Никифор Отшелник

Вие, кои имате желба да ја добиете прекрасната божествена просвета на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кои барате да го примите пренебесниот оган во своето срце, кои се трудите да го почувствувате со опит и чувство измирувањето со Бога, кои заради тоа - за да го најдете богатството, кое е скриено во нивата на вашето срце и да го придобиете, сте оставиле сѐ во овој свет, кои имате желба вашите душевни свеќи уште отсега да засветлат и затоа сте се откажале од сите земни работи, вие што сакате свесно и опитно да го примите во себе царството небесно, дојдете и јас ќе ви ја кажам науката за вечниот небесен живот или подобро: начинот за тоа како можете без труд и пот да пристигнете во пристаништето на бестрасноста, за да се избавите од стравот од прелеста или од паѓањата од бесовските искушенија. Таквиот страв е умесен само тогаш кога се наоѓаме надвор од таквиот живот, за кој имам намера да ве поучувам, кога се наоѓаме некаде далеку поради вашата непослушност. Зашто, тогаш и со нас се случува она, што се случило и со Адама, кој, откако се здружил со змијата, ја презрел Божјата заповед, па, доверувајќи му се, вкусил од забранетиот плод и, прелестен од него, се пренаситил со него, со што станал достоен за жалење - се урнал и тој, а со тоа ги урнал и сите свои потомци во длабочината на смртта, темнината и гниењето.

Браќа, да дојдеме на себеси, да го намразиме со одвратност советот на змијата и секое лазење во гревовните низини, зашто без тоа не можеме да се смириме и да се сродиме со Бога, ако претходно не се вратиме, не се освестиме и не си дојдеме на себе, колку што е можно во нашите сили, или не влеземе во себе и не се одвоиме од светот и од суетната грижа на светот за многу работи и да свикнеме да внимаваме на небесното царство, кое е во нас.

Затоа монаштвото е наречено уметност на уметностите и наука на науките, затоа што овој и ваков возвишен живот не ни ветува придобивање на земни и грижливи блага, за да го свртиме нашиот ум од она што е подобро, да го нурнеме и погребеме во нив, туку ни ветува некакви прекрасни и неискажливи блага, какви што „око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ [1. Кор. 2, 9]. А од ова и „нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ [Ефес. 6, 12)].

Па, ако е овој ваков живот темнина, да избегаме од него, да избегаме со расположението на нашиот ум и на срцето. Да немаме ништо заедничко со Божјиот непријател, зашто „кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ [Јак. 4, 4]. А кој може да му помогне на Божјиот непријател? - Затоа да се угледаме на нашите отци, па и ние, слично на нив, да го побараме сокровиштето, што е внатре во нашето срце и, откако ќе го најдеме, силно да го пазиме, да го обработуваме и да го запазуваме; а за тоа сме и создадени уште од самиот почеток. Ако се најде и некој друг Никодим и почне да спори, велејќи: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“ [Јован 3, 4], па треба да го слушне и ова дека: „Ветрот дува каде што сака“ [Јован 3, 8]. И, ако ние, во настаните на дејствителниот живот, пројавуваме вакво сомнение по однос на ова, тогаш како ќе влеземе во тајните на соѕерцателниот живот? Зашто, издигнувањето кон соѕерцанието е соѕерцателниот живот.

Но, како што без пишани докази оној што не верува не може да се увери до таков степен, тогаш да го поткрепиме нашето слово со житијата на светиите и со нивните искажувања и размислувања за потврдување на посочената вистина, така што секој, откако ќе се увери, да отфрли секакво сомневање.

Да почнеме од нашиот прв отец Антониј Велики, а потоа на ред ќе се задржиме и на другите, ќе се потрудиме, колку што можеме, да ги собереме нивните дела и нивните зборови, и ќе ги изложиме за уверување на оние што не веруваат.

