Преподобен Никита Ститат

Преподобен монах и презвитер на Светата студиска обител

1. Има четири причини што нѐ поттикнуваат да пишуваме за работите, кои се корисни за спасението на душата. Првата е слободата. Овде ја разбирам самата бестрашност на душата, која преку напорно дејствување стигнала до природното соѕерцание на творението и оттаму се навлегува во длабочината на богословието. Втората е чистотата на умот, која се придобива од солзите и молитвата; од чистотата на умот се раѓаат благодатните зборови и извира потокот на спасоносните разбирања. Третата е - вселувањето во нас на Света Троица, од Која произлегува зрачењето на Духот, за полза на секого од очистените, за пријавување на тајните на небесното царство и за раскривање тајните на Божјите сокровишта на душата. Четвртата е добиениот талант „словото на мудроста“ (1. Кор. 12,8), кој сме го добиле од Бога, со кој сме задолжени пред Бога, според реченото во Светото евангелие: „Лукав и мрзлив слуго! Ти знаеше дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум веел, затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога дојдам ќе си го приберам своето со интерес“ (Матеј 25,26-27). Поради истото и светиот пророк Давид говори: „Не и бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив вистината Твоја и спасението Твое; и не ја затаив Твојата милост и Твојата вистина од собранието“ (Псал, 39, 940).

2. Почетокот на животот според волјата Божја е - потполно оддалечување од светот. Ова оддалечување е отфрлање на сите пожелби на душата и изоставање на земното мудрување. Па така, оддалечувајќи се од земното мудрување - стануваме од телесни духовни, умираме за телото и за светот, а ќе бидеме оживотворени во душата во Христа и во Духот.

3. Знаењето за Бога е вистинско, верата е длабоко внедрена кога ќе се презре сѐ што е видливо, а добродетелното дејствување - далеку е од самољубието - од духовите на лукавството: „И јажето трипати усукано, нема лесно да се скине“ (Проп. 4,12).

4. Со вера чекаме да добиеме награда за нашите трудови; затоа лесно ги поднесуваме трудовите сврзани со правењето на доброто. Уверувани во ова од Светиот Дух - со љубов се издигнуваме кон Бога.

5. Не тогаш кога нѐ напаѓаат нечисти помисли - со тоа не сме виновни како да правиме грев, туку тогаш, откако во нашата душа ќе ослабат усилбите на ревноста за доброто и кога умот, поради небрежното и неуредно однесување, ќе почне пак да се враќа кон нејасните и мрачни вообразби и кога добродетелните трудови, поради мрзливоста во богомислието и молитвата - ќе престанат. Тогаш, макар да не правиме лоши дела, веќе се вбројуваме кон оние кои доброволно се валкаат во калта на нечистите сласти.

6. Кога ќе ослабат возвишените чувства, тогаш веднаш се подигнуваат страстите и почнуваат да дејствуваат ниските чувства. Кога овие неразумни и страсни чувства, откако ќе бидат одврзани од веригите на воздржувањето и зауздувањето, се нафрлаат врз предметите на страстите, се хранат со нив и се насладуваат со нив, останувајќи ненаситни сѐ додека продолжуваат да се наситуваат и насладуваат со нив, бидејќи не можат кога не се ослободени од веригите на воздржувањето - всушност, тие се само предаваат на она, кон што имаат природен стремеж.

7. Едни од чувствата, како што се гледањето и слухот се духовни и се повозвишени и погосподствени, а другите, вкусот, мирисот и допирот - се недуховни; имаат назначение да им служат на духовните. Зашто, најнапред гледаме и слушаме, а потоа нѐ движи помислата, го допираме дадениот предмет, го осознаваме и потоа му го предаваме на вкусот. На тој начин, трите последни чувства се повеќе животински и им служат на духовните; со нив главно се служат животните и ѕверовите, кои се ненаситни и похотливи, и дење и ноќе ненаситно се полнат со храна и невоздржливо тежнеат да се соединуваат.

8. Оној што дејството на надворешните чувства го заменува со внатрешните: гледањето - со устремувањето на умот со гледањето на светлината на животот, слухот-  со духовното внимание, вкусот - со разумното расудување, мирисот - со умственото постигнување и со духовни чувства, допирот - со будната трезвеност на срцето, тој, таквиот, на земјава живее ангелски живот; него луѓето го гледаат како човек, а за ангелите и тој е како ангел.

9. Преку гледањето на умот ја примаме божествената светлина и знаењето на скриените Божји тајни; со душевното внимание проникнуваме во срцето и располагаме со разумот, а со помислите правиме меѓу нив разлика на добри и лоши; со разумното расудување, како со осетот за вкус ги распознаваме видовите на разбирањата, и оние што растат од горчливиот корен или се претовараат во слатка храна за душата, или се сосема отфрлени, оние растенија што се добри и напредни - ги примаме и „поробуваме секој разум за да Му биде покорен на Христа“ (2. Кор. 10,5); преку духовниот осет за мирисање го мирисаме мирото на благодатта на Светиот Дух, исполнувајќи се со веселби и со духовна радост; преку будната трезвеност на срцето умствено чувствуваме - како Духот Одозгора го оросува пламенот на нашите добри желби или ги стоплува нашите сили, оладени под дејството на страсниот студ.

14. Оној што ја бара славата од луѓето која е ништожна, со увереност дека таа вреди нешто, го сака сластољубието со душевна ненаситност и алчност, наситно му се предава на среброљубието; тој преку високото мислење за себеси и преку гордоста или се претвора во демон, или се уподобува на животните, преку поробувањето на похотите за јадење и пиење и блуд, или станува како ѕвер за своите ближни преку ненаситното и нечовечно среброљубие. Зашто, според зборовите на Господа, таквиот отпаѓа од верата во Бога затоа што ја бараат и примаат славата еден од друг (сп. Јован 5,44) - се одвраќа од целомудрието и чистотата, затоа што ненаситно се насладува со распалувањето на блудот и се потчинува на блудните желби; се оддалечува од љубовта, зашто се грижи само за себеси, а на бедните ближни, кои имаат потреба од негова помош - ништо не им дава и не ги пригледнува. Преку сето тоа станува како некакво чудовиште, составено од многу противречности; тој е противник и на Бога и на луѓето и на животните.

15. Гневот, желбата и разумната сила на умот, кога се во својата природна состојба и додека дејствуваат согласно со неа, тогаш го прават човекот да биде божествен и боговиден, секогаш да дејствува сигурно и никако да не отстапува од своите природни граници. Воколку се оттргнува од природното нивно дејствување, од она што ѝ е својствено на нивната природа, тогаш човекот, како што е речено, станува некакво чудовиште, составено од многу противречности.

16. Гневот стои меѓу желбата и разумната сила на душата, служејќи им на обете сили како оружје, без оглед на тоа дали дејствуваат природно или противприродно. Кога пожелната и разумната сила на душата дејствуваат според својата сила, устремувајќи се кон божествените работи, тогаш гневот им служи и на едната и на другата сила за оружје на правдата против злобната змија, која им нашепнува и им предлага да вкусат од сластите на телото и да ѝ се радуваат на човечката слава. А кога ќе се оддалечат од своето природно движење и ќе се свртат кон противприродното, а и својот труд и своите знаења од божествените ги пренесуваат на човечките работи, тогаш тој служи за нив како оружје на неправдата, со кои се бори и војува против сѐ што станува пречка за остварување на неговите похоти и стремежи, така што човекот, среде црквата на верните се јавува или да дејствува или да соѕерцава или да богословствува - кога дејствува според природата; или како животно, или како ѕвер или подобен на демон - кога ќе се сврти кон она што е противприродно.

