Ете, браќа, дојде чесниот спомен на блажените отци наши и патријарси, кои поживеаја непорочно во законот Господов, и со вера Му угодија на Бога. Затоа Христос ги прослави на небесата и на земјата. Оти Писмото вели: „И Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими за оправдување“. Тој Го слушна Бога, Кој му рече: „Ќе те направам татко на многу народи“. Па и ние, верувајќи во Света Троица, по дух сме чеда Авраамови, а не по тело. Од оние што се родија од него по тело, не сите Му угодија на Бога со вера. Сведок за тоа е Господ наш Исус Христос, Кој им говореше на Евреите: „Ако бевте чеда на Авраам, тогаш ќе ги вршевте делата Авраамови“. И пак: „Бог може и од овие камења да му издигне чеда на Авраам“ Порано беа камени срцата, на јазичниците, од кои Самиот Господ си избра нови луѓе. Он го истргна од нив каменото срце, откако преку Крштението ја изми скверноста на нашите прегрешенија. Преку верата Господ нѐ направи чеда Авраамови и наследници на вечниот живот.“ Како што и Господ рекол: „Синовите на Царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, а други ќе влезат во него и ќе го наследат“.

Затоа, браќа, да Го восфалиме добриот Бог, Кој ги прослави нашите духовни отци.

Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува човек, за да ја обожи човечката природа.

Еве го соборот на богоугодните мажи од древните родови:

Енох, кој не вкуси смрт дури досега;

Ное, спасениот од потопот;

Евер, кој не му се придружи на советот на градителите на кулата (вавилонска);

Авраам, верниот патријарх;

Исаак, родениот по добрата вест;

Јаков, наречен Израил;

Мелхиседек, чествуваниот со нив свештеник на Севишниот Бог;

И многустрадалниот Јов;

И великиот Мојсеј - законодавецот, и Аарон - служителот на скинијата;

И богоизбраниот Исус Навин.

Потоа следат судиите на земјата Израилева: Гедеон, Самсон и Варак;

Богоотецот Давид, од чиешто племе се воплоти Христос. Поради Него денес се радуваат пророците, гледајќи го остварувањето на своите претскажувања.

Спомнувајќи ги пророците, да го возвеличиме и ревнителот Илија, пречудниот Елисеј, кроткиот Михеј и великодушниот Наум, богогласниот Исаија и осветениот уште во утробата Јеремија, слаткопевецот Авакум и боговидецот Даниил, заедно со трите царски момчиња (отроци) Ананиј, Азариј и Мисаил, кои со вера го изгаснаа пламенот.

Заедно со сите овие е и божествениот Јосиф, кој беше свршеник на Пресвета Дева Богородица, преку која се уништи клетвата на прабабата (Ева).

Сега Ева се весели заедно со сите жени што Му угодиле на Бога. Од нив ги спомнувам: блажената Сара и целомулрената Ревека, Дија и Рахила, заедно со Марта, пророчицата Девора, заедно со Јаил, Ана, мајката на Самуил, и славната Рут, заедно со Естир, крепката Јудит и сите свети жени заедно со богоносицата Саломија, која од прегратките на Мајката Го зеде на раце Христа.

Сега во навечерието (претпразненство) на Рождество Христово, го славиме споменот на светите духовни отци, та преку нивните молитви да примиме и ние вечен живот.

---

ВТОТО ПОХВАЛНО СЛОВО НА СВЕТИТЕ ОТЦИ

Господ нашиот Бог, Кој приведе сѐ од небитие во битие (Кој од ништо создаде сѐ), небото и земјата и сето создание, и откако го засади рајот, го воведе во него создадениот од Неговите раце Адам и од Него создадената Ева. Но ѓаволот, кога виде дека човекот сјае со божествена чест, го прелажа. Првиот човек немаше никогаш да вкуси смрт, како и сите родени по него. Затоа сега светите со голем труд и пот пак влегуват во рајот.

