Ако душата на великиот Павле некој ја нарече духовен рај или ја нарече светилник, не е далеку од вистината и со право ја нарекува така, зашто тој беше исполнет со божествен расад и со духовен цвет. И навистина, која е таа благодат што нема да ја најдеш во него, бидејќи тој беше избран сад на Бога. Откако се очисти целосно, Светиот Дух изобилно се всели во него, и од него потекоа реки на добри дела, не како оние од рајот, кои течеа во четири насоки, туку многу повеќе излеваше секој ден, и не го напојуваше само рајот со добри дела, туку и душите на сите оние што го послушале него. И не е ли недостаточно словото или похвалата, со кои достојно би го пофалиле него - небесниот човек и земниот ангел? Кој ли јазик е доволен да ги искаже неизмерните неволи, бдеењата без почивка, или гладниот стомак, или жедната уста, или со голотија измачуваното тело, зиме и со пот, или неволите од јавни непријатели, или од лажни браќа? Ќе ги изоставам неговите прогонства, повикувања на суд, окови, клеветења во секое време, секојдневни умирања, каменувања, удирања со стапови, долги обиколки, напасти на земја, неволи на море. Кој ли затвор на земјата не го имал него, или која морска бура не му напакостила нему, за да го потопи? Тој бил во опасност од реки, во опасност од разбојници, во опасност од сонародници. Тој се прехрануваше од трудот на своите раце, дарум го проповедаше Евангелието. Тој беше призор на ангелите и на луѓето. Живеејќи меѓу луѓето, тој се молеше за луѓето, и доближуваше до Бога мноштво луѓе кои се оддалечиле од Него. Таква е таа добронамерна душа, која не се грижеше за себе, туку за целиот човечки род. Самиот тој трпеше лути неволи и страдања, и ги избавуваше луѓето од неволи. Та, кој ли ќе ги изброи достојните и праведни дела на овој голем и божествен маж, што ги извршуваше секој ден? Тој имаше скрб и грижа за сите цркви, и милост и добро срце кон сите. Ако некој се препнеше, тогаш и Павле чувствуваше болка. Ако нечиј ум беше збркан, тогаш и Павле се вознемируваше. Кој може да ги искаже различните лековити средства, за кои тој знаеше кога и кое од нив да го примени: кога да поучува со кроткост, а кога некого да го запре со јарост, за да не погине раслабениот, или, пак, некој да не падне во очајание поради преголем товар. Но Павле, знаејќи кога е време за едното или другото, на тој начин го исправаше човечкиот род. Тој ги советуваше слугите на Господа да живеат според законот, властите, началниците, мажите и жените, родителите и децата, младите и женетите, оние што се воздржуваат и тие што раководат, и премудрите и грубите, и телесните и духовните. Тој се молеше и му благодареше на Бога за сите. Едните ги повикува кон венци и радост, а другите ги нарекува безумни. Оние што постапуваат според добриот закон ги води, а оние што врват по лошиот пат - ги враќа. Некогаш плаче за оние што врват по лош пат, а другпат се радува за оние што прават добро. Понекогаш на верните им открива големи тајни, понекогаш ги исправа слабите. Понекогаш ги возвишува со себе, некогаш им се заканува со стап, а другпат ветува дека ќе дојде со кроток дух. Ту се возвишува со високите, ту се снижува со ниските, сметајќи се себеси за најлош и најмал од сите апостоли. Јавувајќи го ова, тој велеше дека Бог говори преку него. Тој ја очекуваше смртта, сакајќи да си замине од овој свет, но на своите духовни чеда им велеше дека е попотребно за нив да остане во тело, бидејќи тој не бараше добро и почивка за себе, туку за своите (духовни) чеда што ги роди преку Евангелието. Всушност, тоа е целиот закон за духовниот служител и за поучувањето: тоа што е од полза не само за себе, туку и за многу луѓе; тогаш тоа ќе биде успех и за самиот него.
