сразмерно со своето очистување и примањето на огнот? Зашто, примањето на огнот доаѓа по очистувањето на срцето, а и очистувањето на срцето доаѓа по примањето на огнот, односно соодветно спрема тоа колку е срцето очистено - толку благодат ќе прими. И пак: колку благодат ќе прими, толку и ќе се очисти. А кога ќе се заврши ова, односно и очистувањето на срцето и примањето на благодатта, ќе стигне до совршенство и полнота, тогаш човекот целосно е бог по благодат.“

95. Како што покривот на една зграда се држи на основите и на она што е изградено на нив, зашто тие се изградуваат затоа, за да биде врз нив ставен покривот, зашто и едното и другото е неопходно потребно; зашто покривот не се прави без основи, без претходно направена градба, а и градбата не се остава без покрив, зашто во тој случај таа ќе биде непогодна за живеење, така и во душата, благодатта се запазува преку исполнувањето на заповедите, а исполнувањето на заповедите се поставува како основа за добивање на Божјите благодатни дарови, а и благодатта на Светиот Дух обично не останува во нас без извршувањето на заповедите, ниту пак извршувањето на благодатта бива потребно и корисно без Божјата благодат.

96. Како домот без покрив, оставен таков од негрижата на градителот, не само што не служи за ништо, туку станува и предмет за подбивање на сметка на градителот, така и поставените основи со извршувањето на заповедите и високо издигнатите ѕидови на добродетелите, ако не ја добијат благодатта на Светиот Дух, ако не ги гледаме и чувствуваме духовно, овој духовен дом уште не е завршен и претставува предмет за сожалување на совршените. А тој е лишен од благодатта поради следниве две причини: или затоа што е занемарено покајанието, или затоа, што била пројавена малодушност пред потполното придобивање на добродетелите; како од нешто што е неизмерно големо, ако бидат изоставени некои од оние, кои, иако ни се чинат малку важни, сепак се неопходни за потполната изградба и завршувањето на домот на добродетелите, бидејќи без нив овој дом не може да биде покриен со благодатта на Светиот Дух.

97. Ако Божјиот Син и Самиот Бог слегол на земјава, за со Своето посредување да нѐ помири со Својот Отец, нас што сме биле непријатели на Бога, и да нѐ соедини опипливо со Себеси, преку Светиот и едносуштен Свој Дух, тогаш оние што се лишиле од ваквата благодат, тогаш каква друга благодат ќе добијат? Секако таквиот нема да се измири ни со Отецот, а и со Синот нема да се соедини преку благодатта на Светиот Дух.

98. Оној што се присоединил кон Светиот Дух, тој се избавил од похотите и сластите. Како оној што се ослободил од телесните похоти, откако вкусил од бесмртната слава и се соединил со неа се принудува непрестајно да се издигнува нагоре и да живее со Бога, не дозволувајќи си за миг да отстапи од соѕерцавањето на Бога, туку ненаситно се насладува на Него, така и оној што е врзан со телото и гниежливото, се одделува од она што е горе, се спушта надолу и се враќа кон она што е земно. Тогаш, таквата душа е опфатена од таква жалост поради одделувањето од она што е горе; претполагам, каква е жалоста на оние грешни души, кои се разделиле со своето тело.

99. Како што за оној што ги љуби телото и животот, за оној што ги сака телесните уживања и овој земен свет, разделувањето со нив, кои се предмет на неговата љубов, означува вистинска смрт, така и за оние што ја љубат духовната чистота, што Го љубат вечниот дух - Бога и добродетелите, - претставува вистинска смрт и најмалото отстранување на неговото срце од сето ова. Зашто, оној што го гледа материјалниот свет, кога ќе ги затвори сам своите очи, или кога ќе му ги затвори некој друг, се измачува, така и не може долго да го поднесе тоа, особено, ако гледа предмети - кои биле потребни и прекрасни, - нема ли многу повеќе оној што е просветен од Светиот Дух и кој сѐ гледа јасно, во видение или во будна состојба, во сон или на јаве, оние блага, што око не ги видело, што уво не ги слушнало и кои во срце не му влегле, а во кои и самите ангели Божји сакаат да проникнат, - тие ќе жалат и ќе тажат, ако нешто им попречи и ги оттргне од нивното соѕерцание? Зашто, тој, со право, ова го чувствува како смрт и оддалечување од вечниот живот.

100. Едни го сметаат блажен пустинскиот живот, други - заедничкиот живот во манастирите, трети - животот на духовните учители и управители, кои ги предводат луѓето, ги учат и раководат со животот на Светата Црква, од што многумина се хранат духовно и телесно. А јас не сум сакал да му дадам предност на некој вид живеење, ниту сум рекол дека едни луѓе се достојни за пофалба, а други - за кудење, затоа што воделе ваков или онаков вид живеење. Во секаков вид живеење - живеењето може да биде блажено, ако луѓето живеат во Бога и за Бога.

101. Како што обичниот човечки живот се стреми и тече под взаемно дејствување на разни животни работи, занаети и уметности: едни работат едно, други - друго и на тој начин ги задоволуваат различните потреби еден на друг; примаат еден од друг и даваат еден на друг, задоволувајќи ги на тој начин своите телесни потреби, токму ова истото го гледаме и во духовниот живот: еден избира еден пат на живеење, а друг - на друг начин, еден оди по еден пат, а друг по друг, но сите заедно бараат иста цел и си помагаат еден на друг.

102. Целта на сите што живеат по Бога е - да Му угодат на Господа Исуса Христа и да се помират со Бога - Отецот преку примањето на Светиот Дух, и на тој начин да бидат спасени, зашто во тоа се состои спасението на секоја душа. Ако го нема тоа кај нас, ако ја немаме оваа цел и, ако не дејствуваме вака, тогаш ни е попусто секој друг труд и секоја друга работа. Некорисен е секој друг пат во животот, кој не ги води кон оваа цел оние што одат по него.

103. Оној што го напуштил целиот свет и се оддалечил во пустината да безмолствува, и оттаму им пишува на оние што живеат во светот и едни од нив смета за среќни, на други им ласка, трети опсипува со пофалби, сличен е на човек што се развел од својата блудна и лоша жена и отпатувал во далечна туѓа земја, за да го залечи и самиот спомен за неа, и заборавил зошто се оддалечил толку многу од својата родна земја во пустина и им пишува на оние што живеат грешно со неговата бивша жена, сметајќи ги за многу среќни. Ваквиот човек, иако телесно не се осквернува, тоа го прави со срцето и со умот, зашто ги пројавува оние исти грешни желби, што ги имал спрема својата бивша жена.

104. Колку се достојни за пофалба оние што живеат во светот и ги чистат своите срца од секаква гревовна похот, толку се достојни за прекор и осудување оние, кои живеат по пустините, планините и пештерите, а бараат од луѓето да ги фалат и да им ласкаат. Ваквите се пред Бога, Кој ги испитува човечките срца, еднакви со прељубниците. Зашто, тој, сакајќи во светот да се говори за него и за неговиот живот, тој се одрекува од вистинскиот Бог и блудствува со лажните богови, како што говори псалмопеачот Давид.

