Отче, благослови!

Браќа, откако го препливавме текот на постот како морска шир, гледајќи го саканото пристаниште, да примиме поголем подвиг. Откако ќе го истресеме од себе сонот на мрзливоста, да преминеме од едни чудеса на Господа кон други прекрасни чудеса, водени од нашиот Господ Бог.

Вчера, заедно со Марта и Марија, му се восхитувавме на воскресението Лазарево, а денес да Му принесеме на Господа похвала поклонувајќи се. Денес незлобливите деца Го пречекуваат Христа со (врбови) гранчиња, викајќи и говорејќи: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово; Бог Господ ни се јави“.

Изречи јасно, о пророку, и кажи ни, Кој е Тој што иде во името Господово? - Зар не го слушаш пророкот Исаија кој се провикнува и говори за Него: „Ете, Девица ќе зачне во утробата и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил - што значи: со нас е Бог“. Он слезе од небесата заради нас и доброволно осиромаши, та ние да се збогатиме преку Неговата сиромаштија. Тој е Оној што се роди без мајка пред вековите, и вторпат - на земјата, од Пречистата Дева, без татко. Овој е Тој што вчера го воскресна Лазар, кој лежеше во гробот четири дена. Овој е Тој што дојде во името Господово. Вчера беззаконите Јудеи, наместо да Му оддадат слава, беа обземени од завист и се договараа да Го убијат. И не само Него, туку и Лазар, бидејќи поради него мнозина поверуваа во Исуса и исповедаа дека Он е живиот Бог.

Денес земјата, исполнета со радост, Му го постила патот со благомирисни гранчиња, и луѓето на радост ги повикува, откако приготвила гранчиња од благомирисни маслинови дрвја, исполнувајќи ги срцата на верните со похвали, за да запеат песни; Благословен е Кој иде во името Господово - Христос, нашиот Цар и Бог! Благословен е Тој што иде, за да пострада, да го разруши царството адово, и да ги изведе запленетите, кои беа уште од првиот Адам држани во бездната на земјата. Поради тоа Он оди на доброволно крсно страдање, сакајќи со Крстот да го прободе срцето на мачителот и да ги оживее умрените. И навистина, Он ни го даде Крстот како оружје против непријателите, та осенувајќи се со крстниот знак, да ја уништиме сета измама на ѓаволот. Зашто ние преку дрвото отпаднавме од рајот, и преку крсното дрво Христос пак нѐ воведува во поранешното место.

Поради тоа велиме: „Благословен е Кој иде во името Господово. Бог Господ Кој иде заради доброволно страдање!“ Зашто преку тие страдања се спасуваат сите верни, преку Исуса Христа, нашиот Господ, Кому е слава во вековите.

---

(втора - проширена верзија)

Браќа, откако го препливавме текот на постот како морска шир, гледајќи го саканото пристаниште, да примиме поголем подвиг. Откако ќе го истресеме од себе сонот на мрзливоста, да преминеме од едни чудеса на Господа кон други прекрасни чудеса, водени од нашиот Господ Бог, зашто вчера, откако му се восхитивме на Лазаревото воскресение, заедно со Марта и Марија, оддавајќи Му чест и похвала на Господа, денес, како и незлобливите деца, со гранчиња да Го сретнеме Христа, викајќи едногласно и говорејќи: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово; Бог Господ ни се јави“. Кажи ни јасно, пророку, Кој е Тој што иде во името Господово? Послушај го пророкот Исаија кој во она време, говорејќи за Него, рече: „Ете, Девица ќе зачне во утробата и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил - што значи: со нас е Бог“? Тој е Оној што слезе од небесата заради нас и доброволно осиромаши, та ние да се збогатиме со Неговата сиромаштија. Тој е Оној што се роди од Отецот, без мајка, пред вековите. И пак се роди од Пречистата Дева, без татко, на земјата. Тој го воскреснал Лазар, кој лежел во гробот веќе четири дена. Тој е Оној што дојде во името Господово. Вчера беззаконите Јудеи, наместо да Му оддадат слава, беа обземени од завист и се договараа да Го убијат? И не само Него, туку и Лазар, бидејќи поради него мнозина поверуваа во Исуса и исповедаа дека Он е живиот Бог.

Денес земјата, исполнета со радост, Му го постила патот со благомирисни гранчиња, и луѓето на радост ги повикува, откако приготвила гранчиња од благомирисни маслинови дрвја, исполнувајќи ги срцата на верните со похвали, за да запеат песни: Благословен е Кој иде во името Господово - Христос, нашиот Цар и Бог! Благословен е Тој што иде, за да пострада, да го разруши царството адово и да ги изведе запленетите, кои уште од првиот Адам беа држани во бездната на земјата. Поради тоа Он оди на доброволно крсно страдање, сакајќи со Крстот да го прободе срцето на мачителот и да ги оживее умрените. И навистина, Он ни го даде Крстот како оружје против непријателите, та осенувајќи се со крстниот знак, да ја уништиме сета измама на ѓаволот. Зашто ние преку дрвото отпаднавме од рајот, и преку крсното дрво Христос пак нѐ воведува во поранешното место.

Поради тоа велиме: „Благословен е Кој иде во името Госпдово“, за да ги очисти вистинските испосници (верници) и да им даде почести според нивните дела, зашто Он рече: „Во домот на Мојот Отец има многу живеалишта“, доделени секому според неговите дела.

Да не се лишиме од нив, браќа, поради краткотрајните сласти од овој живот, кои се непостојани како сенка и како дим изчезнуваат, зашто никој, умирајќи, не заминува од овој живот со богатството или со чинот што го има, туку сѐ останува овде: и пријателите, и браќата, и роднините, а не остануваат само делата, туку заминуваат заедно со душата, добри или лоши.

Затоа, да се потрудиме да го завршиме ова посно време, бидејќи секогаш на крајот им се даваат венци на подвижниците, бидејќи ако некој започне некое дело, а не го заврши, тогаш не само што нема да прими награда, туку ќе прими и казна. Еве, се наближуваат страдањата Христови, што заради нас ги прими по тело, иако е нестрадален со Божеството, та откако ќе се очистиме душевно и телесно, достојно да бдееме, добро да го завршиме своето ветување, викајќи кон Него и говорејќи: „Благословен е Кој иде во името Господово, зашто Синот, Кој во името на Отецот дојде да пострада доброволно заради нас, пак ќе дојде од небото во славата на Своето Божество, за да им суди на сите и да даде секому според неговите дела. Нему Му прилега слава заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.