17. Ако најнапред преку страдално покајание и засилени подвизи не ги преобразиме нашите душевни сили и не ги направиме такви, какви што биле и какви што ни ги дал Бог во почетокот, кога го создал Адама, кога му дувнал во него дух на животот. Тој тогаш не може да се препознае себеси, ниту може да придобие помисла кога ќе ги совладува страстите, мисла која нема да биде горделива, љубопитна, лукава, туку таква што ќе биде едноставна, смирена, туѓа на зависта и на клеветата преку пленување на секоја помисла за да Му биде послушен на Христа. Но, и душата негова никогаш нема да гори и да пламне со љубов кон Бога, која нема да ги преминува границите на воздржанието и нема да се задоволува со радоста на светите. А, ако тоа не го придобие, тогаш и срцето нејзино никогаш не ќе може да биде кротко, смирено, негрижливо, благо, непредизвикувачко, полно со милост, срдечност, зашто таа тогаш станува сама против себеси, ги истоштува своите сили, така што не е во состојба да ги прима во себе зраците на благодатта на Светиот Дух.

18. Кој на ваков начин нема одново да ја прими во себе првобитната убавина и одново не ги изобрази својствените црти на ликот на Оној, Кој во почетокот го создал според Својот образ, како ќе може оној што се исполнил со темнина - да се соедини со Оној Кој е вистинска светлина? Оној што не се соединил со Оној, од Кого го добил почетокот на своето битие и од ништо почнал да постои и добил власт над сите созданија како неподобен на својот Создател, - каде ќе биде отфрлен откако ќе се оддели од Него? Ова им е јасно на оние што гледаат, иако јас ќе го премолчам.

19. Сѐ додека ги имаме во нас материјалностите на страстите и додека ги сакаме нивните причини, без да сакаме да се ослободиме од нив, сѐ дотогаш нивната сила нѐ измачува и владее над нас, примајќи ја таа и таквата власт од нас самите. А кога ќе ги отфрлиме од себеси и срцето наше ќе го очистиме преку покајание, кога ќе ја намразиме измамата од видливите работи и кога ќе стануваме осенувани со благодатта на Светиот Дух, - тогаш Го гледаме Бога и Бог нѐ гледа нас.

20. Оние што се ослободиле од страсната приврзаност кон светот, тие живеат во слобода од секакво поробување на чувствата; тие живеат за Единиот Дух и со Него разговараат, како да се движени од Него, преку Кого се соединуваат и со Отецот и со Словото, Кој е едносуштен со Него и, според свети апостол Павле, и станува еден дух со нас. И таквите не само што се неуловливи од демоните, туку се и страшни за нив, зашто се соединети со божествениот оган и самите стануваат оган.

21. Усетот на допирот не е некое одделно чувство кое го пројавува своето дејство само во еден дел од своето тело, туку е општо, раширено по целото тело. Затоа, кога тоа е страсно приврзано кон телесните работи и кога ќе допре нешто без потреба, тогаш и умот се колеба со страсни помисли. А кога ќе се одрече од секакви нежности и ги победи телесните, ако се допре по некоја неопходност до некаква природна потреба, тогаш тоа не ги колеба телесните чувства.

22. Кога умот ќе се пресели кон неприродните работи, "тогаш чувствата кои се во своите граници влегуваат бестрасно во допир до предметите на страстите, испитувајќи ги само нивните причини и нивната природа, и со вера ги определува нивните дејства и својства, без да имаат кон нив пристрасност и без да има спрема нив желба противна на природата.

23. Духовните подвизи и трудови раѓаат духовна радост на што му претходи смирувањето на страстите. Поради тоа она што е за луѓето кои се заробени од телесните чувства, - тешко и непријатно, тоа е за онаа душа, која е опфатена од духовни трудови, која со труд и свештени напори придобила љубов спрема Бога и е копнежлива за придобивање на божествените знаења, - сето тоа ѝ е лесно и сладосно. А за оние што се предани на успокојувањето на телото и насладувањето со телесните наслади, - трудовите и добродетелните подвизи се непријатни и жестоки, зашто тие не ги нзмивале задоволствата со солзни потоци, а за онаа душа што Му служи на Бога и се труди за Него - тие трудови се и сакани и пожелни. Бидејќи таа се гнаси од задоволствата кои ѝ причинуваат зло, се ослободила од секаква страсна приврзаност спрема нив, од секаквото самољубиво угодување на телото, - за неа е тешко само едно: одморот од трудот и престанувањето на подвизите. На тој начин, она што на едните им служи за телесно задоволство, за душата, која потполно му се предала на божественото - ѝ причинува жалост, а она што ѝ причинува задоволство на неа - за другите е причина на воздивнување и измачување.

24. Трудовите и подвизите, во почетокот, им се чинат на сите тешки; духовните подвизи се напорни за сите. А кога ќе почнат со желба да се вежбаат во нив, со цел да ги обноват во себе добрите расположенија и стигнат успешно до средината на подвигот, тогаш овие трудови стануваат за нив извор на некаква прекрасна радост. А на крајот, кога ова мртво мудрување на телото ќе биде жртвувано за бесмртниот живот, кој е даруван со осенувањето на Светиот Дух, во оние, кои се наоѓаат во незаморни трудови, копнеат кон последните граници на добродетелите, тогаш тие се исполнувани со неискажлива радост и веселба, зашто преку тоа, во нив самите, се отвараат извори на солзи и слатки струи на дожд одозгора, кој излива утеха.

25. Ако сакаше да стигнеш до последните граници на добродетелта и непогрешливо да го најдеш патот кон Бога, не давај им: „сон на очите твои, ни дремка на веѓите твои, ниту одмор на слепоочниците твои“ (Псал. 131,4), сѐ додека преку многу трудови и солзи не го најдеш местото на бестрастието за истоштување на твојата душа и не влезеш во светилиштето на Божјото знаење и, преку Неговата ипостасна Премудрост, не проникнеш разумно во последната мисла на човечките дела и, откако презреш сѐ земно, не истрчаш на високите планини на соѕерцанието.

26. Краткиот пат за придобивање на добродетелта е молчењето на устата, затворањето на очите и затнувањето на ушите. Зашто, на овој начин, умот, ползувајќи се со недејствувањето на овие сетила, ги заклучува сите влезови во себе однадвор, почнува да гледа во себеси и во ова што се случува таму, и веднаш испитува какви сѐ мисли пловат таму, по духовното море на помислите, и какви помисли се фрлани на огништето од неговото расудување, за да дознае дали се чисти или се помешани со горчливите семиња, дали се дадени од Ангелот на светлината или се непотребни лоши треви, посеани од противниците на светлината, од мрачните сили. На тој начин, тој стои среде помислите, како некој силен господар, ги зауздува и ги одделува добрите од лошите, па едни од нив ги става во својата духовна житница, како лебови замесени со божествена вода и испечени со огнот на Духот, па, хранејќи се со нив, закрепнува и се исполнува со светлина, - а другите ги испраќа во длабочината на заборавањето, ослободувајќи се од нивната горчина. Впрочем, ова го постигнува само оној, кој духовно тргнал по патот што води сигурно кон небесата и кон Бога, откако ги соблекол од себе грозните партали на темните страсти.

27. Онаа душа што одлучно ги отфрлила од себеси секое лукавство и непотребното мудрување на најбезумната гордост, а место него се збогатила со просто и незлобливо срце, под дејство на наитието на Светиот Дух, Утешителот, - таа секогаш е во себеси и во Бога, и сѐ што гледа и што слуша во областа на верата - го смета за точно и вистинско, бидејќи преминала преку бездната на неверието и се издигнала над адската завист.