Човекољубецот Бог, кога виде дека човечкиот род гине од измамата, посака да слезе на земјата, за да го обнови човечкиот род од гревовите. Како што посака, така и направи. Оти е напишано: „Нашиот Бог е на небесата и на земјата (и прави сѐ што ќе посака)“. „Бог станува човек, за да ја обожи човечката природа“ Спомнувајќи си за Адам, кој беше во адот, и за сите пророци заедно со него, нашиот Спасител се облече во неговото тело, дојде за да го изведе од адот Адама и сите праведници со него, Оти ниту еден од нив не можеше да се одвои од Адама, бидејќи сите беа соединети со неговото тело. Трупот беше Адам, облечен во смртна кожа и умрен во гревови, а орлите се патријарсите и пророците. Иако тие живееја праведно, не се одвоија од Адама.

Бог им даде пророчки дар на Своите слуги - пророците, коишто Он ги избра, и сите тие го предвестија Неговото слегување на земјата и Неговото раѓање од Дева, Откако ги приклони небесата, Синот Божји слезе и се роди од Дева.

Бидејќи се наближува Неговиот празник, прво се грижиме да го прославиме споменот на богоугодните наши праотци, од чиешто племе се роди по тело Христос. Затоа сега се радуваат сите чесни праотци со Адам и Авел, и Сит, и Ное. Денес се весели соборот на сите спомнувани големи и правоверни патријарси, а со нив и сите свети пророци, кои видоа дека се исполнуваат од нив предвестените пророштва, бидејќи пророците и патријарсите се молеа во текот на својот живот да Го видат Бога во тело. И навистина, Бог рекол: „Авраам би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде и се зарадува“, кога преку Исаак беше преизобразено страдањето на Господа. Кога Го угости Бога (Света Троица) во лицето на Трите патника, тој се удостои да ги измие Нивните нозе и да постави за Нив трпеза."

Затоа сите едногласно да извикаме:

Радувај се, Аврааме, велик меѓу патријарсите, пријателу Божји!

И ти, осветен Исааку!

И ти, благословен Јакове, кој ги роди дванаесетте патријарси, меѓу кои Левиј и чудесниот Јуда, чиешто племе, според родот на царското потомство, стигна до таткото на царевите - Јесеј, од кого е Жезолот Христос.

Радувај се, богоотче Давиде, кој го виде исполнето своето пророштво што го напиша: „Рече Господ на мојот Господ: Ти си Мој Син, Јас денес Те родив“.

Весели се, Исаија, поради зборовите на својата уста, што ги изговори: „Ете, Девојка ќе зачне во утробата и ќе роди Син - Емануил“.

Заедно со нив засветлија и сите пророци:

Даниил беше пастир на лавови.

Кон пророците се придружени и трите момчиња (отроци), кои со пост и со молитва ја изгаснаа огнената сила. За нив ангелот ја оброси печката, а со пламенот го изгоре мачителот и го умртви.

Радувајте се и сите вие судии, заедно со Мојсеј и Аарон, кои бевте исполнети со голема вера!

И Мелхиседек, кој беше свештеник на Севишниот Бог.

Самуил, кој вознесуваше кон Бога пријатни молитви.

Денес се спомнуваат и жените заради Богородица, преку која беше уништена прародителската клетва; се веселат и Сара, Лија и Рахил, заедно со прамајката Ева и сите мудри и свети жени.

Радувајте се, Јоакиме и Ано, кои станавте родители на такво дете - Богородица Марија, заедно со Јосиф свршеникот, бидејќи со Христовото раѓање престана секаква измама, зловерието се распрсна, а благоверието процвета.

Чесни праотци и свети пророци, не престанувајте да Го молите за нас Родениот Христос, наш Бог, та преку вашите молитви да поживееме тивок живот, славејќи Ја Света Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега (И секогаш и во веки веков).