Браќа,
Секогаш кога се собираме во црква, потребно е со љубов да Му оддаваме почит, поклонување и пофалба на Единствениот Бог, Кој е со три својства, односно Ипостаси, што може да се разбере и како Лица, бидејќи во тие три Лица Божеството е неразделно, со една власт и сила устројува сѐ. Трите Лица имаат една и иста власт, едно царство, едно Господство, една сила и една чест, и едно поклонение оддавано непрестајно од сето создание. Кога велам Бог, Го разбирам Отецот, и Синот, и Светиот Дух, „од Кого и преку Кого е сѐ“. Тие три Лица имаат една единствена суштина. Исповедам дека Бог Отец, Седржителот, е Нероден и Нестворен, Несоздаден, Беспочетен, Бесконечен, Бесмртен и Предвечен. Од Него беспочетно и безвремено и како Единороден Син Божји засветли нашиот Господ Исус Христос, Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден пред сите векови, а не создаден. Како што рече апостолот, Бог преку Него ги создаде и вековите. Он е Неизменлив и е од суштината на Отецот. Бидејќи е Он чист образ и подобие на Отецот, по слава и чест Он е сопрестолен со Отецот, зашто од Него го има Своето раѓање, предвечно и вонвремено, без никаква година и ден, како што Самиот Он рекол: „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“, и „Славата Моја е слава на Мојот Отец“. Зашто преку Него е приведено сѐ од небитие во битие (од непостоење во постоење).
Го величам и Бога Животворниот Дух. „Преку Него“ рече апостолот, „живееме, и се движиме, и постоиме“. Едното Божество не го делиме на три бога, туку Го исповедам единствениот Бог во три совршени Ипостаси, рамночестни и рамнопрестолни, зашто Отецот никогаш не бил без Синот и без Светиот Дух, туку се неразделно Отецот, Синот, роден од Него, и Светиот Дух, Кој исходи (произлегува) од Отецот, Кој оживува и дава дишење на секое создание." Он оживува сѐ преку дување и ги распределува даровите по Своја власт, секому според верата, како што сака," останувајќи секогаш во прегратките на Отецот. Преку Нив Отецот го устрои видливото создание, како што рече пророкот: „Со Словото Господово се утврдија небесата, и со Духот на Неговата уста, сите нивни сили“
Најсовршената сила на несоставната Ипостас на тоа трибеспочетно Божество, Премудроста на Отецот, го создаде невидливиот свет од Своето суштество, откако ги украси бесплотните сили со светлина, и ги направи втори служители на првата Светлина и, почивајќи на нив, постојано е фален од нивните трисвети гласови. Но еден од нив, поставен од Бога за устроител на земниот ред, поради својата горделивост и високоумие, се возгордеа и рече: „Ќе го поставам својот престол врз облаците и ќе бидам сличен на Севишниот“ Поради тоа тој беше лишен од својот чин и од светлината, и стана началник на темнината. Заедно со отпаднатите ангели со него, кои отстапиле од својот Господар, се претворија во зли духови поради својата злоба.
Потоа Бог посака да го створи видливото создание на овој свет, како што сведочи Светото писмо, велејќи: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Но тие беа неоформени и неустроени. И рече Бог: ʻНека биде светлина!ʼ И би светлина. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ“. Со светлината го заврши првиот ден. Во вториот ден го создаде сводот, и го нарече небо. Он ги постави над него најгорните води, откако зеде од собраните води, од кои слегуваат дождовите, небесните окна. И заповеда Бог да се собере водата на едно место и се појави суво. И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече море.