105. Оној што со силна вера во Бога се одрекол од светот и од сѐ што е во светот, верува дека милостивиот и дарежлив Бог ги прима оние што доаѓаат при Него во покајание и, верувајќи и знаејќи, дека Он Своите луѓе преку бесчесните ги воведува во чест, дека ги обогатува преку крајна сиромаштија, дека ги прослави преку навредувањата и понижувањата, преку смртта ги прави наследници и учесници во небесното царство - во вечниот живот; дека преку понижувањата, навредувањата и немаштијата ги тера да трчаат така како што жедниот елен трча кон бистриот и студен извор и, одејќи кон него, се издигнува кон висините, како по скали, по кои ангелите се искачуваат и слегуваат, а Господ Бог ќе ги чека таму на врвот, ги очекува нашите трудови и усилби, не затоа што се радува да нѐ гледа како се трудиме и да се измачуваме, туку затоа што е човекољубив и сака да ни даде награда, како долг.

106. Бог не дозволува да паднат оние што се качуваат кон Него по скалите, но кога ќе ги види дека се изнемоштени, им помага, им подава рака и ги издигнува кон Себе, им помага видливо и невидливо, знајно или незнајно, сѐ додека, откако ќе ја изминат целата скала и се приближат до Него Самиот и потполно се соединат со Него, го забораваат сето она што е на земјата, почнуваат да живеат со Него, таму, - дали во тело или без тело, - не знам, - насладувајќи се со неискажливи блага.

107. Прво да ги наведнеме нашите вратови пред јаремот на Христовите заповеди и да не скршнуваме ни лево ни десно, да не се враќаме назад и да не се задржуваме, туку сѐ повеќе да ги обновуваме нашите сили, да стануваме сѐ повеќе рај Божји кога, заедно со Отецот и Синот, и Светиот Дух ќе навлезе да живее во нас. И тогаш, на таков начин, Бог ќе живее во нас, заедно со нас, ќе биде наш учител, и кога ќе ни заповеда на некого од нас да се зафати со некакво служење, ние треба да го извршуваме така, како што Му е угодно на Бога. Но, ова служење не треба да го бараме предвреме, а и не треба да го примаме кога ни го даваат луѓето од себеси, туку треба да останеме во извршувањето на заповедите на нашиот Господ и Бог и да ја чекаме Неговата повелба за тоа кое служење да почнеме да го вршиме.

108. А, ако, откако ни биде дадено служење во божествените работи, место нашата волја, ја извршуваме Божјата и се потрудиме добро во неговото извршување, Светиот Дух ќе нѐ испрати на друго служење, и ние тогаш не треба да Му се противставуваме. Зашто, Бог не сака да бидеме без никаква работа, но не го сака ни тоа да останеме на една иста работа, која сме ја започнале; сака да покажуваме сѐ поголем и поголем успех и да го постигнеме она најдоброто, но, се разбира, да се раководиме со Божјата, а не со својата волја.

109. Оној што сака да ја умртви својата волја, тој е должен да ја извршува Божјата волја, да ја воведува и всадува Божјата волја во своето срце. И притоа, постојано треба да се грижи она што е внедрено и насадено во него - да ги пушта своите корени длабоко во него; и, ако се фатило - дали пуштило ластар, а тој ластар да биде калемен и калемот да потера, да стане дрво и да даде плод прекрасен и сладок, така што да му бидат познати и земјата, пред да го прими семето во себеси, и коренот, на кој се утврдило длабоко, ова чудно и неискажливо растение.

110. Оној што поради стравот од Бога се откажува од својата волја, Бог нему, без да знае како станува тоа, му ја дарува Својата волја и ја утврдува силно во неговото срце, а притоа му ги отвора очите на неговото срце, за да познае дека е тоа Божјата волја, која му дава и сила да може да ја извршува. Ова го прави благодатта на Светиот Дух, зашто без неа не бива ништо.

111. Ако добиеш простување на сите твои гревови, било преку светата тајна покајание и исповед или преку примањето на светата ангелска схима, тогаш какви треба да бидат твојата љубов, твоето смирение и твојата благодарност, зашто ти што си бил достоен за безбројни маки си бил не само избавен од сето тоа, туку си бил удостоен да станеш син Божји и да ја добиеш славата на небесното царство?

Имај го ова секогаш во твојот ум и спомнувај си за тоа. Труди се да не Го нажалиш својот Создател Кој ти ги простил Твоите безбројни прегрешенија, туку, прославувај Го, со сите свои дела, за и Он да те прослави тебе, затоа што Го прославуваш повеќе од сите видливи созданија, ти уште повеќе со додавање на повеќе благодат и да те нарече Свој искрен пријател.

112. А колку е душата почиста од телото, толку е поразумен човекот, подобар и поиздигнат од целиот свет. Не помислувај на големината на некои созданија во овој свет, за да не помислиш, човеку, дека се тие нешто поголемо и поскапоцено од тебе, туку гледај ја благодатта што ти е дадена, мисли за достоинството и славата на твојата разумна душа и, прославувај Го, со песни Бога, Кој те издигнал повеќе од сите земни созданија.

113. Да се трудиме што подобро да Го прославиме Бога. И ние треба да Го прославиме така, како што Го прослави Неговиот Син. Но, со што Синот Го прославил Отецот, со тоа истото и Отецот Го прославил Синот. И ние да се трудиме да го правиме тоа што го правел Синот, та и ние да Го славиме нашиот Отец, Кој е на небото, Кој посакал така да се именува и да биде прославен со славата на Синот, која ја имал во него уште пред светот да биде создаден. Тоа се: крстот, умирањето за целиот свет, страдањата, искушенијата и другите маки Христови, кои ги поднесувал со големо трпение. И ние да ги подражаваме Христовите страдања исто, со тоа да Го прославуваме нашиот Отец и Бог, како негови синови по благодатта и сонаследници Христови.

114. Онаа душа, која не се ослободила потполно од светските навики и страсната приврзаност кон земните предмети, не може, без жал, да ги поднесува самите чувства и расположенија на своето срце и нападите и искушенијата од демоните и од луѓето. Таа е како со вериги врзана за човечките работи, претрпува рани од паричните загуби, силно се жалости кога ќе загуби некоја работа и многу страда кога му причинуваат болки и рани на нејзиното тело.

115. Оној што ја оттргнал душата своја од страсната приврзаност кон телесното и успеал тесно да се поврзе со Бога, тој не само што ќе биде рамнодушен кон парите и предметите што се околу него, а и кога ги губи нема никако да жали; ќе се однесува како да не се негови, туку дека се туѓи, но и самите болки што му ги причинуваат на неговото тело, - ги поднесува со радост и со благодарност, гледајќи секогаш, според зборовите на божествениот апостолот дека, кога „нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува“ (2. Кор. 4,16). А инаку е и неможно да ги поднесуваме жалостите заради Бога. За ова се потребни совршено знаење и духовна мудрост. Оние што се лишени од нив секогаш одат во темнината на безнадежноста и незнаењето, зашто немаат никаква можност да ја видат светлината на трпението и утехата од молитвата.

116. Секој кој мисли дека е мудар затоа што ги изучил науките и што ја знае надворешната мудрост; тој никогаш нема да се удостои да проникне во Божјите тајни и да ги види, ако пред тоа не се смири и во чувствата свои не стане како безумен, отфрлајќи ја заедно со горделивата надуеност и придобиената ученост. Зашто, оној што постапува така и со непоколеблива вера ги следи мудрите мажи во божествените работи, тој, бидејќи раководен од нив, - заедно со нив ќе влезе во градот на живиот Бог и, учен и просветен од Светиот Дух, ќе го види и ќе го познае она, што никој од другите луѓе не може да го види и да го познае. На тој начин ќе стане научен од Бога.