Навраќајќи се повторно на овие работи, апостол Павле се фали со своите слабости и немоќи. Тој се украсува со смртта како со духовен украс и е висок со телесните трудови. Тој се радува на духовниот покој, а не на изгледот на гробовите. Но тој го виде како во огледало Царството небесно, надевајќи се со духот, го угнетуваше телото, за да го очисти. Но на што нѐ учеше тој? - Да не се величаме себеси со земните работи и да не ги погубуваме своите души, угодувајќи му на телото. Тој се застапува за сите, и Го моли Бога за сите. Страда за сите и се грижи за сите. Тој е застапник и на оние што се надвор од Законот, и на оние кои се по еврејскиот Закон. За нив тој смело говори: „Подобро е јас да отпаднам од големата слава (да бидам одвоен од Христа), отколку тие да загинат во незнаење и темнина“. Тој сакаше многу да ги приведе кон Бога и да Го познаат својот Творец. Тој знаеше дека таа смелост е за нивно спасение и за голема слава. О, велика небесна мисла! О, велика топлино духовна! Ти навистина Го подражаваш Христа, Кој беше за нас клетва, и врз Себе ги зеде нашите гревови. Земајќи Го за пример Него, ти го изговори тоа со единствена желба - тие да се спасат, а не да загинат.
Давајќи ги сите овие различни поуки, како опитен лекар и вешт исцелител подготвуваше за сите лекарства според болеста. Тое е дело на Добриот Лекар, како што правиш и ти. Со молитва и со нежност едни лекуваш преку поука, како што треба, а други - преку строго и сурово поучување. Такви се твоите поуки, добар Христов трудбенику. Оној што сака да те пофали тебе, ќе биде далеку од достојната похвала толку, колку што е далеку земјата од небото. Оти, каков треба да биде тој јазик, којшто ќе те пофали достојно со својата красноречивост? Ти го имаш собрано во себе сето добро - и небесното, и земното. И тоа надминува сѐ. Впрочем, ние нема да се исплашиме од тоа и нема да замолкнеме, туку поради тоа ќе говориме уште повеќе, бидејќи за оној што е пофалуван е голема похвала и тогаш кога оној што го пофалува, проповедајќи, ќе постигне добри дела. А недостижното во него е многу пославно од сите похвали.
Ние, пак, кои сакаме да го пофалиме великиот Павле, ќе го споредиме со доброчесниот Авел. А по ова, славејќи ги по ред и другите, ќе направиме така и за него, откако ќе го сложиме крајот на ова слово како похвала и за Павле, и за оние другите.
Погледни, брате, Авел принесе жртвен дар на Бога и Му оддаде почит на Творецот, па поради тоа го слават. Но ако ја споредиш жртвата на Павле со онаа на Авел, тогаш колку поголем и повисок ќе се покаже тој? Навистина, колку што небото е повисоко од земјата. Која жртва да ја спомнам? Та, не е една! Павле се принесуваше себе на жртва, катадневно примајќи ја смртта на своето тело, бидејќи се беше впуштил во постојани опасности и доброволно се изложуваше на смрт. На тој начин тој ја умртви својата телесна природа, така што со ништо не беше во подобра положба од закланите животни врз жртвеникот. Тој не се задоволи со тоа, туку како крилат орел го обиколи целиот свет, приведувајќи го кон верата во Бога. Тој не обиколуваше напразно, туку го искорнуваше гревовното трње и го сееше благоверното слово, прогонувајќи ја заблудата, а воведувајќи ја вистината, и луѓето правејќи ги ангели. Но ти велиш: „Каин го уби Авел преку измама“ Но јас ти покажав многу смртни опасности што ги претрпе Павле - толку, колку и деновите што ги живееше со добра вера. Ако, пак, сакаш да знаеш како тој вистински загина, тогаш внимавај! Авел беше убиен од својот брат Каин, кој не беше му сторил ни добро, ни зло. А Павле беше убиен од оние што тој сакаше да ги истргне од многу зла. Тој пострада, откако претрпе од нив многу маки.
А Ное? Тој беше праведен и непорочен во својот род, но се спаси само себеси и своите деца. Но овој светител (Павле), при многу поголем потоп во овој свет, кој се закануваше да го потопи човечкиот род поради неверието, направи кораб не од штици, туку напиша посланија и го истргна и извлече од матните води целиот свет, кој се потопуваше. Коработ не беше таков - да плови само на едно место, туку стигна до крајот на земјата. Тој и досега ги воведува сите (во тој кораб), преку благоверието. Ноевиот кораб, откако ги прибра во себе враните и волците, ги пушти истите врани и волци, без да бидат скротени. А овој, не така; туку, откако ги прими волците, ги направи овци, а враните и чавките, откако ги прими, ги направи гулаби. Сета младост на човечката природа Павле ја преобрази, и воведе духовна кроткост.