Од житието на преподобниот наш отец Антониј

Оделе некогаш кон авва Антониј двајца браќа и кога им се потрошила целата вода, едниот од нив умрел, а другиот бил веќе близу до својата смрт. Немајќи повеќе сили да оди, лежел на земја и си ја чекал смртта. Во тоа време авва Антониј, седејќи на својата гора, ги повикал монасите што биле кај него, и им рекол: „Земете сад со вода и трчајте на патот кон Египет. На патот има двајца: едниот е веќе умрен, а другиот ќе умре, ако не побрзате. Ова го видов додека се молев.“ Монасите кога стигнале на тоа место, нашле како што им рекол старецот. Го нашле умрениот и го погребале, а другиот, откако го повратиле во живот, откако го напоиле со вода го довеле при својот духовен учител. Растојанието било патување еден ден. - Ако некој праша: зошто свети Антониј не ги испратил монасите пред да умре едниот од двајцата, прашањето ќе биде несправедливо. Тоа што умрел едниот брат, била Божја волја, а не на свети Антониј; Бог решил првиот да умре, а за вториот му открил на старецот. На свети Антониј му припаѓа само тоа чудно дело, што тој, седејќи на гората, имал трезвено срце и се удостоил Господ да му го открие она што се случувало далеку од него. - Ете, гледаш, дека свети Антониј, заради своето трезвено срце се удостоил да биде боговидец и проѕорливец. Зашто, според зборовите на свети Јован Лествичник, Бог во срцето најнапред му се јавува на умот, како оган, кој го очистува оној што Го сака, а потоа - како светлина - го просветува умот и го прави Свој соработник.

Од житието на Теодосиј Киновијарх

Свети Теодосиј бил така слатко ранет од стрелата на љубовта и така силно врзан со нејзините вериги, така што оваа најголема Божја заповед: возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли“ [Лука 10, 27], ја исполнувал со своите дела. А ова и не можело да биде поинаку, зашто при устремот на сите свои природни душевни сили се соединувал само со љубовта кон Бога. Такво било и неговото духовно дејствување, така што, кога утешувал - бил страшен, а кога прекорувал, бил љубезен и сладосен. Кој како него, разговарајќи со другите, за сите бил корисен? А истовремено бил задоволен со тоа што ги собира чувствата за да ги пази внатре, во себеси. И кој како него, иако бил надворешно изложен на немири, се насладувал со таква внатрешна тишина од оние што живееле во пустината? И кој бил секогаш ист кога бил и среде толпа и кога бил осамен? - Ете, и овој велик Теодосиј, бидејќи ги собирал чувствата и ги воведувал во себе, станал убоден од љубовта кон Спасителот.

Од житието на свети Арсениј Велики

Прекрасниот Арсениј строго се држел за своето правило: никому да не му пишува и со никого да не разговара, не затоа што не можел; зашто, како можел да говори така лесно красноречиво, кога било тоа потребно, а и едноставно и просто? - Кога молчел, молчел затоа што имал таква навика и затоа што сакал да ја одбегнува суетата и да не се покажува. Од оваа причина и на црковните собранија застанувал таму, каде што нема да ги гледа другите, а и тие нема да го гледаат, па во толпа никогаш не се замешал туку секогаш се скривал некаде. Ете, така се грижел да внимава на себеси и умот свој да го држи во себе, за да може оттаму полесно да се воздигнува кон Бога. Овој свој пример ни го оставил во наследство овој божествен човек и земен ангел.

Од житието на Павле Латрски

Овој божествен Павле речиси сето свое време го минувал во гори и пустини, а соседи и сотрпезници му биле дивите ѕверови, и само кога влегувал во лаврата, заради посетување на браќата, кои обично ги поучувал да не бидат малодушни и да не отстапуваат од тешките и мачни дела на добродетелите, туку со внимание и размислување евангелски да продолжат да живеат, противставувајќи им се на духовите на злобата. Притоа тој им кажувал како да бидат силни, да се одучуваат од некогашните страсни расположенија и да се отстрануваат од новите страсни семиња. Ете, гледај како и овој божествен отец ги поучува своите ученици како да се борат против страстите и како да ги победуваат. И неговиот метод што им го препорачува се состои во запазувањето на умот. И тој се состои во знаењето како да го одбиваме демонските напади.

Од житието на свети Сава Освештен

Кога свети Сава ќе забележел дека оној што се откажал од светот точно ги научил монашките правила, дека станал силен да го запазува својот ум и да се бори со своите лоши помисли и потполно да го изгони од своите мисли спомнувањето и работите од световните дела, тогаш, ако имал немоќно и болно тело, му давал ќелија во лаврата, а, ако бил телесно здрав и силен, му разрешувал да си изгради одделна ќелија. Ете, гледаш, како свети Сава барал од своите ученици, пред сѐ, да си го вардат својот ум и дека им дозволувал да живеат во одделна ќелија, откако ќе свикнеле да го прават ова. - А што треба да правиме ние што седиме во своите ќелии не зафатени со својот труд, а и не знаеме што значи пазењето на умот?