117. Оние што се научени од Бога, мудрите на овој век ги сметаат за безумни. Меѓутоа, всушност, тие самите се безумни; тие ја знаат само надворешната мудрост. Блажениот апостол говори дека таа мудрост ја обезумил Бог (сп. 1. Кор. 1,2О). А светиот апостол Јаков пишува: „Тоа не е мудрост која доаѓа од одозгора, туку земна, душевна, бесовска“ (Јак. 3,15), додавајќи дека во таквата мудрост има завист, а таму каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо“ (Јак. 3,16). Таквите, бидејќи се надвор од божествената светлина, не можат да ги видат чудата што се наоѓаат во неа, а оние што ја имаат оваа светлина во себеси, гледаат што има во неа и на тоа поучуваат, а оние другите, кои ги сметаат нив за прелестени, самите се прелестени, затоа и никогаш не се удостоиле да вкусат од божествените блага.

118. И сега меѓу нас има бестрасни луѓе, луѓе свети и исполнети со божествена светлина, кои така ги умртвиле своите земни тела, ги исчистиле од секаква нечистотија и од секаква страна похот, така што ни самите не помислуваат да направат некое зло, но и тогаш кога другите ги влечат кон него, - нивната бестрасност не се изменува ни во присуство на страсните. Нив би можеле да ги распознаат и оние што говорат со презир за нив и што не веруваат во нив тогаш кога тие поучуваат за божествените работи во премудроста на Духот, ако добро би ги разбрале божествените зборови, за кои секојдневно читаат и пеат. Зашто, кога би го знаеле совршено Светото Писмо, тогаш би верувале во блага, кои ни се ветени и дарувани од Бога. Но, бидејќи се лишени од овие блага поради својата гордост и поради својата мрзливост, тие говорат лошо и за оние, кои се удостоиле да ги придобијат и да учат за нив, па и ним не им веруваат.

3 а 6 е л е ш к а: Вака е во старото грчко Добротољубие. Во новото грчко издание овој текст е вака парафразиран: „Оние кои говорат; дека во наше време нема ниеден бестрастен, тие не им веруваат ни на оние кои, умудрени од Светиот Дух, говорат за божествените работи. Кога би ги разбрале божествените зборови, за кои секојдневно читаат и пеат, тие би можеле да сфатат дека бестрасни луѓе има и во денешно време, дека има свети луѓе, кои се исполнети со божествената светлина, дека има вакви луѓе што живеат меѓу нас, кои се исчистиле од секоја нечистотија и од секаква страна похот, така што не само тие самите не помислуваат да направат нешто лошо, туку и тогаш кога некој друг ги влече кон тоа, не претрпуваат никаква промена во својата бестрасност. Но, оние другите, кои не го знаат Светото Писмо, говорат дека во денешно време нема таков човек. Зашто, кога би го разбрале правилно Светото писмо, тие би им поверувале на оние блага, кои ни ги ветил и дарувал нашиот Бог. Но, тие, бидејќи ги немаат тие блага, поради високото свое мислење за себеси и својата мрзливост, не им веруваат, ги напаѓаат и ги обвинуваат за грев оние што ги имаат овие блага и што учат за нив.

119. Оние што се исполнети со Божјата благодат и кои се совршени во знаењето и премудроста, која е одозгора, сакаат само затоа да одат по светот и да ги видат оние што живеат во него, за да ги потсетуваат на Божјите заповеди, со својот добродетелен живот да ги привлекуваат кон добродетелите и преку тоа, да им пружат можност да добијат некаква награда, се разбира, ако посакаат да ги слушаат, да ја прифатат нивната поука и да се уверат во тоа што им говорат. Бидејќи луѓето во светот, кои не се водени од Божјиот Дух, одат во темнина и не знаат каде одат, не знаат ништо за Божјите заповеди. Затоа оние што живеат во Божјата благодат ги посетуваат со желба да ги поучат, надевајќи се дека и тие некогаш ќе го прифатат вистинското учење на Светиот Дух, ќе се разбудат од својата самонадежна гордост и, искрено, а не со лажност и самопофалба, ќе ја послушаат Божјата волја и нема да се покаат што го направиле тоа и откако ќе доживеат богоугодно - ќе станат учесници на некои Божји духовни дарови. Ако им се случи да не успеат на мирјаните во светот да им бидат од полза, тие жалат и плачат затоа што се срцата на тие луѓе така заслепени, се враќаат во своите ќелии и почнуваат да се молат дење и ноќе за нивното спасение. Зашто, за ништо друго не се жалостат оние што непрестајно живеат со Бога и што се преисполнети со секакви блага.

120. Каква е целта на воплотената Божја промисла на Бог Словото, за која се говори низ целото Свето писмо, не ја знаеме? - Целта на Божјата промисла се состои само во тоа: да нѐ приопшти кон добрините што Божјиот Син, Кој станал Син Човечки, за нас луѓето да нѐ направи деца Божји, издигнувајќи го човечкиот род до она што е Он Самиот според Својата природа, со силата на Својата благодат, раѓајќи нѐ одозгора со благодатта на Светиот Дух, и веднаш нѐ воведува во светото небесно царство, или подобро речено, ни дарува да го имаме Божјото царство внатре во нас (Лука 17,21), така што, не само да се надеваме дека ќе влеземе во него, туку ни дава можност веднаш да бидеме воведени во него и да извикуваме: „Нашиот живот е сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3,3).

121. Светото крштевање не ни ја одзема нашата слободна волја, туку ни дава слобода од тиранијата на ѓаволот, кој веќе не може да владее над нас против нашата волја. По светото крштевање нашата слободна волја се пројавува во ова: или доброволно да ги извршуваме Божјите заповеди, заповедите на нашиот Бог и Господ Исус Христос, во Чие име сме се крстиле или по патот на Чии повелби одиме; или- да се оттргнеме од овој пат и пак да се вратиме при ѓаволот, нашиот непријател, кој нѐ напаѓа и се бори против нас.

122. Оние што и по светото крштение се потчинуваат на ѓаволските желби и го прават тоа што му е нему угодно, тие свесно ги отфрлаат благодатите на светото крштение како што вели светиот пророк Давид: „Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага“ (Псал. 57, 3). Зашто, секој од нас не се изменува, не ја изменува својата природа и не добива своја природа. Секој од нас е создаден од Бога добар, зашто Бог не создал ништо лошо; ние со нашата слободна волја се одлучуваме за доброто или за злото. Зашто, како што ножот, без разлика дали некој го употребува за добро или за зло, тој не ја менува својата природа за извршување на едното или на другото, туку останува по својата природа челик и во едниот и во другиот случај. Така и човекот, како што рековме, го прави тоа што го сака, но својата природа не ја менува, не излегува надвор од нејзините рамки.

123. Не нѐ спасува тоа што еднаш на некого ќе му направиме милост, макар што, ако некогаш некого презреме - сме виновни и достојни за вечниот пламен. Спасителот говори во Светото евангелие: „Гладен бев... жеден бев“ (Матеј 25, 35). Овие зборови не се однесуваат за еден случај и само за еден ден, туку се Однесуваат на целиот живот. Исто така, и неговите зборови: „Ми дадовте да јадам... Ме напоивте“ (Матеј 25, 35), како и за другите услуги што сме им ги направиле на своите ближни, - покажува каков бил нашиот постојан однос спрема нашите ближни - спрема сите. Нашиот Господ Исус Христос рекол дека нашата милост кон луѓето ја прима Он Самиот од нас; она што го правиме за нашите ближни - го правиме за Него.

