ПОХВАЛНО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ БЕСРЕБРЕНИЦИ КОЗМА И ДАМЈАН
Патувајќи во круг, сончевиот поток од зраци го озарува целиот свет со светлина. А земните и чудотворни гранки, откако никнаа заради исцеление на болните, со убавина ги овенчаа златозарните лекарски светила. Зашто мудроста, откако зачна духовно, со благодат ги пови овие бесплатни зраци, односно преблажените Козма и Дамјан, и со скапоцен венец ги украси нивните пречесни глави, и ги препаша со евангелското слово, како што рече Господ: „Болни лекувајте, мртви воскреснувајте, лепрозни очистувајте, бесови изгонувајте, бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ И како што никој не може да ги изброи ѕвездите на небесниот свод, така и никој не ќе може да ги изброи нивните чудеса меѓу луѓето на земјата; зашто духовната сила на Божјиот дар, која наполни целебни потоци, од нив двајцата излеа живот за нас.
По надворешен изглед тие беа како ангели Божји, украсени со љубов и со вера. А со чистиот живот тие стоеја повисоко од човечката природа. Пречесната Теодота ги роди и ги воспита, и ги даде да се поучуваат во Господа, и да се учат на секоја вештина. Нивната, пак, ревноста за Бога ги поттикна на секое добро дело. И потече во нив дарот на исцеленија, украсувајќи ги со чудеса како со ѕвезди. Секоја болест и страдање бегаше дури само при нивната посета. Не само човечките болести, туку и болните врски кај животните беа разврзувани и, по нивна заповед, прогонувани.
Затоа, почитувајќи го нивниот пресветол празник, со пофалба да извикаме, велејќи:
Радувај се, Козмо, прогонителу на бесовите!
Радувај се, пресветол Дамјане, ослободителу од сите страдања!
Радувај се, златозарен Козмо, брз посетителу на болните!
Радувај се, светлозарен Дамјане, топол помошнику на земните жители!
Радувај се, пресветло светило Козмо, кое свети со лековити зраци!
Радувај се, Дамјане, пресветло сонце, кое со божествени зраци го озарува целиот свет!
Радувај се, Козмо, богозарен заштитнику на ожалостените!
Радувај се, Дамјане, извору кој истекуваш од Бога и постојано бликаш со благодат, и никогаш не пресушуваш!
Радувајте се, пречесни браќа, еднородни, едносуштни и едномислени, од Светиот Дух усовршувани, хранети со духовна храна и напоени со благ мирис. Вие сте како доброплодни маслинови дрвја, посадени крај изворите на животворните води. Вие сте лози многуплодни, кои го исполнивте целиот свет со чудеса, кои ги напоивте немоќните со лекарства, болните ги осенивте со милоста, слабите ги издигнавте со благодатта, верните ги заштитувате од секаква беда, помрачените ги просветлувате со исцеленија, во светот сјаете со чудеса како незаодни сонца, секогаш ја испреварувате смртта со исцеленија.
И сега, стоејќи пред Христа во неискажлива светлина, просветлете ја со милост и молитва мојата помраченост. Прогонете ги страдањата, ослободете нѐ од болестите, простете ни ги гревовите, изгонете ги жалостите, запазете го светот, просејќи од Христа победа за правоверниот во Бога самовластен цар (народ) наш. Украсете го со венец преку вашите молитви, препашувајќи го со сила, вооружувајќи го со вера, заштитувајќи го со благодат, молејќи ја постојано за нас Пресвета Троица, Која сјае во три Ипостаси, во едно Божество - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
---
(втора верзија)
Да Го пофалиме, браќа, добриот Бог и сите Негови угодници, кои ги запазија сите Негови заповеди, и поради тоа Господ Бог ги прослави нив, не само за време на земниот живот, туку и по смртта, преку чудеса давајќи им на слепите прогледување, на куците проодување, и лекувајќи ги сите наши болести, душевни и телесни. Такви беа и овие двајца бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан.
Зашто тие беа свети и на изглед како ангели Божји, украсени со љубов и со вера во Бога. Со светоста на животот стоеја повисоко од човечката природа. Нив ги роди пречесната Теодотија, ги воспита и ги даде да се поучуваат во Господа, и да се учат на секоја вештина. Ревноста, пак, кон Господа ги поттикна на секое добро дело, и потече во нив дарот за лекување, украсени со чудеса како со ѕвезди. Со нивната посета бегаше секаква болест и страдања. Не само луѓето се ослободуваа од своите маки, туку и животните се избавуваа од своите болести. По нивна заповед беа прогонувани и бесовите.
Затоа, чествувајќи го нивниот пресветол празник, со пофалба да извикаме гласно, говорејќи вака:
Радувај се, Козмо, прогонителу на бесовите!
Радувај се, пресветол Дамјане, ослободителу од сите страдања!
Радувај се, златозарен Козмо, брз посетителу на болните!
Радувај се, светлозарен Дамјане, топол помошнику на болните!
Радувај се, пресветло светило Козмо, кое свети со лековити зраци!
Радувај се, Дамјане, пресветло сонце, кое со исцеленија го озарува целиот свет!
Радувај се, Козмо, богозрачен заштитнику на ожалостените!
Радувај се, Дамјане, извору кој истекуваш од Бога и постојано бликаш со благодат, и никогаш не пресушуваш!
Радувајте се, пречесни браќа, еднородни, едносуштни и едномислени, од Светиот Дух усовршувани, хранети со небесна храна и напоени со благ мирис. Вие сте како доброплодни маслинови дрвја, посадени крај изворите на животворните води. Вие сте лози многуплодни, кои го исполнивте целиот свет со чудеса, кои ги напоивте немоќните со лекарства, болните ги осенивте со милоста, слабите ги издигнавте со благодатта, верните ги заштитувате од секаква беда, помрачените ги просветлувате со исцеленија, во светот сјаете со чудеса како незаодни сонца, секогаш ја испреварувате смртта со исцеленија. И сега, стоејќи пред Христа во неискажлива светлина, просветлете го светот со милост, ослободувајќи ја од гревовите и мојата помраченост. Прогонете ги страдањата, ослободете нѐ од болестите, запазете го светот, просејќи од Христа победа за правоверниот во Бога самовластен цар (народ) наш. Украсете го со венец преку вашите молитви, препашувајќи го со сила, вооружувајќи го со вера, заштитувајќи го со благодат, молејќи ја постојано за нас Пресвета Троица, Која сјае во три Ипостаси, во едно Божество - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.