Да знаете, браќа, дека денес е претпразненство на Преображение на нашиот Господ Исус Христос. Да се соберете во храмот на Вечерна и на Утрена и на Литургија, оддавајќи ѝ почит на светата Црква со темјан и со свеќи, очистувајќи се со милостина, зашто во тој ден Господ ја откри светлината на Своето Божество, на учениците им ја покажа Божествената слава, подготвувајќи ги со тоа да сведочат во денот на Неговото воскресение. Со тоа чудо беше јавено за Него од Бога Отецот, Кој рече: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го! Тоа се случи за да поверуваат учениците во Христовото воскресение, како што и стана.

Во тој ден Христос ја покажа Божјата сила и слава, чест и власт.

Во тој ден беше благовестена радост.

Кога веќе го дочекавме овој ден, браќа, да го отпразнуваме со божествени пофални песни, откако ќе се украсиме со чистота, наситувајќи се со духовна храна. Хранејќи се со неа, душата не умира. Ако не ги послушате зборовите на Светите книги, и ако не ја исполнувате Божјата волја, вие ќе бидете осудени на вечна мака. Ако, пак, ја исполните Божјата волја, ќе бидете наследници на вечниот живот. Отфрлете ги од себе зависта и гневот, и така угодете Му на Христа Бога, очекувајќи ја блажената надеж, и да се насладите на Христовото царство. За да нѐ повика во него, при нас слезе Синот Божји, нашиот беспочетен Бог, Кој е еден од Троица, славен од целото создание, Кому се поклонуваме како на едно Божество, заедно со Отецот и со Светиот Дух. Амин.

---

Послушајте, браќа, да ви раскажам што се случило во овој чесен ден.

Во овој ден нашиот Господ Исус Христос им ја откри на Своите ученици славата на Своето Божество, и им ја покажа власта што Он ја има над живите и мртвите, зашто, и покрај многуте чудеса извршени од Него, каменосрдечниот народ еврејски не веруваше во Него, туку велеше: „Ако Овој беше Бог или Син Божји, Тој не би го рушел или поткопувал законот Мојсеев, што бевме го примиле од Бога. Но Тој е противник на Законот“. Гледајќи ги, пак, Неговите чудеса, едни велеа дека Тој е Илија, а други - дека е Мојсеј или некој од древните пророци. Поради тоа Неговите ученици се бунеа во своите умови. Бидејќи тие знаеја дека Илија се вознел на небото, сепак не знаеја дали тој пак не слегол, и не се облекол во некој друг облик. Знаеја и дека Мојсеј починал одамна.

Бидејќи меѓу нив имаше такво неверие и расправии, беше потребно Господ да им ја покаже на Своите ученици славата на Своето Божество, за да не се вознемируваат. Заради тоа со Себе ги зеде Петар, Јаков и Јован и ги изведе на Гората Тавор, и им откри дека Он е Синот Божји, за да не се бунат и да не мислат напразно.

А кога Исус се искачи на Гората, Неговото лице засветли како сонце, а облеката му беше бела како снег. И веднаш им се јавија Мојсеј и Илија, кои говореа со Христа. Едниот (односно Илија) ги навестуваше страдањата што Исус ќе ги претрпи заради нас, а другиот (Мојсеј) зборуваше за Законот што Самиот Господ им го дал пред воплотувањето, што го напишал со Својот прст. Но Евреите не го пазеа (Законот), туку сакаа да Го убијат и Самиот Законодавец.

И учениците ја видоа Неговата Божја слава и паднаа ничкум, не можејќи да ја гледаат светлината на Неговото лице. И се слушна глас од небото, кој говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го!“

Откако и ние го слушнавме овој глас, браќа, да не бидеме мрзливи, туку да ги пазиме Неговите заповеди. Господ рече: „Ова ви го заповедам: да се љубите еден со друг, како што и Јас ве возљубив вас, и заради вас се воплотив. Бев гладен и жеден и гол, жеднеејќи за вашето спасение. Поради храната, што ќе биде дадена од вас, Јас ќе ве наситам со вечна, небесна храна. А наместо обичната облека, што ќе му ја дадете на бедниот, јас ќе ве облечам во нераспадлива облека“.

Откако го слушнавте ова, браќа, не правете ги вашите срца нечувствителни кон бедните, зашто не им даваме ним, туку на Самиот Христос - нашиот Бог. Очекувајќи милост од Него, да побрзаме да се покаеме, оти не знаеме кога ќе дојде смртниот час. И ако Он нѐ најде во зло и непокајани, тогаш зошто ќе бидеме очистени од гревот? По смртта не ќе можеме ниту да се каеме, ниту да му помогнеме на бедниот, ниту да ги пазиме заповедите.

Поради тоа, да побрзаме и да бидеме подготвени, пред смртниот час да најдеме чест и милост, та и нам да ни каже Господ: „Добар и верен слуго, во малку си ми бил верен, над мнозина ќе те поставам; влези во радоста на Својот Господар“, преку Исуса Христа, нашиот Господ, Кому нека е слава и власт заедно со Отецот и со Пресветиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.