Благослови, отче!

Размислувам за едномислената волја и еднаквата мудрост на овие четириесет маченици и, обземен од восхит, прибегнувам кон Христа, од Кого светло доаѓа одозгора секој добар дар и секој совршен подарок, како што рече преблажениот Павле: „Ти си Христос, Божјата сила и мудрост““. Со таа сила се исполнија и преблажените четириесет воини, Христови маченици. Тие засветлија во светот како пресветли ѕвезди, и целата вселена ја озарија со зраците на богопознанието, имајќи Го сред себе мисленото Сонце - Христа, и озарени од Неговата светлина и украсени со голема убавина, расцветани со правата вера, светло напојувани со росата на Пресветиот Дух како благомирисни кринови, откако се украсија со добри дела, тие станаа возљубени на својот Господ, зашто тие се надминуваа еден со друг по чистота и љубов: едни со пост и воздржување, други со набожност и гостопримство; едни со коленопреклони молитви и со простосрдечност, а други со смирение и со кроткост на срцето; едни со бдеење и со нелицемерна љубов, а други светлејќи со љубов кон бедните како светилник со духовниот зрак, зашто во нив беше силата на Пресветиот Дух, која ги поттикинуваше на секое добро дело и со верата ги заштити од секое искушение.

Тие беа на изглед и убавина како еднородни, сплетени со вера и со љубов како златен ѓердан. Еден со друг беа поврзани со едномислие. Откако го оставија земниот живот, тие ревносно се трудеа да застанат пред неискажливата Божја слава, преку добар подвиг и нелицемерна љубов. Тие се натпреваруваа еден со друг кон пресветиот пат на подвигот. Наместо со оклоп, се облекоа со верата и наместо со штит, се вооружија со Крстот. И во битките се покажуваа како молњи, јавајќи меѓу илјадници и десетици илјади, и беа прославувани со победа, водејќи двојна војна: со видливите и со невидливите непријатели.

Ѓаволот, кој не можеше да ја гледа нивната красота и вера, како и нивниот чист живот, покрена борба против нив, откако влезе во злоумниот сад Ликиниј, кој беше самовласник во тоа време. Тој покрена гонење против христијаните. Сакајќи да ги измами благоверните маченици, тој ги принудуваше сите да се поклонат на идолите. Но древниот пророк возгласува и вели: „Господ нема да го остави жезолот на грешинците врз избраните праведници, за да не ги посегаат праведниците своите раце кон беззаконие. Господи, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце! Тие се озарија со таа светлина и презирајќи ја обичната наслада од веселбата, светло и чудесно се поттикнуваа на мачеништво, и еден на друг си говореа: „Браќа, да не се плашиме од оваа краткотрајна мака, која ќе помине бргу како сенка и ќе нѐ воведе во вечните живеалишта. Затоа, браќа, да застанеме, и крепко да се вооружиме против непријателот и да се овенчаме со победнички венци од Христа Бога! Бидејќи ние во битките не се штедевме ни заради гнилежниот цар, туку западнати во многу неволи, штитени од силата Божја, излегувавме како победници, тогаш, ако се погрижиме да Го следиме Него, и да ги земеме врз себе Неговите доброволни страдања, се надеваме дека Тој ќе биде со нас, како и што вети, кога рече: Кога ќе ве одведат во собранија и пред власти, во затвори, пред цареви и кнезови и мачители, заради Моето име, не грижете се што ќе говорите или каков одговор ќе дадете, зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост на кои не ќе можат да се спротивстават ниту да одговорат сите ваши противници. И не бојте се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат никакво зло да ѝ направат, туку бојте се од Оној Кој, по убивањето, има власт да фрли во пеколот“. Поучени од овие зборови, тие се крепеа еден друг и храбро ја згазија ѓаволската измама, и со радост ги поднесоа сите маки, повторувајќи ги во себе апостолските зборови: „Бог не е неправеден, браќа, та да го заборави вашиот труд". Додека преку ноќта на мразот стоеја во Севастиското блато, еден од нив се издвои и отиде во бањата (устроена за нив) и, кога се допре до топлината, се стопи како лед и загина. И одненадеж од небото ги озари неискажлива светлина и од неа студот се претвори во топлина, а на нивните глави од небото слегоа венци, на број четириесет. Остана само еден венец кој немаше каде да застане. Кога стражарот го виде ова чудо, ја соблече својата облека, скокна при мачениците и со висок глас извика: „Верувам во Синот Божји Исус Христос, во Кого веруваат и овие маченици, и нека ме удостои и мене со истата слава, за да го завршам заедно со нив маченичкиот подвиг“. И веднаш на неговата глава застана венецот на неискажливата слава. Ете, ваква е Божјата милост, како што рече самиот Господ: „И последните ќе бидат први, а првите последни“.

