(Ова слово се чита и за Раѓање на свети Јован Претеча)
Бидејќи Преблагиот и Човекољубив Бог не го презре човечкиот род, паднат во големо безредие, го помилува и му вети на Авраам потомок од древните, велејќи: „Твоето потомство ќе го умножам како звездите небесни, како морскиот песок, и преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на земјата“. Така говори и (патријархот) Јаков - кога ги благословуваше своите синови, тој му рече на Јуда: „Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сѐ дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Кој е очекувањето“. Јудејскиот народ се наплоди и се намножи, се разбесне и падна во многу прегрешенија. И кога Го разгневи Бога поради своите престапи, беше предаван во ропство многу пати: еднаш на Асирците, другпат на Вавилонците, или на Египќаните. А пред големото и последно запленување од Римјаните, тие беа заробени и од елинскиот цар Антиох, поради нивното очекување на Христа (Месијата). Поради сите овие неволи, кај нив повеќе не останаа кнезови, војводи и цареви. Затоа во оние денови им беше поставен цар, по име Ирод, како што вели евангелистот Лука: „Во деновите на Ирод, царот јудејски, имаше еден свештеник по име Захариј“. Поради тоа народот негодуваше и тагуваше, бидејќи не го сакаше владеењето на незнабошците.
Кога ќе дојдеше прзничен ден, Јудеите се очистуваа со пост и сите луѓе, заедно со свештеникот, Му се молеа на Бога прилежно, барајќи да се исполни ветувањето што им било дадено на нивните прадедовци и татковци. А нивните празници, определени од Бога како свети и како вечен закон за нивното потомство, се следниве: еден од нив е празникот во четиринаесеттиот ден од првиот месец, кога Евреите излегоа од Египет. И потоа, кога ќе поминат седум седмици - четириесет и девет дни, на другиот ден е празникот през летните денови, наречен Педесетница. Друг празник има во четвртиот месец, кога е почетокот на првиот лебен принос. Мислам дека тоа се извршува по летното сончево свртување (22 јуни), кога се родил Крстителот. Потоа, во десеттиот ден од седмиот месец е празникот Очистување, не според сончевото броење, туку според месечевото. А за овие празници, пророкот Захариј рекол: „Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во деветтиот месец, за домот Јудин ќе бидат радост, веселие и светли празници“,според Божјата заповед, дадена на Мојсеј. Зашто Господ му рече на Мојсеј, велејќи: „Во десеттиот ден од седмиот месец е денот на очистувањето и нека ви биде свет, и да се очистите пред Господа, вашиот Бог, и потоа празнувајте седум дена“.
Но да се вратиме на она за кое ни претстои да говориме, како му беше благовестено на Захариј од ангелот, та по редот на словото да стигнеме и до раѓањето (на Јован Претеча).
Захариј, впрочем, беше свештеник јудејски, а неговата жена Елисавета беше од ќерките Ааронови. Обајцата, пак, беа праведни пред Бога, одејќи по заповедите Божји без порок, но немаа деца, бидејќи Елисавета беше неплодна и веќе остарена. Кога дојде времето за вршење на службата, Захариј влезе во храмот Божји, во олтарот, за да покади, а целото мноштво народ стоеше во храмот и се молеше. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Захариј се уплаши, но ангелот му рече: „Не бој се, Захариј, бидејќи твојата молитва е услишана, и твојата жена Елисавета ќе ти роди син, и ќе му дадеш име Јован. Тој ќе ти биде за радост и веселие, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање, оти тој ќе биде голем пред Господа, и нема да пие вино ни сикер. Тој ќе се исполни со Духот Свет уште во утробата на својата мајка, и мнозина од синовите Израилеви ќе се вратат кон нивниот Господ Бог; тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон чедата, и непокорните - кон разумот на праведните, за да Му приготви на Господа луѓе совршени“. Захариј му рече на ангелот: „Не го разбирам ова што се случува; јас се молам за спасение на народот, за тоа е нашата молитва, а ти без време и без надеж ми ветуваш дете на стари години. Освен тоа, јас и мојата жена не сме од царски род, туку од свештеничко поколение. Затоа и евангелистот рекол дека и жената на Захариј е од ќерките Ааронови, односно од свештенички род. Како ли, пак, народот ќе почне да негодува, кога ќе дознае за ова? Тој ќе рече; Ти си се молел само за себе, а не за сите!“ А ангелот му рече: „Бидејќи имаш такви помисли и не ми веруваш дека сум испратен при тебе, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, а ќе се избавиш и од сомневањето на народот преку молчењето. А твоето онемување ќе биде пророштво: да разберат луѓето дека тоа покажува замолчување на стариот закон; а кога ќе проговориш повторно, тоа ќе означува почеток на новиот закон“.
Потоа, кога се роди детето, веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. Тој се исполни со Духот Свет и пророкуваше, говорејќи: „Благословен е Господ, Бог Израилев, зашто го посети и избави Својот народ“.
