Свештеникот најнапред му дава поука на оној што се исповеда во тремот на храмот, и му вели вака:

Чедо, сега ти сакаш да се обновиш преку светото покајание, да ја побараш својата прва татковина, и да ја достигнеш состојбата на синовство, од која си се оддалечил со прекршувањето на заповедите. Но послушај чедо, како и Бог го посакува нашето покајание и ни вика преку пророкот, говорејќи: „По се ова, обратете се кон Мене и Јас ќе ве излекувам“! Затоа е јасно дека оној што ќе умре без покајание не е христијанин, бидејќи не верува во воскресението, ниту во Света Троица. За таков човек не треба да се бара свештеник, ниту за него да се примаат приноси во Црквата. Ако, пак, е жив и ти рече: „Не сум го научил добро законот Божји и не сум ја разбрал добро христијанската вера, тогаш научи го, велејќи му вака:

Слушај чедо, и разбери добро: Бог е еден. Он ја создал сета твар. Бог нема почеток од никаде, туку самиот Он е почеток на сѐ, Он Го има во Себе Словото, Кое е собеспочетно, и по Својата природа е совечно, безвремено, бесконечно, безлетно, сопрестолно на Отецот и на Пресветиот Дух, кои заедно се именуваат Пресвета Троица: Отецот, и Синот и Светиот Дух - три едносуштни Ипостаси во едно Божество. Словото, пак, Божјо, Кој е Бог од Отецот, заради наше спасение Својата божествена природа ја облече во тело, откако се зачна бессемено во Пресветата Дева од Светиот Дух и стана двоен по природа - истовремено и Бог и човек. Словото доброволно стана учесник во нашите страдања. Доброволно прими распнување и смрт, воскресна во третиот ден, се вознесе на небесата и седи оддесно на Отецот; и пак ќе дојде од небото, за да им суди на живите и на мртвите, и секому да му даде според неговите дела. Ете зошто, слушајќи за овој страшен суд кој ќе биде извршен и за овие страшни маки, му веруваме на (Светото) Писмото и се крштаваме во Света Троица - во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Но ние повторно ги измиваме нашите гревови, што сме ги направиле по Крштението, кога преку покајание се исповедаме пред Бога, Кој ги знае сите наши гревови по име, и Кој ги знае и нашите помисли. Он им заповедал на црковните свештеници, во Негово име да ги олеснуваат нашите тегоби, како што рече апостолот: “Тие бдеат за вашите души, бидејќи ќе даваат одговор за вас“.

Затоа, оној што сака да се исповеда, должен е да говори вака: „Прво, за сведок на моите дела Го поставувам Бога, и тебе, отче. Се исповедам пред тебе, отче, зашто не можам да добијам исцеленија на мојата рана, која гние во моето срце непрестајно, ако Црквата не ми даде повторно обновување“.

А свештеникот му вели: „Не срамувај се од човечко лице, и не скривај ништо од она што е во тебе, бидејќи сѐ е голо пред очите Божји. Оти никој нема да се излекува, ако ја крие својата болка од лекарот и не му ја покажува. Но ако болниот ревносно побара лекар, најпосле ќе добие олеснување на својата болка“.

Оној што сака да се исповеда, нека говори вака: „Се исповедам прво пред Бога Седржителот и пред тебе, отче, за сите мои безбројни гревови, оние што ги знам и оние што не ги знам, волни и неволни, на сон или буден, и со пијанство, прелажан од лошиот враг, готов да се оддадам на блуд и прељуба, на разбојништва, на детеубиства, на кражби, на пијанство, на клевети, на кавги, на бесрамни игри, непристојни забави, расправии, прекршување на заклетви, на вражање, гатање, суеверие за лоша средба, похотни погледи кон туѓо лице, лажна клетва, грабање на туѓ имот. Од сето тоа се одрекувам: од она што не се сеќавам, што сум извршил со знаење или незнаење, своеволно или неволно, обземен од похота, во гнев или воздржување. Не можам да го скријам она што Бог секогаш го гледа. Не можам да го затајам она што Он јасно ќе го открие. Оти никој (слуга), кој украл нешто од својот господар и го затајува, нема да прими прошка. Но ако си признае и го помоли својот господар да му бидат покриени (со заборав) неговите (лоши) дела, ќе биде помилуван. Затоа и јас барам милост од Бога и те молам, отче, да ми дадеш заповед според моите лоши дела, за да се издигнам од бездната на моите беззаконија и пак да се обновам“.

