Преподобен Никита Ститат

1. Почетокот на љубовта спрема Бога е презирот спрема видливите и човечките работи; средината е очистувањето на умот, од кој доаѓа отворањето на духовните очи и гледање на небесното царство, кое е скриено во нас, а крајот е - незадржливата желба за придобивањето на натприродните Божји дарови, како и задоволување на природната желба за општење со Бога и успокојувањето во Бога.

2. Таму каде што е Божјата љубов, извршувањето на духовните дела и соединувањето со духовната светлина, таму е мирот на душевните сили, очистувањето на умот и вселувањето на Света Троица во нас. Еве што говори Господ Исус Христос: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и пребивалиигге во него ќе направиме“ [Јован 14,23].

3. Разумот признал три состојби на душата: телесната, душевната и духовната. Секоја состојба има свој сопствен начин на живот, различен од начинот на другите состојби.

4. Телесната состојба и начинот на нејзиното живеење е предавање на земните задоволства и наслади; во неа нема ништо душевно и духовно, па дури е отсутна желбата да се придобијат. Душевната состојба стои во средината меѓу гревот и добродетелта, кога луѓето се трудат за задоволството и здравјето на телото, се грижат за слава кај луѓето, но и трудовите околу добродетелите не ги изоставаат; ги одбегнуваат телесните дела; не се трудат посебно ни за добродетелите, ни за гревот; добродетелта не им е слатка, а им е тешка; а за гревот не ревнуваат затоа што се плашат да не бидат лишени од човечките пофалби. Духовната состојба не пројавува желба да има нешто од првите две состојби, не дозволува во себеси ништо лошо, што не им е својствено на телесната и на душевната состојба, па, бидејќи слободна и од едната и од другата, врз посребрени крила на љубовта и бесмртноста, - прелетува преку претходните две состојби, не дозволувајќи си да прави ништо од она што е забрането.

5. Оние што живеат телесно секогаш имаат телесно мудрување во себеси, затоа што се потполно телесни. Тие не можат да Му угодат на Бога; нивниот ум е помрачен, зашто ја немаат божествената светлина. Над нив се надвиле облаците на страстите, како некои вистински ѕидови, ги оградуваат од духовните светилници; затоа се во постојана темнина. Бидејќи им се повредени внатрешните душевни чувства, не можат да ги видат Божјите духовни убавини, не можат да ја видат светлината на вистинскиот духовен живот и да се издигнат над ништожните видливи работи. Оѕверени и исполнети со светски желби, се приврзуваат кон видливото; целата своја грижа и целиот свој труд го свртуваат кон преодните блага, за нив се караат еден со друг, се случува и своите души ги предаваат за нив; се прилепуваат за богатството, кон славата и кон телесните задоволства; сметаат дека се многу несреќни кога се лишени од земното богатство. За нив, со право се изречени, зборовите од Самиот Бог: „Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело “ [1. Мој. 6,3].

6. Оние што живеат душевен живот, тие се некако полуумни и како парализирани. Тие никогаш немаат усрдна желба да се потрудат за добродетелите и за извршување на Божјите заповеди; тие ги одбегнуваат грешните дела само за да не бидат прекорени и отфрлени од луѓето. Бидејќи се завладеани од самољубието, кое ги поткрепува и храни страстите, сета своја грижа ја пројавуваат да го запазат своето телесно здравје и за телесните задоволства; се откажуваат од секаков труд и секакво измачување за придобивање на добродетелите; повеќе од сѐ покажуваат грижа за запазувањето на телото: тие само се грижат да го хранат и да го стоплуваат своето тело. Живеејќи и однесувајќи се вака, го оземјуваат својот ум, се здебелуваат од страстите и стануваат неспособни да ги примат духовните и божествените работи, со кои душата се ослободува од земјата и целата се устремува кон духовното небо. Ваквите луѓе страдаат на свој начин, затоа над нив владее земното; се сакаат само себеси и најважно им е да бидат исполнети само со нивните желби. - Бидејќи Му се туѓи на Светиот Дух, тие не можат да ги примат ни Неговите дарови; затоа и не ги гледаат плодовите на Неговите дарови кај нив. Не само што нема љубов спрема Бога и ближните, што нема радост спрема сиромасите и нажалените, мир во нивната душа, искрена вера и сестрано воздржување, туку нема ни скрушеност, ни солзи, ни смиреност ни сочувство; кај нив е сѐ преполно со надуеност и гордост. Тие немаат сили да влезат во длабочината на Светиот Дух, зашто ја немаат во себеси светлината, која би ги водела кон Бога и кон божественото и да го просветува нивниот ум за разбирање на Светото Писмо и на другите божествени книги, зашто кај нив и не постои волја за тоа. Затоа и со право за нив пишува светиот апостол Павле, велејќи: „Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита“ [1. Кор. 2,14].

7. Оние што одат духовно, според Светиот Дух, кои живеат целосно според тоа да Му угодат на Бога, назореите, кои Нему Му се посветиле, кои секогаш се грижат само за едно: своите души да ги очистуваат преку подвижничките трудови и да ги извршуваат заповедите на Господа. Тие се готови и својата крв да ја пролеат за Господа; телото свое го истоштуваат со пост и бдеења, а членовите на своето тело ги умртвуваат со доброволни страдања и лишувања, умот свој го исполнуваат со молитва и богомислие, со светлина го озаруваат, со одречување од своите пожелби душата своја ја ослободуваат од страсна приврзаност кон своето тело и го прават потполно духовно. Затоа, со право се нарекувани духовни од сите. Тие, одејќи кон бестрасноста и љубовта, се окрилуваат во соѕерцанието на созданијата, а откако примаат вистинско значење преку премудроста, која е скриена во Бога, а која им се дава само на оние, кои се издигнале над униженото тело. Издигнувајќи се на тој начин над секое земно чувство, а со својата просветена мисла над сѐ што е од овој свет, тие добиваат светол разум и среде црква и многуброен собор на верни, говорат благи зборови од своето чисто срце; за сите се сол и светлина, како што рекол и Самиот Господ за нив: „Вие сте светлината на светот...Вие сте солта на земјата“ [Матеј 5,14,13].

8. „Застанете и разберете дека Јас сум Бог“ [Псал. 45,1 1]. Ова е глас на светите божествени зборови за оние што сакаат да одат по Бога. Оној што се откажал еднаш од многуметежниот живот и погубната суета има корист од тоа да ги истражува Божјите заповеди, сѐ додека најпосле ќе почувствува дека во него Го наоѓа Бога, бидејќи Божјото царство е внатре во нас. Зашто, и така, ако дејствува, едвај кој ќе може да ги избрише лошите вообразби од својата душа и во тек на многу години и да ја обнови древната убавина за Оној Кој ни ја подарил.

9. Бидејќи во нас има вложено многу отров на злото, потребно е да имаме и многу покаен и солзен оган за очистување на гревовите; имаме потреба и од многу доброволни подвижнички трудови, зашто од нечистотијата на гревот можеме да се очистиме или со доброволни трудови или со многу недоброволни страдања. Кога го правиме доброволно она што треба да се прави, тогаш нема да се прави тоа што е недоброволно. Кога она првото не го постигнува потребното очистување на садот внатре [сп; Матеј 23,25], тогаш се испраќа второто очистување во посилен степен - за да биде воспоставена во нас во посилен степен првобитната состојба. Ова е вака според домостроителната и промислената грижа на нашиот Создател и Бог.

10. Се потсмеваат над побожноста, а и самите се изложени на потсмев оние што своето откажување уште во самиот почеток не го направиле, не сакајќи да му бидат послушни на својот духовен учител и раководител; тие се раководеле со својот разум и „се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси“ [Иса. 5,21].

11. Како што во телесните болести никој не може точно да ги знае нивните причини и лекарствата против нив, ако се нема поголема опитност во лекарските знаења, така е и со душевните болести - ако некој не се подвизувал долго и правилно. Зашто, како што е тешко да се распознае телесната болест и од страна на опитни лекари, исто така, тешко се распознавани и душевните болести. Зашто, колку е душата поважна од телото, толку потешко се распознаваат нејзините болести.

12. Главните добродетели, кои имаат предимство и началство над другите, заедно со создавањето на вселената и човековата природа, од кои, како четири извори, реките на сите други добродетели се полнат со вода и го напојуваат Божјиот град, кој е срцето, кое бива очистувано и утешувано од солзите. Оној што ги запазил неразрушени или, по паѓањето - со многу трудови на покајание ги востановил, тој си изградил царски дом и дворец, во кој си направил живеалиште Царот на сѐ, и со тоа, на оние што домот свој така добро го устроиле, им ги распоредува и дава Своите богати дарови.