Во третиот, пак, ден Бог заповеда земјата да произведе од себе трева, која дава семе; да произведе и животни според нивниот род, птици и лазачи, кои ползат по земјата. Во четвртиот ден Бог ги создаде небесните светлила - сонцето, месечината и овездите, и им заповеда да светат преку денот и преку ноќта. Во петтиот ден Бог заповеда водите да произведат од себе секаков вид животни, риби, птици и лазачи. А во шестиот ден Бог, откако зеде прав од земјата, го создаде човекот според Својот образ и подобие, и му вдахна во лицето дух на живот, и човекот стана жива душа. И му даде име Адам. И го постави под Себе, како цар на сѐ, и му рече: Тебе нека ти служат светлината и темнината, сонцето и месечината, земјата и морето, ѕверовите и добитокот, лазачите и птиците. Страв и трепет да имаат од тебе сите.
Бог насади рај на исток, го воведе човекот во него и му заповеда: „Јадете од секое дрво, но од ова дрво (на познавањето на доброто и на злото) не јадете, и не допирајте се до него, за да не умрете“.
Кога лукавиот бес виде дека човекот е љубен и почестен од Бога, од завист се потруди со многу лукавства да го измами и да го направи престапник. Тој влезе во змијата и таа, откако се подигна, со лукавство ѝ шепна лош совет на увото на нашата прародителка Ева, која беше по природа незлоблива, и ѝ рече: „Што ви заповедал Бог да јадете, и што да не јадете?“ А таа одговори: „Бог рече: Јадете од секое дрво, а од дрвото што е сред рајот, рече Бог, не јадете и не допирајте се до него, за да не умрете.“ Ѓаволот, пак, одговори и ѝ рече: „Не! Нема да умрете, туку напротив, ако вкусите од него, ќе бидете како Бог, и ќе знаете што е добро и што е зло“ А таа, жената, бидејќи послаба и распалена од желбата, го послуша советот на змијата, пристапи кон дрвото кое дава знаење и, кога го виде неговиот убав изглед, зеде и јадеше од него, па му даде и на својот маж и заедно јадеа. Кога вкусија, тие разбраа веднаш дека се голи, зашто им беше земена благодатната светлина. Тие сфатија дека се голи и почнаа да си плетат појаси од смоквини лисја“.
Бог ги облече во кожени алишта, ги истера од рајот, и на смрт ги осуди. И Бог му рече на Адама: „Бидејќи го послуша гласот на твојата жена, и јадевте од дрвото, од кое ти заповедав да не јадеш, тогаш нека биде проклета земјата поради тебе; со пот на твоето лице да го јадеш твојот леб и со смрт да умреш. И бидејќи си од земја, пак ќе отидеш во таа земја“. Оттогаш нашето тело стана подложно на солзи и се потчини на стареење, на смрт, распаѓање и на страдања, а беше напаѓано и од тага. Нарекувајќи се богови, тие лукави бесови со одвратни лаги создаваа привиденија, или на сон или најаве. И така го отстранија човекот од правиот пат, така што тварите што беа создадени од Бога за да му служат на човекот, тој ги нарече богови: - сонцето и месечината, и ѕвездите, водата и огнот, дури и лазачите што ползеа. И откако се пороби на сето ова, тој ослаби и падна како мртов.
Нашиот Господ Бог, не можејќи да го гледа човечкиот род паднат во толку големо зло, се смилува и му го испрати на помош и заради исцеление Законот, откако го напиша и го даде преку пророкот како лековит дар, и рече: „Не правете си лик подобен на Мене, зашто нема друг бог, освен Мене, ниту на небото, ниту на земјата, ниту во водите“. Јас сум вашиот Господ Бог, Кој создаде сѐ од ништо (од небитие во битие) и Кој дава дишење на сѐ. Затоа славата Моја нема да ја дадам на друг, ниту честа Своја - на идоли. Всушност, ниту со овие зборови, ниту со други поважни, не можеа пророците, ниту законодавецот Мојсеј, или некој друг од патријарсите, да го издигнат човекот кон исцеление, бидејќи тој беше ранет од многу страдања, и лежеше како мртов поради измамата.