Од житието на авва Агатон

Некој брат го прашал авва Агатон: „Авва, кажи ми што е поголемо: телесниот труд или запазувањето на срцето?“ Авва Агатон му одговорил: „Човекот е сличен на дрво: телесниот труд се лисјата; а запазувањето на срцето плодот. Зашто, според зборовите на Светото писмо: ‚Секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оганʹ [Матеј 3, 10]. Затоа е очигледно, дека и ние треба да се грижиме да имаме плод, - да го запазуваме нашиот ум. Впрочем, нам не ни се потребни и лисјата како покров и како украс; ние имаме потреба и од телесен труд.“ Колку е прекрасно што овој свет човек ги изобличил сите што не го запазувале својот ум и се фалеле само со тоа што ги извршувале добрите дела, откако им рекол: „Секое дрво, кое не дава плод, односно секој монах што не го запазува својот ум, а има само лисја, односно извршува само надворешни добри дела, е отсекуван и фрлан во оган.“ Оче, страшна е твојата пресуда!

Од Посланието на авва Марко до Николај

Авва Марко пишува: „Чедо, ако сакаш да придобиеш во себе сопствен светилник на духовна светлина и на духовно знаење, за да можеш без пречка да одиш во темната ноќ на овој живот така што ,Господ ги зацврстува стапкитеʹ твои [Псал. 36, 23], зашто многу си го засакал евангелскиот пат [сп. Псал. 118, 30; 111, 1], односно со искрена вера и топла молитва сакаш да станеш точен исполнител на Христовите заповеди. Затоа ти давам прекрасно правило и духовно средство, кои немаат потреба од духовен труд или телесен подвиг, туку дека затоа е потребен духовен труд - внимание на умот и на мислите, со содејство на стравот Божји и љубовта. На овој начин, секогаш ќе можеш да ги прогонуваш демонските множества“ [Во рускиот превод, стр. 193 194]. - „Па така, ако сакаш да ги победиш страстите, тогаш, кога си во себе со молитвата и со Божјата помош, слези во длабочината на твоето срце и оттаму изгони ги овие три силни исполини: заборавањето, мрзливоста и незнаењето, оваа тврдина на другородците, преку кои другите лоши страсти се враќаат, дејствуваат, живеат и крепнеат во душите на сластољубивите. Но ти, ако добро внимаваш, ако настојуваш со својот ум, а имајќи ја и помошта одозгора, откако ќе ги најдеш многуте непознати исполини, ќе можеш потоа лесно, пак преку вниманието и со силата на молитвата, да се избавиш од нив. Тогаш, преку ревноста за придобивање на вистинското знаење, за запаметување на Божјите зборови и усогласување на твојата добра слободна волја и на твојот добар живот, при состојба на силно внимание на твоето срце, со силата и дејството на благодатта, и преку нив ќе бидат отстранети и заборавањето, незнаењето и мрзливоста; тие сосема ќе исчезнат од твојата душа“ [Руски Превод, стр. 294 295].

Свети Јован Лествичник

Свети Јован Лествичник пишува: „Безмолвник е оној, кој своето бестелесно битие - својата душа, се труди да ја задржи во пределите на својот телесен дом. Ова е редок и прекрасен подвиг!“ [27, 6]. Безмолвник е оној што говори: „Спијам, но срцето мое е будно“ [Песна. 5, 2]. „Затворај ги вратите на ќелијата за телото, вратите на устата за разговор, а внатрешната врата на душата -за лукавите духови“ [27, 17-18]. „Седејќи на височината, набљудувај, само ако знаеш, и тогаш ќе видиш - како и кога, од каде, колкумина и какви крадци сакаат да влезат во лозјето и да ги украдат неговите гроздови. Кога стражарот на ова лозје ќе се умори, тој станува и се моли, тој пак седнува и се зафаќа со својата прва работа, со нова храброст.“ [27, 2243]. „Една работа е запазување на помислите, а друга е - запазување на умот и ,колку е далеку исток од запад“ [Псал. 102, 12], толку е последната работа повозвишена од првата, иако е и неспоредливо повозвишена од неа“ (26, 27). - Како што крадците, кога ќе видат дека некаде се наоѓа царско оружје, тие не напаѓаат необмислено, така и ти, откако ќе ја соединиш твојата молитва со срцето - не така лесно ќе бидеш поткрадуван од духовните крадци.

