Во почетокот, кога Бог го создал, човекот го поставил во Рајот (како што ни кажува божественото Свето Писмо(1 Мојс 2, 25)), украсувајќи го со секаква добродетел и давајќи му заповед да не јаде од дрвото кое било во средината на Рајот(1 Мојс 2, 16-17). Така човекот го поминувал времето во Рајот, во молитва и размислување, во секаква чест и слава; здрав во своите чувства и восприемања, и совршен во својата природа, каков што бил создаден. Бидејќи Бог го создал човекот по Својот образ(1 Мојс 1, 27), што значи бесмртен, имал сила слободно да делува и бил украсен со секаква добродетел. Но, кога ја прекршил заповедта и вкусил од дрвото, од кое Бог му заповедал да не јаде, бил исфрлен од Рајот и паднал од природна во противприродна состојба, т.е. во грев, во славољубие, во сластољубие и останатите страсти на овој живот; и бил совладан од нив, постанувајќи роб преку гревот. Така, постепено злото почнало да расте и завладеала смртта(Рим 5, 14). Побожноста повеќе не постоела и насекаде имало незнаење за Бога. Само неколку од отците, поттикнувани од природниот закон, Го познавале Бога; како што биле Авраам и останатите патријарси, и Ное и Јов. Едноставно речено, само неколку, и ретки биле тие кои знаеле за Бога. Затоа, сатаната ја искористил сета негова злоба за да владее со гревот. Така започнале идолопоклонството и многубоштвото, баењето, убиствата и останатото ѓаволско зло. Тогаш Бог, во Својата добрина, се смилувал над Своите созданија и му го дал на Мојсеја напишаниот закон, во кој забранил некои работи, а одобрил други, велејќи: „Ова правете го, а тоа не правете го“. Господ ги дал заповедите и рекол: „Господ, твојот Бог, е единствен Господ“(5 Мојс 6, 4), за потоа да ги оттргне од многубоштвото. И, пак: „Љуби Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја“(5 Мојс 6, 5), насекаде објавувајќи дека е еден Бог и дека нема друг. Говорејќи: „Сакај Го Господа, твојот Бог“, Тој покажува дека еден е Бог и дека еден е Господ. Исто така, во Декалогот говори: „Плаши се од Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му, (и кон Него биди приврзан) и во Негово име колни се“(5 Мојс 6, 13). А потоа, додава: „Да немаш други богови ниту некакви ликови на она што е на небото горе или на земјата долу“(5 Мојс 5, 7-8) – бидејќи луѓето им се поклонувале на сите созданија.
И така, добриот Бог го дал законот како помош, заради нивно обраќање, за да се поправи она што било зло, но тие не се подобриле. Ги пратил пророците, но и тие не можеле ништо да сторат. Злото преовладувало, како што рекол Исаија: „Не беа спалени ниту модриците, ниту гнојните рани; нема здраво место да се прилепи; непреврзани и неомекнати во масло“(Ис 1, 6); или, со други зборови, тоа значи дека злото не било на еден член, на едно место, туку во целото тело – целата душа и сета нејзина сила.
Сè било поробено од гревот, сè било под негова контрола. И Еремија, говорел: „Го лекувавме Вавилон, но не оздраве“(Ер 51, 9). Тоа значи, ние го објавивме Твоето име, ги објавивме Твоите заповеди, Твоите благодети и Твоите навестувања. Му претскажавме на Вавилон за доаѓањето на непријателите. Но, не се исцели; не се покаја, не се ни уплаши, и не се одврати од своето зло. На друго место, вели: „Тие не се вразумија“(Ер.2,30), поточно, не се вразумуваа и поучуваа. И во псалмот, пишува: „Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта“(Пс 106, 18).