Најпосле, Самиот милосрден Човекољубец, Господ, нашиот Бог, не можејќи да го гледа Своето создание да биде покорено на злите бесови и од нив потиснато, веднаш устрои сѐ со своите штедрости за наше спасение. И откако ги преклони небесата, Он слезе како дождот, што беше порано преобразено пред Гедеон преку росата врз руното. Словото влезе во утробата на Непорочната и Пречиста Дева и се зачна, не од тело ниту од крв, туку бессемено и беспочетно. Имајќи порано раѓање на небесата од Отецот, без мајка, заради нас прими и второ раѓање на земјата, неискажливо, бессемено, без татко, од Пречистата Дева. Затоа немој да бараш Негова мајка на небесата, бидејќи е Беспочетен од Отецот, ниту барај Негов татко на земјата, зашто Неговото зачнување е неискажливо. Бидејќи е Слово Божјо по природа, Он прими тело по Своја волја, и се всели во нас и стана истовремено двоен по природа, и Бог и човек. Зашто Бог не се згнаси од човекот кој лежеше во распадливост поради престапот, туку прими на Себе човечко тело како облека, и го обнови со Своето Божество, преку бањата на повторното раѓање, односно со светото Крштение благоволи да ја измие душевната нечистотија. Помазувајќи ги нашите рани со небесното миро, ги повика небесните сили, и рече: „Радувајте се со Мене, зашто ја најдов загубената овца, заблудена поради нарушувањето на заповедта“.
Имајќи таков милосрден Господ и Бог, да побрзаме, браќа, да Му угодиме со добри дела. Зашто Он не се радува на гревовното паѓање, туку се весели на нашето покајание. Затоа, да не ги прикриваме нашите гревови, туку, исповедајќи ги, да примиме од Бога исцеление. Зашто Самиот Он рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните, оти не дојдов да ги повикам праведниците на покајание, туку грешниците“. Какво чудо, браќа! Нѐ повикува Небесниот Лекар, Кој ни приготвил лек - светото Крштение, а преку покајните солзи Он ги мие нашите гревови. Затоа, да не ги криеме нашите болести, односно нашите гревови, и да не умираме со нив. Бог знае сѐ, зашто Божјите очи се десетици илјади пати посветли од сонцето. А како можеш да скриеш нешто од Оној Чијшто Дух и поглед проникнува во тебе? Ако, пак, овде ги криеме гревовите, можеме ли да мислиме дека ќе ги криеме и таму, на Страшниот суд, каде што ќе се откријат нашите дела, и зборови и помисли, и каде што ќе застанеме сите голи пред Бога, богати и сиромаси, робови и слободни, цареви и велможи! И секој ќе прими според своите дела, или Царство (небесно), или осуда. Како што гревовите се различни, така и маките таму ќе бидат различни, како што нѐ учи Светото писмо, говорејќи: На еден начин се мачат блудниците, а на друг начин прељубодејците. А прељубодејци се оние што истовремено се врзани со повеќе бракови и умираат без покајание. И пак, на еден начин ќе бидат мачени крадците, а на друг начин разбојниците и пијаниците. Навистина, таму не ќе може да помогне ни татко на син, ниту брат на брат, ниту слуга на господар.
