(прво слово)
Кога ова сонце - видливото - сака да излезе од пределот на земјата, тогаш нему му претходи зрак што го најавува оној што доаѓа по него. Така и праведното Сонце - Христос, кога сакаше да излезе од утробата на Својата Мајка, откако се воплоти, го испрати добриот зрак Јован, кој проповедаше за Оној што доаѓаше по него. Ние денес се радуваме, празнувајќи го неговото раѓање.
Го слушнавме светото Евангелие, кое говори вака: „Во деновите на царот Ирод имаше еден свештеник, по име Захариј, а жена му беше Елисавета. И обајцата беа праведни, зашто на таквиот маж му прилегаше да има и таква жена. Обајцата живееја според Законот и според заповедите Божји. Но тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна, а обајцата веќе беа стари. Тие беа без деца, и по природа и по години, и не престануваа да се молат. Еден ден, кога Захариј требаше да служи според својот ред, се облече во достојни одежди, ја зеде кадилницата и влезе во светилиштето, а броен народ стоеше пред вратите на тоа свето место, очекувајќи го свештеникот како ангел кој треба да Му се помоли на Бога за сите луѓе. Кога тој влезе внатре, му се јави ангел Господов од десната страна на кадилниот жртвеник. Захариј се збуни и се исплаши кога го виде ангелот, и не можеше да пречекори. Таму остана долго време како скаменет од страв и мислејќи во себе: Што е тоа што се случува и што не можам да го разберам? Или, кој е тој друг служител во кадилниот жртвеник? Како сега можам јас да ја оставам кадилницата? Законот наредува да служи еден, а не двајца! Но оној што го гледам е како ангел, а не е човек; никогаш не сум видел ангел да служи на ова место! Како ќе биде ова? Не знам што да правам! Да му го отстапам ли на овој свет (ангел) ова свето место, или да пристапам и да го целивам, или да му ја дадам кадилницата? Кој ли е овој што го гледам? Не знам! Дали ќе дојде да побара и да им суди на оние што служат во ова свето место? Гледам страшен и горд лик! Или дошол да се закани со глад или со војна? Добро е да се разбере според изгледот дека ова не е Бог, туку е слуга. Исаија Го виде Господа како седи. Језекиил - на духовен престол. Даниил Го виде, исто така, Стариот по денови (Ветхиј денми) како седи. А овој овде стои и врши света служба, на едната страна од жртвеникот, и се плашам дека ќе ме осуди и мене и народот поради моите гревови, или овој голем чин ќе биде за уште поголема осуда“.
Вака размислувајќи, Захариј се вознемири. А архангелот Гавриил, гледајќи ги помислите на свештеникот, веднаш му одговори кротко и со тивок глас, убедувајќи го, и рече: „Не бој се Захариј, зашто е услишена твојата молитва и твојата жена ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. Зашто јас дојдов од небото не само да ти соопштам за синот, туку му го носам и името. И мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Твоето чедо ќе биде дар Божји, и од тебе ќе израсне овошка која ќе им даде род на сите луѓе. Ти ќе бидеш татко, а оној што ќе се роди од тебе ќе биде светилник на сиот народ".
Кога го слушна ова Захариј, радоста му се измеша со недоверба и, откако размисли, рече: „Каква е оваа беседа, што јас ја слушам дека се изговара? Јас не сум дојден овде да се молам за син, туку да се молам и да просам милост за гревовите на луѓето и за моите. Овој лик што го гледам да не е некоја прелест? Јас влегов во храмот мислејќи на нешто друго, а овој ми кажува нешто друго! Ако е вистина тоа што ми го кажува овој овде, зар нема луѓето да ме каменуваат кога ќе слушнат за ова, велејќи: Својот народ го остави во беда, иако од него прима голема чест. Ти си Дошол заради син, а не заради луѓето. Поради сѐ ова, незгодно ми паѓаат зборовите на овој раскажувач“.
Кога ја разбра неговата помисла, архангелот му рече: „Не бој се Захариј! Јас не сум измамник, туку сум пратеник Божји, испратен при тебе и при твоите луѓе, заради кои се молиш. Затоа Бог, откако те услиша, ќе ти даде син. И тој нема само да се грижи за гревовите на оние што ќе го послушаат, туку ќе ги повика и во царството Божјо. Немој да мислиш ʻза едно се молам, а друго слушамʼ туку за она за што се молиш, тоа Господ и ти го дава. Овој е Господовиот Претеча, за кого си слушнал дека Исаија говори: „Ете, Јас ќе го испратам Мојот ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви патот пред Тебе“. И пак: „Гласот на оној што вика во пустината, вели: -Пригответе го патот на Господа, и исправете ги патеките Негови“. Да, не бој се Захариј, туку весели се, за да Го видиш Господа, Кој доаѓа по него. Кога го слушна и тоа, Захариј не можеше да му поверува на архангелот, туку почна излишно да се противи и да прашува: „Како ќе го дознаам ова?“ Но ангелот не го истрпе Захариј кој прашуваше, туку го укори свештеникот што принесе темјан, односно кадило, и кој не му веруваше, и му рече: „Бидејќи не ми веруваш, ме испитуваш и се противиш, па велиш: ʻКако ќе го дознаам ова? Зашто јас сум стар, а жена ми е во поодминати годиниʼ. Ти бараш знак за оваа блага вест, а не Го благословуаш Бога, туку се противиш да го примиш дарот Божји. Ти велиш: "Како ќе го дознаам ова?" Дознај според ова: Јас сум Гавриил, и моето име нека ти послужи наместо знак. Ако и тоа ти е малку, тогаш дознај го и мојот чин, и моето достоинство разбери го, зашто јас сум Гавриил, кој стојам пред Бога. Ако мене ме правиш лажго, тогаш помисли добро против кого е упатено ова хулење. Јас сум Гавриил, кој стојам пред Бога. Ти велиш: "Како ќе го дознаам ова?" Дознај според ова: според моето достоинство! Но ти велиш: Ја сум стар, и жена ми е во поодминати години. О, Захариј, зар мислиш дека годините се над Господа Творецот, Кој владее (со сѐ)? Зар нема да ги напуштиш тие помисли? Но велиш: "Како ќе го дознаам ова?“ Дознај според ова: Како си дознал дека Авраам го роди Исак? Зар не поверува дека неговата возраст не беше пречка да му се роди син? Но бидејќи тој поверува, и во староста своја Му беше послушен на Бога. Но ако не веруваш дека неплодна жена може да роди, тогаш како ќе поверуваш ако ти речам дека тоа може да го стори девица? Иако слушна многу приказни за стари жени, не веруваш, туку бараш доказ и велиш: "Како ќе го дознаам ова? Како тогаш ги разбра зборовите на Исаија, што пред многу години ги благовести, кога рече: "Ете, Девица ќе зачне во утробата, и ќе роди Син?" Зар тој пророк не поверува во многу поголема работа и ја исповеда, а ти не веруваш во многу помала, туку бараш доказ од оној што е пратен од небото заради тебе? Но бидејќи ти бараш докази и мислиш да ги добиеш, што не е добро за тебе, тогаш биди нем додека не се исполнат овие зборови и додека не се роди ова дете, туку проговори тогаш, кога ќе се роди великиот глас.“
Додека се случуваше ова внатре во светото место и бидејќи мина многу време, мноштвото народ се чудеше многу и многу помисли им дојдоа на ум, секому според неговата мисла и разум, додека Захариј не излезе и им се покажа онемен, од она што го прими. Тие денови од службата ги мина во својот дом, имајќи ја во утробата благовеста, а во устата - уздата.
Оттука ние, сакајќи да го раскажеме зачнувањето и раѓањето Јованово, треба да го прославиме и споменот на великото, преславно и пречисто раѓање Христово.
