Сега светлозарното сонце го озарува со светлина небесниот свод при искачувањето на огнените коњи. Сега целата вселена, озарена со светлозарни зраци, радосно торжествува, празнувајќи го пресветлиот спомен на огненосниот пророк Илија, зашто овој чудесен Илија ја просветли целата вселена како сонце со извонредни чудеса и знаци, и ревносно ги изгоре противниците и непокорните на Вистината.

Кога Илија сакаше да се роди, неговиот татко, по име Агав, на сон виде како дојдоа мажи во бела облека и го повиваа Илија со оган и му даваа да јаде огнен пламен. За ова неговиот татко ги извести свештениците, а тие му рекоа: „Не плаши се од тоа, зашто негово живеалиште ќе биде светлината и неговиот збор ќе биде изјава на суд, а животот ќе Му биде угоден на Севишниот Бог, и тој ќе им суди на Израилците со меч и оган, а од ревност кон Вистината, со оган ќе ги уништи противниците“.

Во деновите на Илија се зацари безбожниот цар, по име Ахав. Бидејќи тој не ги слушаше зборовите на пророкот, Илија упати молитва кон Севишниот Бог, и Он го заклучи небото и не заврна дожд на земјата три години и шест месеци. Илија стана и отиде во пустината и се криеше крај потокот Хорат. Секој ден примаше храна од небото преку врани. Од големата суша секна водата и во тој поток, и настана глад во таа земја.

Откако прими заповед од Бога, пророкот стана и отиде во Сарепта Сидонска. Таму Илија виде една вдовица која собираше дрва, и ѝ рече: „Иди, и приготви ми мала пита од брашното што го имаш, за да јадеме од неа, јас, ти и твоите деца“. А жената му рече на Илија: „Жив е Бог! Жива да биде душата твоја! Во домот одвај да имам повеќе од три грсти брашно. И еве, ги собирам овие дрвца, за да испечам леб. Ќе го изедам со моите деца и ќе умрам“. Илија повторно ѝ рече: „Направи според моите зборови, како што ти реков, и не грижи се за тоа“.

И живееше Илија во нејзиниот дом. Жената направи како што ѝ рече Илија, и од тој час не се потроши брашното во ноќвите, ниту маслиновото масло во грнето, а и чудесата на пророкот се множеа. Но тогаш умре синот на вдовицата при којашто живееше Илија. А таа, плачејќи му рече на пророкот: „Зошто влезе во мојот дом? Да ме потсетиш на моите гревови и да го усмртиш мојот син?“ Таа и не помислуваше на Божјата благодат што ќе се пројави преку него. Илија, пак, влезе во собата каде што лежеше умреното дете и откако Му се помоли на Севишниот, се наведна трипати над детето и дувна во неговото лице, и неговата душа се врати во него. Илија веднаш го фати за раката, го крена и го даде на мајка си.

Во третата година по убивањето на Ахав, неговиот син Охозија стана цар на местото на таткото. Тој испрати при Илија педесет мажи, предводени од педесетник, убедувајќи го да дојде при него, и рече: „Пророку Божји, дојди при мене!“ А Илија рече: „Ако сум јас пророк Божји, нека падне оган од небото и нека ве изгори сите!“ Така и се случи: падна оган од небото и ги изгоре сите. Царот пак испрати друг стотник со сто војници. Пророкот го направи истото и со него. Царот испрати и трет пратеник. Бидејќи тој падна пред пророкот и го молеше, не му направи зло, туку стана и отиде со него при царот.

Во третата година Илија го посоветува царот да го собере народот на гората Кармил заедно со сите Ваалови жреци и лажни пророци. Тие беа до триста. Кога се искачи на гората Кармил, Илија нареди да донесат два јунца. Тој ги повика (Вааловите пророци) и им рече: „Да се помолиме - секој на својот Бог. Чија жртва ќе ја изгори огнот што ќе слезе од небото, неговиот Бог да Го послушаме сите и Неговите заповеди да ги пазиме. А чија жртва ќе остане неизгорена од небесниот оган, тој нека умре денес“.

Тој им рече уште на лажните пророци: „Принесете им најнапред жртва на вашите богови, за да се познае нивната сила, и вашата служба да стане јавна“. Бесовските жреци доведоа еден јунец, го заклаа и го положија на жртвената клада без оган, и ги повикуваа своите лажни богови, викајќи и скокајќи околу кладата. И бидејќи не се случи ништо до пладне, Илија почна да им се потсмева и рече: „Викајте посилно; можеби вашите богови заспале“. И бидејќи тие не направија ништо, Илија им нареди да отстапат, и им рече на луѓето: „Фатете ги сите до еден“. Тој ископа место крај морето, и таму изгради жртвеник, накладе дрва врз него, го приведе телето и го закла, го расече, го пложи врз дрвата и рече: „Излејте вода врз него“; и тие излеаја вода. И пак рече: „Повторете!“ И тие повторија. Потоа рече: „Направете го тоа и по третпат!“ И тие потретија, додека водата не го покри месото. Илија погледна кон небото и рече: „Послушај ме, Господи Боже мој, Седржителу, послушај ме! Денес преку огнот да разберат сите луѓе дека си Ти единствениот Господ Бог Седржител, и дека сум јас Твој слуга. Послушај ме, Господи Боже, послушај ме денес преку огнот!“ Кога го кажа тоа и по третпат, падна оган од небото и ја изгоре жртвата и дрвата, и ја проголта водата. Илија Го прослави Господа Бога Седржителот и нареди да ги свртат на грб тие жреци. Откако зеде нож, тој застануваше на грлото на секого од нив и ги закла сите, кои беа на број триста, и рече: „Пламнав од ревност за Господа Бога Седржителот“.