Но ако се покаеме овде, или ако им даваме милостина на бедните, или примиме странец во својот дом, тогаш весели ќе застанеме од десната страна на престолот Божји и ќе созерцаваме неискажливи радости, што сме ги придобиле овде со покајание и милостина. Покајанието е светилник на душата. Него Бог ни го дал за лекување на душевните болести. Преку него Христос му го отвори рајот на разбојникот кој изговори само малку зборови: „Сети се на мене, Господи, во царството Твое“. Блудниот син беше примен преку покајание, оти тој повика кон Бога: „Отче, згрешив против небото и пред Тебе, и не сум достоен да се наречам Твој син, бидејќи ги прекршив Твоите заповеди, но прими ме како еден од Твоите наемници!“ Преку покајание блудницата се просветли, за да ги измие нозете Исусови и да ги избрише со својата коса. Преку покајание беше примен митарот кој, стоејќи во храмот, не смееше ни да ги подигне очите кон небото, туку се удираше во гради и велеше: „Боже, прости ми ги гревовите!“
Со такви зборови сме должни да викаме и ние, браќа, да викаме кон Бога непрестајно, со солзи измивајќи ги своите гревови, со пост очистувајќи ги душата и телата, со пост и молитва запалувајќи ги свеќите на душата, како што рекол Господ: „Нека ви биде крстот препашан и светилниците запалени“, односно добрите дела. На тој начин ќе бидете слични на добрите слуги кои го чекаат својот господар до полноќ, не заспивајќи ни до пропејувањето на петлите, кога тој ќе се врати од свадбата. „Блажени се, вели Господ, оние слуги чијшто господар, кога ќе дојде, ќе ги најде како ги исполнуваат неговите заповеди!“ Ако, пак, лошиот слуга рече во своето срце: „Мојот господар нема скоро да дојде, и почне да пие и да се опива, неговиот господар ќе дојде во оној ден кога тој не го очекува, и во часот што тој не го знае и ако го најде неподготвен, веднаш ќе го земе и ќе го расече и ќе му даде еднаква награда со лицемерите. Таму ќе биде, вели Господ, плач и крцкање со заби“.
И сега има мнозина помрачени од лакомство, кои не се воздржуваат од ништо, но велат: „Бог е милостив и ќе ми прости. Штом ми дал толку богатство, зошто да не го јадам и пијам?“ Но на таквите ќе им речеме: „Бог ти дал за да Му оддаваш благодарност и да го употребиш богатството добро, а не да живееш скотски преку него, во пијанство и непристојни дела, туку со него да нахраниш гладни, жедни, голи, странци, сираци. Богатството ти е дадено заради нив, а не си го здобил сам и за себе. Затоа дај го она што е на Бога, за да имаш полза, бидејќи Господ рекол: Тоа што им го правите ним, Мене Ми го правите“. И навистина, тоа што им го даваме ним е како сокровиште на небото, каде што ни црви, ниту молци го јадат, ниту крадци го крадат, но таму ќе го најдеме двојно, нетлено и запазено за вечноста. Речено е: „Немој да бидеш сличен на неверниците, кои велат: Зошто некој, кој постапува лошо, е богат и добро живее?“ Оти секој ќе пожнее тоа што посеал. Секако, Бог го очекува обраќањето и покајанието на оној што овде живее безбожно и ако умре без покајание, таму ќе прими вечна мака според своите дела. Но ти насочи ги своите нозе по прави патишта, за да можеш да ги избегнеш сите зла.
Затоа, послушај што ти напиша Бог во Законот и ти заповеда да го правиш и да го пазиш. Он ти вели: „Не убивај, не кради, не прави прељуба, не сведочи лажно, почитувај ги својот татко и мајка, возљуби го својот ближен како самиот себе“. А твој ближен е секој правоверен христијанин, или секој оној што има иста природа. Како што рече Господ: „Секому што бара од тебе, дај му, и оној што сака да му дадеш на заем, не одвраќај го, туку бидете милостиви како што е милостив и вашиот Отец небесен“.
Браќа, што има толку тешко во овие заповеди, што не можеме да го извршиме? Он не бара од нас ништо, туку вели: „Како што сакате да ви прават луѓето вам, така и вие правете им ним“. Како што никому од нас не му е пријатна неправдата, што и да се случи, ниту кражбата, тогаш не правете им го тоа и на другите. Господ вели: „Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“, односно секому според неговите дела. Затоа, браќа, да се натпреваруваме еден со друг кон чистота и кон духовно постење, та нашите добри дела, при мерењето, да натежнат над нашата злоба. А злобата, макар и да е мала, таа има голема тежина во себе. Поради тоа ти извршуваш двојно добро, кога правиш нешто заради Бога: или пост, или милостина, или коленоприклонение, или смирение, или молитва. „А кога се молите, вели Господ, не говорете излишно како незнабошците“. А излишно говорење е да бараш од Бога или власт, или висока положба, или победа над непријателите, или пропадливо богатство. Зашто сите овие работи ги бараат и неверниците. „Но барајте го најнапред царството Божјо, вели Господ, и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде, зашто вашиот Отец небесен знае дека имате потреба за сѐ ова“.
