Да знаете, браќа, дека во овој ден е пост пред празникот Господов (односно пред празникот Раѓање Христово). Постот е затоа, набожно и со чистота да се собереме во црква во шестиот час, откако ќе го уништиме гневот и ќе ги очистиме телесните страсти, и ќе ги отфрлиме сите недолични дела, за да бидеме достојни со чисти усни и непорочно срце да се причестиме со телото Божјо, во коешто се облече заради нас и доброволно осиромаши, гледајќи нѐ облечени во гревовна злоба и вооружени со срамни дела. Тој не можеше да нѐ гледа паднати во толкаво зло и, откако ги преклони небесата, слезе без порок и бессемено се всели во утробата на Приснодева. Беспочетното Слово Божјо прими тело и стана човек, сакајќи да го обнови човечкиот род, и да го всели во поранешниот рај од којшто бевме отпаднати поради тоа што бевме го послушале ѓаволот, кој од завист го прелажа нашиот прадедо Адам, првиот човек, и на смртен живот го предаде. Ете, затоа беспочетниот Син Божји слезе при нас. Неговото прво раѓање од Бога Отецот е без мајка. Второто Негово раѓање заради нас е од Мајка, без татко.
Радувајќи се на доаѓањето и на воплотувањето на Господа, ние празнуваме и си спомнуваме за Неговите праотци и прадедовци по тело. Предвид ги имаме великиот Авраам, Исаак и Јаков, чиишто имиња ги спомнува евангелистот; како и чудесниот меѓу пророците Даниил, и трите момчиња Ананиј, Азариј и Мисаил, кои, облечени со верата како со оклоп, ја скротија јароста на ѕверовите, бидејќи верата, здружена со чистотата, со нераспадливи венци ги овенча Христовите маченици и праведници, кои со верата и со добрите дела се нарекоа пријатели Божји. А нивните дела беа вакви: да облекуваат необлечени, да примаат странци, да имаат милост кон сиромаси. Затоа и нивниот спомен е светол.
Затоа и ние, браќа, ревносно да го следиме нивниот пример, и да се трудиме да правиме дела како нивните, та и ние да бидеме пријатели Божји и синови на царството Негово. Зашто и тие беа луѓе телесни, како нас, но тие го замразија угодувањето на телото, и своите тела ги насочија не кон пијанчење, ниту на излежување, туку на постење и бдеење, и на постојано поклонение. И ние треба да го следиме нивниот пример, а не на крадците и на пијаниците, ниту на злосторниците, за кои е подготвена мака заедно со ѓаволот. Од неа да нѐ избави нашиот Господ Бог!