Потоа Илија се искачи на планината и Му се помоли на Господ Бог да испрати дожд за народот. И веднаш Бог ги отвори небесните окна и ја напои земјата, и таа произведе растенија и секаков плод. Илија го благослови народот и слезе од планината. Тој го зеде со себе Елисеј, Саватовиот син, и го помажа за пророчко служење. Кога двајцата одеа и се готвеа да ја преминат реката Јордан, Илија го симна кожувот (наметката) што го носеше, го свитка, ја удри водата со него и таа се раздели ваму и таму, и минаа и двајцата по суво.

Илија насети дека ќе биде земен и дигнат од земјата, и му рече на Елисеј: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам пред да бидам земен од тебе“. А Елисеј му рече: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене. Друго ништо не барам од тебе“. И му рече Илија на Елисеј: „Бараш нешто многу тешко. Ако видиш како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде“. Така и се случи.

И додека тие одеа, се појави огнена кола и огнени коњи и ги раздвои еден од друг, а Илија беше однесен од виорот кон небото. Елисеј, пак, остана и почна да вика, говорејќи: „Отче, отче, кола на Израилот и негова коњица“. Илија му го фрли својот кожув на Елисеј, и влезе во него двоен дух, според зборовите на Илија. Елисеј повеќе не го виде. Тој ги фати своите алишта, ги раздра на две, го подигна кожувот на Илија, што беше паднал врз него, се врати и застана крај брегот на Јордан. Елисеј го крена кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, но таа не се раздели. Тогаш викна: „Каде е Бог Илиев - Аввах?“ И удри втор пат, и таа се раздели на две, и Елисеј помина по суво.

Пишано е дека Илија пак ќе дојде во последните дни, и ќе проповеда меѓу јазичниците (незнабошците) и среде поколенијата на синовите Израилеви, викајќи кон луѓето и говорејќи: „Никој од вас, браќа, да не му верува на противникот Божји - антихрист, зашто наскоро ќе биде уништена неговата измама. Ете, Господ доаѓа од небото во славата на Своето Божество, за да им суди на живите и мртвите, и да даде секому според неговите дела“. Бесрамната змија, ѓаволот, не ќе може да ги поднесе изобличувањата на пророкот и ќе го убие, и нема да дозволи да го погребаат неговото тело. И откако неговото тело ќе остане три и пол дена, како што сведочи за него евангелистот Јован во своето видение, духот од Бога пак ќе влезе во Илија и тој ќе се исправи пред сите луѓе. Голем страв ќе ги обземе сите оние што стојат пред него и го гледаат неговото чудно воскресение.

Со таква благодат Христос го прослави него над секоја човечка сила. Со такви чудеса го вооружи Христос - Севишната Премудрост.   Со такви похвали го украси десницата на Седржителот, бидејќи тој уште од младоста беше чудесен со дела, и со страшни претскажувања, со неискажлива сила и со голема власт. Тој стана сличен на серафим и херувим; со чудесата сјае како сонце, и со похвали ги овенчува благочестивите луѓе, носејќи го на себе венецот на славата Господова, и со божествен оган ги гори противниците. Илија засветли меѓу пророците како сонцето меѓу ѕвездите и со светлозарните зраци ја озари целата вселена. Со благодатта тој помазуваше прорци и цареви, и прогонуваше бесови, ги искорна и ги уништи сите идолски жртвеници, заедно со нивните служители. Навистина, тој беше доброплодна маслина која разлева духовна сладост. Со својот збор тој ги затвораше небесата и со духовна молитва пак пушташе дожд и ја напојуваше земјата. Луѓето ги заштитуваше од гневот Божји со чиста молитва.

Илија, огненосен и втор претеча на Христовото пришествие!

Илија, светлозарна Деница!

Илија, пречист сад во кој Бог живее!

Илија, од Бога засадена лоза, која со благ мирис ја напојува целата вселена!

Илија, светлозарно сонце!

Илија, дождоносен облак!

Илија, високолетечки орел!

Илија, златозарен зрак!

Илија, проповедник на вистината за Христовото пришествие!

Илија, голем разрушител на сатанската измама!

Илија, огновдахновен јазик што пламти од јарост против непријателите на вистината!

Илија, топол застапник за ожалостените!

Илија, тврд камен на верата!

Илија, добар водач на сите кон вечниот живот!

Ние те молиме, воведи нѐ во вечниот живот и нас, кои го почитуваме твојот пресвет празник, за слава и чест на Пресветата и Пребожествена Троица - Отецот и Синот и Сетиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.