(трета верзија)
Верни, посното време го минавме како морската шир и стигнавме до оваа недела и, озарени од чудото на воскресението Лазарево, заедно со Марта и Марија, со подвиг да се удостоиме и за поголеми чуда Господови. Со чест и похвала да Го сретнеме Господа Христа како децата со гранчињата и едногласно да повикаме: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово; Бог Господ ни се јави“. Пророку, кажи ни јасно, Кој е Тој што доаѓа во името Господово? Да го слушнеме, браќа, пророкот Исаија, кој зборува за Него, велејќи: „Ете, девојка ќе зачне во утробата и ќе роди Син; името Му е Емануил“. Тој е Оној што слезе од небото и заради нас добороволно осиромаши, та ние да се збогатиме со Неговата сиромаштија. Тој е Оној што се роди пред вековите од Отецот, а во последно време - на земјата од Дева Богородица. Тој го воскресна четиридневниот Лазар. Тој е Оној што во името Господово дојде да пострада доброволно, Кого злобните Евреи од завист се договараа да Го убијат, наместо да Му оддадат слава. Но не само Него, туку бараа да го убијат со Него и Лазар, бидејќи поради него мнозина поверуваа во Христа.
Денес земјата, исполнета со радост поради Него, патот го постила со благомирисни цветови, и луѓето на радост ги повикува. Но и ние, украсени со гранчиња на добродетели, со песни да повикаме: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово“.
Бог на нашите татковци, сакајќи да го згази ѓаволот, да ја погуби смртта, да го разруши царството адово и да ги ослободи од оковите оние што ги држеше, дојде доброволно да пострада и со Крстот да го погуби мачителот и да ги оживее умрените. Затоа ни го даде Крстот како оружје против непријателите. Осенувајќи се со него, ја разоруваме сета лага ѓаволска. Да, поради тоа говориме: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово“, бидејќи Он дојде да ги спаси испосниците (верните) и да им даде награда според нивниот труд. Он рече: „Во домот на Мојот Отец има многу живеалишта, доделувани секому според неговите дела“.
Да не се лишиме од нив, заради привремените страсти во овој живот, кои минуваат и исчезнуваат како сенка, а пришествието (второ) Христово се наближува. Да побрзаме додека имаме време, за да не се затворат вратите на покајанието. Да побрзаме сега со покајанието, за да не нѐ стигне смртта, за да не го слушнеме оној одговор кој вели: „Сега ли најде време да се каеш, беден човеку, кога не е време за покајание?“
Затоа, возљубени, да ги отфрлиме лошите навики (обичаи) од овој живот; да го изгаснеме сатанското непријателство; да останеме незавидливи, браќа, и да бидеме штедри и дарежливи кон бедните. Никој не заминува од овој свет со богатството и со власта, туку сите го оставаме нашиот имот и заминуваме само со делата. Телата наши ги прима гробот за храна на црвите, и коските се соголуваат. Затоа, да се потрудиме да правиме добри дела и да го завршиме ова посно време без мрзливост, бидејќи на крајот им се даваат венци на оние што се трудат. Ако некој започне некое дело и не го заврши, ќе биде посрамен. Така и ние, да го завршиме добро (започнатото дело), за да примиме совршена награда. Ако некој се воздржува од леб (храна), а се гневи, таквиот е сличен на ѕверови. Ако, пак, некој не јаде леб и се воздржува од риба и од пијалак, и на гола земја лежи, а има злоба и чини неправда, не треба да се фали, бидејќи е полош и од скот, бидејќи скотот (животното) ниту се гневи, ниту завидува, ниту неправда чини, туку воздржете се, верни, од телесните похоти, за да бидеме подобни на ангелите.
Еве, се наближуваат страдањата што Христос ги прими за нас доброволно. Очистени со душа, со тело и со ум, да бидеме причесници на Неговата божествена вечера, викајќи кон Него и говорејќи: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово“. Он дојде да пострада заради нас доброволно, и пак ќе дојде од небото за да им суди на живите и на мртвите, односно на праведниците и грешниците, и секому да даде според неговите дела.
Слава на нашиот Бог.