Благослови, отче!
Празникољупци!
Настапи пресветлото торжество на бесплотните сили, кое надминува секаков ум и разум, озарувајќи ја целата вселена со пресветлите зраци. Бидејќи тие не се со телесна природа, туку со недопирлива и несфатлива природа, тие зрачат со светлината на самото Божество. Тие со трепет стојат околу престолот, трепетно со крилјата покривајќи ги своите лица и со непрестаен глас вознесувајќи Му ја на Бога трисветата песна, говорејќи: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, полна е целата земја со Неговата слава“.
Удостоени со таа радост поради божествената светлина, едни се нарекуваат Престоли, и на нив почива силата и власта на Триипостасното Божество. Други, пак, се именуваат херувими и серафими, кои се шестокрилни, четиризрачни и многуоки. Трети се нарекуваат сили и власти, а четврти - господства и начала; а некои се именуваат ангели и архангели, безбројни воинства. Сите тие служат според своето предназначување, и за секоја служба имаат свој ред. Едни стојат постојано пред славата Божја, а други се испраќани на служба при оние што живеат на земјата; едни - за казна и одмазда на безбожните, а други - да ги упатат верните кон спасение и радост. Некогаш, на пример, на Синајската Гора, преку ангел, на боговидецот Мојсеј му беше покажан предобразот на Пресвета Богородица - капината која гореше, но не согоруваше. И пак на истиот Мојеј, на Планината му го откри преку ангел устројството на скинијата, и му ги покажа двата херувима, кои ги осенуваа двете страни на олтарот. И пак му се јави Бог на истиот (Мојсеј), кога тој Му се молеше и велеше: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, тогаш јави ми се Самиот Ти, за да Те видам јасно и да разберам дека сум нашол милост пред Тебе“! А Господ му рече: „Тоа, за коешто се помоли, ќе го сторам, зашто најде милост пред Мене“. А Мојсеј рече: „Покажи ми ја, Господи, Твојата слава, за да видам дека сум нашол милост пред Тебе“. Господ му одговори: „Не можеш да го видиш Моето лице, зашто не може човек да го види лицето Мое и жив да остане. Но ете место при Мене: застани при карпата и ќе те покријам со Мојата рака додека не поминам и кога ќе ја кренам раката Своја, ќе Ме видиш откај грбот, но лицето Мое нема да ти се открие тебе“. И кога Мојсеј ја виде задната страна на Божјата слава, неговото лице болсна повеќе од сончевата светлина. Тој го покри своето лице со крпа и така му говореше на народот, зашто не можеа да го гледаат неговото лице, поради светлината.
Исто така, и големиот пророк Исаија рече: „Го видов Господа седнат на висок и издигнат престол, и околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по 6 крилја, и ја пееја Трисветата песна, говорејќи:
Свет, Свет, Свет е Господ Саваот!
Полни се небото и земјата Неговата со слава“.
И пак истиот Исаија раскажува и вели: „Кога се разболе Јудејскиот цар Езекија, против него тргна асирскиот цар, за да му го преземе градот. Царот беше тажен поради претстојната битка против градот, и Му се помоли на Господа Бога, велејќи: "Сети се, Господи, дека јас одев пред Твоето лице верно и со предано срце кон Тебе, и го вршев она што беше угодно пред Тебе . И Господ му рече: “Не бој се, нема да влезе тој во твојот град, ниту ќе фрли таму стрела ни штит, оти Јас ќе го бранам твојот гради ќе го спасам, заради Мене и заради Давида - Мојот слуга. Тогаш слезе ангел Господов и во асирскиот логор погуби сто осумдесет и пет илјади души. Утредента насекаде најдоа само мртви тела“.
Ете, таква е силата на овие бесплотни и божествени служители. Началник на сите нив е големиот архистратиг Михаил, кој е војвода на бестелесните сили. Еден од ангелите беше примил од Бога власт за управување и надзор над земниот поредок. Тој не беше создаден од Бога ниту лукав, ниту зол, туку добар. И бидејќи беше удостоен со добрина, тој ја сврте својата добрина во злоба и се исполни со горделивост, па намисли да Му се противи на својот Создател и Бог. Архистратигот Михаил, не поднесувајќи ја заедно со сите други ангели неговата горделивост и самовеличање, го фрли на земјата со отпаднатите и нему потчинети ангели. Откако се лиши од божествената светлина поради својата злоба, тој стана началник на темнината. Фрлен на проклетство, тој беше лишен од сушноста и убавината на ангел и стана зол дух. Самиот тој си заслужи вечна мака, бидејќи злобата не се меша со божествената добрина.
И евангелистот Јован во своето видение јасно вели: „И настана војна на небото, бидејќи архангелот Михаил со бесплотните војуваа против змејот и го лишија од неговото достоинство“. Така вели и свети апостол Јуда, братот на Јаков, говорејќи: „И великиот архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот, не се осмели да изрече хулна осуда, туку рече: „Господ да ти забрани, противнику!“
Таква ревност кон Господа, својот Творец, треба да имаат сите. Секој треба да стои во својот чин, на местото што му е определено. Тогаш ќе се насладуваат од неискажливата светлина и красота. Немајќи во себе никава горделивост и никаква злоба, сите тие треба да имаат еден стремеж и една желба - со добрина да го пазат своето место, на кое секој од нив е определен да стои. Сите чудеса и благодети, извршени од овие двајца големи архистратизи, на човечкиот род му се дадени од Бога. За едни - тие се победа над непријателите, а за други - благовест за радост на земните жители.
