Браќа, нашиот Господ Бог, Кој секогаш го сака нашето спасение, преку Своето Евангелие постојано и непрестајно нѐ повикува во вечното Царство небесно, велејќи ни да отфрлиме од себе секаква скверност и нечисто живеење, и со чисто срце да Му пристапиме, да го побараме и да го примиме Царството од коешто отпаднавме, кога ја прекршивме Божјата заповед што во она време му беше дадена на Адама, нашиот прадедо, заради наше воздржување. Оти, ако тој беше ја запазил, тогаш неговиот живот вечно ќе беше без тага и без смрт, и немаше да познае старост, ни дела со солзи. Но поради зависта на ѓаволот, отпадна од славата Божја поради невоздржување. Оттогаш човечкиот род го нападнаа неволи, и страдања и смртта која го надминува човечкиот живот. Копнеејќи за тоа место, светите и праведни луѓе крепко ги препашаа своите бедра и, откако во борбата против непријателот - врагот ја примија верата, го победија и пак влегоа во првиот рај, и досега влегуваат, украсени со добри дела. Тие го сметаат за смет овој лажен живот, кој минува непрестајно како сенка, со смената на времињата и на годините.
Затоа, браќа, да не се лажеме самите себе, ниту, пак, да мислиме дека сме бесмртни. Да не се предаваме на животните похоти, оти оној што му се предава на овој живот, станува непријател Божји и погубник на својата душа. Но да се разбудиме барем отсега и да не се лишуваме самоволно од неискажливата слава Божја, и од вечната радост, туку да се воздржуваме од примамливоста на овој свет, како што му ветивме на Бога пред многу сведоци, кога се раѓавме повторно преку светото крштение, велејќи вака: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела“. А делата на сатаната се овие: идоложртвување, братоомраза, клевети, држење гнев, завист, јарост, омраза, кражби, разбојништва, пијанство, прејадување, угодување на телото, навреди, бесовски песни, хулења, срамно говорење, баење, чедоморство, блуд, прељуба, горделивост, лага, прекршување на клетва и колнење во Божјото име.
И така, ако се откажеме од овие дела и ги побараме спротивните ним добродетели, како што е напишано: „Клони се од зло и прави добро“? значи, ако се откажеме отсега од овие лоши дела, тогаш лесно ќе влеземе пак во истиот рај. Оти, што е поомразено од луѓето од таквите дела, со кои го привлекуваме на себе гневот Божји? Но да ги исполниме нашите ветувања што сме Му ги дале на нашиот Господ Бог, љубејќи Го со сето свое срце, со сета мисла и со сета сила, и ближниот свој како самиот себе; просветлувајќи се со братољубие, и цветајќи со гостопримство кон туѓинците, за да влеземе во бесконечната радост, во бесмртниот живот, во неискажливата красота.
И овој блажен маченик Христов (името), посакувајќи ја оваа неискажлива убавина, се потруди да ги уништи сластите во овој живот. Тој го замрази распадливото и времено паганство и, откако ја уништи телесната убавина, раздавајќи им го својот имот на сиромасите, се издигна во вечните живеалишта, слушајќи го со радост Христовиот глас, Кој нѐ повикува кон Себе и вели: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат да ѝ направат никакво зло; но плашете се повеќе од оној што, по убивањето, има власт да фрли во пеколот (геената)“; да, од него плашете се!
Затоа, браќа, каква полза има човек ако го придобиеме целиот свет, а ја загубиме својата душа, или ја оштетиме? Или, со што ќе ја откупиме душата своја од маките, ако овде не се одречеме од злото и не се покаеме, или ако на сиромасите не им подадеме? Но да побрзаме отсега да влеземе во вечниот живот низ тесните врати, односно преку воздржување и постење.
А вистинскиот пост е ова: не само да се воздржуваме од јадење и од пиење, туку да бегаме од секаков грев што ја убива душата, и своето тело да го храниме со страдања и маки заради Христа, со коишто се подвизаваше и овој блажен (името), предавајќи го своето тело на страдања, и на рани и на срамна смрт заради Христа, Синот Божји. Затоа тој и сега сјае во славата Божја повеќе од сончевата светлина, и нашиот Господ Бог, во негов спомен, прави прекрасни чудеса и исцеленија. Оној што со вера го почитува неговиот спомен, се избавува од гревовите и се спасува од секаква неволја.
Затоа, браќа, ревносно да го следиме неговиот пример, и ние да правиме такви добри дела. Зашто и тој беше човек како нас, но замрази секаква злоба, а ја возљуби благодатта и милоста Божја. Да се потрудиме и ние да ги возљубиме, за да бидеме синови Божји и учесници во царството Негово, славејќи ја Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух.
