Браќа, откако ги преполовивме овие свети посни денови, да се зарадуваме духовно, поклонувјќи се на Чесниот крст и, откако се насладивме од него, да се подвизаваме и во текот на другите денови до Христовите страдања, чистејќи си ги телата и душите, просветлувајќи се со пречистите молитви, и да стигнеме непорочни до Воскресението Господово.

Ете, нашиот Господ Бог нѐ повикува на светла радост, држејќи ги небесните венци за оние што гладувале и жеднееле, и се труделе во бдеењето и во духовниот подвиг. Во текот на овој пост не треба да се лишиме од таа неискажлива радост и од тие нераспадливи венци, поради оваа мала мрзливост и угодување на стомакот. Она со коешто ние си го насладуваме грлото за кратко време, потоа се покажува погорчливо и од жолчка. Сакајќи да нѐ предупреди за ова, апостолот Павле говори: „Да не ве искушува ѓаволот со јадење и пиење до пренаситеност“. И пак вели тој: „Не опивајте се со вино, бидејќи во него нема спасение“. И Самиот Господ ни забранува, говорејќи: „Пазете се, вашите срца да не бидат претоварени со прејадување и пијанство, и грижи за овој свет“. И светите отци нѐ советуваат за ова, велејќи: „Ако вчера си бил љубител на изобилна трпеза, тогаш покажи се денес како силен испосник; ако вчера си бил угодник на телото, денес покажи се просветител на душата. Не треба, браќа, да бидеме христијани само на збор, туку да покажеме и добри дела, за да не ни рече Господ Бог: ʻОвие луѓе Ме почитуваат со устите, а срцата нивни се далеку од Менеʼ. Навистина, така ве гледаме!“ Ако некое писмо од земен кнез дојде до неговите подвластени граѓани, тогаш сите го примаат со страв и, откако ќе го слушнат, ги исполнуваат неговите наредби. Иако Бог секој ден нѐ повикува при Себе преку пророците, апостолите и светите отци, и дури со Својата уста, преку светото Евангелие нѐ повикува кон незаодната светлина, и на радост бесконечна во Царството небесно, што го приготвил за оние што ја исполнуваат Неговата волја, сепак нема кој да Го послуша, да пријде кон Него, ниту да ја извршува Неговата волја.

Ја гледате ли, браќа, љубовта Божја кон нас, како Он не истрпе да нѐ гледа нас поробени на ѓаволот, принесувајќи жртви на бездушни идоли. Зашто нивните срца беа толку ослепени од ѓаволот, што едни им ги жртвуваа своите синови, а други - своите ќерки. И, не поднесувајќи го сето ова, нашиот Господ Бог дојде на земјата, за да нѐ обожи нас земните, и пак да нѐ возведе на небото. Заради тоа Он се крсти, давајќи ни пример и за нашето крштение. И, ете, пак го обновува крштението со овој свет пост, та ние, кои сме згрешиле по крштавањето, да можеме преку него пак да се очистиме.

Затоа, откако ќе се препашеме крепко со воздржување, да се подвизуваме и во другата половина од овие посни денови. Ако, пак, сте ги минале во мрзливост, тогаш барем отсега натаму да ги завршите богоугодно. Да не ви биде тешко да одите во црква заради Божјото дело; да го слушате во неа Светото писмо и да правите добро, за да ви се освети душата, и да ви се запази телото преку Бога.

Браќа, стоејќи во црквата, да не говорите ништо и со никого, за да не ја загубите својата награда, бидејќи оној што разговара во храмот со некој друг, тогаш му приредува радост на ѓаволот. Ова разберете го од следниов пример: кога луѓето ќе застанат пред некој земен цар, тогаш никој не се осмелува да каже празен збор, ниту со очите да гледа на друга страна, ниту да го допира. Па ако ние ги почитуваме земните цареви и се плашиме од нив, а и тие се смртни луѓе како нас, не треба ли многу повеќе со страв и трепет да Го почитуваме Бога и да ја извршуваме Неговата волја? Зашто Он владее со нашата душа и тело; Он може да нѐ умртви и да нѐ оживее, да нѐ осиромаши и пак да нѐ збогати, како што говори Соломон: „Преку Мене, вели Бог, цареви царуваат, и началници управуваат со земјата.“ И „Јас ќе ги овенчам оние што Ме прославуваат Мене и Ме почитуваат“. Од Него да се боиме, Него со страв и трепет да Го славиме! Да ја разбереме црковната служба! Има ли нешто пострашно од тоа да видиш како Синот Божји го принесува Своето тело, преку лебот што го претвора во Свое тело, и преку Својата крв што ја пролдева за твоите гревови?

Затоа, со страв да пристапиме кон светите тајни и да ги примиме со чисти усти и со светло срце. Да уништиме секакво непријателство, и да стигнеме до светлото Христово Воскресение, и да се насладиме со таа радост. Овие, пак, посни денови - отсега па натаму, да ги запазиме чисто, и да не ви биде тешко да Му служите на Бога! Со љубов ве поттикнувам на добар подвиг, та во денот на општото Воскресение, да го слушнеме оној свет глас на Господа нашиот Бог, кој ги повикува праведните и говори: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, примете го Царството, приготвено за вас“,“ во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава во веки веков. Амин!