Господи, благослови отче!

Благиот и семоќен Бог, Кој создал од небитие во битие сѐ што е видливо и невидливо, и го украсил со секаква убавина, па оној што размислува по малку може делумно да разбере и да Го познае Оној што создал такви чудесни и многубројни дела, бидејќи според големината и убавината на созданијата, преку размислување, се познава нивниот Творец, што Го воспеваат ангелите со трисвети гласови и сите правоверни Го славиме во Света Троица, односно во Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој е во три Ипостаси, што може да се рече и три Лица, но во едно Божество. Зашто пред секој час, и време и година, над секој ум, несфатливо и за бестелесните сили, Самиот Отец Го родил Синот, како што вели Премудроста: „Ме роди пред сите родови“. И самото Божјо Слово, Кое во последните години се овоплоти заради нашето спасение, со Својата пречиста уста, во Евангелието вели: „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“. Од истиот Отец исходи (произлегува) и Светиот Дух, како што рече самиот Син со својот Божји глас: „Духот на вистината, Кој излегува од Отецот“. Тој Бог ја создаде сета твар, како што вели Давид: „Преку словото на Господа се утврдија небесата и преку Духот на Неговата уста - сите нивни сили, зашто Он рече и тие настанаа, Он заповеда и се создадоа“. Пред сѐ, го создаде човекот, земајќи прав од земјата и вдахнувајќи му од Себе душа со животворен здив, па му даде дар на разум и слободна волја, за да влезе во рајот. Му даде и заповед за искушување та, ако ја запази, да остане бесмртен; ако, пак, ја прекрши, да умре по своја волја, а не по Божја заповед.

А кога ѓаволот го виде човекот така почестен и издигнат на она место, од кое тој отпадна поради својата горделивост, направи тој да ја престапи заповедта. Затоа (Бог) го истера човекот од рајот и го осуди на смрт. Оттогаш ѓаволот почна да го искушува и да го соблазнува човечкиот род со многу измами.

Но Бог, со својата голема милост и љубов, не го остави човекот до крај, туку секоја година и во секое време избирал мажи и им ги покажувал на луѓето нивните дела и нивните подвизи, та угледувајќи се на нив, сите да се стремат кон добро. Таков беше Енос, којшто прв се осмели да го призива името на Господа. Потоа беше Енох кој, откако Му угоди на Бога, се претстави кај Него. Ное се најде праведен во својот род и го избегна потопот во ковчегот, та земјата пак да се наполни со Божји твари и да се украси. По разделувањето на народите, кога сите заблудеа, Авраам Го позна Бога и се нарече Негов пријател, и доби ветување дека во семето негово ќе бидат благословени сите народи. Исак беше одведен, по примерот на Христа, да биде жртвуван во гората. Јаков ги уништи идолите на својот тест и виде скала од земјата до небото, а по неа се качуваа и слегуваа ангели Божји; и при благословувањето на своите синови, пророкуваше за Христа. Јосиф се покажа Божји човек кога во Египет ги нахрани луѓето. Библијата го прикажува Јова Австидиски како праведен, вистинољубив и непорочен; откако прими и претрпе искушенија, беше благословен од Бога. Мојсеј со Арона меѓу свештениците Божји е наречен бог на фараонот; тој го накажа Египет и ги изведе луѓето Божји, дење (воден) од светол облак, а ноќе од огнен столб; го раздели морето и тие минаа по суво, а Египќаните ги потопи. Во безводната пустина ги напои луѓето со вода и ги нахрани со ангелски леб (мана) и со птици. И откако разговараше со Бога лице влице, како што може човек да зборува со Бога, им даде закон на луѓето, напишан со прст Божји. Исус Навин им ја раздели земјата на луѓето Божји, откако војуваше со противниците. И судиите извојуваа многу победи. А Самоил, откако прими милост Божја, по Божја заповед им го помаза и го постави Саул за цар. Давид со кроткост го пасеше народот и го научи на Божји песни. Соломон, откако прими мудрост од Бога повеќе од сите луѓе, напиша мноштво добри поуки со приказни, иако не ги доврши самиот тој. Илија со глад ја изобличи човечката злоба, и мртво момче воскресна и со збор симна оган од небото и мнозина запали, и жртвите ги изгоре со чудесен оган, и ги изби омразените жреци, па се вознесе на небо на огнена колесница со коњи, откако на својот ученик (Елисеј) му даде двојна благодат. А Елисеј, откако ја зеде наметката (кожувот на Илија), изврши двојни чудеса.

