1. Милостивиот и штедар Бог, Кој очекува луѓето да се покајат, та сите да се спасат и да ја познаат вистината, зашто Он не му посакува смрт на грешникот, туку покајание и живот, макар и да е сосем оддаден на зло - не го остави човечкиот род да отпадне поради слабост, да подлегне на ѓаволска соблазна и да загине, туку во секоја година и време не престанува да ни прави многу добрини, како отпрвин, така и досега: најнапред преку патријарсите и отците, потоа преку пророците, а по нив - преку апостолите и мачениците, праведните мажи и учителите, избирајќи ги од овој многуметежен живот. Оти Господ ги знае своите, кои се Негови, како што рече: Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам и ги викам по име и тие одат по Мене и Јас им давам живот вечен. Тоа го направи и за нашиот род, кога ни го издигна овој учител што го просветли нашиот народ кој, поради слабост, а уште повеќе со ѓаволска измама, беше си го помрачил умот, па не сакаше да оди во светлината на Божјите заповеди. А неговото житие, макар и накусо раскажано, покажува каков беше тој, па кој сака, слушајќи го ова, да му стане подобен нему, примајќи ја бодроста и отфрлајќи ја мрзливоста, како што рече апостолот: „Угледајте се на мене, како и јас на Христа“.
2. Во градот Солун имаше еден маж од благороден род и богат, по име Лав, кој заземаше чин на друнгариј под власта на стратег. Тој беше благоверен и праведен, запазувајќи ги наполно сите Божји заповеди, како некогаш Јов. Живеејќи со својата сопруга родија седум деца, од кои најмалиот, седмиот, беше Константин Философ, нашиот наставник и учител. Кога го роди мајка му, го дадоа на доилка да го дои. Но детето никогаш не сакаше да фати туѓа дојка, освен мајкината, сѐ додека не беше надоено. А тоа беше по Божја промисла - детето издоено со чисто млеко, да биде добра фиданка од добар корен. Потоа, овие добри родители се договорија повеќе да не се состанат, воздржувајќи се меѓу себе, и така живееја во Господа како брат и сестра четиринаесет години и никако не го престапија овој завет сѐ додека не ги раздели смртта.
Кога дојде време таткото да оди на суд (Божји) , мајката плачеше над детето, велејќи: „За ништо друго не се грижам, освен за ова дете, како ќе се изгледа“. А тој ѝ рече: „Верувај ми, жено, се надевам на Бога дека Он ќе му даде таков татко и воспитувач, кој ги поучува сите христијани“. Така и стана.
3. Кога детето имаше седум години, сони сон, па им го раскажа на татка си и на мајка си, и им рече: „Стратегот ги собра сите девојки од нашиот град и им рече: ʻОдбери си една врсничка од нив, која сакаш, за сопруга и помошничкаʼ. А јас, откако ги погледнав и разгледав, видов една најубава од сите, со светло лице, мошне украсена со златни ѓердани и бисери и со секаков накит. Името и беше Софија, т.е. Премудрост. Ја одбрав неа“. Кога ги слушнаа овие зборови, неговите родители му рекоа: „Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај ја поуката од својата мајка,“ зашто заповедта е светилник и светлина на законот. На Премудроста, пак, кажи ѝ: ʻБиди ни сестраʼ, а мудроста направи ја своја роднина. Зашто Премудроста свети повеќе од сонцето и, ако ја земеш неа за сопруга, со неа ќе се спасиш од многу зла“.
Кога го дадоа на учење, тој со својот бистар ум напредуваше во науката повеќе од сите свои соученици, така што сите му се чудеа.
Еден ден, според обичајот на богатите синови да се забавуваат со лов, заедно со своите врсници излезе и тој во полето, земајќи го својот сокол. Кога го пушти, дувна ветер по Божја промисла, го грабна и го однесе. Од тоа момчето падна во тага и жал и два дена ништо не јадеше. Оти милостивиот Бог, со своето човекољубие, не сакајќи детето да се навикне на животни задоволства, лесно го улови, како што некогаш преку елен, за време лов, го улови Плакида, така и овој - преку сокол. Кога размисли за суетата на овој живот, се покаја и рече: „Таков ли е овој живот, та место радост во него има жалост? Од овој ден ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, а деновите свои нема да ги трошам во метежот на овој живот“.
Поучен од ова, седеше во својот дом, учејќи ги напамет книгите на свети Григориј Богослов. На ѕидот нацрта крстен знак и на свети Григориј му напиша ваква похвала: „О Григориј, човеку по тело и ангелу по душа! Иако си човек по тело, се покажа како ангел, зашто твојата уста, како еден од серафимите, Го прославува Бога и ја просветлува вселената со толкувањето на вистинската вера. Затоа и мене, што коленичам пред тебе со љубов и со вера, прими ме и биди ми учител и просветител!“ Така се молеше тој.
Кога се вдлабочи во многу слова (на св. Григориј Богослов) и во нивната голема мудрост, а не можејќи да ја разбере нивната длабока смисла, тој западна во голема тага. Таму, пак, имаше еден туѓинец кој беше опитен во граматиката и, кога отиде при него, падна пред нозете негови и го молеше да го упати добро во граматичката вештина. Но бидејќи овој беше го закопал својот талант (дар), му рече: „Момче, не мачи се. Заречен сум никого да не учам на ова, до крајот на мојот живот“. А момчето повторно го молеше со солзи, велејќи му: „Земи го сиот дел што ми припаѓа од домот на мојот татко, само научи ме“. Бидејќи овој не сакаше ни да го чуе, момчето отиде дома и ревносно се молеше да се исполни желбата на неговото срце.
Но Бог брзо ја исполнува желбата на оние што се бојат од Него. Царскиот управник, кој се именува логотет, кога слушна за неговите дарби, за неговата мудрост и прилежно учење, што беа здружени во него, испрати по него за да учи со царот. Кога момчето слушна за ова, со радост тргна на пат. И по патот клекнат се молеше, говорејќи: „Боже на нашите татковци и Господи на милоста, Кој си создал сѐ со Твоето Слово, и со Твојата Премудрост си го створил човекот да владее со Твоите созданија! Дарувај ми ја Премудроста што се наоѓа крај Твојот престол, за да ја разберам Твојата волја и да се спасам. Зашто јас сум Твојот слуга и син на Твојата слугинка“. Кога ја изговори до крај оваа Соломонова молитва, стана и рече: Амин!
4. Кога дојде во Цариград, го дадоа на учител да се учи. Откако за три месеци ја изучи граматиката, се зафати и за други науки. Ги изучи Хомер и геометријата, а кај Лав и Фотиј - дијалектиката и сите философски науки, а освен тоа и реториката, аритметиката, астрономијата, музиката, како и сите други елински вештини. Така овладеа со сите, небаре учел само една од нив. Зашто брзината се здружи со прилежноста, натпреварувајќи се една со друга, со што се постигнува знаење и умеење. Но уште повеќе од неговата ученост, од неговиот лик зрачеше благост; разговараше со оние од кои можеше да извлече нешто полезно, а ги одбегнуваше оние што паѓаат во зло; гледаше и правеше само едно: како да го придобие небесното наместо земното, да се ослободи од ова тело и да живее со Бога.
Кога виде дека е таков, логотетот му даде власт над целиот свој дом и му дозволи слободно да влегува во царската палата. Еднаш го праша: „Философе, би сакал да знам што е тоа философија?“ А овој, со својот брз ум одговори веднаш: „Познавање на Божјите и на човечките работи, колку човек може да се доближи до Бога и како, со дела, да биде образ и подобие на Оној што го создал“. Поради тоа го засака уште повеќе и секогаш го прашуваше за сѐ, овој толку голем и чесен маж. Тој (Константин) му ја откри философската наука, кажувајќи му голема мудрост со малку зборови.
Така тој живееше во чистота и колку повеќе Му угодуваше на Бога, толку повеќе беше сакан од сите, така што мнозина имаа голема желба да се дружат со него и, според своите сили, ревносно да го примаат неговиот добродетелен живот според Бога. И логотетот со почит му укажуваше секаква чест и му даваше многу злато, но тој не земаше. Еднаш му рече: „Твојата убавина и мудрост ме тераат да те сакам совршено. Ете, јас имам духовна ќерка, што ја држев при крштавањето, убава и богата, од добар и голем род. Ако сакаш, ќе ти ја дадам за сопруга. Од царот сега ќе примиш голема чест и кнежевство, а во иднина очекувај и повеќе: наскоро ќе станеш стратег“. Философот му одговори и рече: „Овој дар е навистина голем, но за оние што го бараат, а за мене нема ништо поголемо од учењето. Преку него ќе ја придобијам мудроста и ќе ги побарам прародителската чест и богатство“. Кога го чу неговиот одговор, логотетот отиде кај царот и му рече: „Овој млад философ не го сака овој живот; да не го пуштаме од нашава средина, туку да го потстрижеме и да го дадеме на духовна служба, да биде библиотекар кај патријархот во Света Софија, та можеби така ќе го задржиме“. Така и сторија со него.
