Денес, браќа, Мајката на нашиот Господ си замина од овој живот и се вселува во Царството небесно и во вечното живеалиште, во вечната радост и неискажливото веселие, каде што сакаат да проникнат и ангелите.

Денес внуката и господарка на прадедото Адам влегува во вечните живеалишта.

Денес се отстранува прабабината клетва, која тежеше врз човечката природа.

Денес богохулните Евреи беа посрамени, бидејќи Владичицата Богородица се издигна на небото и милостиво, со молитва, го озарува светот како со сонце, овенчувајќи ги со слава и чест правоверните, кои ја признаваат и слават како вистинска Мајка Божја, бидејќи таа се покажа како помошничка на онеправданите, застапница на ожалостените, утешителка на очајниците, исцелителка на болните, поткрепа на верните, похвала на апостолите, крепост на мачениците и нераспадлив венец на светителите.

Кон неа, браќа, кон светата Божја Мајка Владичица да се предадеме во нејзиниот храм на молитва, и со чисто срце и со сета душа чесно да го прославиме нејзиниот празник, со похвала и со радост, примајќи во својот дом странци и сиромаси, имајќи мир и љубов меѓу себе, очистувајќи ги телата и душите свои од гревовите, и така да пристапиме кон пречистото тело и чесната крв Божја, правејќи и натаму чесни и добри дела, а не како Јуда, кој заслепен од злоба и алчност за пари беше пристапил кон светата и страшна трпеза Божја, и бидејќи беше недостоен за таквата трпеза, поради својата злоба, веднаш влезе во него сатаната и, наместо благослов, прими проклетство.

Но ние, браќа, не можеме да бидеме такви, туку да бидеме братољупци и богољупци, почитувајќи ги Божјите служители, зашто преку нивни раце ја примивме Божјата благодат и Крштението. Од нив го примаме светото тело Христово, преку нивните молитви се избавуваме од гревовите, зашто тие Му се молат на Бога за христијаните и за целиот свет; преку нивните молитви Светиот Дух слегува од Бога врз принесената света просфора и ја претвора во тело Божјо, а виното - во света крв Христова, за прошка на гревовите на луѓето што ги јадат и пијат. Таквите треба да ги почитуваме, зашто тие се определени на земјата да бидат застапници и молитвеници, наместо ангелите, и да бдеат за нашите души; бидејќи тие бдеат за нашите души, ќе дадат и одговор за нашите души пред Исуса Христа, нашиот Господ.