(првична редакција)

Дојдете, пријатели, браќа, возљубено стадо Христово, да ви кажам уште нешто за овој свет пост, од кој веќе изминаа две недели. Овој пост претставува десетти дел од целата година. Затоа, браќа, ние треба секоја година да Му го даваме овој чист десеток на Бога, Кој ни дава живот и Кој бдее над нас со Својата добрина. Така постапуваа и оние мажи што ние ги именуваме свети. Господ Бог ги прослави нив по целата земја, бидејќи тие ги запазија Неговите заповеди. Кои се тие (свети мажи)?

Прв постеше Енох, и затоа беше земен на небото со телото, и досега е жив.

Потоа постеше Ное, затоа беше спасен од сесветскиот потоп, заедно со децата кои се беа родиле од него. Од неговото племе е сегашниов свет.

Исто така, постеше и Авраам, и затоа беше наречен пријател Божји, и стана родоначалник на сите пророци и патријарси и отци, и татко на сите други.

И Мојсеј, откако се очисти со пост, разговараше со Бога лице во лице, и неговото лице светна како сонце.

Постеше и пророк Илија, и оган од небото приведе на жртвата, и од Бога испроси дожд за жедните луѓе.

И пророк Даниил со пост ги скроти лавовите и беше наречен ʻсакан мажʼ.

И во Новиот завет на Господа мнозина се осветија и се спасија преку постот. Нивните имиња не би можеле да се испишат ни во сите книги во светот. Само Бог ги знае Своите угодници. Но некој ќе си рече во себе: тие биле свети, тие биле крепки, а ние сме немоќни и слаби. Макар да сме и немоќни и слаби, но барем да Му го дадеме чист десеттиот дел, што Самиот Господ Бог го бара од нас. Годината има триста шеесет и пет дена, а од сите нив само овие денови Господ ги нарекува Свој десеток. Вие самите добро го знаете тоа, а јас ќе им го објаснам на децата и на новопросветлените (новокрстените): имаме триесет и шест дена од триста и шеесет дни. Од нив, пак, да ги издвоиме саботата и неделата. Тие се Господови празници: едната заради одморот при Божјите дела, а другата - заради воскресението на Господа. На нивно место да додадеме други 12, дена, за да не биде оштетен десетокот Божји со пет дена. Но нека се додаде во постот и половината од денот на Велика сабота. Откако го обмислија ова, светите отци наредија да се пости во таа сабота до доцна вечерта. Сите овие седум недели се десетокот Божји. И, ако не ги дадеме чисто, што ќе Му одговориме на Бога? Како ли ќе примиме прошка за гревовите, ако секогаш се оддаваме на прејадување и пијанство, на лакомство и на други похоти. Престапувањето на Законот стана поради невоздржување. Со престапот смртта влезе во светот, зашто Адам не го запази чист постот, што му беше нареден од Бога, и прими телесна смрт. А ние, ако и по толку кажувања не можеме чисто да ги запазиме сите посни денови, тогаш со духовна смрт ќе умреме. Оти смртта на душата е вечна мака, како што рече апостол Павле: „Вдовицата, која живеела распуштено, уште при животот умрела“.

И самите вие знаете колку Му беше мил на Бога израилскиот народ, когошто по суво го преведе преку Црвеното Море, и од небото му испрати манна, и сред него направи бројни чудеса, говорејќи: „Израил е мојот првенец син“. Но и покрај тоа, Бог не ги поштеди кога тие не постеа. Мојсеј им говореше од името на Бога: постете четириесет дена, а тие постеа само дваесет дена, и седнаа да јадат и да пијат, и станаа да играат, и блудствуваа. И гневот Божји се излеа врз нив, и лошо умреа дваесет и две илјади души, а другите ги изгоре огнот. Поради лакомство и сластољубие тие беа замразени. А што ќе стане со вас, кои сте постеле само една седмица и пак се грижите за лакомството? Но, ве молам браќа, не лажете се гледајќи како некои живеат без страв Божји и повеќе се грижат за телото, отколку за душата. Тие не Му служат на Бога, туку на својот стомак. Со лажни зборови ги мамат срцата на незлобивите. Нивниот крај е погибел.

Затоа, браќа, како што започнавте да постите од првиот ден, така правете и до Воскресението Господово. Јас не принудувам никого да пости преку неговите сили, туку секој колку што може. Само не предавајте им се на своите слабости. Оставете ги целосно зависта и клеветите, за да не Го молите Бога со половина тело, а со другата половина да Го гневите. Но откако ќе се оддалечите од гневот, од јароста, од кавгите и од секаква неправда, со трпение да ја придобивате вашата награда од Исуса Христа, нашиот Господ, Кому нека е слава во вековите. Амин.

---

(втора редакција)

Дојдете, возљубени пријатели, браќа и сестри, странци и дојденци, возљубено и верно стадо Христово, да ви дадам уште една обична поука, пак да слушнете што е речено за светиот пост. Ете, веќе минаа две недели од постот. Овој пост е десеттиот дел од целата година. Затоа е потребно духовниот десеток чист да Му го предадеме на Бога. Како што правеа порано и оние свети луѓе, кои даваа десеток не само од имотот, туку го исполнија и духовниот десеток со пост и молитви, со покајание и со милостина, и нашиот Господ Бог ги прослави на небото и на земјата, бидејќи тие ја исполнија Неговата волја.