Откако слушнавме дека Бог е наречен Отец небесен, да се потрудиме со покајание и со солзи да го правиме она што Му е угодно Нему, зашто преку тоа некогаш блудниот син прими прошка. Преку пост, смирение и чистота се очистуваат гревовите, зашто преку нив душата и телото се вознесуваат на небесата; со кроткост и со љубов нелицемерна, оти преку нив се покриваат мноштво наши гревови. Таквите Божјата уста ги ублажува, говорејќи: „Блажени се смирените по дух, зашто нивно е Царството небесно! Блажени се кротките, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“
Откако слушнавме за овие добродетели што ги изрече Божјата уста, и оние што ги практикуваат ги нарече синови Божји, да се потрудиме и ние, браќа, да се уподобиме на нивните дела, а не да отпаднеме од тоа синовство. Бог никаде не ги именува блажени оние што остануваат во пијанство и во секакво зло, туку ги именува синови на огнената геена. Оти Бог вели дека нивниот црв не умира и огнот не изгаснува. „И оние што правеле добро“, рече Господ, „ќе отидат во вечен живот, а оние што правеле зло - во вечен оган“. Та за каква полза ќе ни биде, браќа, привремената наслада од овој живот, кога таа исчезнува како дим и минува како сенка, и како вода брзо истекува? Умирајќи, својот имот не можеме да го однесеме со себе. Ако не го раздадеме на Христовите браќа, односно на бедните, тогаш поради него ќе ги земеме гревовите и со себе ќе ги однесеме горе, а нашиот имот ќе остане на други. Тој (имотот) ќе го обвинува човекот што го стекнал на лош начин, велејќи: „Овој човек ме собра преку кражба, преку своите лаги, со клевети, со грабежи“. Ете, тој си отиде сам и само со своите гревови, а овде остана сѐ што беше собрал. Таткото не може да му помогне на синот кој умира, ниту брат на брат, ниту мајка на ќерка. Децата остануваат, другарите и пријателите остануваат, а само делата не остануваат, туку ја земаат душата и ја водат кон подготвеното место каде што ќе престојува, очекувајќи го вечното воскресение, кога ќе дојде Синот Божји во славата на Своето Божество, за да им суди на живите и мртвите. Живите, пак, се праведниците. Нивните души се во рацете Божји, маката нив нема да ги допре. А под мртви се подразбираат грешинците, кои се удавија во сладостите на овој живот, и самите се осудија на мака. Затоа ќе дојде Господ од небото, за да им даде и на едните и на другите според нивните дела.
Навистина, Он ќе дојде како страшна молња, со неискажлива слава, придружен од бесплотните ангели. И веднаш од страв небото ќе се затресе, земјата ќе се расклати, ѕвездите ќе паднат, водените извори ќе пресушат, сонцето ќе се помрачи, месечината во крв ќе се претвори, небесата ќе се свиткаат како свиток, ангелите ќе врват напред викајќи со страшен глас и будејќи ги оние што спијат со векови, праведните и неправедните. И веднаш земјата ќе го подигне секое мртво тело, како што го примила. И пак секоја душа, грозно треперејќи, ќе влезе во своето тело. Никој нема да го види своето поранешно богатство, ниту своите слуги да стојат пред него, туку ќе се видат само делата како висат на вратовите како тешко бреме. Горчлив лелек ќе се слуша од секого, зашто секој ќе вика со висок глас: „О, тешко мене, бедниот! Како ме измами оној суетен свет, каде што, насладувајќи се со ништожното богатство и со лошите похоти, се лишив од вечната слава! Ете, сега стојам виновен пред престолот и пред огнената мака. Слушав за ова од Светите книги, катадневно читани, но не верував. Бедниот јас, се смеев и си велев: Јас ли ќе бидам подобар од сите луѓе! Но јас да си се насладувам со похотите од овој век. Сега оние испосници и гостопримливи луѓе стојат од десната страна на Бога, украсени со неискажливи венци како синови Божји. А јас, бедниот, стојам овде осуден на тешка мака, зашто не помислував дека ќе бидат откриени моите дела, што сега се гледаат на мојот врат“.