Во шестиот месец, по зачнувањето Јованово, во градот Назарет при Дева Марија дојде Гавриил, кој носеше радосна вест. Кога бесплотниот Архистратиг ја виде во домот, ја поздрави и рече: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе! Радувај се ти, која прва Го раѓаш Младенецот - Ослободител од клетвата! Радувај се ти, која Го раѓаш Спасителот на целиот свет!“ Кога ја слушна оваа радосна вест, таа не им поверува на своите уши, туку запраша: „Каков е овој поздрав? Кој ли е овој што влезе сам во мојата соба - ниту познат, ниту мојот служител? Да не е тоа некоја прелест?“ Тогаш ангелот ѝ рече: „Не бој се, Марија, оти си ја нашла радоста што ја загубила твојата прабаба Ева, зашто ти си единствената која прелесната жалост ќе ја претвориш во радост. Ти си нашла милост пред Бога: Ти ќе родиш Син и ќе Го наречеш со името Исус“. Кога слушна за раѓање на син, таа му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ Не верувајќи му на ангелот, а сакајќи да разбере, таа рече: „Како ќе биде тоа? Зар само мојата природа се изменила?“ Но ангелот ѝ рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе, и силата на Севишниот ќе те осени. Затоа, Дево, прими ги овие зборови, и не прашувај за она што е премолчано. Велиш: "Како ќе биде тоа?“ Зар не како што Самиот Он сака? А за тоа дека јас не лажам, сведочи и твојата роднина Елисавета која, иако неплодна, на старост го роди (Јован) Претечата. Гледаш ли како стара неплодна жена раѓа? Зар те чуди пренесувањето на оваа порака? Чудо големо е кога раѓа стара неплодна жена“.
Кога го слушна ова, Дева бргу отиде во домот на Захариј. Штом Елисавета го слушна поздравот на Марија, младенецот заигра во нејзината утроба, зашто тој, кој беше во утробата, на својата мајка и говореше со играта, а на Мајката Господова ѝ говореше преку гласот на својата мајка. Елисавета, пак, исполнета со Духот Свет, повика кон Девојката, говорејќи: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба“. Таа рече: „Благословена си ти, зашто го прими дарот на премудроста. А таа (Елисавета) додаде: „Откаде со мене ова, при мене да дојде Мајката на мојот Господ?“
Захариј, пак, седеше во својот дом, како што реков и порано, со узда во устата, поради неверувањето. А кога од запустената утроба излезе (се роди) пустинскиот жител, неговиот татко Захариј побара штичка и на неа добро го напиша името на детето, што беше го слушнал не верувајќи. И веднаш му се одврза устата, проговори и Го прослави Бога.
Такви ти се, Јоване, твоите играња, такви се твоите тајни, уште нероден, а возрасен, пријателу на Господа, таков чин ти даде Господ Бог уште пред да се родиш. Зашто архистратигот Божји Гавриил, кој го благовести раѓањето на Господа, го благовести и твоето зачнување, и твоето раѓање на луѓето во Црквата, како на свршеница им го даде на дар твојот голем празник, кој им доаѓа од Бога. Славниот архангел Гавриил, исполнет со Светиот Дух, од тебе направи пророк кога заигра додека беше уште во утробата, поради што Господ Христос те нарече најголем меѓу пророците. Зашто ти со апостолите си апостол, со пророците си пророк, со мачениците - маченик, со праведниците - праведник, сѐ со сите и, просто речено, свет човек над сите луѓе. Оти, кој пророк, додека уште бил во утробата, искажал толку тајни? Кој праведник се роди и го одврза јазикот на својот татко? А ти на своите родители им даде две работи: и немоста ја одврза, и достојни пророштва искажа. Твоите похвали и славења се над можностите на човечкиот јазик; и Самиот Господ Бог те пофали кога рече: „Меѓу родените од жена никој не е поголем од Јован Крстител“. Како ли тогаш ќе може јазик тебе достојно да те пофали?
Затоа достоинственику, пријателу Божји, прими ја од нас бедните оваа недостојна и лоша похвала. Благовеста за тебе ја принесе архангелот од небото, се роди од стара неплодна жена, и израсна во пустината како да си живеел на небото со ангелите, зашто го прифати нивниот начин на живот. Мека облека не прими, ниту постела, ни трпеза, ни вино благомирисно, ниту дом за живеење за себе, туку наместо мека облека - островлакнеста облека, и наместо постела и трпеза - тврда земја, и наместо вино - вода која не го мати умот и не го слабее, и наместо дом - небото украсено со звезди.
О, жесток и крепок и храбар мажу! О, небесен човеку и земен ангелу! О, велики уме и добар светилнику на овој свет! О, добра рако и чесна главо, која беше достојна да ја допреш главата и да Го крстиш Господ наш Исус Христос! Нему слава и чест, со беспочетниот Отец и со Светиот Дух, сега и секогаш...