Чедо, нека не им биде тешко да се покајат на оние што сакаат, ако Црквата ги одлачила за кратко време да бидат надвор од неа, зашто таков устав ѝ е предаден од Бога, од светите апостоли и од преподобните отци - та откако ќе се очистиме како што треба, да бидеме достојни да се причестиме со телото и крвта на Господа, оти така нѐ учи и светиот апостол Павле, кога вели: „Ако некој недостојно ги прима телото и крвта Господови, тогаш тој прима грев на себе, бидејќи не го разликува телото Господово“. А и Самиот Господ рече: „Мојата светиња не давајте ја на кучиња“. Затоа да не стануваме робови на телесни похоти, туку да стекнуваме душевни подвизи и плодови, и доброволно да се противиме на телесните наслади, зашто ниедна телесна болест не може да се излекува, ако човек постојано се пијани и прејадува. Но ако некој цврсто се воздржува од сѐ ова, тој набргу ќе прими олеснување. И како што гревот ни се причинува сладок кога го правиме, а потоа ја покажува својата горчина, така и покајниот пост, за кратко време ни се прикажува како тежок, но донесува радосни плодови за вечноста. Оти и апостолот вели: „Со многу маки треба да влеземе во Царството небесно“. Така рече и нашиот Господ Исус: „Царството Божјо се зема насила и силните го грабаат“. И пак рече: „Трудете се да влезете низ тесните врати кои водат во вечен живот, и малцина се оние што го наоѓаат“ А ете ги делата на тесните врати и на мачниот пат: гладување, жед, на земја лежење, клањање, малку спиење, смирение, послушание, трпење навреди, љубов кон бедните, гостопримство, срдечно редење и пролевање солзи, оти без плач не е можно да се покаеме. А вистинско покајание е кога еднаш веќе сме се откажале од гревовите, повеќе да не се враќаме на нив. А оној што пак ќе се врати на нив, тој е сличен на куче кое се враќа на своите блујавици, или на свиња која, откако ќе се измие, пак се враќа во калта. А ние, чеда, откако ќе ги стекнеме добрите дела, да го следиме примерот на древниот блуден син, кој со покајание си ги отвори вратите на Царството (небесно), на древниот разбојник, на древната блудница, на древниот митар, кој штом еднаш отстапи од злото, повеќе не се врати на него.

Затоа и ти, чедо, наместо раскошна храна, јади сува храна; наместо вино - пиј вода; наместо смеа - пролевај солзи; наместо да бидеш горделив - смирувај се; наместо да спиеш на мека постела - спиј на тврда постела; наместо да бидеш кавгаџија - биди миротворец; наместо инаетчија - биди кроток и љубезен; наместо ограбувач - раздавај од твојот имот; наместо да ги онеправдуваш другите - со љубов помагај им на бедните; наместо крадец - биди гостопримлив; наместо блудољубец - биди чистољубец; наместо сквернољубец и вражалец - биди богољубец. И ако се покаеш така, ќе бидеш чедо на светлината и на денот. Ако врвиш по овие патишта, лесно ќе влезеш во рајот. Оти Господ рече: „Бидете секогаш подготвени, зашто не го знаете денот и часот, во којшто ќе дојде крајот“.

Затоа, чеда, да не се плашиме од тешкотиите кога сакаме да се покаеме, оти не знаеме до кога ќе бидеме живи. Ако смртниот час нѐ затече во гревови, тогаш зошто сме се родиле? Но да побрзаме што поскоро да се ослободиме од бремето на нашите гревови, та при воскресението, кога ќе бидеме грабнати на облаците, светли да Го пресретнеме Господа, кога ќе дојде од небото во славата на Својот Отец, за да им суди на живите и мртвите, и секому да му даде според неговите дела. Затоа Нему Му прилега секоја слава, чест и поклонение, заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и (секогаш и во вековите).

По ова влегуват во храмот. Оној што сака да се исповеда клекнува на колена со лицето кон земјата, а свештеникот ја изговара над него следнава молитва:

Господи, Боже семоќен, пред Тебе ќе ги исповедам сите мои гревови и сѐ што сум направил лошо, што сум изговорил, извршил или помислил, со збор или со дело, или со помисла. Сѐ што си спомнувам или не си спомнувам, што сум направил со знаење или незнаење, под принуда или без принуда, спиејќи или буден, со лоши клетви и лаги, со неправедни мисли, суета и празнословие, кога и да сум ги направил, како и сѐ излишно и лошо, извршено при јадење, пиење и во гревовно лежење. Те молам, Господи Боже мој, благоволи да ми дадеш живот и милост, за да не бидам посрамен пред Твоите очи, но уште на овој свет да се покајам за моите гревови и да примам прошка порди моето достојно покајание, според Твојата штедрост. Владико на сѐ, Господи, Троице Света, Семоќен Боже, биди ми Помошник и дај ми сила и мудрост, праведна мисла и добра волја, за да Ти служам со права вера. Самиот Ти, Господи, дојде на овој свет за да ги избавиш грешниците. Биди ми Спасител и избави ме! Господи Боже, Сине Божји, како што Ти сакаш, како што Ти љубиш, направи од мене Твој слуга, како што Тебе Ти е угодно. Да, Боже, благоволи да ми помогнеш мене - Твојот слуга. Само Ти знаеш, Господи, какви се моите неволи. На Твојата милост ѝ го предавам моето срце, и мојата мисла, и мојата љубов, и мојот живот, и моите гревови. Биди снисходлив кон моите зборови и кон моите дела! Господи, покажи ја Твојата милост кон мене - Твојот грешен слуга, и избави ме, Господи, од секое зло, сега и секогаш и во веки веков.