Откако на таа должност остана малку време, тој се повлече крај Тесното Море (Босфор) и тајно се скри во манастир. Го бараа шест месеци и одвај го најдоа. Бидејќи не можеа да го принудат да се врати на таа должност, го замолија да ја прими учителската катедра и да предава философија на домородни и туѓинци со сите соодветни обврски и примања. Тој го прифати тоа.
5. Во тоа време цариградскиот патријарх Јован беше покренал иконоборечка ерес во Цариград, велејќи дека не треба да им се оддава почит на иконите. Свикаа собор, го осудија дека учи погрешно и го симнаа од престолот. Но тој рече: „Со сила ме истераа, но не ме убедија, зашто никој не може да се спротивстави на моите зборови“. Тогаш царот се посоветува со патрициите и го испрати Философот против Јован, велејќи му го ова: „Ако можеш да го победиш ова момче, пак ќе го добиеш својот престол“. А тој, гледајќи го Философот млад на изглед, а не знаејќи ја зрелоста на неговиот ум, им рече и на оние што беа испратени со него: „Вие не сте достојни ни за моето подножје, и како јас ќе се препирам со вас?“ А Философот му рече: „Не суди по човечки, туку гледај ги Божјите заповеди; оти, како што си ти создаден од Бога од земја и од душа, така и сите ние. Затоа, човече, гледај кон земјата и не биди горделив“ А Јован возврати пак: „Не приличи да се бара цвеќе наесен, ниту старец да се предизвикува на борба, како некое си момче Нестор“. Философот, пак, му одговори: „Ти самиот зборуваш против себеси. Кажи ни на која возраст душата е посилна од телото“ Тој одговори: „На старост“. А Философот рече: „На каква борба те тераме? На телесна или на духовна?“ Тој рече: „На духовна“. Тогаш Философот му одговори: „Според тоа, сега ти треба да бидеш посилен, затоа не кажувај ни такви приказни, оти не бараме цвеќе кога не е време, ниту те тераме на борба“.
Вака осрамотен, старецот го сврте разговорот на друга страна и рече: „Кажи ми, момче, зошто не се клањаме на Крстот и не го целиваме кога е тој скршен, а вие не се срамите да почитувате една икона дури и тогаш кога е насликана до градите?“ Философот одговори: „Крстот има четири дела и ако нема еден негов дел, тој веќе ја губи својата форма; а иконата само со лицето го покажува образот и подобието на оној што е насликан. Оној што ја гледа, нема да види ниту лице на лав, ниту на рис, туку го гледа ликот на првообразот“. Старецот пак рече: „А зошто се клањаме на крст без натпис, кога има и други крстови, а не оддаваат почит на една икона, ако на неа не е напишано името на оној чијшто образ е насликан?“ Философот одговори: „Затоа што секој крст има форма на Христовиот крст, додека сите икони немаат иста форма“. Старецот повторно возврати: „Кога Бог веќе му заповедал на Мојсеј да не прави секаков лик, зошто вие правите такви ликови и им се клањате?“ На тоа Философот одговори: „Ако Бог беше рекол ʻне прави никаков ликʼ ти би имал право; но Он рекол: ʻНе секаковʼ, т.е. (не прави) недостоен лик“. Не можејќи да одговори на ова, старецот се засрами и замолкна.
6. По ова Агарените, наречени Сарацени, почнаа да хулат на единственото Божество на Света Троица, велејќи: „Како вие, христијаните, кои верувате во еден Бог, повторно Го делите на три, велејќи дека е Отец, Син и Дух? Ако можете тоа да го протолкувате јасно, испратете ни луѓе што можат да зборуваат за тоа и да нѐ убедат“. Тогаш Философот имаше дваесет и четири години.
Царот свика собор, го повика и него и му рече: „Слушаш ли, Философе, што зборуваат поганите Агарени за нашата вера? Ти, бидејќи си слуга и ученик на Света Троица, оди и спротиви им се, а Бог Кој е извршител на секое дело, Кој се слави во Троица - Отец, Син и Свет Дух - нека ти даде благодат и сила на зборовите, и да те покаже како втор Давид, кој со три камена го победи Голијата, и нека те врати кај нас, удостоен за Царството небесно“. Кога го слушна ова, тој одговори: „Со радост ќе појдам за христијанската вера. Оти, има ли за мене нешто послатко на овој свет, одошто да живеам и да умрам за Света Троица?“ Му го дадоа асекретот Георгиј и ги испратија.
Кога пристигнаа таму, тие видоа чудни и гнасни работи што безбожните Агарени беа ги направиле за потсмев на христијаните во тие места, кои живееја благочестиво во Христа и мошне често беа вознемирувани, имено: однадвор на вратите (од домовите) на сите христијани беа испишани ликови на демони и ги исмејуваа со разни игри. Тие го запрашаа Философот: „Можеш ли, Философе, да разбереш што значи ова?“ А тој рече: „Гледам демонски ликови и мислам дека внатре живеат христијани, а бидејќи овие (демоните) не можат да живеат со нив, бегаат надвор. А таму каде што нема такви слики однадвор, тие (демоните) живеат внатре со луѓето“.
Агарените, умни и учени луѓе, добро упатени во геометријата, во астрономијата и во други науки, за време ручекот го прашуваа, искушувајќи го: „Гледаш ли, Философе, чудно чудо, како пророкот Мухамед ни ја донесе благата вест од Бога и обрати многу народ и сите се придржуваме за тој закон, не прекршувајќи ништо. А вие, Христовиот закон го држите едни вака, други инаку, како кој сака“. На тоа Философот одговори: „Нашиот Бог е како морска бездна. За Него пророкот вели: ʻРодот негов кој ќе го искаже? Зашто ќе се земе од земјата животот Неговʼ. Затоа мнозина, за да Го најдат, се впуштаат во таа бездна и само силните на ум, примајќи го со Негова помош умственото богатство, ја препливуваат и се враќаат, а слабите на ум се обидуваат да го препливаат морето како со гнили кораби, па едни тонат, а други со мака одвај дишат, беспомошно лулајќи се со мрза. Вашето пак, е тесно и достапно, и секој може да го прескокне, мал и голем, зашто во него нема ништо над човечките навики, а само она што секој може да го изврши. (Мухамед) всушност вам ништо не ви заповедал. Штом тој не ги зауздил вашиот гнев и похотливост, туку ги допуштил, знаете ли во каква бездна може да ве турне? Разумните нека разберат! А Христос не постапува така, туку оздола нагоре го издигнува она што е тешко, со вера и Божји добродетели. Бидејќи Творец на сѐ, Он го создал човекот на средина меѓу ангелите и животните: со говорот и разумот го одвоил од животните, а со гневот и похотливоста - од ангелите. И кој на која страна се приклонува, кон неа и се придружува: или кон вишите (ангелите) или кон нижите (животните)“.
Пак го прашаа: „Како вие, кога е Бог еден, го славите во Три (лица)! Кажи ако знаеш, зошто вие Го именувате Отец, Син и Свет Дух? Ако е така, дајте му тогаш и жена, па од него да се расплодат многу богови“. На тоа Философот одговори: „Не говорете такви бесрамни хули. Ние добро сме научиле од пророците, од црковните отци и учители, да славиме Троица: Отец, Слово и Дух - три Лица (Ипостаси) во едно суштество. Словото се овоплоти од Дева и се роди заради нашето спасение, како што сведочи и вашиот пророк Мухамед, кој го напиша ова: ʻНие го испративме нашиот Дух при Дева за да родиʼ. Од ова јас ви давам објаснување за Троица“.
Победени со овие зборови, тие разговорот го свртеа на друга страна, велејќи: „Така е како што кажуваш, гостину. Ако е Христос ваш Бог, зошто не постапувате како што Он заповеда? Во евангелските книги е напишано да се молите за непријателите и добро да им правите на оние што ве мразат и ве прогонуваат, и да им го свртите образот на оние што ве бијат. А вие не постапувате така, туку острите оружје против оние што ви прават така“. На тоа Философот одговори: „Кога во законот има две заповеди, кој го исполнува законот: оној што ја исполнува едната или тој што ги исполнува обете заповеди?“ Тие одговорија: „Се разбира, оној што ги исполнува и обете“. А Философот рече: „Бог рекол: ʻМолете се за оние што ве навредуваатʼ, но Он го рекол и ова: ʻНикој на овој свет не може да покаже поголема љубов од оваа - душата своја да ја даде за пријателитеʼ. А ние го правиме тоа за своите пријатели, за да не се случи со нивното телесно ропство да биде запленета и нивната телесна душа“. Тие пак го прашаа и рекоа: „Христос дал данок за себе и за другите; зошто не ги вршите нивните дела? Ако вие не плаќате данок за себе, бидејќи се браните, зошто не давате данок за тој голем и силен исмаилски народ, барем за вашите браќа и пријатели? Ние пак, малку бараме - само еден златник. И додека постои светов, ќе го чуваме мирот меѓу себе како никој друг“ Философот одговори: „Ако некој човек, следејќи го својот учител, сака да врви по истиот пат по кој оди учителот, а друг го сретне и го одврати од патот, тој пријател ли му е или непријател?“ Тие рекоа: „Непријател“, А Философот рече: „Кога Христос даде данок, кое царство беше: Исмаилско или Римско?“ Тие одговорија: „Се разбира, Римско“, А тој рече: „Затоа не треба да нѐ осудувате што сите ние им даваме данок на Римјаните“.