124. Оној што им дал милостина на стотици што биле во немаштија, а можел да им даде и на други, можел да нахрани и да напои уште многумина, но ги одбил оние што му се молеле, тој ќе биде суден од Господа Исуса Христа, како да не Го нахранил Него. Зашто, во сите тие што му се молеле и што барале милостина од него е Он Самиот, Кој е нахрануван кога ги храниме гладните.

125. Оној што сега ќе им го даде на сиромасите сето она што им е потребно за нивното тело, а утре, иако има можност да го направи истото, ги занемарува своите браќа и ги остави да умрат од глад, жед и студ, тој Го оставил да умре, Го презрел Оној Кој рекол: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмили браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40).

126. Зашто, Господ благословил да се употреби со секого од сиромасите, за никој од оние што веруваат во Него да не се погордеат над својот брат, туку, гледајќи го во секого од нив својот Бог, - да се смета помал и поништожен од него и да знае дека тоа го прави за својот Создател, да биде готов за Него да го даде и целиот свој имот, така што Господ Исус Христос се предал Себеси и ја пролеал Својата крв за нашето спасение.

127. Кому што му е заповедано до го сака својот ближен како што се сака себеси, тој, се разбира, не треба така да го сака само еден ден, туку така треба да го сака во целиот свој живот. Така и оној на кому му е заповедано да дава милостина на секој што проси од него, таа заповед важи за целиот негов живот. Исто така, и оној што сака другите да му прават добро секогаш, и тој е должен да им го прави тоа на другите.

128. Оној што го сака својот ближен како себеси, тој не може да си дозволи да има повеќе од него, и оној што има, ако не го раздаде сето она што го има, не раздава сѐ додека има, така што и тој самиот да стане сиромав и не стане сличен со своите сиромашни браќа, тој нема да биде вистински извршител на Господовата заповед. Исто така, оној што има кај себе и најмала пара и макар еден залак леб, ако го испрати својот сиромашен брат, кој му бара милост, без ништо, и тој не ја извршува Господовата заповед, а сака во слични околности - другите да бидат милостиви спрема него. На тој начин, и оној што секој сиромав го хранел, го облекувал и правел за него сѐ што било потребно, а презрел само еден, само за еден не се погрижил, и тој ќе биде вброен кон оние кои Го презреле Господа Исуса Христа и Бога кога бил гладен и жеден.

129. Како некои Го заклучуваат Христа само во еден сиромав, кога е Он неразделно разделен и целиот е во секој сиромав? Сега да претпоставиме во нашиот ум, дека сто сиромаси се како еден Христос, зашто Христос потполно неразделно се наоѓа во секого од нив. И затоа, кога некој на деведесет и девет сиромаси им дал по една монета, а само на еден не му дал, туку го изгонил без ништо, што мислиш: кому му го направил тоа? Се разбира, тоа Му го направил на Самиот Христа, Кој рекол, вели и секогаш ќе говори: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмили браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40).

130. Од овие Христови зборови се гледа дека Господ го присвојува за Себе она што сме го направиле за сиромасите - за нашите сиромашни браќа. Зборовите негови: „И Мене не сте Ми го направиле“ (Матеј 45, 45), не се ограничуваат само со оние, со кои сме биле немилостиви, ни со оние што сме ги онеправдале, или оние со чија сопственост сме се користеле и на кои сме им направиле секакви други зла; овде се и оние што сме ги презреле. А самото тоа е доволно за да бидеме осудени, зашто, презирајќи ги нив, ние Го презираме Самиот Исус Христос.

131. Можеби ова на сите им се чини тешко, па затоа мислат дека се прави кога си говорат на себеси вака: „Кој може точно да го исполни сето тоа: сите да ги нахрани и задоволи и ниеден да не остави незадоволен и ненахранет?“ Но, да го слушнеме што говори за ова светиот апостол Павле, кој ги изговорил јасно следниве зборови: „љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова“ (2. Кор. 5, 14).

132. Како што главните заповеди ги содржат во себе сите одделни заповеди, така и главните добродетели ги содржат во себе сите одделни добродетели. На пример, оној што продал сѐ што имал и парите им ги разделил на сиромаси, станувајќи самиот сиромав, тој одеднаш со тоа ги исполнил сите заповеди, кои се однесуваат на ова. Тогаш тој веќе ќе нема обврска да им дава на сиромасите и нема да има можност да се оттргнува од оној што би барал од него. На таков начин и оној што придобил постојана молитва, со самото тоа ги исполнил сите заповеди за молитвата, па нема веќе потреба од извршување на обврската седумпати дневно да Го прославува Господа, или навечер, наутро и напладне, зашто тој веќе ги извршува сите молитви, со кои се молиме и ги извршуваме, според нашиот типик, во одредено време и час. Исто така, и оној што го има во себеси спасителното знаење што им го дава Бог на луѓето, откако го прочитал целото Свето Писмо и, како плод од тоа, ја собрал целата можна полза од тоа, тој веќе нема никаква потреба од читање книги. Зашто, каква потреба има од тоа оној, кој Го има Бога за свој собеседник, Кој ги вдахновил оние што ги напишале божествените книги, оној што ги има во себе отпечатени неискажливите сокриени Божји тајни? Напротив, тој самиот ќе биде за другите вдахновена книга, која ги носи во себеси новите и древните тајни, напишани во него со Божјиот прст, во него кој извршил сѐ и си починал во Бога од сите свои дела, - што е врвот на совршенствата.

133. Истечувањето на машкото семе за време на сонот обично бива од следниве причини: од прејадување, од суета и од ѓаволска завист. Но, се случува како последица на долго бдеење, од што се разнежнува телото за време на сонот, како и од стравот што го има оној што треба да ја служи божествената литургија, како свештеник или како обичен монах кога се приготвува да се причести. Тогаш оној што е опфатен со оваа помисла на својата постела од ова осквернување, штом ќе заспие, токму тоа му се случува поради ѓаволската завист. - И еве, уште од што може ова да стане: некој во текот на денот ќе види некое убаво лице и тоа ќе се отслика во неговите мисли, а кога си легнува со блудни помисли во себеси, без да има сили да ги изгони од себе, и во сонот му се случува ова осквернување, а понекогаш ова му се случува дури и во будна состојба, додека лежи на својата постела и додека уште не заспал. Ова бива и поради следнава причина: седат некои мрзливи мажи, слични на мене, и разговараат за страсните движења, било страсно или бестрасно, а потоа одат на спиење, размислуваат за тоа за што разговарале и заспиваат со овие мисли, а во сонот се изложени на оваа непријатност, а можеби уште за време на разговорот еден од нив бил искушан од другиот. Затоа, треба секогаш да внимаваме на себеси и да се поучуваме во зборовите на пророкот: „Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам“ (Псал. 15, 8), а слухот наш да го затвориме за таквите зборови. А некои често биле победувани со телесните движења тогаш кога затајувала нивната молитва, како што посочивме во главата за молитвата.

134. Покајанието не му оди на оној што богословствува, а и на оној што се кае не му оди богословствувањето. Зашто, колку е далеку исток од запад, толку е повисоко богословието од покајанието. Оној кој се наоѓа во состојба на покајание, тој се смета за болен, кој живее од ден на ден во своите немоќи или како сиромав облечен во партали и кој проси милостина. А оној што богословствува, тој прилега на човек што живее во царски дворец, во прекрасен царски раскош, кој секогаш се наоѓа близу до царот, разговара со него и од него лично ги слуша јасно неговите повелби и сѐ што сака. Овде се говори за состојбата на соѕерцанието, а не за научното богословие.

