Да знаете, браќа, дека во овој ден е претпразненство на Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. Да се соберете во црква на утринска молитва, а во шестиот час на Литургија, зашто во тој ден на човечкиот род му е јавена неискажлива тајна. Господ, нашиот Бог, Кој знаеше дека човечкиот род отпаднал од рајската храна, измамен од ѓаволот, не трпејќи да нѐ гледа во таа прелест, Самиот Он дојде откако Своето Божество го смести во образ на човек. Бидејќи телото на првиот човек Он го создаде од земја, го создаде според Својот образ и го овенча со слава, насади и рај на исток и во него го воведе човекот и го постави за господар и цар на сето создание, и го почести и со самовластие, и му нареди да пази само една заповед та ако ја запази, да биде жив вечно, славејќи Го Бога заедно со ангелите или ако ја прекрши, ќе биде подложен на смртта и на распадливоста. Советникот на секое зло - ѓаволот, завидливецот на секое добро, во своето безумство се погрижи да го научи да ја прекрши Божјата заповед. Поради тоа Бог го истера од рајот и му рече: „Обработувај ја земјата, со пот од лицето свое ќе го јадеш твојот леб и со смрт да умреш, зашто си земја и пак во земја ќе појдеш“.

И оттогаш, браќа, во нас влезе смртта и жалоста. Поради тоа Синот Божји слезе при нас, сакајќи да го обнови образот на човечкиот род и нашето тело, и да ни го покаже патот кон првиот живот. Врвејќи по него, ќе влеземе во тој рај кој, всушност, е патот што Он ни го покажа: пат на чистота, кроткост, смирение, љубов, правда, милостина, воздржание, покајание; со покајанието, со постењето и со милостината се очистуваат гревовите.

И ние, браќа, да се потрудиме да одиме по тој пат, правејќи добри дела, особено во овие свети денови, зашто тие се поставени од Господа заради очистување на душите и телата наши, а не да ги минуваме во мрзливост и лоши дела. Човекот ќе биде погубен од златото или од нешто друго, а загубеното време повеќе нема да го најдеме, зашто е духовно. Затоа не треба да го минуваме во жестокосрдие, туку во подвиг да се потрудиме сите да се поттикнеме на молитва. Мрзливоста да ја отфрлиме, похотата да ја умртвиме, зависта да ја уништиме, гневот да го отфрлиме, мирот да го земеме, та и нам човеколубецот Бог да ни рече: „Нека ви биде според вашата вера.“ Сите добри барања да ги примиме, а со нив и милост да добиеме, молејќи се на Христа нашиот Бог, Кому нека е слава со Отецот и со Светиот Дух.

 ---

Сега е потребно, браќа, велегласно да ги изговорам пред вас ангелските зборови, како што за овој свет ден говори апостол Павле. Правејќи го извесно светото празненство, тој вели: „Ноќта помина, а денот се приближи“.

Денес, навистина, Синот Божји, Господ Бог наш, неискажливо се смести во човечко тело, сакајќи со Своето воплотување да го обожи созданието на Своите раце, и пак во рајот да го всели. Денес Несоздадениот се сместува во Своето создание. Денес Несместливиот во небесата се сместува во девствена утроба. Денес Невидливиот станува Видлив. Денес Словото Божјо прима тело. Оној што пред сите векови на небесата се роди од Отецот без мајка, сега, пак, страшно и чудесно на земјата се воплотува во Дева без татко, двоен по природа - Бог и човек, разбиран и објаснуван како Емануил, што значи ʻБог е со насʼ. Сакајќи да го спаси родот човечки, дојде на земјата, останувајќи целиот на небесата со Отецот и со Духот, и целиот на земјата, еднакво прославуван и почитуван со поклонување, и царувајќи страшно со Своето раѓање од Дева. Зашто не се родил некој друг од Отецот пред вековите без мајка, ниту некој друг се воплотува во Дева, туку Самиот Единороден Син Божји. Откако Он засветли од суштината на Отецот, ни се јави нам како Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, а не створен, Адамовиот Создател. Он дојде на земјата за да го побара заблудениот човек. Зашто Он кога нѐ виде паднати во многубоштво и робови на разни богови, и не трпејќи да го гледа Своето стадо грабнато од врагот, најнапред испрати пророци, навестувајќи го Своето доаѓање и говорејќи преку Исаија: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил, што значи: со нас е Бог“. А кога дојде времето да се исполнат овие зборови, Бог го испрати од небото архангелот Гавриил и му рече: „Иди при Дева Марија и речи ѝ: ʻРадувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!ʼ Веќе е уништено проклетството кон прародителката, зашто преку жена процвета злото и жалоста, а сега преку тебе ќе се јави најдоброто. Зашто, ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот свој од неговите гревови како што го слушнавте евангелистот да зборува во прочитаната беседа.

Да размислиме, браќа, за сѐ ова, колку голема благодат примивме денес! За какво добро се удостоивме! Зашто денесе е врзан нашиот непријател ѓаволот. Денес е уништено служењето на бесовите и нивните жртвеници. Денес рајските врати и пламениот меч, кој беше го протерал човекот (од рајот), со радост го прима повторно. Денес Адам ликува примајќи Го во својата природа својот Создател. Денес Ева, откако ја сотре главата на змијата, нејзиниот горчлив измамник, го повикува целиот свет на веселба, говорејќи: „Радувајте се со мене, зашто денес примив неискажлива радост и слобода од сите гревови!“

Денес и ние, браќа, исполнети со радост и украсени со добри дела, да се потрудиме достојно да ги минуваме овие свети посни денови, воздржувајќи се од пијанство, од телесни похоти и прејадување, од гнев и клевети, навреди, јарост, завист, од премногу спиење, зашто тие ја одвојуваат душата од Бога и ја помрачуваат. Затоа, откако ќе ги оставиме сите овие работи, да се погрижиме овие свети денови да ги завршиме мирно, за да не нѐ стигне смртниот ден во мрзливост, во злоба, во гревови, зашто не лаже Оној што преку пророкот рекол: „Во каква состојба ќе те најдам, во неа и ќе ти судам“.

Затоа ве молам и со љубов ве потсетувам, да бдееме постејќи, та смртниот ден да нѐ најде во добри дела, а не во лоши.

Иако за вас го одолжив словото за овој ден, принуден сум да продолжам уште, гледајќи секој ден дека црквата е празна од вас, а таа приготвува венци за постниците, и претстојниот купел (крштелна), кој ќе ги измие нашите прегрешенија, и трпезата со угоеното теле, заклано за целиот свет, Исус Христос, Синот Божји, Кој е во неа, и Кој ги повикува верните на свето празнување и на живоносна храна, та секој што ја прима да живее во вековите, како што рече Самиот Господ: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе живее вечно“. Бог нѐ повикува и преку пророкот, кој рекол: „Вкусете и видете колку е благ Господ!“

Да пристапиме и ние како незлобливите деца, држејќи во рацете гранчиња, односно добрите дела, викајќи и говорејќи Му на Христа: „Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Бог е Господ и ни се јави!“