И други пророци, секој во свое време, пророкуваа за чудесните работи што требаше да се исполнат. По нив Јован, големиот посредник меѓу Стариот и Новиот завет, кој стана крстител Христов и Негов сведок и проповедник на живите и на мртвите. Светите апостоли Петар и Павле, со другите ученици Христови, како молња го минаа целиот свет и ја осветлија сета земја. По нив мачениците, со својата крв ја измија нечистотијата, а преемниците на светите апостоли, откако го крстија царот, со многу подвизи и труд, го уништија паганството. Чесниот папа Силвестер со триста осумдесет отци, поддржан од великиот цар Константин, го свика Првиот (вселенски) собор во Никеја, го победи Ариј и го проколна него и неговата ерес што беше ја подигнал против Света Троица - како што Авраам некогаш, со триста осумдесет слуги беше ги победил царевите и од Мелхиседек, царот Салимски, кој беше свештеник на Бога Вишниот, прими благослов и леб и вино. Дамас и Григориј Богослов, со сто и педесет отци и со царот Теодосиј Велики, во Цариград го потврдија светиот символ, те. „Верувам во едниот Бог..“, а го отфрлија Македониј, го проколнаа него и неговата хула што ја говореше против Светиот Дух. Целистин и Кирил, со двесте отци и со друг цар, во Ефес, го отстранија Несториј со сета заблуда што ја говореше против Христа. Лав и Анатолиј, со правоверниот цар Маркијан и со шестотини и триесет отци, во Халкидон го проколнаа Евтихиевото безумство и ерес. Вигилиј, со богоугодниот Јустинијан и со сто шеесет и петте отци, го свикаа Петтиот собор, и, откако испитаа, го проколнаа. Апостолскиот папа Агатон, со двесте и седумдесет отци и со чесниот цар Константин, на Шестиот собор смирија многу бури (во врска со монотелитската ерес) и откако ги протераа (виновниците), ги проколнаа заедно со сите учесници на соборот и тоа: Теодор Фарански, Сергиј и Пир, Кир Александриски, Хонориј Римски, Макариј Антиохиски и други нивни соработници, а христијанската вера ја поставија врз вистината и ја утврдија.

2. По сите овие (богоугодни мажи), милостивиот Бог, Кој сака секој човек да се спаси и да ја познае вистината, во наше време, заради нашиот народ, за кој никој никогаш не се погрижидл, на добро дело го подигна нашиот учител, блажениот Методиј, од чии подвизи и добри дела нема да се посрамиме, ако сите поединечно ги споредиме со оние на богоугодниците. На едни им беше рамен, од други беше малку помал, а од трети поголем, красноречивите надминувајќи ги со дело, а трудољубивите со збор. Уподобувајќи се на сите, тој врз себе го пројавуваше образот на сите: страв Божји, пазење на заповедите, со телесна чистота, прилежни молитви и светост, силен и кроток збор - силен за противниците, а кроток за оние што ги примаат поуките, - јарост, спокојство, милост, љубов, страдање и трпение; бидувајќи сѐ, за да ги придобие сите. Тој потекнуваше и во двете линии (и по таткова и по мајкина) не од прост, ами од многу добар и чесен род, познат, пред сѐ на Бога и на Царот, како и на сета солунска област, а тоа се гледаше и од неговиот надворешен изглед. Затоа и учените луѓе, што го сакаа уште од неговото детство, со него водеа чесни разговори. А кога царот разбра за неговата бистрина, му даде да управува со една словенска област. А би рекол дури и тој како да предвидуваше дека ќе биде испратен за учител на Словените и за прв архиепископ, па отиде за да ги проучи сите словенски обичаи и по малку да навикне на нив.