14. Бог не сака дејствувањето на ревносните подвижници да остане без искушенија, туку Негова волја е да бидат подлагани на големи испитувања. Затоа допушта на нив оган на искушенија и привремено ја сокрива благодатта што им ја дава одозгора, а на духовите на злобата им допушта да ја вознемируваат тишината на нивните помисли, за да го види расположението на нивната душа, кон што се повеќе наклонети: дали кон Создателот и Добротворот на светот или кон светот и неговите сласти и задоволства. - И потоа, или им ја удвојува својата благодат, ако напредуваат во љубовта спрема Него, или ги бичува со искушенија и страдања, ако се страсно приврзани кон земските работи, сѐ додека не почнат да ги мразат земните блага, поради изменливоста на нивното постојанство; горчината од земните задоволства ја потопува во солзи.

15. Штом духовите на злобата ќе го разбрануваат светот на помислите, веднаш бесовите на телољубието, како искусни ловци, почнуваат да фрлаат огнени стрели врз оние што се гордеат и издигнуваат со својот ум. А кога ќе биде умот запленет, тогаш почнува да прави лоши работи; телото почнува да го напаѓа духот, преку скокоткање и распалување го симнуваат умот долу и настојуваат да го погребат во јамата на сластите. И, ако Господ Саваот не би ги скратил таквите дни и, ако на Своите слуги не би им дал сили за трпење, „никој не би се спасил“ [Матеј 24,22].

16. Многуискусниот и силниот во искушението - бесот на блудот, за едни е причина за паѓање, за други служи за бич и жезол за карање, за праведно казнување, а за трети - испитување и лидиски камен. Првото бива кај почетниците во подвижничкиот живот, кога тие мрзливо го тегнат јаремот на подвижништвото; за оние што дошле до средината во успевањето во добродетелите - кога копнеат по нив; и трето - тие што веќе му се предаваат на соѕерцанието и кон најсовршената бестрасност. На секого му се дава она што му е корисно, според Божјата промисла.

17. Бесот на блудот станува причина за паѓањето во јамата на тињата за оние што го водат својот монашки живот во потполна мрзливост. Тој ги распалува членовите на нивното тело со огнот на блудот и похотта и им дава начин за задоволување на телесната похот и без да општат со друго тело, на начин за кој е срамно да се говори и да се мисли. Оние за кои е речено дека ја „осквернуваат плотта“ [Јуда 1,8], даваат плодови на солената сласт, се исполнуваат со мрак и со право се лишуваат од она што е подобро од доброто душевно расположение. Лекарството за овие, ако го побараат, е искреното покајание и солзната скрушеност, која се раѓа од него, која го одгонува ова зло и душата ја очистува од нејзините нечистотии, правејќи ја наследничка на Божјата милост. Мислејќи на ова премудриот Соломон рекол: „Кротоста избришува големи грешки“ [Екл. 10,4].

18. Со право, бич и жезол е овој бес за нив, за оние што се усовршуваат преку дејствителната љубов кон мудроста и покажуваат успеси во желбата кон поголемо совршенство. Зашто, кога тие, поради мрзливост ќе ја ослабат силата на нивното подвижништво и ќе се оттргнат со своите наклоности кон светските и земните сласти и ќе навлезат кон пожелување на земните работи, тогаш, според големата Божја добрина, му се дозволува на овој бес, тој, како бич, да почне да тепа, кога тие ќе почнат да помислуваат такви работи, па, не можејќи да ги истрпат, да се одвратат од злото, да потрчаат да се спасат во својата кула на забрзано дејствување и строго внимание, така што, со усрдност да се зафатат со вршење на добри дела, одлучувајќи се да водат построг начин на живеење, за да отстапи бичот на злобата од неговото живеалиште.

19. Испитувањето и лидискиот камен, според Божјата промисла, е овој дух за оние, кои првата бестрасност ги довела до втората, така што, измачувани, да си спомнуваат за своите природни немоќи, и при умножувањето на откровенијата, кои се последица на соѕерцанието, да не се превознесуваат според зборовите на апостолот [2. Кор. 12,7], туку, гледајќи кој е оној што се бори против законот на нивниот ум, да се плашат и од најнезначајниот гревовен спомен, за да не бидат победени од таквите спомени, од срамната нечистотија - од висините на соѕерцанието да не го спуштаг долу погледот на својот ум.

20. Само оние успеале да го запазат својот ум дури и од најнезначајни гревовни спомнувања, кои се удостоиле да ја примат одозгора, преку Светиот Дух, да ја добијат животворната мртвеност на Господа, и во своите членови и во своите помисли, и да имаат тело мртво за гревот, а духот со живот го збогатиле преку правдата, која е во Господа Исуса Христа. На оние на кои им е даден Христовиот ум, - во нив се покажала и лесната умртвеност во Божјото знаење.

21. Во душите што уште се очистуваат сѐ уште навлегува духот на похотта и на гневот. Зошто? - За да ги отресат плодовите на Светиот Дух, кои висат на нив. Но, бидејќи и радоста од слободата се разлива во овие души, тоа е за нивна корист, според Божјата промислителна премудрост, која настојува да ги повлекува нивните мисли кон себеси и да ги одржува во неколеблива смирена мудрост, за да не се превознесуваат над другите со својата голема слобода и со богатството на даровите и за да не почнат да мислат дека со својата сила и со својот разум ја придобиле оваа голема палата на мирот, - им дозволува на овие духови да ги напаѓаат, сокривајќи го своето дејство, така што, исплашени за да не паднат, да бидат одлучни и непоколебливи во запазувањето на блажената смирена мудрост, па, откако ќе се уверат дека сѐ уште врзани со телото и крвта, да ја бараат сигурната тврдина, во која би можеле да бидат запазувани со силата на Духот.

22. Испраќањето на искушенијата е соодветно според болеста на страстите и гревовната гнилост што е во нас, на судејќи според нив, горчливата чаша на Божјата промисла е растворена за нас построго или помилосрдно. Кога гревовната материја, која се напластила во нас - од сластољубиви помисли и од љубов кон животот - се лесно излечливи и кога лекарствата дејствуваат, тогаш Лекарот на душите ја дава чашата на искушенијата, која е растворена со милосрдност, зашто во таквиот случај сме измачувани за нашите човечки немоќи - и страдаме како луѓе. А кога имаме горделиви помисли, кои тешко се лекуваат, кои навлегле длабоко во нас и причинуваат смртоносно растројство, тогаш оваа чаша ни се дава неразблажена - со целата острина и лутина на гневот, така што болеста да биде ослабена и изнемоштена од огинот на постојаните искушенија кои следат едно по друго, биде најпосле отстранета од нашите души, под дејство на смирението што се родило во нив, откако горчливите помисли на гордоста ке ги потопиме во солзи и пред нашиот Лекар ќе се покажеме чисти во светлината на смирението.

23. Неможно е за оние што се подвизуваат да ги избегнат искушенијата, кои следат едни по други, ако не ја сознаат својата немоќ и не се сметаат туѓи на својата правда и недостојни за никаква утеха, за никаква чест и за никаков спокој. Целта на Бога, Лекарот на нашите души е: секогаш да бидеме смирени, скрушени, да се отстрануваме од секој човек и да подражаваме на страданијата на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Бидејќи Самиот кроток и смирен по срце, Он сака и ние во кротост и смиреност во срцето да одиме по патот на Неговите заповеди.

24. Смирението не се состои во наклонувањето на главата, ни во неуредената и неисчешлана коса, ни во неиспраната наша облека груба и сиромашна, во што многумина ја гледаат оваа добродетел, туку таа е во скрушеноста на срцето и смиреноста на духот, како што вели светиот пророк Давид: „Срце понизено и смирено Ти, Боже, не отфрлаш“ [Псал. 50, 17].

25. Едно е смирението со зборови, друго е смирението, а трето е смирената мудрост. Смирението со зборови и смирението се пројавуваат кај оние што се подвизуваат во секое големо страдание, во доброволни лишувања и во надворешните добродетелни трудови, зашто сите тие се однесуваат на телесните дејствувања, па затоа при нив душата не е секогаш во одлучно и добро расположение, па кога се среќава со искушенијата, таа се збркува. А смирената мудрост е нешто божествено и големо, а го има само кај оние, кои веќе по наитието на Светиот Дух ја одминале средината, односно напреднале по нај кусиот пат на добродетелта - со помош на смиреноста.

26. Смирената мудрост, откако навлегла длабоко во душата и ставила тежок камен врз себе, силно се притиска, така што целата нејзина сила се пројавува во незадржливо течење на солзите, од кои умот се очистува од секоја нечистотија на помислите, и под дејство на Бога е предизвикуван, слично на Исаија, да говори: „Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, - а очите мои Го видоа Царот, Господа Саваот“ [Иса. 6, 5].

27. Кога ќе те посети големата смиреност со зборови, тогаш ќе те напушти навиката да изговараш надмени зборови. Кога, пак, смиреноста ќе се вкорени во длабочината на твоето срце, тогаш ќе те напушти и смирението со зборови. А кога ќе бидеш збогатен со смирената мудрост одозгора, тогаш ќе се оддалечат од тебе и надворешната смиреност и смиреноста со зборови, според зборовите на светиот апостол Павле: „А кога дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното“ [1. Кор. 13, 10].