ВТОРО ОПШТО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ
(втора верзија)
Браќа, Христос нашиот Бог секогаш го очекува нашето спасение и не престанува постојано да нѐ повикува во вечното и небесно Царство преку многу учители и свети книги, велејќи ни да живееме во чистота и правда, извршувајќи ги заповедите на Господа, за да можеме, по заминувањето од овој свет, пак да влеземе во Царството небесно, од кое бевме испаднале поради непослушноста Адамова. Ако Адам, нашиот прататко, беше ја исполнил Божјата заповед во рајот, тогаш би живееле вечно без смрт и без стареење. Но преку соблазната на ѓаволот, бевме осудени на смрт поради невоздржување. Затоа, браќа, да не се мамиме живеејќи го овој лажен и смртен живот, бидејќи овде сѐ е распадливо и брзо минува. И богатите, и роднините, и пријателите, сите ќе останат овде, а ние ќе заминеме со гревовите: телото наше ќе се положи во гроб, за храна на црвите, коските наши ќе оголат, а душата, според делата, ќе отиде да го чека општото воскресение. Кога Господ ќе дојде да суди, душите на праведните ќе бидат во светлина, а на грешните - во темнина. Господ ќе дојде и на сите ќе им даде според нивните дела. Тогаш душата пак ќе биде заедно со телото.
Затоа, браќа, да не се лажеме и да не се величаме себеси како бесмртни, но да оставиме секаква злоба и телесни угодувања, и споменот на светиот (името) со милостина и со добри дела да го прославиме, а не со опивање, блудствување и со бесовски игри. Оти оној што во овој свет ден се опива, тој уште повеќе го разгневува Бога, а на празникот почит не му оддава, туку на демоните радост им приредува, опивајќи се.
Возлубени, да се отрезниме од прелеста на овој свет, како што Му ветивме на Бога на светото Крштение, велејќи пред многу сведоци во црквата: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела и од сето служење нему“. Мнозина го прекршуваат ова ветување, творејќи дела ѓаволски, затоа судот за нив ќе биде тежок, бидејќи тогаш нема да има можност за покајание.
А делата на сатаната, од кои сме се откажале, се овие: поклонување на идоли, верувањето во среќа и во полаза, верување во гракањето на птиците, лекување на болести со баење и со вериги, братоомраза, клеветење, разбојништва, кражби, грабежи, завист, гнев, горделивост, пијанство, блудствување, омраза, јарост, скржавост, немилосрдност, среброљубие. Ова се делата на сатаната. Ако ги оставиме овие лоши дела, тогаш ќе влеземе во Царството небесно. Со овие ѓаволски дела самите ние го навлекуваме на себе гневот Божји.
Браќа, ако, пак, се откажеме од делата сатански што сме ги правеле, Бог ќе нѐ помилува и нас кои сме правеле дела ѓаволски. Но, ве молам, додека имаме време во овој живот, да побрзаме нашето ветување кон Бога да го исполниме, љубејќи Го Него со сето срце, и ближниот како самите себе, со братољубие просветлувајќи се, и цветајќи со гостопримство. Така ќе влеземе во радоста бесконечна и во бесмртниот живот, во неискажливата убавина. И овој светител (името), богатството и славата на овој живот не ги сметаше ни за што и, откако ги замрази телесните угодувања, ги уништи сластите, богатството им го раздаде на сиромасите, го придоби она што е нераспадливо, привремените работи ги замени со вечните и, откако ја уништи телесната убавина, се пресели во вечните живеалишта, слушајќи го гласот со кој Христос нѐ вика при Себе: „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат зло да ѝ направат, туку бојте се повеќе од оној што, по убивањето, има власт да ја фрли во огнот“. Вам ви зборувам, браќа, вие од него бојте се. Бидејќи, браќа, каква полза има човек да го собере и целото богатство на светот, а ја загуби душата своја, или се лиши од царството Божјо? А тоа ќе биде тешко за душата. Со што ли ќе ја искупиме таму душата своја од маките, ако овде не се одречеме од злото, или во скржавост живееме? О, браќа, сето наше богатство ќе остане овде, и од него нема да има душевна помош. Затоа да се потрудиме за нашето спасение додека сме живи. На животот и на маките на овој светител (името) чесно почит да им оддадеме, зашто тој сјае во славата Божја повеќе од сонцето, и чудесниот Господ во негов спомен им прави многу чудеса и исцеленија на оние што ги почитуваат Неговите светители.
И ние, браќа, да го следиме примерот на сите свети со добри дела и со молитви, со постење и со милостина, со смирение и чистота, и со други добри дела, во мир и со љубов, оти Самиот Господ рече: љубете се еден друг, како што ве возљубив и Јас, и заради вас се воплотив, и бев гладен и жеден, и необлечен заради вашето спасение, за да ве облечам и вас во облека нераспадлива.
Слушајќи го ова, браќа, бидете милостиви, оти сето тоа го вложувате во рацете Божји, очекувајќи милост од Него. Секогаш да бидеме подготвени, оти не знаеме кога ќе дојде смртниот час. И, ако ве најде ова зло без покајание, тогаш ќе беше подбро и да не се раѓате, оти таму нема да имате можност да се покаете. Поради тоа, браќа, да бидеме подготвени пред смртниот час, за да се спасиме. На нашиот Бог нека Му е слава во вековите, амин.