3. Откако мина во тоа кнежество многу години и виде многу немири и буни во овој живот, земниот мрак тој го замени со небесни мисли, оти не сакаше својата чесна душа да ја вознемирува со работи што не траат вечно. Кога најде погодно време, тој го напушти кнежевството и отиде на Олимп, каде што живеат свети отци, се потстрижа и облече црна риза. И се подвизуваше покорно, исполнувајќи го целосно сето монашко правило и занимавајќи се со книги.

4. Кога дојде време, царот го испрати кај Хазарите Философот, братот негов, кој го зеде со себе за помошник, зашто таму имаше Евреи кои многу хулеа против христијанската вера. Тој рече: „Готов сум да умрам за христијанската вера“. И не беше непослушен, туку отиде и му служеше како слуга на помалиот брат, покорувајќи му се. Тој со молитва, а Философот со зборови, ги победија и ги посрамија. Кога царот и патријархот го видоа неговиот добар подвиг на патот Божји, го убедуваа да го посветат за архиепископ на почесно место, каде што има потреба од таков маж. Но бидејќи тој не сакаше, го принудија и го поставија за игумен во манастирот наречен Полихрон, којшто имаше доход од дваесет и четири мери злато, а во него имаше и повеќе од седумдесет отци (монаси).

5. Во тие дни Ростислав, кнез словенски, со Светополк испратија (луѓе) од Моравија при царот Михаил да му речат вака: „Со Божја милост ние сме здрави. Кај нас се дојдени мнозина учители христијани од Италија, од Грција и од Германија, кои нѐ учат различно. А ние Словените сме прост народ и немаме кој да нѐ упати во вистината и да ни ја објасни смислата (на Писмото). Затоа, добар господару, испрати ни таков маж што ќе нѐ упати на секаква правда“.

Тогаш царот му рече на Константин Философ: „Ги слушаш ли, Философе, овие зборови? Друг не може да го направи ова, освен тебе. Затоа, еве ти многу дарови и земи го твојот брат, игуменот Методиј, па оди! Оти вие сте солуњани, а сите солуњани зборуваат чисто словенски“. Тогаш тие не смееја да Му откажат на Бога, ниту на царот, според зборовите на свети апостол Петар, кој рече: „Од Бога бојте се, царот почитувајте го“! Кога ги чуја овие големи зборови, се предадоа на молитва заедно со другите што имаа ист дух како и тие. Тука Бог му ги откри на Философот словенските книги и веднаш, откако ги создаде буквите и состави беседа, тргна на пат за Моравија, земајќи го и Методиј. И пак почна покорно да му служи на Философот и да учи со него. А кога минаа три години, се вратија од Моравија, откако научија ученици.

6.Кога дозна за таквите мажи, апостоликот Никола испрати по нив, сакајќи да ги види како ангели Божји. Тој го благослови нивното учење, откако го положи словенското Евангелие на олтарот на свети апостол Петар, а блажениот Методиј го посвети за свештеник. Имаше и многу други луѓе што се подбиваа со словенските книги, велејќи дека ниеден народ не треба да има свои букви, освен Евреите, Грците и Латините, според натписот што Пилат го ставил на крстот Господов. Нив апостоликот ги проколна, именувајќи ги пилатовци и тријазичници. И му нареди на еден епископ, кој страдаше од истата болест, да посвети од словенските ученици тројца свештеници и двајца чтеци.

7. По многу дни, одејќи на суд (Божји), Философот му рече на брата си Методиј: „Ете, брате, ние бевме двојка впрегната да тегли една бразда, но јас паѓам на нивата, откако го завршив својот дел. Но ти многу ја сакаш планината (те. манастирот), затоа немој заради планината да го оставиш нашето учење, оти со него можеш да бидеш спасен“.

