Да знаете, браќа, дека во овој ден е празник на светиот апостол Тома. Да се соберете во црква на молитва, како што рече Господ во светото Евангелие: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, тука сум и Јас меѓу нив“ Да, браќа, овде е Самиот Господ, според Неговото ветување, меѓу оние што Му се молат. Поради тоа треба да доаѓаме во овој свет храм со чисто срце, без гнев и без злоба да Му се молиме, барајќи, пред сѐ, очистување на гревовите. Он рече: „Сѐ што ќе побарате во вашите молитви со вера, ќе примате“. „А кога се молите“, рече Тој, „не говорете излишно во молитвата, како што прават паганите“. А излишно говорење е кога барате од Бога богатство, или некој чин, или нешто друго земно. Но барајте го од Бога најнапред Царството небесно и Неговата правда, а сѐ друго ќе ви се придаде, зашто вашиот Цар Небесен знае дека од сѐ ова имате потреба.

А кога ги славиме празниците, тоа треба да го правиме вака: најнапред треба да се уподобуваме на нивната чистота и добриот живот, и на тоа како тие Му угодиле на Бога. А молитвеното угодување на Бога е ова: кога празниците ги славиме нелицемерно, без угодување на стомакот, кога повеќе ѝ оддаваме чест на трпезата. Но да го следиме примерот на светите со добри дела. Со чистота просветлувајќи ја својата душа, очистувајќи си го срцето постојано. Оти Бог сака вакви празници: кога примаме странци, кога нахрануваме гладни, кога облекуваме необлечени, кога затворените ги посетуваме со милостина, кога им даваме помош на бедните и на болните, кога им помагаме на онеправданите, кога еден друг се почитуваме со смирение и нелицемерие и со вистинска љубов. Тогаш Бог и вам ќе ви рече: „Нека ви биде според вашата вера“. Тогаш вашите барања ќе бидат исполнети, и службата, придружена со молитва, ќе ви биде услишена и примена. „Со такви жртви“, рече апостол Павле, „угодувајте Му на Бога“. А и пророкот рече: „Жртва на Бога е понизен дух, и срцето смирено Он нема да го понижи“. И пак рече Господ: „Милост сакам, а не жртва“. Слушајќи го сето ова, браќа, да го запишеме во нашите срца, и постојано да се поучуваме и да ги славиме празниците во чест на Божјите угодници. Зашто ним Господ им даде власт на небесата и на земјата да отпуштаат гревови. Преку нив им дава исцеленија на оние што достојно ги почитуваат. Почитувајќи ги достојно нивниот живот и страдања, и самите ние да се потрудиме добриот подвиг да го завршиме и правата вера да ја запазиме, да живееме постојано според Божјите заповеди и од нив да се поучуваме и, молејќи се во храмот на Божјата слава, да бараме прошка за гревовите, стоејќи со страв, не само да се воздржуваме од лоши дела, туку и лошите помисли да ги прогонуваме од срцата, внимавајќи на читањето и на пеењето. И со чисти усни да Ја славиме Пресвета Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух.