Знаејќи дека денес е претпразненство на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, да се соберете, браќа, на Вечерна молитва, и на Утрена и на Литургија, зашто овој ден е свет, браќа; тој е почетокот на нашето спасение. Во тој ден нашиот Господ Бог си спомна за човекот, кој беше ја прекршил Неговата заповед и беше паднал во бездната на злото и беше станал роб на заблудите. Затоа Он посака да слезе заради нашето избавување и да нѐ обнови за нов живот преку бањата на повторното раѓање. Бог го испрати Својот ангел да им благовести на праведните Јоаким и Ана за раѓањето на Пресвета Богородица - Мајката по тело на Господ наш Исус Христос.

И ние, браќа, радосно чекајќи да дојде тој ден, да побрзаме да ги запалиме нашите светилници со добри дела - со милостина, со вера и со лубов, зашто преку нив се просветлува и душата и телото, а верата без дела е мртва. Затоа е потребно кон верата да ја придадеме и милостината со љубов, зашто таа возведува на небото, и го дарува Царството, и ги отвора неговите врати. Оти оној што милува сиромав, Му дава заем на Бога. И пак рече Господ: „Милост сакам, а не жртва“. Затоа, ве молам, да не одминеме без помош ниту гладен, ниту необлечен, ни туѓинец, туку да ги примиме во својот дом со лубов, како да Го примаме Самиот Христос, та и Христос, нашиот Бог, преку нивните молитви да нѐ прими во вечното Царство што го приготви за оние што Го љубат.