28. Пред сите добродетели оди искрената вера, под водство на мислата - душата не се колеба, туку потполно се ослободува од самољубието. Зашто, на оној, што тукушто ги започнал подвизите, ништо толку не му пречи да ги изврши заповедите, како што го прад ват тоа злобната самољубивост и телесните желби. Тие им се пречка дури и на оние што имаат ревност. Тие ги наведуваат на мислата за неизлечиви болести и страдања на телото, ако почнат да живеат строго и со тоа го истинуваат жарот на нивната душевна ревност и ги тераат да се откажат од доброволните страдања и лишувања за придобивање на добродетелите, како од нешто што е спротивно на нивниот самоугодлив живот. Самољубието е неразумна љубов спрема телото или самосожалување, кое го прави монахот самољубив, душољубив и телољубив и го оддалечува од Бога и од Неговото царство, според следниве евангелски зборови: „Кој ја сака душата своја, ќе ја изгуби“ (Јован 12,25).

29. Оној што почнал трудољубиво да ги извршува Божјите заповеди и што, со вистинска ревност, го ставил на своите рамена лесниот јарем на подвижништвото, тој не го штеди здравјето на своето тело, не се плаши од тежината на добродетелите, не отстапува со страв од трудовите и не се свртува кон оние што се мрзливи по однос на подвизите, туку со силна желба чекори по патеката на добродетелите: се труди и е подготвен да се лиши од сѐ, внимава само на себеси и на Божјите заповеди и постојано со своите солзи ги залива своите семиња посеани на животната нива, сѐ додека не потераат стебленца на бестрасноста, а потоа - стебленце на божественото знаење и дава клас, кој го раѓа зрното на Божјото слово и рожбата на правдата.

30. Мислам дека преуспевањето на душата не е така брзо и успешно, како од силната вера, но не само од таа вера, со која верува во Единиот Бог, и Неговиот Единороден Син, туку особено со онаа внатрешна вера, со која веруваме, дека како што сите Христови ветувања, што им ги ветил и подготвил на сите што Го љубат, така и застрашувањата и пеколните маки, кои се подготвени за ѓаволот и за неговите слуги, дека се несомнено вистински. Таквата вера ја убедува душата, која се подвизува, да се надева дека ќе достигне до совршенството на светиите и нивната блажена бестрасност, дека ќе се издигне до височините на нивната светост и ќе стане, заедно со нив, сонаследничка на Божјото царство. А кога ќе биде така убедена во сето тоа, таа ќе се насочи уште поревносно кон извршувањето на заповедите и ни најмалку нема да се колеба, да се грижи да ги поддржува нивните трудови, во очекување со вакви подвизи, слични на нивните, да се издигне и до нивното совршенство.

32. Внатрешната дејност заслужува за душата или венци и награди или казни и маки. Зашто, оваа дејност се занимава со божествените работи и со љубов ја подобрува нивата на смиреноста, тогаш, имајќи го одозгора солзното оросување, развива во себе љубов кон Бога и вера во Него, како и сочувство кон ближниот, преку кој душата, одразувајќи ја во себе убавината на Христовиот лик, станува светлина за луѓето, со зраците на добродетелите ги привлекува нивните погледи кон себеси и сите ги поттикнува да Го прославуваат Бога. А, ако оваа внатрешна дејност се занимава со земни и човечки работи, ако ги открива длабочините на гревот, исполнети со смрдеа и со мрак, предизвикува омраза и одвратност спрема доброто, преку што душата, одразувајќи го во себе земниот и извртен образ на стариот човек, станува целосен мрак за сите што ѝ се приближуваат, развратувајќи ги со своите лоши дела и разговори незлобните и неутврдени души и Го предизвикуваат Бога против себеси. На крајот од сѐ, во каква состојба ќе ја најде смртта душата, сообразно со тоа ќе биде наградата или казната.

33. Оној што има лоши помисли - лицето му станува мрачно и жалосно, јазикот - неспособен да ги пее божествените песни и станува непријатен за сите што го среќаваат и што разговараат со него. А оној што прави добро и што во срцето свое има бесмртни плодови - неговото лице е радосно и насмеано, јазикот негов е сладок и звучен во молитвите; тој е пријатен собеседник за сите. Од ова на сите им станува јасно, дека лошите луѓе се уште робови на нечистите страсти, дека се под законот на земното мудрување, а оние што се ослободени од силата на овој закон, од ропството на земниот закон, тие се во слободата на Духот.

34. Страстите, што се вкоренуваат преку грешните дела, се лекуваат со спротивни дела на нив. Зашто, како што невоздржливоста, сластољубието и прејадувањето, како и изнежнетиот и расеаниот живот создаваат страсна расположба во душата и водат кон лоши дела, така и потполното ограничување и воздржувањето, трудовите и духовните подвизи, водат кон бестрасност и водат, од страсна - во бестрасна состојба.

35. Кога некој, преку тешки и засилени подвизи и смирение ќе се удостои со големи дарови од Бога, а потоа ќе отстапи од сето тоа, - и се предава на страстите и демонските накачувачи, таквиот треба да знае дека оној што се погордеал и почнал да мисли високо за себе и со презир ги гледа другите луѓе, дека: „Гордоста е почеток на гревот“ (Мудр. Сир. 10,15). И за него нема друго лекарство и ослободување од страстите и демоните кои завладеале со него, освен преку покајание да се врати во претходната добра состојба: да се смири и да ги осознае своите граници, и на тој начин да се утврди врз основите на добродетелите и да почне да се смета подолу од секое создание.

36. И пред Бога и пред луѓето кои живеат во Христа еднакво зло е: кога некој има страсни дела и кога е погордеан, иако живее добродетелен живот. Зашто, како што за грешните дела на грешникот, така и за гордоста на добродетелниот, „срамно е и да се зборува“ (Ефес. 5, 12); таква е гордоста на добродетелниот, бидејќи „секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изрек. 16,5). Зашто, како што е првиот одвратен за Бога, така и горделивиот не може да најде мир во себеси, според зборовите на Господа (сп. 1. Мој. 6,3), и едниот и другиот се нечисти пред Бога; едниот затоа што е грешен, а другиот, затоа што е горделив.

37. Не се едно исто страста и грешното дело; страста се движи во душата, а грешното дело е видливо - извршувано од телото. Затоа, сластољубието, среброљубието и славољубието се погубни душевни страсти, а блудот, алчноста и неправдата се грешни дела; похотта, гневот и гордоста се душевни страсти - последици на противприродните движења на душата, а блудот, убиството, кражбата, пијанството и сѐ друго што го извршува човекот против Божјиот морален закон - се грешни и погубни дела.

38. Има тројца главни началници на сите страсти и три сили против нив, и има три лица што се борат против нив и ја победуваат триглавата аждаја на сластољубието, среброљубието и славољубието, тоа се: почетниот, средниот и совршениот.

40. Оној што сега ги започнува подвизите на богоугодниот живот и навлегува во борбата против страстите, тој ја насочува сета своја борба против духот на сластољубието и силно го победува преку секое страдање, истоштувајќи го своето тело преку нејадење, спиење на гола земја, бдеења и сеноќни молитви, а душата своја ја искушува со помислувањето за пеколните маки и спомнувањето за смртта, па срцето свое го чистат од нечистотиите - со солзите на покајанието.

41. Оној што своето чекорење од почетокот на подвигот го продолжил до средината и потта од борбата со духот на сластољубието ја избришал со сунгерот на бестрасноста - со одгонувањето на овој дух и со отворени очи почнал да ги гледа природните работи, тој сега го подигнува своето оружје на верата против духот на среброљубието, кое нема вера, умот свој го издигнува кон помислата за божествените работи и објаснувањето на нивната смисла, а душата своја, преку верата, од видливото кон височината на невидливото, потполно уверен дека Бог, Кој создал сѐ од небитие во битие, дека е Он и промислител за Своите созданнја, и со надеж се окрилува кон придобивање на божествениот живот.