28. Колку е оддалечен исток од запад, толку е оддалечена вистинската смиреност со зборови од вистинската смиреност. И колку што е поголемо небото од земјата и душата - од телото, толку е посовршена и поголема смирената мудрост, која се дава од Светиот Дух, од вистинската смиреност.

29. Оној што има смирен вид и смирена облека, оној што говори смирено, не сметај го веднаш и смирен по срце. Исто така, ни оној што говори високо, не мисли одеднаш дека е надуен и горделив, без да го провериш тоа; по нивните дела ќе видиш какви се.

30. Плодовите на Светиот Дух се: „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста и воздржливоста“ [Гал. 5, 22-23]. А плодовите на спротивниот дух се: омразата, светска малодушност, душевната несреденост, љубопитното мудрување, безгрижноста, гневот, неверувањето, зависта, прејадувањето, пијанството, кавгаџиството, осудувањето, похотта на очите, надуеноста, гордоста. По ваквите плодови распознај го дрвото и на овој начин најточно ќе распознаваш каков дух има оној што говори со тебе. Нивните белези се уште појасно покажани преку зборовите на Господа: „Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште - лошо“ [Матеј 12, 35]. Зашто, дрвото се познава според својот плод.

31. Во кого се плодовите на Светиот Дух, и Бог пребива во нив. Од нив извира незаматениот извор на зборовите на мудроста и разумот - било да се на мирен или на висок глас кажувани. Во кого не се видливи плодовите на Светиот Дух, а се гледаат плодовите на спротивниот дух, во нив е мракот на незнаењето на Бога, толпа на страстите и живеалиште на непријателските духови, без оглед на тоа дали говорат смирено или ти се чини да имаат смирена мудрост, дали говорат за возвишени работи или се облечени на еден или на друг начин.

32. Вистината не се распознава по изразот на лицето, ни по надворешниот изглед, ниту по зборовите, во сето ова не почива Бог, туку во скрушените срца, во духовите на смирените и во душите, кои се посветени со богопознанието. Се случува некој надворешно, со зборови вели дека е подолу од другите и пред секого со зборови се смирува, за да ја улови пофалбата од луѓето, а внатре, во душата, да биде преисполнет со високо мислење за себеси, со лукавство, завист и злоба против својот ближен. Исто така, се случува некој друг надворешно, кога говори, борејќи се за правдата и против лагата или против престапувањето на божествените закони, кој се застапува само за вистината, а внатрешно да биде полн со скромност, смиреност и љубов спрема ближниот, иако понекогаш, угледајќи се на светиот апостол Павле, да се фали со Господа и да говори: „ќе се пофалам со своите немоќи за да се всели во мене силата Христова “ [2. Кор. 12, 9].

33. Бог не ја гледа надворешноста на она што го говориме и што го правиме, туку ги гледа душевното расположение и целта, со кои правиме нешто за она што го правиме видливо и што го говориме, а и за она што го мислиме. Он не гледа и не суди според зборовите и надворешните дела, како што прават луѓето, туку гледа на нашето внатрешно расположение и на целта што ја имаме во себеси, па според нив непогрешно ги оценува луѓето. Во Светото Писмо е речено: „Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ [1. Цар. 16,7].

34. Бог одредил: да не се прекратат никогаш, од род во род, даровите на Светиот Дух за пророците за раководителите на Неговата Црква. Зашто, ако древната змија не престанува да им ги исполнува ушите на луѓето со отровот на гревот за погубување на нивната душа, тогаш Оној „Кој на сите ним им ги создал срцата, ги знае сите дела нивни“ [Псал. 32,15] „Кој од прав го издига сиромашниот и од калта го вади бедниот“ [Псал. 112, 7], исправајќи му го на Своето наследство „духовниот меч, кој е словото Божјо“ [Ефес. 6,17]? Оние што се откажуваат од себеси, почнувајќи со смирението, се издигнуваат на височината на знаењето, а одозгора добиваат, преку Божјата сила, слово на премудрост, „збор на гласниците со голема сила“ [Псал. 67,11] кои го благовестат спасението во Неговата Црква.

35. Познај се себеси; тоа е навистина вистинско смирение, кое нѐ учи да бидеме смирени и да имаме скрушено срце. Тоа ни помага да се принудуваме да останеме такви. А, ако не си се познал себеси, ти не знаеш што е смирението, а уште и не знаеш ни како се добива, ниту како се запазува; уште не си се допрел до тоа, зашто самопознавањето е почеток на извршувањето на Божјите заповеди.

38. Секој што се познал себеси, тој се одморил од сите свои дела за Бога и веќе навлегол во Божјото светилиште, во духовното богослужење на Духот - во божественото пристаниште на бесмртноста и смиреноста. Оној што уште не се познал себеси преку смирената мудрост, тој е уште во своите трудови, уште чекори по патот на овој живот. За ова рекол и претскажал Давид, велејќи: „И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене сѐ додека не влезам во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај“ [Псал. 72, 16 17].

39. Кога некој ќе се познае себеси, а ова бара големо запознавање однадвор, незафатеност со земни работи и сестрано и строго испитување на својата совест, - тогаш одеднаш се вселува во душата некакво смирение, кое не може да се искаже со зборови, кое му дава на срцето скрушеност и тажни солзи на умиление, така што го доживува во себеси ова дејство се чувствува дека е земја и пепел, црв, а не човек, дека е недостоен дури и за овој земен живот, а за овој превосходен дар Божји, со кој се удостоил - се исполнува со некакво неискажливо пијанство на умилението, - навлегува во длабочината на смиреноста, и откако излегол од себеси, надворешните работи не ги смета за ништо - јадењето, пиењето, облеката, - како да е изменет „десницата на Севишниот се изменила“ [Псал. 76,10].

40. Смиреноста е нешто што е највозвишено во добродетелите, зашто во кого ќе се вкорени преку вистинското покајание и ја прими молитвата како своја сопатничка, заедно со воздржливоста, тогаш таа веднаш го прави слободен од страстите, му дава мир, срцето го очистува со солзите и го исполнува со тишина преку наитието на Светиот Дух. Кога така ќе се настрои, тогаш им се разјаснува преку тоа словото за знаењето на Бога; тогаш навлегува во соѕерцание на Божјите тајни, на тајните за Божјото царство и познавање на созданијата. Но, бидејќи се вдлабочува во длабините на смирената мудрост, а од ова се зголемува и познавањето на своите граници и на својата човечка немоќ, на немоќта на човечката природа и се зголемува љубовта кон Бога и кон ближните, така што сме убедени дека осветувањето го црпеме од близината на оние што се со нас.

41. Ништо толку не ја окрилува душата да копнее по Бога и да Го сака, како што го прават тоа смирената мудрост, умилението и чистата молитва. Смирената мудрост го скрушува духот, пролива потоци солзи, ни дава сознание за нашите ограничени човечки сили, нѐ учи да ја сознаваме нашата немоќ; умилението го очистува нашиот ум од сѐ земно, го просветува окото на срцето и ја прави душата потполно озарена од божествената светлина; чистата молитва целиот човек го соединува со Бога, го прави сотрпезник на ангелите, му дава да ја вкуси сладоста на вечните Божји блага, го исполнува со сокровишта на големите тајни, и, разгорувајќи го пламенот на оваа љубов, го расположува да се осмели да ја жртвува својата душа за своите ближни, зашто достигнал преку границите на човечкото ништожништво.

42. Придобивајќи го залогот на богатата смиреност, во која се наоѓаат скриените сокровишта на љубовта, во кои се пазат бисерите на умилението, каде и Царот - Христос Бог се наоѓа на престолот, окован со злото, Кој им ги раздава даровите на Светиот Дух на Своите питомци, удостојувајќи ги со поголеми добрини: со зборовите на Неговото знаење, со Својата неискажлива премудрост, со гледање на божествените работи, со гледање на човечките работи, со животворната умртвеност во бестрашноста и најтесно соединување со Него, за да царува заедно со Него во царството на Оца и Бога, како што и Он Самиот, молејќи се за нас говори: „Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледам Мојата слава што си Мија дал“ [Јов. 17, 24].

43. Кога некој, трудејќи се дејствително да ги извршува Божјите заповеди, одеднаш се исполни со неискажлива радост, така што се изменува со некаква чудна и неискажлива промена и, како да го соблекол своето земно тело, заборава за сонот, за храната и за другите природни потреби, тогаш треба да знае, дека го посетил и дека таа посета го предизвикува животворното умртвување, преку кое се навлегува во состојбата на бестелесните сили. Причината на овој блажен живот е смиреноста; хранителката и мајката - светото умиление; пријателката и сестрата - соѕерцанието на божествената светлина; престолот - бестрашноста; крајот - Пресвета Троица Бог.