---
(второ слово)
Вечниот извор на Божеството, кој тече непрестајно и ги напојува нашите души исушени од неверие, денес ни се јави како ѕвездата Деница, која му претходи на пресветлото Сонце и со светлина ја озарува целата вселена, и со возвишена проповед го собира целиот свет за прекрасното чудо. Тој радосно ги весели неплодните утроби и подготвува ликување за престарената природа, и со снопови ја исполнува неплодната земја и ја овенчува со благомирисни цветови, и со ангелски глас ги исполнува запустените гори и пештери, и за храна на верните подготвува срдечни капки, и земните ги тера да пеат со ангелите, и со радост ги возведува на небото. Поради тоа, секој што ќе пие од тој Извор со вера, вечно ќе биде жив.
Еве како нѐ учи за ова блажениот евангелист Лука:
„Во деновите на царот Ирод имаше еден свештеник по име Захариј, а неговата жена се именуваше Елисавета. Тие беа веќе во напредната возраст, но беа праведни и ги исполнуваа сите Божји заповеди, очекувајќи да изникне од Бога насадената фиданка“. Затоа требаше на ваков чудесен начин да се роди овој Претеча и Крстител Христов, та и по тоа да познае каменосрдечниот род еврејски на кој Цар Му е проповедник и претеча, бидејќи порано за него возвишено предвести и пророк Исаија, од името на Господа, велејќи: „Ете, Јас ќе го испратам Мојот ангел пред Моето лице, и тој ќе го приготви Мојот пат пред Мене“, односно дека ќе Ме проповеда Мене, Кој сум дошол на земјата во тело, за да ја побарам и да ја спасам Адамовата природа, во распадливост падната. Бог не можеше да го гледа човечкиот род држан од ѓаволската измама, затоа го испрати својот архангел Гавриил, велејќи му: „Отиди при свештеникот Захариј и јави му за раѓањето на пресветлиот Мој Претеча, и тагата негова во радост претвори ја, утеши ги неговите многунажалени солзи, одврзи ги неплодните врски од неговото тело, развесели ја неплодната утроба со заповедта на твојот свет глас, протерај ја мрзливоста од остареното тело“.
Еден ден, кога Захариј служеше според својот обичај, се случи да влезе во храмот Божји да послужи и да покади во Светињата над светињите и да Му се помоли на Бога за себе и за луѓето. Зашто не секогаш влегуваа свештениците во Светињата, туку само еднаш годишно и само свештеникот, а сиот народ стоеше надвор и се молеше. Нему му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Кога Захариј го виде (ангелот), се збуни и го обзеде страв. Тој размислуваше во себе и си велеше: „Какво ли е ова ужасно видение? Гледам дека неговиот изглед е страшен, неговиот облик е сличен на човек, а неговата пресветла облека го заслепува мојот поглед. Да не е ова заради некаква казна од Господа Бога за мене и за луѓето?“ Додека тој размислуваше вака, ангелот му рече: „Не бој се, Захариј, не ужасувај се, и не влегувај во такви помисли! Зашто, ете, Елисавета, твојата жена, ќе зачне во својата утроба и ќе роди син, и ќе му дадеш име Јован; и тој ќе ти биде радост и веселие, и мнозина ќе се зарадуват поради неговото раѓање“. А тој, исплашен уште повеќе, размислуваше во себе, говорејќи: „Двоен страв и трепет ме обзеде. Кој ли видел некогаш или слушнал да се роди дете на ваква старост?“ Тој си размислуваше и говореше според човечката природа, а не според Божјата заповед, зашто од Бога сѐ е можно за оној што верува. И му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа кога јас сум веќе стар, а жена ми е во поодминати години?“ Нејзиното време за раѓање веќе поминало, телото ѝ е ослабено, а и силата ја напуштила; денот се приклонил кон запад, ноќниот покој се наближил, и не можам да сфатам како ќе се случи реченото од тебе. Оти „секое нешто е добро во свое време“? Тој беше заборавил за староста Авраамова и за неплодноста на Сара, па затоа му доаѓаа такви мисли во умот.