Затоа, како да ја пофалиме пресветлата дружина од којашто отпадна тој бедник, како што некогаш Јуда отпадна од богоизбраната дружина, и како што ѓаволот отпадна од ангелскиот состав и, кога отпадна од светлината, стана началник на темнината и заслужи вечна мака. Неговата завист го проголта и овој бедник. Но, сепак, ѓаволот беше поразен од овие непобедливи (маченици) и од овој стражар, кого го прероди пребожествениот купел, кој раѓа повторно за нов живот. Црквата нив ги воспита со духовна храна и ги озари со тризрачни венци; ги направи сожители на ангелите и ги покажа како светлозарни светилници по целата вселена, сјаејќи со чудеса повеќе од сонцето. За нив во древноста предвести пророкот, говорејќи: „Ти нѐ испита, Боже, со оган нѐ очисти, како што со оган се пречистува среброто, и допушти на нашите глави да ни се качат луѓе. Преминавме преку оган и вода, и Ти нѐ воведе во покој“. Барајќи го тој вечен покој (мир), тие ја оставија убавината на овој живот, домовите, богатството, таткото, мајката, сестрите и браќата, жените, децата, па дури и своите души ги замразија, според заповедта на Господа. Затоа Господ ја пројави врз нив сета Своја чудесна волја, зашто тие беа избрани благопотребни садови за служба на единствениот Владетел и Спасител наш Исус Христос, бидејќи нив не можеше ништо да ги оддели од љубовта Божја: ни огнот, ниту водата, ниту некое друго страдање.

Поради тоа денес го празнуваме нивниот спомен и, оддавајќи им ја должната почит, говориме: „Радувај се сечесен и многучудесен хору на трисветлото воинство, кој се уподоби на бесплотните сили и ги надмина, зашто тие, бидејќи бесплотни, стојат на своето место и се насладуваат од неискажливата красота“.

Тие, пак, откако го препливаа многуразбрануваното животно море и со својата крв ја осветија целата вселена, на болните им даваат исцеление обилно, ги прогонуваат бесовите, ги олеснуваат страдањата, ги просветлуваат црквите, го пазат светот, луѓето ги упатуваат на добри подвизи, ги прогонуваат демоните и бргу ја разоруваат нивната измама, бедните ги збогатуваат двојно: и душевно и телесно, ги уништуваат ересите. Сјаејќи со трисветли зраци, се покажаа како неискажливи исповедници на верата.

Затоа, која уста или кој јазик ќе може да ги пофали овие небесни светилници, кои се посветли и од сонцето? Со своите пречисти мошти тие го осветлија целиот свет како со ѕвезди. Распламтени од Светиот Дух, тие го стоплија дневниот мраз. Го изгаснаа и огнениот пламен, како некогаш набожните момчиња во Вавилон. Со своите златозарни коски (фрлени во реката) тие ги осветија речните струи, ги украсија сите цркви со своите благомирисни мошти, и ја развеселија целата вселена, со неискажливите чудеса ја протераа лагата, а ја засадија вистината, го поразија ѓаволот, а го развеселија Христа. Затоа и десницата на Седржителот ги украси со венци и ги озари со зраците на неискажливата светлина, ги удостои со честа да стојат пред Бога, ги облече со богоисткаена одежда. Ги исполни со силата на Светиот Дух и ги направи рамни на бесплотните сили. Затоа Господ е чудесен меѓу Своите свети, секогаш прославувајќи ги оние што Го прославуваат Него, и ги удостојува со неискажливи чудеса.

Јас, пак, сакам да раскажам едно од нивните многубројни чудеса, имено, како децата ја слушаат својата благородна мајка.

Кога тие преблажени маченици ги предадоа своите свети души во рацете на Господа, еден од нив уште дишеше и кога мајка му виде дека е уште жив, ја отфрли од себе својата женска немоќ, ја прими на себе машката смелост, го зеде на своите плеќи својот возљубен син и, врвејќи по колите (натоварени со телата на мачениците), му велеше: „Подвизувај се, страдалнику Христов, биди мажествен и нека се крепи твоето срце, и мојата душа нека се весели поради тебе. Не отпаѓај, како што некогаш отпадна Јуда од хорот на апостолите, и како што сега отпадна еден од вас, туку сета своја надеж и својот ум приврзи ги кон Бога, и Он ќе те крепи, зашто, ете, Христос стои пред тебе, брате, за да ја прими твојата душа, и го чека твоето пристигнување“. Додека таа го зборуваше тоа, нејзиниот син, носен од неа, ја предаде својата душа во рацете на Господа. Таа го однесе, го стави при светите и рече: „Почивај, чедо, со оваа света дружина, и спомнувај ме заедно со нив во вашите свети молитви, та и јас да го постигнам вашиот маченички подвиг“. И се врати, со радост славејќи Го Бога.

Ја слушнавте ли, браќа, љубовта и смелоста на Христољубивата мајка, како таа не се исплаши ниту од царот, ниту од мачителот, ни од мечот, ни од огнот, а само од Животодавецот Бога.

Затоа и ние, откако ќе отфрлиме секаков страв од луѓе, да направиме во себе место за стравот Божји. Да се просветлат нашите души и срца! Да бидеме постојано во пост, во чистота и љубов нелицемерна, во кроткост и послушание, воздржувајќи се од секакво зло, и да се украсиме со добри дела како и овие пресветли маченици, славејќи Ја Пресвета Троица, едносуштна во три ипостаси - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.