44. Оној што влегол во оваа тврдина, не може да биде приврзан за нешто земно, не обрнува внимание на земните уживања, не прави разлика меѓу луѓето, туку, како што прави Бог, Кој им дава дожд и сончевина и на праведните и на неправедниге, и на лошите и на добрите [сп. Матеј 5, 45], така и тој ги пушта зраците на својата љубов кон сите. Светиот апостол Павле пишува: „Вам не ви е тесно во вас, но тесно ви е во срцата ваши“ [2. Кор. 6, 12], но кога си исполнет со љубов кон сите, и, ако чувствуваш незгода и тешкотија, тоа ќе биде само тогаш кога нема да можеш да правиш добро, колку што сакаш. Оттука, како некогаш од Рајската Градина, извираше „вода за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше во четири реки“ [1. Мој. 2,10], - смирената мудрост, чистотата, бестрасноста и од ништо невознемируваната и молчелива молитва, која ја напојува целата духовна Божја твар - сите Негови созданија.

45. Оние што не вкусиле од сладоста на солзите од умилението и не знаат каква е нивната благодат и нивното дејство, тие мислат дека ваквите солзи по ништо не се разликуваат од оние што ги проливаме по умрените, правејќи во врска со ова многу различни претпоставки и заклучоци. Но, тие и такви солзи не се вродени во нашата природа, а кога гордоста на умот се спушта кон смиреност, а душата ги затвори своите очи и не ги гледа видливите блага, а ги устремува само кон гледањето на првата и неприродна светлина, се ослободува од секакво чувство кон светот и се удостојува со утеха од Светиот Дух, тогаш потекуваат од неа солзите, како што излегуваат водите од извор, ги насладуваат нејзините чувства, ги исполнуваат нејзините мисли со секаква радост и со божествената светлина. И не само тоа, туку го скрушуваат срцето и умот со гледањето на она што е најубаво и ја прават душата исполнета со смирена мудрост. А сето ова не можат да го имаат оние што плачат и ридаат поради некои други причини.

46. Овој извор на солзи не може да се оствари без најдлабока смирена мудрост, а и не може да се има смирена мудрост без умиление, кое произлегува од наитието на Светиот Дух, зашто умилението доаѓа од смирената мудрост, а смирената мудрост се раѓа од умилението со силата од дејството на Светиот Дух. Тие се како алки во железна верига, се држат една со друга; поврзани се само со благодатта на Светиот Дух и прават нераскинлив духовен сојуз.

47. Светлината која слегува на душата од Светиот Дух обично се губи поради унинието, мрзливоста, и неправењето разлика меѓу зборовите и јадењата, зашто како што неправењето разлика меѓу јадењата и воопшто богатата и изобилна трпеза, така и невоздржливоста во зборувањето и на погледот - ја изгубуваат светлината од душата и ја помрачуваат. А кога ќе се наполниме со темнина, тогаш сите полски ѕверови во нашето срце и младите лавчиња - страшните помисли со рикање, се довикуваат низ нашата душа, барајќи храна во страстите и се обидуваат да го украдат сокровиштето, кое го положил Светиот Дух во нас [сп. Псал. 103, 21], но воздржувањето е наш вистински пријател и ангелската молитва не само што не допушта ништо такво во душата, туку ја запазува во нашиот ум неугасливата светлина што е од Светиот Дух, срцето го прави спокојно и чисто, источува од него божествено умиление, душата наша ја раширува со љубовта кон Бога и целата ја соединува, во веселба и девствена чистота, целосно со Христа.

48. На разумноста ништо не ѝ е така својствено, како чистотата и целомудрието на душата, на кои мајка и другарка ѝ е сестраното воздржување, а татко - стравот Божји. Стравот Божји, пак, соединет со срдечното расположение кон божественото, ја прави душата слободна од страв, полна со љубов и божествено разбирање кон родителката.

49. Стравот, кој пред тоа се соединил со душата, преку покајанието, ја исполнува со помислата за страшниот суд. Тогаш ја окружуваат болките на пеколните маки [сп. Псал. 114, 3]; воздивнувања и страдални измачувања го кинат нејзиното стегнато срце при помислата на казната за лошите нејзини дела. А потоа, откако ќе се зголеми помислата, зачната во неа, како намера да се поправи, се појавува во нејзиното срце одлучноста и духот на спасението, па, откако ќе се ослободи од маките, што ги имала од мислите за пеколот и од офкањата при замислувањата на судот, се исполнува со желба и радост за идните блага. Тогаш се среќава со своите пријателки - чистотата и целомудрието, кое преку искрената љубов ја соединуваат со Бога. А, откако ќе се соедини со Бога, душата искажува неискажлива радост, и од неа, со задоволство и наслада, пролева солзи на умиление и станува чувствено потполно отуѓена од сѐ што е во овој свет и како да е надвор од себеси трча по својот Младоженец и извикува по Него со безгласен глас: „Поведи ме, да побрзаме;… - ќе се восхитуваме и ќе се радуваме со тебе... Кажи ми ти, кого го сака душата моја: каде го пасеш стадото, каде пладнуваш“ [Песна 1, 3,6] на полден од чистото соѕерцание? За да не бидам принудена да талкам по стадата на твоите пријатели - праведниците, зашто во Тебе е светлењето на големите тајни. - А Младоженецот, пак, откако ќе ја воведе во сокровиштето на скриените тајни, ја прави сосоѕерцателка на тајните на созданието со премудрост.

50. Не говори во срцето свое: „Јас веќе не можам да ја придобијам чистотата на девството, откако толку пати згрешив и потпаднав под власта на моето гревољубиво тело,“ - зашто кога ќе се сложат маките и трудовите на покајанието со страдањата и душевната топлина и како ќе се излијат реките од солзите на умилението, силно се разурнуваат сите тврдини на гревот, гасне секој оган на страстите и настанува ново раѓање одозгора - со наитието на Светиот Дух Утешителот, - и душата наша станува пак палата на чистотата и девството, во која, откако ќе навлезе натприродниот Бог со Својата светлина и со неискажливата радост, кога ќе седне врз висините на нејзиниот ум, како на престол, им дарува мир на силите што се во неа и говори вака: „Ви давам мир од страстите што ве напаѓаат, ви го давам Мојот мир за да можете природно да дејствувате, ви го оставам Мојот ум - за да го постигнете натприродното совршенство“. Исцелувајќи го на овој начин со Својот траен дар, трајниот состав на нашата душа и, издигнувајќи ја кон нејзиното трајно совршенство и, соединувајќи ја со Себеси, Бог ја прави целосно девствена, целосно добра, целосно прекрасна, говори: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди! [во дејствително љубомудрие]. Еве, зимата [на страстите] веќе мина, дождот [на сластољубивите помисли] го снема, престана веќе, цвеќињата [на добродетелите со благоуханието на помислите] се појавија по земјата [на твоето срце]; ...Стани, мила моја, убавице моја, и дојди! Гулабице моја - [Дојди кај Мене, во разумното спознавање на природата, сама за себеси, во покриеноста и мракот на таинственото богословие и вера, во Мене, тврдиот Божји камен]“ [Песна 2, 10-14].

51. Блажен е оној што се удостоил со ваквата добра промена и што се издигнал таму горе, кој преку дејствителната љубов кон мудроста го надминал ѕидот на страсните навики и оттаму, се издигнал врз посребрените крила на бестрасноста во духовниот воздух на соѕерцанието на сѐ што постои, а оттаму - кога ќе се настани во мракот на богословието, најпосле ќе се одмори од сите свои трудови во божествен блажен живот, зашто, откако во своето совршенство станал земен ангел и небесен човек - Го прославил Бога во себеси, а затоа и Бог го прославува него.

55. Лошо е неверувањето, - дело на лукавото среброљубие и на уште полошата завист. А, ако е тоа, лошо, не е ли уште полошо она што се раѓа од неа? Зашто, среброљубието ја прави љубовта кон парите во синовите човечки да се противи на љубовта кон Христа и Создателот и на сѐ„ па да Го сметаат помал од созданијата, да им се служи на парите повеќе отколку на Бога, - ги учи оние што ги ценат парите повеќе од сѐ, „да му служат на созданието повеќе отколку на Создателот“ [Рим. 1,25]. Ако оваа духовна болест е толку лоша, тогаш колкупати ли е полоша онаа душа, која одлучила да страда од оваа болест?

56. Ако сакаш да бидеш Христов пријател, мрази го злото и неговото ненаситно сакање, зашто тоа ја свртува помислата на оној што го сака кон себеси и ја оддалечува од љубовта кон преслаткиот Господ Исус Христос, која не се јавува во вид на зборови, туку во вид на извршување на Неговите заповеди. Ако копнееш по злото и по парите, тогаш, тешко тебе, ќе ги придобиеш, но со тоа ќе претрпиш и преголема загуба, ќе ја загубиш љубовта спрема Христа. А, ако Го загубиш Христа, заедно со Него ќе Го загубиш и Бога, без Кого нема спасение за човечкиот род.

57. Ако го љубиш злото, тогаш не Го љубиш Христа. А, ако не Го љубиш Христа, а го љубиш злото, тогаш гледај на што сака да те оприличи овој тиран, на што да личиш. Тој те учи да востанеш против Господарот на сѐ, да отпаднеш од верата во Него и да те фрли во длабочините на очајанието. Исплаши се од ова и бегај од злото и од љубовта кон него, за да Го придобиеш Христа, пројавувајќи со тоа истовремено вистинска љубов и кон себеси. Гледаш ли каква е судбината на оние што паднале во овој грев?