Ги слушаш ли овие зборови, кои ја откриваат прекрасната работа на овој голем отец? Но ние, кои како да одиме во темнина, без внимание ги пропуштаме овие пријавувања на Духот, кои се корисни за душата, а како да сме глуви не ги слушаме.

Авва Исаија

„Кога некој ќе се оддалечи од оној што е од левата страна, тогаш точно ќе ги распознае и сите свои гревови, што ги направил пред Бога, зашто тој не ги гледа своите гревови, ако не се оддалечи од нив со горчливо оддалечување и страдање на срцето. А оние што стигнале до оваа мерка, тие ги придобиле плачот и молитвата, како и тоа - да се срамуваат пред Бога и да си спомнуваат за своето задржување со страстите“ [Слово 17, 21]. „Браќа, да почнеме да се подвизуваме според нашите сили, и Бог ќе ни помогне според Својата голема милост. Ако не сме ги запазиле нашите срца, така како што го правеле тоа нашите отци, употребувајќи си сите свои усилби, да ги запазиме барем нашите тела, безгрешни, како што го бара тоа Бог. И ние веруваме дека Бог за време на глад, ако настане, ќе покаже и спрема нас ќе покаже милост, како што бил милостив и со многу Свои светии“ [Слово 21, 20].

Овој голем светец овде ги утешува крајно немоќните, велејќи: „Ако не сме ги запазиле чисти нашите срца, како што ги запазиле нашите отци, да се трудиме да ги запазиме безгрешни барем нашите тела, како што бара нашиот Бог, - и тогаш Он ќе биде милостив спрема нас. - Голема е милоста и снисходливоста на овој свет отец!“

Макариј Велики

Свети Макариј Велики пишува: „Најглавната работа на подвижникот се состои во следново: откако ќе влезе во своето срце, и почне битка со сатаната и го намрази, се противстави на неговите мисли, па почне да војува против него. Ако некој навидум го запазува своето тело од распаѓање и од блуд, а внатре во својата душа врши прељуба пред Бога, вршејќи блуд во своите помисли, тогаш тој нема никаква корист од своето девствено тело. Зашто, е напишано: ,Секој што погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ [Матеј 5, 28]. Има блуд, кој се извршува со телото, а има и блуд на душата, која општи со сатаната“.

Навидум се чини дека овој велики отец им противречи на зборовите на авва Исаиј. Но, всушност тој не го прави тоа, зашто и тој ни говори дека треба да го пазиме чисто и нашето тело, како што го бара и Самиот Бог тоа од нас. Но, Бог не ја бара од нас само нашата телесна чистота, туку ја бара и духовната, како што е кажано тоа во евангелските заповеди.

Диадох

Тој пишува: „Оној што секогаш се наоѓа во своето срце, тој е далеку од сите убави работи на овој живот, па одејќи според духот, не може да ги прави телесните работи. Бидејќи на таков начин тој во својот од е ограничен од своите добродетели, и токму овие добродетели ги има како стражари пред вратите на својот град на чистотата, тогаш сите ѓаволски искушенија против него остануваат неуспешни“ [Глава 57].

Добро рекол светиот човек, дека без успех остануваат сите демонски искушенија, тогаш кога сме ние во длабочината на нашите срца. И толку е подобро колку повеќе се задржуваме во себеси.

