Да знаете, браќа и сестри, дека во овој ден е споменот на светиот маченик Георгиј. Сите да се собереме во црква, од мало до големо, мажи и жени заедно, домашни и дојденци, зашто Господ рече во Евангелието: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, и Јас сум тука меѓу нив“! Па, ако љубениот Бог е среде оние што Му се молат со љубов, тогаш и сите ние без гнев и со чисти срца да се собереме и, откако ќе ги отфрлиме лошите помисли, со вера да побараме прошка на гревовите. Но најнапред барајте го Царството небесно и неговата правда, а Господ ќе ви даде сѐ што ви треба, ако живеете во Вистината, творејќи ја волјата Божја. Почитувајте го и споменот на овој светител Георгиј, духовно празнувајте, собирајќи се на молитва во црква, оддавајќи им почит на црковните служители; на бедните помагајте им, а најмногу на вдовиците и на сиромасите со храна и со облека; не мачете ги сираците и домашните не жалостете ги. Уподобувајте се на животот на светите со чистота и милостина. Сѐ со љубов правете: сиромасите и бедните навреме хранете ги; на онеправданите помош давајте им. Така да го славиме споменот на светиот маченик, а не со пијанство и со игри, како што прават неверните; а на верните им заповедам да празнуваат духовно, и да се уподобуваат на животот на светите. Оти и тие биле луѓе како нас, но откако го отфрлиле злото, поживеале во правда. И ние да се потрудиме за ова кратко време да поживееме според волјата Господова, за да го наследиме оној бесмртен век и да се радуваме во Царството небесно со светите, зашто на овој свет сме како во гостилница. Во овој свет сѐ е како сон, и минува како сенка и како полски цвет овенува. Да се погрижиме, браќа, за патот по којшто набргу ќе појдеме, онаму каде што се нашите татковци и деца, нашите браќа и роднини; ако не денес, тогаш утре ќе умреме и ние, бидејќи никој не е бесмртен. Ако целиот наш живот го минуваме во наслади и веселби, и тоа наскоро ќе помине. Овде завршуваат и доброто и злото. А таму и радоста е бесмртна, но и маките крај немаат. Оти овде душата излегува од телото, а таму телото ќе биде нераспадливо. Душата на грешните ќе гори заедно со телото, а праведните ќе примат вечен живот и Царство небесно.
О, браќа, ако овде нашето тело не може да поднесе ни мало горење, како ќе може да издржи таму во огнената река? Овде телото во болест слабее, а таму телото ќе гори заедно со душата. Поради тоа, возлубени мои, во сегашниов век да поживееме со правда. И, бидете милостиви, за да ве помилува и вас Господ Бог, оти Господ сака вакво празнување: туѓинци да примаме и голи да облекуваме, и гладни да нахрануваме и болни да посетуваме. Затоа апостолот рече: „Угодувајте Му на Бога“. И пак Господ говори: „Милост сакам, а не жртва““ Он вели и да не се опиваме, туку со чистота да празнуваме духовно и да го славиме споменот на светите кои Му угодиле Нему. Зашто Господ ним им дал власт да изгонуваат бесови и да лекуваат болести. Затоа, браќа, сите ние кои со вера ги почитуваме, да се потрудиме чесно да го прославиме споменот на светиот.
И така, во чистота да се причестиме со телото и крвта на Господа, а не како Јуда, кој беше заслепен од среброљубие, во кого влезе сатаната, поради неговата злоба. Но ние, богољупци и братољупци, откако ќе го извршиме сето ова, со добри дела да го прославиме овој светител. Со молитва и со милостина, со смирение, кроткост, љубов и чистота, трчајќи кон храмот на Утрена, и на Литургија, и на Вечерна, без злоба молејќи Го Христа нашиот Бог, по молитвите на Неговите светители, да нѐ помилува и нас грешните, и да нѐ удостои за Своето царство. Нему Му припаѓа слава, чест и поклонение.