58. Без да имаш призвание одозгора, никогаш не барај, со помош на злото, да ти биде дадено раководно место или со помош или застапништво на други луѓе, макар и да си свесен за тоа дека можеш да им бидеш од полза на човечките души, зашто тогаш, можат да те сретнат три можни несреќи, а една од нив ќе се оствари: или негодување и гнев Божји, кои се пројавуваат во разни несреќи и жалосни околности, кога ќе востанат против не само луѓето, туку речиси и целата твар. Тогаш, твојот живот ќе биде многу тежок; или со голем срам ќе бидеш сменет од твоето раководно место. Тогаш ќе те победат другите: или ќе умреш пред време, бидејќи си веќе отсечен од вистинскиот живот.

59. Не треба да ги цениш ни славата, ни посрамувањето; да бидеш над пријатностите и непријатностите; кој знае правилно да се однесува спрема нив, тој се запазува од големо зло. Кога ќе видиш дека секоја слава, секое задоволство и секоја радост, секое богатство и секое преуспевање се завршува со ништо, зашто смртта ги одзема од нас сите тие работи и ги претовара во ништо. И кога човекот ќе ја познае оваа очигледна суета на сите човечки работи, тогаш ги свртува своите чувства кон божествените работи, кои остануваат засекогаш и што никогаш не пропаѓаат; кон нив се прилепува, а од другите се одвраќа, па, како последица на тоа, тој се издигнува над земните страдања и задоволства: над страдањата - затоа што ги победил во својата душа сластољубието, славољубието и љубовта кон богатството, како и љубовта кон задоволствата, бидејќи отфрлил од својата душа секоја приврзаност кон земните работи. И затоа, без оглед на тоа - дали го почитуваат или понижуваат, тој секогаш останува ист; тој ги прифаќа спокојно и страданијата и задоволствата; за сѐ благодари Му на Бога и никогаш не страдај со духот.

60. Внимателниот може и по соништата да ги распознае движењата и расположбите на душата и соодветно на тоа да ја насочува својата грижа околу устројството на својата духовна состојба. Зашто, во зависност од внатрешниот човек и од неговите грижи настануваат и телесните движења и душевните мечтаења. Чија душа има љубов спрема земните и желба да ја фалат и слават луѓето, тој мечтае за збогатување и печалби. Исто така, тој замислува и женски лица и страсни гушкања, од кои доаѓа до извалкаиост на неговото тело и на облеката. Чија душа е љубителка на земни работи и е среброљубива, тој и во своите соништа гледа злато: бара долгови, ги зголемува процентите, придобивките ги затвора во своето сокровиште или е осудуван како немилосрден. Оној што е гневлив и завидлив - замислува дека го гонат ѕверови и отровни лазачи, а од тоа доживува ужасни стравувања. - Ако душата на некого е пренаситена со суета, тој мечтае за тоа дека сите говорат добро за него, дека го пречекуваат со почести големи мноштва луѓе и дека му даваат големи одличија и го поставуваат на високи положби. Ако душата на некого е горделива и исполнета со високо мислење за себеси, тој се гледа како се вози во раскошни кочии и дека има голема власт над луѓето - дека лета високо во воздухот и дека сите треперат од страв пред него. Исто така, и богољубивиот човек, ревносен во извршувањето на добродетелни дела и неуморен во подвизите на побожноста, чија душа е чиста од страсна приврзаност кон земни работи, во своите соништа го гледа остварувањето на идните настани или некои страшни виденија, па кога се разбудува, секогаш наоѓа како се моли и во мирно устројство на душата и на телото, со лице облиено со солзи и разговор со Бога на својата уста.

61. Она што го гледаме во нашите соништа, едно е мечтаење, друго е видение, а трето е - откровение. - Мечтаењата се такви соништа, кои не остануваат неизменливи во вообразбите на умот, но нивните предмети се менуваат, едни остануваат, други биваат заменувани со други. Од нив нема никаква корист, а и самото нивно мечтаење исчезнува истовремено со разбудувањето. Ревнителите, ваквите сонови треба да ги презираат. - Виденијата се такви соништа, кои остануваат постојано неизменливи, не се преобразуваат од едно во друго и така се отпечатуваат во умот, така што остануваат неизменливи во текот на многу години: тие укажуваат на идни настани, и придонесуваат корист на душата, доведувајќи ја во умиление преку страшни видувања: оној што ги гледа се вдлабочува во себеси, се преплашува од страшните видувања. Добрите ревнители треба да ги сметаат скапоцени ваквите виденија. -Откровенијата се над секое телесно гледање; тие се соѕерцанија на најчистата и најпросветената душа, чија содржина се некакви божествени работи и разбирања, на скриените Божји тајни, остварување на најважните работи за нас и општо преобразба на земните и човечки работи.

62. Од споменатите видови соништа првите им се својствени на телесните и порочните луѓе, за кои е стомакот и прејадувањето нивни бог; нивниот ум е обвиен со темнината, поради нивниот мрзлив и страстен живот. Со нив се подбиваат бесовите преку мечтаењата. Вторите ги имаат ревнителите на доброто; тие ги чистат нивните душевни чувства; така што преку она што е видливо ги издигнуваат до разбирање на божествените работи и засилување на нивното преуспевање во доброто. - Третиот вид соништа ги имаат совршените; тие се последица од наитието на Светиот Дух кај оние, кои ја соединуваат својата благоглаголива душа со Бога.

63. Соништата на сите луѓе не се вистински и не кај сите се напечатуваат во владеачкиот дел на умот, туку само кај оние, чиј ум е чист и чии душевни чувства се просветени; кои се издигнале кон природното соѕерцание; кои немаат животни грижи - за земниот живот и чии долги пости преминале во општо воздржување, а постењето и трудовите за Бога, добиле спокој во Божјото Светилиште - во видението на она што е и во возвишената премудрост, чиј ангелски живот е скриен сега во Бога и чие преуспевање во свештеното безмолвие ги издигнале до степен на пророци во Божјата Црква, за кои се говори и во Мојсеевото петокнижие, каде читаме: „Ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него“ [4. Мој. 12,6]; како и кај пророкот Јоил, кој вели: „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија“ [Јоил 2,28].

64. Блаженството е состојба на умот која не е вознемирувана од лоши и грешни помисли, спокој на слобода од страстите, душевна радост, утврденост на срцето со Бога, спокојно и светло соѕерцание, знаење на Божјите тајни, издигнатост на умот, умствена молитва, леснина и спокој во големите трудови и, на крајот, соединување и единство со Бога.

65. Сѐ додека е душата несредена во себеси, поради тоа нејзините сили не дејствуваат уредно и не може да ги прими божествените зраци во себе - додека не се удостои да ја добие слободата од телесното мудрување и додека не вкусила од божествениот мир, поради тоа што скоро стивнале во неа борбите на нескротливите страсти. Сѐ дотогаш таа има потреба од постојано молчење на устата, за да може и таа да рече заедно со Давида: „Станав како човек што не слуша и што во устата своја нема прекор“ [Псал. 37, 14]. Таа треба секогаш да биде жалосна и во скрушеност да оди по патот на Христовите заповеди, сѐ додека уште ја ожалостува ѓаволот и таа го чека доаѓањето на Утешителот, преку Кого, ако живее во скрушеност и ако се измива со солзи, ќе ѝ биде подарена нејзината слобода.

66. Кога медот на добродетелите, приготвен за време на безмолвието, ќе се издигне над телото, како последица на подвижничките трудови и неговите душевни сили дојдат во природна состојба - поради отфрлањето на гордоста и високото мислење за себеси, кога ќе го очисти своето срце со солзи, тогаш ќе може да ги прими зраците на Духот во себе и да се облече во негниежливата и животворна Христова умртвеност, седејќи во горната одаја на безмолвието - да Го прими Утешителот во вид на огнен јазик, тогаш ќе треба тој со одважност да зборува и за Божјите чудеса да известува. И да ја проповеда славата на Божјото царство, а да прикажува и за силата Божја. За да им се раскажува на синовите човечки за Божјата сила и за велелепната слава на Божјото царство. Устата негова да искаже похвала на Господа [Псал. 144, 5, 11, 12, 21; 39, 10], па, бидејќи го примил во себеси, во својата утроба, законот на Духот, да не биде како лошиот слуга, кој го сокрил талантот на својот господар в земја, и да не биде фрлен во вечниот оган. Така и Давид, откако го измил својот грев со покајанието, добивајќи го одново пророчкиот дар, не можејќи да ја скрие Божјата милост, со следниве зборови Му се обраќа на Господа, велејќи: „Ја објавувам Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив вистината Твоја и спасението Твое; и не ја затаив Твојата милост и Твојата вистина од собранието“ [Псал. 39, 9-10].