Исак Сирски

Тој пишува: „Потруди се да навлезеш во своето внатрешно сокровиште; таму ќе го видиш небесното сокровиште. Зашто, овие две сокровишта се исти. И со едно влегување ќе ги видиш и едното и другото. Скалата што води во царството небесно е скриена внатре во тебе. Измиј се од твоите гревови, и ќе ги видиш во себеси скалилата, по кои ќе можеш да се издигнеш во него.“

Свети Јован Карпатски

„Многу подвизи и многу труд се потребни во молитвите, за да се добие непоколеблива состојба на мислите и да бидат друго небо - небо на срцето, во кое живее Христос, како што говори апостолот: ,Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само, ако сте недостојни' [2. Кор. 13, 5].“

Свети Симеон Нов Богослов

„Ѓаволот, откако успеал преку првородниот грев, човекот да биде изгонет од рајот, да биде одвоен од Бога, добил од Бога дозвола да може да му се приближува на човекот, да ја расколебува неговата разумна сила и дење и ноќе. Од него не може да се оградиме никако; освен преку спомнувањата за Бога и, ако ова спомнување се запечатува во срцето со силата на крстот, што го утврдува умот во непоколебливоста. Кон ова водат сите трудови на духовниот подвиг, со кој се подвизува секој христијанин, кој е облечен со оваа должност. И, ако тој не го прави тоа, тогаш тој попусто се труди. Затоа оние што го земаат овој подвиг, како и сите разновидни духовни вежби, што ги презема, произволно лишувајќи се од сѐ, за да ја привлече кон себеси милосрдноста на преблагиот Бог, - за да му го подари пак првото достоинство и Христос да се напечати во неговиот ум, како што говори апостолот: ,Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос“ [Гал. 4, 19].

Дали разбравте браќа, дека има некаков духовен начин, кој возведува кон бестрасноста и гледањето на Бога? Дали се уверивте дека дејствителниот живот Бог не го смета повеќе од лисја на Дрво, на кое нема плод, и дека секоја душа, која не го запазува својот ум, попусто се труди во себеси? Да се погрижиме за ова, за да не го завршиме нашиот живот без плодови и бескорисно да се каеме во сета вечност.“

До самиот Никифор

Прашања: Од наведените сведоштва дознаваме како дејствувале отците, кои Му угодиле на Бога и дека има едно дејствување што брзо ја ослободува душата од страстите и преку љубовта ја поврзува со Бога, што му е потребно на секого што се бори за Христа, во што ние воопшто не се сомневаме, туку сме потполно во вистинитоста на тоа. - Но, те молиме, што е вниманието на умот и како да се удостоиме да го добиеме, зашто ова ни е сосема непознато?“

Одговор на отецот Никифор: „Во името на Господа Исуса Христа Кој рекол: ,Без Мене не можете да направите ништо“ “ [Јован 15, 5], откако ќе Го повикам Него за помошник, според моите сили ќе се обидам да ви покажам што е вниманието на умот и како да се удостоиме да го добиеме. Зашто, тоа нешто нам ни е сосема непознато.

Некои од светите отци вниманието го нарекувале запазување и набљудување на умот, други - запазување на срцето, трети - трезвеност, а многумина од нив го нарекувале и инаку. Но, сите овие именувања означуваат едно исто; така што и за лебот има повеќе именувања, а сите го означуваат него, а не нешто друго, така е и со сите овие именувања, зашто и тие го означуваат токму ова запазување на умот. А што е вниманието и какви се неговите белези, сега ќе разбереш.

Вниманието е знак на вистинското покајание. Вниманието е викање на душата кон себе; омраза кон светот и издигнување кон Бога. Вниманието е отфрлање на гревот и прифаќање на добродетелта. Вниманието е несомнено простување на гревовите. Вниманието е почеток на соѕерцанието или, подобро речено, негов услов, зашто преку него Бог проникнува и му се најавува на умот. Вниманието е небранување на умот или, подобро речено, стоење на умот [кога престанува да талка и да се заблудува], што му се подарува според Божјата милост. Вниманието е пресекување на помислите, палата на Божјото спомнување и сокровиште за претрпување на сѐ што наидува во животот. Вниманието е затоа причина на верата, надежта и љубовта, зашто оној што не верува, не може да ги поднесува животните маки, а тој што не ги поднесува животните непријатности и маки, тој не може да рече: „Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!“ [Псал. 90, 2]; а оној што не ќе Го има Севишниот за свое пребивалиште, тој нема да биде длабоко вкоренет во љубовта кон Него. Ова најголемо од сите дејствувања го придобиваат многумина преку изучувањето на вниманието. Ретки се оние што го добиваат ова од Бога заради својот тежок труд и заради својата топла вера, но она што е ретко, тоа не е закон. Затоа е потребно да биде најден незаблудлив учител и да се научиме да ги распознаваме десните и леви распознавања на недостатоците и излишните врски со вниманието, со што ќе се среќаваме под дејство на лукавиот. Добриот учител, бидејќи самиот пострадал, откако бил искушуван, ќе ни го објасни она од што имаме потреба и точно ќе ни го посочи овој духовен пат, па затоа ќе можеме и ние по него да одиме лесно. Ако немаме во близина таков учител, треба да го побараме и да не жалиме никакви трудови. Но, ако и при сето барање, не најдеш ваков учител, тогаш со скрушен дух и со солзи, откако ќе Го повикаш Бога и Му се помолиш со смирение, направи го ова што ќе ти го кажам.

