Вие, браќа, кои сега сакате да пристапите кон светите и страшни тајни, разберете мислено со каква светиња сакате да се причестите, од која од страв треперат и ангелските сили, херувимите, серафимите и сите небесни сили грозно се тресат, вознесувајќи духовна жртва горе на небесата. Имајќи го нивниот образ, сега свештениците стојат пред светата и страшна трпеза, на која лежи телото и крвта на Синот Божји и наш Спасител, кои го изобразуваат Господ наш Исус Христос. Зашто на овој ден Он вечераше со своите дванаесет ученици, и откако го прими лебот и го благослови, Му заблагодари на Бога - Неговиот Отец, го прекрши лебот и им даде на Своите ученици, велејќи: „Примете и јадете, ова е Моето тело, кое се прекршува за вас и за мнозина за прошка на гревоите“. Исто така и чашата, откако ја прими, говореше: „Ова е чашата на Новиот завет. Пијте од неа сите, ова е крвта Моја, која се пролева за вас и за мнозина за прошка на гревовите“. Разберете дека Он не рече само за апостолите, туку и за сите оние што веруваат во Него и ги пазат Неговите заповеди.

Затоа, браќа, откако ќе отфрлиме секаква злоба и лукави дела, од срце да го примиме чесното тело Христово и Неговата света крв, за прошка на гревовите, за осветување на душата и за вечен живот, и ќе бидеме во заедница со светите апостоли, за да го наследиме заедно со нив Царството небесно. Никој од вас да не мисли зло како Јуда, бидејќи тој вечераше со Христа, а мислеше да Го предаде; беше заедно со апостолите, а Го клеветеше на Евреите. Никој од нас да не го прима телото Христово без да се испита самиот себе, за да не јаде и да не пие за своја осуда, бидејќи вие не примате обичен леб и вино, туку вистинското тело Христово и Неговата крв. Зашто Он, знаејќи ја немоќта на нашиот род, дека никој не може да јаде месо и да пие крв, Своето тело го претвори во просфора (леб) и крвта Своја во вино, а не во нешто друго, кои на оваа света служба (Литургија) се претвораат. Затоа, браќа, без да се подготвиме, без да се покаеме за своите гревови, да не пристапуваме кон светото Тело и светата Крв како кон обична работа, туку имајќи љубов еден кон друг. Но пристапувајте вака: просветлени со чистота, украсени со вера и со љубов, правејќи се еден со друг поголем од себе. Зашто ова не го прави човек, туку Самиот Господ со Својата невидлива рака и со оваа страшна тајна нѐ прави заедничари со Себе, вселувајќи се во нас и правејќи нѐ учесници во Своето царство. Но ако небрежно и неочистени пристапувате и го примате телото Христово, бидејќи недостојни ни да го погледнете, како што некогаш постапи Јуда и падна во неизлечива болест, тогаш ќе бидете виновни и ќе бидете предадени на вечна мака.

Затоа ве молам, браќа, и ве повикувам, да не се правиме противници на Бога со својата небрежност и грубост, туку секој ден и ноќ да се поучуваме да го правиме она што Му е угодно на Бога, оддалечувајќи се од гревот, чистејќи се со пост и молитви, та и овде добро да поживееме, но и на идниот Страшен суд да застанеме од десната страна на престолот Божји. Ако такви останеме, таков повик и ќе слушнеме. Но ако со своето празноверие остануваме во своите нечистотии и се преправаме дека сме верни, и со верните се причестуваме со пречистото тело Христово, тогаш на себе го навлекуваме гневот Божји. Но треба добро да се поучиме и од ова: Кој смее со нечисти раце да го прегрне царот, или земниот господар, и како ќе го целива, ако целиот е осквернет? Па ако не смееме кон таквите да пристапиме неочистени, тогаш како можеме да пристапиме кон небесниот Цар и да го допреме Неговото тело и крв, без да си ги очистиме гревовите со покајание, пост и солзи, како и со милостина, та преку неа да Ја примиме и милоста Божја?