67. Умот, кој е очистен од секаква нечистотија, и ќе биде осветлен со разумна светлина - станува во душата ѕвездено небо, имајќи Го во себе Сонцето на правдата, Кое ги испушта сјајните зраци на богословието - за да ја покаже длабочината, и височината и широчината на Божјото знаење. Откако ќе ги прими овие зраци во своите гради со зборови им ги објаснува длабините на Духот на сите, кои Го имаат Божјиот Дух во себе, го открива и лукавството на лошите духови и им раскажува за тајните на небесното царство.

68. Телесните похоти и телесната невоздржливост - ги напуштаат воздржливоста, постот и духовната борба, а душевната распаленост и бранувањата на срцето ја ослободуваат желбата за читање на Светото писмо, додека смирената молитва смирува и, како елеј внесува тишина.

69. Ништо друго, како чистата молитва, молитвата што е оддалечена од сѐ што е земно, не го прави човекот толку достоен да разговара со Бога и нѐ оспособува да се соединуваме со Него. Со Бога се соединува оној што непрестајно се моли, кој се моли со својот дух, особено кога притоа и неговата душа се измива со солзи, насладувајќи се со сладоста на умилението и се просветува со светлината на Духот.

70. Прекрасна е должината на молитвените псалмопеења, ако бидат раководени со трпението и вниманието, но од тоа каква е нашата молитва зависи оживувањето на нашата душа; тогаш таа станува причина за благодарни плодови. А, доброто пеење на псалмите и добрата молитва се состои во тоа - да се молиме во духот со умот, а со умот се моли оној, кој кога пее и се моли - со својот ум го следи она што е напишано во Светото Писмо и во молитвите на она што го разбира, го прима во своето срце; со прекрасните молитвени мисли се издигнува неговата душа и се просветлува, се очистува, се извишува кон небото и ги соѕерцава благата, кои се приготвени за светиите. А, разгорувајќи се од сето ова, веднаш се појавува во неа плодот на молитвата со истечување преку очите од изворот на солзите како последица на Светиот Дух, Изворот на духовната светлина. Ова ѝ дава на душата да вкуси превкусно јадење, и откако ќе се удостои со него, често и потполно ја заборава телесната храна. А токму ова е плодот на молитвата, кој се раѓа во душата кога е добро пеењето на псалмите и кога се молиме добро.

71. Таму каде што се гледа квалитетот на молитвата, а таму каде што е добриот квалитет на молитвата, таму е прекрасна и должината од пеењето на псалмите. А таму, каде што не се појавува плодот од молитвата, тоа покажува дека е сува нашата молитва, а, ако е таа сува, сува е и нејзината должина и содржина, и, иако таа претставува труд за телото, по овој труд за многумина останува без корист.

72. Пази се од ѓаволските примки кога се молиш и кога пееш псалми. Демоните се обидуваат на секој начин да ги отстранат нашите мисли и чувства од она што го пееме и што го читаме кога се молиме, да го избришат од нашето запаметување. Тие го прават тоа со цел да нѐ лишат од плодовите на нашата молитва, па така, не вкусувајќи од овие плодови, да ни биде здодевно пеењето на псалмите и да го прекинеме, подучувајќи нѐ дека не треба долго да се молиме. Но, настојувај да бидеш храбар, труди се да внимаваш на смислата од она што го пееш, читаш и говориш; читај, пеј и говори без да брзаш, за да можеш да ожнееш добри плодови од твојата молитва, да го соѕерцаваш она за што се говори во стиховите на псалмите, за да се просветиш и да се збогатиш од Светиот Дух, Кој свети во душите на оние што се молат.

73. Кога тебе ќе ти се случи вакво ѓаволско искушение, кога настојуваш да пееш и да се молиш со разбирање, гледај да не бидеш мрзлив и малодушен, немој да го претпочиташ спокојот на телото пред користа за душата, а помислувај на тоа дека тогаш ти е последниот час на твојот земен живот. И штом ќе забележиш дека твојот ум заталкал, дека е заробен, тогаш веднаш престани со пеењето, па, иако си можеби веќе при крајот на псалмот, со усрдност почни пак од почеток и прочитај го со внимание целиот тој псалм. И секогаш кога ќе ти се случи умот твој да биде заробен, постапувај вака. Ако правиш вака, тогаш демоните, гледајќи ги твојата трпеливост, постојанството и силата на твојата ревност, ќе избегаат од тебе и со срам ќе се покријат.

74. Сигурно знај, дека непрестајна молитва е онаа која не се оддалечува од твојата душа ни дење ни ноќе и која се состои не во издигнувањето на рацете, не во молитвена положба на твоето тело и не во изговорот на молитвата со твојот јазик, за да може да биде видена со телесните очи, туку се состои во дејствувањето на умот, мислењето за Бог и во постојаното умиление. Ваквата молитва ја разбираат само оние што умеат да ја разберат.

75. Можно е да бидеме секогаш во молитва, ако помислите наши ги држиме собрани во заповеданието на умот, во мир и потполна побожност, проникнувајќи во Божјите длабочини и, барајќи да вкусиме од убавините на соѕерцанието, кои истекуваат оттаму, а сето тоа е неможно, ако го нема во нас мирот на помислите. Непрестајна молитва може да се установи само во оној во кого се смирени душевните сили преку знаењето.

76. Ако некогаш пееш духовна песна и читаш или говориш молитви, а некој твој брат дојде и чукне на вратата од твојата ќелија, немој да ја претпочиташ молитвата пред делото на молитвата; да не го презреш твојот брат, зашто тоа е грев пред Господа Бога, зашто, Он тогаш бара од тебе елеј на љубов, а не - жртвата на молитвата. Затоа, остави ја жртвата на молитвата; принеси Му го на твојот Отец дарот на духовите со солзи и со скрушено срце, и вистинскиот дух ќе биде обновен во твојата утроба.

77. Светата тајна на молитвата не се извршува во определено време и на определено место, зашто, ако делото на молитвата го одредиш со часови, времиња и место, тогаш ќе посакаш да се занимаваш во слободното време со суетни работи. Границата на молитвата е непрестајното престојување на умот во Бога, непрестајно престојување на душата во божествените работи. Нејзиниот крај е прилепување на нашето срце кон Бога, за да бидеме со Него еден дух, според зборовите на апостолот [1. Кор. 6,17].

78. Кога веќе си ги умртвил членовите на твоето тело и душевно си се оживотворил од духот, откако си се удостоил со Божјите натприродни дарови, не оставај ја тогаш духовната сила на твојата душа да талка таму-ваму, туку причувај ја секогаш да мисли на твоите прегрешенија и за пеколните маки, а себеси сметај се како осуденик. Враќај го твојот ум на овие помисли и внимавај на себеси; така ќе го запазиш твојот дух и ќе го имаш во себе живиот извор на умилението, од кој течат живите струи на божествената благодат, а Бога ќе Го гледаш - како те гледа и ти го дава духот за утврдување на твоето срце.

79. Благоразумниот пост кој ги примил за свои сопатници бдеењето, богомислието и молитвата  - го приведува испосникот од границите на бестрасноста, кога при ова неговата душа, во изобилство на смирение, ќе се облева со солзи и ќе гори од љубов кон Бога. А кога ќе дојде до ова, тогаш постот го воведува во душевнит свет, кој е над секој слободен ум и преку љубовта се соединува со Господа Бога.

80. Ни царот, на мудроста, на својата слава и за своето царство, така не се радува кога ја придобива царската власт, како монахот што размислува за бестрасноста и за солзите на умилението. Но, високото мудрување на царот овенува заедно со неговото царство, а блажената бесмртност на подвижникот преминува заедно со него во задгробниот живот и таму живее вечно во спокојни векови. Како што тркалото се врти, така се врти и тој во сегашниот живот, допирајќи се малку до земјата и до она што е на земјата, до неопходните потреби на човековата природа; целиот тој се издигнува во духовниот воздух, сврзувајќи ги во себеси почетокот и крајот и, покажувајќи ги благодатните дарови - вплетени во венец на смиреност. Соѕерцанието на Бога за него е изобилна трпеза, чаша на премудроста е неговото пиење, а Бог е неговиот спокој.

81. Оној што се предал на добродетелните трудови и оди усрдно по подвижничкиот пат - Бог го удостојува со поголеми дарови. А оној што се труди да стигне до средината, доаѓа до божествените откровенија и виденија, а со тоа, станува уште посветол и помудар, затоа што го продолжува својот подвижнички труд. И колку повеќе се издигнува во височините на соѕерцанието, толку повеќе ја предизвикува зависта на погубните бесови, зашто тие не можат рамнодушно да гледаат како човекот се претвара во ангелска природа, па затоа не се мрзливи постојано да пуштаат кон него стрели - на високо мислење за себеси. Ако, согледувајќи ја непријателската замка, се сокрие во тврдината на смирението, прекорувајќи се, тој ќе ја избегне неволјата на гордоста и ќе биде воведен во пристаништето на спасението. А, ако не, ќе му биде одземена помошта одозгора и ќе биде предаден во рацете на злобните духови, кои го бараат, како свој по дух, на присилно учење по казна - затоа што не сакал доброволно да се научи и да биде искусен. Тие духови што го учат по казна се духовите на сластољубието и телољубието, на злобата и на гревот, кои го смируваат со своите страшни напади, сѐ додека не ја познае својата немоќ. Тогаш и тој може да извика заедно со Давида: „Добро ми е што ме смири, за да се научам на Твоите наредби“ [Псал. 118, 71].