42. Оној кој со помошта на соѕерцанието и бестрасноста, ја изминал средината и прелестите на земните чувства, па навлегол, со помошта на словото на разумот и Божјата ипостасна Премудрост, во длабочината на богословието, тој сега со силата на смирението го подигнува оружјето против духот на славољубието, скрушувајќи ја својата душа со светите откровенија и ја принудува лесно да ги пролива своите солзи, ја победува својата мудрост со паметењето на човечката немоќ, издигнувајќи се преку разбирањето на божествениот закон.

43. Со постите, бдеењата и молитвите, со спиењето на гола земја, со телесни трудови, со одречувањето од својата волја во душевна смиреност - ние го победуваме духот на славољубието, го заробуваме преку солзите на покајанието и, воведувајќи го во затворот на воздржувањето, го правиме неподвижно и недејствено, - се разбира тогаш кога војуваме заедно со ревносните подвижници.

44. Откако ќе го победиме духот на среброљубието, со оружјето на верата и - со „духовниот меч кој е словото Божјо“ (Ефес. 6,17), тогаш го умртвуваме, и заедно со тоа и со Божја помош, со помошта на словото на Премудроста - се устремуваме кон соѕерцанието на она што постои, со словото на разумот се издигнуваме над ништожноста на видливите работи и блага и се успокојува - во небесното царство на љубовта, под дејство на пребогатите сокровишта на надежта.

45. Кога летаме со крилата на бестрасноста и смиреноста во воздухот на таинственото богословие и навлегуваме во горната длабочина на знаењето на Божјите тајни преку дејството на Божествениот Дух, со молњите на божествените догми и со разбирањето го изгоруваме духот на славољубието, а гледајќи го крајот на човечките работи, ние тогаш со дождот на солзите и потоците на скрушеноста ги изгоруваме бесовските искушенија, кои војуваат против нас, преку силата на гордоста, суетата и високото мислење за себеси.

46. Оној што ги намразил похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот - овие неправди во светот, заради кои и заради нашата љубов кон нив стануваме непријатели Божји, штом се откажал од нив, - тој го распнал светот за себеси, ја уништил омразата во своето тело меѓу Бога и својата душа, воспоставувајќи мир и во двата света. Зашто, оној што умрел за светот, се ослободил од мудрувањето на овој свет и се измирил со Бога, го совладал непријателството на светот преку умртвувањето на светот и распнувањето на себеси за светот на сластите телесни, засакувајќи Го повеќе од сѐ Господа Исуса Христа. Затоа што ваквиот човек не е веќе непријател Божји, туку Негов пријател, зашто веќе се распнал за светот и може да говори: „За мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6,14).

47. Секое оставање на Божјата благодат на оние што се подвизуваат станува, обично, заради следниве причини: за тоа што се суетни, што го осудуваат ближниот и за тоа што се гордеат со своите добродетели. Затоа, штом нешто од овие работи ќе навлезе во душата на подвижникот, тоа станува причина тој да биде лишен од Божјата благодат и нема да ја избегне праведната пресуда Божја и ќе паѓа со гревови сѐ додека не го отфрли она што било причина, за да го напушти Божјата благодат, сѐ додека не се издигне на височината на смирената мудрост.

48. Душата не е нечиста и осквернета само тогаш кога е извалкана и осквернета од нечистите страсни помисли, туку и кога се гордее со исправноста на својот добродетелен живот, како и тогаш кога многу мисли за својата премудрост и за своето знаење за Бога и ги осудува оние браќа што се навидум грешни и мрзливи. Ова може да се види и од евангелската парабола за митникот и фарисејот.

49. Не мисли дека можеш да добиеш олеснување на страстите и осквернувањата, кои настануваат од страсните помисли сѐ додека се гордееш и мудруваш со добродетелите што ги имаш. Нема да ја видиш палатата на мирот и добрите помисли и нема да влезеш во храмот на љубовта со радост, со милост и спокој во твоето срце - сѐ додека се надеваш на себеси и на своите дела.

50. Ако твојата душа страсно се прилепува кон убавите тела и потоа потпаѓа под тиранството на страсните помисли, кои се раѓаат од тоа, не претпоставувај дека токму тие се причината на страсната бура од помисли и страсните движења, туку знај дека причината за сето тоа е скриена внатре во твојата душа, која како магнет го привлекува кон себеси секое зло и создава во твојата душа лоши страсни навики. Сите Божји созданија се многу добри, според зборовите на Самиот Бог, и нема меѓу созданијата ниедно, кое би можело да послужи како основа да ги хулиме Божјите созданија.

51. Како оние што патуваат по море и страдаат од морска болест, - а, не страдаат од оваа болест затоа што тоа го причинува некое природно својство на морето, туку поради некое предрасположение што е внатре во нивното тело, исто така, и душата е подлагана на силна наклоност и страсно вознемирување не поради убавите лица на оние што ја окружуваат, туку поради длабокото расположение кон злото и кон гревот кој е внатре во неа.

52. Соодветно со внатрешното расположение на душата природата на работите што се надвор од неа и се причинуваат вакви или онакви. Кога умствените чувства што се во неа се во својата природна состојба и кога умот непогрешно ги сфаќа работите, разумно ги објаснува и нивната суштина и нивните движења, тогаш работите и личностите што се надвор од нас ги гледа такви какви што се - во нивната природна состојба; тогаш во природната суштина на телата нема никаква причина за заразување или нанесување штета. А кога нејзините сили не дејствуваат според својата природа, востанувајќи една против друга, тогаш и се друго и се чини не такво какво што е по својата вистинска природа, така што, според својата природна убавина не ја издигнува кон познавањето на Создателот, туку, поради нејзината страсна состојба, ја урива во длабочината на загинувањето.

53. Ако, откако те напушти Божјата благодат, паднеш или телесно, или со зборување или со помисли, тоа нека не ти биде чудно и необично; твоето паѓање станало по твоја вина. Зашто, ако пред тоа не си помислил за себеси ништо особено и важно, така, како што не си смеел да си дозволиш, ако не си се издигнал над некого, горделиво мудрувајќи за себеси, или, ако не си осудил некого за некоја негова природна човечка немоќ, тогаш ти не би бил оставен од Божјата благодат, според Неговиот праведен суд и не би ја почувствувал својата сопствена немоќ. А сега, кога веќе тоа си го доживеал и почувствувал, да се научиш повеќе никого да не осудуваш, да не мислиш за себеси повеќе, отколку што треба да мислиш, според зборовите на светиот апостол Павле (сп. Рим. 12,3) и над никого да не се воздигнуваш.

54. Кога ќе паднеш во длабочината на злото, не очајувај се и не помислувај дека нема да излезеш оттаму, па макар и да си пропаднат и до последното скалило на злобата. Знај дека затоа што ја имаш во себе основата на благочестието, која си ја поставил усрдно со твоите дејствителни добродетели, па макар зградата, подигната од разни камења на добродетелите, откако била потресена, и да се урнала одозгора до долу и да претставува најстрашна глетка, знај дека Бог и тогаш нема да ги заборави твоите трудови и твојата пот, само, ако твоето срце потоа се скруши и покае, кое, спомнувајќи си за некогашните денови ќе почне, со воздивнување да вика кон Бога и да жали за своите гревовни паѓања. И Он набрзо ќе те погледне „трепери пред Моето слово“ (Иса. 66,2); ќе се допре невидливо до твоето срце и основата, поставена со твоите добродетели, ќе ја стави под Својот покров и ќе ти даде поголема и посовршена сила од онаа што си ја имал во минатото во пламената ревност на твојот горлив дух, за да можеш одново трудољубиво да ги придобиеш твоите добродетелни  дела, кои си ги загубил поради зависта на лукавиот и со смирен дух да можеш одново да го изградиш домот на својата душа, посветоли попрекрасен одпрвиот,као што е нашишано, за твоето вечно успокојување (сп. Псал. 131,14).