8. А Коцељ испрати (порака) до апостоликот и го замоли да му го пушти Методиј, блажениот наш учител. И апостоликот рече: „Не само тебе, туку и на сите овие словенски земји им испраќам учител од Бога и од свети апостол Петар, првопрестолникот и клучедржецот на Царството небесно“. И го испрати, откако го напиша ова послание: „Адријан, епископ и слуга Божји, до Ростислав и Светополк и Коцељ. Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Чувме за вашите духовни (дела) и сега тежнееме со желба и со молитва за вашето спасение, дека Господ ги воздигна вашите срца да Го бараат Него, и ви покажа дека не само со вера, туку и со добри дела треба да Му се служи на Бога. Зашто верата без добри дела е мртва и отпаѓаат оние што мислат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одрекуваат. И затоа побаравте учител не само од овој светителски стол, туку и од благоверниот цар Михаил, па ви го испрати блажениот Философ Константин, заедно со брата му, кога не успеавме ние да го направиме тоа. Кога тие дознаа дека вашите земји припаѓаат кон апостолскиот престол, тие не направија ништо против каноните, туку дојдоа при нас, носејќи ги со себе и моштите на свети Климент. А ние (од тоа) примивме тројна радост и кога размисливме, решивме во вашите краишта да го испратиме Методиј, откако го посветивме него со учениците, како наш син, маж совршен по разум и правоверен, да ве учи како што баравте, и во целост да ви ги објаснува на ваш јазик книгите на сиот црковен чин, заедно со светата миса, односно Литургијата, и со Крштението - како што почнал (да прави) Константин со Божја благодат и по молитвите на свети Климент. Исто така, ако може и некој друг достојно и правоверно да ве поучува, нека биде свето и благословено и од нас и од сета соборна и апостолска Црква, та да свикнете полесно на Божјите заповеди. Пазете го само овој обичај, на миса најнапред да се читаат Апостол и Евангелие на римски (латински), потоа на словенски, за да се исполни словото на Писмото: ʻФалете Го Господа, сите народиʼ. И на друго место: ʻСите ќе зборуваат за големите дела Божји на разни јазици, како што ќе им даде Светиот Дух да говоратʼ. Ако некој од собраните кај вас учители, што ги чешаат ушите (го залажуваат слухот) и се одвраќаат од вистината кон заблуди, се осмели и почне да ве буни на друг начин и да ги напаѓа книгите на вашиот јазик, нека биде одбиен не само од Причесната, туку и од Црквата, додека да се поправи. Зашто тие се волци, а не овци, што треба да ги познавате по нивниот плод и да се пазите од нив.

А вие, чеда возљубени, послушајте ја Божјата наука и не отфрлајте ги Божјите заповеди, за да станете вистински поклоници Божји, на Отецот наш небесен со сите свети, амин“.

Коцељ го прими Методиј со големи почести. И пак го испрати кај апостоликот со дваесетмина мажи, чесни луѓе, да му го посвети за епископ на Панонија - на престолот на свети Андроник, еден од седумдесетте апостоли, како што и стана.

9. По ова, стариот непријател, завидлив на доброто и противник на вистината, го подигна против него (против Методиј) срцето на непријателите на моравскиот крал и на сите епископи, (кои велеа): „Ти учиш во наша област“. А тој одговори: „И јас да знаев дека е ваша, ќе ја одминев. Но таа е на свети Петар. И навистина, ако вие од љубомора и лакомство, и покрај каноните, ги пречекорувате старите граници и го забранувате Божјото учење, пазете се, сакајќи да правите планина со коскен череп (со глава), да не си го истурите мозокот“. Тие му рекоа гневно, велејќи: „Зло ќе те снајде“. Тој одговори: „Вистината ја кажувам пред царевите и не се срамувам, а вие правете со мене по ваша волја. Оти јас не сум подобар од оние што зборувајќи ја правдата, го загубиле овој живот низ многу маки“.

Откако се искажаа многу зборови, и не можејќи да му возвратат, кралот рече подбивно: „Не измачувајте ми го Методиј, оти веќе се испотил како да стои крај печка“. А тој рече: „Да, господаре! Еднаш некои луѓе сретнале испотен философ и го прашале: ʻЗошто се потиш?ʼ Тој имрекол: ʻСе расправав со прости луѓеʼ“. Откако се скараа поради овие зборови, се разотидоа, а него го одведоа во Швабија (Г ерманија) и го држеа две и пол години.

10. Веста за тоа дојде до апостоликот и, кога дозна, тој испрати забрана за сите кралски епископи да не служат миса, те. Литургија, додека го држат затворен. И така го пуштија и му рекоа на Коцењ: „Ако го имаш овој при себе, нема да минеш добро со нас“. Но тие не го избегнаа судот на свети Петар, зашто четворица епископи од нив умреа.