82. Бог не сака секогаш да бидеме мирни пред нападите на страстите, за да се чувствуваме немоќни пред нив, па кога сме прогонувани од нив, да бидеме слични на зајаците, Он да ни биде само камен на прибежиште, зашто инаку Он би рекол: „Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот“ [Псал. 81, 6], туку, сака како елени, со трчање да се искачиме на високите планини од Неговите заповеди и да бидеме жедни за живототворните води на Светиот Дух; како што елените, вгорештени и ожеднети од силното трчање, ги голтаат змиите и нивната отровна природа ја претвораат во пиење, кое не им нанесува штета, така и ние - секоја страсна помисла, примајќи ја во нашата духовна утроба, под дејство на огненото брзање по патот на Божјите заповеди и силата на Духот, - да ја претвориме во добро и спасоносно дејствување на добродетелите, „да го покоруваме секој разум“, преку дејствување, „за да Му биде покорен на Христа“ [2. Кор 10, 5]. Зашто, горниот свет треба да се исполни не со земни и несовршени луѓе, туку со духовни и совршени, кои достигнале „возраст на Христовото совршенство“ [Ефес. 4, 13].

83. Оној што постојано се врти на едно исто место, кој не се движи напред, сличен е на мазга, која врти воденично коло, која е непрестајно на исто место и никогаш не напредува напред. Зашто, оној што постојано се врти со своето тело, кој се занимава секогаш само со своите телесни работи, иако страда, самиот на себеси си причинува голема штета во возвишените работи, без да забележува дека не ја постигнува целта на Божјата волја. Зашто, според свети апостол Павле, „телесното обучување малку е корисно“ [1. Тим. 4, 5], сѐ додека земната мудрост на телото не биде проникната од потоците на покајните солзи и во телото наше не навлезе животворната духовна умртвеност, сѐ додека духовниот закон не се зацари во нашето умртвено тело. Духовната побожност која бива соѕерцавана под дејство на божествени помисли, како дрво на животот, во духовното дејствување на умот, корисно е секаде и во сѐ, како нешто што ја изградува чистотата на срцето и што внесува мир меѓу душевните сили и што настанува во нас заедно со себеси и секаква духовна добрина: просветување на умот, телесна честота, целомудреност, сестрана воздржливост, смирена мудрост, умиление, љубов, осветување, небесно знаење, мудрост во зборови и гледање во Бога. Оној што по многу подвизи достигнал до такво совршенство на побожноста, тој веќе го преминал Црвеното Море на страстите и влегол во ветената земја, во која тече млекото и медот на богопознанието, оваа наслада, со која светиите не можат да се наситат.

85. Во подвижничкиот живот треба постојано да одиме напред, постојано духовно да се издигнуваме кон висините, останувајќи секогаш во раздвиженост во Божјото, не знаејќи за никаков умор во извршувањето на доброто. Од ова дејствително подвижништво треба да се издигнуваме кон природното созерцание на тварите, а од него - кон таинственото богословие и во него секој се успокојува од сите свои телесни трудови, - откако веќе се издигнал над сѐ што е телесно и земно и придобил чисто и разумно знаење за правење на вистинска разлика меѓу работите. Ако уште не сме го примиле ваквото знаење за разликување, тогаш не знаеме како треба да напредуваме напред и да се издигнуваме кон она најсовршеното; и се покажуваме уште полоши и од мирјаните.

86. Онаа душа, која се труди со голема ревност да се очистува преку подвижничките трудови, се просветува со божествената светлина и почнува да созрева во природната убавина, која ѝ е дадена од Бога, напредувајќи во љубовта кон својот Создател. Доколку ѝ е јасно, според степенот на нејзиното очистување, Сонцето на правдата со Своите зраци ја открива нејзината природна убавина и таа се познава себеси, па дотолку и ги засилува своите подвижнички трудови за уште поголемо очистување, за да може јасно да ја разбере славата на царот, со кој се удостоила, и да го прими древното благородство и да го запази чист ликот на својот Создател, неизмешан со ништо земно. Таа никогаш не ги намалува своите трудови, туку продолжува со нови напори сѐ додека не се очисти од секоја нечистотија и не стане достојна да Го гледа Бога и да разговара со Него.

87. Кон Бога вика оној, кој бил уште обвиен во магла на земното мудрување, велејќи: „Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон“ (Псал,| 18,18). Зашто, земното незнаење на умот, како густа магла и темнина, ги покрива душевните очи, а ја затемнува и душата, за да не може да ги разбира божествените и човечките работи, и да не може да го устремува својог поглед кон болскотот на божествената светлина или да вкусува од оние блага, кои око не ги видело, уво не ги чуло, ниту на човекот на ум му паднале [сп. 1. Кор. 2,9]. Но, кога ги отвора своите очи преку покајанието, таа го гледа сето ова чисто, слуша јасно и разбира разумно. И не само тоа, туку и издигнувањето на разбирањето за ова го вложува во своето срце. А, откако потоа ќе вкуси и од оваа сладост - се просветува во разумот и со зборови на премудроста им раскажува за оние прекрасни блага, кои ги подготвил Бог „за оние кои Го сакаат“ [1. Кор. 2,9] и сите ги убедува да бараат да ги добијат овие блага преку многу подвизи и солзи.

88. Има седум дарови на Светиот Дух. Светото Писмо, набројувајќи ги, почнува одозгора - од премудроста и оди до крајот до духот на стравот Божји, ги покажува по ред: дух на премудроста, дух на разумот, дух на советот, дух на крепоста, дух на знаењето, дух на побожноста и дух на стравот Божји [сп. Иса. 11,2-3]. А ние треба да почнеме од стравот што чисти, односно од стравот од маките, така што, преку него, да се ослободиме од сѐ лошо и со покајанието да се очистиме од нечистотијата на гревот, за да го добиеме и оној чист страв, Божјиот дар, одејќи кон вистинскиот пат и во него да се успокоиме во извршување на добродетелите.

89. Откако почнал со стравот и преуспева во очистувањето на срцето, преку солзите на покајанието - најнапред се исполнува со премудрост, зашто, како што е речено, стравот е нејзиниот почеток [сп. Изрек. 1,7]; потоа, со разумот и советот, со чија помош ги разбира своите намери за спасение на душата. А, кога ќе го постигне ова, преку извршувањето на заповедите, се издигнува кон знаењето на она што постои и добива вистинско знаење за божествените и за човечките работи. И, откако од ова целиот ќе стане живеалиште на побожноста, се издигнува во градот на љубовта и станува совршен. И тогаш, веднаш, чистиот страв - дарот Божји го прима, за да го пази сокровиштето на небесното царство, кое е ставено во него. Овој страв, бидејќи потполно спасоносен, го прави оној што ќе го прими треперлив и готов на секаков подвиг од страв, за да не отпадне од така возвишената љубов и да не биде фрлен во страшните пеколни маки.

90. Читањето на Светото Писмо е едно за оние, кои тукушто навлегуваат во животот на благочестието; инакво е за оние до средината на преуспевањето, а сосема е поинакво за оние што се издигнуваат кон совршенството. За едните е леб на Божјата трпеза, што ги укрепува нивните срца за светите подвизи на добродетелите; тоа им дава и крепка сила за борба со духовите, кои дејствуваат во страстите и ги прави да бидат храбри борци против демоните; затоа тие и говорат: „Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои“ [Псал. 22,5]. За другите - е чаша божествено вино, кое го весели нивното срце, кое со својата сила ги вдахновува нивните помисли, кое го издигнува нивниот ум над буквите што убиваат и ги воведува во длабочините на Духот - да испитува, правејќи ги способни за разбирање; на ваквите им е својствено да говорат: „И чашата твоја ме напојува со блаженство“ [Псал. 22,5]. За третите - тоа е елеј на Светиот Дух, кој ја помазува нивната душа, ја скротува и ја смирува преку изобилството на божественото озарение и сета ја издигнува над телото, така што и таа се фали и извикува: „Си ја помазал главата моја со елеј. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот“ [Псал. 22,5-6].

91. Сѐ додека сме упатени кон Бога со труд и со пот на своето лице, победувајќи ги телесните страсти, дотогаш, со насушниот леб, кој се подготвува преку изградувањето на добродетелите и ги укрепува срцата човечки, - се храни со нас и Господ на трпезата со Светите Дарови. А, кога преку бестрасноста ќе се освети во нас Божјото име и Он ќе се зацари над сите наши душевни сили, откако го потчинил полошото на подоброто, а волјата Негова ќе биде и во нас, како што е и на небото; тогаш, новото и неискажливо питие на премудроста од Словото, кое се растворува со умиление и со познавање на големите тајни, - пие и Он заедно со нас во Своето царство, кое е дојдено во нас. А, кога ќе станеме соединети со Светиот Дух, кога ќе се измениме на добро со добра промена, во обновувањето на нашиот ум, тогаш и Самиот Бог, ќе биде со нас како со богови, обожувајќи ја нашата човечка природа, која ја примил и Он.