55. Сѐ што ни се случува, за наше посрамување, од страна на луѓето или од демоните, според праведниот Божји суд, по Неговата света промисла, - сето тоа станува за смирување на нашите суетни и горделиви души. Бог, управителот на нашиот живот, сака секогаш да бидеме смирени, да не мислиме за себеси повеќе, отколку што треба да мислиме; туку да мислиме скромно според верата (сп. Рим. 12,3), нашиот поглед да биде свртен кон Него, да Го гледаме Неговото блажено смирение и да се угледуваме и во тоа на Него, зашто Он вели: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир на душите ваши“ (Матеј 11,29). Он сака и ние да бидеме такви, а Он претрпел за нас и за нашето спасение и понижување и несправедлива смрт. Затоа, Нему не Му е толку мила и привлечна ниедна од добродетелите и ништо не може толку да нѐ издигне од буништето на страстите, како смирението и љубовта спрема ближниот. За тоа и кога ги извршуваме добродетелите, ако немаме смирение и љубов кон ближните, тогаш е попусто и секое наше добро дело, а и секој наш подвижнички труд е некорисен и Му е непријатен на Бога.

56. Стравот од вечните маки нѐ воведува во добродетелниот живот, ни помага да ги извршуваме Божјите заповеди и да се пазиме од гревовите. Со оние што преку добродетелите дошле до соѕерцание на Божјата слава оди со нив и ги придружува еден друг страв, кој се појавува кај нив од љубовта кон Бога; тој страв е чист и им помага непрестајно да живеат во Божјата љубов; се плашат од страшните искушенија и паѓања. Кога ќе паднат и ќе се оддалечат од својата цел, а потоа се покаат, веднаш стануваат и се придружувани од првиот страв заедно со добри надежи, а потоа, ако згрешат и паднат од височината на соѕерцанието на Божјата слава, од завист на ѓаволот, тогаш веднаш не им е даван вториот страв, туку се опфатени од некаква магла и темнина, - тогаш се исполнуваат со малодушност, жалости и измачувања, плашејќи се со првиот страв - со стравот од вечните маки. И, ако Бог Саваот не ги прекратува овие денови на ваквите измачувања, паднатите не би можеле да се спасат на овој начин.

57. Кога душата ќе се успокои од постојаните напади на страсните помисли и кога ќе престане мачителното горење на телото, тогаш треба да знаеме дека во нас се вселила благодатта на Светиот Дух, која нѐ известува дека ни се простени гревовите и дека ни е дарувана бестрасноста. Сѐ додека ја чувствуваме миризбата на грешните помисли и сѐ додека гори нашето тело од страсното горење сѐ дотогаш треба да знаеме дека е далеку од нас благоуханата миризба на Светиот Дух и дека таа е задржувана во нераскинливите вериги на страстите и грешните чувства.

59. Страста на хулењето е страшна и тешко е победлива; нејзиниот извор е сатанското гордо мислење. Таа ги напаѓа сите кои живеат добродетелно, но особено оние кои напреднале во молитвата и во соѕерцанието на божествените работи. Затоа е потребно со големо внимание да ги пазиме нашите чувства и да стоиме со длабока побожност пред сите страшни Божји тајни и внимателно да ги набљудуваме нападите на овој дух. Тој стои покрај нас кога се молиме и кога пееме псалми и понекогаш, поради нашата невнимателност, со нашата уста изговара страшни клетви против нас самите и хули против вишниот Бог, вметнувајќи ги меѓу зборовите на нашите молитви и псалмите што ги пееме. Против сето тоа кога тој нѐ тера со нашата уста да ги изговориме тие работи и кога ни навејува во нашите мисли хулни работи треба да му ги упатуваме Христовите зборови: „Бегај од Мене сатано“ (Матеј 4,1О), кој си исполнет со секаква смрдеа и осуден на вечен оган; хулата твоја да падне на твојата глава. Откако ќе му го кажеме ова, веднаш да го свртиме нашиот поглед кон некој божествен или човечки предмет што ќе ни падне на памет, или со солзи да го издигнеме кон небото, кон Бога. И така, со Божја помош ќе се избавиме од тешкотијата на хулењето.

60. Жалоста е разорна страст за душата и за телото, која се однесува и на самиот мозок. Но, ваквата жалост на овој свет, која ги напаѓа луѓето во врска со привремените загуби и непријатности, често е за нив причина дури и самата смрт. А жалоста по Бога е многу корисна, особено е корисна за спасението на душата: таа дава трпеливост во трудовите и искушенијата, отвора извор на умиление за подвижникот и за оној што е жеден за Божјата правда, а со солзите како со леб го наситува неговото срце, така што на него се исполнуваат зборовите на светиот пророк Давид: „ќе нѐ нахраниш ли со солзлив леб, и напојуваш со солзи изобилно?“ (Псал. 79,5), со виното на умилението.

61. Деловите на душата кои се разнебитени од вршењето на лошите дела успешно ги исцелува жалоста по Бога и одново ги доведува до нивната природна состојба: таа со своите солзи така ги одгонува зимата на страстите и облакот на гревот, ги изгонува од воздухот на душата, така што во помислите на нашиот ум веднаш се разведрува; во морето на мислите настапува тишина, во срцата се вселува радост, се менува и изгледот на нашето лице, така што оние кои го следат, кои имаат очи можат заедно со Давида да велат: „Сега знам - десницата на Севишниот се изменила“ (Псал. 76, 1 0).

62. Не примај ги помислите на сомневање против твојот ближен, кои ти се внушени, затоа што се лажливи, погубни и секогаш лажни. Знај дека преку нив демоните се обидуваат да ги фрлат во бездната на пропаста оние, кои веќе покажуваат успеси во добродетелите, зашто без тоа не можат да ги доведат до бездната на осудувањето и гревовните дела, туку само преку ова вдахновување на подозрение против ближниот, само врз основа на неговото надворешно однесување, зашто на тој начин го подведува и него под суд и осудување и го доведува до тоа да падне во грев, тие го ставаат под осуда заедно со светот, според зборовите на апостолот: „Ако се бевме испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме судени. Но, бидејќи сме осудени, Господ нѐ накажа за да не бидеме накажани заедно со светот“ (1. Кор. 11, 31-32).

63. Кога по нашата невнимателност им даваме на демоните можност да вложуваат во нашата душа сомнеж кон нашите браќа, имено кога не внимаваме на погледите наши, тогаш сме доведувани до таму да ги осудуваме понекогаш дури и совршените во добродетелите. Еден од нив кој гледа со насмеано лице и е достапен за разговор со сите, може да ни се причини дека е сластољубив и страстен, а друг, кој има строг и мрачен поглед - можеме да го сметаме гневен и горделив. Но, според ваквите надворешни особености, не треба да донесуваме суд за луѓето, зашто тие, во таквите случаи, се речиси секогаш погрешни. Зашто, кај луѓето се забележува голема разлика во нивните природни својства, навики, во телесната конструкција, кои треба да ги гледаат и правилно да просудуваат за нив само оние што своето умно и душевно око го очистиле со голема скрушеност и во кои се наоѓа безграничната светлина на божествениот живот - на кои им е дадено да ги гледаат тајните на Божјото царство.