По ова му поставуваа и многу други прашања, искушувајќи го во сите вештини што и самите тие ги знаеја. Тој им кажа сѐ. И бидејќи ги надмудри и во ова, тие пак му рекоа: „Како го знаеш сево ова?“ А Философот рече: „Некој човек нацрпил малку вода од морето и, носејќи ја во еден мев, се фалел пред минувачите: ʻГледате ли вода каква што никој нема освен мене?ʼ А еден човек приморец, кога му се доближи, му рече: ʻЗар не се срамиш да зборуваш така и да се фалиш со овој смрдлив мев? Та ние ја имаме сета морска безднаʼ. Така правите и вие. А сите уметности потекнуваат од нас“.
Потоа, за да го зачудат, му покажаа насадена градина која понекогаш сама изникнуваше од земјата. И кога им објасни како тоа станува, тие пак му го покажаа сето богатство и куќи, украсени со злато и сребро, со скапоцени камења и бисери, велејќи: „Гледај, Философе, чудно чудо! Голема е силата и огромно е богатството на калифот, господарот на Сарацените“. А тој им рече: „Тоа не е чудно, но слава Му на Бога и похвала, Кој ги создал сите овие нешта и им ги дал на луѓето за утеха, зашто тие се Негови, а не на некој друг“. Кога го слушнаа ова, тие се разгневија, пак се вратија на својата злоба и помислија да го усмртат со отров. И кога растворија смртен отров, му дадоа да го испие. Но милостивиот Бог, Кој на сите оние што ќе поверуваат им рекол: „И ако нешто смртно испиете, нема да ви наштети“, го спаси него од онаа смртоносна напивка и пак го врати здрав во неговата земја.
7. Потоа, по не многу време, откако се одрече од сиот овој живот, се повлече во едно осамено место, задлабочувајќи се во самиот себе. Не оставаше ништо за утрешниот ден, туку се раздаваше на сиромаси и својата надеж ја полагаше на Бога, Кој секој ден се грижи за сите." Еднаш, на еден празничен ден, неговиот слуга се пожали: „Немаме ништо за овој свечен ден“. А тој му рече: „Оној што некогаш ги нахрани Израилците во пустината,“ Тој и нам овде ќе ни даде храна. Но оди и повикај барем петмина сиромаси кои очекуваат Божја помош“. И, кога дојде време за ручек, некој човек донесе товар секакви јадења и десет златника. А тој му заблагодари на Бога за сѐ ова. Потоа отиде на Олимп, кај брата си Методиј, и таму живееше и непрестајно Му се молеше на Бога, разговарајќи само со книгите. Дење и ноќе се занимаваше со тоа заедно со брата си. Така живеејќи чесно и срцето свое издигнувајќи го кон Бога, придаваше труд врз труд и преуспеваше многу во Божјите добродетели. Но засега само толку за овие работи.
8. Тогаш при царот грчки дојдоа пратеници од Хазарите и рекоа: „Ние отсекогаш знаеме за еден Бог, Кој е над сите и Нему му се клањаме на исток, но пазиме и некои наши срамни обичаи. Евреите ни нудат да ја примиме нивната вера и нивните обреди, а Сарацените, од друга страна, предлагајќи ни мир и многу дарови, ни здодеваат (со својата вера), говорејќи: "Нашата вера е подобра од верата на сите други народи. Затоа ви се обраќаме вам, држејќи се до старото пријателство и љубов, оти сте голем народ и царството ваше го држите од Бога - ве молиме, барајќи совет од вас, да ни испратите учен маж, па, ако ги надмудри Евреите и Сарацените, ќе ја примиме вашата вера“.
Тогаш царот го побара Философот и, кога го најде, му раскажа што му рекле Хазарите, и му рече: „Оди, Философе, кај тие луѓе, зборувај им и дај им одговор (објаснување) за Света Троица, со Нејзина помош, зашто никој друг не може достојно да го изврши тоа". А тој рече: „Ако заповедаш, господаре, за оваа работа, ќе одам пеш и бос, без сето она што Господ им рекол на Своите ученици да не носат со себе“. Но царот му одговори: „Кога би сакал да го сториштоа од свое име, тогаш добро зборуваш, но имајќи ја предвид царската моќ и чест, оди достоинствено и со царска помош“.
Веднаш тргна на пат и, кога дојде во Херсон, ги изучи еврејскиот јазик и книгите, ги преведе осумте делови на граматиката и со тоа се здоби со уште поголеми знаења. А таму живееше некој Самарјанин кој доаѓаше при Константин и се расправаше со него. Еднаш донесе самарјански книги и му ги покажа. Философот му ги побара и, кога ги доби, се затвори в куќи и се даде на молитва. Просветлен од Бога, тој почна да ги чита книгите без грешки. Кога го виде ова Самарјанинот, гласно извика и рече: „Навистина, тие што веруваат во Христа, бргу го примаат Светиот Дух и благодатта“. Веднаш се крсти неговиот син, а по него се крсти и самиот тој.
Таму најде Евангелие и Псалтир, пишувани со руско писмо, а најде и човек што зборуваше на тој јазик. Тој влезе во разговор со него и ја разбра смислата на неговиот говор, споредувајќи ги различните гласови - самогласки и согласки - со својот говор и, молејќи Му се на Бога, набргу тој почна да чита и да зборува (на тој јазик) и сите му се восхитуваа и Го фалеа Бога. Кога слушна дека св. Климент уште лежи во морето, се помоли и рече: „Верувам во Бога и се надевам на свети Климент дека ќе го најдам и ќе го изнесам од морето“. Откако го убеди архиепископот, тој седна во коработ заедно со сето свештенство и благочестивите мажи, па отидоа на тоа место. Кога пристигнаа, морето се смири сосем и тие почнаа да копаат, пеејќи. Наеднаш се рашири благопријатен мирис како од многу кандила, а потоа се покажаа и светите мошти. Ги зедоа и со голема чест и слава од страна на сите граѓани ги внесоа во градот, како што пишува во неговото Обретение.
А хазарскиот војвода, кога дојде со својата војска, опколи еден христијански град и го опседна. Кога дозна за тоа Философот, без колебање дојде кај него и, откако поразговара со него и го поучи, го скроти. А овој вети дека ќе се покрсти и си отиде без да им напакости на тие луѓе.
Философот, пак, се врати по својот пат, и кога во првиот час беше на молитва, го нападнаа Угри, кои виеја како волци и сакаа да го убијат. Но тој не се исплаши и не престана да се моли, а само викаше: „Господи помилуј, зашто ја беше завршил службата. А тие, кога го видоа, по Божја промисла се скротија и почнаа да му се клањаат. И кога слушнаа поучни зборови од неговата уста, го пуштија со мир, заедно со сета негова придружба.
9. Откако се качи во коработ, (Константин) се упати кон Хазарската земја меѓу Меотското Езеро и Касписката врата на Кавкаските Планини. Хазарите испратија да го сретне еден лукав и итар човек, кој започна разговор со него и му рече: „Зошто имате лош обичај наместо еден цар да поставувате друг цар, од друг род? Ние, пак, се држиме за еден род.“ А Философот му рече: „И Бог, наместо Саула кој не правеше ништо благоугодно, го избра Давида, кој Му угодуваше, и неговиот род“. Овој пак рече: „Зошто вие држите книги во раце и од нив ги кажувате сите приказни? Ние не правиме така, туку сета своја мудрост ја црпиме од своите гради, како да сме ја проголтале, и не се гордееме со Писмото како вас“. А Философот му возврати: „Еве што ќе ти одговорам на ова: Ако сретнеш гол човек и тој ти рече дека има многу облека и злато, ќе му поверуваш ли гледајќи го необлечен?“ А тој одговори: „Не“. Тогаш му рече: „Така и јас ти зборувам тебе: ако си ја проголтал сета мудрост, како што се фалиш, тогаш кажи ми колку родови има од Адам до Мојсеј и по колку години држел секој род?“ Не можејќи да му одговори на ова, Хазаринот замолкна.