Но ангелот одговори и му рече: „Захариј, зошто падна во такво неверие? Зар Сара не го зачна својот син Исаак во староста своја? Или зар не е можно да се исполни твојата желба по Божја волја? Зар Он не ја потврди мојата вест кон тебе со збор? Јас сум Гавриил, архистратигот на Божјите сили, кој стојам пред Бога, и сега сум испратен да зборувам со тебе и да ти ги навестам овие работи. Но бидејќи не им поверува на моите зборови, ќе молчиш (ќе бидеш нем) до исполнувањето на моите зборови“. И ангелот исчезна од пред него. А кога Захариј излезе надвор, не можеше да им одговори на луѓето ништо. И сите разбраа дека имал видение во храмот.
А по тие дни зачна Елисавета, жената на Захариј, и таеше пет месеци, велејќи: „Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледна, за да го отстрани од мене укорот меѓу луѓето“.
Во шестиот, пак, месец беше испратен од Бога архангелот Гавриил при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба. Зашто, ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус, оти Он ќе ги спаси луѓето од нивните гревови“.
А таа, кога го слушна поздравот, се збуни и му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа со мене, кога јас не знам за маж?“ Но ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, затоа и Роденото од тебе е свето и ќе се нарече Син Божји. Ете, и Елисавета, твојата роднина, нарекувана неплодна, и таа зачна син во староста своја, и веќе е во шестиот месец; зашто во Бога нема да остане бессилен ниту еден збор“. Шести месец е, вели ангелот, откако Захариј ја прими добрата вест, откако Елисавета го зачна Господовиот Претеча, откако се разврза пречистата утроба и го прими богозарниот зрак, кој Му претходи и Го проповеда духовното Сонце - Христос, Кој доаѓа во тело.
Во тие денови стана Марија и отиде во горниот крај во домот Захариин и ја поздрави Елисавета. Штом го слушна Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина, и со мајчинската уста извика гласно, велејќи: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?“
О, богозрачни очи и светлозарен јазику! Откако Го позна Зракот на Отецот, носен во утробата (на Марија), Елисавета не се посомнева, туку со мајчинската уста извика, говорејќи: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ!“ Ти - рече таа, Го носиш Царот, а јас - војникот; ти ја носиш Светлината, а јас - светилникот; ти Го носиш Сонцето, а јас - месечината; ти Го носиш Творецот и Господар на сѐ!
Кога на Елисавета ѝ дојде времето, таа роди син. И сите оние што живееја околу неа, и нејзините роднини, слушнаа дека таа родила син, дека Господ ја возвеличил Својата милост над неа, и се собраа како да се случило големо чудо, и сакаа да му го дадат името на неговиот татко Захариј. Бидејќи Захариј беше нем и не можеше да проговори, мајката на детето, кога слушна, рече: „Не, туку да се нарече Јован!“ И таа, движена од Светиот Дух, го прозираше претскажаното на Захариј од ангелот, за неговата согласност во врска со името на детето. Тогаш Захариј побара штичка и ги напиша зборовите: „Јован му е името“. И веднаш по овие зборови се отвори неговата уста и јазикот негов се одврза и говореше, благословувајќи Го Бога, и рече: „Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави Својот народ“. Пророкувајќи за детето, рече: „А ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа, за да го подготвиш патот Негов, и да му дадеш на Неговиот народ да го познае спасението преку прошка на гревовите наши, поради големото милосрдие на нашиот Бог, со кое нѐ посети Исток од висините, за да ги просветли оние што седат во темнина и во смртна сенка“.
Ете, денес од самиот Исток над истоците ни изгреа пресветлата Деница, која врви напред и нашите нозе, заблудени од ѓаволската измама, ги насочува по патот на мирот. Затоа и ние денес велегласно да извикаме со похвала, едногласно велејќи му: „Радувај се, Пророку сечесен и двоен Претечо, кој стоиш повисоко од сите небесни и земни чинови, и кој како гром загрме!“
И кога еврејскиот народ се собираше отсекаде, тој викаше, говорејќи: „Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него“, за да ги приготвам Неговите патишта, како што рече пророк Исаија, говорејќи: „Гласот на оној што вика во пустината: ʻПригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Неговиʼ. Он треба да расте, а јас да се смалувам! Јас ве крштавам со вода, измивајќи ве од гревовите како нечисти садови, а Тој ќе ве крсти со Светиот Духии со сила“.
Радувај се, светилнику на Трисветлото Божество, кој светиш со зракот и целиот свет го просветлуваш со богозарни зборови!