Тогаш, на крајот, добриот и човекољубив Бог Го пратил Својот единороден Син. Само Бог можел да ја победи и исцели таквата состојба, која не била непозната кај пророците. Затоа, пророкот Давид, јасно рекол: „Ти Кој седиш на херувимите, јави Се; издигни ја силата Своја и дојди да нè спасиш“(Пс79, 1-2). И, повторно: „Господи, приклони ги небесата Свои и слези“(Пс 143, 5), и на тоа слично. И други пророци, исто така, секој на свој начин, многу нешта изјавиле за тоа, едни молејќи Го Него да слезе, а други уверувале дека Тој ќе дојде.
Затоа Господ дојде, постанувајќи човек заради нас, за да, како што вели Светото Писмо: сличните ги исцелил слично, со душата – душата, со телото – телото, бидејќи Тој во сè, освен во гревот, постана човек. Тој ја примил само нашата содржина, нашиот род, постанувајќи нов Адам, како оној Адам што беше создаден на почетокот. Тој ја обновил човечката природа, и чувствата како што биле на почетокот. Постанувајќи човек го обновил паднатиот човек; го ослободил од поробеноста на гревот, кој со сила го држел. Со насилство, ѓаволот, како мачител го водел човекот во грев, бидејќи и оние кои не сакале, против волјата грешеле, како што вели апостолот во свое време: „Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам“(Рим 7,19). Бог, заради нас постана човек, ослободувајќи го човекот од непријателското мачење. Тој му ја зел моќта на гревот, му ја срушил неговата сила и нè избавил од потчинетоста; нè ослободил од робувањето – освен ако ние самите не посакаме да грешиме по своја волја. Господ ни дал власт, како што рече, да газиме на змии и скорпии, и на сета непријателска сила (Лк. 10, 19), очистувајќи нè со Крштението од секаков грев. Со светото Крштение се прочистуваат и мијат сите гревови. Затоа, познавајќи ја нашата слабост и предвидувајќи дека ќе грешиме и по Крштението – како што е напишано: „Зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини“ (1Мојс 8,21) – Бог по Својата добрина ни ги дал светите заповеди, кои нè прочистуваат. Ако сакаме, со почитување на овие заповеди ние можеме повторно да се очистиме не само од нашите гревови, туку од вродените склоности што нè водат да грешиме. Едно е гревот, а друго е инстинктивната реакција или страста. Ова се нашите страсти: гордоста, гневот, сексуалните задоволства, мразењето, алчноста итн. Конкретните гревови се задоволувањата на овие страсти: тоа се случува кога човек ги извршува на дело страстите, односно кога со телото го извршува она на што страстите го наведуваат. Навистина, можно е човекот да има страсти, ама е невозможно да не ги извршува.
Затоа, Тој ни дава правила, како што рекол, кои нè очистуваат од нашите страсти и оние зли склоности, кои доаѓаат од нашиот внатрешен човек (Рим 7, 22; Ефес 3, 16). Тој му дарува сила на внатрешниот човек да разликува добро од зло, го отрезнува, му покажува причини од каде доаѓа гревот и нè поучува: „законот вели – ’Не прави прељуба‘, но Јас ви велам – немој ни да посакаш; законот вели – ’не убивај‘, но Јас ви велам – немој ни да се гневиш“ (Мт 5, 27; 21; 2 Мојс 20, 14; 13). Бидејќи, ако имаш страсна желба, па дури и ако не ја извршиш прељубата денес, похотта нема да престане да ти смета одвнатре, сè додека не те турне да го извршиш делото. Ако се гневиш и се раздразнуваш против својот брат, ако го удриш или зборуваш лошо за него, малку по малку, ќе дојдеш до убиство. Повторно законот вели: „Око за око, заб за заб“ (2 Мојс 21, 24) итн. Но, нашиот Бог нè советува не само трпеливо да го поднесеме ударот, туку смирено да го свртиме и другиот образ (Мт 5, 38-9). Така намерата на законот е да нè научи да не им го правиме на другите она од што не би сакале да страдаме; и затоа нè попречувал од правењето зло од кое и ние самите би посрадале. Тоа што сега се бара е, како што реков, да ги отфрлиме мразењето, сластољубието, славољубието и останатите страсти.
