„Светлина му засветли на праведникот, и веселба на правите по срце“. Како што рече пророкот: „Праведникот ќе процвета како палма, ќе се издигне како кедар ливански, и ќе донесат плод во староста нивна“. „Чесната старост, со благочестието, сјае во светот како сонце, и во Црквата на Севишниот ќе ја отвори својата уста за благослов и молитва“. Со својот чист живот (праведникот) ги озарува помрачените, и со своите поуки ги насочува неразумните како кораб, вознесувајќи Му на Севишниот духовни жртви како темјан. Таков беше по достоинство и овој блгочестив пророк Захариј, кој процвета како крин со своите чудеса и добродетели, со чистиот живот упатувајќи ги народите кон благоразумност, и цветајќи со благолепие како благомирисен ливан, живеејќи живот без соблазни, како Аарон и пророк Самуил и Мелхиседек, стоејќи пред олтарот како бесплотен, служејќи во светилиштето според чинот на Аарона. Тој со преданост вознесуваше благомирисен темјан кон Севишниот, како миро кое разлева благоухание. Тој се издигнуваше како кедар во Ливан, и како розова градина во Јерихон, цветајќи во домот Божји како многуплодна маслина; со лубов кон туѓинците сјаеше повеќе од злато и сребро; со кроткоста своја ги смируваше животните бранови; со пречесните молитви го скротуваше гневот Божји; со правдата и незлобивоста учествуваше во светилиштето, и со духовна сладост го привлекуваше народот кон законот на Севишниот.

Но време е веќе да го приведам и евангелистот Лука, кој зборува за неговата светост и кој вели: „Во деновите на царот Ирод имаше еден свештеник по име Захариј. Неговите денови беа минале и беше стигнал до благочестива старост, пазејќи ја својата чистота и чекајќи ја духовната Фиданка. И неговата жена Елисавета беше ги минала деновите свои и беше стигнала во добра старост. Тие немаа деца, бидејќи Елисавета беше неплодна, и обајцата беа веќе стари“.

О, блажена сопруго, која го очекуваше ветувањето и благодатната Фиданка!

О, прекрасен пророку, кој дишеш преку божествениот Потомок!

О, чудесен проповеднику, кој јасно ја навестуваш скриената тајна!

О, преблажено неплодство, кое пророчки дишеш со копнеж за рожба!

О, преблажено неплодство, кое дишеш со копнеж за благовест, и цветаш со седмоплоден плод!

О, блажено неплодство, кое дишеш со архангелското ветување и ја одврзуваш неплодната утроба!

О, тајно, криена од ангелите и архангелите, а преку Гавриил навестена на Захариј за доаѓањето Христово и на Неговиот Претеча!

О, тајно криена, со едно јавување на ангелот откриена, обновувувајќи ја утробата, овената од неплодството!

О, надумна промисло, во древноста навестена од пророк Исаија, а завршена во Христа, како што рекол Бог преку Исаија: „Ете, Јас ќе Го испратам Мојот ангел, кој ќе ги подготви моите патишта, односно преку водите (на крштението)“.

О, чудесна тајно, со вода и Дух извршувана!

О, чудесна тајно, преку крштението повторувана!

О, чудесни работи! Како тие ја пролеваат застарената крв на Захариј, заедно со младенците, заради Младенецот Христос! И како таа крв нема да биде уништена додека не дојде нејзиниот Одмаздник!

Во такви околности, кога Захариј служеше, според редот на својата смена, и сакаше да пристапи кон олтарот и со темјан да ја покади Светињата над Светињите, ете, му се јави ангел од десната страна на служебниот жртвеник, и неискажлив ужас и трепет го обзеде. Размислувајќи за неискажливото видение, си говореше во себе: Какво ли е ова страшно чудо? Исполнет сум со ужас и трепет! Не можам да ја разберам оваа појава, и ова страшно служење! Да не дошол ангелот да ме изобличи поради моите гревови? Или да го казни народот поради неговите лоши дела? Или да го вразуми ова непокорно племе, заплашувајќи го со војна, или со помор, или со глад? Зашто лицето му е полно со восхит, а гледам дека има изглед човечки, и забележувам дека крилјата му се замајувачки. Како да го почнам разговорот со него? Со кој ли збор да го запрашам? Што да одговорам пред неговиот страшен поглед? Оти не сум видел ангел во облик на човек да служи во олтарот! Дали и јас ќе паднам во грев, како што некогаш змијата ја прелажа Ева?