Кога пристигнаа таму и кога сакаа да седнат на ручек кај каганот, го прашаа, велејќи: „Какво е твоето достоинство, за да те поставиме според твојот чин?“ А тој рече: „Имав голем и славен дедо, кој стоеше близу до Царот. Но кога самиот ја отфрли дадената му чест, беше изгнан, и кога дошол на туѓа земја, осиромашил и таму ме родил. Јас, пак, барајќи ја поранешната предедовска чест, не успеав да ја достигнам, оти сум внук Адамов“. Тие одговорија: „Умесно и право зборуваш, гостине!“ Оттогаш почнаа да му укажуваат уште поголема чест.
Каганот ја крена чашата и рече: „Да пиеме во името на единствениот Бог, Кој ја создал сета твар“. И Философот ја крена чашата и рече: „Пијам во името на единствениот Бог и Неговото Слово, Кој преку Словото ја создаде сета твар, преку Кое се утврдија небесата, и Животворниот Дух, преку Кого стои сета нивна сила“. Каганот му одговори: „За сето ова зборуваме еднакво, а се разликуваме само во следново: вие славите Троица, а ние - единствениот Бог, според книгите што сме ги примиле“. А Философот рече: „Книгите (Библијата) проповедаат Слово и Дух. Ако некој те почитува тебе, а не ги почитува твојот збор (слово) и твојот дух, а, пак, друг ги почитува и трите, кој од двајцата те почитува повеќе?“ - „Оној што ги почитува и трите“, рече каганот. Тогаш Философот одговори: „Затоа ние постапуваме подобро кога го докажуваме тоа со примери и слушајќи ги пророците. Зашто Исаија рекол: ʻЧуј ме Јакове и Израиле, повикан од Мене: Јас сум истиот, Јас сум првиот и Јас сум довека; сега ме испрати Господ и Неговиот Духʼ“. А Јудеите што стоеја околу него му рекоа: „Кажи ни, како може една жена да Го смести Бога во својата утроба, Кого не може ни да Го види, а камоли да Го роди?“ А Философот, покажувајќи со прст кон каганот и кон неговиот прв советник, рече: „Ако некој рече дека првиот советник не може да го угости каганот, а потоа рече дека последниот слуга може и да го прими каганот и чест да му направи, кажете ми како треба да го наречеме: луд или разумен?“ Тие рекоа: „Луд, и тоа мошне луд“. А Философот им рече: „Што е најчесно од сите видливи твари?“ Тие му одговорија: „Човекот, бидејќи е создаден според образот Божји“. На тоа Философот им рече пак: „Зар не се глупави тие што велат дека Бог не може да се смести во човек, а Он се сместува и во капина, и во облак, во луња и во чад кога им се јавил на Мојсеј и на Јов. Како можеше некој друг да го излекува болниот? Кој друг можеше да го обнови паднатиот во гнилеж човечки род, ако не самиот негов Творец? Одговорете ми. Ако лекарот сака да му стави мевлем на болниот, дали ќе го стави на дрво или на камен и дали човекот ќе се исцели од тоа? И како Мојсеј, вдахновен од Светиот Дух, во својата молитва рече, со спружени раце: ʻНе јавувај ми се повеќе во каменен гроб и во трубен глас, милостив Господи, но всели се во нашите утроби и очисти ни ги нашите гревовиʼ. Оти така вели Акила“. И така се разотидоа од ручекот, откако определија ден, во кој ќе зборуваат за сите овие нешта.
10. Кога седнаа пак со каганот, Философот рече: „Ете, јас сум единствениот човек меѓу вас без роднини и пријатели, а сепак расправаме за Бога, во чии раце е сѐ, па и нашите срца. Оние што меѓу вас се силни на збор, нека речат дека е така за она што ќе го разберат додека јас зборувам, а оние што нема да го разберат, нека прашаат да им објасниме“. Евреите одговорија и рекоа: „И ние ги пазиме словото и духот во Писмото. Затоа кажи ни, кој закон им го дал Бог на луѓето најнапред: Мојсеевиот или оној што го држите вие?“ А Философот рече: „Затоа ли прашувате, за да кажете дека се придржувате до првиот закон?“ Тие одговорија: „Да, зашто треба да се пази првиот закон“. Тогаш Философот им рече: „Ако сакате да го држите првиот закон, тогаш откажете се наполно од обрезанието“. А тие рекоа: „Зошто зборуваш така?“ Но Философот рече: „Кажете ми отворено, дали првиот закон е даден во обрезанието или пред обрезанието?“ А тие му одговорија: „Ние мислиме дека е даден во обрезанието“. Тој им рече: „Зар Бог, по заповедта што му била дадена на Адам по неговиот пад, не му го даде на Ное првиот закон, нарекувајќи го завет? Зашто Он (Бог) му рече: ʻЕте, јас го поставувам Мојот завет со тебе и со твоето семе и со целата земјаʼ, кој се содржи во трите заповеди; ʻЈадете секое зелено растение, сѐ што е под небото и што е на земјата и во водите, само да не јадете месо во кое има уште душа, односно крвта неговаʼ. И уште: ʻКој ќе пролее човечка крв, место неа да се пролее неговата крвʼ. Зошто вие, и покрај ова, велите дека го држите првиот закон?“ На тоа Евреите му одговорија: „Ние го држиме првиот закон - Мојсеевиот. А тоа другото Бог не го нарекол закон, туку завет, како што и пред тоа наредбата, (дадена) на човекот во рајот, ја нарече ʻзаповедʼ, а наредбите дадени на Авраам ги нарече поинаку: ʻобрезаниеʼ а не ʻзаконʼ. Едно е, значи, закон, а друго е завет. Затоа Творецот двете нешта ги именувал различно“. Философот им одговори: „Јас, пак, во врска со ова ќе ви кажам дека законот се именува завет, зашто Бог му рече на Авраам: ʻМојот закон го давам во телото ваше, кој ќе биде ʻзнакʼ меѓу Мене и тебеʼ. Тој и кон Еремија извика: ʻЧуј ги зборовите на овој завет и кажи им на луѓето од Јудеја и на жителите ерусалимски; и речи им: Вака вели Господ, Бог Израилев: проклет да е оној човек што нема да ги послуша зборовите на овој завет, што им ги заповедав Јас на татковците ваши, во денот кога ги изведов од египетската земјаʼ“. Евреите му одговорија: „Така мислиме и ние дека законот се именува завет; и секој што се придржува кон Мојсеевиот закон, Му угодил на Бога. И ние, придржувајќи се кон него, се надеваме да биде така; а вие, кои издигнавте друг закон, го газите законот Божји“. Философот рече: „Ние постапуваме добро. Ако Авраам не го примеше обрезанието, а се придржуваше кон (првиот) Ноевиот закон, не ќе се наречеше пријател Божји“. Така подоцна и Мојсеј, откако го напиша својот закон, повеќе не се придржуваше кон првиот. Така постапуваме и ние според нивниот пример: откако примивме закон од Бога, го држиме за да се запази добро Божјата заповед. Зашто Бог, кога му даде закон на Ное, не му рече дека подоцна ќе му даде друг, а му кажа дека тој (закон) ќе трае вечно во секоја жива душа. Ниту, пак, на Авраам кога му даде ветување не навести дека ќе му даде друг (закон) на Мојсеј. Тогаш, како вие го држите законот, а Бог, преку Језекиил вели: Ќе го заменам и ќе ви дадам друг. А и Јеремија рече јавно: ʻЕве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет. - Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот кога ги фатив за раце, за да ги изведам од египетската земја, зашто тие не му останаа верни на Мојот завет и Јас ги замразив. Но еве го заветот што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: Мојот закон ќе го вложам во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народʼ. И пак истиот Јеремија говори: ʻВака вели Господ: - Застанете на вашите патишта, разгледајте и распитајте за вечните патишта Господови и видете кој е вистинскиот пат и врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои. Но тие рекоа: нема да врвиме. - И поставив чувари над вас, и реков: Слушајте го звукот на трубата. Но тие рекоа: - Нема да слушаме. Затоа чујте народи и вие што ги пасете стадата сред нивʼ. И потоа: ʻЧуј, земјо: ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни, зашто тие не ги слушаа Моите зборови и го отфрлија Мојот закон што го проповедаа пророцитеʼ: И не само со овие места ќе ви покажам дека законот ќе престане (да важи), туку и со многу други јасни доводи од пророците“. Евреите му одговорија: „Секој Евреин знае дека навистина ќе биде така, но сѐ уште не дошло времето за Помазаникот (МесијатаХристос)“. Философот им рече: „Зошто зборувате така, кога гледате дека Ерусалим е разурнат и жртвите престанале и се исполни сѐ што претскажале