Похвалата за нив не може ниту јазик да ја изрече, ниту умот е во состојба да ги пофали како што треба. Но колку и да сме слаби, треба да го постигнеме барем она што за нас е можно. Полагајќи ја својата надеж на нив, да ја изразиме нивната неискажлива милост и застапништво во сите напасти. Зашто преку овие архистратизи, Господ го исполни небесниот свод со чудеса и пресветло ги украси основите на земјата. Преку нив небесните воинства, стоејќи трепетно на своите определени места, остануваат запазени. Преку нив четирите страни на земјата се пазат неразнишани. Преку нив морската шир, по Божја заповед, не излегува од своите предели, и останува во своето определено место, без да се излева.“ Преку нив човечката природа останува неповредена од секаква страст. Преку нив се прогонувани бесовските полкови, и тие исчезнуваат. Преку нив од корен се разруши идолската измама. Преку нив светло украсените цркви правоверно и едногласно вознесуваат кон Бога трисвета песна. Преку нив се уништи секаква прелест и правоверието процвета, овенчувајќи ги правоверните исповедници. Преку нив се прогонуваат секакви напасти и страсти, и се исцелуваат болестите. Пред нив едногласно поклонувајќи се, радосно со пофалба да повикаме, велејќи:
Радувај се, архистратигу Михаиле, кој по достоинство си прв војвода на бестелесните сили!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, прв благовестителу на сите радости!
Радувај се, архистратигу Михаиле, скиптроносецу на едносуштната и неразделна Троица!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, вистински служителу на трибеспочетната Светлина!
Радувај се, архистратигу Михаиле, кој неискажливо засветли со зракот на трибеспочетната Светлина, озарувајќи ја со светлина целата вселена!
Радувај се, радосна похвало Гаврииле, кој со радост ја украси вселената и со благовеста за Јован Крстител неплодната природа ја направи плодоносна, и со венец ја украси староста на Захариј!
Радувај се, архистратигу Михаиле, кој го уништи началникот на темнината, и достојно стоиш пред престолот Божји! Радувај се, архистратигу Гаврииле, достоен благовеснику на Божјото воплотување! Радувај се, архистратигу Михаиле, кој постојано светиш со неприкосновената светлина на трисолнечното Божество!
Радувај се, архистратигу Гаврииле, пресветол благовеснику на беспочетното Слово - Светлината на Отецот! Зашто преку твојот глас целата земја засветли од радост; од твојата вест пречистата и непорочна Богородица се исполни со радост и бессемено, на неискажлив начин, Ја зачна Светлината на Отецот! Радувајте се, вие, еднодушни и топли застапници за сите оние што прибегнуваат под ваша закрила, зашто вие ги скршивте смртните вериги и ги извадивте гробните катанци, на жените мироносици им ја благовестивте радоста на воскресението, откако претходно ги поразивте во гробот адските сили и повикавте: „Подигнете ги порти горништата свои, и ќе влезе Царот на славата!“ А тие, здрвени од страв и лежејќи како мртви, говореа: „Кој е тој Цар на славата?“ И пак овие двајца големи архистратизи, заедно со бестелесните сили, им одговорија: „Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. Тој е Царот на славата!“
Тие се јавуваат насекаде со брзина на молња во служба на Бога, поразувајќи ги непријателите и радувајќи ги верните. Кога се јавија на гробот, тие на учениците пак им ја покажаа својата почит кон својот Господ. Едниот седеше при главата, а другиот - при нозете, каде што беше лежело телото на Господа Исуса, и рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Не е овде, но воскресна, како што рече“.
И пак, кога Господ се вознесуваше на небото, тие застанаа меѓу апостолите и рекоа: „Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од пред вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“. Така треба и ние да Му оддаваме чест на Господа Бога, нашиот Творец!
Преку нив се просветли целата вселена.
Преку нив пророците се исполнија со духовна благодат и светло го извршија своето пророштво.
Преку нив патријарсите и сите праведници светло се овенчаа.
Преку нив апостолите беа украсени со венци и едногласно на Бога Му вознесоа Трисвета песна.
Преку нив мноштвото маченици се овенча со прекрасни венци.
Преку нив православните архиереи за трајна радост се удостоија.
Преку нив пустиножителите, откако ги умртвија животните страсти и сласти, ја завршија својата животна трка.
Преку нив во последниот ден и гробовите ќе се отворат, и мртвите тела ќе воскреснат, пробудени од нивниот пресвет глас.
Преку нив и ѓаволот отстапник, заедно со своите бесови, ќе биде врзан и фрлен во вечна темнина, од којашто, по нивните молитви, нека нѐ избави нашиот милостив Господ, Кому нека е слава, заедно со беспочетниот Негов Отец, и со Пресветиот и Благ и Животворен Негов Дух, сега и секогаш и во веки веков, Амин!