Браќа,
Вие Го слушнавте Самиот Господ, Кој во Евангелието им ги кажува зборовите на животот на Своите ученици. Откако ги слушнавте, запишете ги духовно во вашите срца. Да бидеме таа Црква, за која Господ му рече на Петар: „Ти си Петар, што значи тврд камен (на верата), врз кого Христос ја изгради духовната Црква, што не ќе можат да ја победат ни вратите на смртта. Кој може да ѝ се спротивстави на Црквата, кога Самит Создател ги положил нејзините темели и нејзините ѕидови ги оградил со верата? Оти секој што ќе дојде во црквата со вера пред Господа Бога, ќе се спаси. И ние, браќа, да доаѓаме во неа, зашто овде ќе примиме прошка на сите гревови, тука ќе добиеме исцеление од страдањата, и овде ќе се насладиме со духовна радост и веселба, бидејќи на овој врховен апостол Петар, Господ Бог му даде власт, кога му рече: Еве, Јас ти ги давам клучевите од Царството небесно, и сѐ што ќе сврзеш на земјата, ќе биде врзано и на небесата; а сѐ што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“.
Браќа, да паднеме сега пред Него и да измолиме прошка со вера и со чиста и неизмерна љубов, откако ќе се украсиме со добри дела, ќе се очистиме со милостина и со пост, и ќе пројавиме милосрдие кон бедните, та и ние самите да примиме милост од Бога, примајќи странци, хранејќи гладни, напојувајќи жедни, облекувајќи необлечени, зашто преку нив се отвора Царството небесно и се проштаваат гревовите. Затоа не треба да ги презираме, оти заради нив ни е даден имотот, та и нив да ги нахраниме и да ги примиме во својот дом. Господ вели: „Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“
Затоа, браќа, добро е животот во овој свет да го завршиме непорочно, а не грешно, за да не примиме вечна мака; зашто нашиот Господ Исус Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите, и секому ќе даде според неговите дела.