Јован веќе беше узнал дека ќе се роди Господ. Впрочем, слугата оди напред, а господарот врви по него. Тој се исполни со Духот Свет уште додека беше во утробата на својата мајка и, давајќи и го на заем својот глас, преку неа тој ѝ рече на Богородица Дева: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?“ Поради тоа и Захариј рече: „Господ ни издигна Сила на нашето спасение, во домот на својот слуга Давид, како што беше навестил од векови преку устата на Своите свети пророци“, зашто Света Богородица беше од коленото Давидово. А на детето му рече: „И ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“. Така е напишано и кај други пророци: „Ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој пред Твоето лице, и тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе“. Требаше од ангел да биде навестен оној што им е рамен на ангелите. Тој беше наречен Јован, односно подарен на својот татко и на својата мајка, зашто името Јован на еврејски значи подарен. Тој е наречен и Крстител, зашто требаше да Го крсти Христа; или Глас, според евангелското кажување, оти ја одврза немоста на својот татко и му подари глас на оној што не можеше да говори. Впрочем, не требаше да молчи таткото кој го роди Гласот, за којшто беше известен. И се роди гласот на Словото, и светилник, и претеча, и Деница на Сонцето, за да се зарадуваат мнозина поради неговото раѓање, бидејќи е голем и е пророк од пророк, и се исполни со Духот Свет уште од утробата на мајката. Носен во утробата на својата мајка, Јован Го позна Носениот во утробата (на Света Дева); дојден пред Него, тој Го позна на крштавањето и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на целиот свет“, и мнозина од синовите Израилеви ќе се обратат кон својот Господ Бог. Тој ќе врви пред Исуса со духот и со силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, односно кон апостолите. А чедата јудејски се апостолите, како што рече Самиот Спасител, кога беше укоруван од фарисеите кои велеа дека Он ги изгонува бесовите преку Велзевул, кнезот на бесовите. Тогаш Господ рече: „Ако Јас ги изгонувам бесовите преку Велзевул, тогаш синовите ваши преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии“.
„И непокорните кон мудроста на праведните“. Секогаш непокорни се Јудеите, оти кога дојде Јован, кој ниту јадеше ниту пиеше, тие велеа: „Тој има бес“. Затоа и Самиот Господ велеше: „Сите пророци и Законот беа пророкувале до Јован. И ако сакате да примите, тој е Илија којшто ќе дојде“. Но непокорните не го примаа тоа, туку хулеа.
И како што Јован дојде, проповедајќи им на сите за првото Господово пришествие (доаѓање), приготвувајќи Му на Господа народ совршен и велејќи: „Он треба да расте, а јас да се смалувам“, така и пророк Илија ќе дојде прво проповедајќи за второто пришествие на Христа, како што рекол Господ низ устата на пророк Малахија: „Ете, Јас ќе го испратам при вас Илија Тесфиќанец, пред да настапи денот Господов, голем и свет. Тој ќе го обрати срцето на таткото кон синот, и срцето на човекот кон неговиот ближен, па кога ќе дојдам, да не ја поразам земјата ненадејно“. И пак: како што Илија смело го изобличуваше царот на беззаконието, така и Јован го изобличуваше Ирод, кој извршуваше беззаконија. Јован беше подобен (сличен) на Илија по својот испоснички живот, како бесплотен. Затоа и Господ сведочеше за Јован и говореше: „Меѓу родените од жена не се појавил поголем од Јован Крстител“. Тој беше меѓу Стариот и Новиот завет, односно исполнување на Стариот и почеток на Новиот. Јован Му претходеше на Христа и проповедаше за Него, и самиот тој со свои очи Го виде Проповеданиот од него, а по ова проповедаше и во адот. „Но најмалиот во Царството небесно е поголем од него“, зашто едниот е од неплодната Елисавета, а Другиот е од Дева. Така требаше да има разлика меѓу слугата и Господарот, та родениот од бесплодната Елисавета да проповеда за Родениот од Света Дева. Како што Елисавета, која беше неплодна, се зарадува кога го роди Крстителот, така и Христовата Црква, која порано беше неплодна и неродна, сега се радува раѓајќи секој ден преку Крштението, и се весели катадневно гледајќи ги оние што ги роди со вода и со Духот Свет. И како што Крстителот откако се роди ги одврза веригите на неплодноста, исто така, и поучувајќи нѐ ја разврзува неплодноста на душата, говорејќи: „Родете плодови, достојни за покајание!“
Но ти (Крстителу Јоване), направи нѐ, преку твоите молитви, да принесуваме достојни плодови до нашиот последен здив; разреши ја неплодноста на душите наши! Крстителу и Претечо на Христа, нашиот Бог, тебе ти е дадена благодат да се молиш за нас, та преку твоето застапништво да се најдеме на судниот ден непосрамени, и да застанеме од десната страна со оние што се спасуваат, слушајќи го пресветиот и блажен глас Христов: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството што ви е приготвено од создавањето на светот“. Зашто Нему Му припаѓа славата и честа, со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.