Ете, ни доаѓа напред светлозарното торжество, предвесник на Христовото воскресение. Ете, ни засветли светлозарниот празник на Лазар, кој ги отсликува Христовите чудеса. Ете, четиридневното воскресение Лазарево ги носи плодовите на тридневното воскресение Христово. Ете, вториот Претеча - Лазар, им се јави на оние што седат во мрак и во смртна сенка, навестувајќи Го Христа Избавителот, Дарителот на светлина. Денес се откри првата причина за уништувањето на адот. Денес Христос го исполнува светот со прекрасни чудеса. Денес Он, откако ја врза силата на смртта, воскреснува мртовец кој лежел во гробот четири дена. Денес Он го преднапишува образот на Своето пресветло воскресение, откривајќи им го на Своите ученици и на целиот свет преку овој четиридневен мртовец. Денес Јудеите, дојдени на гробот на Лазар, се собраа како за сведоштво, та, гледајќи ја Божествената власт и сила на Христа, што Он ја има над живите и мртвите, да не почнат да говорат: „Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?“ Но тие требаше да ја видат Неговата сила и Божествената власт, и да бидат готови да поверуваат во Христовото воскресение. Со тоа чуло Он повеќе сакаше да го убеди народот и да ги увери Своите ученици во Своето воскресение.
Исус беше заминал во Јудеја, та смртта на Лазар да се случи за време на Неговото отсуство, за да не речат некои дека Он го умртвил на некој начин, а потоа пак го подигнал, туку да бидат очевидци на смртта Лазарева, на неговото погребение и воскресение, како што за тоа јасно соопштува евангелистот Јован, велејќи: „Беше болен некој си Лазар, од Витанија, когошто Исус го љубеше. Неговите сестри испратија да Му речат: ʻЕте, оној што го сакаш е болен!ʼ А Исус рече: ʻОваа болест не е за смрт, туку е за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.ʼ И во тоа место остана два дена, и на Своите ученици им рече: ʻЛазар, нашиот пријател, заспал; но да отидеме при него и да го разбудиме.ʼ А Неговите ученици Му рекоа: ʻГосподи, ако заспал, ќе оздравее.ʼ Зашто тие мислеа за заспивање со сон. Тогаш (Исус) им рече отворено: ʻЛазар умре. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате; но да отидеме при него и ќе го воскреснам.ʼ А Тома, наречен Близнак, рече: ʻСега Јудеите бараа да Те убијат со камења, и пак ли ќе одиш таму?ʼ Исус, пак, рече: ʻНели денот има дванаесет часови? Кој оди ноќе се сопнува, зашто во него нема светлина. А кој оди дење, не се сопнува. Јас сум Светлината на светот, кој врви по Мене не се сопнува.ʼ Кога го рече ова, Исус дојде во Витанија и најде дека Лазар е во гробот веќе четири дена. Го пресретна Марта, падна пред нозете Негови, велејќи: ʻГосподи, ако беше Ти овде, мојот брат немаше да умре. Но и сега знам дека што и да побараш од Бога, Бог ќе Ти даде.ʼ А Исус ѝ рече: ʻТвојот брат ќе воскресне.ʼ Марта Му одговори: ʻЗнам, Господи, дека ќе воскресне во последниот ден.ʼ Исус, пак, ѝ рече: Јас сум Воскресение и Живот. Само верувај и ќе ја видиш славата Божја. А таа потрча и ја повика својата сестра Марија, и ѝ рече: "Учителот дојде и те вика: А таа, штом слушна, стана брзо и потрча. Јудеите, кои беа дошле при нив да ги утешат за нивниот брат, кога видоа дека Марија стана брзо и отрча, отидоа по неа, зашто мислеа дека таа оди на гробот да плаче. Исус, кога ја виде дека плаче, и дојдените Јудеи при неа за да плачат заедно со неа, се возмути и просолзи и небаре не знаеше, ги праша: ʻКаде го положивте?ʼ А тоа беше пештера, и камен беше навален на неа. Исус веднаш им нареди да го кренат каменот. А сестрата на умрениот, Марија, Му рече: ʻГосподи, што сакаш? Тој веќе мириса, зашто е во гробот веќе четири дена.