за вас пророците? И Малахија кажува јасно за вас: ʻМојата волја не е веќе врз вас, говори Господ Седржителот, и жртвите од рацете ваши веќе нема да ги примам, зашто од сончев исток, па сѐ до запад, името Мое ќе стане големо меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва, оти е големо името Мое меѓу народите, вели Господ Саваотʼ“. А тие рекоа: „Ете, како што велиш, сите народи ќе бидат благословени и обрезани во градот Ерусалим“. Философот рече: „Зошто тогаш Мојсеј вели: ʻАко ме послушате добро и го запазите законот во сѐ, вашите предели ќе бидат од Црвеното Море до Филистејското, и од пустината - до Еуфратʼ. А ние, другите народи, сме благословени во Оној во Кого е благословено и семето Авраамово, Кој произлегол од коренот Јесеев,е Кој е наречен ʻочекување на народитеʼ, и светлина на целата земја и на сите острови, просветлени со Божјата слава, но не според тој закон и не на тоа место. Пророците го кажуваат ова мошне јасно. Захариј вели: ʻРадувај се многу ќерко Сионска; ете, Царот Твој иде кон тебе, јавајќи на осле, син на подјарменаʼ. И уште: ʻТогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите на Ерусалим и Он ќе им објави мир на народите и царството Негово ќе се протега до краиштата на земјатаʼ. И Јаков рече: ʻНема да недостасува кнез од коленото Јудино, ниту водач од бедрата негови, додека не дојде Оној Кому му припаѓа власта и Кој е очекување на народитеʼ. Кога гледате дека сето тоа станало и се исполнило, кого друг чекате? Оти Даниил, научен од ангелот, рекол: ʻСедумдесет седмици (има) до водачот Христос, односно четиристотини деведесет години, за да се потврди видението и пророштвотоʼ. А што мислите вие: кое е железното царство, за кое зборува Даниил во сновидението (на Навуходоносор)?“ „Римското“ - одговорија тие. А Философот повторно ги запраша: „А каменот што падна сам од планината, без човечки раце,“ кој е?“ Тие одговорија: „Помазаникот“. Потоа продолжија: „Ако признаеме врз основа на пророците и други доводи дека Он веќе дошол, како што кажуваш ти, тогаш зошто се држи сѐ уште на власт Римското Царство?“ Философот одговори: „Тоа не се држи веќе, а минало како и други (царства) од видението. Но нашето царство не е римско, туку Христово, како што рече пророкот: ʻБог ќе подигне небесно царство, кое нема да се распадне никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и ќе ги разурне сите царства, а само тоа ќе остане вечноʼ. Зар сегашново царство не е христијанското, кое се именува со Христовото име? Римјаните се поклонуваа на идоли, а христијанските цареви - едни од еден, други од друг народ и племе - царуваа во Христово име, како што јавува пророк Исаија, обраќајќи се кон вас: ʻГо оставивте името ваше за подбив на избраниците мои; вас, пак, Господ ќе ве избие, а оние што Му служат Нему ќе ги нарече со ново име, кое ќе биде благословено по сета земја. Зашто тие ќе Го благословуваат вистинскиот Бог, и оние што се колнат на земјата, ќе се колнат во вистинскиот Богʼ. Не се исполнија ли сите пророштва на пророците, јасно претскажани за Христа? Исаија го претскажува неговото раѓање од девојка, велејќи вака; ʻЕте, девојка ќе зачне во утробата и ќе роди Син и ќе му дадат име Емануил, што значи: со нас е Богʼ. А Михеј рече: ʻИ ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу Јудините племиња, од тебе ќе излезе Оној, Којшто ќе биде господар во Израил, и Чие потекло е од искони, од вечноста. Затоа Он ќе ги остави до времето додека роди онаа, која треба да родиʼ. А Еремија: ʻПрашајте и размислете дали раѓа маж, зашто е голем оној ден и нема сличен на него; ќе има тешки денови за Јаков, но тој ќе се спасиʼ. И Исаија рече: "Уште не беше почувствувала родилни маки, пред да настапат родилните болки, таа роди синʼ“.
Јудеите пак рекоа: „Ние сме благословено семе од Сим, благословени од нашиот татко Ное, а вие не сте“. Кога им го разјасни ова, (Философот) рече: „Благословот на вашиот татко не е ништо друго, освен пофалба на Бога, но никако не се однесува на него (на Сим). Но еве како е (како рекол Ное): Нека е благословен Господ Бог Симов; а на Јафет, од кого сме ние, му рекол: ʻБог нека го рашири Јафет и тој нека живее во шаторите на Симʼ“. И така, разјаснувајќи им сѐ од пророците и од други книги, Философот не ги остави додека самите не рекоа: „Така е, како што кажуваш ти“.
Тие пакрекоа: „Како вие, кои имате надеж во човек, сметате дека сте благословени, кога книгите ги проколнуваат таквите?“ Философот одговори: „Проколнат ли е Давид или е благословен?“ Тие рекоа: „Мошне благословен“. А Философот рече: „Така и ние се надеваме на Оној на Кого се надева и тој. Оти тој рекол во псалмите: ʻЧовекот на мојот мир, на кого се надевавʼ. Атој човек е Христос Бог. А оној што се надева на обичен човек, него и ние го сметаме за проклет“.
Тие минаа на друг предмет, велејќи: „Зошто вие христијаните го отфрлате обрезанието, кога Христос не го отфрлил, туку го извршил според Законот?“ Философот одговори: „Оној што отпрвин му рече на Авраам: ʻОва да биде знак меѓу Мене и тебеʼ, Тој, кога дојде, го исполни тој завет што траеше од Авраам до самиот Него; но Он не заповеда тој завет да продолжи и понатаму, туку ни го даде крштението“. А тие рекоа: „Како тогаш други (луѓе) порано Му угодиле на Бога, без да го примат тој знак, туку Авраамовиот?“ Философот одговори: „Зашто никој од нив немал две жени, а само Авраам; затоа го обреза, поставувајќи му со тоа граница за да не ја пречекорува понатаму и првиот брак на Авраам го посочи за пример на другите, та и тие да врват по него. Истото го направи и со Јаков, кога му ја здрви жилата на колкот, бидејќи беше зел четири жени. Откако тој ја сфати причината зошто (Бог) му направи така, му го даде името Израил, кое значи ʻум што Го гледа Богаʼ. Потоа, се чини, тој повеќе не се допрел до жена. А Авраам тоа не го сфати“.
Јудеите, пак, го прашаа: „Како мислите вие да Му угодите на Бога кога се клањате на идоли?“ Философот одговори: „Најнапред научете се да ги разликувате имињата што е тоа икона, а што е идол. И кога ќе го разберете тоа, не напаѓајте ги христијаните, зашто во вашиот јазик има десет имиња за тој израз. Но ќе ве прашам и јас: ʻЗар не беше слика (образ) Скинијата што ја виде Мојсеј на гората и ја однесе долу и не беше ли тоа слика на сликата што тој вешто ја направи со клинови, кожи, килими и прекрасни херувими, како што прилегаʼ. И бидејќи тоа го направил така, да речеме ли ние дека вие оддавате почит и се клањате на дрво, на кожи, на килими, а не на Бога, Кој во тоа време дал еден таков образ (слика). Така е и со храмот Соломонов, бидејќи и во него имаше слики на херувими, на ангел и на многу други нешта. Така и ние, христијаните, им правиме икони на оние што Му угодиле на Бога и им ја оддаваме соодветната почит, одделувајќи го она што е добро од демонските слики. И Книгите (свети) ги кудат оние што своите синови и ќерки ги жртвуваат на демоните и им го навестуваат гневот Божји, а други книги ги фалат оние што ги жртвуваат своите синови и ќерки“.
Јудеите пак рекоа: „Како вие не Му се противите на Бога, кога јадете свинско и зајачко месо?“ Тој им одговори: „Првиот завет пропишува: јадете сѐ што ви дадов за храна, како што ви го дадов зеленото растение, зашто за чистите сѐ е чисто, а на нечистите и совеста им е осквернета. И Бог во книгата Битие вели: ʻЕте, сѐ е многу доброʼ, но поради вашата лакомост Он забранил по нешто. Бог уште рекол: ʻЈадеше Јаков и се насити, и се одрече од (Бога) возљубениотʻ. И уште: ʻЛуѓето седнаа да јадат и да пијат и станаа да играатʼ“.
Од многуте работи ние изложивме накусо само олку за сеќавање. А кој сака да ги бара во потполност овие беседи, ќе ги најде во неговите книги што ги преведе нашиот учител архиепископот Методиј, кој ги подели на осум слова, и тука ќе ја видите силата на зборот со Божја благодат, која како пламен ги гори противниците.