И додека тој сѐ уште беше во голем трепет, ангелот му рече: Не бој се, Захариј, не плаши се, и не предавај се на такви помисли, оти јас не сум дојден за она што ти мислиш! Јас дојдов за твоја радост, за да ти го соопштам она што ќе се случи за радост на сите луѓе. Зашто, ете, Елисавета ќе зачне и ќе роди дете, заради кое ќе се развеселат сите народи и племиња, и ќе примат светлина. Не бој се, Захариј, оти дојдов да го разврзам твоето неплодство. Не бој се, Захариј, оти дојдов да ги раскинам оковите на бездетната (Елисавета). Не бој се Захариј, оти дојдов да те овенчам со радоста. Не бој се, Захариј, зашто дојдов да те прогласам за пророк. Не плаши се, зашто сум благовесникот, пратен од Бога за твојот потомок. Затоа, не бој се, Захариј, и не плаши се, оти јас сум Гавриил, архистратигот на Господовите сили, и сум испратен да ти го навестам Христовиот Претеча, и да го прекратам твоето неплодство, како што рекол пророкот во она време: „Развесели се, неплодна, која не раѓаш, оти ќе те направам многуплодна: ќе зачнеш во утробата и на роденото ќе му го дадеш името Јован“! А Захариј отрпна и му одговори на ангелот, велејќи: „Не господару, немој да го лажеш твојот слуга, и не фрлај ме во гневот Божји, оти јас сум стар, а и на мојата жена ѝ поминало времето за раѓање деца. Староста ме свитка, и телото ми е истоштено; членовите ми се умртвени, а и утробата на мојата сопруга е запустена и овената, па оттука и годините за природното раѓање минаа“. Ангелот одговори и му рече на Захариј: „Немој така да мислиш! Оти јас сум архистратигот на Божјите сили, и сум испратен да ти го благовестам ова. Бидејќи не ме послуша, ќе онемиш сѐ до моментот на раѓањето, додека ова не се исполни. А на роденото ќе му ставиш име Јован, што значи Милост Господова. Тој ќе биде голем пред Бога, и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште од утробата на својата мајка“. Кога го рече ова, ангелот си замина.

Народот, пак, стоеше надвор и го чекаше благословот на Захариј, и се чудеше што тој се забави (во храмот). А кога излезе за да ги благослови, не можеше да им проговори; и тие разбраа дека имал видение во храмот Божји.

Тогаш овенатата мајчинска утроба произведе благомирисен цвет. Кога? Зар не тогаш, кога ангелот рече: „Елисавета ќе зачне и ќе роди син, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање!“

О, блажено процутување! О, блажено предвестување! О, златозарно зачнување! Зар не побегна неплодството? Зар не се обнови природата? Зар не се возобнови староста? Не произведе ли многу плод неплодната, носејќи ги своите снопја? Не процвета ли многуплодната Земја, произведувајќи цвет благомирисен?

А кога на Елисавета ѝ се исполни времето да роди, таа роди син и мнозина се израдуваа поради неговото раѓање. И се собраа нејзините соседи и роднини, и сакаа на детето да му го дадат името на неговиот татко Захариј. Но Елисавета одговори и им рече: „Не, туку да се нарече Јован“. И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат. Тој побара штиче и ги напиша зборовите: „Јован му е името“. Кога го рече ова, веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и се исполни со Дух Свети, и прорече говорејќи: „Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави Својот народ!“ А на детето му рече: „Ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа, за да му ги приготвиш патиштата Негови“.

О, пророку, кој чудно дишеш низ пророчкиот печат!

О, разрешителу на оковите и обновителу на природата!

О, пророку, предвеснику на скриената тајна, и на неискажливата промисла!

О, чудесни ли работи, навестени пророчки, кои се остварија со доаѓањето на Христа!