И на Авраам му се чудат сите, бидејќи тој Го послуша Бога и излезе од својата земја и од својот род, ја остави татковината и домот, пријателите и роднините, и заповедта Божја за него беше сѐ. А ние му се чудиме поради тоа. Но кој ќе му биде рамен на Павле, кој заради Исуса ги остави не само татковината и домот, саканите пријатели и роднини, туку и целиот свет и сите средства за живот, и самото небо, и единствено ја бараше само љубовта Христова. Тој рече: „Ниту сегашнава слава, ниту идната, ни височината, ни длабочината може да нѐ одвои од љубовта Христова“. Но ќе речеш дека Авраам се изложи самиот себе на опасност, и ги врати своите синови од битка! А овој (Павле) избави не синови, не пет града, туку целиот свет, и тоа не од воини-непријатели, туку од рацете на сатаната, претрпувајќи преку сите денови безбројни маки. Но најголемото дело и венецот на Авраам е тоа што тој беше готов да го даде својот син како жртва на Бога. Но и овдека е поголем Павле, бидејќи тој не го дава синот, туку самиот себе многупати се предава на смртни опасности, како што веќе рековме.
Но Писмото се восхитува на крепкоста и трпението на Јаков! Но кој е тврд како кремен, за да биде нескршлив како Павле? Тој слугуваше заради Христовата Црква не две години, туку целиот свој живот. Павле се измачуваше не само од дневната пот и ноќниот студ, туку претрпе многу неволи: ту камшикуван, ту каменуван, ту на ѕверови предаван, и секогаш излегуваше поцврст, и ги извади од сатановото грло овците давени од ѕверот.
Но ќе го речеш и ова: „Јосиф е чист од скверно дело“. Но јас се сомневам дали нема да биде смешно да го фалиме Павла со тоа, зашто овој голем маж се очисти не само од такво дело, туку и самиот себе се беше распнал за сѐ во овој свет. Не само телесната убавина, туку и сите богатства тој ги пренебрегнуваше и презираше така, како ние - правот и пепелот; или како што мртвиот не може да се доближи до мртов, исто така тој беше ја скротил бујноста на грубата човечка природа.
Сите луѓе му се восхитуваат на Јов, и тоа е добро. И, навистина, тој е голем страдалник. Јов може да се спореди со Павле по трпение и по чистота, бидејќи и Бог сведочи за него, посочувајќи ја неговата крепкост и чудесната победа. Но Павле не се наоѓаше во такви маки и неволи многу месеци, туку многу години. И не го стружеше со цреп гнојот од себе, туку често паѓаше во самата уста сатанина. Борејќи се до победа со многубројните искушенија, тој стана поцврст од секој камен. Тој претрпе хули и укори не од тројца или четворица другари, туку од сите неверни луѓе.
Но ти велиш дека Мојсеј е голем. И тоа е така: Мојсеј е голем. Но мислам дека Павле го надминува и него по големина. Навистина се големи некои дела Мојсееви, но најголемото дело и венецот на сите дела на оваа света душа е тоа што тој посака да загине и неговото име да биде избришано од книгите, ако бидат погубени Јудеите - да погине заедно со избраните. А кај Павле е обратно: тој сака да бидат спасени другите, а самиот тој да отпадне од бескрајната слава. Едниот се измачуваше во борбата со фараонот, а другиот - со ѓаволот катадневно. Мојсеј се трудеше само за еден народ, а Павле - за целиот свет, облевајќи се не со пот, туку со својата крв.
Да го споредиме ли уште и со Исус Навин, со Самуил и со другите пророци? Но за да не се оддолжи нашето слово, ќе преминеме на најглавните меѓу нив. Кога Павле ќе се покаже поголем од сите нив, тогаш и другите не ќе имаат никакво превасходство над него. А кои се најглавните? Зар Давид и Илија? А кое е најславното Давидово дело? Зар не е смирението и неговата преголема љубов кон Бога? Но кој Го љуби Господа еднакво или повеќе од Павловата душа? Павле, пак, го имаше и едното и другото во себе, и тоа докрај совршено.
Што ли е најчудното кај Илија? Тоа ли што го затвори небото да не падне дожд, донесе глад, и пушти оган од небото? Јас не мислам дека е тоа, туку е неговата ревност за Бога, која е посилна и од огнот. Но ако ја разбереш ревноста Павлова, тогаш ќе видиш дека тој е поголем од Илија онолку, колку што Илија е поголем од другите пророци. Павле не ценеше ништо при Божјата лубов. Тој сметаше дека не е доволна ниту некоја видлива твар што е од овој свет, ниту невидлива, за да ја изрази својата неискажлива љубов и ревност кон Господа Христа.