Прво постеше Енох, и беше земен на небото со тело, и е жив досега. Постеше и Ное, и беше избавен од потопот заедно со децата што се беа родиле од него. Од неговото племе е сегашниов свет.

Исто така, постеше и Авраам, и се нарече пријател Божји и стана татко на сите пророци и патријарси.

Со пост се очисти Мојсеј и разговараше со Бога лице во лице, и неговото лице светна како сонце.

Постеше и Илија, и изведе оган од небото, и испроси од Бога дожд за народот.

А Даниил, со пост ги скроти лавовите и беше наречен ʻсакан мажʼ.

Постеше и Исус Навин, и ги победи иноплемениците и го запре текот на сонцето.

И трите момчиња, фрлени во огнената печка, со пост и молитва го изгаснаа огнот.

Постеа и Ниневјаните, и гневот Божји го претворија во кроткост.

Мнозина и во Новиот завет се осветија со пост и молитва и смирение и милостина.

А постот без смирение е како куќа без кров, и како сад без дно, кој не задржува вода. Таков е и постот без смирение. Да се пости, а да не се дава милостина, малку ползува. Мнозина се спасија со пост и молитва, и нивните имиња не можат да ги соберат сите книги во целиот свет: само Бог ги знае Своите угодници. Но ќе речете: тие светци беа крепки, а ние сме слаби и не можеме колената да си ги преклонуваме. Тогаш барем да го дадеме чист десетокот што Самиот наш Господ Бог го бара од нас. Годината има триста шеесет и пет дена. Дел од сите овие денови Бог го нарече Свој десеток. Некои од вас го знаат тоа добро, но јас ќе го појаснам ова за новопросветлените (новокрстените) луѓе. Извадете триесет и шест дена од триста и шеесет. Од нив, пак, да ги издвоиме саботата и неделата. Тие се Господови празници: едната заради одморот при Божјите дела, а другата - заради воскресението на Господа. На нивно место да додадеме други 12, дена, за да не биде оштетен десетокот Божји со пет дена. Но нека се додаде во постот и половината од денот на Велика сабота. Откако го обмислија ова, светите отци наредија да се пости во таа сабота до доцна вечерта, бидејќи Христос уште лежеше во гробот во таа сабота. Сите овие седум недели се десетокот Божји. И ако не ги дадеме чисто, што ќе му одговориме на Бога? Како ли ќе примиме прошка на гревовите, ако секогаш се оддаваме на прејадување и пијанство, на лакомство и на други похоти. Престапувањето на Законот стана поради невоздржување. Со престапот смртта влезе во светот, зашто Адам не го запази чист постот, што му беше нареден од Бога, и прими телесна смрт. А ние, ако и по толку кажувања не можеме чисто да ги запазиме сите посни денови, тогаш со духовна смрт ќе умреме. Оти смртта на душата е вечна мака. Има две умирања и две воскресенија, како што рече апсотол Павле: „Вдовицата, која живеела распуштено, уште при животот умрела“.

И самите вие знаете колку Му беше мил на Бога израилскиот народ, што по суво го преведе преку Црвеното Море, и од небото му испрати манна, и сред него направи бројни чудеса, говорејќи: „Израил е мојот првенец син“. Но и покрај тоа, Бог не ги поштеди кога тие не постеа. Мојсеј им говореше од името на Бога: постете четириесет дена, а тие постеа само дваесет дена, и седнаа да јадат и да пијат. И гневот Божји се излеа врз нив, и лошо умреа дваесет и две илјади души, а другите ги изгоре огнот, поради невоздржувањето. А каква полза ќе имаме, ако сме постеле само една недела и потоа пак сме почнале да му угодуваме на телото и да вршиме неправда?

Но, ве молам браќа, не лажете се гледајќи како некои живеат без страв Божји и не се грижат за душата. Тие не Му служат на Бога, туку на својот стомак. Нивниот крај е погибел, а по смртта - вечна мака.

О, браќа, ве молам, како што почнавте да постите од првиот ден, така правете и до Воскресението Господово. Никого од вас не го терам да пости повеќе од своите сили, туку секој според својата сила. Но не предавајте им се на своите слабости, на гнев и завист; отфрлете ја клетвата, а како што рече апостолот: „Имајте меѓу себе мир и љубов со светост“. Оти, таму каде што има многу пијанство и прејадување, таму има и свинско живеење. Но секој што пости, нека отстрани од себе секаква јарост и кавга и неправда. Во трпение заработете ја својата награда, и со чиста совест причестете се со светите Тајни. Оти, оној што нема да се причести, за него ќе биде глад за душата. Затоа, верни, дајте ѝ на душата духовна храна, а на телото - телесна. Немој да го храниш само телото, туку и душата не оставај ја гладна, лишена од дарот Божји, но храни ја со светата Причесна.

На нашиот Бог нека Му е слава, сега и секогаш и во веки..