Тогаш Ирод, како што вели евангелистот, се разгневи и го вознемири целиот Ерусалим, и нареди да ги убијат сите младенци во Витлеем и во неговата околина, од две години и надолу, според времето што го дознал од мудреците. Тој ги испрати своите слуги при свештеникот Захариј со наредба: „Пушти го кај мене твојот син Јован“. А Захариј му одговори: „Јас стојам постојано пред олтарот Божји, и не знам каде е мојот син“. А тие му рекоа: „Нам ни е наредено, ако тој не го даде својот син, тогаш изведете го од олтарот и убијте го“. Но тој им рече: „Крвта моја ќе ја пролеете, но духот мој ќе го прими Господ“. Захариј беше убиен во зори; неговото тело не се најде, но крвта негова стана како камен. И се слушна глас од олтарот, кој велеше: „Захариј е убиен, но крвта негова нема да биде уништена додека не дојде неговиот Одмаздник“. Елисавета, пак, го зеде Јован и побегна во планината, и повика кон Господа велејќи: „Горо Божја, прими го ова дете со неговата мајка!“ И веднаш гората им се отвори и, откако ги прими, пак се затвори. И ги озари незаодната Светлина.

А Ирод, исполнет со гнев, си мислеше дека Христос ќе царува наместо него, и поради тоа го остреше мечот, за да ги заколе младенците.

О, Ироде, пророкоубиецу! Каков грев направија децата, за да ги убиеш? Не само децата, туку го уби и пророкот Захариј, чијашто крв нема да биде уништена од тебе, додека не заврши твојата злоба.

О, Ироде, зошто така незаконски се гневиш против Христа? Зар не знаеш за кого претскажуваат пророците, говорејќи ти катадневно во ушите твои: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, Царот твој доаѓа при тебе кроток, и јава на младо осле, син на подјаремница“, сакајќи да ја исцели твојата животинска болка. Зар ти не си пророкоубиец и маж крвопролиец? А Христос е Синот Божји, Кој дошол да го спаси родот човечки. Ти си роден од нечисто соединување, а Тој има двојно раѓање: првото е на небесата, предвечно, од единствениот Отец, без мајка, а второто раѓање е на земјата, без татко и без телесно соединување, од Пречистата Дева, благовестено од Гавриил - не од тело, ниту од телесна похот, а како што само Он единствен знае. И Неговото прво раѓање е чудесно и неискажливо: Словото Божјо, родено од единствениот Отец, Бог - од Бога. „Преку Него, вели пророкот, се создадени небесата“. Та, Него ли Го бараш, о Ироде, преку Кого се создадени небесата? Навистина си безумен, говорејќи неразумно: „Тој не е Бог“. Тогаш за кого зборуваше Исаија, говорејќи преку Светиот Дух: „Ќе излезе Фиданка од коренот на Јесеја, и цвет од неговото стебло; и ќе почива врз Него дух на премудроста, дух на разум, дух на страв Божји...?

И пак истиот Исаија рече: „Ете, Девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат име Емануил,“ што значи Бог е со нас“ И пак истиот Исаија говори: „Ќе се издигне Владетел над народите, и Неговиот покој ќе биде слава“. А Еремија рече: „Девојката роди, без да ги почувствува родилните болки“. И други пророштва говорат за доаѓањето Христово, што ти не можеш да ги скриеш. Ако ти, Ироде, можеш да Му се противиш на Бога, зошто не можеш да ја устрелиш ѕвездата која ти ги приведе мудреците од Персија? Зошто не го фрлиш во затвор Гавриил, кој порано му благовести на Захариј за раѓањето на Јован, а потоа ѝ благовести на света Богородица Марија, кога рече: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба! Радувај се ти, што ја потопи клетвата Адамова во твојата пречиста утроба?“

Откако ќе го примиме сето ова, добро е да го почитуваме и успението на Захариј, и со похвала да извикаме, говорејќи: Радувај се, Захарие, кој си крајот на пророштвата за Христа! Радувај се, Захарие, бесценет бисеру кој сјаеш со благодатта Христова! Радувај се, Захарие, кој направи да процвета златозарната лоза со исполнувањето на пророштвата! Радувај се, орелу, кој го параш небото и кој, со духовните очи, го прозре Христовото воплотување! Радувај се, Захарие, кој изобилуваш со медоносни цветови како рајска градина, и кој го одгледа Христовиот Претеча!

Земајќи го за пример богоугодниот живот на овие свети и преблажени пророци, да си помагаме еден на друг, земајќи го на себе добриот подвиг; да не се приврзуваме за овој краткотраен имот што минува бргу како сенка, и по смртта ќе нѐ задави со клевета, говорејќи: „Ете, овој човек ме стекна со клевета, со завист ме собра, со лихва и со неправда ме спечали; тој презре и онеправда сираци, одзеде имот на вдовици, ограбувајќи ги со лихварство, поради својата ненаситност“.