135. Умножувањето на познавањето на Бога станува причина за намалувањето на знаењето на сѐ друго; колку повеќе некој Го знае Бога, толку повеќе оскудува од знаењето на сѐ друго. И не само тоа, туку тој сѐ повеќе и повеќе доаѓа до сознание, дека не го познава ни Бога. Изобилството на Божјата светлина во духот станува потполно негледање на Бога и издигнување на едно чувство што е над секое чувство: нечувствување на сѐ што е вон него. И како може да се нарече чувство таквото чувство, кое и самото не знае што е, во што живее и што не може воопшто да го сфати сето тоа? А, и како може да му биде подложено на чувството она, што око не го видело, што уво го слушнало и што во срцето на човекот не се појавило?

136. Оној што ни го подарува она што е над секое чувство ни дава со благодатта на Светиот Дух едно друго чувство, кое е над сите чувства, за со него да ги чувствуваме чисто и јасно сите Негови дарови и подароци, кои се над сите чувства.

137. Кој е глув за Божјото слово, тој е глув и за секој Негов глас, а оној што го слуша словото Божјо, тој е способен да ги слуша сите Божји зборови; и тој никого не слуша, освен оние што говорат и поучуваат облагодатени од Светиот Дух, го слушаат она што безгласно се изговара со нивниот глас.

138. Кога е некој долу - во земното, тогаш тој да не го истражува она што е горе - небесното; и искачувајќи се нагоре, пред да стигнеш до врвот, не пројавувај љубопитство за дното, за да не се лизнеш и да паднеш, или подобро е да се каже, да не останеш долу, а да мислиш дека си горе.

139. Оној кој се збогатил со придобивање на небесното сокровиште: со доаѓањето и вселувањето во него на Христа Кој говори: „Мојот Отец и Јас ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23), тој знае од опит каква радост придобил, какво и колкаво сокровиште има во царските сокровишта на своето срце. Тој, разговарајќи со Бога, како пријател со пријател, смело стои пред лицето на Оној, Кој престојува во него во непристапна светлина.

140. Блажен е оној што верува во ова што го реков. А, преблажен е оној што се труди преку светите подвизи опитно да го добие знаењето за ова. Оној што преку подвизи и соѕерцанија се издигнал до висините на ваквата состојба и како чедо Божјо дошол до Самиот Господ Бог, тој е, за да не кажеме нешто повеќе, ангел.

141. Како што оној кој стои на морскиот брег, ја гледа бескрајната морска широчина, со својот поглед не може да го согледа нејзиниот крај, а гледа само еден мал дел од неа, така и оној, кој се удостоил преку соѕерцание да го согледа бескрајното море на Божјата слава и духовно да Го гледа и Самиот Бог, со своите духовни очи Го гледа Бога и бездната на Неговата слава, но не цела, толкава колкава што е, туку само толку колку што е тоа можно за него.

142. Како што оној што се наоѓа близу до морето, не само што го гледа, туку и може да влегува во неговите води, толку колку што сака, така е и со оние што достигнале духовно совршенство; и тие можат да влегуваат во Божјата светлина и да ја соѕерцаваат соодветно според нивните трудови, усилби и стремежи.

143. Како што оној кога стои на морскиот брег сѐ додека е надвор од водата, тој може да гледа насекаде наоколу и ја гледа морската шир; кога ќе почне да влегува во водата и ќе почне да потонува во неа, тогаш колку повеќе навлегува во неа, почнува да не гледа ништо друго освен неа. Така и оние што ја добиле духовната божествена светлнна, колку повеќе напредуваат во познавањето на Бога, толку повеќе, сообразно со тоа, доаѓаат до непознавање на сѐ што е надвор од Бога.

144. Како што оној што влегува во морето до колена или до половина, сѐ додека се наоѓа надвор од водата - гледа јасно сѐ околу себе, а кога ќе влезе подлабоко и ќе нурне под водата, кога целиот ќе навлезе во неговата длабочина, што подлабоко навлегува, тој веќе не гледа ништо што е над морската вода; знае само едно: знае дека целиот е нурнат во вода - во морската длабочина. Така е и со оние што напредуваат духовно и се издигнуваат во совршенство на знаењето и соѕерцанието.

145. Оние што преуспеваат во духовното совршенство, кога ќе се просветат во умот, тогаш ја гледаат славата на Господа и Божјата благодат ги учи подруго на едно знаење, се издигнуваат од соѕерцание во соѕерцание на познавање на она што е над сѐ што постои.

146. Оние што се приближуваат кон совршенството, гледајќи ја само делумно безграничноста на духовните работи и, сознавајќи ја нивната недостижност, се вчудовидуваат и доаѓаат до избезуменост; и што повеќе навлегуваат во нив и во светлината на знаењето, без да знаат и самите како, сѐ повеќе ја сознаваат својата немоќ. Она што им се чини некако помрачено, што им се покажува како во начадено огледало и делумно го осветлува нивниот ум што мисли за тоа, кога посакува да им се јави во поголема светлина и да се соединува со оној што се осветлува и го воведува внатре во него; така што тој целиот навлегува во длабочините на Духот, како во длабочина на неизмерливи светли води, - тогаш се издигнува во потполна несвесност каде и како навлегува таму, каде што е она што е над секое знаење.

147. Нашиот ум, бидејќи едноставен, откако ќе се ослободи од секаква туѓа помисла и ќе навлезе во Божјата свеглина и кога ќе биде целиот опфатен и скриен во оваа светлина, не може веќе да сретнува ништо освен оваа божествена светлина, во која се наоѓа, не помислува за ништо друго и не погледнува на ништо друго надвор од неа. Затоа се вели дека Бог е светлина, највозвишена светлина, а кога ќе настане ова, тогаш настанува успокојувањего на секое соѕерцание.

148. Кога умот што е секогаш подвижен ќе стане неподвижен и кога престанува да мисли, кога останува без мисли, кога целиот е покриен како со облак и светлина, сепак, останува во свесно соѕерцание и со чувства, наситувајќи се со тие блага, среде кои се наоѓа. Длабочините на Светиот Дух не се како морските длабочини; тие се жива вода на вечниот живот. Сѐ што се наоѓа таму, во длабочините на Светиот Дух, е недостижно за човечкиот ум и необјасниво. Умот навлегува таму откако ќе помине преку сѐ што е видливо и што може да се замисли, а меѓу тие несфатливи работи се движи и престојува неподвижно, живеејќи со животот што е над животот, бидејќи и самиот е светлина во светлина, а не затоа што е светлина самиот по себе. Тогаш тој не се гледа себеси, туку Го гледа Оној, Кој е над него и, бидејќи се изменува духовно тамошната слава, станува таков што потполно не се познава себеси.

149. Оној што стигнал до такво совршенство, тој станува мртов, а не е мртов; живее повеќе со животот на Бога, со Кого живее, зашто тој веќе не живее самиот за себеси, како што говори апостолот: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,2О). Исто така, тој станува како слеп и не како слеп; тој не гледа со своите телесни очи, бидејќи ослепел за секое телесно гледање, зашто веќе добил нови очи, со кои го гледа она што е над природата. Веќе не дејствува и станува неподвижен, бидејќи веќе ја завршил секоја своја работа. Тој веќе престанува да мисли, зашто се соединил со Оној, Кој е над секоја мисла и престојува таму, каде што нема место за никакво умување и движење кон споменување, помисли и размислувања. Немајќи можност да го сфати и да го познае непостижното и прекрасното, почива во оваа совршена починка со она неподвижно и блажено нечувствување, насладувајќи се нељубопитно со оние необјасниви блага, но со едно јасно и одредено чувство.

