Браќа, дојде времето на нашето спасение. Ете, нам кои седиме во гревовниот мрак, ни изгреа Живеалиштето на духвното Сонце - Христос. Денес, браќа, радост му засветли на целиот свет. Денес се роди внуката и господарката на прадедото Адама, и ги раскина оковите адови. Денес се роди онаа којашто ја уништи клетвата Евина, преку која дојде обновувањето на целиот свет. Денес е уништена древната измама и на новите луѓе им засветли новата радосна вест, зашто преку престапот на жена бевме истерани од рајската градина, но и пак, преку Рожбата на жена, повторно се враќаме во рајот. Оти Ева го послуша советот на змијата, а Пресвета Богородица Го роди Христа - убиецот на змијата, Кој не можеше да гледа да бидеме робови на ѓаволот поради нашите срамни дела, туку ги преклони небесата и, како Штедар, дојде да нѐ побара преку благоволението на Отецот и преку осенувањето на Светиот Дух, како што сведочи евангелистот Лука. И така во светот дојде Бог, ипостасната Премудрост на Севишниот, Синот Божји, Кој е едносуштен со Отецот, и е рамносилен со Пресветиот Дух, и стана истовремено Бог и човек, за да го спаси човекот, зашто човекот не можеше да се спаси ако не примеше обновување од Самиот Творец. И, навистина, Он ги понесе врз Себе нашите слабости и ги зеде нашите болки; и благоволи да биде сиромав заради нас, да биде туѓинец и поруган, та преку Својата сиромаштија да нѐ збогати.

Затоа, браќа, кога ќе видиме туѓинец, или сиромав, или необлечен, или гладен, и си заминеме без да им направиме некое добро, да знаете дека сме Го одминале со презир Самиот Христос, и себе се лишивме од вечните блага. Да, браќа, поради мала скржавост се лишивме од вечните блага! Оти секој има или дава не свое, а Божјо. Затоа барем од Божјото да даваме доволно. Оти Он не бара од нас имот или нешто тешко, туку храна и облека, та со мал излишок да примиме милост од Господа. Зар не е речено: „Биди милостив, за да бидеш и ти помилуван!“ И уште: „Не ќе има милост за оној што не пројавил милост“. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, зашто пророкот вели: „Одмаздата ќе биде изречена од лицето Божјо. Јас ќе отплатувам - вели Господ. И пак апостолот Павле вели, убедувајќи нѐ: „Не опивајте се со вино, оти во него нема спасение, туку повеќе исполнувајте се со Светиот Дух, и усовршувајте се со псалмите и со песните Давидови“. И пак, запирајќи нѐ од гневот, тој вели: „Гневете се, но не грешете; и сонцето да не ве зајде во вашиот гнев; не давајте му место на гневот“.  Затоа, откако ќе покорите сѐ под нозете свои, препашете се со добрина, со љубов, со кроткост, со чистота, со трезвеност и со милостина, зашто тие покриваат мноштво гревови, во Христа Исуса, нашиот Господ.