Кога хазарскиот каган и заповедниците ги слушнаа овие негови слатки и прилежни зборови, му рекоа: „Ти си испратен ваму од Бога заради наша поука; од Него упатен во сите книги, ти ни изложи сѐ по ред, насладувајќи нѐ сите со медоточните зборови од светите книги. Иако сме неписмени луѓе, веруваме дека си од Бога. Но ако сакаш повеќе да ги успокоиш нашите души, упати нѐ во сѐ преку приказни и објасни ни сѐ по ред, за што ќе те прашуваме“. И така се разотидоа на почивка.
11. Кога се собраа на другиот ден, тие му рекоа: „Покажи ни, чесен мажу, со приказни и со ум, која вера е најдобра од сите?“ Философот им одговори: „Двајца сопрузи биле кај некој цар на голема чест и биле многу сакани. Кога згрешиле, царот ги истерал од земјата. Откако проживеале таму многу години, изродиле деца во сиромаштија. А децата, собирајќи се заедно, се советувале на кој начин да си го вратат првобитното достоинство: едно од нив велеше вака, друго инаку, а трето даваше поинаков совет. Кој совет треба да се прифати? Зар не најдобриот?“ А тие рекоа: „Зошто зборуваш така? Секој го смета својот совет за најдобар. Сарацените - својот, а другите - некој друг, кажи ни тогаш, кој од овие совети е најдобар?“ На тоа Философот рече: „Огнот ги испробува златото и среброто, а човекот со умот ја двои лагата од вистината. Кажете ми: која била причината за првиот пад? Не е ли од гледањето на слаткиот плод и од желбата за (да се биде) Бог?“ А тие рекоа: „Така е“. Но Философот рече: „Ако некому му се слоши откако се најал мед и се напил студена вода, па дошол лекарот и му рекол: ʻЈади уште многу мед и ќе оздравишʼ, или на оној што пиел студена вода, му рече: ʻнапиј се студена вода и застани на мраз и ќе оздравишʼ а друг лекар не му вели така, туку му препишува спротивно лекување: наместо мед, да пие горчливо и да пости, а место студено - топло и жешко; кој од овие двајца лекува повешто?“ Сите одговорија: „Оној што препишува спротивно лекување. Имено, со горчливоста на овој живот треба да се умртви похотливата страст, а со смиреност - горделивоста: различните (болести) треба да се лекуваат со спротивни средства. Оти и ние велиме: дрвото што отпрвин пушта трн, подоцна раѓа сладок плод“. Пак одговори Философот: „Добро рековте, зашто и Христовиот закон ја покажува суровоста на богоугодниот живот, а потоа во вечните пребивалишта донесува стократен плод“.
Еден од нив, советник, кој добро ја знаеше сараценската злоба, го праша философот: „Кажи ми, гостину, зошто вие не го почитувате Мухамед? Оти тој многу го пофалил Христа во своите книги, велејќи дека се родил од Дева, сестра на Мојсеј, дека е голем пророк, кој и мртви воскреснувал и со голема сила секаква болест лекувал“. А Философот му одговори: „Нека ни пресуди каганот. Кажи тогаш, ако Мухамед е пророк, како можеме да му веруваме на (пророк) Даниил? Зашто тој рече: ʻДо Христа ќе престане секое видение и пророштвоʼ. Како може да биде пророк тој што се јавил по Христа? Ако го наречеме него пророк, тогаш го отфрламе Даниил. Тогаш мнозина од нив рекоа: „Тоа што го зборува Даниил, со Духот Божји го зборува, а за Мухамед сите знаеме дека е измамник и опасен за спасението на сите и оти сите свои големи заблуди ги изблујал (изрекол) за зло и за срамота“. А првиот советник меѓу нив, им рече на своите сараценски пријатели: „Со Божја помош, овој гостин ја собори на земја сета горделивост еврејска, а вашата ја префрли отаде реката, како ѓубре“. Им рече и на сите луѓе: „Како што на царот христијански Бог му дал власт над сите народи и совршена мудрост, така во нив влеал и вера, и без неа никој не може да живее вечен живот. Слава Му на Бога до века“. И сите рекоа: „Амин“.
А Философот со солзи им рече на сите: „Браќа и отци, пријатели и деца. Ете, Бог даде полно разбирање и достоен одговор на сѐ. Ако уште има некој што се противи, нека дојде и нека нѐ убеди или нека дозволи да биде убеден. А кој ќе се согласи со ова, нека се крсти во името на Света Троица. Но кој не сака, јас немам вина за тоа, а тој самиот ќе види на судниот ден кога ʻСтариот по деновиʼ (Ветхиј денми) ќе седне како Бог да им суди на сите народи“. Тие одговорија: „Ние не сме непријатели на себеси и од овој ден кој може нека се крсти доброволно. А кој од нас се клања на запад, или се моли по еврејски, или ја држи сараценската вера, наскоро ќе прими смрт од нас“. И така се разотидоа со радост.
Тогаш од нив се крстија околу двесте души, откако се одрекоа од паганските гадости и незаконските женачки. А каганот му напиша на царот вакво писмо: „Господару, ти си ни испратил таков човек што ни ја објасни христијанската вера со збор и со примери. Кога се уверивме дека е тоа вистинската вера, им заповедавме на сите да се крстат доброволно, со надеж дека и ние ќе го направиме истото. Сите ние сме пријатели на твоето царство и готови сме да ти служиме каде што ќе биде потребно“.
Кога го испраќаше Философот, Каганот му даваше многу дарови, но тој не ги прими, а рече: „Дај ми колку што имаш овде грчки пленици. Тоа ми значи повеќе од сите дарови“. Кога собраа до дваестемина, му ги предадоа и тој тргна радосен на пат.
12. Кога стигнаа во безводни и пусти места, не можеа да ја трпат жедта. Вода најдоа во едно блато (слатина), но не можеа да пијат од неа зашто беше (горчлива) како жолчка. А кога се разотидоа сите да бараат вода, му рече на брата си Методиј: „Не можам веќе да ја поднесувам жедта, нацрпи ми од оваа вода. Оној што некогаш им ја претвори на Израилците горчливата вода во слатка, тој нам ќе ни даде утеха“. Кога црпнаа од неа, видоа дека е слатка како медовина и е студена. Се напија и Го прославија Бога, Кој им прави такви нешта на Своите слуги.
Во Херсон, кога вечераше со архиепископот, Философот му рече: „Помоли се за мене, отче, како што би го сторил тоа за мене мојот татко“. Кога некои го запрашаа насамо: „Зошто го направи ова?“, Философот одговори: „Тој утре ќе нѐ напушти нас и навистина ќе се пресели при Господа“, Така и стана, и овие зборови се исполнија.
А кај фулскиот народ имаше огромен даб, наречен Александар, сраснат со цреша, под која вршеа обреди. Жените немаа пристап до него, ниту до обредите. Кога чу Философот за тоа, отиде кај нив и, кога застана меѓу нив, им рече: „Елините наследиле вечна мака затоа што на земјата и на небото им се клањаат како на Бога, иако се тоа големи добри твари. И вие, кои се клањате на една ваква ништожна твар како ова дрво, што треба да изгори, како ќе го избегнете вечниот оган?“ Тие одговорија: „Ние не сме почнале да го правиме ова отсега, туку сме го презеле од татковците и од него (од тоа дрво) наоѓаме исполнување на сите молитви, особено за дожд и за многу други работи. И како да го сториме тоа (да го пресечеме дрвото) што никој од нас не се осмелил да го направи? Ако пак некој се осмели да го направи тоа, тогаш ќе ја види смртта, а ние нема повеќе да видиме дожд докрај“. Философот им одговори: „Бог зборува за вас во Книгите (свети), а вие зошто се одвраќате од него? Токму Исаија говори од името Божјо, велејќи: ʻЕте, ќе дојдам и ќе ги соберам сите племиња и народи, и тие ќе дојдат да ја видат славата Моја. И ќе ставам на нив белег, и од преживеаните меѓу нив ќе испратам кон народите - во Тарс, во Фуд и Луд, во Мосох, во Товел и во Елада, и во далечните острови, кои не чуле за Моето име; и тие ќе им ја објават на народите славата Моја, вели Господ Седржителʼ. И уште: ʻЕте, Јас ќе пратам многу рибари и ловци и ќе ловат по ридовите и по каменливите процепиʼ. Браќа, познајте Го Бога Кој ве создал. Тоа е Евангелието на Новиот завет Божји, во кој сте се крстиле и вие“.
И така, откако ги убеди со слатки зборови, им нареди да го пресечат дрвото и да го изгорат. Нивниот старешина, откако се поклони, пријде и го целива Евангелието. Така направија сите. Откако примија од Философот бели свеќи, пеејќи се упатија кон дрвото. Философот зеде секира, удри триесет и три пати и им нареди на сите да сечат, да го искоренат и да го изгорат. Истата ноќ Бог им испрати дожд и ја напои Земјата. Тие со голема радост Го прославија Бога, а Бог се израдува многу на тоа.