150. Оној што не се удостоил да стигне до ваква мерка на совршенство и да проникне во ваквите блага, тој треба да се обвинува себеси и да не се самооправдува и да говори дека е тоа неможно или дека вакво совршенство можеме да имаме само еднаш, а за него и да не знаеме. Нека за увери со точноста на ова со што го говори Светото Писмо и да знае дека ова е можно и вистинско и во самата стварност, дека за тоа можеме да знаеме, но дека се лишуваме од него затоа што ги нарушуваме и не ги извршуваме Божјите заповеди; заради тоа секој е виновен затоа што се лишува од овие блага - соодветно со својата неисправност.

151. Бог од почетокот создал два света - видливиот и невидливиот, и царувајќи над видливиот, кој ги носи во себеси карактеристичните црти на двата света, - едниот со својот видлив и другиот со невидливиот дел, - во душата и во телата. Во овие два света греат две сонца, - видливото и невидливото. И она што е материјалното сонце за видливиот свет, тоа е Бог за невидливиот свет, - Бог кој се именува „Сонце на Правдата“. Материјалниот свет и сѐ што е во него - е осветлувано од Духовното сонце - од Сонцето на Правдата. Материјалниот свет се осветлува со видливото сонце, а духовниот од духовното; едното и другото осветлување не се мешаат и не се сливаат во едно меѓу себе - ни духовното со материјалното, ни материјалното со духовното.

152. Од сѐ што е видливо и духовно, Бог само човекот го создал со двојна природа. Тој има тело, кое е составено од четирите стихии, чувство и дишење, - и душа духовна, не материјална, не телесна, која е соединета неискажливо и неиспитливо, сорастворена неслеано, и соединета непомешано со она што е во телото. И еве што е човекот, - живо смртно и бесмртно суштество, материјално и духовно, видливо и невидливо, телесно и духовно, видливо создание со духовни особености. Како што двете сонца разделно дејствуваат секое во својот свет, така дејствуваат тие на секоја страна од човекот: едното сонце го осветлува телото, а другото - душата. И едното и другото сонце од својата светлина ги осветлува и едното и другото, богато или оскудно, спрема тоа колку тие можат да примаат.

153. Материјалното сонце е видливо, но тоа самото не гледа; духовното сонце можат да го видат достојните, а тоа ги гледа сите што не можат да го видат. Материјалното сонце не зборува и никому не му дава сили и способности да говори, а духовното сонце и самото им говори на своите пријатели и на сите луѓе им дава способности и сили да можат да говорат. Материјалното сонце, греејќи ја земната градина, само ја исушува со топлината на своите зраци влагата на земјата, а не ги храни и не ги унапредува растенијата и семињата; а духовното сонце грее во душата и ги пројавува истите дејствувања: ја исушува влагата на страстите, очистувајќи ги нечистотијата и смрдеата, кои произлегуваат од нив, а на духовната земја ѝ дава подобрување со тоа што ѝ ја дава божествената благодат, со кои се прихранува и наситува, и постепено на неа, малку по малку, напредуваат сите добродетели.

154. Материјалното сонце, кога ќе изгрее, го осветлува материјалниот свет, и сѐ што е во него: луѓето, животните, растенијата и сѐ друго што е во светот; над сето тоа еднакво ја просипува својата светлина; царува на пладне, а потоа заоѓа и ги остава во темнина сите места, над кои греело и светело. А духовното сонце, такво изгреало, секогаш грее, секогаш свети, става сѐ во сѐ, а истовремено се одделува од своите твари и неодделно одделно живее од нив, зашто е сѐ во сѐ и никаде не е само во своите твари, така што да не биде и во други места. Тоа е целото во сѐ што е видливо и невидливо; целото е секаде присутно и никаде не е целото исклучително.

155. Христос е почетокот, средината и крајот. Он е и во првите, и во вторите, во средните и во последните, како што е во првите, така е и во последните. За Него нема разлика меѓу нив. За Него, „нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“ (Гал. 3, 28).

156. Светата љубов ги проникнува сите од првите до последните, сите ги соединува со себеси, ги сврзува и ги соединува, ги прави силни и непоколебливи. Таа им се открива еднаква на секого и на сите таква каква што е. Таа е Бог, кај Кого и со Кого и последните се први, и првите се последни.

157. Како што духовните чинови на небесните сили се осветувани од Бога по ред, така што божествената светлина проникнува од првите чинови во вторите, од вторите - во третите и така натаму сѐ по ред, така и светиите, бидејќи осветувани од светите ангели, сврзувани и соединувани од Светиот Дух, стануваат со иста чест заедно со нив и слични на нив. Потоа, светиите, кои се појавуваат од генерација во генерација, од една епоха во друга, по светиите што биле пред нив, преку извршувањето на Божјите заповеди, се присоединуваат кон нив, кон оние што биле пред нив и, добивајќи ја Божјата благодат, светлеат слично на нив, па сите заедно, едни по други, на тој начин прават некаква златна верига и секој од нив е особена посебна алка од оваа верига, се присоединуваат кон претходните алки преку верата, добрите дела и љубовта. Оваа верига се утврдува во Бога и не се раскинува лесно.

158. Оној што не пројавува со сета своја љубов и со сета своја желба со смирена мудрост да се соедини со временски последниот светител, со последниот од сите светии, пројавувајќи некакво неверување кон него, тој никогаш нема да се соедини и со претходните и нема да биде ставен во ред заедно со претходните светии, иако можеби му се чини, дека ја има сета вера и сета љубов кон Бога и кон сите светии. Таквиот ќе биде исфрлен од нивната средина, затоа што не посакал да застане на своето место, кое Бог му го одредил пред сите векови и да се присоедини со временски последниот светител, како што му било определено од Бога.

159. Колку Бог сака да Го познаеме, толку и ни се открива, и колку ќе се открие, толку можат да Го видат и да Го познаат достојните. Но, и со ова никој не може да се удостои и да го доживее, ако пред тоа не се соедини со Светиот Дух, откако претходно, преку трудови и пот, придобил срце чисто, едноставно и скрушено.

160. Оној што ќе почне да му одржува предавања по реторика и филозофија на оној што уште ја учи азбуката, не само што нема да му придонесе никаква полза, туку ќе го одврати и од она што почнал да го учи; ќе го заборави и она што го научил, затоа што неговиот ум не ја прима науката што му се предава, така и оној, кој им ги објаснува последните степени на совршенството на оние што се почетници во духовниот живот, особено на оние најмрзливите меѓу нив, не само што ништо не им користи, туку ќе направи тие одново да се вратат во светот. Зашто, кога ќе ја погледнат височината на добродетелите и колку се далеку од нивниот врв, тогаш, откако ќе помислат дека никогаш нема да се искачат на тој врв, ќе ги отфрлат и оние неколку добри дела, кои почнале веќе да ги прават, ќе помислат за тоа колку се некорисни и ќе потонат во безнадежност.

