Денес, возљубени, нашиот Господ ги обиколува темните (адови) места. Денес Он ја скрши бакарната врата. Денес Он ги разби железните клучалки.

Послушајте внимателно што е речено: Тој не рекол: „Ги отвори бакарните врати“ туку „ги скрши“. Зошто? - За да не биде повеќе потребна темницата. Тој не ги отстранил железните клучалки, туку ги разбил, бидејќи онаму каде што нема ни врати, ни клучалки, некој и да влезе таму, нема да биде задржан. И кога Христос ги скршил, кој друг може да ги поправи? Она што Господ Бог ќе го разврзе, кој може да го соедини?

Кога некој цар ќе сака да ослободи затвореници, тој испраќа писма до стражарите за да ги пуштат затворените. Тие ги отвораат, а не ги кршат ниту вратите, ниту клучалките, покажувајќи со тоа дека во тие места пак ќе влезат или истите затвореници, или други. А Христос не постапил така, туку сакал да покаже дека дошол крајот на смртта, и затоа ги скршил бакарните врати. Вратите, пак, Он ги нарекува бакарни, не затоа што биле од бакар, туку затоа што повеќе нема да мачат до смрт.

Како што некој цар, кога ќе најде разбојник кој владее тврдина, граби од сѐ, влегува во пештера и таму го остава богатството, откако ќе го врзе тој разбојник, го предава на мачење, а неговото богатство го пренесува во царските складови - така направил и Христос. Тој ги врзал разбојникот и темничарот, односно ѓаволот и смртта, а неговото богатство, односно човечкиот род, го преведе во царските дворови. Поради тоа и апостолот Павле пишуваше, говорејќи: „Бог нѐ изведе од царството на темнината и нѐ преведе во царството на Својот возљубен Син“.

И ова е чудесно, бидејќи дојде Самиот Цар. Јасно е дека ниту еден цар не би постапил вака, туку затворениците ги ослободува преку своите слуги. Овде, пак, не е така, туку Самиот Цар (Христос) дојде при затворените, не срамејќи се ниту од темницата, ниту од затворените во неа, бидејќи нема зошто да се срами од она што го беше создал. Господ ги скрши вратите, ги разби клучалките, го нападна адот и ја опустоши целата темница и, откако го заплени темничарот, потоа се врати при нас. Противникот, здраво врзан, беше запленет и одведен. Самата смрт, откако го фрли своето оружје, падна пред нозете на Царот, соголена.

Ги виде ли големите дела на Крстот? Ја виде ли чудесната победа? Да ти кажам ли друго чудо, уште почудесно и покрасно? Дознајте го начинот на победата, и тогаш ќе се зачудите уште повеќе. Со истото оружје, со кое ѓаволот беше спечалил победа, со него Христос го порази ѓаволот, Самиот Он му го одзеде оружјето и со него го победи. Како се случи тоа? Послушајте: Дева, дрвото и смртта се образи на победата. Под <дева> се подразбира Ева, зашто таа не познаваше маж. Дрвото - беше забраната што му беше дадена на Адам, а смртта - неговата осуда. Ете, повторно Дева, дрвото и смртта станаа образи на победата: наместо Ева таму, овде е Марија; наместо дрвото на познавање на доброто и злото, овде е крсното дрво; наместо смртта Адамова - смртта Христова. Гледаш ли дека со она, со коешто ѓаволот беше победил, со тоа истото беше победен. Преку дрвото ѓаволот го победи Адам, а со Крстот - Христос го победи ѓаволот. Она дрво ги испраќаше (луѓето) во адот, а ова дрво (крсното) ги враќаше оттаму влезените во него. И пак: она дрво го криеше голиот Адам, а ова дрво Го покажуваше нависоко Победителот на сѐ. Оној ги беше осудил и оние што беа со него, а Овој ги воскреснал и оние што беа пред Него. Кој ќе ја искаже со зборови силата Господова? Од смртни - ние станавме бесмртни! Тоа се големите дела на Крстот.

Ја узна ли победата? Го дозна ли начинот на победата? Дознај го и тоа, како беше извршено големото дело. Ние не го окрвавивме оружјето, ниту застанавме во бојната редица, ниту бевме камшикувани, ниту добивме рани, а ја добивме победата. Подвигот е Негов (Христов), а венците се наши.

И така, бидејќи победата е наша, како воини да ја воскликнеме победничката песна, и да кажеме со похвала кон Господа: „Смртта беше проголтана преку победата“. „Смрт, каде тие ти е осилото? Пеколу, каде тие победата?“

Распнатиот Христос, нашиот Бог, го извршил тоа дело за нас. Нему нека е слава во веки веков. Амин.