Но наместо тоа, да пројавиме ревност кон добродетелта: да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, пост, кроткост, воздржување, оти така нѐ учи иовој голем Претеча Јован. Кога дојдоа при него Јудеите и го прашаа, говорејќи: „Учителу, што да правиме (за да се спасиме)?“ Тој им рече: „Оној што има две кошули, нека му даде на оној што нема; и кој има храна, нека го прави истото“. Дојдоа и војниците и прашаа: „А ние што да правиме?“ - Тој им рече: „Не навредувајте, не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати“. Ние, пак, возљубени чеда, и од своите плати да им даваме на бедните, да не го презираме сиромавиот кој умира од студ и кој е притиснат од голема немаштија. Оти тоа што ним ќе им го подадеме, на Христа Господа ќе Му го дадеме. До кога ќе се прилепуваме кон овој суетен живот? До кога ќе се наситуваме од овој имот што брзо минува? Да размислиме и за оние што пред нас биле богати? Зар сето тоа не минува како сенка, и не паѓа ли како цвет? Та каде е сега тоа богатство кое исчезнало? Никој не ја помни и не ја знае славата на оној што некогаш бил богат. Оти многу цареви и болјари живееја во богатство без вера, и умреа без полза за душата и, откако заслужија вечни маки, загинаа. Не им помогнаа ниту со злато украсените куќи, ниту скапоцената облека, ниту преполнетите складови. Тие беа ограбени од сите. Други се збогатија и се богатат од тие складови и станаа предмет на грабеж за сите.

А ние сето наше богатство да Му го предадеме на Христа, зашто сме го примиле од Него, како што рече Премудроста Божја преку устата Соломонова: „Мое е златото и среброто; моја е силата, моја е и славата. Преку Мене царуваат царевите и силните владеат со народите“. Но ако сакаш да видиш красни и велелепни дворци, тогаш, по заоѓањето на сонцето, погледни го небото украсено со ѕвезди, кое е создадено заради тебе. Но ќе речеш: „Тоа не е мој кров“. Зар не е твој? Господ говори: „Заради тебе ја создадов земјата, заради тебе направив да течат реки од бездната; заради тебе создадов сѐ од непостоење во постоење; заради тебе ги создадов сонцето и месечината, за да им се восхитуваш, и да Ме прославиш Мене - Твојот Создател. Заради тебе го создадов и овој дом украсен со ѕвезди, та во тој дом да се населиш со небесните првенци“.

Тежнеејќи кон тој дом, браќа, да се наведнеме над Изворот на животот, Кој извира од ребрата на Спасителот, и со бесмртност ги напојува верните. А ние, кои во сладост го почитуваме успението на пресветлиот пророк Захариј, оваа поука за него да ја завршиме со пофалба, оти тој беше исполнувањето и крајот на пророците; тој беше посредникот за Новиот завет, и учесник во бессеменото Божјо раѓање, и затоа со пофалби да го прославиме, зашто споменот за него е посладок од мед и неговото наследство е попријатно од медена пита. Тој наситува со мудрост како (реките) Фисон и Тигар во деновите на жетва. Тој излеа поука како пророштво и го остави за вечни поколенија, оти венецот на староста е многустраното знаење, и пофалбата на праведникот е во стравот пред Господа. Неговото добро наследство преку чудесата е од поколение во поколение, и тој вечно сјае како сонце. Неговото потомство е во заветите, и неговата слава нема да исчезне. Неговото тело е погребано во мир, а неговото име ќе живее од поколение во поколение. За неговата мудрост ќе раскажуваат луѓето, а Црквата ќе ја разгласува неговата пофалба. Коските негови нека процветаат во свето место, и неговото име ќе престојува на небесата прославено, оти тој беше познат преку словата, и неговите виденија се веродостојни. Тој беше вистински пророк со својата вера и според неговите зборови се познаваше веродостојноста на неговите предвидувања. Уште пред времето на неговото вечно упокојување, тој беше прославен пред Господа и пред Неговиот Помазаник. Тој им даде на празниците благолепие и докрај ги украси богослужбените времиња со духовни песни, за да го воспеваме секогаш името Господово. Кога ќе ја ставеше на себе одеждата на славата и ќе ги ставеше сите украси, тој се искачуваше кон светиот олтар, за да го овенча приносот на Севишниот Седржител, Кому што прилега пофалба и чест, со Отецот и со Пресветиот и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.