64. Откако сме почнале самоволно да правиме срамни телесни дела и, спротивно на нашата природа, да им служиме на похотите и на гревот, затоа сме отуѓувани од Божјиот Син. Затоа, ние што имаме нечисти тела, треба да се измиваме со потоци од нашите солзи, а нашите мрачни души, замрачени со горчината на гневот, да ги просветуваме со скрушеност и со слат ката љубов кон Бога, и на тој начин пак да се соединиме со Оној, од Кого сме биле одвоени и отуѓени.

69. Понекогаш жалоста и маката го тераат нашето срце да источува солзи, а понекогаш - радост и веселба. Кога се чистиме со покајание од отровот и нечистотијата на гревот, имајќи за тоа доволно солзи, тогаш сме тепани како со стапови со спомнувања за гревовите што сме ги направиле и од нашето срце се слушаат тешки офкања поради чувството на маки и страдања. А, кога ќе бидеме доволно очистени со нашите солзи и ќе се почувствуваме слободни од страстите, тогаш добиваме радост од Божјиот Дух, па, откако ќе придобиеме чисто срце, тогаш се исполнуваме со неискажлива утеха од радоста на солзното умиление.

70. Едни се солзите што се проливани од покајната скрушеност, а други се оние што се проливаат од божествено умиление. Првите како река, ги поплавуваат и ги уриваат сите тврдини на гревот, а вторите се - како дождот за нивите и росата за житата, - го хранат класот на знаењето и го прави многу плоден.

71. Солзите и умилението не се едно исто; меѓу нив има голема разлика и голема оддалеченост, солзите течат од покајанието за некогашниот начин на живеење и од некогашните паѓања на душата - заради очистување на душата и на срцето; тие се како оган и како вода што врие. А умилението доаѓа одозгора од божествената роса на Духот, за утеха и осветување на душата, која сега навлегла топло во длабочината на смирението и се озарила со непристапната светлина на соѕерцанието, па така заедно со Давида со радост пее кон Бога велејќи: „Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме“ (Псал. 65,12).

72. Сум слушал да се говори дека не е можно да се навикне човекот на добродетелен живот без да се оддалечи од светскиот живот, без да избега во пустина и се вчудовидувам како им паднало на ум да го поврзуваат со место она што не може да се одреди. Зашто, навиката на добродетелите е востановување на душевните сили во нивното првобитно благородство и соединување на главните добродетели во единство за ним својственото дејствување согласно со нивната природа, а тоа не е нешто што доаѓа во нас однадвор, како нешто што е воведувано; тоа е нешто што е вродено во нас уште од создавањето; преку него влегуваме во небесното царство, кое е, според зборовите на Господа, внатре но нас. Тогаш пустината е непотребна, кога и без неа влегуваме во царството - преку покајанието и извршувањето на заповедите, што е можно на секое место во овој Божји свет, како што говори божествениот Давид, велејќи: „Благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!“ (Псал. 102,22).

73. Оној што во целата царска војска, командувана од војводи и многу други војни старешини, кои се подготвени да му помогнат на царот и да го заштитат од неговите непријатели, откако навлезе во борба, не можел да пројави никакво јунаштво и никаква храброст против царските непријатели, не можел да убие ни еден од нив, тогаш како ќе може тој самиот да навлезе во борба и да се бори со толку голем број непријатели, како ќе може да пројави командантска воена тактика кога е толку неопитен во војвањето? Ако е ова неможно во човечките работи, не е ли толку понеможно во божествените? Кој, откако ќе избега од пустината, може да ги распознава нападите на бесовите - атаците на страстите, јавни и скриени, како ќе може и тој нив да ги напаѓа, ако најнапред не научил да се откажува од својата волја, меѓу браќата во манастирското општежитие, кога е под духовно раководење на искусен духовен старец во таа духовна и невидлива борба? Ако е ова неможно, тогаш уште помалку е можно таквиот, за други, успешно да се бори и да ги подучува како да се борат против непријателите и да ги победуваат.

74. Отфрли ја срамната мрзливост и достојната за прекор негрижа за Божјите заповеди; отфрли го самоугодувањето и вооружи се непоштедно против телото; презри ги славата и честа; намрази ги сласните телесни похоти; бегај од наситувањето, од кое се разгорува оган во органите за размножување; засакај ги сиромаштијата и немаштијата; бори се против страстите; кон себеси сврти ги чувствата на душата; твојата внатрешност нека работи за она што е подобро; не губи го твоето скапоцено време за придобивање на привремени и суетни човечки работи; сета своја сила употребувај ја за извршување на Божјите работи; плачи, спиј на земја и сакај ги сиромаштијата и немаштијата; и, најпосле труди се да го познаеш не тоа што е околу тебе, туку да се познаеш себеси; издигнувај се над ништожноста на видливите работи; твоето духовно око устремувај го кон соѕерцанието на невидливиот Бог; гледај ги небесните убавини и, кога ќе се вратиш оттаму, раскажувај им на браќата за убавините на вечниот живот и за тајните на небесното царство. Ете, ова е всушност бегање од луѓето преку тајно подвижништво, ова е и целта на живеењето во пустината.

75. Ако сакаш да се удостоиш да ги видиш благата, кои ги подготвил Бог за оние што Го љубат, всели се во пустината на одречувањето на својата волја и бегај од светот. Што е светот? - Светот е похотта на очите и на телото, гордоста на помислите и прелестувањето од видливите работи. Ако избегаш од тој и таков свет, „тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути“ (Иса. 58,8), преку гледањето на божествениот живот и исцелението на твојата душа и ти ќе бидеш изменет од десницата на Севишниот (Псал. 76,1О), и раната на страстите „нема да Ти се приближи на телото твое“ (Псап. 90,10). На тој начин, ти ќе живееш во светот и среде луѓето, но ќе бидеш таков како да живееш во пустината и како да не ги гледаш луѓето. Ако на овој и ваков начин не избегаш од луѓето и од светот, тогаш бегањето од видливиот свет никако не може да ти послужи за преуспевање во добродетелите и за соединување со Бога.

76. Не е монах оној што живее далеку од луѓето и од светот, туку оној што, откако се откажал од себеси, е далеку од желбите на телото и се оддалечил во пустината на страсните, односно во бестрасноста. Ако на светиот Арсениј Велики му било речено: „Бегај од луѓето, и ќе се спасиш“, треба да знаеме дека тие зборови му биле кажани токму во оваа смисла. Зашто, го гледаме како и по оддалечувањето се настанил меѓу луѓето, одел по населените места и живеел со своите ученици. Но, притоа грижливо го запазувал своето внатрешно бегство за време на телесното заедничко живеење со луѓето. Ова истото го рекол и еден друг од големите отци, извикувајќи: „Бегајте браќа!“ И кога го прашале од што треба да бегаат, тој покажал кон својата уста.

77. Побезопасно е да се живее заедно со други браќа, отколку да се живее осамен. За неопходноста од ваквото заедничко живеење говори и нашиот Господ Исус Христос: „Каде се двајца и тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 1820). А, за опасноста на осамениот живот, премудриот Соломон говори вака: „Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој“ (Проп. 4,1О). И блажениот Давид Го воспева и прославува Бога со љубов и едномислие, велејќи: „Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас“ (Псал. 88,15). Го фали тој и заедничкиот живот кога вели: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ (Псал. 132,1). И во Делата на светите апостоли се говори за учениците на Господа Исуса Христа вака: „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа“ (Дела 4,32). Најпосле и доаѓањето на Бога кај нас не било во пустината, туку во населените места -меѓу грешните луѓе. Затоа, потребно е заедничко едномислено живеење, а усамениот живот е несигурен и опасен.