Повторувам дека целта на Христос, нашиот Владика, е да нè научи зошто сме паднале во сите наши гревови; односно како сме паднале во зло. На почеток, Тој нè ослободува преку светото Крштение, како што реков, простувајќи ни ги гревовите и дарувајќи ни власт, ако сакаме, да правиме добро, и повеќе да не бидеме присилно влечени кон зло. Бидејќи, оној кој е поробен од гревовите, е оптеретен и влечен надолу од нив. Како што е напишано: „Секој се фаќа во своите беззаконија“ (Изр 5, 22). Потоа, Тој нè учи како со помош на светите заповеди да се чистиме од нашите страсти за да не западнеме во истите гревови. Конечно, Тој ни ја покажува причината поради која ние доаѓаме до занемарување и непослушност кон Божјите заповеди, но и ни дава лек како да станеме послушни и како да се спасиме. Каков е тој лек и која е причината поради нашето презирање на заповедите? Чујте што говори Самиот наш Бог: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши“ (Мт 11, 29). Ете, овде накратко, во една реченица, ни ги покажал коренот и причината на сето зло, и лекот од него, поточно причината на сите добра. Исто така, ни покажал дека претенциозноста (кон гордост) нè совладала и дека ќе бидеме помилувани ако го правиме спротивното, односно преку понизноста; бидејќи, самовоздигнувањето раѓа презир, непослушност и пропаст, а додека понизноста раѓа послушност и спасение на душите. Говорам за онаа вистинска понизност, која не е кротост само по зборовите или во надворешноста, туку онаа, која е длабоко во самото срце; затоа и вели: „Јас сум кроток и смирен по срце“.
Секој кој сака да најде вистинско спокојство за душата своја, нека се научи на смирение и нека забележи дека во него се сета радост и секаква слава, секакво спокојство, како што и во гордоста е сè спротивно. Од каде е сета оваа беда што дошла до нас? Нели е поради нашата гордост? Нели е поради тоа што ја следиме нашата слободна волја? Нели е поради тоа што држиме лутината во нас? Но, како дојде до ова? Зар човекот не е создаден во сета удобност, во сета радост, во сиот мир, во сета слава? Зарем не бил во Рајот? Да, но бил исфрлен оттаму. Зошто? Бог му рекол да не го прави тоа, а тој токму тоа го сторил. Забележуваш ли гордост, тврдоглавост, непокорност? И потоа, Бог рекол, човекот е луд; тој не знае како да се радува. Ако не помине низ тешки времиња ќе отиде уште подалеку и целосно ќе загине. Доколку не се научи што е жалост, нема да осознае што е спокојство. Тогаш Бог му го дал она што го заслужил и го протерал од Рајот. И, човекот бил оставен на својата волја и на својата желба за да му се скршат коските и да се научи да не се потпира на себе, туку на заповедите Божји; и така, учејќи се од последиците на непослушноста би се научил на послушност, како што е кажано кај пророкот: „Ќе те казни отстапувањето твое“ (Ер 2, 19). Сепак, Божјата благост, како што реков неколкупати, не го презрела своето создание, но го тера на послушност и го повикува: „Дојдете кај мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Мт 11, 28) – како да сака да каже: Погледнете како треба да работите! Ја гледате вашата беда што ја носите на себе! Го искусивте злото на вашата непокорност. Но, одете и сменете ги вашите патишта, спознајте ја вашата немоќ за да влезете во спокојство и слава. Оживотворете се преку смиреноумие наместо високоумие со кое се умртвивте. Научете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши.
Гледате, браќа, што може да направи гордоста! Но, погледнете, пак, што прави смирението! Што било потребно за сето ова искривување? Ако човекот од почетокот се понизил, Го послушал Бога и се покорувал на Неговите заповеди, тој не би паднал. А, Бог повторно, иако Адам згрешил, му дал можност да се покае и да биде помилуван, но неговата тврдоглавост го оставила непокајан. А, Бог му се доближил и му рекол: „Адаме, каде си“ (1 Мојс 3, 9), односно од каква слава на што си дошол? Не си ли засрамен? Зошто згреши? Зошто отстапи [од заповедта]? – поттикнувајќи го да одговори: „Прости ми“! Но, немало знак на понизност. Немало покајание, туку напротив, тој противречи: „Жената, која ми ја даде Ти“ (1 Мојс 3, 12) – забележувате Ти, а не ’мојата жена‘ – ’ме прелажа‘, односно како да кажал: „Тоа е беда, која Ти ми ја смести во мојата глава“. Така е, браќа мои, кога човек не се држи до самоукорување, не се колеба да Го осуди Бога. Потоа Бог доаѓа до Ева и вели: „Зошто не ја чуваше заповедта што ти ја дадов?, односно како да ѝ рекол: „Кажи барем ти, прости, за да се смири твојата душа и да бидеш помилувана“. Но, повторно нема барање прошка. Таа само рекла: „Змијата ме измами!“ (1 Мојс 3, 13), односно сакала да каже, што имам јас со тоа? Што правите вие бедници? Покајте се, признајте ја вашата вина, зажалете за вашата голотија. Но, ниту еден од нив не се себепрекорил, ниту пак, барем малку се забележала понизност кај нив.
И така, сега гледате до каде дошла нашата состојба! Гледате колку многу и какви зла донело до нас ова самооправдување, ова држење до својата волја, оваа своеглавост. Сето ова било производ на таа опасна горделивост. Додека, пак, делата на смирението се самопрекорување, недоверба кон своите чувства, мразење на својата волја. Преку овие човекот е достоен да се избави, односно да се врати во природната состојба, преку очистување со светите Христови заповеди. Без смирение невозможно е да се покорувате на заповедите или да дојдете до сè што е добро. Како што кажал ава Марко: „Без понизно срце невозможно е да се избегне злото и да се здобие добродетел“ (Марко Подвижник). Така, преку понизноста на срцето, се држите до заповедите, се избавувате од зло, се здобивате со добродетел, и што е најважно, ви се враќа спокојството. Знаејќи го ова, светите луѓе, на некој начин се вежбале со смирение за да се соединат со Бога. Според тоа, постанувајќи блиски на Бога, биле способни, по светото Крштение, не само што го пресекле делувањето на гревовите кои доаѓаат од страстите, но исто така, ги победиле самите страсти и постанале бестрастни. Такви биле свети Антониј, свети Пахомиј и останатите богоносни отци.
Тие тежнееле да се очистат, како што вели апостолот, од „секаква нечистотија на телото и духот“ (2.Кор 7,1), бидејќи знаеле дека ако ги исполнуваат заповедите се чисти душата и се просветлува умот, и така се доаѓа до природна состојба. „Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите.“ (Пс 18, 8) Тие сфатиле дека не било возможно, без неволји, да напредуваат во добродетелите, па затоа воделе невообичаен живот, осаменички живот. Почнале да бегаат од светот и се населувале во пустина, каде бдееле, постеле и спиеле на земја, но применувале и други форми на жртвување. Оставајќи ја татковината и нивните блиски, парите и имотите, едноставно се распнувале за светот. Не само што ги исполнувале заповедите, туку и дарови Му принесувале на Бога.
Заповедите Христови им се дадени на сите христијани за да се придружуваат до нив; тие се како данок, кој треба да му се исплати на царот. Секој што рекол: „Нема да платам данок“ избегнал ли казна? Но, во светот, има големи и прославени луѓе, кои не само што давале данок, туку принесувале дарови, удостојувајќи се со високи почести, благодети и почитување. Така и светите отци не само што ги исполнувале заповедите, туку и дарови Му принесувале на Бога. Тие дарови се девственоста и сиромаштвото. Овие не се заповеди, туку дарови. Никаде не е напишано: „не земај жена или немој да раѓаш деца“. Ниту, пак, Христос ја дал заповедта: „Продај сè што имаш!“ Кога Му пристапил законикот и рекол: „Учителе благ, што добро да сторам за да имам живот вечен?“, Тој му одговорил: „Ги знаеш заповедите – не убивај, не прави прељуба, не кради, не сведочи лажно против својот ближен“ итн. А, кога пак, законикот Му возвратил: „Сето ова сум го сочувал од младоста своја“, Тој додал: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди и продај сè што имаш, и раздади го на сиромасите“ итн. Гледате, Тој не вели: „Продај сè што имаш“, како заповед, туку како совет. Тоа е јасно од зборовите: „Ако сакаш да бидеш совршен“ (Мт 19, 16-22).
Како што рековме, Божјите отци, освен останатите добродетели, Му принесувале девственост и сиромаштија. На себе го распнале светот, но се подвизувале и да се распнат за светот. Како што вели апостолот: „Светот е распнат за мене, а и јас за светот“ (Гал 6, 14). Во што е разликата? Светот се распнува за човекот доколку човекот се откаже од светот – односно ако тихува, ги остави родителите, богатството, имотот, трговијата, професијата. Тогаш тој го распнува светот во себе, бидејќи го остава светот. Тоа е она што го вели апостолот: „Светот се распнува за мене“. Но, потоа додава: „И јас за светот“. Како може човек да биде распнат за светот? Откако ќе се одрече од надворешните задоволства, се подвизува и против своите наслади, или против самата желба да поседува нешто и против својата волја, а исто така, ги умртвува и злите страсти. Тогаш и тој се распнува за светот, удостојувајќи се да каже со апостолот: „Се распнува светот за мене и јас за светот“.
Нашите отци, како што реков, распнувајќи го светот во себе, се труделе и себеси да се распнат за светот. Ние мислевме дека сме се распнале за светот кога го оставивме светот и заминавме во манастир, а всушност не сакаме да се распнеме за светот. Сè уште имаме наслада од него; кон неговата слава, кон слатките јадења и облеката. Исто така, се случува да сме приврзани кон некој добар алат за работа. Со тоа му дозволуваме на тој мизерен предмет од 100 мери злато да има ефект врз нас како што вели ава Зосим. Сметаме дека сме излегле од светот, дека го оставивме и дојдовме во манастир, иако поради небитни работи се исполнуваме со световни пристрастија. Од тоа страдаме поради својата голема неразумност, бидејќи ги оставаме големите и скапоцени работи, а поради некакви безвредни нешта се задоволуваме со страстите. Секој од нас оставил нешто – некој оставил многу, некој малку – секој според она што го имал. И, доаѓајќи во манастир, како што реков, ги задоволуваме нашите сопствени страсти со безначајни работи, кои се безвредни. Сепак, не би требало тоа да го правиме. Напротив, како што го отфрливме светот и неговите работи, така сме должни да ги отфрлиме материјалните нешта и да знаеме што е одрекување, и зошто сме дошле во манастир, и што е намерата на тоа доаѓање. Исто така, треба да се подвизуваме по примерот на нашите отци.
Нашата облека се состои од подрасник со кратки ракави, кожен ремен, параман и капа. Секој од нив е симбол, а ние треба да знаеме што значи.
Зошто носиме подрасник со кратки ракави, додека други носат со долги? Долгите ракави означуваат раце, а рацете ни се дадени да работиме. А, кога ќе нè нападне помисла да направиме што било кое е поврзано со „стариот“ човек – на пример, да украдеме или да удриме некого – тоа навистина е грев што го извршуваат нашите раце. Затоа треба да се погледнеме и да видиме дека немаме долги ракави, а тоа значи како да немаме раце со кои би направиле какво било дело на непокајан човек.
Постои уште еден знак на подрасникот: тоа е пурпурна боја. Што означува таа? Секој што се бори за царот има пурпурна наметка. Бидејќи царот носи пурпурна, така и секој што се бори става пурпурна наметка, за да покаже дека припаѓа на царот и дека за него се бори. Така и ние треба да носиме пурпурен знак на нашиот подрасник за да покажеме дека се бориме за Христос, нашиот Цар, и дека сме подготвени да претрпиме страдања како што и Тој претрпе за нас. Кога нашиот Владика страдаше за нас, беше во пурпурна облека (Јн 19, 2); прво како цар, бидејќи Тој е Цар над царевите и Господар над господарите (Отк 19, 16), и затоа што беше исмејуван од нечестивите војници. Затоа, имајќи и ние пурпурна боја како знак, даваме ветување, како што реков, дека ќе поднесеме сè како што Тој страдаше. Војникот не ја напушта својата служба за да стане земјоделец или трговец, инаку би бил посрамотен. А, апостолот вели: „Никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач“ (2 Тим 2, 4). Затоа, и ние сме должни да се вежбаме за да ги занемариме светските работи, и да Му се посветиме на Бога, односно да бидеме, како што е речено, „посветена и приврзана девојка“ (1 Кор 7, 34-5).
Ние, исто така, имаме ремен. Зошто го носиме? Ременот што го носиме, најпрво е симбол дека сме подготвени за работа. Секој што сака да работи, најпрво се опашува, па потоа започнува со работата, како што вели апостолот: „Нека ви биде половината препашана“ (Лк 12, 35). И повторно, како што ременот е направен од еленска кожа, која е знак за телесно умртвување, така и ние треба да ги умртвиме плотските страсти (Касијан). Ременот се носи околу половината, од каде што, како што се вели, произлегуваат развратните страсти. И, тоа е она за кое апостолот говори: „Умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудот, нечистотијата“ итн (Кол 3, 5).
Ние носиме параман и тој се става крстовидно на нашите рамења: тоа означува крст, како што Христос рекол: „Земи го својот крст и врви по Мене“ (Мт 16, 24). А, што е крстот, ако не целосно умртвување, кое се остварува преку нашата вера во Христа. А верата, како што се кажува во делата на светите отци, „секогаш ги отстранува препреките и нè ослободува од работата која нè води кон ова совршено умртвување“(Евагриј), а тоа значи човекот да ги умртви приврзаностите кон овој свет. Ако ги оставил родителите, имотите, богатствата; тогаш преку борба нека се откаже од својата волја и од пристрасноста. Тоа е совршено одрекување.
Исто така, носиме капа: тоа е симбол на понизност. И малите деца носат капа незлонамерно. А ние ја носиме поради оваа причина: за да бидеме кон злото како мали деца, како што вели апостолот: „По умот немојте да бидете како деца, за злото бидете како дечиња“ (1 Кор 14, 20). А, што значи тоа? Во детенцето нема злоба. Ако не го провоцираме нема де се гневи; ако му се укаже чест, тоа не е суетно. Она што му се одзема не го загрижува. Да се биде како дете значи да се нема желба за освета и да не се бара слава.
И, повторно, капата е симбол за Божјата благодат. Бидејќи, како што ја покрива и ја грее главата на детето, така Божјата благодат го покрива умот, како што ни зборува Старечникот: „Капата е симбол на Божјата благодат на нашиот Спасител, која го покрива она што владее со нас, и го штити детското во нас, во Христос, за сметка на ѓаволските постојани напади и повреди“.
Значи, го имаме ременот околу половината, кој е умртвување на неразумните страсти; а на рамената параманот, кој е крст; и капата која ја симболизира невиноста на детството во Христос.
Живееме, како што велат отците, по образот наш за да не го носиме туѓиот. Како што се откажавме од големите нешта, да се откажеме и од малите. Ако се откажавме од светот, да се откажеме и од неговите страсти; зашто преку малите незначајни нешта, пак, се приврзуваме со светот, без да бидеме свесни за тоа. Ако сакаме совршено да се откажеме и ослободиме од светот, прво треба да се одречеме од нашата желба, но со Божја помош.
Малку по малку, ќе направиме напредок во смирението. На луѓето ништо не им носи корист како отсекувањето на својата волја; и така човекот си го подготвува патот кон сите добродетели.
Ако патникот на својот пат најде стап и го земе со себе, несомнено многу ќе му помогне на патувањето. Тоа се случува и со оној кој оди на патот на отсекување на својата волја. Од ова отсекување на својата волја се доаѓа до смирение, а од смирението се доаѓа, со Божја помош, до совршено бестрастие.
Така, за кратко време, може да се отсечат десет такви страсти. Некој ќе излезе да прошета малку. Неговите помисли му велат: „Оди таму и истражувај“. А, тој ѝ одговара на помислата: „Не, не сакам“ и ја прекинува помислата. И повторно, кога ќе сретне некои кои напразно зборуваат, помислата му вели: „Оди и кажи и ти нешто“, а тој ја отсекува помислата и не зборува. Или, повторно помислата му говори: „Оди и прашај го готвачот што се готви“, а тој не оди и ја отсекува помислата. Потоа гледа нешто друго и помислата му вели: „Оди и прашај, кој го донел тоа?“, а тој ја отсекува помислата и не прашува. Малку по малку, човекот достигнува состојба на големо одрекување и тоа без никаков проблем. На крајот, доаѓа до состојба каде нема ниту една од овие надворешни помисли, и што и да му се случи тој е спокоен, како тоа да е она што најмногу го посакувал. И така, не задоволувајќи ја својата помисла, го прави она што сака да го прави. Немајќи свои фантазии, тој размислува за секое нешто што му се случува. Одовде, како што рековме, без да се прилепи за нешто, тој од состојба на спокојство доаѓа до состојба на бестрастие.
Гледате, малку по малку, колку придобивка носи одрекувањето од својата волја. Ова му се случило на ава Доситеј, човек кој се откажал од задоволствата и безделништвото, а кој никогаш не чул збор за Бога. А, сепак, слушнавте до колкава возвишеност се издигнал благодарение на послушноста и одрекувањето од својата волја.
Слушнавте како Бог го прославил, не допуштајќи таква добродетел да исчезне од човечката меморија, но откривајќи му еден од светите старци, кој го видел меѓу оние светии каде се насладува во нивното блаженство.
Ќе ви кажам и за друга слична работа, која се случи во мое време, за да сфатите како послушанието и отсуството на самоволие го спасуваат човекот од смртта. Во времето кога му бев ученик на ава Серидон, дојде друг ученик на големиот старец од аскалонските краишта за да заврши некоја работа за својот ава. старецот му рекол да се врати во својата келија по Вечерната. Но, кога требало да замине, се појавила голема бура. Тој сакал да замине како што му кажал старецот. Ние го молевме да остане, гледајќи дека е небезбедно да премине преку реката. Но, тој не сакаше да биде разубеден за да остане со нас. Тогаш рековме: „Ќе одиме со него до реката“. Кога самиот ќе се разубеди, тогаш ќе се врати по своја волја. Излеговме со него и кога се приближивме до реката тој ја соблече својата наметка, се изврза околу главата, го затегна параманот и скокна во реката што беснееше. Ние стоевме изненадени, плашејќи се да не се удави, но тој продолжи да плива и за брзо време се најде на другата страна. Ја облече својата наметка, ни се поклони и продолжи понатаму, трчајќи. Ние останавме зачудени и збунети од силината на добродетелта. Додека стоевме во страв, тој премина, без страв, поради послушноста.
Исто така, еден друг брат беше испратен од неговиот ава за да заврши некоја неодложна работа кај некој посредник во селото. Кога видел дека ќерката на посредникот го привлекува на срамна врска, тој само извикал: „Боже, поради молитвите на мојот отец, спаси ме“, и наеднаш се нашол на патот до скитот, како оди кон својот духовен отец.