Тогаш се случи ова: Кога Моравјаните разбраа дека германските попови што живеат кај нив не им мислат добро, туку готват буни против нив, ги протераа сите, а на апостоликот му испратија (порака): „Бидејќи нашите татковци порано примиле крштение од свети Петар, дај ни го Методиј за архиепископ и учител“. Апостоликот го испрати веднаш и кнезот Светополк, заедно со сите Моравјани, го примија и му ги доверија сите цркви и свештенството во сите градови. И од тој ден почна многу да расте Божјата наука и да се множат свештеници во сите градови, а незнабошците да веруваат во вистинскиот Бог, одрекувајќи се од своите заблуди. Уште повеќе, моравската држава почна да се шири на сите страни и да ги победува со сигурност своите непријатели, како што и самите постојано раскажуваат за тоа.

11. Во него имаше и пророчка благодат, па бидејќи се исполнија многу негови пророштва, ќе ви раскажеме едно или две. Еден мошне силен пагански кнез, утврден на Висла, им се потсмеваше на христијаните и им правеше пакости. Методиј му ја испрати следната порака и му рече: „Добро ќе биде за тебе, синко, на својата земја да се крстиш по своја волја, за да не бидеш крстен со сила, заробен, во туѓа земја, па ќе се сетиш на мене“. Така и стана.    

Другпат, додека Светополк војуваше против паганите и ништо не успеваше, туку доцнеше, кога се наближи мисата на свети Петар, те. Литургијата, (Методиј) му ја испрати оваа порака, велејќи: „Ако ми ветиш дека на светиот (празник) Петровден ќе бидеш со своите војници кај мене, верувам дека Бог наскоро ќе ти ги предаде“. Така и стана.

Некој друг, мошне богат човек и советник, се ожени со една своја роднина, односно јатрва. Иако (Методиј) многу ги советуваше, поучуваше и опоменуваше, не можеше да ги раздели, зашто други, кои се преправаа дека се Божји слуги, тајно ги одвраќаа, ласкајќи им заради нивниот имот, додека најпосле не ги одделија од Црквата. (Методиј) им рече: „Ќе дојде време кога ласкателите не ќе можат да ви помогнат, а ќе се сетите на моите зборови, но тогаш не ќе може да се направи ништо“. Одненадеж, по нивното отпадништво од Бога, падна напаст на нив и не се најде нивното место, ами како ветер да го зеде и расеја нивниот прав. (Имаше) и многу други такви случки што тој ги разјаснуваше јавно со приказни.

12. Но стариот враг, завидливецот на човечкиот род, не можејќи да го трпи сето ова, крена некои (луѓе) против него - како Датан и Авирон против Мојсеј - едни јавно, а други тајно. Тие (луѓе) боледуваа од иопаторската ерес и ги одвраќаа послабите од правиот пат кон себе, велејќи: „Нам папата ни ја дал власта, а за овој заповеда да го протераме, и него и неговото учење“.

Откако го собраа сиот моравски народ, наредија посланието да се прочита пред нив, за да чујат за неговото изгонување. А луѓето, како што е обичај кај народот, сите тагуваа и жалеа поради лишувањето од таков пастир и учител, освен слабите што лагата ги ниша како лисјата. А кога ги прочитаа книгите на апостоликот, го најдоа напишано ова: „Братот наш Методиј е свет и правоверен и врши апостолско дело и во негови раце се предадени од Бога и од апостолскиот стол сите словенски земји. Затоа нека биде проклет оној што тој ќе го проколне, и нека биде благословен оној што тој ќе го благослови“. И посрамени се растурија како магла.

13. Но злобата нивна не запре само на ова, туку велеа дека царот се гневи против него и дека ако го најде, нема живот за него. Но милостивиот Бог, Кој не сакаше и во тој случај да го посрами својот слуга, вложи во срцето на царот - зашто и срцето на царот е секогаш во Божји раце и тој испрати писмо до него: „Чесен отче, имам голема желба да те видам. Исполни ми ја таа желба и побрзај да дојдеш кај нас. За да можеме да те видиме додека си сѐ уште на овој свет, и да ја примиме твојата молитва“.