161. Кога оној, со кого владеат страстите, ќе слушне дека и совршениот човек во Бога се смета понечист од сите луѓе на светот, понечист од секое животно и од секој ѕвер, дека се радува кога го понижуваат, дека благословува кога го гонат и кога трпи, и со солзи и со болка искрено Му се моли на Бога за своите непријатели, - тој најнапред не верува во сето тоа, сметајќи дека е и тој сличен на него; а потоа, изобличуван од Светото писмо, е побиван од страна на сите светии, кои го покажале и потврдиле сето тоа во својот живот, - сознаваат дека не можат да се издигнат до такво совршенство; а кога ќе слушнат, дека, ако и тие не почнат така да постапуваат не ќе можат да се спасат, тогаш, не сакајќи да отстапат од своите навики и да се покаат за своите гревови, паѓаат во безнадежност.

162. Таму каде што има длабоко смирение, таму е посетувањето на Светиот Дух, а кога ќе дојде благодатта на Светиот Дух, тогаш кај оној што почнува да биде под Негово дејство, се јавува секоја чистота и светост. Тогаш тој Го гледа Бога и Бог го гледа него. Зашто, и Господ говори: „А еве на кого ќе погледнам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово (Иса. 66, 2).

163. Човекот може да ги победува страстите, но не може да ги искоренува. Тој добил власт да не прави зло, но не добил власт да не помислува на злото. А вистинската побожност не се состои само во тоа да не правиме зло, туку и во тоа - да не помислуваме за него. Оној што помислува за злото, - во него нема чистота. Зашто, како може да има чисто срце оној, кој го валка со своите нечисти помисли; тоа тогаш се затемнува како што се затемнува огледалото од прашината.

164. Јас мислам дека чисто срце има не оној кого не го вознемируваат и оптоваруваат страстите, туку само оној кој е далеку дури и од секоја помисла за нешто лошо или земно, дури и кога би сакал само мислата за Бога со љубов да ја задржува во себеси. Зашто, умот, окото на душата, кога ништо не му пречи на неговото соѕерцание, тогаш е чисто и во чиста светлина Го гледа Бога.

165. Јас сметам за бестрасност не само кога некој се оддалечува да го прави она кон што го влечат неговите страсти, туку кога е туѓ на секаква похот. Но, не само и тоа, туку тогаш кога неговиот ум ја нема во себе и самата помисла за неа и слободно се издигнува и над самото небо, секогаш кога ќе посака, и на сѐ што е видливо и земно, како да се неговите грешни побуди сосема преградени, а умот негов се наоѓа во областа над сѐ што е видно и земно, но сепак, ги има со себе и своите чувства, и како орел се издигнува на своите моќни крила над сѐ видливо и земно.

166. Ниту умот без чувствата не ги пројавува своите дејствувања, ниту чувствата го прават тоа - без умот.

167. Чисто срце е и се нарекува она, во кое нема никаква земна мисла или помисла, но целото е прилепено кон Бога и соединето со Ного, кое веќе не си спомнува за ништо во овој свет, ни за тажно, ни за радосно, туку достојно се наоѓа во соѕерцание, издигнувајќи се до третото небо, навлегува во рајот и го гледа наследството на благата, кои им се ветени на светиите и, потоа, колку што е можно за човечките немоќи, си ги замислува вечните радости. Ете, ова е белегот за чистотата на срцето и вистинскиот знак, според кои секој може да ја определи мерката на својата чистота и да се види себеси како во огледало.

168. Како што оној, кој се наоѓа надвор од некоја куќа, не ги гледа оние што се во неа, така и оној што се распнал за телото и умрел за светот, нема никакво чувство за работите и делата на светот.

169. Како што мртвото тело нема никакво чувство ни спрема живите, ни спрема мртвите тела, кои лежат заедно со неговото, така и оној што со силата на благодатта на Светиот Дух излегол од светот и се наоѓа - нема никакво чувство спрема светот, ниту има некаква страсна приврзаност кон овој свет, иако е тој подложен на телесните потреби.

170. Постои смрт и пред смртта на телото, а пред воскреснувањето на телото има воскреснување на душата, - на дело, со опит, со сила и со вистина. Зашто, кога смртното е уништено од бесмртниот ум - животот ја изгонува смртноста. Тогаш душата како да воскреснала од мртвите, - се здогледува себеси, се гледа како да се разбудила од сон и Го распознава вистинскиот Бог, Кој ја воскреснал од мртвите; размислува за Него, Му благодари, излегува надвор од граници на чувството и од целиот свет; исполнета е со неискажлива сладост и со тоа прави да стивне секое смртно движење.

171. Во спасителниот живот, едно внесуваме ние со нашите сили, а другото ни го дава Бог. Колку повеќе се чистиме со помошта на нашите лични трудови и свети подвизи, толку повеќе сме осветлувани од божествената светлина. Тогаш повеќе се очистуваме и со нашите солзи, принесувајќи ги од нас солзите и, место нив, од Бога ја добиваме светлината на скрушеноста.

172. Многумина, принесувајќи Му на Бога нешто од она што е нивно, не го добиле од Него она што обично им го дава на луѓето. Ова се потврдува со она што го направиле Каин и Исав и како пострадале. Зашто, ако не Му го принесуваме своето на Бога со чиста помисла, со побожна расположба, со вера и со големо смирение, тогаш Бог нема да ги погледне тоа милостиво и нема да го прими таквиот принос, а откако не го прими ова, тогаш не им го дава на таквите приносители она, што обично го дава во таквиот случај.

173. За светиите се мртви и светот и луѓето во него. Зашто, како што луѓето на овој свет не ги гледаат добрите дела на светите мажи, и слушајќи никако не можат да ги разберат нивните божествени зборови, кои им се даваат со благодатта на Светиот Дух, така и духовните свети луѓе не можат да ги видат лошите дела на лошите луѓе од овој свет, ниту можат да ги сфатат нивните страсни зборови; та, гледајќи - не го видат и, слушајќи - не го слушаат она што се однесува на луѓето од овој свет. Тие се наоѓаат во таква божествена состојба и расположение - како да слушаат и да немаат чувство за сето тоа. На тој начин, не постои никакво општење меѓу духовните и световните, како и меѓу световните и духовните.

174. Како што е очигледна разделеноста меѓу светлината и темнината, и како што е неможно мешањето меѓу нив, како што говори и светиот апостол Павле: „...Што општо има меѓу светлината и темнината?...Или, што општо има меѓу верник и неверник?“ (2. Кор. 6,14-15); иста таква разделба постои меѓу оние што Го имаат Светиот Дух и оние што Го немаат. Зашто, духоносците го имаат својот живот на небото. Тие станале нешто повеќе од ангели, а оние што Го немаат Светиот Дух, тие се уште се наоѓаат во прародителската темнина и во сенката на смртта; приковани се кон земјата и кон земното. Духоносците се осветлени со изобилна духовна светлина, која никогаш не се помрачува, а луѓето од овој свет се осветлувани само со материјалната светлина. Првите се гледаат себеси, ги гледаат и ближните, а оние другите се гледаат себеси и ближните како умираат со душевна смрт; тие не знаат и не веруваат дека ќе има воскресение на мртвите, и Суд, и награда и казна, на секого според неговите дела.

175. Дали Го имаш Светиот Дух во себе, тоа можеш точно да го видиш и да го дознаеш од Неговото дејство во тебе, како што говори и светиот апостол Павле: „А каде што е Духот Господов, таму има слобода“ (2. Кор. 3,17); „ако е, пак, Христос во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради правдата“ (Рим. 8, 10); „оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Г ал. 5,24). За оние што се крстиле во Светиот Дух се облекле во целиот Христос, станале синови на светлината и одат во непомрачена светлина, го гледаат светот, а не гледаат, и, слушајќи го, не го слушаат. Како што е напишано за луѓето од овој свет, за телесните од овој свет: дека гледаат, и не видат, дека слушаат за божествените работи и не разбираат ништо што се однесува на духовното, така што им се чинат лудост. На ист начин размислувај и за оние што Го имаат Светиот Дух: иако имаат тело, нетелесни се, како што говори светиот апостол Павле, велејќи: „Вие живеете не по тело, туку по дух, само тогаш, ако Духот Божји живее во вас“ (Рим. 8,9). Тие се мртви за светот и светот е мртов за нив, како што говори истиот апостол, како да говори за себеси: „За мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6,14).