13. А Философот отиде во Цариград и, откако се јави кај царот, живееше во тихување во црквата на Светите Апостоли, молејќи Му се на Бога. Во Света Софија имаше путир (чаша) од скапоцен камен, дело на Соломон, на кој имаше стихови, напишани со еврејски и самарјански букви, што никој не можеше да ги прочита ни да ги објасни. А Философот зеде, ги прочита и ги разјасни. Првиот стих гласеше вака: „Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека звездата (изгрее); биди му за пиење на Господа, првенецот што бдее ноќе“ Потоа вториот стих: „За да вкуси Господ, направена е од друго дрво. Пиј и опивај се со веселба и извикувај: алилуја“. И потоа третиот стих: „Ете го кнезот и целиот собор ќе ја види неговата слава, и цар Давид е меѓу нив“. Потоа беше напишан бројот деветстотини и девет. Кога Философот пресмета точно, најде дека од дванаесеттата година од царувањето на Соломон до Раѓањето Христово има деветстотини и девет години. Тоа пророштво се однесува на Христа.
14. Додека Философот се радуваше во Бога, дојде друга вест и друга задача, не помала од претходната. Моравскиот кнез Ростислав, научен од Бога, направи совет со кнезовите свои и со Моравците и испрати (пратеници) при царот Михаил, велејќи: „Нашиот народ се одрече од паганството и го држи христијанскиот закон, но немаме таков учител за да ни ја објасни на наш јазик вистинската христијанска вера и, гледајќи нѐ нас, да нѐ следат и други земји. Затоа, господаре, испрати ни таков епископ и учител, зашто од вас секогаш излегува добар закон за сите страни“.
А царот, откако свика собор, го повика Константин Философ, му ја изнесе оваа молба и рече: „Знам, Философе, дека си заморен, но треба ти да одиш таму, зашто никој друг не може да ја изврши како тебе“. Философот одговори: „Иако сум заморен и телесно болен, со радост ќе одам таму, ако имаат букви за својот јазик“. На тоа царот му рече: „Дедо ми и татко ми, и мнозина други го барале тоа и не го нашле, па како можам јас да го најдам?“ А Философот рече: „Кој може на вода да го напише својот говор и да си спечали име еретик?“ Царот, пак, со својот вујко Варда, му одговори: „Ако посакаш, тоа може да ти го даде Бог, Кој им дава на сите оние што се молат без сомневање и им отвора на тие што тропаат“. Философот отиде и, според својот стар обичај, се даде на молитва заедно со другите свои соработници. А Бог, Кој ги слуша молитвите на своите слуги, наскоро му го откри тоа и тој веднаш ја состави азбуката и почна да ги пишува евангелските зборови: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото“.
Царот се израдува и Го прослави Бога со своите советници. Тој го испрати Философот со многу дарови, откако му го напиша на Ростислав ова писмо: „Бог, Кој сака сите луѓе да ја познаат вистината и да се издигнат на повисоко достоинство, кога ја виде твојата вера и ревност, направи да се исполни твојата желба, откако сега, во наше време, откри букви за вашиот јазик, нешто што не се случило порано, освен во првите времиња, та и вие да се вброите меѓу големите народи што Го слават Бога на својот јазик. И ете, ти го испраќаме човекот кому Бог му ги откри (овие букви), маж чесен и благоверен и мошне учен Философ. Прими го како дар, поголем и поскап од секакво злато и сребро, скапоцени камења и минливо богатство. Погрижи се со него успешно да го завршиш делото и со целото свое срце да Го побараш Бога. Не отфрлај го и општото спасение, но поттикнувај ги сите да не доцнат, туку да тргнат по вистинскиот пат. Та и ти, откако со својата грижа ги доведеш до вистинското богопознание, да ја примиш својата награда според тоа и во овој век, и во идниот, за сите души што ќе поверуваат во Христа, нашиот Бог, отсега и довека, и да им оставиш спомен за себе и на идните поколенија, како големиот цар Константин“.
15. Кога пристигна во Моравија, Ростислав го прими со големи почести и откако собра ученици, му ги даде да ги учи. Набргу тој го преведе сиот црковен чин и ги научи (да служат) Утрена, Часови, Вечерна, Повечерие и Тајната служба (Литургијата). И, според зборовите на пророкот, „им се отворија ушите на глувите“, за да ги чујат зборовите на Писмото, и стана јасен јазикот на пелтеците. Бог се зарадува на тоа, а ѓаволот се засрами.
Додека се ширеше Божјата наука, од искони злобниот завидливец, проколнатиот ѓавол, не го поднесе тоа добро, па влезе во своите садови (луѓето) и почна да буни мнозина, зборувајќи им: „Не се слави Бог со ова. Ако ова му било угодно, зар не можел да направи тие да Го слават Бога, пишувајќи ги своите беседи со букви? Но Тој одбрал само три јазика: еврејскиот, грчкиот и латинскиот, на кои е достојно да му се оддава слава на Бога“. Тие што зборуваа така беа латински клирици: владици, свештеници и ученици. Борејќи се со нив, како Давид со Голијат, тој ги победи со зборови од Писмото (свето) и ги нарече тријазичници (и пилатовци), оти така го беше напишал Пилат натписот (на крстот Господов). И не зборуваа само тоа, туку проповедаа и други бесчестија, велејќи дека под земјата живеат луѓе со големи глави, дека сите лазачи се дело на ѓаволот и дека ако некој отепа змија, поради тоа ќе му се простат девет грева; ако, пак, некој убие човек, три месеци да пие од дрвена чаша, а стаклена да не допира. И не бранеа да се принесуваат жртви по стар обичај, ниту да се склопуваат нечесни бракови. Сето тоа тој го исече како трње и го изгоре со огнот на проповедта, велејќи: „Принеси му на Бога благодарствена жртва, и упати Му ги на Севишниот молитвите свои.“ Не изневерувај ја жената на својата младост, а ако ја изневериш и замразиш, нечестие ќе ги покрие твоите похоти, говори Господ Седржител. Бдејте со духот ваш и никој од вас да не ја остава жената на својата младост. Го правевте она што го мразам, зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, што си ја оставил, а таа ти е другарка и жена на твојот завет. И во Евангелието се вели: ʻЧувте што им е речено на старите: Не прави прељуба. А јас ви велам дека секој што ќе погледне жена со похота, веќе направил прељуба со неа во срцето своеʼ. И пак: ʻВи велам дека секој што ќе ја остави жената своја, освен за прељуба, ја тера да прави прељуба. И којшто ќе земе распуштеница, прави прељубаʼ. И апостолот рече: ʻОна што Бог составил, човек да не разделуваʼ“.
Откако мина во Моравија четириесет месеци, тргна да ги посвети учениците свои. На тој пат го прими Коцел, кнез панонски, кој сакајќи многу да ги усвои словенските книги, му даде педесет ученици да ги изучат, па му укажа голема чест и го испрати понатаму. Тој не зеде од Ростислав и Коцел ни злато, ни сребро, ниту нешто друго, туку го проповедаше Евангелието бесплатно, а од двајцата измоли само деветстотини пленици и ги ослободи.