Нашето дишење е вдишување и издишување на воздухот. Телесниот орган за дишење се нашите бели дробови, кои му помагаат на срцето и, спроведувајќи го воздухот преку себеси - му го даваат и на срцето. На овој начин дишењето е природен пат кон срцето. Па така, откако ќе го собереш целиот ум во себе, воведи го во патот на дишењето по кој воздухот доаѓа до срцето, и заедно со вдишувањето на воздухот принуди го да слезе во срцето и да остане таму. Брате, научи го набрзо да не излегува оттаму, зашто во почетокот тој чувствува голема здодевност во тој внатрешен затвор и во таа тесност, а кога ќе се привикне, не ќе сака да се врати назад и да талка горе - долу, зашто таму, во срцето, не му е невесело и нерадосно. Како што некој човек, кој бил долго време оддалечен од дома, кога ќе се врати пак, тој е преполн со радост затоа што се видел пак со своите деца и со својата жена, ги гушка, ги бакнува и не може да се наприкажува со нив, така и нашиот ум, кога ќе се соедини со срцето, се исполнува со неискажлива сладост и веселба. Тогаш му се чини дека царството Божјо е навистина во нас, па гледајќи го во себе, тој со својата чиста молитва бара од Бога умот негов да остане и да закрепне во него; сѐ што е надворешно, тој го смета за безвредно и недостојно за неговото внимание и воопшто не привлечно.

Кога на овој начин, како што ти покажав, ќе влезеш во твоето срце, благодари Му на Бога и прослави ја Неговата добрина, секогаш прави го ова што ти го реков, и тоа ќе те научи на она што на друг начин не можеш да го дознаеш никаде. Притоа, треба да знаеш дека, кога умот твој ќе се утврди во твоето срце, не треба да го оставаш молчелив и празен, туку дека непрестајно треба да ја повторува молитвата: „Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“ и никогаш да не замолчува. Зашто ова, не давајќи му на умот да мечтае, го прави неуловлив и недопирлив за ѓаволските напади и со секој ден сѐ повеќе го воведува во љубовта и желбата кон Бога.

„А, брате, ако и по многу труд, не можеш да навлезеш во областа на твоето срце, така како што ти кажав, тогаш направи вака како што ќе ти кажам, и со Божја помош ќе го најдеш ова што го бараш. Ти знаеш дека способноста за говор на секој човек се наоѓа во неговите гради. Зашто внатре, во градите, кога молчи нашата уста, ние говориме, и се советуваме со себеси, и се молиме, и псалми пееме и друго нешто правиме. Па затоа, кога ќе ја прогониме оттаму секоја помисла, а ова можеме да го направиме само, ако посакаме, тогаш дај му ја да ја изговара оваа молитва: „Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“ - И принуди го, место некоја друга помисла, само ова единствено таму внатре да го извикува. И, ако ова го правиш неотстапно со сето свое внимание, тогаш преку ова ќе ти се отвори, по извесно време, влезот во срцето, за кој веќе ти напишав, без било какво и да е сомневање во тоа, зашто сето тоа сме го дознале преку нашето лично искуство.

А тогаш ќе дојдат при тебе, заедно со многу саканото и слатко внимание, и сите други добродетели: љубовта, радоста, мирот и сите други добродетели, заради кои потоа и секоја твоја прозба ќе биде исполнета, во Исуса Христа, нашиот Господ, на Кого, заедно со Отецот и Светиот Дух нека им биде слава, сила, чест и поклонение, сега, секогаш, во сите векови и во сета вечност. Амин.

Никифор Отшелник