Небото радосно се весели, украсено со светлообразни ѕвезди, и на својот Создател Му принесува неискажливи пофалби. А Црквата Христова светло ликува, имајќи ги како благомирисни цветови пророците и апостолите, и мачениците со архиереите и преподобните, и се украсува со нивните прекрасни слова. Со тие благомирисни цветови - светителите, се украсува со радост целата вселена како со венец, и од нивните мошти прима исцеленија како од река, зашто силата на Севишниот ги осени со благодат и со восхитувачки чуда, како што е речено преку пророкот: „Господ ги чува коските на праведните, и ниту една од нив нема да се скрши“.

Така (Господ) чудесно го прослави и овој светлозарен архиереј, откако неговите мошти ги покри со пурпурни бранови и ги запази. Него Премудроста го роди и добро го надои, а Светиот Дух го израсна, и го постави за венец и светилник на целата вселена, како што рече Господ во светото Евангелие: „Не може да се скрие град што стои на врв планина. Ниту, пак, се пали светилник и се става под поклоп, туку на свешник, за да им свети на оние што се во куќи“.

Ете, блажениот Климент засветли не како светилник, ниту е како град, туку како незаодно сонце, и ја озари целата земја со светлина. Усовршувајќи се со псалми и духовни песни, тој по благодат се покажа рамен на небесата, радосно поучувајќи и поттикнувајќи и други кон вечен живот. И по живот и по изглед тој беше како ангел, радосно земајќи ги врз себе и служењето и подвизите на великиот апостол Петар. Таква беше неговата пресветла душа. Со чудесна волја се стремеше кон благолепен подвиг и со духовната мрежа на Божјото слово ги привлекуваше сите кон верата. Неговата душа Му беше угодна на Господа, бидејќи тој уште од детска возраст се украсуваше со добродетели. Тој светеше во светот како сонце со своите чудеса. Откако се препаша со крепоста и се потпре на вистината, посака да ги следи пречистите стапки на врховниот апостол Петар. Под неговата закрила тој беше како гулаб хранет со духовна храна и, пазен под неговата пречесна сенка од непријателската пот, се потхрануваше со неговото дело како со благомирисно масло. На главата ја носеше пофалбата на Небесниот Цар и, украсен со нераспадлив венец, го помина целиот свет озарувајќи го со светлина како молња, бидејќи светлината на неговото лице беше како сончев зрак. Од неговата уста излегуваше правда и суд. Тој носеше милост и вистина на својот јазик, зашто на него, како на херувим, почиваше силата на Утешителот (Светиот Дух), украсувајќи ја со знаење полезната насока на неговите зборови. Преку нив, заедно со Петар и Павле, ја утврди во светот духовната Црква, откако стана учесник во нивните страдања и во нивната неискажлива слава. Затоа тој стана и наследник на престолот на врховниот апостол Петар - неговиот учител, во градот Рим, откако засветли како сонце, зашто Христовата благодат бликаше во него како полноводна река и со Христовото учење ја напојуваше сета земја под сонцето.

Навистина, таков првосвештеник ни требаше: незлоблив, свет, светло преукрасен со убавина и со вера. Тој ги отфрлаше сите привремени работи како распадливи, и со себе ги привлекуваше сите кон небесните населби и живеалишта, зашто тој гореше од ревност преку Светиот Дух. Со вера и со кроткост ги убедуваше сите преку подвиг да се наситат изобилно со бараната храна и со царството Христово. Разгорен од таа ревност и од верата во Бога, блажениот Климент претпочиташе да биде испратен во заточение заради нашиот Господ Бог, отколку да прими животни наслади и слава.

Летајќи постојано со умот во висините, како орел, тој ги поттикнуваше сите кон возвишеното, велејќи: „Браќа, нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме Спасителот наш, Господ Исус Христос“. Пред да измине една година од неговото заточение, поради неговото благопријатно учење и преку неговиот труд, од верните луѓе беа изградени седумдесет и пет цркви во пределите на Херсон (Крим), зашто над него засветли благодат и сила, украсувајќи го со сладосни слова и чудеса.

Но стариот непријател - ѓаволот, тој противник и завидливец на доброто, подучи еден свој слуга, управителот Авфибијан, бргу да го прекрати богоугодниот живот на блажениот Климент. И откако го приведоа како невино јагне, го принудуваа да принесе жртва на идолите. Но кога не можеа да го принудат на тоа, му врзаа не неговиот пречесен врат еден железен бродски предмет, наречен котва, го одведоа со кораб далеку од брегот и го фрлија во морето, сакајќи да го скријат недостапното сокровиште на Божјата премудрост, за кое и самиот Господ рече во светото Евангелие, говорејќи во парабола: „Царството небеско прилега на драгоценост, скриена во нива, што ја нашол човек и ја прикрил, па, од радост, отишол и го продал сиот свој имот за да ја купи таа нива“. Ете, блажениот Климент го остави целото земно богатство, и не само богатството, туку и роднините, пријателите, таткото и мајката, и браќата, па дури и својата душа. Откако сето тоа го презре и го остави, ја купи таа нива која во себе го содржеше скриеното Царство небесно. И прими двојна почит: на земјата и на небото.

Навистина, не само една црква, ниту две, туку целиот свет собран денес во негов спомен Го прославува Бога, како што рекол Светиот Дух преку пророкот, говорејќи: „Бог се прославува во соборот на светите. Силен си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе, зашто Ти владееш со морската сила, и ги скротуваш неговите силни бранови“; за Израилците ја раздели непроодната бездна на морето, и покажа неискажлива сила против нивните непријатели.