Радувај се, Јоване, кој имаш ист престол со шестокрилните (серафими) и стоиш во хорот на четиризрачните (херувми), сожителу на бесплотните (сили)!
Радувај се, Пророку и Претечо, кој си повисоко од земната природа, како што Самата Вистина сведочеше за тебе, велејќи: „Никој меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“, бидејќи тој е наречен благодат Господова.
Радувај се, Јоване, кој си крај и печат на секое пророштво!
Радувај се, пресветол Претечо, началнику на апостолите и неискажлива радост на мачениците!
Радувај се, пресветол венецу на архијереите, и добар исповеднику на правоверието!
Радувај се, Јоване, началнику на пустиниците, и тврда и неразрушлива крепост на испосниците! Зашто преку тебе Христос даде образец за пустинскиот живот, и како риби ги привлече сите кон Себе со твојот извонреден живот.
Поради тоа, што да речам или што да кажам? Се восхитувам на твојата неискажлива премудрост и смирение, со кои што ги исполни пустините и горите, пештерите и земните бездни! Самиот ти врвеше по тесниот и скрбен пат, говорејќи им на сите: „Покајте се, зашто се приближи царството Божјо!“ Бог да нѐ удостои и ние да бидеме учесници во тоа Царство, со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава, чест и сила, со беспочетниот Отец и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков, амин.
---
(третo слово)
Потребно е, браќа, извршувајќи секаква правда со внимание, да ги почитуваме Божјите празници, зашто преку нив добиваме прошка на гревовите и исцеление на болестите. А ќе примиме секакво исцеление, ако пристапуваме кон светите со вера, со чистота и со добри дела. Оти нашиот Господ Исус Христос ним им рекол: „Мртви воскреснувајте, лепрозни очистувајте, бесни изгонувајте; бесплатно примивте, бесплатно и давајте“. Иако тие не примија бесплатно, сепак поднесоа многу страдања од неверните. И не само тоа, туку и крвта своја ја пролеаја за својот и ваш Господ Бог, силно посакувајќи го своето и вашето спасение, како и овој голем Претеча и Крстител Христов Јован, кој имаше чудесно раѓање и живеење, што надминува секој човек. Така требаше да засветли зракот на духовното Сонце, кој Го проповедаше Христа, како што беше над секој ум и човечка сила и раѓањето на Христа, Чијшто проповедник беше (Јован) Претеча.
Кој видел или кој слушнал девојка без маж да Го прими во својата утроба Творецот на луѓето?
Бидејќи (Бог) виде дека сме под злобата ѓаволска, и не поднесувајќи да нѐ гледа поробени од врагот, поради тоа Он дојде со такво смирение. Најнапред го испрати архангел Гавриил при свештеникот Захариј да му ја благовести радоста - зачнувањето на Јован од престарената неплодна утроба, како што слушнавте да раскажува евангелистот Лука.
Затоа, браќа, и ние да се насладиме од овој светол празник, откако ќе се украсиме со добри дела. Да го следиме великиот Јован, кого што Бог го даде за пример на сите оние што сакаат да се спасат, бидејќи тој го сметаше овој свет за смет. Тој не живееше во раскошни домови, каде што се наоѓа секаква нечистотија, завист, лага и клевета, туку сам во пустината го минуваше својот живот со ангелите. Тој пророкуваше до крштението Господово и го проповедаше царството Божјо. И ние, посакувајќи го ова Царство, да се возљубиме еден со друг, уништувајќи ја зависта, отфрлајќи ја јароста, одвраќајќи се од клеветата и прогонувајќи ја мрзливоста. Ако некој се здобие со овие работи, без труд ќе се вознесе на небото, ќе се нарече син Божји и ќе застане пред престолот Божји. Со милостината, пак, се гаснат гревовите како со вода. Затоа, браќа, да ја возљубиме оваа (добродетел), зашто Господ ги именува блажени таквите луѓе, велејќи: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“, оти не треба да се именуваме христијани само по име туку, збогатени со добри дела, да се покажеме непорочни на Страшниот суд, каде што не може да му помогне ниту слугата на господарот, ниту таткото на синот, ниту мајката на ќерката, ниту братот на братот, туку само добрите дела ќе водат во вечен живот, а лошите дела со срам ќе нѐ одведат во вечна мака, од која да нѐ избави нашиот Господ Бог.