Затоа, браќа, наша должност е да ви говориме и да ве поучуваме, а на вас останува да извршувате или да не извршувате. Впрочем, секој од нас треба да си го носи своето бреме, и тоа што ќе посееме, тоа и ќе жнееме, и секој од нас ќе даде одговор за својот живот таму, пред Бога. И тогаш, или ќе се прославиме, или ќе се посрамиме. Таму сите ќе застанеме пред Него рамни: робовите и слободните, царевите и сиромасите, богатите и бедните, мажите и жените. Секој ќе прими според своите дела, каде што Судијата не гледа на лице, ниту прима поткуп. Но сите ние, кои сега со вера се причестивме со светите тајни, да Ја примиме Божјата милост и радосно да го дочекаме Христовото воскресение, славејќи Ја Света Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух.

---

(Скалигеров препис)

 Браќа, вие кои сега сакате да пристапите и да се причстите со светата и страшна тајна, разберете разумно кон каква светиња пристапувате, зашто пред неа треперат ангелите и силите, херувимите и серафимите, и сите чинови ангелски грозно се тресат, вознесувајќи духовна жртва горе на небесата. Имајќи го нивниот образ (односно нив претставувајќи ги), сега свештениците стојат пред страшната трпеза, каде што сега лежи телото и крвта на Синот Божји, нашиот Господ, Кој заради нас доброволно го даде Своето тело и крв, сакајќи да нѐ направи и нас заедничари со Себе. Знаејќи ја немоќта на нашиот род - дека човек не може да јаде крваво месо, ниту да пие крв, Своето тело го претвори во света просфора (леб), и Својата крв - во вино, над кои сега се извршува оваа света тајна. Не треба, браќа, поради небрежност овде, и непочитување еден со друг, да пристапуваме како кон обична служба, без да се очистиме од знајните и незнајните гревови. Пристапувајте вака: просветлени со чистота и со трезвеност, и натпреварувајќи се еден со друг со љубов и со вера, бидејќи овие работи не ги прави човек, туку Самиот Бог со Својата невидлива рака и со оваа страшна тајна нѐ прави заедничари со Себе, се вселува во нас, правејќи нѐ учесници во Своето царство. Оној што не се очистува, и другите не ги почитува, тој недостоен пристапува и го прима телото Божјо, што не смее ни да го погледне, како што некогаш направи Јуда. Таквите ќе паднат во неизлечиви болести, и ќе бидат во вечна мака.

Затоа ве молам, браќа, и ве повикувам, да не бидеме небрежни и груби, како и противниците на Бога, туку чистејќи се дење и ноќе, да побрзаме и овде да поживееме добро, и на Страшниот суд да застанеме од десната страна на престолот Божји. А такви ќе останеме ако бидеме онакви какви што Он заповеда да бидеме. Ако, пак, остануваме во својата нечистотија и се осквернуваме, правејќи се дека сме верни и со верните се причестуваме со телото Божјо, тогаш нема ли сами на себе да го навлечеме гневот Божји? Затоа е добро ова да го разбереме уште отсега. Кој од нас смее со нечисти раце да го прегрне царот, или земниот господар, или опиен со вино и со сите скверни да го целива? Тогаш, ако на таквите не смееме да им пристапиме вака, како ќе можеме да пристапиме и да се допреме до небесниот Цар, без да се очистиме?

Затоа, браќа, наша должност е да ви зборуваме, а ваше е да творите или да не творите. Впрочем, секој од нас треба да си го носи своето бреме, и да даде одговор таму, каде што сите ќе застанеме еднакво: цареви и сиромаси, каде што ќе седне Непогрешливиот Судија, и секому ќе му даде според неговите дела. Зашто Нему му прилега слава, сега и секогаш.

---

(кратка редакција)

Вие, браќа, кои сакате сега да пристапите кон светите и страшни тајни, разумно разберете со каква тајна сакате да се причестите, од која поради страв треперат и ангелските сили, херувимите и серафимите, и сите ангелски чинови, грозно се тресат, вознесувајќи духовна жртва горе на небесата.

Имајќи го нивниот образ (односно изобразувајќи ги нив таинствено), сега свештениците стојат пред оваа страшна трпеза, на којашто пред нив лежи телото и крвта на Синот Божји - нашиот Господ, Кој доброволно заради нас го принесе Своето тело и крв, сакајќи и нас да нѐ направи заедничари со Себе. Знаејќи ја немоќта на нашиот род, дека никој не може да јаде крваво месо, ниту крв да пие, Своето тело го претвори во света просфора (леб), и крвта - во вино, над кои сега се извршува оваа голема тајна. Браќа, не треба поради небрежност и непочитување еден со друг, да пристапуваме како кон обична работа, без да се очистиме од гревовите што ги знаеме. Но пристапувајте вака: просветлени со чистота и со трезвеност украсени, натпреварувајќи се еден со друг со љубов.