И тој веднаш отиде таму и царот го прими со голема чест и радост и откако ја пофали неговата наука, задржа од учениците негови еден свештеник и еден ѓакон со книгите. А тој ги исполни сите негови желби што ги изрази, без ништо да му одрече, и откако го прегрна и богато дарува, повторно го испрати свечено до неговиот престол. Така (направи) и патријархот.

14. На сите патишта паѓаше во многу искушенија од лукавиот: во пустите места - меѓу разбојници, по морето - во бурни бранови, по реките - во ненадејни песочни наноси, за да се исполнат врз него зборовите на апостолот: „Неволи од разбојници, неволи на море, неволи по реките, неволи од лажни браќа, во трудови и подвизи, во чести бдеења, во многу глад и жед, како и во други неволи што ги споменува апостолот (Павле).

15. Потоа, откако ја остави настрана сета (животна) врева и своите грижи Му ги предаде на Бога, најнапред постави од своите ученици двајца свештеници, вешти брзописци, и брзо ги преведе од грчки на словенски јазик сите книги (од Библијата) во целост, освен на Макавеите, за шест месеци, почнувајќи од месец март до дваесет и шестиот ден од месец октомври. А кога заврши, Му оддаде достојна чест и слава на Бога, Кој дава таква благодат и ревност. И откако заедно со своето свештенство отслужи свето тајно возношение (односно Литургија), го отпразнува споменот на свети Димитриј. А пред тоа со Философот беше ги превел само Псалтирот и Евангелието со Апостолот, како и одбрани црковни служби. Тогаш го преведе и Номоканонот, т.е. црковното правило, и книги за светите отци.

16. Кога унгарскиот крал стигна до Дунавските земји, посака да го види. Иако некои зборуваа и мислеа дека нема лесно да се ослободи од него, тој (Методиј) отиде при него. А тој (кралот) го прими толку чесно и славно со радост, како што му прилега на владетел. И откако поразговара со него, како што им прилега на такви мажи да разговараат, го отпушти, откако го исцелива и со љубов богато го дарува, велејќи му: „Споменувај ме секогаш, чесен отче, во твоите свети молитви“.

17. И така, откако ги пресече обвинувањата од сите страни и им ги затвори устите на многуглаголивите, го заврши животниот пат, верата ја запази, очекувајќи го праведниот венец. И бидејќи така Му угоди на Бога, беше возљубен. Кога почна да се наближува времето да прими покој од страдањата и награда за многуте трудови, го прашаа: „Кого, отче, чесен учителу, го сметаш за достоен од учениците свои да биде наследник на твоето учење?“ А тој им покажа еден од своите познати ученици по име Горазд, велејќи: „Овој е од вашата земја, слободен маж, учен добро во латинските книги, правоверен; нека биде врз него Божјата волја и вашата љубов, како и мојата“.

На Цветници, кога се беа собрале сите луѓе, влезе во Црквата, и покрај тоа што беше изнемоштен, ги благослови царот и кнезот, свештенството и сиот народ, и рече: „Деца мои, чувајте ме до третиот ден“. Така и стана. Кога зазори третиот ден, тој рече: „Господи, во Твои раце ја предавам својата душа“, и почина во рацете на свештениците, во шестиот ден од месец април, во третиот индикт, во шест илјади триста деведесет и третата година од создавањето на светот (тоа е 885 година по Христа).

Откако неговите ученици го подготвија, му ги оддадоа сите достојни почести и отслужија црковна служба (опело) на латински, грчки  и словенски, го положија во соборната црква. И им се придружи на татковците свои и на патријарсите, пророците, апостолите, учителите и мачениците. Безброен народ се собра да го испрати со свеќи, плачејќи за добриот учител и пастир, машко и женско, мало и големо, богати и сиромаси, слободни и робови, вдовици и сираци, туѓинци и домородни, болни и здрави - сите плачеа за оној што беше сѐ за сите, за да ги придобие сите.

А ти, света и чесна главо, со молитвите свои гледај одозгора на нас што те сакаме, избави ги од секаква напаст учениците свои и распространувај го учењето, а ересите изгонувај ги, та откако достојно го проживееме нашиот позив овде, да застанеме заедно со тебе, како твое стадо, од десната страна на Христа, нашиот Бог, примајќи од Него вечен живот, зашто Нему Му припаѓа слава и чест во вечни времиња, амин!