Свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски

Свети Григориј се родил во Цариград од познати и благородни родители. Татко му починал многу рано, а неговата мајка го гледала и воспитала, како и неговите браќа и неговата сестра. По завршувањето на своето образование, тој пројавил желба дека сака да живее монашки живот. Набрзо ваква желба се појавила и кај мајка му, кај браќата и кај сестра му, па така, сите од семејството се замонашиле. Свети Григориј ги одвел мајка му и сестра му во еден женски манастир, а тој, заедно со браќа му, отишол во Света Гора, каде уредил неговите браќа да живеат во еден од тамошните манастири, а тој му станал послушник на некој познат и свет старец Никодим, кој го научил добро на сите монашки подвизи и дејствувања, не со зборови, туку со дело, не за знаење, а за живот, така што набрзо уште млад станал духовен старец и се удостоил да му се јави Божјата Мајка, која му станала застапничка и покровителка.

По упокојувањето на неговиот духовен старец, свети Григориј влегол во Атонската лавра и во неа поживеал неколку години во страв Божји, во послушност и со љубов кон сите. Потоа, напуштајќи ја лаврата, се населил во пустината каде што живеел многу строго и горел со љубов кон Бога, Кому Му се предал - со душа и со тело да Му служи. Затоа бил напаѓан со семожни демонски искушенија, но сите нив ги победил и се удостоил со божествени откровенија; добил дар и да исцелува душевни и телесни болести и да прави други чуда. Откако поживеал повеќе години во пустината, по Божја повелба, примил свештенички чин, и како вистински Господов ангел, ја извршувал светата тајна Божја - светата Литургија, доведувајќи ги во плач и умиление сите присутни.

Сите го почитувале како свет човек, богоносец, пророк и изгонувач на бесови. Но, и него не го поштедиле страдањата, нападите и искушенијата: и од демоните, и од луѓето, а особено од еретиците. Но, тој сето тоа, во текот на дваесет и три години, трпеливо и со радост го претрпувал, обраќајќи го во Божја слава. Во тоа време црквата Божја многу ја вознемирувал особено Варлаам Калабриски со својата богопротивна мудрост, но, во личноста на свети Григориј, сретнал силен противник, одбивајќи ги неговите напади против вистината и го победил како Божји непријател, кога, по тој повод, византискиот цар Андроник свикал Собор, на кој бил повикан и свети Григориј, кој, откако ги разоткрил еретичките мудрувања на Варлаама и ја изобличил неговата лажливост, таа била првата причина за неговото осудување и изгонување. Иста судбина претрпел и Акиндин, кој бил втора личност по Варлаама во ова еретичко учење.

На овој начин биле изобличени и победени водачите на оваа ерес, но и по тоа останале голем број нивни ученици и едномисленици, кои и понатаму продолжиле да ја вознемируваат Светата Црква и да ги вознемируваат православните христијани. Требало борбата да продолжи. Наоѓајќи дека најпогоден од сѐ е свети Григориј, на тој Собор, решиле да го изберат него за Солунски архиепископ. Тоа било во 1347 година. Оваа работа му била овозможена нему и тој со успех ја извршувал за време на тројца византиски цареви и тројца цариградски патријарси, изобличувајќи и вразумувајќи ги заблудените со своите проповеди и списи, а и на многу помесни црковни собори, кои биле свикувани по тој повод.

Овој свој труд тој не го запоставувал до крајот на својот живот во продолжение на триесет години, колку што траело неговото архиепископствување. Но, тој работел и за издигнување на својата паства. Ревнувајќи за духовното преуспевање во духовниот живот уште од своето детство, неуморно се трудел и за раководењето на другите во ова најважно христијанско задолжение, поттикнувајќи ги и утврдувајќи ги, им укажувал на правиот пат и на распатијата. Ова го правел со усни поуки и преку своите списи, кои се многубројни. Неговите аскетски списи се поместени во грчкото Добротољубие, од каде ги преземаме и во овој наш зборник на аскетски списи.

Свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски