Ава Доротеј живеел кон крајот на четвртиот и почетокот на петтиот век. Својата рана младост ја поминал во изучување на светските науки и бил многу работлив. По завршувањето на своето образование, извесно време живеел во својата татковина, недалеку од манастирот на ава Серида, можеби во Аскалон и во Газа. Бил во добра имотна состојба. Набргу потоа им се доближил на двајцата големи старци – Варсануфиј и Јован, чии поучувања го поттикнале да остави сè, да биде замонашен во манастирот на ава Серида, каде живееле и тие двајцата. Под нивно раководство го поминал своето монашко воспитување. Впрочем, тоа било главно под духовно водство на старецот Јован, извршувајќи ги истовремено и послушанијата, кои му биле давани од самиот игумен на манастирот, кој во почетокот му дал задолжение да се грижи за странците и гостите, односно, за одделот каде привремено престојувале многубројни посетители на манастирот; по ова послушание, бил задолжен да ја води манастирската болница и да се грижи за лекувањето на болните монаси. По смртта на ава Серида и на духовниот старец Јован, нивниот заеднички учител, великиот Варсануфиј, потполно се затворил во својата келија. Тогаш и преподобниот Доротеј се оддалечил од општожитието на ава Серида и станал игумен на еден друг манастир. Веројатно од тоа време потекнуваат неговите поученија, кои ги изговарал пред своите ученици. Од него се сочувани, до денес, дваесет и едно поучение и неколку посланија. Тоа е сè што ни останало во наследство од списите на овој духовен отец, светлината на чие учење се раширила не само во манастирите и меѓу монасите, туку и меѓу христијаните насекаде во светот. Се претпоставува дека се упокоил во Господ околу 620 година. Неговиот спомен се празнува на 5/18 јуни.
[1] Добротољубие II, (превод на Архиепископот Охридски и Македонски Михаил), стр. 595.