78. Господ Исус Христос говори: „Тешко му на светот од соблазни, оти соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната“ (Матеј 18,7). Овие зборови се однесуваат на оној, кој откако ќе ја загуби својата побожност и ќе почне да живее без страв Божји меѓу браќата, ги соблазнува на најразлични начини. Тоа го прави тој со своите различни дејствувања, со лошото држење на своето тело и со своите лоши навики, како и со своите зборови и разговори и ги расипува душите и добриот живот.

79. Оние што ги извршуваа Божјите заповеди, тие не се камен за препнување на луѓето, зашто во нив „нема соблазна“ (1. Јов. 2,10). Пророкот Давид говори: „Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, а за нив нема соблазна“ (Псал. 118,165), туку тие се и светлина, и живот, и сол - според зборовите на Господа: „Вие сте светлината на светот...Вие сте солта на земјата“ (Матеј 5,14-13). Светлината е исто што е добродетелниот човек: и тој е светлина за луѓето и со својот живот и со своите зборови; тој е за нив и сол, зашто е богат со божествено познавање и силен во Божјата премудрост, зашто со своите зборови и разговори ги оживува умртвените од страстите и ги изведува од пеколот на очајанието. Праведниците светат со светлината на своите праведни дела и ги осветуваат; со пријатноста и горчливоста на своите зборови ги поттикнуваат да се ослободат од својата мрзливост и ги ослободуваат од разорноста на страстите; со животворноста на своите зборови им даваат живот на нивните души - умртвени од гревот.

80. Страста на славата е како разгневена волчица, распалена од бесот на славата, себезамисленоста, гордоста и високомислието; но, од оние кои се сместиле под кровот на небесниот Бог, тој бес може лесно да биде фатен на местото на престапот, и уште на почетокот и да му ги скршат неговите остени, а тие, со крилата на смирението, се издигнуваат горе и се успокојуваат под сенката од дрвото на животот.

81. Кога ќе ти пристапи нечистиот демон на суетата и, ако постигнуваш успеси во добродетелите, почнува да ти укажува на височината на престолите, па ти ги истакнува твоите добродетели и ги фали твоите дела, убедувајќи те дека тие ги надминуваат делата на другите луѓе, те уверува дека си веќе доволно силен и дека можеш и други да раководиш; ти, тогаш, откако ќе го фатиш духовно, не пуштај го да ти избега, ако си добил за тоа сила одозгора, за да постапуваш така, па, откако го поведеш и го одведеш во вообразбата кон некое твое лошо направено дело, изложи го пред него и речи му: „Дали се достојни да бидат духовни раководители оние што прават вакви дела? - Дали мислиш дека се тие погодни да раководат човечки души и да ги приведуваат спасени при Христа? Ти можеби ќе кажеш дека може, но јас не можам да го кажам тоа“. - И тој, немајќи што да ти каже, ќе исчезне од срам како дим и нема да те измачува со своите искушенија. А, ако немаш ништо лошо направено или речено, ако животот твој е чист и мирен, тогаш постави се пред Христовите заповеди и страдања на Господа Исуса Христа, и веднаш ќе видиш колку си мал пред полната мерка на совршенството, дека си помал толку колку што е помал садот со вода од морските води. Зашто, правдата човечка толку е далеку од Божјата правда како што е земјата спрема небото и комарецот спрема лавот.

82. Длабоко проникнат со љубовта кон Бога, а немајќи доволно сили во телото за задоволување на својот копнеж, зашто во подвижничките трудови и напори нема наситување на ова расположение, се наоѓаш во состојба во каква се наоѓа извонредно жедниот, кој со ништо не може да ја изгаси внатрешната жед која го измачува. Тој сака да се труди и дење и ноќе, но неговото тело нема сили за тоа. Мислам дека и светите маченици биле исполнети со ваков жар на љубовта, и не можеле да се наситат, но затоа тие самите се распалувале со ревност кон Бога и секогаш биле уверени дека нивните страдања се далеку помали од мерката на нивната пламена желба - да страдаат за Господа.

83. Оној што се мери во каков и да е однос со некој од подвижниците или со некој од браќата што живеат со нив, самиот себе си се мами, и тој не оди по Божјиот пат. Таквиот или самиот себеси не се познава, или отстапил од правиот пат кој води на небото, по кој одат оние што се ревносни со самопонижувачко мудрување, прелетувајќи преку мрежите на духовниот непријател, се издигнуваат во духовниот воздух со крилата на бестрасноста, пребиваат во пресветли места, затоа што се украсени со смирена мудрост.

84. Оној што е надуен и што се самоизмамува со високото мислење за себеси, никогаш нема да ја добие благодатта на умилението поради која светлината на Божјата премудрост на оние што имаат смирено срце како што е напишано „во Твојата светлина ќе гледаме светлина“ (Псал. 35,9). Ова ја покрива ноќта на страстите, во која се раздвижуваат сите шумски ѕверови на човечката природа и лавчиња што рикаат, кои се бесовите на суетата на блудот, кои рикаат и бараат кого да проголтаат и да го фрлат во бездната на очајанието.

85. За оној што живее грешно и кој е воден од духот на гордоста, овој живот е море на злото, кое ја потопува умствената сила на неговата душа во морето на телесните сласти и задоволства, под дејство на злобните духови. Нему му се заканува страшна опасност од крајно очајание сѐ додека неговата лаѓа и нејзиното душевно кормило се шибани и кршени од телесните сласти, и кормиларот, умот, останува во длабочината на гревот и во длабочината на смртта, ако морето на злото, најпосле, не ги скроти своите бранови во длабочините на смирението и морето на сластите не ги претвори своите струи во изобилни дождови од солзи и сладост на светлото умиление

86. Оној, којшто им робувал до крај на телесните сласти и дела, тој до крај нека ги искористи подвижничките трудови, нека страда и нека се измачува до пот, така што наситеноста со наситеност да ја победи, сласта - со горчината, спокојот - со телесни трудови и да се насити со духовна веселба и спокојна радост. На ваков начин ќе се насладиш со миризлива целомудреност и со чистота и ќе вкусиш од неискажливата сладост на бесмртните духовни плодови. Ние, обично, слично на ова ставаме во облеката растенија што чистат, за да ги очистат од смрдеата што е во нив, кога ќе се проникнати со неа до неможност да бидат веќе носени.

87. Болестите се корисни за оние што навлегуваат во добродетелниот живот; тие им помагаат да го истоштат своето тело и да ја смируваат неговата распаленост. Тие ја ослабуваат силата на телото, го истенчуваат грубото и земно мудрување на душата, а нејзината сопствена сила ја прават посилна и помоќна, според зборовите на светиот апостол Павле, кој говори: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12,10).

88. Кај многумина настануваат болести од нередовна и неумерена исхрана кога некој исполнет од засилена ревност кон прекумерните добредетелни трудови, си наложува неразумно воздржување од јадење, а кога неговото тело ќе ослаби, тогаш му дава изобилна храна и го пренаситува овој наш природен непријател. Умерено воздржување е препорачливо за почетниците, за оние што поаѓаат по патот на добродетелите, како и за оние што ја изминале неговата средина, средината на подвизите и се стремат кон пределите на повозвишеното соѕерцание. Ваквото воздржување е мајка на здравјето, пријател на целомудрието и сожител на смирената мудрост.

89. Знај дека бестрасноста е двојна и дека, особено кај ревносните, се пројавува на двоен начин. Откако ќе се постигне целта на дејствителната животна философија, кај ревносните подвижници се јавува првата бестрасност, кога, по преуспевањето во многубројните подвижнички трудови, умираат во нив страстите, сопрени се во недејствување телесните стремежи, а почнуваат да дејствуваат силите на душата според својата природа, па умот се издигнува до состојба разумно да се поучува на божествените работи. А потоа, со почетоците на природното соѕерцание - во него се појавува втората, најсовршената бестрасност, во која нивниот ум, откако биле умирени помислите, настанува мирна состојба, и тогаш почнуваат да имаат виденија и да предвидуваат, го гледаат она најдоброто, во раскривањето на Божјите тајни; ги гледаат од далеку и човечките работи што ќе се случат во иднина. Во обата вида на бестрасноста дејствува еден и ист дух, кој најнапред силно држи и врзува, а потоа разврвува - за слобода во вечниот живот, како што говори светиот апостол Павле (сп. Рим. 6,22).