Додека грешниците ги говорат сите овие работи и други нешта, ангелот ќе ги оддели едни од други, според нивните дела, како што пастирот ги одделува овците од козите. И ќе им рече Царот на оние од Неговата десна страна: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас, зашто вие заради Мене го придобивте сиот ваш живот, гладувајќи и жеднеејќи, поднесувајќи голотија, веселејќи се во песни, во постови и во милостини. Затоа сега насладете се во Царството небесно, оти гладен бев - и Ме нахранивте, жеден бев - и Ме напоивте, туѓинец бев - и Ме примивте, необлечен бев - и Ме облековте“. Тогаш праведните ќе Му одговорат, велејќи: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или необлечен, и Ти послуживме?“ Царот одговори и им рече: „Бидејќи тоа им го направивте на Моите бедни, Мене Ми го направивте“.
Тогаш Он ќе им рече на оние од левата страна: „Идете од Мене, проклети, идете од Мене, немилостиви, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите слуги, бидејќи вие го правевте она што му е угодно нему: времето го минавте во смеа, во пијанство и без покајание. Примете го она што си го приготвивте по ваша волја!“
Слушајќи, браќа, колку страшни и грозни маки нѐ очекуваат, да се разбудиме барем отсега и да се воздржиме од злото, каејќи се и исповедајќи ги веќе направените гревови, а не да додаваме и други, зашто вие слушнавте што ќе примат безбожниците и грешниците, кои нема да се покајат овде. Зар срамејќи се од човек, брате, ги криеш своите гревови, и со него сакаш да одиш во смрт, а по смртта - во вечна мака, а не се срамиш и не се боиш од Бога, и одиш против Законот? Бог ги држи на дланка твоите зборови и помисли и ќе те изобличи пред безбројни ангели и луѓе, и ќе те предаде на вечна мака, според твоите дела.
Но откако ќе ги отфрлиме овие безбожнички нарави на ѓаволот, кому тие му припаѓаат, бргу да се насочиме кон милоста Божја, чистејќи се катадневно со милостина и со пост, и со добри дела палејќи ги своите светилници, да бидеме постојано во очекување, за да го чуеме тој свет глас, кој говори: „Ете, Младоженецот доаѓа, излезете да Го пресретнете!“ Него да Го прославиме заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
Белешка:
Покрај опширната редакција на ова слово, постои еден препис и од скратена редакција, која се наоѓа во ист ракопис со опширната (редакција) од 15 век - Михајловски ракопис бр. 490. Скратената редакција е од особен интерес поради тоа што нејзиниот редактор на крајот од словото додава и нешто свое, односно дава оценка за свети Климент како книжевник и учител:
„Како што опитен песнотворец устројува златни гусли и со милозвучно свирење собира многу народ, така и тој (св. Климент), не со хармонично свирење, туку со звучноста на своите зборови и на своето големо дело, ни принесува полза, Христос посакува такви учители, (бидејќи Он вели: Оној што ќе исполни и поучи, голем ќе се нарече во царството Божјо). Така голем во Царството е и овој (св. Климент). По неговите молитви, и по молитвите на сите свети, и ние да се удостоиме за Царството небесно, по благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава, чест и власт со Светиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин“.