Видете ја силата на добродетелта и си
лата на молитвата. Гледате колку помош има оној кој бара помош од духовниот отец во молитвите. Тој само рекол: „Боже, по молитвите на мојот отец, спаси ме“ и во истиот момент се нашол на патот. Забележете ги смирението и разумноста на двајцата. Тие биле во неприлика и старецот посакал да го прати братот кај посредникот. Но, тој не му рекол: „Оди“, туку „Сакаш ли да одиш?“ Исто така, и братот не му рекол: „Во ред, ќе одам“, туку рекол: „Ќе направам како што сакаш“. Тој се плашел да не падне во грев и да не биде непослушен. И, како што биле во неповолната ситуација, старецот му рекол: „Стани и оди!“ Тој не му рекол: „Верувам во мојот Бог дека ќе те заштитува“, туку: „Верувам во молитвите на мојот духовен отец дека Бог ќе те чува“. Исто така, и братот кога бил искушуван не рекол: „Боже мој, спаси ме“, туку: „Боже, по молитвите на мојот отец, спаси ме“. Секој од нив се надевал на молитвите на својот отец. Гледате како тие на послушанието му придодале понизност! Како што коњите, кои се возглавени во запрежните коли, за ниеден да не го претекне другиот, така и послушанието мора да биде возглавено со понизност. Но, кој може да се удостои со оваа благодат, освен, како што реков, ако себеси не се држи строго во отсекувањето на своите страсти и да се предаде, прво на Бога, а потоа на својот духовен отец, без двоумење, правејќи сè со полна доверба, како да има послушание кон Бога. Таквиот човек е достоен да биде помилуван, таквиот човек ќе се спаси.
Приказната е за блажен Василиј, кој посетувајќи ги своите манастири, му рекол на еден од игумените: „Имате ли свети луѓе?“ „По твоите молитви, Владико, сите сакаме да се спасиме“, одговорил авата. И повторно, блажениот Василиј го прашал: „Не! Туку дали овде имате светители?“ И авата, сепнувајќи се (и самиот голем духовник) одговорил: „Да, имаме“, и веднаш пратил луѓе да го повикаат. Кога пристигнал, св. Василиј му рекол: „Измиј ми ги нозете“, а овој излегол да донесе сè што е потребно. Откако му ги измил нозете, св. Василиј му рекол на братот: „Чекај додека јас тебе ти ги измијам нозете“. И братот, без противење прифатил да му бидат измиени нозете од светителот. Откако го искушал на ваков начин, му рекол: „Кога ќе влезам во олтарот, влези и ти, и потсети ме да те ракоположам“. И повторно, без противење, братот покажал послушание, влегол во олтарот и го потсетил св. Василиј. Овој го ракоположил и го зел со себе; зашто кој друг би бил соодветен да биде со светителот, ако не овој благословен брат? А вие, немате искуство во послушание, ниту знаете што, всушност, претставува внатрешниот мир.
Еднаш, пред да ја знам силата на оваа добродетел (на смирението), слушајќи дека треба низ многу маки да се влезе во небесното Царство (Дела 14, 22), се уплашив, бидејќи немав никакви маки. Кога, пак, помислите ме нападнаа, јас му пишав на еден од старците. Во оваа прилика му пишав и го прашав ава Јован, ученикот на ава Варсануфиј: „Господаре, бидејќи во Светото Писмо се вели дека низ многу маки ќе влеземе во небесното Царство, јас немам никакви неволји. Што да правам? Нема ли да ја изгубам душата, бидејќи немам никакви маки ниту, пак, грижи?“ Откако му ги открив помислите во писмото, тој ми пиша одговор: „Не плаши се и не треба да имаш причина за страв, зашто секој што им се предава во целосно послушание на отците, секако ќе има таква безгрижност и спокојство на душата“.