92. Кога незадржливата вода на страсните помисли од нашиот ум ќе биде задржана со наитието на Светиот Дух, а солената бездна на неподобните мисли и спомени ќе бидат зауздени со воздржувањето и помислата за смртта, тогаш почнува да вее Божествениот Дух на покајанието, кои, Бог и нашиот Господ, изливајќи ги во мијалницата на покајанието, ги измива нашите духовни нозе и ги прави достојни да одат по дворот на Неговото царство.

93. Бог Словото, Кој станал тело и совршен човек, освен гревот, нашата природа ја примил во Својата ипостас и, бидејќи совршен Бог, ја пресоздал и обожил. А Словото, бидејќи прв ум и Бог, се соединил со неговиот духовен дел и ја издигнал горе на небото, ѝ дарувал крила, за да мудрува и да мисли за божественото. Но, бидејќи е Он и оган суштествен и божествен оган, раздразнителната сила негова ја направил способна силно да им се противставува на погубните страсти и на бесовите, кои се наши непријатели. А, суштествувајќи предмет на желба на секоја духовна природа и потполно задоволување на таа желба, - го распалил неговиот пожелен дел со внатрешна љубов кон соединување со благата на вечниот живот. На ваков начин, откако го обновил целиот човек во Себеси - од стариот го направил нов.

94. Бог Слово, откако го извршил во Себеси нашето обновување, потоа Самиот се принел на жртва преку крстот и смртта, секогаш го дава Своето тело да биде жртвувано, секојдневно го дава за нас како изобилна храна за нашата Душа, така што, јадејќи го Неговото тело и, пиејќи ја Неговата крв, во чувството на нашата душа да станеме подобри преку Причеста - да станеме подобри отколку што сме, растворајќи се со Светите Дарови - да стануваме од лоши добри, да станеме едно со Словото и со телото и со разумната душа, зашто ние сме со воплотениот Бог, Кој ни е по Своето тело едносуштен. Затоа, ние не сме свои, туку сме Негови, Кој нѐ направил едно со Себеси преку бесмртната трпеза и, според Својата промисла нѐ направил тоа што е и Он по Својата природа.

95. Ако, откако ќе бидеме испитани во трудовите, и претходно очистени со нашите солзи, пристапиме да јадеме од овој леб и да пиеме од оваа чаша, тогаш двојното Слово, со двете наши природи, растворувајќи се во нашата кротост, целосно нѐ претвора во Себеси Самиот, како воплотен во нас, според Своето човештво, едносушно, и сите ги обоготворува и Себеси, како сообразни со Него и како браќа - нѐ усвојува, како Бог и Едносуштен со Отецот. А, ако Му пристапуваме сорастворени со страстите и осквернети со гревовна нечистота, тогаш Он, приближувајќи ни се, е својствен на Неговата природа нѐ запалува и изгорува сите, ја намалува нашата животна сила, не со Својата добра волја и со Својата добрина, туку со одвратноста спрема нашата нечувствителност.

96. Господ невидливо се приближува кон сите што почнале да чекорат по патот на заповедите со љубов и чекори заедно со нив. Но, бидејќи тие уште немаат совршена мудрост, нивната душа има уште многу нејасни работи во добродетелниот живот и нивните очи, со право, се замрачувани во текот на тоа време, за да не бидат свесни за своето преуспевање тогаш кога Господ чекори заедно со нив, им помага и ги избавува од страстите, им ја подава Својата рака, за да им помага во извршувањето на добродетелите. Кога тие продолжуваат да постигнуваат успеси во подвизите на побожноста и да одат кон бестрасноста преку смирение, тогаш Господ не сака и понатаму да се измачуваат со трудовите на добродетелите, туку да напредуваат и понатаму да се издигнуваат кон соѕерцанието, Затоа, откако доволно ги нахранил со лебот на солзите, ги благословува со светлината на умилението и го отвора нивниот ум, за да ги разбираат длабочините на Светото писмо. Тогаш веднаш се скрива од нив, за да ги натера и да ги поттикне грижливо да Го бараат.

97. Господ со право ги прекорува за спорост оние кои се задржуваат долго во трудовите на дејствителниот живот и не сакаат да се одделат од него, за да се издигнат до степенот на соѕерцанието, велејќи им: „О, безумни и тврди по срце - да верувате“ [Лука 24,25]. Да Му поверувате на Оној, Кој може да им ги открие длабочините на Духот на оние што живеат духовно. Зашто, кога почетниците не сакаат од првобитните подвизи да поминуваат кон посовршените и од буквите на Светото писмо да навлегуваат кон неговата повозвишена смисла и подлабоко разбирање, кога не сакаат да вкусат од подлабоките блага, тоа е белег на мрзливост и на немање желба за натамошно духовно преуспевање. И заради тоа, на таквата душа, која го носи својот светилник биде речено: - Појди кај продавачите и купи си, туку, откако ќе биде затворена вратата од домот на свадбата, нејзе ќе ѝ биде речено: - Бегај, оди си, не те познавам кој си и од каде си [сп. Матеј 25, 9-12].

98. Кога Господ Исус Христос, како некогаш кон градот Витанија, ќе се приближи до падната и грешна душа, со цел да го воскресне нејзиниот ум, умрен од гревот и погребан под гнилежот на страстите, тогаш мудроста и правдата, потоната во жал по умртвениот ум, Го среќаваат Господа со солзи и Му говорат: - Ако беше Ти овде со нас, ако нѐ пазеше и ако нѐ вардеше, нашиот брат немаше да умре од гревот [сп. Јован 11, 21]. Потоа, правдата ќе побрза да Го нахрани Господа Исуса Христа со грижа за многу работи и извршување на добродетелите и ќе Му оддаде почит што ќе Му постави трпеза од доброволни лишувања - полна и разновидна; а мудроста, занемарувајќи ја секоја друга грижа и тешко лишување и страдање, претпочита да се занимава со духовна работа, со духовните движења на Господа и со слушање на Неговите соѕерцателни разбирања. Господ ќе ја прими правдата со милост - затоа што добро се труди и покажува усрдност да Го нахрани со трпеза на различни богоугодни подвизи, а ја прекорува за тоа што се грижи многу и што се занимава со она што не е потребно многу, велејќи ѝ - дека само едно е потребно за да Му се угоди на Господа: подобрата помисла да се претпочита пред полошата, земното мудрување на душата да се претвори во духовно, во сѐ да се издигнуваме над човечките работи, влегува во прекрасните Божји длабочини и оттаму купува скапоцен бисер за себе и ги гледа скриените сокровншта на Духот. Тогаш има неискажлива радост, која не може никој да ѝ ја одземе.

99. Умот, кој бил умртвен од страстите и оживеан од Господа Исуса Христа, откако ќе го отфрли каменот на нечувствителноста, е ослободен од ропството на гревот и од лошите помисли од страна на Господовите духовни слуги, односно - од стравот на маките и трудовите на добродетелите. А, откако потоа ќе вкуси од светлината на идниот живот, ѝ е дозволено да оди кон бестрасноста, а кога ќе стигне таму, седнува на престолот на чувствата и чисто ја чинодејствува тајната на видението и станува сотрпезник на Господа Исуса Христа и, заедно со Него, откако ќе се издигне од земјата на небото, царува заедно со Него во царството на Бога и Отца, откако ќе се одмори од сите свои барања.

100. Она што е таму, кое се дава по разрешување од телото, подготвено за секој ревнител, којшто се подвизува правилно, кој стигнал до средината и кој се усовршил до мерката на Христовото совршенство, станува видливо преку потврдата на духот. Вечната радост таму е блаженството на оние што ќе го примат тоа наследство, најпријатна радост ќе ги исполнува  оние што се подвизуваат овде и ќе ги радува веселбата и радоста на Светиот Дух, кои, според зборовите на Господа, нема да бидат одземени од нив. Оние што се удостоиле овде со доаѓањето на Утешителот и се насладувале со Неговите плодови, извршувајќи ги добродетелите и се збогатиле со Неговите дарови, - ќе бидат исполнети со радост и со секоја љубов, зашто секаков страв се оддалечил од нив. Во својата радост се разрешуваат од веригите на телото и со радост ќе бидат земени од сѐ видливо, така што оние што живеат уште во него, го заборавиле секое чувство и се успокојуваат во тамошната светлина, каде што е живеалиштето на сите што се веселат, иако телото на некои за време на разрешувањето и прекинувањето на сојузот меѓу душата и телото може и да страда, слично на бремените жени кога раѓаат.

Преподобен Никита Ститат