Бидејќи овие работи не ги прави човек, туку Бог со Својата невидлива рака, Кој со оваа страшна тајна нѐ прави заедничари со Себе. Он се вселува во нас и нѐ прави учесници во Своето царство. Оној, пак, што не се очистува и другите не ги почитува, тој недостоен пристапува и го прима телото Божјо, што не смее ни да го погледне, како што некогаш направи Јуда. Таквите ќе паднат во неизлечиви болести, и ќе бидат во вечна мака.

Затоа ве молам, браќа, со небрежност и грубост да не се правиме противници на Бога, туку дење и ноќе да брзаме да се поучуваме, та и овде да поживееме добро, а и на Страшниот суд да се покажеме од десната страна на престолот Божји. Нему слава!

---

ПОУКА ПРЕД ПРИЧЕСТУВАЊЕ

Потребно е, браќа, да испитаме и да помниме како ние бевме создадени според образот на Бога со Неговите раце, и како бевме овенчани со неискажлива слава, и како станавме непослушни, прелажани од ѓаволот, и ја загубивме боготкаената облека на нашето тело, како паднавме во смрт и во ропство, откако Го заборавивме Единствениот наш Бог, Кој ги створи земјата и целото создание. И како ние им се поклонувавме во својата злоба на сонцето и на месечината, кои, исто како и ние, се создадени од Господа. Зашто сонцето и месечината се создадени да ни служат нам и да ни светат дење и ноќе. Заради нас се создадени од Бога и водата и огнот, за да ни служат и да нѐ хранат, а не да ги имаме наместо Бога. Оти човек не може да се храни без вода и без оган.

Затоа, браќа мои, должни сме да славиме едно Божество во три Ипостаси - Отецот и Синот и Светиот Дух, од Кого е сѐ што дише, и од Кого доаѓа секој совршен дар одозгора. Тој не бара ништо од нас, туку само нашата добра волја и чистота. Ако ли паднеме во некаков грев, прелажани од ѓаволот, да се освестиме и пак да се вратиме назад, и со покајание да ги измиеме од нас нашите срамни дела. Оти не е доволно, браќа, само на збор да се именуваме христијани, а не и на дело! Но да Му го покажеме на Бога нашето чисто живеење, достојно на светоста, воздржувајќи се од секакво зло, од кражби, од разбојништва, од пијанство, од клевети, од гнев, бидејќи поради таквите дела гневот Божји доаѓа врз нас, или со глад, или со слана, или со помори, или со тешки болести, или со секакви тешки неволи и тешки жалости.

Затоа ви се молам, браќа, да ги оставиме сите лоши дела, со кои го наведуваме на нас гневот Божји и, откако ќе се отрезниме, така да пристапиме кон причестување со пречистото тело Божјо, бидејќи не примаме обичен леб, ниту обично вино, туку самото тело Божјо и чесната крв Божја. Зашто Бог, гледајќи дека човечкиот род не може да јаде крваво месо, ниту да пие крв, Своето тело го претвори во леб и крвта Своја во вино, кои се осветуваат на светата служба (Литургија). Затоа треба да пристапуваме со страв и трепет, откако ќе се очистиме од секаква похота телесна и духовна, и со чисти усти да го примиме телото Божјо, за здравје на телото и за спасение на душата. Ако, пак, неочистени ги примаме овие свети тајни, без да ги исповедаме своите гревови, тогаш грев на себе примаме. Затоа браќа, ви се молам, да се потрудиме овој смртен живот да го минеме на начин, така што живеејќи во него и придржувајќи се на Неговите заповеди, да го најдеме оној вечен живот и неискажливата радост, каде што е вечното царство, каде што нема страдања, ни жалост. А како ќе се подвизаваме ако не ги исповедаме гревовите достојно, а потоа и давајќи милостина, примајќи странци, нахранувајќи гладни, напојувајќи жедни, облекувајќи необлечени, помагајќи ги црквите, со добри дела украсувајќи се, со вистинска љубов сакајќи се и со љубов правејќи се еден од друг поголем, славејќи Го единствениот Бог во три Ипостаси, Кому нека е слава, сега и секогаш...