176. Како човекот што е двоен - од душа и од тело, така и светот, слично на него, е двоен - видлив и невидлив; секој од нив има свои дела и свои грижи за нив. Ова истото го наоѓам во виденијата и во соновите. Она со што е душата зафатена и за што говори кога е во будна состојба, за тоа што сонува, за тоа мечтае и за тоа филозофира: ако целиот ден го изминала во грижи за човечки работи, за нив се грижи и кога сонува, или, ако во време на својата будна состојба се грижи за божествените и небесни работи, таа ги гледа нив и кога спие и сонува и помудра е преку виденијата, според зборовите на пророкот: „Младичите ваши ќе видат привиди и старците ваши ќе сонуваат соништа“ (Дела 2,17; Јоил 2,28-29). И не се прелестува со лажни сонови, но во своите сонови и виденија го гледа само она што е вистинско и се поучува од нив.

177. Кога пожелниот дел на душата тежнее кон страстите, задоволствата и насладите на овој свет, тогаш и соновите што ги гледа се слични на нив. И кога се лути и беснее против своите еднородни браќа, тогаш и во своите сонови гледа ѕверови и лазачи, војни и битки, караници и расправии со оние, со кои е скаран. Кога умствениот дел на душата се воздигнува во суета и гордост, тогаш сонува како лета како на крила и како седи на високи судски и владетелски престоли, како учествува во свечени процеси и среќавања и друго слично.

178. Само оние имаат вистински виденија во своите сонови, чиј ум се ослободил од секакво измачување и робување на страстите, со благодатните сили на Светиот Дух, чии грижи се само за она што е божествено и чија мисла е зафатена со помислата за Страшниот суд и за казните и наградите во вечниот задгробен живот; чиј живот е издигнат над секојдневните грижи и наслади, тој е полн со мир, чистота, милост, мудрост, небесни виденија и други духовни плодови, зашто во нив дејствува Светиот Дух. А оние што не се такви, нивните сонови се лажни и неуредни; сѐ што е во нив - измамливо е и прелесно.

179. Оној што го умртвува своето тело - станува секако безмолвник и се откажува од својата волја, а од она што е живо и самоподвижно ништо нема без своја волја, освен она што нема чувства и движења. Растенијата се движат некако внатрешно и растат; тие свои движења не ги прават по својата сопствена волја, затоа што немаат душа. Но, секое живо суштество има своја душа и своја природна волја. Па така, кој ќе ја умртви својата волја со силата на својот подвиг и со своето особено внимание и настојување, свртени кон тоа, и успее да стане безволен, тој очигледно излегол надвор од својата природа, излегол надвор од себеси, и веќе не сака со силата на својата волја; не прави ништо сам - ни добро, ни лошо.

180. Оние што успеале да станат едно со Бога, да се соединат со Него, со силата на Светиот Дух, и да вкусат од Неговите неискажливи блага никој од ваквите не се насладува со празна, нечесна и ништожна слава, која му ја даваат луѓето. Тој не посакува дури и пари, ни скапоцени облеки, ни скапоцени камења, како што ги нарекуваат неразумните луѓе, не сакаат да го прилепат своето срце кон имот и богатство, ни кон недвижното, ниту кон движното, кое преминува од еден кон друг; не сака да им биде познат на царевите и началниците, кои всушност не се никакви началници и господари, зашто страстите владеат над нив; тој не ги смета за ништо големо; не сака да им биде близок ни на оние славните и прочуените луѓе од овој свет, а оние што се од овој век - никој од нив не сака да биде сиромав, неславен, презрен и отфрлен.

181. Тој кој говори многу со својата уста кога се моли; тешко е да му се каже што треба да говори за време на својата молитва, но оној што се моли со малку зборови, тој може да знае што говори кога се моли. Оние што знаат добро што говорат кога се молат не може да говорат многу за да не го расеат својот ум. Нема потреба многу да Му говориме; Нему треба да Му говориме малку, но со разбирање, за да се разбира она што го говориме. Впрочем, разумната молитва е неможна, ако не станеме соединети со Светиот Дух. Ако некој не се здружи со Бога преку Господа Исуса Христа во Светиот Дух, неговата душа не може да се моли со разумно сознание, како што вели еден од големите свети оци: „Светиот Дух е силата, со која се молиме како што треба. Затоа оној што мисли дека со песни Го прославува Бога, тој всушност Го хули Бога - ако не е чист и, ако уште не се здружил со Него.“

182. Како што оној, кој постојано го гледа материјалите сонце, претрпува промена во својот очен вид: не може потоа да гледа ништо друго од видливиот свет, туку да го гледа само сонцето, - така и оној, кој со својот ум и со своето срце постојано го гледа духовното сонце на правдата, и без да сака, претрпува промена во своето умствено гледање: тој веќе не може ништо од земните работи да си замисли, туку секогаш и во сѐ Го гледа само Бога.

183. Го прашале еднаш светиот и блажен Симеон за тоа каков треба да биде свештеникот, а тој одговорил: „Јас не сум достоен да бидам свештеник, но точно знам каков треба да биде свештеникот. Пред сѐ, тој треба да биде чист не само по тело, но и по душа, а притоа да не биде соединет со никаков грев. Второ, тој треба да биде смирен не само во своето телесно однесување и дејствување, но и во своето внатрешно расположение. Трето, кога стои пред светата трпеза, тој треба неизоставно, гледајќи ги со своите телесни очи Светите Дарови, духовно да Го соѕерцава Бога. И не само тоа, туку и Оној Самиот Кој невидливо е присутен во Светите Дарови, така што на тој начин да може смело во своето срце сознателно да ги вознесува своите молитви кон Бога и, како пријател со пријател, да Му говори: ,Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“ (Матеј 6,9), затоа што оваа молитва покажува дека оној што ја изговара оваа молитва Го има во себе вистински Синот Божји, заедно со Отецот и Светиот Дух. Простете ми, отци и браќа, ја сум видел вакви свештеници.

184. Тој го говорел уште и ова, како да говори за некој друг, а не за себеси, сокривајќи се на тој начин и, бегајќи од човечката слава, објавувајќи го тоа од љубов спрема ближниот за општа корист на сите, велејќи: „Никогаш не сум служел света Литургија без да Го видам Светиот Дух, како што Го видов слегнат на мене тогаш кога ме ракополагаа и кога митрополитот ја читаше молитвата за свештеничкото посветување и кога неговиот омофор беше врз мојата глава“. Тогаш јас го прашав: „Како Го виде и во каков вид беше.“ Тој ми рече: „Едноставен и без никаков вид, но како светлина. И кога го видов тоа што никогаш не бев го видел, јас се вчудовидев и самиот во себе размислував што би можело тоа да биде, тогаш Он таннствено, но со јасност ми рече: „Јас вака слегувам на сите пророци, и на апостолите и на сегашните Божји избраници и светии, зашто Јас сум Светиот Дух Божји“. Нему нека Му е слава и сила, во сите векови и во целата вечност. Амин.