ʼ Исус ѝ рече: ʻСекој што верува во Мене, и ако умре, пак ќе оживее. Само верувај, и ќе ја видиш славата Божја, зашто Јас дојдов за да владеам и со живите и со мртвите.ʼ Марија Му рече: ʻВерувам, Господи, дека си Ти Синот Божји, Кој доброволно заради нас се облече во тело, та оние што се во темнина да видат светлина.ʼ Исус, пак, Кој ни покажа пример од небесниот Бог да испросуваме секаков дар, ги подигна очите кон небото и рече: ʻОтче, Ти благодарам што секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.ʼ Кога го рече ова, Исус извика со висок глас: ʻЛазаре, излези надвор!ʼ И на тој пресвет глас мртовецот веднаш стана, откако телото, кое се распаѓаше, прими обновување. И Исус им заповеда да му ги одврзат врзаните раце и нозе. А народот кој беше таму, кога го виде ова прекрасно чудо, сите како со една уста Го прославија Бога и велеа: ʻНавистина, овој е Божји Син!ʼ И поверуваа во Него“.
А древниот непријател, ѓаволот, им ги ожесточи срцата на противниците. Тие говореа: „Ако овој не умре, тогаш целиот свет ќе поверува во него“. И веднаш се собраа првосвештениците и книжниците и направија совет против Него, да Го убијат не само Исуса, туку и Лазара, заради тоа што поради него мнозина поверуваа во Исуса Христа.
Заради тоа ли, о беззаконици, вие станавте законоучители, за да се кренете против Законодавецот? Поради тоа ли се бунтувате против Бога, затоа што ве ослободи од Египетското ропство, откако го казни фараонот со многу неволји? Затоа ли, о беззаконици, ковете завера против Него, зашто ве преведе преку Црвеното Море и во пустината ве хранеше со небесна храна четириесет години? А вие, о престапници, сега го нарековте и измамник, затоа што и мртовец ни воскреснува и извршува секакви исцеленија. Затоа ли велите: „Измамник е“. А кога ви испраќаше храна од небото, тогаш Го благословувавте! Не се ли срамите, законопрестапници Јудеи? Наместо пофалба, ковете завера против својот Создател. А требаше да Му оддадете пофалба и чест, гледајќи дека Он воскреснува мртви, на слепите им дарува светлина, изгонува бесови, исцелува секакви болести - Оној Којшто дојде да го сапаси човечкиот род!
Но да го оставиме настрана јудејското беззаконие и безумие, и да го пофалиме Лазаревото благородство, зашто Лазар стана свето живеалиште на Пресветиот Дух.
Лазар - красна фиданка на Божјата градина.
Лазар - медоносна капка на Божјата мудрост.
Лазар - извор на духовната благодат.
Лазар - неовенлив цвет на рајската градина.
Лазар - високолетечки орел на вишната Премудрост.
Лазар - сокровиште на Божјото гостопримство, исполнето со љубов кон бедните.
Лазар - втор Претеча за оние што седат во темнина и во смртна сенка.
Лазар -лут посрамител на силата адова. Лазар - мил љубимец на Христа.
Лазар - прв предобразител на тридневното воскресение Христово.
Лазар - светлозарен сожител на ангелите.
Лазар - строг изобличител на Јудеите.
Кога мноштвото народ го виде Лазара, воскреснат Од мртвите на четвртиот ден по неговата смрт, поверуваа во Господа и Му ја оддадоа должната почит како на свој Создател. Едни ја постилаа својата облека по патот, а други кршеа гранки од дрвјата и викаа заедно со децата: „Осана! Благословен е Оној што иде во името на Господа, Царот Израилев. Мир на земјата и слава во висините. Благословен е Оној што дојде да ја обнови човечката природа, и да го спаси загубеното“. Осана во висините на Бога, славен во три лица заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.