16. Кога беше тој во Венеција, се собраа против него епископи, свештеници и монаси, како врани на сокол, и ја покренаа тријазичната ерес, зборувајќи: „Човече, кажи ни како си им создал книги на Словените и како ги учиш на она што никој порано не го открил - ниту апостолите, ниту римскиот папа, ниту Григориј Богослов, ниту Ероним, ниту Августин? Ние знаеме само три јазика на кои е достојно да се слави Бог во книгите: еврејски, грчки и латински“. А Философот им одговори: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? Зар не дишеме воздух сите еднакво? Тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сакате сите други народи да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Го сметате Бога толку немоќен што не може да го даде тоа или е толку завидлив што нејќе? Ние, пак, знаеме многу народи што се вешти на книги и Го слават Бога секој на свој јазик. Познато е дека се такви Ерменците, Персијците, Авазгите, Иверците, Сугдите, Готите, Обрите, Турците, Хазарите, Арабјаните, Египќаните, Сирците и многу други. Ако не сакате да разберете и од ова, тогаш познајте го судот на Писмото, зашто Давид извикува: ʻПеј Му на Господа цела земјо, пејте Му на Господа песна новаʼ. И уште: ʻВоскликни Му на Господа, цела земјо, запеј, радувај се и пеј!ʼ И друго: ʻСета земја нека Ти се поклони и нека му пее на Твоето име, Севишен!ʼ И пак: ʻФалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓеʼ. И: ʻСѐ што дише, нека Го фали Господа!ʼ И во Евангелието се вели: ʻА на оние што го примија, им даде можност да станат синови Божјиʼ. И пак во истото Евангелие: ʻНе се молам само за нив, туку и за оние што заради нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти Отче во Мене, и Јас во Тебеʼ. А Матеј вели: ʻМи се даде секаква власт на небото и на земјата. Затоа, одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што ви сум заповедал; и, ете, Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Аминʼ. И Марко пак вели: ʻОдете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; ќе говорат нови јазициʼ. А и вам - учителите на законот - ви кажува: ʻТешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате Царството небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезатʼ. И пак: ʻТешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влегувате, а им пречите и на оние што сакаат да влезатʼ. А на Коринтјаните, апостол Павле им рече: ʻЈас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, но уште повеќе да пророкувате, оти е поголем тој што пророкува од оној што зборува јазици, освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука. А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене кога не ви се објаснува, или со откровение, или со познавање, или со пророкување, или со поука? И бездушните предмети што даваат глас, како свирката или гуслата, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди? Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка? Така и вие, ако со јазикот свој изговарате неразбирливи зборови, како ќе се разбере тоа што го зборувате? Ќе зборувате во ветар. Во светот има кој знае колку разни зборови, и ниеден од нив не е без значење. Ако, пак, не ја разбирам смислата на гласовите, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилство, за поука на Црквата. Затоа, оној што зборува на туѓ јазик, нека се моли за дар, да може да го толкува. Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух, но умот ми останува бесплоден. Па што да се прави? Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум. Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече ʻаминʼ на твојата молитва простиот човек, кога не разбира што кажуваш? Ти Го славиш Бога добро, но другиот не се поучува. Му благодарам на Бога што од сите вас зборувам повеќе јазици, но во црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. Браќа, немојте да бидете како деца по умот; за злото бидете младенци, а по умот зрели. Во Законот е напишано: ʻНа туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да Ме послуша, вели Господʼ. Затоа јазиците се знак не за тие што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за тие што не веруваат, туку за оние што веруваат. Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? Но ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат, така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, откако падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: ʻНавистина, со вас е Богʼ. Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има - кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување - сѐ да се врши за поука. Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува. Но ако нема толкувач, тогаш во црква да молчат, а нека си зборуваат во себеси и на Бога. Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите нека судат. Ако некој од оние што седат добие откровение, тогаш првиот нека замолчи. И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да имате утеха. И пророчките духови им се покоруваат на пророците; оти Бог не е Бог на безредие, туку на мир. Така е по сите цркви меѓу светите. Жените ваши да молчат по црквите: ним не им е дозволено да зборуваат, ами да се покоруваат, како што вели и Законот. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома, зашто е срамно жена да зборува во црква. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна? Ако некој од вас мисли дека е пророк, или дека е исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди. А кој не разбира, нека не разбира. Затоа, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици. Сѐ да се врши како прилега и уредноʼ. И пак зборува: ʻСекој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот, аминʼ“.
17. Кога дозна за него римскиот папа, испрати да го повикаат. И, кога дојде во Рим, во пресрет му излезе самиот апостолик (папа) Адријан со сите граѓани, носејќи свеќи, бидејќи ги носеше моштите на свети Климент, маченик и папа римски. И Бог веднаш направи преславни чудеса заради него: тука беше излекуван еден раслабен човек и многу други се излекуваа од различни болести; и плениците што Го призиваа Христа и свети Климент, веднаш се ослободија од рацете на оние што ги заробиле.
Откако ги прими словенските книги, папата ги освети и ги положи во црквата Света Марија, која се именува Фатни (Јасли) и отслужија над нив света Литургија. Потоа папата им нареди на двајца епископи, Формоза и Гаудерих, да ги посветат (ракоположат) словенските ученици. Откако ги посветија, веднаш отслужија Литургија на словенски јазик, во црквата на свети апостол Петар. И на другиот ден служеа во црквата на света Петронила, а на третиот ден - во црквата на свети Андреј, а оттаму, пак, во црквата на големиот вселенски учител, апостол Павле. И целата ноќ пееја, славејќи го Бога на словенски, а изутрина пак отслужија Литургија над неговиот свет гроб, со помош на епископот Арсениј, еден од седумте епископи, и Анастасиј Библиотекарот. А Философот не престануваше, заедно со своите ученици, достојно да Му благодари на Бога за тоа. Римјаните, пак, непрестајно идеа кај него и го прашуваа за сѐ и, добивајќи од него двојни и тројни објаснувања, пак со радост се враќаа во своите домови.
А еден Евреин, кој исто така доаѓаше и се препираше со него, еднаш му рече: „Според бројот на годините, уште не дошол Христос, за кого пророците велат дека ќе се роди од девојка“. Но Философот, откако по родови му ги изброи сите години од Адам, му објасни подробно дека веќе дошол и колку години има оттогаш па досега. И откако го поучи, го пушти.
18. Го снајдоа многу маки и тој се разболе. И така боледувајќи многу денови, еднаш имаше Божјо видение и почна да пее вака: „Кога ми рекоа: ќе одиме во домот Господов, се развесели духот мој, се зарадува срцето мое“. Откако се облече во свечена облека, го мина така целиот тој ден, радувајќи се и велејќи: „Отсега не сум слуга ни на царот, ни на кој и да е на земјата, туку само на Бог Седржител. Не бев, и бев, и сум во вечност, амин“.
А утредента го прими светиот монашки образ и, откако придодаде светлина кон светлина, се нарече со името Кирил. И во тој образ (монашки чин) остана педесет дена. А кога се наближи часот да прими покој и да се пресели во вечните живеалишта, ги подигна рацете свои кон Бога и се помоли со солзи, говорејќи вака: „Господи, Боже мој, Кој си ги создал сите ангелски чинови и бестелесни сили, Кој си го прострел небото и си ја основал земјата и сѐ што постои си го привел од небитие во битие, Кој секогаш и насекаде ги ислушуваш оние што ја исполнуваат Твојата волја, и што се плашат од Тебе и ги пазат Твоите заповеди. Послушај ме сега и мене, и запази го Твоето верно стадо, за кое ме беше поставил мене, непотребниот и недостоен Твој слуга. Избави ги од безбожната и паганска злоба на оние што говорат против Тебе хула, и погуби ја тријазичната ерес. Издигни ја Црквата Твоја со мноштво и соедини ги сите во еднодушност. Создај избрани луѓе, истомисленици во Твојата вистинска вера и во правото исповедување, и вдахни го во срцата нивни словото на Твоето учење, зашто е Твој дар што нас недостојните си нѐ примил за проповедање на Евангелието на Твојот Христос - нас кои се стремиме кон добри дела и твориме тоа што Ти е угодно Тебе. Оние што ми ги беше дал, Ти ги предавам како Твои. Управувај со нив со Твојата моќна десница и засолни ги под кровот на Твојата закрила, та сите да го фалат и слават Твоето име - на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, амин“.
И откако ги целива сите со свет целив, рече: „Благословен е Бог, Кој не нѐ предаде како плен во забите на нашите невидливи непријатели, туку ги искина нивните примки и нѐ избави од погибелта. И така почина во Господа на четиринаесеттиот ден од месец февруари, индикт втори, во 6377 година од создавањето на овој свет.
Апостоликот им нареди на сите Грци што беа во Рим, а исто така и на Римјаните, да се соберат заедно со свеќи, да пеат над него и да му направат погреб каков што би му направиле и на самиот папа. Така и направија.
А Методиј, братот негов, го замоли апостоликот, велејќи: „Мајка ни нѐ заколна, кој прв од нас ќе отиде на суд (Божји), другиот да го пренесе во манастирот на својот брат и таму да го погребе“. Папата, пак, нареди да го положат во ковчег и да го заковат со железни клинци. Така го држеа седум дена додека се готвеа за пат. Тогаш римските епископи му рекоа на апостоликот:
„Бидејќи Бог го довел овде и овде ја примил неговата душа, откако патувал по многу земји, овде прилега и да биде погребан, како чесен маж“. А апостоликот рече: „Поради неговата светост и љубов, спротивно на римскиот обичај, ќе го погребам во мојот гроб, во црквата на св. апостол Петар“. Но неговиот брат рече: „Бидејќи не ме послушавте и не ми го дадовте, тогаш, ако ви е угодно, нека лежи во црквата на свети Климент, со кого (со чии мошти) и дојде овде“. И апостоликот нареди да се постапи така.
Кога се собраа епископите со сите луѓе што сакаа да го испратат свечено, тие рекоа: „Да го отковеме ковчегот и да видиме дали нешто не е земено од него“. Многу се трудеа, но по Божја заповед, не можеа да го отворат ковчегот.
И така со ковчегот го положија во гробот, од десната страна на олтарот во црквата на свети Климент, каде што почнаа да стануваат многу чудеса. Гледајќи го тоа Римјаните, уште повеќе се приврзаа кон неговата светиња и почит. И, откако насликаа икона над неговиот гроб, почнаа дење и ноќе да палат (кандило) над него, фалејќи Го Бога што така ги прославил оние што Го слават Него. Нему нека Му е слава и чест и поклонување во вечни векови, амин.