90. Оној што се приближил до пределите на бестрастието има правилни погледи за Бога и за земните работи, и од убавината на созданијата се издигнува кон Создателот, ги прима изливањата од светлината на Светиот Дух. Бидејќи има добро мислење за сите, секогаш за сите мисли добро, сите ги гледа духовно чисти и свети и во сѐ - во сите човечки и божествени работи правилно Му служи на Господа и правилно расудува. Не сака ниедна работа од овој свет, спрема која се толку желни луѓето од светот, а бидејќи го ослободил својот ум од секое световно чувство, тој се издигнува кон небото и кон Бога, чист од правот на земјата и ослободен од секакво ропство, целиот се предава на Божјите духовни блага во единство на духот и, гледајќи ја Божјата убавина, сака со побожност да живее духовно во божествените места на блажената Божја слава, во неискажливо молчење и непрестајна радост, па, откако ќе се измени со сите свои чувства, се однесува со луѓето како ангел, како да е во неземно тело.

91. Разумот наоѓа и пет аскетски чувства: бдеењето, богомислието, молитвата, воздржувањето и осамувањето. Оној што ќе ги соедини со овие чувства своите сетила, имено, видот - со бдеењето, слухот - со богомислието, мирисот - со молитвата, вкусот - со воздржувањето и допирот - со осамувањето, тој набрзо ќе го очисти својот ум и откако ќе го истенчи, ќе го направи бестрастен и видовит.

92. Умот кој ги зауздил страстите и се издигнал и над жалоста и над радоста, веќе станал бестрастен. Тој не се жалости при жалостите, ниту се радува на успесите, туку се радува во својата душа кога е во жалости, и во среќата - неговата радост секогаш е ограничена.

93. Голема е лутината на демоните против оние што преуспеваат во соѕерцанието. Тие се постојано кај нив и ги напаѓаат, било преку оние што се заедно - преку нив - ги искушуваат, ги напаѓаат со страшни искушенија, или тие самите прават шум и тропаат, за да ги плашат. Понекогаш ги напаѓаат и кога спијат, завидувајќи им на нивниот спокоен сон и одмор; се обидуваат да ги вознемируваат, иако не се во состојба да им направат никакво зло на оние кои Му се посветиле на Бога. Кога кај нив не би бил ангелот на Бога Седржителот, кој ги запазува, никој од нив не би можел да избега од нивните напади и од нивните смртоносни стапици.

94. Кога се подвизуваш да ги извршуваш добродетелите, биди внимателен и следи ги нападите на смртоносните бесови. Зашто, колку повеќе ќе се издигнуваш во добродетелите, колку повеќе ќе се зголемува божествената светлина во твоите молитви, и со помошта на благодатта на Светиот Дух, ќе навлезеш во откровението и во знаењето на неискажливите знаења, толку тие, демоните, гледајќи те како се издигнуваш кон небесата, чкртаат со своите заби и грижливо ги рашируваат своите мрежи во духовниот воздух. И не само телољубивите и ѕверските бесови на похотта и на гневот ќе те напаѓаат; туку и богохулните духови во горчлива завист ќе востанат против тебе. Освен ова, воздушните началства и власти, јавно и тајно ќе почнат да ти се покажуваат во разни страшни ликови за да те исплашат и да ти причинат штета. Но, ако се вежбаш со будното око на твојот ум - да се вежбаш во умствената молитва, не треба да се плашиш од таа и таква стрела, „која лета дење“, која не може ни да се приближи до твоето живеалиште (Псал. 9О,5,10), зашто нив ги прогонува и обгорува божествениот оган што е во тебе.

95. Духовите на злобата многу се плашат од благодатта на Светиот Дух, особено тогаш кога е богато излиена во нас и кога ние сјаеме со чистота под дејство на божествените поуки и чистата молитва. Не смеејќи, поради оваа причина, да им се приближат на оние што светлеат на овој начин, - туку се обидуваат да ги исплашат и да ги збркаат преку мечтаење и призраци, преку страшни тропотења и срамни извикувања. Дури и тогаш кога ќе легнат на земја малку да поспијат, ни тогаш не им даваат мир, туку, завидувајќи им на тој краток одмор од нивните напори, ги напаѓаат и ги разбудуваат, намерувајќи на овој начин да им го направат животот потежок и полн со маки и страдања.

96. Духовите на темнината се чини дека се облечени во тенки тела, а ова ни дава повод да мислиме за тоа: дали е нивното тело такво за да можат полесно да ѐе мамат или, пак, се осудени да имаат такво тело поради своето древно гревовно паѓање. Но, без оглед на тоа каква и да е причината за ова, тие се устремуваат против душата на подвижниците, кога нејзиниот роб телото, ќе биде совладан од сонот, а тоа, како што ми се чини, служи за испитување на душата, која е над немоќта на слабото телото, заплашувајќи ја со страшна лутина и голема жестокост. Онаа душа, која е исполнета со љубов кон Бога и преисполнета со главните добродетели, не само што им се противставува со својот праведен гнев, туку и непоштедно ги тепа, само, ако има во нив такво чувство, кои се оземјени како последица на нивното отпаѓање од првобитната божествена светлина.

97. Пред нападот на победата, бесовите обично ја зашемотуваат душата, нејзиното чувство и ѝ го одземаат сонот. Но, душата, исполнета со храброст од Светиот Дух, не го свртува своето внимание на нивната злоба, претставувајќи го животворниот крст и, повикувајќи Го Господа и Бога Исуса Христа да ги уништи нивните призраци и да ги натера да избегаат.

98. Ако си излегол да се бориш против непријателските духови и да ги победиш, гледај и внимавај добро да се вооружиш со сите духовни оружја. Ти знаеш добро со кого треба да се бориш. Тие твои непријатели се духовни и бестелесни, а ти си уште во тело, но не треба да заборавиш дека се бориш за Царот на духовите и Бога. Знај дека сега тие се посилни отколку што биле порано; тие ќе те напаѓаат, ќе те напаѓаат со помногубројни и пострашни искушенија, сѐ додека собирајќи го скришно својот плен, и обидувајќи се да те заробат и да те одведат во ропство, да ја исполнат твојата душа со голема мака, да те подложат на страшни и страдални искушенија, дури преку нанесување и повреди на твоето тело.

99. Од добриот извор не можат да течат смрдливи и нечисти води, кои оддаваат световна миризба; а и срцата што се надвор од небесното царство - не можат да испуштаат струи на божествен живот и од нив не може да има благопријатна духовна миризба. Светиот апостол Јаков говори: „Тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?“ (Јак. 3,11). Можат ли маслинки да се раѓаат на трн и желади на маслинка? Исто така, и ниеден извор на срцето не може истовремено да има и добри и лоши помисли, туку, според зборовите на Господа: „Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште изнесува лошо“ (Лука 6,45).

100. Како што светилникот не може да гори без елеј и без оган и да им свети на оние во домот, така е неможно и на душата да ѝ се говори за божествените дарови и да ги просветуваме луѓето, ако Го немаме Светиот Дух и божествениот оган, зашто „секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена“ (Јак. 1,17). Таа светлина Господ ѝ ја дава на душата што љуби.

Преподобен Никита Ститат