Господи, благослови!
Браќа, да знаете дека денес е празник на светиот (името).
Да се собереме во црква на молитва, како што е речено во светото Евангелие: „Каде сте двајца или тројца собрани во Мое име, тука сум и Јас меѓу вас“. Да, браќа, Самиот Господ е меѓу оние што Му се молат, според Неговото ветување. Поради тоа треба да одиме во светиот храм со чисто срце, без гнев и без злоба да Му се молиме, барајќи најнапред очистување од сите гревови. Зар Он не рече: „Сѐ што ќе побарате во молитвите ваши со вера, ќе примите“? „А кога се молите, вели Господ, не говорете излишно во молитвите, како што тоа го прават незнабошците“. А излишно говорење значи: да барате од Бога богатство, или висок чин, или победа над непријателите, или нешто друго земно. „Но, вие, барајте го најнапред Царството небесно и Неговата правда, а другото сѐ ќе ви се придаде, оти вашиот Отец небесен знае што сѐ ви треба“.
А кога ги славиме празниците на светите, тоа треба да го правиме вака: пред сѐ, треба да се уподобуваме на нивната чистота, на нивниот добар живот и на нивното угодување на Бога. А угодувањето на Бога и примањето на нашите молитви се постигнува вака: кога празниците ги славиме нелицемерно, кога не се предаваме на угодување на стомакот, што личи повеќе на пофалба на трпезата, туку да ги следиме нивните свети дела, просветлувајќи си ги душите со чистота, и срцата свои правејќи ги свети постојано. А Бог сака вакви празници: кога примаме туѓинци, кога храниме гладни, кога облекуваме голи, кога посетуваме затвореници со милостина, кога даваме некаква помош на онеправдани, кога помагаме на болни и на сиромаси, кога меѓу себе се почитуваме со смирение, нелицемерно и со вистинска љубов. Тогаш и Бог ќе ни рече: „Нека ви биде според вашата вера“ Тогаш и нашите приноси ќе бидат примени. Милостината, извршена со молитва, ќе биде услишена и примена. И светиот апостол Павле вели: „Со такви жртви Му се угодува на Бога“. А пророкот за тоа рече: „Жртва на Бога е смирениот дух, а скршеното и смирено срце Бог нема да го понижи“. И пак рече Господ: „Милост сакам, а не жртви“. Браќа, слушајќи ги сите овие нешта, запишете ги во вашите срца, за да се поучувате од нив постојано и да ги славите празниците во чест на Божјите угодници, зашто Бог им даде власт на небото и на земјата да проштаваат гревови. Преку нив Бог им дава исцеление на оние што ги почитуваат достојно. А почитувајќи го достојно нивниот живот и страдања, да се подвизаваме и самите ние со добар подвиг, патот да го завршиме, правата вера да ја сочуваме, постојано да живееме според Божјите заповеди и од нив да се поучуваме. Кога со преклонети колена се молиме во храмот на Божјата слава, да бараме прошка на гревовите. Да стоиме со страв, не воздржувајќи се само од разговори, туку и лошите мисли од нашите срца да ги прогонуваме, внимавајќи на читањето и на пеењето. И со чисти усни, непрестајно да Ја славиме Пресвета Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
Втора верзија од истата поука
Да знаете, браќа и сестри, дека во овој ден е споменот на светиот (името). Сите да се собереме во црква, од мало до големо, мажи и жени заедно, домашни и дојденци, зашто Господ рече во Евангелието: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, и Јас сум тука меѓу нив“! Па, ако љубениот Бог е среде оние што Му се молат со љубов, тогаш и сите ние, без гнев и со чисти срца да се собереме и, откако ќе ги отфрлиме лошите помисли, со вера да побараме прошка на гревовите. Но најнапред барајте го Царството небесно и неговата правда, а Господ ќе ви даде сѐ што ви треба, ако живеете во Вистината, творејќи ја волјата Божја. Почитувајте го и споменот на овој светител (името), духовно празнувајте, собирајќи се на молитва во црква, на Вечерна, Утрена и на Литургија, оддавајќи им почит на црковните служители; на бедните помагајте им, а најмногу на вдовиците и на сиромасите со храна и со облека; не мачете ги сираците, и домашните не жалостете ги. Уподобувајте се на животот на светите со чистота и милостина. Сѐ со љубов правете: сиромасите и бедните навреме хранете ги; на онеправданите помош давајте им. Така да го славиме споменот на светиот (името), а не со пијанство и игри, како што прават неверните; а на верните им заповедам да празнуваат духовно, и да се уподобуваат на животот на светите. Оти и тие биле луѓе како нас, но откако го отфрлиле злото, поживеале во правда. И ние да се потрудиме за ова кратко време да поживееме според волјата Господова, за да го наследиме оној бесмртен век, и да се радуваме во Царството небесно со светите, зашто на овој свет сме како во гостилница. Во овој свет сѐ е како сон, и минува како сенка, и како полски цвет овенува. Да се погрижиме, браќа, за патот по којшто набргу ќе појдеме, онаму каде што се нашите татковци и деца, нашите браќа и роднини; ако не денес, тогаш утре ќе умреме и ние, бидејќи никој не е бесмртен. Ако целиот наш живот го минуваме во наслади и веселби, и тоа наскоро ќе помине. Овде завршуваат и доброто и злото. А таму и радоста е бесмртна, но и маките крај немаат. Оти овде душата излегува од телото, а таму телото ќе биде нераспадливо. Душата на грешните ќе гори заедно со телото, а праведните ќе примат вечен живот и Царство небесно.
О, браќа, ако овде нашето тело не може да поднесе ни мало горење, како ќе може да издржи таму во огнената река? Овде телото во болест слабее, а таму телото ќе гори заедно со душата. Поради тоа, возлубени мои, во сегашниов век да поживееме со правда. И бидете милостиви, за да ве помилува и вас Господ Бог, оти Господ сака вакво празнување: туѓинци да примаме и голи да облекуваме, и болни да посетуваме, и гладни да нахрануваме. Затоа апостолот рече: „Угодувајте Му на Бога“. И пак Господ говори: „Милост сакам, а не жртва“? Он вели и да не се опиваме, туку со чистота да празнуваме духовно и да го славиме споменот на светите кои Му угодиле Нему. Зашто Господ ним им дал власт да изгонуваат бесови и да лекуваат болести. Затоа, браќа, сите ние, кои со вера ги почитуваме, да се потрудиме чесно да го прославиме споменот на свети (името).
И така, браќа, во чистота да се причестиме со телото и крвта на Господа, а не како Јуда кој беше заслепен од среброљубие, во кого влезе сатаната, поради неговата злоба. Но ние, богољупци и братољупци, откако ќе го извршиме сето ова, со добри дела да го прославиме овој светител (името). Со молитва и со милостина, со смирение, кроткост, љубов и чистота, трчајќи кон храмот на Утрена, и на Литургија, и на Вечерна, без злоба молејќи Го Христа нашиот Бог, по молитвите на овој светител (името), да нѐ помилува и нас грешните, и да нѐ удостои за царството Негово. Нему нека е слава во вековите. Амин.