Исто така и сега Господарот и Создател, со чудеса овенчувајќи го својот маченик и покажувајќи ја Својата неискажлива слава, власт и сила, го раздели морето во должина од три милји, и по суво им го покажа патот на Своите нови луѓе кои, разгорени од желба, влегоа со пофални песни, го најдоа неговото пречисто тело во одаја подготвена за него од Бога, положено во мермерен ковчег. Господ ги чува коските на праведниците, според зборовите на пророкот. И, како што рече (мудриот) Соломон: „Во очите на нечестивите праведникот се смета како умрен“, но тој си отиде во вечните живеалишта, каде што се бесплотните (ангелски) чинови, каде што се хоровите од светители, на коишто тој рамен по живот им стана.

Почитувајќи ги сите негови добродетели, и неговиот живот кој стои повисоко од луѓето, нема со кого да го споредиме и подобни пофалби да изречеме, зашто него Самиот Господ го прослави, кога ја раздели морската бездна, како некогаш пред Мојсеј, и непроодното море го направи проодно за своите нови луѓе.

Наместо со уста, Бог ги објавуваше неговите чудеса со бранови величајќи го, не како оние на Мојсеј во она време, кој во безводната пустина удри со стапот по карпата и потекоа води, и потоците се исполнија со вода, и тоа го направи со гнев, а не со пофалба, не поднесувајќи ја жестокосрдечноста на луѓето, и на тој начин го исполни ветувањето дадено порано и прими покој. Самото Јагне, Синот Божји, Кој ги зема гревовите на светот, и на овој блажен Климент му го покажа местото од десната страна. И кога тој удри на тоа место, потече извор и ги напојуваше жедните со благоверие.

Затоа и ние, приоѓајќи при него жедни, со желба да ја изразиме нашата непосрамена радост поради него, да речеме:

Радувај се, радосна похвало и возљубен наследнику во службата на врховниот апостол Петар!

Радувај се, богогласен органу, кој со чудеса ја исполни сета вселена!

Радувај се, многусладосна лозо, која го исполни целиот свет со благочестиво учење!

Радувај се, непорочен орелу, кој ја прелета сета вселена!

Ти засветли на запад како незаодно сонце, а на исток се овенча со Петар и Павле, поради праведниот подвиг; на север, откако се облече во пурпурни бранови, ја исполни земјата со чудеса и го раздвижи морето за да Му оддаде пофалба на својот Бог и Создател, Кој, наместо сонце, му го даде твоето тело.

Блажениот Климент со зраци ги осветлуваше водите и животните во нив, односно китовите и сите ѕверови и морски риби, кои озарени од неговата светлина и насладувајќи се од блгопријатната миризба, стоеја околу неговиот дом, насладувајќи се од неговата светост и восхитувајќи му се на морето, како тоа отстапува од својот брег за седум дена и се повлекува во длабочината, правејќи им пат на благоверните луѓе за неговиот празник.

Да го споменеме и ние прекрасното чудо што се случи во тоа море, при излегувањето на благоверниот народ од неговиот храм. Кога тие си заминуваа, морето пак ја покриваше земјата. Детето на една жена беше се отклонило и, по Божја промисла, беше останало во храмот. А таа, мислејќи дека тоа е со народот, излезе на брегот, но не го најде таму. Наредната година, во денот на неговиот празник, кога морето се повлече според својот обичај, благочестивите луѓе дојдоа пак и момчето го најдоа пораснато и со светло лице, хрането со светоста на маченикот и со нераспадлива храна. Такви се чудесата Божји и светоста на овој блажен Климент. И навистина, моштите на сите светии почиваат во ракотворни храмови, и кон себе ги привлекуваат сите со пресветли чудеса. Но по Божја промисла, на овој светител морето му изгради неракотворен дом и го прими како светол ангел, откако со неговата светост се просветли од крај до крај, зашто Христовата сила е семоќна да ги прослави и да ги украси мачениците со благодат и чудеса.

Празнувајќи го денес неговиот спомен, за поука на собраниот блгочестив народ, говориме: Браќа, да се потрудиме и ние со духовен подвиг, очистувајќи ги своите души и тела со пост и со молитва, зашто времето веќе се наближи, носејќи од една страна старост, а од другата - смрт. По смртта, пак, страшниот и ужасен ден, кога нашиот Господ Бог ќе дојде од небото во славата на Своето Божество, и во еден миг сите ќе воскреснеме и ќе застанеме пред Него, давајќи Му одговор за целиот живот, за делата, за помислите и за зборовите. Тогаш таткото не ќе може да му помогне на синот, ниту мајката на ќерката, ниту братот на братот, ниту слугата на господарот. Секој ќе почне да се грижи за своите дела, како ќе му одговори Бог или каква пресуда ќе прими.

Затоа,браќа,ве молам,да си најдеме помошници: странците, жедните, бедните, необлечените, слепите и куците, зашто тие се Христовите наследници, тие се клучот за Царството небесно. Оној што ќе им направи добро на овие Божји пријатели, ќе застане пред Бога без грижа и ќе биде наречен син на бесмртниот Цар, како и овие светители, зашто тие не ги поштедија ни своите домови, ниту телата свои, туку со милостина Му се доверија на Бога, и своите тела ги предадоа на постење, на покајание и на бдеење. Затоа и Бог нив ги почести и по смртта, така што нивните свети мошти прават многу чудеса - ги лекуваат нашите болести и ги отстрануваат нашите страдања, зашто и тие беа луѓе како нас.

Затоа, браќа, да побрзаме да отфрлиме секаква злоба. Од нас зависи дали со злоба, со мрзливост и сластољубие ќе заслужиме мака, или со чистота, воздржување и милостина ќе примиме Царство небесно и вечен живот, по благодатта и човекољубието на Единородниот Син Божји, Господ наш Исус Христос, Кому прилега секаква слава, чест и поклонение со беспочетниот Отец, со Пресветиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш (и во веки веков. Амин).