Но ќе речеш: „Великиот Јован е поголем од сите пророци“. Тој покажа голема смелост и го изобличуваше Ирод до денот на својата смрт. Но и Павле изобличи не еден, не два, туку безброј такви, коишто беа многу посвирепи и од оној мачител.
Потоа, свртувајќи се кон небото, да го споредиме Павле со ангелите. Но никој да не ја осудува оваа смела споредба, зашто Светото писмо го именува Јован ангел. Па ако го споредиме Павле со горните сили, во тоа нема ништо чудно. Кое е нивното најголемо дело? Зар не е тоа што тие одлично и во сѐ Му се послушни на Бога, како што и Давид, восхитен, говори: „Вие - крепките по сила, коиго извршувате Неговиот збор“. Навистина, нема ништо поголемо од ова, бидејќи тоа ги прави блажени и свети и, поради тоа, тие никако не покажуваат непослушност кон Божјата заповед. Но може да се види дека и Павле го прави тоа извонредно, бидејќи тој, не само што го пазеше словото Божјо, туку и заповедта, па дури и повеќе од заповедта. Изразувајќи го тоа, тој велеше: „А каква ќе ми биде наградата? - Таа се состои во тоа што, проповедајќи дарум, го благовестам Евангелието Христово“. На што друго пророкот им се восхитува на ангелите? Не е ли поради тоа што тој вели: „Ти ги правиш ветровите Свои ангели, и слугите Свои огнен пламен“. Но и тоа може да се види при Павле. Како ветар и оган тој ја обиколи вселената и по сета земја истреби секаква скверност со духовниот пламен. И каков е огнот и пламенот во овој маж? Колку ли е чудесен овој маж што, иако во земно тело, се радува со небесните ангели!
Кој може достојно да ги искаже твоите маки и окови, чесен апостоле? Која ли темница не те имала во себе, и не била осветлувана од тебе? И кој ли може да ги опише твоите страдања и подвизи, што си ги поднесол заради Христа? Градот Дамаск, заедно со целиот свет, се велича поради тебе, Павле, зашто виде дека ти прими светост преку Големата Светлина.
И Рим се украсува и велича со тебе, чесен апостоле, откако ја прими твојата крв. Но и Тарс се радува повеќе од сите, сакајќи ги и почитувајќи ги твоите пелени. И ние, бедните, се фалиме со тебе и, собрани денес на ова свето место, духовно се радуваме поради тебе и велиме: О, сонце на целиот свет! Ти си навистина светлина на сиот народ, бидејќи твоето учење се разнесе по целата земја, и зборовите на твојата уста стигнаа до крајот на вселената. Ти, крилат мажу, откако ги остави земјата, и воздухот, и облаците, стигна и до третото небо и, откако влезе во рајот, слушна зборови што ние не можеме да ги слушнеме, бидејќи уште се валкаме во калта и со мислите сме приврзани за овој мрачен живот. Ти, велики апостоле, толку многу го сакаше спасението на сите, колку што самите ние не можеме да се грижиме за своето спасение.
О, добар наш учителу! О, сладок управителу на сите луѓе! О, велики уме, и медоносни и слатки зборови! О, ти, кој брзо и за кратко време ја обиколи целата вселена! О, ти, слаткогласен славеју, кој во сите цркви повикуваш кон спасение! Кој ќе се осмели да додаде нешто на твоето учење, или да одземе од него? О, верен слуго и добар водачу кон Господа! Славејќи го денес споменот на твоите страдања и телесната смрт, радувајќи се и веселејќи се, говориме:
Радувај се, неопислив човеку!
Радувај се, велик проповеднику на христијаните, кој го пренебрегна својот живот за својот Господ и за сите христијани, и кој денес ја преклони својата глава, за да биде посечена!
Блажен е тој меч, кој мина низ твоето грло!
Благословено е тоа место, кое ја прими твојат крв!
О, кога би можел тој меч да го имам наместо сето мое богатство и имот! И мнозина други се поклонија пред тој меч и на тоа место, со желба да го целиваат и со љубов да се наситат.
Овој маж, браќа, триесет и пет години се трудеше на секој начин за својот Господ Христос, и го заврши своето сведочење за Христа во градот Рим, и прими смрт од царот Нерон. За нас,пак, тоа е за време на царувањето на Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава, чест и сила, со беспочетниот Отец, и со Пресветиот Дух, сега и секогаш и во вековите.